Banner
Си велам

Поразени и победници

Поразот во фудбалски натпревар на Бразил од Германија е најчитаниот настан во историјата на спортот. Зошто поразот, а не победата, зошто е поважна тагата од радоста. Дали е тоа само високата цена кога мора да се биде прв и кога сè друго е катастрофа. Притисокот на 200 милиони Бразилци и уште милијарда фанови низ светот, инфицирани уште од бесмртните и безвременски фудбалски легенди Пеле – Диди – Вава и Гаранча, врз 11 фудбалери и еден тренер е стравотен и посилен од Амазон.

По првиот гол настапи колективна парализа и долу во гладијаторската арена и горе на трибините кај публиката. Додека ги гледав расплаканите лица на децата и возрасните мажи, се сетив на еден извештај од Лондон на легендарниот новинар на белградска Политика, Мирослав Радојчиќ, чии први реченици сè уште ги паметам: тажно е да се биде денес Југословен на „Вембли“, не затоа што Југославија е поразена, не затоа што е надиграна од тие што го измислиле фудбалот, туку затоа што е понижена со катастрофален пораз… чинам беше 5:0. Светската фудбалска икона, Бразил, беше прегазена од германската машина и понижена. Тоа повеќе боли од надигрување и од пораз.

Меѓутоа, поводот за оваа моја не само фудбалска сторија, не е поразот, туку големината на победникот од еден друг агол. Видовте ли што се случи кога судијата свирна крај. И победниците и поразените го напуштија рингот со наведнати глави. Имаше многу солзи кај поразените, а кај победниците немаше еуфорија, триумфализам и ликување. Никој не станал шампион во полуфинале, предупреди трезвено стрелецот на двата гола Тони Крос. Што може да се каже на оваа изјава на Крос, освен – Германец. Германските фудбалери и нивниот тренер ја препуштија прославата за епската победа на германските медиуми и на своите навивачи и заминаа утредента наутро на редовен тренинг. Чувството е извонредно, но треба да се биде скромен, првенството не е завршено, ја испрати својата порака до нацијата германскиот репрезентативец Лев.

Големината на победникот не се гледа само на теренот, туку и надвор од него. Германските фудбалери тоа го направија на начин со кој веќе ја освоија титулата на светот во фер-плеј и во спортска и професионална етика. Да му покажуваш на поразениот колку си надмоќен и голем по изгубената битка не е ни спортски, а уште помалку е витештво. Да го понижуваш противникот на тој начин е штетно и за победникот, бидејќи се намалува вредноста на победата. Лично посакував да изгуби Бразил. Уште во првиот натпревар со Хрватска се виде дека не е оној Бразил кој ние го знаеме и дека е неправедно фаворизиран од најголемите играчи со бели коси и големи стомаци кои седат во ложите и се блиски на политиката. Но, големината на победата на германските фудбалери ја доживеав уште повозвишено со нивното однесување на теренот по завршувањето на натпреварот и по изјавите што ги дадоа големите спортисти.

Голема спортска лекција искажа тренерот на Бразил Сколари: Јас сум виновен за поразот, јас го одредив тимот, јас ја одредив тактиката, јас сум единствениот виновник. Кога за што било сте го чуле ова кај нас, во наша блиска околина, приватно или јавно. Кога ние во Македонија сме слушнале дека некој јавно кажал дека е за нешто виновен и лично одговорен. Се изнаслушавме цел живот од мали нозе до старост како сè некој друг е виновен за сите наши порази. За слабите оценки ни се виновни учителите, за болестите докторите, виновни ни се родителите, браќата, сестрите, комшиите, цел свет е виновен за нашите неуспеси и кога ние самите одлучуваме и грешиме, секогаш е виновен друг.

Еве неколку прашања од чии точни одговори можеме да извлечеме поуки за сопствената одговорност. Ако од шесте југословенски републики: Словенија, Хрватска, Србија, Босна, Црна Гора и Македонија само една никогаш не била квалификувана на завршните натпревари на светските фудбалски првенства по распадот на Југославија, се разбира ако се смета заедничкиот настап на Србија и Црна Гора, тогаш кој е виновен за тоа во Македонија. Дали фудбалерите и тренерите, дали публиката, дали политиката, дали власта или опозицијата… Некни читам дека на неколку стадиони во Македонија е забрането да се игра фудбал бидејќи не се исполнети најосновните услови за одржување натпревар и тоа мерено по македонски стандарди. Природно, за тоа е виновен друг. Се прашувам зошто не ги затворат сите стадиони и зошто би се одржувале фудбалски натпревари каде што нема хигиена, каде што соблекувалните се повалкани од градските вециња, а конечно чуму ти фудбал ако нема кој да гледа. Можно ли е само Македонија од една фудбалска велесила како Југославија да не наследи ништо, освен празни стадиони и злоупотребени навивачки групи. Виновници и оправдувања ќе најдеме како и секогаш мал милион. Секој ден во сите области ја гледаме таа пустош во свеста што ја предизвикува наследената балканска генетика дека секогаш друг е виновен за неуспесите и поразите. А, за победите и витештвото не можеме многу ни да зборуваме оти ги има толку малку, па затоа од нив правиме митови.

Овој пат, како што гледате, драги мои, ве поштедувам од историските прашања и комплекси кој е виновен што останавме последни во Европа во главните дисциплини за подобар и поквалитетен живот, каде што се крие тајната и на спортските и сите други успеси.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *