Banner
Мое ќоше

Митинзи за перење на срамот

vmro1

Сите надојдени води оваа зима не можат да го исперат срамот на групата луѓе што ја узурпира власта во Македонија. Ниедна вода, ниеден митинг, па макар бил со милион луѓе фатени за „уши и за врат“ и донесени на македонските плоштади не можат да го измијат бербатлакот што зад себе го оставија осилените властодржци кои слушнавме како ја освојувале власта, со фалсификати и закани, како градат и уриваат се’ што сакаат, како нарачуваат судии и судски пресуди, како ги кршат законите и Уставот, како крадат милиони, како ги задушија демократијата и слободата, како сеат страв, како држат под надзор илјадници јавни личности.

Тие грозотии што ги слушнавме со свои уши, а кои тајните служби на државата не успеале со години да ги спречат, не можат да се исперат со ништо, освен со радикални смени и праведни пресуди. Со митинзи на плоштади и во спортски сали не се докажува невиноста, уште помалку со огнени говори полни со омраза и ароганција против своите сограѓани кои не ја прифаќаат пресијата од режимот на Груевски. За жал, ниту вината, ниту невиноста не може да се докажат во судските сали кои се под контрола на носителите на диктатурата. Тоа убаво го видовме од срамните телефонски договарања на узурпаторите на власта што ги доставија до јавноста луѓе кои ќе влезат во историјата и кои татковината ќе ги препознае како вистински патриоти. Митинзите не можат да ги задушат нивните бомби кои допрва повеќекратно ќе експлодираат во свеста на сите слободољубиви граѓани. Се надевам тоа ќе биде многу побргу, отколку што мисли смртно уплашената власт на која и’ треба збивање на редовите и митинзи за враќање на самодовербата.

Правната разврска која ја нарачува власта преку митинзи и масовни протести, преку контролирани медиуми и со застрашувања и закани за линчување на луѓе е само жесток притисок врз судството, врз членството на ВМРО-ДПМНЕ да не се колеба и врз целата јавност дека не смее никаква друга пресуда да се донесе освен како да се работи за непријатели на државата. Кој е тој судија и обвинител во Македонија кој ќе може да суди независно и по сила на правото и правдата ако низ земјата дефилираат премиерот и министрите, полицијата и сите претставници на корумпираната власт, заговарајќи јавно дека имало обид за пуч, државен удар од страна на непријателите кои биле во спрега со непознати странски служби. Поголем притисок врз сопственото судство кое е партиски речиси комплетно инсталирано досега не сме ни чуле ни виделе, дури ни на Балканот. Кој е тој судија или обвинител кој по вакви митинзи ќе покрене одговорност против тешката злоупотреба на власта, против нарачателите на кршењето на основните човекови права и слободи, против фалсификувачите на избори, против цензорите и контролорите на медиумите, против тие што апсеа и судеа по телефон невини луѓе, тие што нарачуваа тортура во затворите кои и без тоа се казамати, кој е тој маж во македонското судство што ќе го осуди Груевски и неговата група за тешки злодела и прекршување на слободите гарантирани со Устав.

Барањето на обвинителството за присуство на странски судски експерти како публика на судските процеси кои ги закажа премиерот преку телевизија е само обичен блеф. Нивниот мониторинг заврши и пред странските и пред домашните правни експерти некни кога избраа претседател на Судскиот совет човек кој ќе назначува и разрешува судии, иако ниту еден ден во животот не бил судија, ниту донел судска пресуда. Може ли во ваква држава да се зборува за независен судски процес за пуч, кога тужители се тие кои ги укинаа слободата, демократијата и правниот систем. Додека Македонија не добие независно судство и јавен обвинител како што имаат земјите каде што владее правото, не може да се очекува ниту правна, ниту праведна судска разврска. Напротив, уште сега може да се соопшти колку ќе бидат осудени луѓето кои направија херојски чин и му ја кажаа вистината на народот.

Никој во државата не знае како тоа извесен независен судија експресно го прифати пазарењето за три години затвор за некој наводен учесник, по сопствено признание, во снимањето и надзорот на јавните личности. Таа испазарена пресуда треба да биде главен доказ во нарачаните идни судски процеси. Од кога тоа македонските судии прифаќаат испазарена пресуда за државен удар и за пуч, за подривање на системот со три години затвор. Таков пазарлак дури и да е на акшам пазар не може да биде под 15, или 20 години затвор. Смрди, корне на мафијашки политички договор.

И уште една веројатно најголема грешка на нашето судство и обвинителство, особено кога канат странски судски експерти за да пресретнат политички тензии во државата. Ќе мора уште еднаш да ја прочитаат основната лекција од правната наука според која ако има екстерно оценување многумина судии и обвинители ќе паднат на испит. Или ако положат, уште полошо, ќе докажат дека тоа што го знаат не смеат да го применат во судот. А тоа е дали државата и узурпираните институции на системот имаат право на презумпција на невиност. Науката вели не. Тие немаат право да бидат третирани како невини. Напротив, тие треба да бидат изложени на презумција на виновност и се’ да биде обелоденето пред целата јавност. Во овој случај, државата треба да докаже кој ги направил злоделата во нејзино име, кој ги злоупотребил власта и институциите на системот.

Право на презумција на невиност има обичниот граѓанин кој го прекршил законот. Неговата вина треба да ја докаже тој што тужи. За голема жал, класичната одлика на диктатурата на Груевски е невиноста да ја докажуваат оптужените, а не тужителите кога станува збор за политички нарачани пресуди. Кога е во прашање масовно кршење на законот од страна на врвот на власта, тогаш прекршителите бараат јавно преку митинзи преки суд на тие што ја кажале вистината. Во Македонија почнаа да се палат вештерки на клади и пред насобран народ како во средниот век.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *