Banner
Си велам

Ја разбра ли Груевски фрау Меркел

(Фото: Утрински весник)

(Фото: Утрински весник)

„Мора НА НЕКОЈ НАЧИН да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ“. Оваа порака од Дубровник им ја испрати најмоќната жена на светот германската канцеларка Ангела Меркел на своите колеги премиери Никола Груевски и Андреас Самарас и до јавноста на Грција и на Македонија. Меркел не би била Германка ако не кажеше што подразбира под тоа „мора на НЕКОЈ НАЧИН“. Тоа да ти било замислете „мора да има компромис“. Меркел не би била ни германска канцеларка ако не објаснеше што се подразбира под компромис. Вели во Германија е компромис кога сите што се вклучени во разрешување на проблемот се еднакво незадоволни… тогаш тоа е фер компромис. Тоа е патеката за решение на наметнатиот спор за името на државата. Брзо стаса и одговорот од премиерот Никола Груевски, ама не директен и германски, туку балкански повеќе за наши потреби отколку да и’ се прати поддршка на фрау Меркел за нејзиниот личен ангажман.

Груевски не го коментира компромисот на германски начин, туку поентира на искажаната реченица на Меркел дека: „нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за сите“. Е, вели со олеснување Груевски, сега им е јасно на сите дека Грција го оспорува нашиот идентитет. И нормално следува познатата добро спакувана реченица, ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во какви било иницијативи и идеи во кои ќе се оспори или доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ, македонскиот јазик и нација. Тоа е во ред и тоа никој во Македонија ниту го оспорува, ниту прави некаков проблем кога се работи за идентитетските обележја. Предлогот на Меркел не одеше во насока на какво било оспорување, напротив канцеларката го лоцира како проблем на сите во ЕУ. Нејзината порака е крајно внимателно срочена, меѓу другото, за да не биде балкански толкувана, туку германски прецизно се однесува на фактот дека најтешките проблеми во Европа се решаваат со компромис. За да нема недоразбирања Меркел едноставно за сите луѓе над 16-годишна возраст објасни што се подразбира под компромис.

Нашите медиуми објавија две навидум спротивни варијанти, но во суштина со исто значење. Меркел вели „мораме некако да го решиме тоа прашање“ меѓу Грција и Македонија внимавајте сега на една значајна порака која не забележав од изјавата на Груевски дека е разбрана. Меркел вели: „јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли“. Очигледно Меркел добро ги прелистала и проучила листите со предлози од чантата на Нимиц кои 20 години наизменично се одбиваат од двете страни. Оваа силна порака на Меркел „јас лично се вклучив во тоа и размислувам за сите можни комбинации….“, не го импресионирала доволно Груевски да испрати државничка реакција. Не разбрав добро дали на Груевски воопшто му е драго што лично Меркел се вклучила во разрешувањето на проблемот, со тоа што таа вели дека единствениот начин да се реши е компромис што кај двете страни ќе предизвика незадоволство. Наместо брза кооперативност за заземањето на Меркел и на Германија да се најде решение на Груевски најголем ќеиф му се направил што ете пак се виде дека во прашање е грчкото оспорување на идентитетот. Повторно станува збор за намера за оправдување што досега не е решен проблемот со името отколку за подготвеност да се реши. Во вакви ситуации кога германски канцелар праќа толку децидна и јасна порака на неминовност од компромис, дипломатските правила и добрите пријателски политички и економски односи меѓу двете земји налагаат да се одговори со истата сериозност дека вклучувањето на Меркел и Германија е историски значаен миг примен со олеснување и голема надеж. Ако досега Груевски сто пати кажал дека е подготвен за компромис и заеднички прифатливо решение со Грција зошто и сега по ваков повод не кажа што во Македонија, за разлика од Германија, се подразбира под компромис. И што во овој случај би значело Грција и Македонија да се најдат во ситуација да бидат подеднакво незадоволни и подеднакво среќни за компромисно решение. Меркел во Дубровник пред политичките лидери на регионот го кажала и тоа дека компромис е и кога сите се подеднакво среќни, односно одговорните политичари треба да изберат дали во своите земји ќе прават амбиент за компромис од кој граѓаните на двете земји ќе бидат подеднакво задоволни и среќни. Меркел тоа го објаснува со зборовите: компромисот за името не треба да ве усреќи, туку да ви даде чувство на праведност“.

Во суштина тука е и најголемата болка на Македонија што огромното мнозинство граѓани го чувствува како голема неправда односот на Грција кон Македонија со ултиматумот од позиција на сила за промена на името ерга омнес за сите употреби. За определбата на Меркел лично да се вклучи во решавање на проблемот, Груевски не изусти ни збор, што е досега невидено кога германски канцелар праќа порака и во ситуација кога од наметнатиот спор единствен и најголем губитник е Македонија. Абецеда во политиката е сите добронамерни иницијативи, идеи и обиди да се најде прифатливо решение е да се прифатат. Наместо тоа Груевски избра популистичка поента дека ги одбива сите идеи и инцијативи кои го оспоруваат идентитетот. Повторно пред јавноста пласира маркетиншка порака само за домашни потреби со тези кои никој во државата не ги оспорува.

Сличен одговор како премиерот даде и претседателот на државата на самитот во Дубровник. И тој не кажа ни збор за неговата омилена тема за „разумен компромис“туку рече нешто што одамна е одбиено од Брисел, а тоа е паралелно да течат разговорите за спорот со името и преговорите со ЕУ на Македонија. Притоа да се применат познатите искуства на ЕУ како со арбитражите во случаите со Словенија и со Хрватска и меѓу Белград и Приштина. Бајата идеја, за жал, отфрлена пред повеќе години за која патем речено претседателот Иванов се изјасни уште кога беше предложена европската арбитража во граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија. Тогаш претседателот Иванов пак да го потсетиме ја отфрли ваквата идеја како неприфатлива и опасна за Македонија. Ваквиот настап и на претседателот Иванов во Дубровник да зборува за паралелни преговори наместо за компромис, практично значи одбивање на иницијативите и идеите на Меркел за наоѓање праведно решение со Грција.

Прмиерот на Грција, Андреас Самарас, уште ништо не и’ одговори на Меркел но според неговите последни изјави и исчудување на постоењето на македонски јазик и според неговите шовинистички јавни настапи уште кога се појави на политичката сцена во времето на премиерот Мицотакис како радикален националистички јастреб и инспиратор на милионскиот солунски срамен национлистички митинг против една мала и мирољубива земја јасно е дека од таму можат да стасаат само црвените ерга омнес линии кои не оставаат простор за никаков компромис. Ако е така, а така е, тогаш несфатливо е како Груевски и Иванов, најодговорните личности во земјата, кој знае по кој пат не ја искористија извонредната шанса да ја истераат Грција на чистина пред светот дека е таа што не сака прифатливо решение за двете страни и никаков комприимс. Вака како што постапија Груевски и Иванов работата излезе дека и ние не сакаме компромис прифатлив за двете страни и не сакаме да бидеме еднакво незадоволни со Грците за да влеземе во НАТО и во ЕУ. На оваа точка може да заврши уште не почнат личниот ангажман на Меркел.

Меѓу Грција и Македонија, чии политички лидери 23 години не успеаја да најдат решение ниту со посредство на ОН , ниту со пресуда на судот за правда во Хаг, единствен начин да се реши случајот е само арбитража на ЕУ и ОН која ќе ги земе предвид сите правни и политички аргументи. Без тоа Македонија и нејзините граѓани се изложени на исчезнување.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *