Banner
Си велам

Повторно учење на историјата

Утре на Втори август – Илинден направете едно мало истражување меѓу вашите најблиски. Поставете им едно единствено сосема кусо наградно прашање : кога е формирана првата македонска национална држава и како и било првото име. Точниот одговор кој би требало да го знаат огромното мнозинство граѓани без оглед на нивното образование гласи: на денешен ден, на 2 август, пред 70 години во манастирот Прохор Пчињски со одлука на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија е формирана новата држава, а целото име со додавки тогаш гласело Демократска Федерална Македонија.

Стравувам дека повеќедецениската вештачки предизвикана амнезија и осмислено маргинализирање на одредени историски периоди, ненаучните политички мотивирани преоценувања на историските настани и манипулациите на дневната политика веќе имаат направено пустош во свеста не само на младите луѓе, туку и на повозрасните. Убеден сум дека од вашите блиски ќе добиете повеќе конфузни, отколку точни одговори. Не ги обвинувајте нив, тие не се криви. За жал, кај нас не е потиснат само овој клучен историски настан од поновата историја, туку се потценети и заборавени многу други историски датуми од НОБ и личности кои се основачи на првата современа нација – држава по урнекот на најголемиот број европски и соседни земји.

Ако се земат предвид критерумите на Европа и не само на Европа во одредувањето на најголемите историски датуми од нивната историја тогаш фактографијата кажува дека најзначаен настан за државите, што се вели најголемиот националниот празник е формирањето на парламентарни републики, држави, или парламентарни монархии, сеедно. Тоа е најчесто во 19 и 20 век кога и се дооформени нациите и националниот идентитет на повеќето народи и новиот литературен јазик. Обрнете внимание на зборот национални држави. Значи не станува збор за датумите кога се основани, империите, кралствата, царствата и кнежевствата, ниту кога е роден Алаксандар Македонски или Костантин Велики, Цезар, Рамзес, Асурбанипал…. и нивните големи победи и порази, туку денот кога е основан првиот парламент и првата република со сите обележја и институции на државност, јазик, граници, устав, војска, влада, суд и други атрибути што ја прават државноста.

Овие историски факти кај нас предизвикуваат експлозија во свеста на луѓето кои тешко се инфицирани од популистичките потраги по славно минато во антиката и во времето на големите империи, императори и војсководци пред новата ера, или како што се вели пред Христовото раѓање. Потрагата по нов антички идентитет со игнорирање и исмевање на словенското потекло како најцврст темел и гордост на современата македонска нација и јазик предизвикуваат тешки идентитетски ломови кај се’ повеќе луѓе. Што е проследено со неразбирање, сомнежи и недоверба во научниот свет кој одамна ги има прифатено потврдените научни вистини.

Целата историја на стариот век и културно наследство припаѓа, повеќе или помалку, на сите денешни народи кои имаат свои држави на територијата на некогашните царства и империи. Обидите да се присвои само за себе империјалното наследство на античка Македонија, Елада на Римското Царство на стар Египет, Персија е голема бесмислица во науката, но затоа има уважено место во политиката на повеќето држави и тоа со различен интензитет во различни периоди во согласност со домашните политички потреби. Барањето на правото за ексклузивно потекло било ариевско, аристократско, кралско или потрагата по какво било пославно педигре е повеќегодишна лага на политиката која секогаш носи големи несреќи. Тешки се последиците од злоупотребата на историјата дека чистотата на нацијата и јазикот се одржани во континуитет од антиката преку средните векови до ден денес. Историчарите кои многу повеќе се националисти и политичари отколку научници постојано зборуваат за историски континуитет низ вековите само на сопствената нација на сметка на другите. За нив не се пречка историските настани и последиците од илјадници војни, освојувања на територии, големи преселби на народите, и нивното мешање, исчезнување на цели народи и претопување во други народи. Имаат тие свои ексклузивни докази дека народите на кои тие припаѓаат се основачи не само на античките империи, туку и на Источното римско царство, подоцна Византија и на Отоманската и на Австроунгарската империја на чии тогашни територии денес има над 50 држави и нации. И јазикот на многу денешни народи според нивните шарлатански теории потекнува токму од нивниот јазик, како прото, татко на сите јазици. Има уште многу други будалаштини кои се’ уште наидуваат на плодна почва во многу земји, а на Балканот таквите производствени погони работат со најголем политички профит за зачувување на власта.

Да се вратиме на АСНОМ најголемиот датум во историјата на Македонија по единствената голема победа. За жал, историските факти кажуваат дека се’ друго е пораз. Овој научен и животен факт во Македонија мора да биде и во образованието и во свеста на луѓето камен темелник за државноста. Како што е тоа кај сите држави во соседството и како што е тоа непобитна реалност. Со тоа не се намалува значењето на формирањето на независната држава, туку напротив тоа значење се зголемува затоа што е вистинскиот континуитет чии современици и сведоци сме денешните генерации на Македонија. АВНОЈ 29 ноември 1943, АСНОМ втори август 1944 и 8 септември 1991 година се единствениот неспорен континуитет на Демократска Федерална Македонија, на Народна Република Македонија, на Социјалистичка Република Македонија, до денешната Република Македонија. Немало големи тешкотии во промена на идеолошките придавки и додавки на името Македонија од типот на демократска, социјалистичка, народна кои во различни времиња и историски околности отпаднале. Многу посуштинската додавка која појаснува една недоумица која се провлекува до ден денес, а често и се злоупотребува е одредницата ФЕДЕРАЛНА донесена од АСНОМ 1944 година која непобитно означува дека државата Демократска Федерална Македонија стапува во федерација со другите федерални држави – републики кои ја сочинуваат Демократска Федеративна Југославија. Целиот овој 70 годишен период Македонија за прв пат ги има сите обележја на држава: граници, јазик, собрание, влада, устав, закони, судови, полиција и своја стоилјадна војска на денот на ослободувањето и формирањето на државата. Доказ за ова не се само документите на АСНОМ, туку и телеграмите со честитки испратени од сојузниците до парламентот на новата држава. Самиот историски факт дека сојузниците Југославија, Русија, Америка, Франција… го поздравуваат АСНОМ и новата држава јасно кажува дека стапувањето во федерација не го намалува историското значење на првата држава Демократска Федерална Македонија.

Денес МАНУ ќе одржи свечена академија по повод 70 годишнината од АСНОМ. Несомнено ќе се прочитаат неколку добри реферати од познавачите на историјата. И претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе ги прими неколкуте живи борци од НОБ, премиерот Груевски ќе држи говор во Пелинце и така со ред како и секоја година со малку поголема медиумска гласност кога се во прашање јубилејни датуми. И толку. Несфатливо и тажно, ама сето тоа е сведено на една куртоазна и лицемерна рутина.

Во оваа ера на наметната војна за зачувување на идентитетот која приличува на пресметката на Дон Кихот со ветерните мелници, како насушен леб ни треба едноставната и здрава логика на Санчо Панса да ни каже дека не е идентитетот кај Филип Втори, Александар Велики и Аминта Трети, туку во антифашистичката војна за слобода на Македонија, во 25 илјади жртви и херои кои без пароли и патетика навистина со својата крв ја направија првата држава на македонскиот народ и народностите со заедничка борба против окупаторот. Таа победа е вистинскиот идентитет. Тоа не се античките јунаци, туку народните херои и партизани. Денес тие што ги менуваат имињата на улиците на народните херои паднати за слободна Македонија и што ги сквернават нивните спомен-обележја тие не водат битка за идентитет…

(Објавено во Утрински весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *