Banner
Мое ќоше

„Албанците за гуша, Циганите за уши“

izbori glasanje

Крајот на режимското владеење со Македонија треба да го означи ВМРО-ДПМНЕ со избор на нова Влада и премиер

Ете, излегоа на виделина големите криминални изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Груевски на сите избори во изминатите без малку 10 години. Тие што веруваа во непобедливоста на вождот, конечно, видоа класичен грабеж и силување на демократијата, бришење на парламентаризмот и на човековото достоинство. Тие што се сомневаа дека изборите се нерегуларни денес не им е ни до слава, ни до некаков триумф што одамна погодија со кого си имаме работа. Тие што не видоа ништо и што и натаму налудничаво проповедаат црнила, светски и домашен заговор, го повикуваат својот народ на војна и на линч, се луѓе со посебни потреби на кој им е неопходна долга рехабилитација.

Арогантната, неодговорна и неморална власт, кршејќи го Уставот и законите од голем број свои граѓани направи бедни страдалници и поданици, слепи послушници и полтрони. Мнозинство граѓани чмаеја со години уплашени за гола егзистенција на своите семејства, молчеа цела една ера кога пред очи им се откраднаа десет години слобода и живот без страв. Во Македонија, веќе нема сомнеж, направени се големи злодела во период од цела една декада во почетокот на 21 век. Медиумскиот мрак и стравот во коски од државата направија казмат и сталинистички гулаг. Кажано само во две-три реченици на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, без да се цитираат цели ужасни фермани, се гледа трагичното уништување на македонската и онака кревката демократија. Нашите властодржци во полициската држава ќе ги фатат Циганите за уши, еден по еден, па ќе ги носат на гласање. А, Албанците во Куманово ќе ги стегнат за гуша да молчат и никој да не излегува на гласање. Човечињата од Пустец идат, гласаат, молчат и кимаат со глава, велат властелините. Сместени се по 40 – 50 луѓе во стан од 40 квадратни метри, обработени да гласаат и да земат по некој грош. Врв на злоупотребата на власта е целосна партизацијата на полицијата. Тоа најилустративно го кажува Јанкулоска кога вели дека МВР е ВМРО, дури и да е на шега – премногу е, а не како сериозно појаснување дека има два изборни штаба, еден кога ќе го посетат странци – регуларен, а друг скришен, за гарантирана победа на изборите.

За граѓаните Роми во целата држава власта направила специјален проект за коруптивна социјална помош само за избори. Човек кога ги чита и слуша овие работи не може да не се потсети на понижувањата и страдањата што им се правени на Ромите за време на Втората светска војна. За жал, нивните прогонства и неправди се присутни и ден-денес во цела Европа. Бедата и сиромаштијата, гетоизацијата ги прават топовско месо на изборите, кога цената на еден ромски глас се сведува на вреќуле брашно, неколку пива и еден ручек што може да се проследи на записите кои ги објавува јавно лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Што направија овие нелуѓе од Македонија. Оваа земја не беше ваква. И покрај сите страдања и неправди низ историјата, во Македонија израснаа генерации и генерации кои знаеле да се спротивстават на тортурата и притисоците и да го сочуваат човечкото достоинство. Плејада писатели, поети, уметници, актери, режисери, новинари врвни интелектуалци во најтешките времиња го кревале високо својот глас и јавно и преку своето творештво со вчудовидувачка храброст станале светол пример за идните генерации. Обидите да се компромитираат и мртви, да се прогласат за кодоши и недостојни, да се минимизира нивниот влог и пролеана крв во темелите на татковината е дел од монструозно осмислената политика на дисконтинуитет. Се’ што потсетува на големата антифашистичка епопеја, на првата држава и единствената голема историска победа е подложено на уништување и омаловажување.

Мислам дека нема човек во државата кој деновиве не е засрамен од примитивниот и простачки јазик на кој комуницираат големите водачи на нацијата и постојани победници на сите избори. Политичката и општата некултура е доволна да се избришат од политичката сцена за век и веков, дури ништо друго лошо да не направиле.

Се уверивме со каква омраза се лепат етикети на граѓани како комуњари кои ете овде онде се пројавуваат со информации и свои ставови за притисоците, корупцијата и застрашувањата при изборите. За нив ги слушнавме заканите дека ќе завршат во ендек, други ќе си го видат Господ, трети ќе завршат во затвор, четврти фатени за уши, пети за гуша…. ете тоа е реквиемот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски и нивниот срамен крај. Агонијата која се’ уште ја приредуваат, објавувајќи војна и застрашувајќи со заговори се веќе прочитана книга од која се палат само дворјаните и царските слуги кои уште пишуваат панагирици, а не знаат дека царот е гол и на заминување.

Крајот на ова несреќно режимско владеење со Македонија треба да го означи ВМРО-ДПМНЕ и луѓето кои се вистински патриоти и демократи. Нов премиер и нова Влада која ќе ја состави новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот и најбезболниот излез од големата политичка криза во која западна државата. Враќањето на европскиот пат, на демократијата и на слободата е правилната насока за збогување со режимот и со ерата на Груевски. Ова што овие девет години и’ се случуваше на Македонија со немилосрдно трошење пари на граѓаните, повеќе од 20 милијарди евра за слава на властодржците, пари на најосиромашениот народ во Европа, никогаш повеќе не смее да се повтори.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *