Banner
Фронт

Време на големите измамници

Живееме во доба на големи измамници. Ги има од разни видови и подвидови. Едните подлежат на законски санкции, другите не ги допира законот. Што мислите кои се поопасни дали тие што продаваат со убави зборови станови, туѓ имот, фабрики и завршуваат во затвор, или тие што секој ден се на насловните страници и на ударните вести, ни се насмевнуваат од ТВ-екраните решителни во борба против криминалот, ни проповедаат патриотизам, чесност и морал, дебатираат за демократијата, а имаат сериозни проблеми со законот и својата чесност.

Е, тие измамници се најуспешните на кои може да им симне капа и Остап Бендер , легендарен хохштаплер од светски маштап. Тоа е оној сој на превеани мајстори на лагата. Виртуози кои го кршат законот, ама се на слобода, ем се славни, ем богати. Ќе ви ја раскажам приказната за еден познат капиталец. Нашиот Остап Бендер, пред да стане славна и јавна личност беше пристоен спортски новинар, вљубеник во автомобилски трки, фудбал, игри на среќи и разни томболи. Еден ден во кризната 2001 година, кога во Македонија се пукаше и гинеа луѓе, нашиот главен јунак и голем патриот дошол на генијална идеја како да им помогне на луѓето и на себеси во воени услови. Си отворил човекот со уште двајца помошници канцеларии во Трговскиот центар „Буњаковец“ во Скопје, едната ја крстил Имигрејшн – Агенција за посредување во вадење американски визи. А, другата „Американски правен центар“. За период од 45 дена, а максимум за 120 дена, од американски адвокати за имиграциско право со седиште во Тампа Флорида, САД, се изработува документација за легален престој и работа во Америка. Со малку пари добивате бинго!!!! Комплет документи „Л1 А“ за кои сонуваат стотици милиони луѓе низ светот, што значи добивате семејна иселеничка виза и сите други визи во соработка со „Американски правен центар“. Продавате се’ што имате и летате преку големата бара. Збогум, сиромаштијо. Канцеларијата за продажба на надеж работи со полна пареа во годините 2001, 2002 и 2003. Не се знае колку луѓе побарале таму спас, ама точно се знае со име и презиме за 22 граѓани на Македонија напишани во судска пресуда кои платиле за визи 159.583 долари и 600 евра, или според тогашните курсеви 8.813.845 денари. Поединечната цена на визите се одредувала ѓутуре – дај што ќе дадеш, од 1.000 па се’ до 12.800 долари по човек.

Се разбира, измамниците немале регистрирано канцеларија на „Американски правен центар“. Ниту биле испраќани документи во Имиграциско биро во САД, ниту во Американската амбасада во Скопје. Измамниците си ги трошеле парите спокојно. Ги избегнувале контактите со наивните граѓани, а кога веќе ќе налетале на нив, убаво им појасниле дека работата ќе се заврши, само треба малку да бидат трпеливи и еден ден сигурно ќе летнат за Америка.

Наместо во Америка, стасале до судските ходници во Скопје. Конечно, Судот одредил и казна. Нашиот главен јунак заедно со соработниците е осуден условно на две години затвор во која е засметан и неговиот седуммесечен притвор, а соработниците добија казна затвор од по една година. Но истовремено Судот одлучи вака утврдените казни затвор да не се извршат ако обвинетиот во рок од пет години не стори ново кривично дело. А неговите соработници во рок од три години не смеат да се огрешат од законот. И уште, се разбира, треба да им ги вратат парите на оштетените граѓани и да ги платат судските трошоци. Многу хумана и поучна пресуда. Пресудата стана правосилна истиот ден и кога е изречена на 15.5.2008 година. Бидејќи не сум правник, тешко можам да ја видам разликата во измамата ако продавате непостоечки станови со продажбата на визи кои ги нема. За едното се добива десет години робија, а за другото условно две години. Слободен си, ама демек ќе внимаваш пет години пак да не измамиш некого. На нашиот главен јунак за две недели му истечува условната казна, па би можел да се врати на стариот занает бидејќи не е опасно и е добро исплатливо.

Но тоа сигурно нема да се случи бидејќи тој е превоспитан и на него позитивно дејствува казната. Преку ноќ тој стана угледна и славна личност. На неговите политички ток-шоуа на телевизија доаѓа лично премиерот со кој беседи и разменува мислења на ти, како што е ред меѓу блиски пријатели. Кај него доаѓа политичката и новинарска елита на власта да дебатира со овој мудрец за етиката, моралот, за медиумските слободи, за гревовите на опозицијата, за македонските непријатели и предавници… Секоја вечер тој и неговите колеги вртат кругови на сите телевизии под контрола на власта и со длабокоумни дебати на истомисленици го едуцираат населението во Македонија. Сите тие знаат за специјалноста на шоуменот, но тоа не им пречи да морализираат, да држат патриотски лекции, да жигосуваат и да плукаат граѓани кои не мислат како нив… Очекував барем еден од нив да го праша: господине „one man show“, дали им ги врати парите на граѓаните што ги измами. Маестрото за американски визи доби и колумна во весникот кој прв дознава што ќе се случува во државата. Таму еднаш неделно им лепи по една дамка на лицето на по десет луѓе, колку што изнесува неговата неделна ранг-листа на предавници, односно сите што се осмелуваат да ја критикуваат власта. И јас сум редовно почестен со неговите гнасни плуканици, понекогаш и по два пати во една колумна кога не може да најде десет душмани. Еднаш ми прати жолто комбе, да ме однесе во Бардовци, другпат ме нарече лешинар, па комендијант… ме испраќа во пензија.

Па еве токму за тоа негово големо внимание во знак на благодарност му го посветувам овој текст на новинарот број еден и на сите негови поддржувачи. Ова е нивно време.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *