Banner
Мое ќоше

Се спасивме од државен удар

Денеска ми олесна. Трајко Вељаноски, претседателот на Собранието, се враќа од Кипар во земјава. Чувствувате ли веднаш како полесно се дише. Пак одбегнавме државен удар. Пучистот Бранко Црвенковски испушти шанса да ја собори власта и да воведе диктатура на пролетеријатот како што сакаше да го направи тоа на 24 декември лани. Црвенковски немал време за преврат, бил ангажиран кај него дома и тој да не биде жртва на пуч, немал ни доволно пролетери. А богами деновиве навистина беше опасно. Сите фатија мајка бежанија и ја оставија државата како село без кучиња. Единствената надеж ми беше Гордана Јанкулоска, храбрата министерката за внатрешни работи, дека нема да дозволи насилно преземање на власта, но се замрзнав кога разбрав дека и таа заминува со цела делегација во Варшава. Затоа враќањето на Вељаноски дома ми дојде како мелем на рана. Човекот постојано е на вистинското место.

Претседателот на државата си ја истера повеќедневната турнеја кај нашите иселеници во Канада и веднаш потоа летна за Аризона, Америка. Крсти улици, сади дрвца, држи предавања на студенти. Се сеќавате на онаа антологиска песма „трла баба лен да и’ помине ден“.[quote] Премиерот сиромав се искрши од трчање по светот да донесе некој денар, ама еве Американците му удираат контра со најчитаниот Извештај на светот. Му фрлаат клинови во тркалата.[/quote] Де Владата била корумпирана, де правната држава не функционирала, де се кршеле законите и Уставот од судии и полицајци, демек од тие што треба да го бранат Уставот и законите како очите во глава, де селектирано се апселе политичките противници, се компромитирале со противуставна лустрација, медиумите биле под контрола, имало цензура и самоцензура, немало демократија, дрн, дрн јариња. Нека си ги гледаат тие своите гајлиња и демократски дострели. Се виде до каде стаса нивната слобода, не можат да одржат еден маратон без жртви.

Премиерот Груевски паметно го избра за првата станица на своето роуд-шоу Азербејџан, каде што ич не се потресуваат од извештаите на Стејт департментот. Истото важи и за Јужна Америка. Бразил, Аргентина и Мексико се веќе светски економски сили, на кои Америте можат да им плукнат под прозорец. Ако нешто не биде како што треба, ќе може да се тркне до Венецуела кај наследникот на Чавез и до Куба кај брат му на Кастро. За тоа дали има потреба ќе се одлучува во од. Штом од Вашингтон долета во Бразил заменик-премиерот Зоран Ставрески, тимот се засилува, па се можни и други сафари-тури за лов на милијардери и крупни инвеститори кои пет пари не даваат за извештаите на Стејт департментот.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, од Женева е на пат за дома. Утешително, ако не искрсне итно некоја попатна станица. Али Ахмети и Талат Џафери веќе се тука, така што власта за Велигден ќе се комплетира во татковината. Целата турнеја на државниот врв со нивните соработници, експерти, новинари, преведувачи, министри и разни лобисти, авионски билети, хотели, дневници и нешто малку храна и пијалак не чини ни 500.000 евра. Мизерна сума која не стасува ни за еден просечен споменик од бронза и тоа не на скопскиот плоштад, каде што конкуренцијата е голема, туку во внатрешноста на државата во едно обично македонско градче. Трипати е поевтино нашите државници со своите соработници да го крстосуваат светот со авиони од Скопје до Никозија, до Рио де Жанеиро и Вашингтон, до Баку, до Торонто, до Феникс, до Женева и до Варшава и да престојуваат во елитни хотели, малку да кешираат со дневници, отколку што чини еден лустер во стариот скопски театар. Не може ни да се пресмета колку е евтина оваа раздвиженост на највисоките македонски функционери ако се направи споредба со цената на една обична барокна гаража, како онаа, на пример, кај МРТВ. Често се думам која е поубава ла гараж-барок или МРТВ заедно сосе МВР.

Добро е што веднаш по поразот во општината Центар во Скопје Владата по седум години излезе да каже колку изнесува најголемата инвестиција во Македонија во ерата на транзицијата. Во јадрото на главниот град се изградени импозантни зданија за нецели 250 милиони евра. Ако ангажирате еден солиден правник, еден економист, градежен инженер, експерт за анекси и договори и еден добар хакер, можете и на интернет да откриете колку чини македонската споменикоманија, потрагата по пославно минато, задоцнетиот кич, барок и рококо, ергелите бронзени коњи и глутници лавови, жалните врби и кораби, разубавени фасади. Добро е што дознавме дека сето тоа задоволство чини колку да не е без пари. Џабалук. Уште подобро е што власта даде отчет пред да стапне во канцеларија новиот градоначалник на Центар. Којзнае што ќе соопштува од утре и ќе измислува колку чини „Скопје 2014“.

За време на велигденските и првомајските празници, кога целата наша политичка елита ќе биде дома, нема потреба од многу средби со новинари и непристојни прашања за Извештајот на Стејт департментот, за збогувањето со комшиите Срби, кои заминаа на пат за Европа, за ултиматумите на Штефан Филе и на Грците, за багателните цени на спомениците и слични глупости.

Ах, да, ќе заборавев. Што ќе ни донесат од белиот свет нашите водачи. Кој дал пари за свирче, ќе свири. За другите нема ништо.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *