Banner
Си велам

Се отвори тројанскиот коњ

Почна одмаздата на окованите антички јунаци на скопскиот плоштад

Подарокот што ни го сместија Данајците среде Скопје се отвори некни сам. Од тројанскиот коњ една априлска ноќ се спушти Одисеј со неговата дружина. Дојава и Алаксандар Македонски, а преку Камениот мост стаса пеш и татко му Филип заедно сосе мајка му и сестра му. Ги пречекаа лично Прометеј, Аминта и Јустинијан. Малку подоцна дојаваа и Самоил, Карпош, Делчев, Карев, Груев, Чакаларов, Сарафов, Александров, Шатев со гемиџиите сите на број, имаше и партизани и асномци на чело со Ченто. Од околните згради се симнаа Черчил и Ганди, предводејќи ја светската и балканска државничка елита, а по нив стасаа стотици актери, писатели, преродбеници, патриоти, херои, врховисти и комунисти, разни предавници и непријатели кои излегоа од Музејот на револуционерната борба на ВМРО и жртвите на комунизмот, а на крајот од поворката беа чистачот на чевли, шмизлите, просјакот и фраерот. За миг се покажа и Мајка Тереза, брзо се прекрсти, го повика Господ напомош и исчезна.

Ете така среде скопскиот плоштад пукна најголемиот скандал од времето на владеење на Никола Груевски. Почна одмаздата на окованите јунаци од антички времиња до денес. Конечно, и тие сфатија дека тука некој ги поставил за своја, а не за нивна слава. Владата призна дека нејзината потрага по пославно минато и нов антички идентитет на сметка на словенството мерено со пари чини повеќе од 200 милиони евра, или околу 12.5 милијарди денари. Недостасува цената на некои објекти кои Владата не ги смета во „Скопје 2014“, како што се Градскиот стадион, спомен-домот на Мајка Тереза, каматите што им се украдени на изведувачите за задоцнетото намирување на долговите и реалната цена на земјата и просторот каде што се изградени спомениците. Ако се има предвид дека недостасува увид во некои дополнителни договори и во голем дел од стотиците анекси и фактот што голем број од објектите се’ уште не се завршени, а и сите паметници не се излеани и поставени, тогаш сметката што ја обелодени Владата за зданија и споменици кои не се приоритетни во оваа ера на економска криза и сиромаштија е многу поголема од соопштената со повеќегодишно задоцнување. На крајот ќе излезе дека не кружат случајно во јавноста бројките од 500 до 600 милиони евра фрлени на кич, лош плагијаторски барок и бронзени споменици. Катастрофален влог на преродбеничката политика во најсиромашната земја на Европа. Мерено, пак, со други аршини научни, историски, уметнички, естетски, духовни, културни, национални, идентитетски, меѓуетнички, меѓусоседски и меѓудржавни, „Скопје 2014“ е културен геноцид, финансиски банкрот и политички дебакл. Тврдината од бронза почна да се урива како кула од карти.

Сите најдобронамерни, пријателски, стручни и научни укажувања дека политичката интервенција во уметноста, архитектурата, во науката, само поради инает, револт или поради тоа некој подобро да се чувствува е голема грешка, беа дочекувани на нож. Светските научни авторитети беа исмевани и прогласувани јавно за државни непријатели од владини апологети. Домашниот здрав разум веднаш беше анатемисан како предавство на нацијата и татковината. Стотици врвни историчари , меѓу нив голем број поддржувачи на Македонија и од историски и од правен аспект, гласноговорници на правото на самоименување и самоопределување, на научници кои го осудија грчкиот ирационален ултиматум за промена на уставното име на државата, со оваа наша непромисленост, им ја затворивме устата. Македонската антикоманија, која по долго тлеење, главно, во дијаспората преку океанот, бувна наеднаш дома, стимулирана политички и финансиски од оваа власт. Прифаќањето на грчкиот терк на присвојување само за себе на историјата на древните цивилизации која припаѓа на повеќе денешни народи внесе големо неразбирање за македонските потези во светските научни кругови. Грчката дипломатија ја зграпчи оваа наша будалштина и излезе од дефанзива со наша помош, силно го јавна тројанскиот коњ за кој никој во државата не знае чиј проект е и кој ни го донесе, не како данајски подарок, туку самите прескапо си го плативме. За кратко време итрите Грци му го испраа срамот и валканата совест на светот за односот и неправдата кон Македонија сама да одлучи како ќе се вика. Со наша глупост Грците ги ослободија од овој товар светските државници токму со „Скопје 2014“.

Тешко е да им се објасни на нашите патриоти кои од антиката го препознаваат само шлемот и коњот на Александар дека античките споменици градени со пари од буџетот со одлука на Владата и општините не може да помине во Европа и во научниот свет кој цели шест века низ целиот свој образовен систем, култура, филозофија, општествен и политички поредок, поимање на демократијата се потпира на античка Грција и Византија. Тргнувањето во поход против овие темели на Европа со „Скопје 2014“ и со ревизија на историјата е камиказе политика на наивни и неискусни политичари, на анемична научна мисла и на посеана конфузија во јавноста со потрагата по славно минато и примамливото наследство на Александар Македонски.

Владата ја презеде улогата на научен арбитер, на мецена на уметнички дела и големи градежни зданија невидени на ова поднебје. Објавените износи на хонорарите за кич-уметност платени со парите на граѓаните предизвикаа лавина на незадоволство и огорчување во јавноста. Без никаква рецензија и стручна оцена на делата, исплатени се баснословни хонорари во светски рамки од близу четири милиони евра на 14 скулптори од кои повеќето анонимни. Само на еден скулптор за неколку споменици, вклучувајќи го и Александар Македонски, му се изброени од државната каса безмалку три милиони евра. Таков хонорар немаат добиено сите големи македонски скулптори и сликари заедно за целото свое творештво. Таква нарачка од државата немаат добиено ни Никола Мартиновски, ни Лазар Личеноски, ни Мазев, ни Чемерски, ни Петар Хаџи Бошков, ни Митриќевски, ни Грабул, а богами ни Аугустинчиќ, ни Мештровиќ, ни Роден, ни Мур, ни Пикасо, ни Матис, ни Рембрант, ни Микеланџело, ни Давинчи. Ниеден мецена со државни пари собрани од даноци не бил толку широка рака како Никола Груевски. Ваква навреда на македонските вистински творци кои цел живот се борат за пристојна егзистенција досега не им е нанесена како со политички и партиски фаворизираната скулпторка Валентина Стевановска, која стана меѓународно позната по износот на најголемиот хонорар во светот исплатен од државна каса за лиење во бронза на Александар Македонски јавнат на Букефал.

Ова е, дефинитивно, почеток на падот на една погрешна политика. Од денеска времето работи против расипничката и осилена власт. Време е за тешко и мачно отрезнување по античкиот вирус. Додека горат од негрижа безвременските македонски манастири, иконостаси, додека исчезнуваат иконите кои се влезени во светското културно наследство, додека се уриваат споменици под заштита на државата и УНЕСКО, мораториумот на изградба на споменици и објекти кои не се од државен и стратегиски приоритет е најдоброто нешто што и’ се случува на Македонија. Белки, конечно, ќе се сфати кои се македонските приоритети, не само од нашите водачи, туку и од самите нас.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *