Banner
Мое ќоше

Ем борчлија ем фалбаџија

Политиката на задолжување на државата наликува на народните изреки: ем шуто ем боде, а добро прилега и: ем борчлија ем фалбаџија….

Има едно стотина народни поговорки за луѓето што живеат на вересија, за тие што се заборчуваат повеќе отколку што им е долга чергата, што не ги враќаат долговите. Народот, особено бил жесток кон неранимајковците кои оставаат нивните деца да им ги платат сметките. Сите народни мудрости ги жигосуваат и исмеваат недомаќините кои сакаат да живеат на висока нога, на туѓа сметка. Во ниту една поговорка не е срамота да бидеш сиромав и чесен, а во сите е арам и голем грев да бидеш заборчен и да не си го платиш долгот.

Така е со луѓето, а како е со борчлија државата. Одговорот е едноставен, сосема исто. Разликата е во тоа што кога не може државата да ги врати долговите не се вели ќе ја распродаваат на барабан како имотот на луѓето, туку се вика банкрот. Во Македонија толку наопаку станаа работите што веќе не е срамота да се трча низ светот по заеми. Дури, таквото заборчување се смета за успех, па му дале и убаво име, еврообврзница. Тоа ти е кога даваш гаранција на тие што ти даваат пари на заем дека ќе им ги вратиш за одредено време со добра камата, а тие нема да ти се мешаат каде и како ќе ги арчиш парите. Види, види ти се молам каква дрскост и ароганција ќе ја ставаме под хипотека државата сосе граѓани, за уште неколку стотини милиони евра, а тие тоа го викаат еврообврзница. Големиот успех на Владата што издала еврообврзница не значи ништо друго, туку дека пак ни брцнала во џеб и ги дрпнала нашите пари и на нашите деца.

Има во светот финансиски фондови и банки што даваат кредити со двојно помала камата, ама на помалку ризични политички постабилни држави, притоа бараат список каде и како ќе се трошат парите, односно не може да се трошат како ќе му текне на клучарот од државната каса. Кај нас Владата веќе никој не ја ни прашува, дури ни во Парламентот како ги троши народните пари и зошто се задолжува преку глава. Во таков амбиент не е тешко задолжувањето да се прогласи за голем успех, па така борчлијата да стане фалбаџија со туѓи пари. А, долгот, богами не е мал, па затоа владата смислила посебна тактика и го дели на два дела. Првиот дел е на Владата со кој се фалат и премиерот и министрите, бидејќи изнесувал околу 34 отсто од бруто-домашниот производ што било најмало задолжување во Европа. Вториот, за кој молчат и Владата и премиерот е на државата, ама и за тој главно одлучува Владата како ќе се троши. Ајде сега да видиме како тоа се смета според европските критериуми и мерила. Во вкупниот долг на државата влегуваат и задолжувањата на општините, на државните фондови и агенции, јавни претпријатија. Еве ја математиката која е многу едноставна. Ако јавниот долг изнесува околу 34 – 36 отсто од БДП, колку што признава нашата влада, тогаш апсолутната бројка која владините министри не ја спомнуваат е некаде околу 2,8 милијарди евра. Кога на оваа бројка ќе се додадат преостанатите долгови: на општините, фондовите за патишта, за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување, државните агенции, јавните претпријатија и уште многу други државни институции, тогаш долгот расте како тесто. Земете ги само кинеските кредити за изградба на две делници автопат со кој се фали владата на цел глас оти заемот од неколку стотини милиони евра милиони евра со два отсто камата е прекрасна работа, без оглед колку е повисока цената над реалната на километар автопат, било до Охрид или до Св Николе. И општинските долгови надминуваат повеќе стотици милиони евра, следуваат уште еден куп борчови за разни намени и камати кои се направени во текот на изминатите осум-девет години. Добрите познавачи велат дека и тие се негде близу 30 проценти од БДП. Тогаш вкупниот долг на државата Р. Македонија е поголем од 60 проценти, што е над црвената линија. За да нема шпекулации време е Владата конечно да ги објави сите долгови и камати и да ја соопшти вкупната задолженост на земјата. Тоа не смее да биде државна тајна, или недостапна информација која е од првостепен јавен интерес на граѓаните чии пари ги троши власта

И вториот момент, за кој кај нас по 24 декември 2012, црн понеделник, малку се зборува, е кога Македонија ќе почне да троши домаќински колку што може да поднесе, односно кога ќе го намали буџетскиот дефицит под три проценти и колку што предвидуваат правилата за земјите-членки на ЕУ.

Најголемата слабост при драматично брзото задолжување на земјата е што нема транспарентност каде се трошат парите. Кога скапите позајмици ќе влезат во буџетот, кој одамна е чекмеџе на Владата, социјален вентил за мир во куќа, се ми се чини, дека сме се поблиску до банкрот.

Да се разбереме, немам ништо против задолжување на државата и владата. Нема држава која не користи кредити. Најбогатите најмногу. Но, позајмените пари мудрите влади секогаш ги користат за проекти кои носат профит и лесно ги враќаат заемите. Кредитите стануваат исплатливи и оправдани кога не претставуваат товар ни за граѓаните, ниту на тој што зема, ниту на тој што дава пари на заем. Кога лесно се враќа долгот, а останува уште и добивка тогаш не е ни важен износот на долгот. Кога ќе дојде време да земете нови кредити за да вратите стари долгови кои или не знаете, или не смеете да кажете каде сте ги потрошиле, тогаш, тоа се вика ем шуто ем боде.

Објавено во Утрински весник

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *