Banner
Мое ќоше

Што сака Груевски

Што му е на премиерот Никола Груевски. Што уште сака покрај толку големи изборни победи, успеси, беспрекорни политички и економски реформи и одлични резултати. Зошто Груевски постојано е намуртен, лут, недоверлив и се’ повеќе и повеќе арогантен. Има најголема доверба кај граѓаните, постојано победува на сите избори последните осум години. Си има Собрание без опструкција и непотребни расправи и дебати, а на пат е да си направи по сопствена нарачка и опозиција која нема да ја вознемирува ни јавноста, ни власта.

Си има доволен број медиуми кои ако нешто не објават тоа не се ни случило. Си има новинари кои не даваат прашинка да му падне на чевлите. Има послушни партнери во владата кои ги прифаќаат сите негови идеи. Има четиригодишен мандат во џебот и може да биде раат до 2018 година. Сето тоа го остварува ефикасно, без потреси, во најсиромашната држава на Европа и со амин на најбедните граѓани на европскиот континент. Тивко и мирно како да сме среде Скандинавија. Тоа може да му успее само на голем политички лидер и државник.

Ако тоа е така, просто човек не може, а да не се праша зошто ни е неспокоен и нервозен водачот, та не може малку да се насмее и да не кара и „шамара“ секоја вечер некого преку телевизија. Време е да каже некоја шега на своја сметка. Толку ли е без самодоверба големиот лидер, дали постојано некој му работи зад грб, па не може да се опушти од страв да не ја изгуби власта.

Го познавам премиерот од првиот ден кога дојде на политичката сцена како млад и амбициозен брокер. Стана министер за трговија, па министер за финансии, па претседател на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на опозицијата три години. Го следев кога помина низ тешки искушенија и превирања и можам да кажам дека никогаш не сум го видел ваков како овие две-три години, толку затворен во себе, толку нетрпелив и сомничав кон тие што не мислат како него, непријателски накострешен кон политичките противници и критичари на владините политики.

Не можам да разберам зошто му се толку тешки зборови кон различно мислечките јавни личности. Некогаш се прашувам дали Груевски сака сите во Македонија да бидат вмровци кои ќе го аминуваат и ќе му се поклонуваат на секој негов збор, дали сака да биде доживотен владетел. Што мислите дали е тоа во прашање заради неговите јанѕи или пак има нешто друго од кое Груевски нема мир или е уплашен. Дали водачот и покрај толкуте успеси уште не може да ја види визијата на Република Македонија зацртана во сите државни и партиски документи и во надежите на граѓаните. Дали можеби Груевски веќе осознава дека меѓу големите и многубројни успеси и резултати не е остварена ниту една стратегиска цел, ниту на државата, ниту на граѓаните за сите овие 23 години слобода и независност. Одговорноста за тој катастрофален неуспех до пред две-три години ја делеа на еднакви делови политичките водачи и лидери на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со задолжителните коалициски албански партии. Но, од поодамна веќе не е така. Се’ поголема станува одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски за неостварените приоритети и стратегиски цели за тоа што Македонија не ја оправда независноста. ВМРО-ДПМНЕ од вкупно 23 години самостојност на власт е 14 години, а во последните 16 години ВМРО-ДПМНЕ владее со државата дури 12 години, а кога треба да му заврши овој мандат на Груевски, од вкупно 27 години независност, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ќе биде на власт 18 години.

Простете за ваквите прогнози, но многу поизвесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владее 20 години, отколку дека ќе падне во меѓувреме или ќе оствари некоја крупна цел која граѓаните ја чекаат со децении и со голема надеж.

А, кои беа стратегиските цели и приоритети на Груевски кои го раскажа како свој сон за иднината на Македонија кога првпат стана премиер 2006 година. Ништо нема до ден денес од тој сон што ни го раскажа Груевски. Македонија ниту е побогата, ниту пак граѓаните живеат подобро или пак имаат повисок стандард. Македонија не е поблиску до ЕУ и НАТО отколку 2006 година. Стабилноста на државата и меѓуетничките односи не се подобри отколку пред осум – девет години.

Обратно, се’ почести и поранливи се меѓуетничките и меѓуверски тензии. Македонија е се’ посирмашна земја со мал број многу богати луѓе, блиски до политиката и власта. Македонската кревка демократија од 2006 година е вратена назад, на далеку полошо рамниште од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век во времето на еднопартизмот.

Ако ниту една од овие цели без кои не е можно слободно и перспективно општество не се остварени и кои треба да бидат главни критериуми за мерење на успешноста на една политика и една власт тогаш навистина Груевски има сериозни причини да биде растревожен. Проблемот е што не може постојано да бидат други виновни за неуспесите кои се се’ повидливи. Се’ почесто ќе се поставува прашањето дали ако секогаш за сите наши несреќи и неуспеси други се виновни, а никогаш власта тоа значи дека нема решение, или дека оваа власт не може да најде решение. Тоа прашење е доволно за големо неспокојство. Време е премиерот своите гајлиња за неостварените приоритети и стратегиски цели и соништа да ги сподели со граѓаните. Груевски драматично доцни со понудата на решенија за иднината на Македонија.

Објавено во Утрински весник

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *