Banner
Мое ќоше

Чија земја брани дедо Тимотеј

Ја следам војната на владиката Тимотеј од првиот ден како осамен брани од грабливци едно парче света земја. Имам впечаток како никому да не му е гајле чија земја варди упорно и храбро дедо Тимотеј, црковна, државна, земја под заштита на ОН, или не’ брани сите нас од нашиот кукавичлак што не смееме да кажеме – чекајте бре властодржци, лакомци полакомени, не е се’ ваше во државата. Оваа рајска градина е дар од природата, наследство до Бога за целиот свет. Тргнете ги рацете од Охрид, од Езерото, од крајбрежјето, оставете нешто недопрено и чисто во Македонија.

Ова нема кој да го каже гласно во библиската земја, за жив срам и голем грев. За ова молчи еколошки чистата влада и чесна власт, молчат интелектуалните елити и уживатели на национални пензии и приматели на додатоци и надомест од буџетот за живот во страв. Тивка е и црквата и другите владици во својот протест стокмен ептен христијански. Ќе се појави тук-тек по некој лелек во медиумите, по некој врисок во некои еколошки друштва и толку. Битката е изгубена оти еден црковен великодостојник не може сам да ја извојува, па макар и Господ му помагал. Од овие нема спас.

Знае дедо Тимотеј добро дека за заштита од птици грабливки на нивите се ставаат плашила. За да не влезе стока се става ограда. Од луѓе нема одбрана. Уште ако се од уќуматот, од власта, отиде берикетот сосе земјата. Ако наумила Владата таму да гради задужбина на Субрата Рој или нему слични, тоа така и ќе биде кога нема кој да каже чекајте, ова не е ваше. Ова е наше.

Не сакам во принцип да напаѓам човек кој ги плаќа своите гревови лежејќи затвор. Ама измамници кои на сиромашни и гладни луѓе им ги украле залците од уста им го дрпнале последниот грош, кога таквите белосветски арамии и хохштаплери ќе најдат прибежиште во влијателни и моќни кругови на власта и кога насмевнати се сликаат и ликуваат со државниот врв, е тогаш тоа веќе излегува од рамките на сите овоземни и небесни закони. Тоа е веќе опачината на човештината. Субрата Рој лежи во затвор и чека правда, а неговото семејство лека полека се доселува во Македонија со уредно добиени државјанства и купен имот. Се разбира дека имаат на тоа право според нашите закони и прописи, само треба да ги прашате луѓето кои со години чекаат да бидат македонски граѓани, што тие мислат за оваа државна интервенција да добиеме значајни ВИП-сограѓани кои не ги сакаат во нивната татковина. Домаќините на Субрата Рој одамна молчат за својот уважен гостин, спасител на Македонија. Кога предупредуваме дека со луѓе кои се под судска истрага владите не преговараат зделки, нашите политички лидери и министри одмавнуваа со раката и не’ нарекуваа со погрдни зборови како непријатели на татковината. Сега кога се виде карикатуралноста на целата таа авантура со се’ уште неизвесен крај, планот на Субрата да гради коцкарница и хотели кај Љубаништа и Св. Наум уште е актуелен. Ако не биде Субрата, галиба власта се подготвува да биде некој друг од белиот свет, или некој наш новопечен чорбаџија.

Во светот каде што владее правото и каде што важат законите без оглед кој е на власт, практиката вели дека и покрај постојната законска регулатива мора да се донесе посебен закон за експлоатација, или за давање под концесија на земјиште, реки, езера, шуми, планини или други природни реткости што спаѓаат во делот на национално природно богатство, или во делот на светска културна оставнина. Покрај Охрид и Езерото како наше посебно најголемо национално богатство има уште неколку региони со непроценливи природни убавини кои не смеат да се скрнават, или како било да се нарушуваат без строги законски прописи стручно и научно верификувани само за таквите природни реткости и области. Такви строги закони, но уште построга еколошка свест за своите национални паркови и природни богатства кои припаѓаат на целото човештво и на идните генерации имаат граѓаните на сите земји со демократска традиција и каде што навистина владее правото, но и културата на живеење и заштита на човековата околина која се всадува од пелени.

Ако оваа битка ја изгуби дедо Тимотеј, најмалку тоа ќе биде негов пораз. Обратно, тоа ќе биде пораз на сите нас, на сите кои молчиме кога се крчми природното богатство без оглед кој се води како сопственик и титулар, црквата, државата или кој било друг. Разликата е само во тоа што владиката и уште неколку луѓе ќе можат барем да кажат дека се обиделе нешто да направат, да спречат едно злодело. Но во тоа не успеале, само поради фактот што останале очајно малцинство.

Објавено во Утрински весник

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *