Banner
Мое ќоше

Арамиска друмарина

Најновиот намет на памет стаса на македонските автостради кои одамна не се тоа. Наместо големи црни табли на секој километар на кои ќе пишува пази опасно по живот, осамнаа нови цени за патарина. Дали на трошарините начичкани на по 10-20 километри од вкупно 200 километри автопат изградени за 70 години, а последните 8 години само 5-6 километри, ја видовте најновата брука на друмските разбојници за собирање арач.

Прво, нема ниту еден аргумент зошто цените за патарина се качија над 30 проценти. Второ, воведената можност да се плаќа и во евра за наводно да им се олесни на странците и туристите е противзаконски грабеж. Трето, нашите репрезентативни патишта не исполнуваат ниту еден меѓународен услов да се наплаќа друмарина. Еве ги фактите зошто е тоа така.

На ниту една автопатска делница во државата не се случи ништо особено што би го оправдало зголемувањето на цените за повеќе од една третина. Крпењето на одредени веќе руинирани правци досега граѓаните возачи го платија и преплатија повеќе пати. Секој оној што ќе наточи гориво на нашите бензински пумпи плаќа и одреден процент за патиштата. Секој сопственик на моторно возило од мопед до трактор, од автомобил до најтешките камиони при регистрацијата на возилото која чини колку св. Петар кајганата и е една од најскапите во Европа плаќа одреден процент за патишта. Кога земате зелен картон или плаќате осигурувања, пак директно или индиректно еден дел стасува до фондовите за патишта. Од буџетот на Република Македонија, кои го полнат сите даночни обврзници, уште еден голем процент стасува за изградба и одржување на патиштата. Од земените кредити и задолжувања на државата во стотици и стотици милиони долари и евра за изградба на патишта, сообраќајници и комплетна сообраќајна инфраструктура требаше да наликувме во патната мрежа на западна Европа, вака останаа само долговите кои пак ќе ги враќаат сегашните и идните генерации.

Ако се вратиме малку поназад, ќе откриеме дека голем број граѓани на Македонија одвоиле од својата уста пари како заем на државата за изградба на патишта кој никогаш не им е вратен. И најсиромашните жители на Македонија кои живеат во беспаќа имаат издвоено тешки милиони како самопридонеси за изградба на локални, регионални патишта и автостради. Кога сето тоа денес ќе се собере на еден куп неминовно се наметнува прашањето како е можно оваа мала држава да има најлоша сообраќајна инфраструктура и патна мрежа во целиот регион, а да не зборуваме за Европа. Па додека испушиш две цигари треба да стасаш од Скопје до кое било место во државата. Луѓето низ светот толку патуваат секој ден до своето работно место.

Вистината е многу видлива со голо око, се наоѓа на два-три хектара површина во центарот на Скопје. Додека другите градеа автостради и брзи пруги, нафтоводи и гасоводи, нашите планери на иднината градеа споменици, триумфални капии, вртелешки и карусели, музеи на жртвите од тие што ги изградија првите патишта кои сега не можеме да ги закрпиме. Ни изградија без да не’ прашаат фонтани, гаражи, бронзени лавови, коњи, ни насадија жални врби во Вардар и мостови на секои 50 метри кои не водат никаде, ни бетонираа гемии и кораби во коритото на Вардар, ни опнаа во 21 век барокни фасади од пред три-четири века, веројатно толку доцниме во развојот. Политичките и партиски архитекти ни ги сменија фасадите на зградите во строгиот центар на главниот град за некој поубаво да се чувствува трошејќи немилосрдно туѓи пари. За да може убаво да се разгледаат овие скапи лудости на најсиромашниот народ во Европа ќе ни направат панорамско тркало среде Вардар за само 20 милиони евра. Ете затоа, почитувани мои, немаме патишта, а и овие што ги имаме треба да плаќаме кога по нив врвиме иако се полни со црни точки на секој чекор.

Цените во евра се посебна ајдучка приказна. Патарината која чини 40 и 50 денари со најновото поскапување ќе се наплатува едно евро, таа што изнесува 60 денари ќе чини 1,5 евра, за 80 денари патарина ќе се наплатува 2 евра, за 150 денари ќе се плаќа 3 евра, а за 220 денари 5 евра. Оваа драстична разлика во цените надлежните друмски експерти на Владата ја објаснуваат со провизиите кои треба да се платат на банките за железни евра. За тие што ќе плаќаат во книжни евра нема објаснување. Нема објаснување зошто тогаш фискалната сметка се издава во денари и тоа според ценовникот за патарина во денари. Ако платите 5 евра, ќе добиете фискална сметка за 220 денари, а ако платите две евра, фискалната сметка ќе ви биде на 80 денари. Нема објаснување како ќе се правдаат со парите наплатувачите на патарина за разликите од цените со евра и денари. Нема објаснување зошто странците кои ќе транзитираат низ Македонија не можат како и кај соседните држави при влезот во државата да добијат вињетка која уредно ќе си ја платат според ценовникот кој еднакво треба да важи за сите граѓани домашни и странци. Оваа денарско-девизна патарина широко ги отвори портите на озаконет криминал. Дали знаете дека Македонија е единствена земја во Европа каде што нема никаков попуст за патарина дури и ако возите со години секој ден во одредени правци по неколку пати.

И трето, го молам кој било сообраќаен инженер во Македонија да и’ даде на јавноста еден аргумент зошто на автопатиштата во Македонија се наплаќа патарина. Дали затоа што на нив има доволно често румби-тумби, дали затоа што нема алтернативни патишта, а кај што има се непроодни, дали затоа што нема ниту еден тоалет и ниту еден телефон, дали затоа што има ограничувања на брзината под сто километри. Дали можеби затоа што можете да налетате на домашни и диви животни во секое време… има уште сто причини, ама ете нека кажат само една големите владини експерти за друмарина и патарина.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *