Banner
Мое ќоше

Забрането лаење за кучиња и за луѓе

Ни кучињата, не смеат да лаат додека карванот залутан по беспаќа и ограбен од ајдуци се враќа назад, дома, од кај што тргнал пред девет години. Додека врвеше колоната напред, пците од кучешки и од човечки род, слободно лаеја. Денес ако лаеш против власта на улица може да бидеш осуден на шест месеци условно до три години затвор, вистински. Во Ѓорче Петров лаењето и фрлањето камења се казнува само условно, а за истото недело направено пред Судот следува робија од три години. Пресудата, се разбира, не зависи од национална и од партиска припадност, туку од тежината на престапот.

Неподносливата тишина на големата слобода настапи еден ден по 24 декември 2012 година кога Собранието на Македонија стана библиотека каде што само истомисленици шепотат, од време на време грака по некоја чавка врзана на сиџим. За народот мирно да спие и да не се вознемирува единственото место во државата за слободно лаење на луѓе е потивко и од сала за комеморации.

И тоа беше малку и недоволно за апсолутен мир. Затоа народната власт организира ефикасна полициско-шинтерска служба за прибирање на кучињата-скитници и нивно кастрирање и вакцинирање. Потоа оперираните, дресираните и послушните ги обележуваат со жолта обетка на уше и ги пуштаат на слобода. Непоправливите право во затвор. Не знам дали забележувате дека тие кучиња ослободени и вратени на улица се’ помалку лаат и ептен се мирни и безопасни. Многу погласни и поагресивни се добро нахранетите и со педигре домашни миленичиња, напудрени пудлици и некои големи кучишта познати како коркачи кои лаат силно само додека сопствениците ги држат врзани на ланец. Тие ја бранат државата и власта од непријателите и туѓинците кои сакаат да ни го земат мирот и спокојството и да ни го расипат сонот.

Повеќепартиско собрание без опозиција да ти било прекрасна работа, многу поефикасно од еднопартиски парламент како што имавме во социјализмот. Тогаш во едноумието комунистите жестоко се расправаа меѓу себе. Често тие расправи и во парламентот и во владата и во централните комитети на сојузот на комунистите, ние кои известувавме од нив ги квалификуваме како формална демократија бидејќи само вербалните критики колку и да се остри без коренити политички промени и економски реформи не беа доволни за побрз развој на општеството, кое, рака на срце, беше непристојно да се споредува со Исток, туку само со Западна Европа. За Исток бевме Америка во секој поглед.

Повеќепартиското Собрание на Македонија сега е жална приказна, можеби најтажна од АСНОМ до денес. На 24 декември 2012 година претседателот на највисокиот законодавен дом, Трајко Вељановски, ја повика тајната полиција која насилно ги исфрли на улица пратениците на најголемата опозициска партија. Грозна слика, која за миг го обиколи светот. Лошо поминаа и новинарите кои беа отстранети оти планот беше тој срам да не го види јавноста. Од тој ден почна политичката криза низ која сега поминува Македонија, низ сите институции на системот, а најболно се доживува во Парламентот и во судот. Кога не работи парламентот не работи ништо како треба. Парламентарната демократија е целосно суспендирана. Актуелниот претседател Трајко Вељаноски секој ден ја повикува опозицијата да се врати во собраниските клупи и да даде придонес за поквалитетна расправа. Логично е прашањето дали еден претседател на парламент кој повикал насилно да се исфрлат како куфери пратениците на опозицијата и новинарите има легитимитет, морален и етички квалификатив да ги повикува пратениците на опозицијата за да се создава привид дека во државата има парламентаризам, има демократија.

И додека траат замолниците на Вељаноски опозицијата да се врати со скршен ’рбет во Собранието, се штанцаат стратегиски закони пишувани со брзина и квалитет на телеграми и директиви. Каква дебата, какви расправи тоа се само непотребни јалови дискусии и залудно губење време. Замислете за три дена се носат коренити законски измени за начинот на пензионирање за што се неопходни во сите земји што поминале низ тоа сериозни анализи и издржани и стручни дебати. Се воведуват преку ноќ нови давачки и придонеси, радикални реформи кои не се предвидени во ниту една, ни економска ни партиска програма. Се прави ребаланс на буџетот со куртоазни дискусии и алиби кавги. Во подготовка се промени на Уставот, како да се менува Статутот на земјоделска задруга. Се задолжува државата со стотици милиони евра без ниту еден збор различно мислење од собраниските клупи. Петар Гошев јавно вели дека Владата лаже дека е ова најниска камата досега за задолжување на државата со кредит од 500 милиони евра. Не била каматата 3,9 отсто, туку 5,1 отсто, пресметал Гошев. Уште пострашно е, вели Гошев, што Владата лаже и за висината на вкупниот долг и дека задолжувањето е многу поголемо. Што може да значи ако и по 20 дена премиерот молчи по изјавата на еден поранешен министер за финансии, гувернер на Народната банка и познат македонски политичар кој докажува емпирски со бројки и факти дека Владата е фатена во лага. Дали е тоа невидена ароганција, демонстрација на моќ и сила, страв или нешто што доаѓа допрва.

Кога паѓаат долгогодишни казни затвор со политички мотиви, несоодветни за престапите на улични протести и фрлање на камења од демонстранти во земја во која законодавниот дом нема опозиција, а има само неограничена власт на една партија, тогаш, веќе реков мириса на поранешна Југославија.

(Објавено во Утрински весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *