Banner
Си велам

Георгиевски ќе се врати (4)

Во блиска иднина Љупчо Георгиевски ќе биде рехабилитиран од својата партија со вратен основачки акт Љупчо Георгиевски кога го видов првпат на една фотографија во „Нова Македонија“ ми личеше на рускиот Распучин, на гневен млад поет – задоцнет македонски анархист од минатиот 19 век, кој авантуристички влегол во политиката на крајот на 20 век кога паѓа комунизмот во цела Источна Европа и кога е на повидок распадот на Југославија. Ни на крај памет не ми беше дека овој новопечен политичар повеќе налик на испосник и умислен револуционер со тазе порасната прва брада и мустаќи ќе биде една од највозбудливите политички фигури на македонската транзиција и најголемата вмровска икона со драматична животна патека полна со контроверзии, брзи подеми и падови. Би рекол со филмска брзина, како што може да режира само животот и историјата, тргна гневниот поет од член на МААК, а потоа и основач на ВМРО-ДПМНЕ, до победник на првите парламентарни повеќепартиски избори, при што Георгиевски уште на стартот станува неозаобиколива и клучна политичка личност во државата. Доколку не беше наивен и неискусен, по сопствено признание, ќе беше првиот македонски премиер на независна Македонија. Во тоа не успеа не толку поради сопствениот национализам, туку поради кокетирање со јавноста, која беше неподготвена за коалициска влада со албанската политичка партија. Така барем мислеше младиот Георгиевски што набргу се покажа како голема грешка, на кого првото вработување за малку ќе му беше премиер. Љупчо Георгиевски без оглед дали беше потпретседател на државата, лидер на опозицијата или премиер, почнувајќи од 1991 година до 2004 година, до големиот раскол во неговата партија, секогаш беше во центарот на вниманието на јавноста и на медиумите. Го признал тоа некој или не, историски факт е дека тој е првиот македонски политичар кој непосредно пред падот на Југославија зборуваше јавно за независна и самостојна Македонија. Сосема друго прашање е колку е лично заслужен за осамостојувањето на државата за што е неопходна многу поширока и непристрасна научна анализа и оцена, која Македонија се’ уште ја нема. Определбата на југословенските веќе речиси конфедеративни републики за самостојни држави е голема жар скриена под пепел во целиот период на Титова Југославија, особено се силни стремежите за независни држави по смртта на Тито. Владејачките републички политички лидери биле доволно мудри да не го кажуваат тоа премногу гласно, а нагласено да ги негуваат националните, верските, културните посебности, како и да ги обележат територијалните граници. За голема жал, во оваа ера на транзицијата поблиска и позначајна ни стана античката историја од вековите пред Христа отколку поновата историја, чии современици и актери се’ уште се живи сведоци на големите промени. Георгиевски од клучна личност во период од првите 13 години од транзицијата стаса до анатемисан политичар и отпадник од сопствената партија, грубо отфрлен и оспорен основач од тие кои се крстеа пред него како пред икона и му палеа свеќа при живе. Георгиевски по многу нешта е посебна и оригинална личност на македонската политичка сцена. Првиот жесток судир го имавме кога веднаш по основањето на ВМРО-ДПМНЕ тогашните медиуми ги прогласи за ненародни, предавнички, антидржавни, а во едно отворено писмо до „Нова Македонија“ новинарите ги нарече копрофази (гомнојадци), што предизвика вистинска лавина од реакции и полемики. Со тоа Георгиевски и си обезбеди максимален публицитет, без оглед колку тој бил негативен или позитивен. Вмровските преки судови, особено оние во Охрид, објавуваа пресуди на смрт за новинари и јавни личности кои се спротивставуваа на политиката на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот водач Георгиевски. Ја имав таа чест да бидам осуден на смрт. Вториот јавен конфликт го имав со Георгиевски кога во парламентот од говорницата како потпретседател на државата предложи да се стават под контрола, да се цензурираат изданијата на „Нова Македонија“ и МРТВ како ненародни и предавнички. Тогаш од новинарската галерија во парламентот гласно викнав „Тоа е болшевизам, господине Георгиевски“, настана голема мешаница, за подобро да ме разберат уште еднаш силно викнав „Тоа е фашизам“. Претседателот на Собранието, Стојан Андов, го повика обезбедувањето да бидам отстранет од галеријата. Одбив да излезам. Во знак на солидарност, сите новинари ја напуштија галеријата, освен новинарката на МРТВ, сега висок функционер во славната државна Антикорупциска комисија, која гони по нарачка на власта само опозициски политичари и јавни личности. Стојан Андов ја прекина седницата да се смират страстите. По паузата, Доста Димовска со големо олеснување обнароди дека инцидентот го направил новинар од немакедонска националност. Во една друга пригода по повод еден мој уводник, Георгиевски не се стеснуваше јавно да изјави: нема на еден Турчин и на еден Влав (Панде Колемишевски) да им полагам сметки и тие да ми кажуваат како да работам. Потоа имавме уште многу судири и жестоки полемики со Георгиевски. Добро паметам кога по победата на ВМРО-ДПМНЕ и ДА 1998 година неговите најблиски соработници брутално влегоа на Собранието на акционери во НИП „Нова Македонија“, ја прекинаа нејзината трансформација и приватизација, ја презедоа куќата насилно. Со тоа веќе почнатата финансиска агонија на еден од столбовите на државноста на Македонија за неколку години беше целосно урнат. Во 1999 година кога заедно со неколку колеги го основавме „Утрински весник“ и кога работевме на подготовката на првиот број, Георгиевски се огласи јавно преку една телевизија со предупредување дека се подготвува антивладин весник, небаре е антидржавен и непријателски. Љупчо Георгиевски, иако секогаш предизвикува медиумско внимание, никогаш не научи како да комуницира со новинарите. Никогаш немаше опсесивна желба да ги контролира медиумите или да бара нивна апологетска наклонетост. Мислам дека Георгиевски во првите години гледаше непријатели во новинарите, инсталации на УДБА и КОС, иако сите носечки медиуми беа цврсто определени за независна и самостојна Македонија, особено по одделувањето на Словенија и Хрватска од Југославија. Љупчо Георгиевски чинам и тогаш и сега го носи вмровскиот комплекс од Југославија во која, и вака распадната, гледа опасност. Тешко му е на Георгиевски да прифати дека Македонија во рамките на Југославија се издигна на највисоко ниво и доживеа најголема афирмација македонската национална посебност, јазик, култура, наука, спорт… Тие достигнувања во независна Македонија се’ уште не се надминати. Мислам дека поради тоа и поради свои непромислености и грешки, поради непријателскиот однос кон новинарите, лесно си го навлече пробугарскиот ореол кој заедно со вмешаноста во корупциски афери му нанесоа најголем удар. Големи се разликите меѓу Георгиевски на стартот на својата политичка кариера кога беше на зенитот и денес кога според многумина е завршена неговата политичка кариера. Јас не мислам така. Љупчо Георгиевски се’ уште е млад човек, во најпродуктивните години и веќе искусен и умерен политичар. Тој не мора пак да тргнува од почеток.Има доволно горчливо искуство да чека во сенка, пишувајќи внимателно мемоари. Основачкиот акт на ВМРО-ДПМНЕ колку и да му го бришат разни потрчковци не можат да му го избришат. Историја не се брише. Георгиевски во блиска иднина го гледам како рехабилитиран прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ, како пратеник во Собранието или како амбасадор во значајна земја. Тоа ќе се случи при првите поголеми промени во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е историска неминовност.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *