Banner
Мое ќоше

Колку чини кило кич

Мајсторите од старо Скопје си играа мајтап со чираците на нивниот прв работен ден. Ги праќаа да донесат од соседната работилница една кофа струја. По тоа ценеа колку му сече умот на новиот чирак. Деновиве ми текна на таа тест – шега кога почна да се мери колку чини килограм кич на скопскиот и плоштадите ширум Македонија. Македонскиот неколку века задоцнет квази барок излеан во тони и тони бронза, преправените фасади и антички дивоградби и колонади и дузина импровизации од жални врби, рингишпили и галии на Вардар, до триумфални капии и смешни мостови чинел само 200 – 250 милиони евра. Тоа ни го приопшти Владата преку нејзината министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, со видливо задоволство дека за вакво грандиозно градителско чудо тоа се никакви пари.

Повеќе угледни медиумиски агенции, весници, списанија, телевизиски куќи, архитекти и урбанисти јавно изразуваат разочарување од новиот изглед на градот на светската солидарност кој годинава одбележува 50 години од катастрофалниот земјотрес. Скопје го градеа градежници, урбанисти и архитекти од светски глас како Циборовски, Кензо Танге и други. Иако нивните планови, проекти и идејни решенија не се целосно завршени, во ново време се случи невиден атак врз најубавиот, најскапиот простор во македонските градови. Со политичка интервенција и стимулација дојде до узурпација на градските плоштади и најрепрезентативните места, видовме арогантна кражба на духовната и авторска сопственост и нагрдување на изгледот на историски зданија и архитектонски убавици, срамно сквернавење на Камениот мост, дилетантска измена на фасадите и изгледот на идентитетски значајни објекти, како што се Собранието и Владата на Р.Македонија. Но сепак најтажно од се’ не се лошо избраните и погрешни приоритети, туку што стотиците милиони евра се фрлени во кич, во импровизации кои немаат уметнички вредности и кои не се подложени на никаква претходна стручна и непристрасна рецензија.

Во светот на уметноста плоштадите се отстапуваат на големи и докажани имиња. Тие не се ангажираат со тендери и конкурси. Обично тоа се прави на покана на вистински авторитети. Така се градат и создаваат ремек дела кои стануваат национална гордост и дел од колективното памтење на генерации, најчесто на големо задоволство на авторите за симболичен надомест. Нашите карикатурални и пропагандистички потфати за баснословни пари и хонорари какви што не добиле ни најгенијалните автори ни донесоа само кич, лоши плагијати, тони безвредна бронза…. панаѓурски лик на скопскиот плоштад. Тешко може да се пресмета колку чини она што му е направено на Скопје. Обично како големо оправдување служи тезата дека претходните власти ништо не изградија, а овие барем направија нешто. Да, може со право да се критикуваат претходниците што не обрнале доволно внимание на паметници. Но многу е поштетно ова што е изградено на најубавите простори вака како што е изградено. Тоа е поголемо злосторство отколку да останало како што било, па да се гради според естетски и уметнички вредности. Во ценовникот на Владата обелоденет по повеќе годишно доцнење, за „Скопје 2014“ има нејаснотии, а многу објекти и ставки не се пресметани. Што мислите колку чини квадратен метар земја и воздух, на најурбаните и најубави места во градовите.

Ако кичот е баснословно скап затоа што секој денар потрошен за безвредни плагијати се фрлени народни пари, тогаш колку чини вистинската уметност, ремек делата кои се оставени без никаква заштита од државата на арамии, диви копачи, белосветски криминалци и домашни прекројувачи на историјата. Колку чини една охридска икона од која шашардисаа познавачите на уметноста во Париз, Рим и во Токио. Колку чинат фреските во Курбиново, Нерези, Старо Нагоричане, Матка…. Колку вредат последните 30 икони што ги однесоа ајдуците од најубавата мијачка црква Св. Ѓорѓи во Лазарополе изработени од генијот Дичо Зограф. Колку чинат изгорените и украдени иконостаси по македонските цркви. Колку чини манастирот Трескавец, Бигорски, Лешочкиот, Св. Јоаким Осоговски и десетици други безвременски дела градени од едни други неимари. Колку чинат старите ракописи и книги, и стотици разни артефакти разнесени по светските музеи и приватни галерии и домови. Велите, нема цена. Е, па нема цена. Дозволете ми една мала пресметка додека откриете кој е тој што гради кич, а не ги заштитува вистинските дијаманти. Кој им фрла бисери на свињите. Само манастирот Трескавец кој последен изгоре чини десет пати повеќе отколку сите овие гротески на скопскиот плоштад. Не поради парите, туку поради нешто многу поважно.Трескавец е граден со љубов на христијански темели и верба за заштита на иднината и идентитетот на македонскиот народ и затоа не може да се измери колку чини. А, „Скопје 2014“ е граден со пари на сиромашен народ на пагански темели за освојување на власт и враќање во минатото.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *