Banner
Мое ќоше

Претседателе ќе кажете ли нешто

horhe

 

Претседателот Иванов и натаму останува восочна фигура во музејот на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, како и секогаш во критични ситуации, срамно одбра да молчи. Професорот по „демократија“ и натаму упорно докажува дека Македонија нема претседател, дури и кога илјадници граѓани биле со години под надзор и прислушувани од разни агентури.

И покрај воената цензура и строга забрана јавноста да чуе и види како една мала група управувала со државата, со судството и со медиумите, од она што досега го слушнавме по обелоденувањето повеќе разговори само во неколку медиуми и преку социјалните мрежи, а кои никој од снимените личности не ги демантира, нема здраворазумски човек на кој не му се збербатило од ужасниот проект на масовно нарушување на човековите права и слободи со следењето на комуникациите на над 20.000 граѓани и јавни личности, вклучувајќи го и претседателот на државата. Првиот човек на државата и натаму, покрај своите уставни овластувања и надлежности, срамно молчи за овој дебакл на безбедносните служби и за разнишаниот углед на Македонија, за што има огромна лична одговорност.

Криењето од јавноста на важни информации, доколку ги има претседателот на државата, а ги одмолчува е кривично дело според Уставот на Македонија и според законите. По вакво флагрантно кршење на човековите права и следење на огромен број граѓани, претседателот на државата еден ден ако профункционира правната држава може да се најде на обвинителна клупа, ако и натаму прикрива важни сознанија од граѓаните. Доколку, пак, ништо не знае за овој чин, иако во негова надлежност е безбедноста на земјата која со години е нарушена до трагични димензии, претседателот Иванов, во тој случај, веќе доцни со својата оставка од морални причини. Неговата изолација и согласност да молчи и да биде марионета на Владата и на премиерот Никола Груевски само ја зголемуваат одговорноста која имајќи ги предвид неговите уставни надлежности не може да биде само морална. Претседателот Иванов, по сите досегашни сознанија дека безбедносниот систем на државата е претворен во решето, не смогна сили да го свика Советот за безбедност чиј претседател е тој и да побара прецизен и вистинит извештај што се случувало во безбедносниот систем на земјата. Ваквите пропусти и по обелоденувањето на скандалот го прават претседателот Иванов восочна фигура во музејот на ВМРО- ДПМНЕ.

Од претседателскиот кабинет допираат гласови дека тој е изложен на притисок од премиерот да излезе со свој говор пред јавноста во кој ќе го осуди лидерот на опозицијата Зоран Заев и ќе ги прифати обвинителните акти на премиерот, кој деновиве е во улога на јавен обвинител, на судија и на порота. Се бара од претседателот Иванов да потврди јавно дека станува збор за заговор и пуч во кој учествуваат домашни агенти и странски служби. Од кабинетот на претседателот моите извори тврдат дека неговото молчење предизвикувало страшно голема нервоза лично кај Груевски и неговите најблиски приврзаници. Од противниците на Груевски во самата ВМРО-ДПМНЕ велат дека на сите им е забрането да зборуваат за скандалот „пуч“, вклучувајќи го и претседателот на државата Иванов , министерот за внатрешни работи Јанкулоска, министерот за финансии Ставрески и сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Можат пред јавноста да се обраќаат само Груевски и неговата логистика која крстосува низ државата предводена од Неделковски и Ачковска кои во Америка гледаат главен непријател и организатор на заговорот против Македонија, а излезот го бараат во Русија и кај Путин.

Најлошата работа за угледот на институцијата претседател на државата е молчењето во вакви кризни ситуации и при ваква загроза на слободата и демократијата и заговарање за промена на стратешките интереси и приоритети на Македонија и нејзините евроатлантски интеграции. Мислам дека е последен момент претседателот на државата еднаш да се постави како претседател на сите граѓани и да го обели образот, да ги врати својот углед. Конечно, треба да излезе пред јавноста и да ги соопшти своите сознанија и своите истраги, што е должен да го направи овие денови на кои има право и по Уставот и по авторитетот на позицијата претседател на државата. Ако и сега е изолиран и прескокнуван од ваквите извештаи против негова волја и ако навистина целиот овој период со години бил држен на маргините од настаните и ако и тој бил прислушуван, тогаш и професорот на Правниот факултет и претседателот Ѓорге Иванов знаат дека, во таков случај, требаше веќе да поднесе неотповиклива оставка, барајќи непристрасно, фер и праведно судење за она што и’ се случувало со години на Македонија, без тој да биде известен и информиран. Претседателот Иванов добро знае дека ако бил прислушуван и следен со години заедно со илјадници јавни личности, без оглед кој тоа го нарачал и правел, одговорноста и на претседателот и на премиерот и на надлежните министри и први луѓе на безбедносните институции е неминовна, пред се’, поради нарушеното здравје на државата и нејзиниот углед додека извршувале најодговорни функции. Оставките се најмалата работа што во овој момент мора да се направи, а потоа да уследи судската разврска без притисоци. Само по еден таков демократски и правен епилог, никогаш повеќе во Македонија не ќе можат да се случат неовластено следење и прислушување на граѓаните.

Молчењето на претседателот на државата во вакви моменти само ги охрабрува нарачателите на ова злодело кои веќе организираа февруарски походи низ Македонија, при што нивните поданици на агитпроповски собири го сатанизираат сопствениот народ и сите слободоумни луѓе, кои во прислушувањето на илјадници граѓани гледаат монструозен чин за зачувување на власта по секоја цена, па и по цена на основните човекови права. Притоа набедуваат пријателски земји меѓу големите сили дека стојат зад прислушувањето, со што нанесуваат трајни штети на интересите на Македонија.

Овој пат навивам за вас претседателе, ајде кажете едно ваше сопствено мислење веќе еднаш. Доцните со години.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *