Banner
Мое ќоше

Што имал на ум Нимиц

Стаса од Њујорк пак нашиот стар гостин, дипломат и адвокат, господин Метју Нимиц. Ќе биде веќе 20 години кога ја почна, како помошник на својот веќе одамна покоен колега Сајрус Венс, својата животна одисеја како медијатор на ОН да се најде решение за еден од најбесмислените и најтешки спорови на светот. Нимиц првите зборови што ги кажа во Скопје по своето пристигнување беа: немам нов предлог за името, но имам нешто во главата. Последните зборови пред да замине за Атина му беа „Обединетите нации не преговараат за идентитетите на народите. Народите си имат свои идентитети и за нив не се преговара, а од името Македонија се засегнати повеќе држави. Оваа земја има свој идентитет“. Опаа машала, ама полека нема место за радост, прво да почекаме што ќе каже Нимиц во Атина. Да не биде работата да го сочуваме идентитетот, а да го смениме името. Едно е што мисли камилата, а друго камиларот.

По средбата на Нимиц со германската канцеларка Меркел во Берлин, пред неколку месеци, и нејзините неодамнешни тазе изјави во Дубровник дека „мора да се најде некакво решение Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ“, предизвикаа и во Грција и во Македонија прилично песимистички и ригидни реакции. Двете страни не сакаат вознемирување со предлози и нови идеи што водат кон компромисно решение. Двете страни беа крајно загрижени од оптимизмот на Нимиц дека е можно прифатливо решение. Политичарите и во двете земји им ветуваат на своите граѓани дека не е можно поинакво решение од нивните црвени линии. Тие подгреваат атмосфера пред својата јавност дека некој ќе тропне со тупаница на маса и ќе каже од утре ќе биде како сака Грција, или како што сака Македонија и готово – крај. Најодговорните актуелни политички лидери на Грција и на Македонија и Самарас и Груевски добро знаат дека тоа е неможна мисија и дека никој нема да ги засука ракавите и да го одмрсува со меч Гордиевиот јазол што го замрсиле Грците, а го домрсуваат Македонците.

Кој што добива и губи во една ваква ќе биде две децении пат-позиција.

Грција не губи ништо. Таа не менува ниту име, ниту презиме, ниту идентитетски обележја, ниту пак тоа некој од неа го бара. Ниту пак некој извршил каков било голем притисок врз Грција, или со нешто ја условил економската поддршка на Грција со разрешување на проблемот со нејзиниот северен сосед што таа го наметна ултимативно од позиција на сила и моќ.

Република Македонија поради ваквата блокада е најголемиот ако не и единствен губитник. Запрен е побрзиот разој на државата и поради грчката блокада е отежнат животот на два милиони граѓани кои по крупните демократски промени драматично брзо осиромашуваат и живеат далеку полошо отколку во еднопартискиот комунистички систем. Запрена е европеизацијата на Македонија и’ е замрзнат нејзиниот кандидатски статус за членство во ЕУ и во НАТО. Стопирани се демократските процеси во државата со покритие дека е тоа неопходно поради шовинистичките и националистички ставови и негации на Грција што и’ овозможува на власта во Македонија да воведе цврста рака без контрола во одбрана на националните интереси и загрозените идентитетски обележја на македонскиот народ. Со блокирањето на членството во НАТО се влошени меѓуетничките односи меѓу Албанците и Македонците што е најчувствителното и најризично прашање за опстанок на државата. Покрај спречувањето на економскиот развој на својот сосед и евроатланските интеграции, грчкиот ултиматум ја предизвика таканаречената гневна антиквизација на Македонија кога политичарите патриоти и преродбеници тргнаа со интервенции во историската наука да бараат пославно минато за својот народ. Примамливоста на античкото славно потекло директно од големите империи и императори ја одболедуваа речиси сите нови демократии по падот на Берлинскиот ѕид. Разликата со Македонија е во тоа што тоа не заврши со дебати како кај другите, туку со изградба на скап кич барок и рококо, со нови фасади, гаражи, антички музеи, бронзени споменици на антички јунаци и кралеви пред Христа и разни други обележја кои ги чинат стотици милиони евра најсиромашните граѓани на Европа. Тоа што владите како државна инфраструктура требаше да го завршат досега со изградба на патишта, пруги, нафтоводи и гасоводи, брани и централи, широкопојасни интернет мрежи, сега дури почнуваат да го градат и тоа наместо со европски пари со баснословни кредити и задолжувања. До ова немаше да дојде ако Македонија ги почнеше преговорите на време уште 2005 или 2006 година.

Да, има и нешто што Македонија добива поради ваквиот пред се’ националистички став на Грција поддржан од големите сили, а тоа е ја добива истата власт веќе девет години како единствен самоповикан заштитник на името, идентитетот и јазикот. Ете затоа Нимиц од поодамна не е добредојден ни во Грција, ни во Македонија, особено ако делува оптимистички. Штом и тој бара компромис и заедничко решение стасан е за токмак, каков што доби и Меркел од медиумските слуги на власта за нејзините толкувања што е тоа компромис по европски и по германски сфаќања. Колку Нимиц и да зборува дека не е идентитетот предмет на преговори на ОН мислам дека по прошетката до Атина ќе се врати во Америка шепотејќи си нешто во брадата. Патем може да и телефонира на канцеларката Меркел за своите најнови впечатоци од Балканот, за и таа да не се заморува бадијала.

(Објавено во Утрински весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *