Banner
Си велам

Заев секој ден на МТВ, Сител и Канал 5

free media

Состојбата во Македонија е катастрофална, предупредуваат европските институции и германскиот Бундестаг

Центарот на комуникации на ВМРО-ДПМНЕ упатил итна порака до директорите и уредниците на МРТВ и до сопствениците на Сител и Канал 5 веднаш да го повикаат лидерот на опозицијата Зоран Заев и да му понудат да избере ударни термини секоја вечер да има 40-минутен јавен настап и плус 20 минути да одговара на прашања на уредниците на телевизиите каде што пристапот му е строго забранет. Веднаш потоа сите вмровски агенции, портали, весници и радиостаници по слободен избор ќе пренесат делови од настапите на Заев. Иако одлуката е шокантна за македонски прилики, вмровските експерти за пропаганда се потпреле на изјавата на премиерот Никола Груевски дека Заев со секој свој јавен настап се заплеткува во своите интриги и дека оди по тенок мраз. Пресудно за ваква историска определба на партиските комуниколози Заев да настапува на строго контролираните телевизии е што Груевски кажа дека „Заев што повеќе излегува на телевизија, толку повеќе се разобличува самиот себеси со лагите во кои самиот се вовлекол заедно со луѓето кои го подготвуваат ова со него.“

Епа, почитувани читатели, вклучете ги вечер телевизорите да видите во живо како Заев го крши мразот на најгледаните телевизии и тоне. Се разбира, дека оваа шега е инспирирана од оркестрираните напади врз Заев. Агресивната кампања да се сврти вниманието од суштината на она што го обелоденува Заев станува прилично комична, бидејќи во истиот миг се распрснуваат како меури од сапуница глупостите кои служат како аргумент да се разводни најголемиот скандал и срам во поновата историја на Македонија, непреченото прислушување на илјадници јавни личности, политичари, новинари, судии, академици, писатели, уметници, актери, универзитетски професори, верски великодостојници… над 20.000 луѓе со години биле под надзор и следени во своите комуникации. Поголемо ограничување на човековите права и слободи не е регистрирано, ниту пак откриено на овие простори во сите општествено политички системи и режими на владеење откако постои Република Македонија како современа држава, рамно 70 години.

И сега еве ги смешните ситуации со трагични последици: Груевски вели дека Заев инсистира на содржината од снимките како нешто најважно, а тоа не било ни малку важно бидејќи тоа го работеле странски служби и домашни платеници. Со други думи, не е важно што слушаме и гледаме, туку е важно да слушаме и гледаме како што Груевски ни кажува. Груевски поентира со својата истрага: Заев не го познавал Верушевски, ама се допишувал со него преку шифри сосема непотребно во слободна и демократска држава, каде што тајноста на писмата е гарантирана, замислете Заев му купил компјутер на синот на Верушевски, за малку ќе купел и кола и еден куп такви докази кои треба сите да не зауздаат со оние заштитници за очите што на коњите не им даваат да гледаат лево, десно, туку само право, само што ние треба да вршиме празна слама, да не слушаме и да не гледаме што имало на снимките и да не се прашуваме зошто македонските служби за безбедност на државата толку години не успеале, или не сакале да ги спречат било странските, било домашните агентури да ги држат граѓаните на Македонија под надзор. Ова за Груевски се небитни работи, најбитно е луѓето да не го слушаат тоа што Заев го прикажува како политички бомби за начинот на кој тој владее што предизвикува гадење и кај неговите најблиски соработници и клучни министри. Ако навистина Заев се заплеткува во своите интриги и гази на тенок мраз, тогаш зошто не го повикаат големите новинари и уредници од МРТВ, од Сител и од Канал 5 за докрај да се заплетка во сопствената мрежа и да го остават да се удави. Таков јавен настап на Заев би било кошмар дури кога би било само лош сон на Груевски. Ајде да видиме дали некој има храброст во овие телевизии да го повика Заев да каже што има да каже, да пушти да слушнат сите луѓе во државата како се владеело и како се договарале најматните работи, како се повлекувале судски пресуди, како се менувале урбанистички планови, како се задолжувала државата, како се вработувале и бркале од работа луѓе, како се апселе противниците и како се изложувале на тортура по затворите и уште милион гадости против сите во кои вождот нема доверба. Што се 45 минути на Заев спрема 345 минути колку што добиваат секој ден на овие три телевизии Груевски, Владата и ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Никола Груевски се залажува себеси и јавноста дека ништо не се случило во државата освен што лидерот на опозицијата е маргинална недоветна фигура која е впрегната од странски служби да направи пуч во државата и да дојде до промена на власта, што би било погубно за државните и националните интереси. Секогаш кога режимските владетели ги губат позициите тоа за нивните поданици е катастрофа и голема опасност за националните и државните интереси. Диктаторите се познаваат и по тоа што себеси се изедначуваат со државата и со нацијата.

Наместо да го исмева Заев и да праќа слепи приврзаници и полтрони по Македонија кои ги застрашуваат граѓаните и сеат страв, да се закануваат со убиства на сите што не мислат како нивниот вожд, Груевски треба длабоко да се замисли за иднината на државата. Пораките што стасуваат од најзначајните економски партнери и поддржувачи на Македонија во светот и покрај воената цензура да не се објават содржат сериозни предупредувања. Особено се драматични се опомените од Берлин. Во расправата во германскиот Бундестаг одржана зад затворени врати преовладувала оценката дека Македонија се наоѓа на работ на катастрофа. Повикувањата и пропагандите на Груевски дека „странски служби се одговорни за прислушувањето на илјадници јавни личности се евтини изговори“, јавно соопшти известувачот за Западен Балкан пратеникот на Бундестагот, Јосип Јуратовиќ, кој присутвуваше на седницата. Според Јуратовиќ ситуацијата во Македонија е многу сложена. Обвинувањата за масовните прислушувања треба да се преиспитаат од независна комисија, бидејќи тој товар ќе го носи секоја идна влада. Аферата мора да се расчисти. Од 2008 година наваму Македонија оди само назад е оценката не само на известувачот за Западен Балкан. Дури е оспорено и она што Владата и Груевски посебно се гордеат, а тоа е економијата. Јуратовиќ вели дека странските инвестиции кои се субвенционирани од граѓаните на Македонија преку буџетот и Владата не е здрава економија , туку само привремена.

За ваквата катастрофална ситуација не се решение ни нови избори, туку внатрешните состојби во владејачката партија кои треба да се расчистат, што е ВМРО-ДМНЕ денес, за каква стратегија се залага, каде што оди како партија, дали оди во вистинскиот правец, за овие прашања треба да се отвори јавна расправа во земјата. Известувачот Јуратковиќ вели: „мој впечаток од разговорите е дека на вашите лидери не им се брза да стигнат до ЕУ. Тие се снашле добро во ваква ситуација, што Македонија не се движи напред поради спорот со името. Тоа им е добредојдено бидејќи името им служи само како изговор“. Во оценките не се разликува многу ни пратеникот на Бундестагот од демохристијанската партија, ЦДУ, Клаус Бремих. „Интеграцијата на Македонија со ЕУ и со НАТО е загрозена поради авторитарниот курс на Владата“, вели Клаус за Дојче веле по седницата на Бундестагот на која присуствувал. Во ист ден стасаа и предупредувањата од ЕУ преку амбасадорот Аиво Орав и од амбасадорот на ОБСЕ во Скопје Ралф Брет, како и од шефицата на дипломатијата на ЕУ, Фредерика Могерини. Ако Груевски ги прима крајно загрижувачките пораки како добронамерни за иднината на Македонија и од странство и од дома време е да го повлече потегот кој навистина е од национален и од државен интерес. Груевски доцни со она што треба да го направи во интерес на Македонија.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *