Banner
Си велам

Отворете го пенџерчето…

Во што е разликата на пораките што ни ги праќале во „пусто турско“ и што ни ги испраќаат денеска

Имам една омилена приказна за Насрадин оџа која повеќе пати ја раскажувам и која идеално се поклопува со нашите денешни премрежија и патила, со нашиот примитивизам и провинцијализам. Ќе ви ја раскажам пак, па вие проценете колку е актуелна со нашата денешна реалност.

Еден ден, пред векови, во „пусто турско,“ кога само малку луѓе биле писмени, една анама му рекла на оџата: те молам оџа да ми го прочиташ ова писмо. Го зeл оџата листот хартија и почнал да чита: почитувана анамо еве после долго време решив да ви се јавам и да ве прашам како сте што правите. Како ви е семејството, дали сите сте добри, живи и здрави, како во оди работата….. во тој миг анамата спискала аман бе оџа ефенди што читаш, па тоа е тапијата од куќата. Оџата спокојно и одговорил: ти анамке рече писмо и јас го читам тоа како писмо, да речеше тапија јас ќе го читав како тапија. Ете така со апсолутен авторитет оџата ја скрил својата неписменост. Денес сите настани, пораки, писма, извештаи, пресуди, успеси, неуспеси, до сообраќајни несреќи…. се’ што ни се случува во државата ни ги чита Насрадин оџа. Како сака, така и ни чита. Ако леди Ештон рекла државниот врв итно да го реши проблемот со името, или дека интеграцијата со Европа треба да почне од дома, нашиот оџа ова го чита како позитивен исчекор напред и како големо задоволство на европскиот комесар за надворешна политика Леди Ештон од напредокот на Македонија. Ако комесарот на ЕУ Штефан Филе во својот извештај не предлага препорака за датум за преговори со ЕУ, односно вели дека предуслов за тоа е да се завршат ветувањата од први март што му ги дале нашите водечки политичари тоа нашиот оџа спокојно ни го чита како негово големо задоволство од специјалниот извештај на Европската комисија со кој се потврдува препораката за почеток на преговорите. Оџата вели ние сме задоволни од Извештајот кој ги рефлектира реално нашите напори …. и ни дава надеж дека наредните месеци ќе има други позитивни придвижувања во правец на нашето европско интегрирање….

Да се разбереме, нашиот оџа не е неписмен како Насрадин. Тој си ги чита туѓите писма до нас како негови, а ние сме понеуки од анамата бидејќи таа сепак знаела да разликува што е тапија, а што е писмо. Ете така дојдовме до нашиот лажен свет, што Насредин го вика „јалан дуња“, а учените експерти и аналитичари сега го викаат виртуелен свет. Тоа е нашиот паралелен свет кој изгледа еве вака: на 24 декември лани немаше тепање на пратениците во Парламентот, туку обид за државен удар. Не беа избркани новинарите од галеријата, туку беа замолени да ги напуштат своите работни места од безбедносни причини додека се отстрануваат пучистите од Собранието. Оценката дека изборите се мирни и ненасилни со многу неправилности се чита како фер, слободни, демократски и скандинавски. Гласањето секоја недела повеќе од еден месец со развиен изборен туризам на туристи од сиромашен Пустец во повеќе општини и нивно населување со уредно издадени документи на иста адреса е врвен патриотски чин. Секој сомнеж дека тоа е злоупотреба на овие сиромашни и измачени луѓе е предавство, а херои се тие што ги корумпираат и им штанцаат лични кари на сиромашните нашинци од Албанија да гласаат на локални избори. Не поднел претседателот на Управниот суд оставка поради сомнителни пресуди на судот, туку поради тоа што е Албанец и поради Струга. Експертите од ММФ не кажале дека треба да бидеме внимателни со задолжувањето на државата и како да ги трошиме парите, туку биле многу задоволни од нашите економски реформи и вчудоневидени од нашата ниска задолженост. Тоа се чита дека ни е отворен патот за нови заеми и дека станува неподносливо за македонската економија таквата ниска задолженост. На повидок се нови кредити со кои успешно ќе ги враќаме старите долгови. Особено сме среќни што експертите од ММФ не ја кажаа својата улога во македонските парламентарни избори избори 2011 година кога пари за други намени во износ од 230 милиони евра дозволија да се вметнат во буџетот непосредно пред избори. За оваа коруптивна улога на ММФ е водена жестока дебата во бордот на директори, но финансискиот џандар на светот е доволно мудар тоа да го одмолчи и да го чува во фиока за друга прилика. Сега не е упатно да се меша во читањето на писмата на нашиот оџа. Затоа сега и на локалните избори власта додуша со малку ќотек на пратениците од опозицијата уфрли нов заем од 220 милиони евра во буџетот пред избори. Зошто би се менувала тактиката која дава одлични резултати на сите избори.

Не е коректно ММФ јавно да прашува во Скопје каде ги потрошивте парите, кога тоа прашање кај нас го поставуваат само неколкумина предавници. Зошто би било важно каде и како се потрошени парите и колку чини „Скопје 2014“ кога тоа народот го сака. Секое задоволство треба да се плати. Ќефот нема цена. Зошто некој би поставувал пршања каде се потрошија нашите пари и кој ќе ги плаќа борчовите кога на сите избори цели седум години потпишуваме бланко меница како жиранти на власта во која имаме неограничена доверба да ги арчи нашите пари на тони и тони бронза која се плаќа како да е злато, на врби, кораби, галии вртелешки, карусели, триумфални капии, која е таа будала што смее да праша колку чини нашето епохално открите дека Прометеј, Аминта трети, Александар Македонски, Филип Втори, Јустинијан и многу други антички јунаци се нашите славни предци. Ништо не се неколку стотици милиони евра да се чувствуваме подобро за новооткриеното славно минато што со децении ни го криеле комунистите, примитивни Словени.

Странските инвестиции растат во писмата до нас што секој ден ни ги читаат стотици клонирани оџи. Субрата Рој не бил сомнителен деловен човек под истрага во Индија, туку близок пријател на Македонија и на мајка Тереза кој штом заврши со клеветите во Индија ќе стаса да прави Лас Вегас од Охрид. Зошто би им се лутеле што нашите врвни политичари се сликаат со еден сомнителен милијардер кој вели дека имал само еден милион.Тој ги лаже нивните власти таму, а не не’ лаже нас тука. Полн е со пари како танкер, и одвај чека да ги истури во Охрид. Ако некој му каже да не ја испушта нафтата во Охридското Езеро ќе го прогласиме за улав оти тоа што ќе го направи Субрата од Охрид ќе биде рај почист од изворите на Свети Наум.

Нема област каде што не живееме паралелно со писмата на Насрадин оџа. Ако барате податок колку факултетски образовани луѓе се без работа, колку средношколци чекаат вработување ќе ви кажат дека пред седум години за време на СДСМ имало повеќе невработени, цели 37 проценти, а сега се само 32 отсто. Тоа што европската статистика вели дека 52 отсто од младите со факултетска диплома се без работа и 38 отсто од средношколците немаат шанса да се вработат тоа е измислица. Тие што пишуваат дека сме најсиромашна земја и последни по квалитет на живеење во Европа и тоа е непријателска пропаганда. Не менува ништо што се работи за најрелевантен годишен Извештај на ОН кој светските медиуми го нарекуваат скала на најсреќните и најнесреќните народи.

Во сите овие наброени и ненаброени случаи на нашиот лажен свет во основа лежи недостигот на демократија. Македонија не е демократска држава. Таа е далеку под сопственото ниво од пред седум години. Дали мнозинството граѓани си ја сака таква татковината не знам. Но сигурно е дека само во таква држава може да има лажен свет. Дали ќе го отвориме пенџерчето да влезе чист воздух или ќе се угушиме зависи од тоа дали ќе научиме да читаме, или ќе ни чита Насрадин оџа. Ако тоа не го научивме сите овие години, како ќе го научиме за две недели како што запнале овие споулавени од Брисел.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *