Banner
Мое ќоше

Кој е луд, а кој забеган

zabegan

Премиерот Груевски многу утешително дообјасни дека не е забеган, дека не повикува на граѓанска војна и дека од јадење чоколади не се повраќа

Премиерот Никола Груевски почувствувал силна потреба да појасни на каква војна повикала неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во своето најново историско соопштение за општа мобилизација на своите симпатизери и поддржувачи. За време на викендот во Кавадарци, Груевски дополнително и многу утешително дообјасни дека не повикува на граѓанска војна, туку на политичка борба со непријателите на државата. И таман ни олесна што ќе нема војна кога оп, во првиот работен ден, пак одекна уште една бомба на Заев. Најблиските соработници на Груевски се сомневале дека вождот забегал.

Од снимките, се слуша, во еден период им се повраќало на седниците на владата. Велат ние сме лудаци, ова што го правиме е ненормално, трошиме за чоколада, а немаме за леб. Истото ова и јас го пишувам со години, ама многу внимавам да не кажам дека овие луѓе што не’ водат се лудаци, па сега кога го слушам ова што го кажале министрите за внатрешни работи и за финансии, сакам да им честитам како „комуњар што ги бутка темите“, навистина на човек да му се повраќа. Но да се вратиме на апелот што не бил за граѓанска војна, туку за политичка борба и на премиерот кој не бил воопшто забеган и добро знае дека од јадење чоколадо не се повраќа, ниту се полудува. При глад и сиромаштија, лесно се владее додека не почне револуцијата.

Не бил воопшто застрашувачки апелот на Централниот комитет на единствената легална револуционерна политичка партија во светот до своите членови „да застанат гордо, силно и во збиени редови во одбрана на достоинството и честа на државата и нејзините национални интереси“. Тоа не било повик за братоубиствена војна и меѓусебна омраза меѓу граѓаните кога горското началство порачува дека ВМРО-ДПМНЕ има историска одговорност да се бори против деструктивни потези кои се спротивни на националните и државните интереси, ниту пак е нешто многу опасно кога ќе се каже: се повикуваат сите граѓани под знамето на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во борбата за зачувување на стабилноста, демократијата и економскиот развој на државата.

Вакви повици против домашните и надворешните непријатели во светот имаат само нелегални, забранети, екстремно радикални левичарски и десничарски партии. Една сериозна демохристијанска партија за каква што се прикажува ВМРО-ДПМНЕ ниту може во своето име да има предзнак на „револуционерна“ , ниту може својот народ да го повикува на меѓусебна борба против политичките противници, изедначувајќи ја својата власт со државни интереси само затоа што е фатена на дело како не успеала и не била заинтересирана да ги спречи надзорот и прислушувањето на илјадници свои граѓани што траело со години. Има сериозни индиции според она што го презентира јавно опозицијата дека прислушувањето е нарачано од една група луѓе со злоупотреба на власта и на институциите на системот. Тука треба да се бараат причините зошто веднаш не се отвори простор за непристрастен судски процес. Тоа е можно само со ослободување на судовите од притисок со неотповикливи оставки. А не со драматични апели за збивање на редовите да се повикува на борба божем за национални и за државни интереси. Откога прислушувањето и следењето на сопствените граѓани, откога нарачките на судски пресуди, следењето новинари и контрола на медиумите, на судиите, на академиците, на амбасадорите и илјадници јавни личности е национален и државен интерес.

И додека со згрозување секој втор, трет ден слушаме како е деградиран и навредуван граѓанинот на Македонија, како понижувачки се нарушувани човековите права и слободи, татнат низ државата повици за последната пресудна битка. Знаменосците на ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на братоубиствена војна, на копање масовни гробници и погребување под бетонска плоча на сите што бараат отчет за големиот срам од досега невидениот и нечуен скандал по своите димензии во цела Европа. Затворањето луѓе по нарачка, судски пресуди по телефонски повик , закани со летање од работа, уништување приватен имот со пошироки општествени димензии, следење и држење под надзор на повеќе од стотина новинари и уредници, сопственици на медиуми, сурови закани, апсења, сето тоа деновиве можеше да го слушне само еден дел од јавноста која има можности преку социјалните глобални мрежи и малкуте ограничени по опсег медиуми да го слушнат тоа што е од исклучителен јавен интерес на сите граѓани.

Кој уште може да верува во македонските судови кога премиер нарачува промена на урбанистички планови и кога на судија му се забранува пристап до местото на злосторството, за да не стави времена мерка. Премиерот Никола Груевски заедно со своите приврзаници, ставајќи ја пред себе партијата како штит и тие што до вчера биле прислушувани, тргна во крстоносна војна. Тој во опстанокот на власта по ваков скандал на масовно повеќегодишно прислушување гледа национални и државни интереси.

Во еден ваков нездрав амбиент од забегана власт, Македонија влегува во опасна фаза на нови делби и омрази. Досега и покрај сите блокади, ултиматуми и тешкотии, и покрај сериозниот застој на демократските процеси, независна Република Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ и во НАТО се смета за дел од решението за стабилен Балкан. Ваквите повици за меѓусебни борби при повеќегодишно непречено следење на сопствените граѓани отвора простор за најлошото можно сценарио за иднината на Македонија, а тоа е нејзината поделба да стане дел од решението за мир на Балканот, односно да се актуелизира историската погубна максима за „Македонија како јаболко на раздорот “.

 

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *