Banner
Мое ќоше

Токмак и за Меркел

Миленко Неделковски пишува во „Вечер“, пренесено и на порталот „Курир“: „Македонскиот идентитет бил голема главоболка на Ангела Меркел!.. Тука кафетин не помага. Само чекан. Море, не чекан, токмак му е мајката“. Така вели Неделковски.

Ете ова е лекот за одбрана на македонскиот идентитет што го предлага познатиот скопски измамник и авантурист во новинарството, кој си ја одработува слободата во провладините медиуми, откако судот го казни само со условна казна, без да одлежи ниту еден ден затвор затоа што на повеќе граѓани им продаде непостојни американски визи за 160.000 долари. Браво, голема работа им заврши Миленко на премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов, кои цели две недели како да се збунети и молчат по изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел дека – мора да се најде некако начин Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО. Наместо државнички сериозно подготвен одговор, како што прилега за најавите за личен ангажман на еден од најмоќните политичари на светот, кај нас за домашни потреби паѓаат добро познатите популистички изјави дека не прифаќаме ниту една иницијатива и идеја која ги оспорува идентитетските обележја.

Во изјавата на Меркел изречена во Дубровник пред македонскиот претседател Иванов нема ниту еден збор повеќе од она за што се залагаат јавно и претседателот на државата и премиерот, за „разумен компромис“ со Грција и за „решение прифатливо за двете страни“. Ниту пак направи најмала алузија за оспорување на националниот идентитет и јазик. Личниот ангажман на Меркел да се најде решение за евроатланските интеграции на Македонија кај државниот врв предизвика повеќе загриженост и страв, отколку охрабрување конечно да се тргне од мртва точка во потрага по решение. Ангела Меркел прецизно појасни и што се подразбира под компромис во Германија и во Европа. Тоа е решение кога сите вклучени во проблемот се подеднакво незадоволни или може да биде кажано и поинаку кога двете страни се подеднакво задоволни.

Најавите на Меркел за изнаоѓање на решение за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, што ќе значи отстранување на блокадата за развој на Македонија и конечно остварување на стратегиските интереси на државата и нејзините граѓани во најмала рака требаше да предизвика подготвеност за соработка бидејќи компромисните решенија и Груевски и Иванов ги бараат со години. Сега кога истиот предлог го добија од најмоќната жена на светот не знаат што да прават со пружената рака. Одговорот е ист како и во Македонија кога некоја јавна личност, освен Груевски и Иванов, ќе предложи да се најде заеднички прифатливо решение со Грција. Тоа кај нас значи веднаш токмак, линч, предавство на татковината, непријателски чин. Секој што се залага јавно за компромис со истите зборови како премиерот и претседателот на државата треба да се соочи со анатема или жигосување, закани по животот.

Затоа и за Меркел еден токмак предложен од еден акмак не ниту изненадување, ниту е на одмет за канцеларката да внимава што зборува друг пат пред Балканци.

Текстовите и јавните настапи на Миленко Неделковски не би заслужиле внимание поради својата карикатуралност, примитивизам и евтин шунд, доколку Миленко не е новинарска перјаница на Владата и личен пријател на премиерот Никола Груевски со кој најчесто има долги повеќечасовни беседи и ТВ-интервјуа на „ти“. Ваквата блискост со премиерот осилениот Неделковски ја употреби да креира висока политика и да навредува странски државници и дипломати. Ги исмева амбасадорките на Германија и на Холандија, Гудрун Штајнекер и Мариет Шурман. Холаѓанката била „ебозовна“, а Германката имала некако грдо и грубо име, Гурдун се викала, па по името се гледа дека не е баш убава како што појасни Миленко на Радио Слободна Македонија.

Ширењето на антиамериканско и антиевропско расположение не е новина во Македонија. Со помал или посилен интензитет тоа е постојано присутно по распадот на Југославија и крвавата воена разврска, но никогаш зад таквите активности не стоела официјалната државна политика. Главно тоа биле лични гледања на неколку јавни личности, новинари и уредници, а најмногу на разни маргиналци и националисти кои постојано гледаат опасност од заговор против Македонија било од Запад, било од соседите. Во последно време загрижувачки е напливот на ширење антизападна пропаганда во провладините медиуми, која излегува од рамките и на евроскептицизмот и на традиционалните комплекси за опасност од заговор. Тоа веќе не е ни онаа разбирлива реакција поради односот на големите сили кон грчкиот ултиматум и наметнатиот спор од позиција на сила. Сведоци сме на директен недоличен атак врз дипломатите на Германија и на Холандија кои се осведочени големи поддржувачи на Македонија и финансиски и на патот за Европа. Некому очигледно му пречи оваа поддршка.

Да се повикува на чекан и на токмак за Меркел во провладини медиуми, од личен пријател на премиерот Груевски, не го отсликува само лудилото на заштитениот измамник. Или работите излегоа од контрола и како што веќе напишав повеќепати време е Груевски да каже: „Аман, доста е веќе, човече, не ме брани повеќе“, или пак работите се ептен под контрола, па Миленко соопштува тоа што сака да чуе Груевски не само за по дома, туку и за по надвор. Кога веќе не му пречи на Груевски што неговиот пулен е изманик со судска пресуда и што испраќа новинари на линч, зошто би му пречел и еден токмак за германската канцеларка Меркел.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *