Archive | August, 2017

Tags:

Има ли за што да се фати Груевски

Објавено на 24 August 2017 од erizaov

grujo

Катастрофални се последиците од постојаниот еднодецениски стрес наметнат од агресивната и непрестана предизборна кампања. Граѓаните на Македонија цели 11 години секојдневно се изложени на трагични политички и партиски пропагнади. Нападнати се сите човечки сетила со перманентните 24/7 повици на омраза, делби, нетрпеливост, недоверба, страв и неизвеснот. Нормалниот живот долги години сериозно е нарушен од политички и партиски децибели и од енормно загадување со деградација и на човекот и на човековата околина со лаги и кримнал илјада пати над дозволеното што има трагични  димензии по здравјето на нацијата. Животот во режим, во партизирано општество до последната пора на системот,  за 11 години направи епидемија која го попречи не само прогресот и европеизацијата на земјата и квалитетот на живеење на граѓаните, туку и буквално го измести правилниот развој на младите луѓе, кои се формираа како личности во ерата на груевизмот. Сето ова во сиромашни земји се постигнува прилично лесно со примитивен популизам и постојани застрашувања, црни пропаганди, со корумпирање и создавање на привилегирани партиски следбеници.

По падот на Груевски и неговиот режим, кога се узна до каде се дојдени работите и од тие што не веруваа, Македонија повторно во следните два месеци ќе се соочи со највалканата и најотровна пропаганда за едни локлани, или како што обично се нарекуваат, комунални избори кои паднатата власт ги гледа како единствена надеж за спас. Затоа е агресивната најава дека локалните избори се референдум, општонародно изјаснување  за спасување на Македонија од домашни и надворешни непријатели, од Америка, од  Европа, од ЕУ, од  НАТО и од нивните платеници кои формираа мнозинство во парламентот и коалициона  влада. Груевски и неговите следбеници уште не можат да ги видат историски значајните промени, кои уште во стартот ги вратија надежите и дома и надвор дека Македонија е на добар пат да ги оствари своите стратегиски интереси, одамна блокирани, најмногу поради нивната погрешна политика. Во една ваква ситуација, наместо да се изврши генерален ремонт во ВМРО-ДПМНЕ и да се излезе пред лицето на правдата, Груевски немајќи за што друго да се фати прво ја заштити својата позиција во партијата на доживотен водач, а потоа изврши мобилизација за најголемата патриотска офанзива против политичките противници кои тој лично и неговите медиумски труби одамна ги прогласија за најголеми   непријатели на независна Македонија. Патриотизмот повторно е единствениот адут со кој  Груевски почна да ја сардисува и обојува целата земја. А, за што друго може да се фати кога ништо друго не држи вода. Од сите страни тече кај и да пипне човек.

Овојпат за спасувањето на Груевски и неговата клика од судски процеси и од правдата   повикани се и некои комшии и странски разузнавачки сили кои треба со свои активности и јавни медиумски таламбаси да предизвикаат распад на тенкото мнозинство во парламентот, кое се покажа многу поцврсто во првите безмалку сто дена, не само со емитување на еден поинаков амбиент кога послободно се дише, туку пред сè со  враќањето на Македонија на вистинскиот пат што не остана незабележано во регионот, но  и во Брисел и во Вашингтон. Шпионските игри со Србија и со Косово можеби ќе потраат уште некое време ама веќе се виде дека од секое лајно не се прави керпич. Се урна за два дена овој ќенеф дирек на кој се потпираше лабавата ѓоа шпионска конструкција. И тие што влегнаа „на урааа“ во шпагети епизодата на каубојски филм полека ја свиткаа опашката свесни дека драмолетката ќе се претвори во комедија автоматски штом ќе се викне на тревога дека Македонија ја нападнала Србија. Ајде ти се молам, тие не стасале да го прашаат својот учител Шешељ што мисли за оваа закана од Македонија, кога од поодамна најави, среде Скопје во градскиот парк, дека Србија може да ја окупира Македонија со две велосипедски чети. Односите на силите и денес се непроменети. Сè разбира, до членството на Македонија во НАТО.

Македонија нема друг избор освен искрени доброседски односи со сите соседи, а Србија соочена со многу посериозни кризи и конфликтни ситуации по сите војни што ги водеше веќе нема деца за гинење како што неодамна предупреди со силен одглас нивниот академик и познат писател, Душан Ковачевиќ.

Целосно разголен и прочитан Груевски, сè  уште не може да види дека неговото заминување од политиката е најдобрата вест за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ. Некои тоа во партијата и отворено му го кажаа, ама тие што треба не само да му кажат, туку и да го избркаат баш од вистински патриотски причини, немаат храброст да го направат вистинскиот чекор. И наместо тоа послушно организираат собирање потписи да ја спасат државата од бегалци кои нигде ги нема, а и кога ги има, брзаат да заминат од овде бидејќи  ни на крај памет не им е да живеат во Македонија. Тие уште пред три-четири години, кога стапнаа на територијата на Македонија, знаеја колку е саатот кога една домашна непресупшна река бегалци си заминува од својата земја. Скоро ниту еден од бегалците досега не побара азил, ама Груевски ги натера своите активисти да играат на картата за локални избори да не нè окупираат дојденици од Блискиот Исток. Втората патриотска потрошена тема за два дена беше Договорот за добрососедство со Бугарија. Се разлелекаа до солзи дежурните бранители на македонскиот идентитет, јазик и уставно име. И од тоа не испадна ништо, бидејќи секој чекор на подобрување на односите со соседите оди во прилог на Македонија. Шест месеци чукаа вмровските камбани за опасноста од двојазичност во Македонија која постои и функционира повеќе години. Зголемувањето на употребата на другите јазици во државата се виде дека не го ограничува со ништо македонскиот јазик, туку напротив, ја зголемува неговата употреба како единствен комуникациски заеднички код на сите што живеат во Македонија.

Патриотска тема, замислете, стана и ѓубрето во отворените депонии. ВМРО-ДПМНЕ вреска за ѓубрето, а за 11 години од Македонија направи најголема депонија на Балканот. Сега Груевски бара да се исчисти за сто дена целото ѓубре кое го фрлаше на сите страни цела деценија и кусур. Најсмешни ми се повиците за големото задолжување на новата влада. Ги гледам оние јастреби без канџи на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот и си велам, добро има ли некој меѓу нив малку храброст да му каже на човеков аман бре престани да трубиш со тие задолжувања. Ги заборчивме луѓето пет милијарди евра и ај што ги задлживме до гуша, со тие пари не направивме ништо освен споменици во твоја чест и ги наполнивме твоите џебови и на твојата фамилија. Вчера ја слушнав една од поголемите будалаштини на уплашениот Груевски во неговата забревтана комунална кампања. Се пофалил новиот министер за сообраќај дека ќе добијат пари од ЕУ за изградба на некаква делница, брз пат. Груевски, видно возбуден, сакајќи да ја скрие лутината со насмевка и’ објасни на јавноста дека тие пари и поволни кредити од ЕУ за патот се на ВМРО-ДПМНЕ, неговата партија го одработила тоа. Знае ли што кажува човекот, за него сè што е кредит и донации е на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Владата, државата, институциите, државните фондови сè е тоа ВМРО-ДПМНЕ. Знае ли некој да ни каже кој во светот дава пари на партија за изградба на пат. Си велам, нормална и искрена е оваа реакција на Груевски.Така беше, сè во оваа земја припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ и на семејството. Време е и тие што ги направија долговите и да ги вратат, и кон банките и кон своите заборчени граѓани.

Има ли навистина нешто за што може да се фати Груевски за локалните избори. Нема, освен да обвини други за она што тој не го направил, а требал да го направи за време од цела една ера.

Коментари (2)

Tags:

Зошто ни иде да плачеме ко дете

Објавено на 18 August 2017 од erizaov

place ko dete

Кога го слушнав пратеникот Стевананџија како се обидува да го рецитира „Тешкото“ од големиот македонски деец Блаже Конески од собраниската говорница, прво што помислив е дека ова е врв на лицемерие, голем простотилак и ароганција, невидена дрскост, еден вмровец да ги злоупотребува антологиските стихови од творештво што задира во сржта на македонското битие. Не затоа што еден анџија рецитира како аџамија заради партиско-политички пресметки песна на сенароден мислител, таткото на литаратурниот јазик и голем поет, великанот Блаже Конески. Не затоа што „Тешкото“ стана лелек поради стравот од смената на јавниот обвинител Марко Зврлевски, заштитникот на криминалот во врвот на довчерашната власт. Туку, само затоа што со години приопштуваните навреди кон Конески, всушност не се против него лично, туку тоа е најголемата негација на македонскиот народ, идентитет и држава, а со тоа и на сите граѓани. Поголема навреда од тие што живеат на сметка на државата и на граѓаните, и што секој ден се удираат во гради и ја бранат Македонија од измислени непријатели, досега не сум чул, ни прочитал.

По сè  изгледа ќе се игра навистина тешкото на Стевананџија, а ќе се игра и пиперевка пред професионални и партиски неинфицирани обвинители и судии. Кога заврши анџијата со сквернавење на песната, си реков по ова навистина сите што ја сакаат својата татковина треба да седнат покрај Врадар и да плачат како деца, или конечно да станат на нозе и да ја отсранат таа шуга која ја обви целата земја во краста. Не знам дали има човек во државата, се разбира со здрав разум, кој кога ќе слушне како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ го рецитира Блаже Конески во тој миг да не помисли на Антонијо Милошоски, кој го нарече основоположникот на современиот македонски јазик „џуџето од Небрегово“. Повеќе пати јавно прашувам кога ВМРО-ДПМНЕ и лично Милошоски ќе се извинат за оваа навреда на граѓаните на Македонија, за деградирање на  македонскиот јазик, азбука и на целото творештво и наука создавано со децении на тој јазик. Како може политичка партија да предупредува на опасноста  да се изгуби националниот идентитет и името на државата, а истовремено да го урива темелот на идентитетот, омаловажувајќи го баш од научен аспект грандиозното дело на човекот кој дал најголем придонес во кодификацијата на македонскиот современ јазик, Блаже Конески, чиј споменик одамна требаше да стои на централниот плоштад во главниот град на државата, како што е вообичаено во светот со личностите и творците кои ги задолжиле своите земји созадвајќи од разни дијалекти и говори современ национален јазик кој е комуникациски код на сите граѓани без оглед на нивната национална и верска припадност. Нема дете во тие земји кое оди на училиште, а да не знае како се вика создавачот на литературниот јазик.

ВМРО-ДПМНЕ и партискиот врв не преземаа ништо, ниту пак на било кој начин се оградија од апологетскиот додворувачки јавен настап и на извесен Чилиманов кој се преставуваше како новинар и кој на ужас на јавноста истата навреда ја искажа за основоположникот на современата македонска литература, поетот Коста Рацин. Чилиманов, одејќи по стапките на идеологот Милошоски ја израдува целата јавност со откритието дека Рацин е второто џуџе од Велес, кој ако не  загинел во НОБ, ќе станал комунистички диктатор. И оваа брука ден по ден во Македонија се покрива со заборав неказнето како да не е ништо страшно оркестираното плукање на најголемите национални величини кои се оснивачи на македонската современа национална држава. И човекот што го напиша првиот роман на Македонски јазик, писателот Славко Јаневски, кој во првиот национален дневен весник на македонски јазик, во првиот број на „Нова Македонија“ ја објави чудесната песна посветена токму на јазикот. Писателот Славко е откопан по наредба на ВМРО-ДПМНЕ од гробарите ангажирани во таканаречената комисија за лустрација кои мртов го ставија на стлобот на срамот без да му се даде шанса да се брани. Сироти и сиромашни по дух не знаат дека творештвото на Славко Јаневски е толку силно што не можат со ништо да му наштетат на творецот, туку самите себеси да се жигосаат како џелати за навек. Кога на живите не им се даде шанса за одбрана од партиските лустратори, кој би ги одбранил од режимот одамна починатите. Но ете, имало правда, макар и задоцнета,  пред судот уште за време на режимот паднаа сите пресуди на оваа партиска инквизиција.

Само за овие нарачани злосторства кон државата, кон националните велични и кон сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ  треба да се избрише од политичката карта на Македонија, која со груевизмот и со антицивилизациска, антиевропска и антимакедонска политика во текот на цели 11 години ги нанесе најголемите штети во историјата на Република Македонија од нејзиното основање од АСНОМ 1944 година до денес. Или ВМРО-ДПМНЕ ќе оди како експонат во музејот што го носи неговото име, или ќе се најде лидер и внатрешни сили кои ќе ја осовременат и ќе ја спасат партијата. Непристрасната историја вели дека ВМРО функционирала како вистински национелн водач само првите десет години по основањето во 1893,  односно до 1903 година. Сè после тоа е трагично истребување на сè што е македонско, напредно, учено  и паметно, на сè што води кон прогрес и самостојна држава.

(Преземањето на делови или целосниот текст од колумната „Мое Ќоше“ е дозволено само по претходна согласност од авторот. Сите права се задржани)

Коментари (4)

Tags:

Разликата е како Господ и шеширџија

Објавено на 09 August 2017 од erizaov

pexels-photo-67603

Промената на власта во Македонија не е Курто и Мурто, туку разликата меѓу новата и старата власт е како Господ и шеширџија. Денеска во Собранието ја видовме драстичната разлика. За  истото она што вмровците нарачаа да се тепаат нивните колеги пратеници,  денес  беа рамнодушно надгледувани од целата јавност како избезумени очајници кои под уплав од правдата бараат начин со врескање да се спасат.

Одамна, многу одамна, немало промена на власта во Македонија, цела деценија и кусур, па убаво залегнатите на државните јасли, набабрени како крлежи од цицање крв, срипаа избезумени што некој ги откачил од вимето. Кога го отстранувате крлежот, бидете внимателни: ако не е нацицан до крај ја остава главата зариена длабоко под кожата. Така се пренесуваат заразите.

Може лесно да ве префати болеста да се живее на туѓа сметка без да се работи ништо.

Паразитите заборавиле од каде, како и колку долго се закачени на цицката на државната каса. Сега силно лаат за демократија, слобода, за човекови права, стегаат тужби… да останат припени како лешинари на живото ткиво на татковината, која толку многу ја сакаат што ја исколваа до гола коска дури и мртва. Ја испушија Македонија како стара муштикла, па сега зборуваат како светци и, пази ти се молам, јавно прашуваат како тоа и по кој критериуми се менуваат преку ноќ толку способни луѓе.

Која ноќ бре билмези, испокрадовте сѐ живо и диво, ја испоизедовите алчно нафаката на овој кроток народ кој не ве искаменува и покрај сите зла што му ги нанесовте. Таа ноќ на владеење без контрола траеше цели 11 години. Ако на таа ноќ мислат сменетите и онеправданите, тогаш навистина е преку ноќ, ептен црна и темна. Цела една ера.

Приказните кои деновиве се шират за Курто и Мурто се многу прималиви да се избербати големата слика и да се растури мозаикот што се склопува макотрпно, навистина многу побавно отколку што е децениското исчекување, но сепак одат работите во вистинска насока и покрај некои изненадувачки кадровски решенија.

Се разбира, секој за своите одлуки и постапки си ја презема одговорноста која веќе не ќе може да се одбегнува како досега.

Но, да се вратиме на големата слика и на вистинската тема. Историските промени чии големи димензии се наѕираат, не се во партиските програми и платформи, туку во луѓето. Човеците прават држава, а апашите ја ограбуваат.

Затоа мислам дека новото парламентарано мнозинство најдобро ќе ги демантира приказните за Курто и Мурто ако ги покаже на ачик разликите меѓу новата и старата власт, меѓу новата и старата влада, кои по мое мислење, колку што ја следам македонсата политичка сцена повеќе децении, е како меѓу Господ и шеширџија.

Таа разлика убаво ја видовме денеска  кога  ВМРО-ДПМНЕ,  предводена  од  најучениот човек во партијата, германскиот доктор на науки кој најмногу знае како да се мразат различните од себе и  кој остана запамтен во јавноста со најантимакедонските изјави и навредите на великанот на Македонија, Блаже Конески, ја блокира говорницата и работата на Собранието. Џуџето од Кичево, главниот оратор  и пропагатор на ВМРО-ДПМНЕ ја блокира говорницата. Ќе речете ништо ново. Тоа го правеше и поранешната опозиција, односно сегашната власт. Точно е тоа. Разликата е во тоа кога најголемата опозициска партија на 24 декември 2012 ја блокираше говорницата, тајната полиција и собраниското обезбедување заедно со пратениците на власта ги истепаа пратениците на опозицијата, ги избркаа наврат на нос новинарите, ги окрвавија рацете и ја посрамотија Македонија пред светот. Денес не видиовме ништо од тоа. Собраниската парада на ВМРО-ДПМНЕ направена за спасување од правдата на осомничените за криминал беше проследена спокојно од парламентарното мнозинство, во стилот не фрлај камен во гериз ќе се избербатиш.

Веројатно тропам на отворена врата, бидејќи мислам дека нема човек во државата што не знае, како со години се вработуваа луѓето, но и како остануваа без работа, како отвараа големи бизниси неписмени луѓе, како некои дудуци станаа богати како кнезови, а ги нема во даночните книги, како други пропаѓаа, како се отвараа и затвараа компании, како се студираше и положуваа испити, како се стануваше директор на училишта, градинки, на болници, на клиники, на театри, опери и балети, на МРТ, началник на полиција, како се стануваше судија, јавен обвинител, врховен судија, уставен судија, апелационен судија, главен уредник на медиум, новинар, како се стануваше член на управни одбори, асистент, професор, шофер во владата, или кенлер, или хигиеничарка …

Всушност дали воопшто постоеше некоја можност да се направи било што во јавниот сектор, во голем дел и во приватниот, а тоа да не биде со партиска книшка, со амин на врвот на ВМРО-ДПМНЕ и лично со благослов на вождот Никола Груевски.

И после една таква долга и темна ноќ бесрамно се појавуваат истите сурати да кажуваат како во јаслите се испокакле до гуша, а нема кој да им го смени памперсот.

Да се разбереме, уште од 1998 година кога почна големата чистка и кадровскиот геноцид во Македонија, кој неговите творци го нарекоа драматичен дисконтинутет, кога во државата се сменија илјадници луѓе и се обезвредија признати на меѓународен план личности и дејци, беше јасно дека ваквата груба партизација ќе нанесе голема омраза и делби во мала Македонија, каде по трето колено сите сме роднини.

Властите до 1998 година со своите кадровски екипирања главно се задржуваа на владата, министерствата, само во некои случаи на јавните големи претпријатија и државни фондови. По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и ДА заедно на власт во 1998 година, се направија за прв пат такви кадровски испартизирани промени кои опфатија повеќе илјади луѓе. Тоа беше почетокот на неосталинизмот. По промената на секоја власт во Македонија бевме сведоци и паталци, на трагични егзистенцијални чистки, многу често со мотиви на политичка пресметка.

Колуминацијата на кадровското обезличување на Македонија настапи во ерата на Груевоизмот со доаѓањето на Никола Груевски, творецот на овој режим од 2006 до 2017 година. Во тој период извршена е комплетна вмровизација на целото општество и по вертикала и по хоризнотала. Тие што можеа избегаа од земјата, а тие што останаа и се спротивставија на овој режим го јадеа стапот. Нема човек кој јавно се спротивставил на политиките на Никола Груевски, а за тоа да не платил дебела казна.

Отстранување од работа поради политичка пресметка, или поради критика на власта беше банална вест за нечија уништена кариера и егзистенција за нечие осиромашување. Тоа беше вообичеана секојдневна работа со години на мафијата предоводена од фамилијата во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Компромитирањето на угледни јавни личности и национални величини се спроведе со ужасната и арогантната лустрација. Заслужни личности без право на одбрана беа прогласени за кодоши, меѓу нив имаше одамна починати великани, а некои починаа од болка во душата поради неправдата и срамот што им е нанесен. Оние што останаа професионални и објективни новинари сите до еден беа јавно жигосани со име и презиме прогласени за странски платеници и
предавници. Судиите и обвинителите кои работеа по словото на законот беа сменети и префрлени да судат за сообраќајни прекршоци и разводи.

Во времето на Никола Груевски имаше повеќе политички затвортеници и заточеници на свеста, отколку последните години од комунизмот. На очиглед на светот во парлементот беа истепани пратениците на најголемата тогашна опозицициска партија, а новинарите беа насилно отстранети од своите работни места во Собранието што никогаш не се случило откако Македонија има Собрание.

Сето тоа на мафијашкиот клан и на Груевски им беше малку па ја спроведоа монструозната операција на најмасовно и најдолгогодишно прислушување и држење под надзор на телфонските комуникации на над 20.000 граѓани. И кога дојде ред да се соочат со правдата и со законот одлучија повторно да пролеат крв во парламентот и да не ја даваат власта иако немаат мнозинство.

Сега очајно го блокираат општествениот поредок и институциите на системот со кртовите и рецидивите што ги имаат насекаде само да ја спречат правдата.

Кога ќе престане ова кадровско обезличување и уништување на Македонија и кога спосбните и стручните луѓе ќе ги заземат своите места без да се приклонуваат на
властите, да се лигават, да се претвараат во полтрони. Ако чекаме да проработи нечија свест и совест тоа е залудна и јалова работа.

Постојат во светот искуства кои се озаконети и строго се санкционираат ако се прекршат. Па така на пример,
во сто милионска Германија по секоја промена на власта само околу 1.400 луѓе ги пакуваат куферите и се враќаат на истите места од кај што дошле. Сите други никој не може да ги чепне поради промената на власта и партиската припадност која не смее да се гледа во јавниот сектор. Ако во Германија се менуваат 1.400 луѓе, пресметајте колку луѓе треба да се променат во Македонија, се разбира ако е нормална држава, а не целосно партизирана, поделена и полна со омраза.

Ова, по сѐ изгледа, уште долго ќе потрае во Македонија како и с`ѐ друго што е балканштина, ако оваа власт конечно не ги озакони овие работи како треба.

Претходно треба да се расчисти минското поле што го остави зад себе ВМРО-ДПМНЕ, па да се видат ефектите од промените. Дотогаш нагазните мини ќе експлодираат и ќе однесат невини жртви.

Коментари (1)

Tags:

Татковци на службен пат

Објавено на 03 August 2017 од erizaov

sirenje sudstvo

Медиумите почнаа да одбројуваат колку дена се исчезнати Горан Грујевски и Никола Бошковски, двајцата обвините за повеќе кривични дела чиј веќе одреден притвор ја отслика гротеската на правосудниот систем во Македонија. Кривичен суд, Апелациски суд, Врховен суд, МВР… сите кој повеќе кој помалку во овој случај како и во многу други, прописно се обрукаа. Уште еднаш сме речиси неми сведоци на трагични сознанијата колку лесно и без никакви последици, баз влакно да му фали од главата на никој, може да се подрива општествениот поредок. Партиските и лични инсталации на ВМРО-ДПМНЕ и на фамилијата во судството успеаја од јавноста да направат безлична аморфна маса која не може да ја осознае стравичната несреќа што значи да се живее во земја каде делители на правда го прикриваат криминалот и ги амнестираат осомничените за тешки кривични дела.

Таков гнилеж владее во правосудниот систем на државата што од палатите на правдата се шири неподнослива реа на партизирани и корумпирани обвинители, судии и полицајци… Македонскиот правосуден систем е како усмрдено биено сирење, постојат илјада дупки озаконето да се попречува правдата, да се гази најчуствителниот дел од функционирањето на една, одамна требаше досега да биде, современа демократска држава. Носечките кадри во правосудниот систем на државата  не ја знаат сериозноста на состојбата и големината на одговорноста што ја имаат кога стануваат соучесници во заштита на осомничени лица. Или, пак, тоа ептен добро го знаат до последен цент – колкава е цената за тоа. Толку е гнило што и кога сакаат нашите носители на правдата да бидат професионални и чесно да работат по словото на законот, тоа не можат да го одработат бидејќи толку е озаконета злоупотребата на власта во правниот систем што спречувањето на правдата се претворило во легална категорија која може да го носи името: Илјада начини како да се оневозможи владеењето на правото.

Ете на пример, телефонирајте му на претседателот на Врховниот суд на Македонија, господинот Трајче Трајчевски, и прашајте го дали знае што значи Врховен суд на една држава и каков е патот на еден судија во било која европска земја да стаса до претседател на Врховен суд. Правниот гение Трајче, кој ги поминал сите скалила на  правосудниот систем пешки и напишал десетици томови научни книги за развој на правото, борбата против организираниот криминал, нарушување на човековите права и слободи и десетина учебници по кои го формирале своето знаење за правото повеќе генерации студенти, магистри и доктори на науки, ќе ви каже дека сега кога е на годишен одмор не може да одговори на толку чуствителни прашања.  Особено не по телефон. Ајде ви се молам, какви се тие прашања дали претседател на Врховен суд, поранешен и сегашен, знае што значи Врховен суд. Исто како да прашате фурнаџија дали знае што е фурна и зошто служи. Сосема друго е ако  прашате некој тенекеџија како се меси леб и како се ложи фурна. Ако го прашате Трајче дали чуствува некакава одговорност во врска  со избеганите осомничени Грујевски и Бошковски, чиј притвор безмалку беше телевизиски пренесуван во живо, господинот Трајчевски ќе ви одговори со прашање: А, кој кажал дека се исчезнати? Има ли доказ за тоа? За некој да биде прогласен за исчезнат треба да поминат години и години.

Добро де, се извинуваме господин Трајчевски, станува збор за избегани кои уредно го најавија своето бегство и на јавноста и на судот и на полицијата.

И тоа не е точно вели Трајчевски. И Грујевски и Бошковски не избегаа. Тие се на службен пат. Не станува збор за никакво бегство, или исчезнување, туку само оправдано отсуство. Ете погледнете го случајот со господинот Кочан и ќе видите дека кај нас службен пат е законска категорија на спреченост да се оди во притвор. Така е и со Грујевски и со Бошковски, прашање само на денот е кога ќе се вратат од службен пат – ќе ви објасни ептен правно претседателот на  Врховниот суд на Македонија Трајче Трајчевски, кој е целосно самостоен и независен од никој и кој  дојде на тоа место поради својата стручност и голем авторитет меѓу македонските врвни правници. Не знам дали некој верува во ова, ама штом никој не демантира, значи точно е. Конечно, што има Врховниот суд врска со тоа што некој не завршил во притввор. Си има други надлежни кои треба да ја завршат работата која Врховниот само малку ја попречил,онака ан пасан, на минување.

Е сега, кога ќе помислите што сè е направено за преземање на институциите на системот и како тие преку партиската кадровска политика се заробени, ќе ви стане јасно за каков монструм се работи кој е хранет со човечки трагедии сите овие изминати 11 години. Секој човек во Македонија, кој имал блиска средба со судот, а ја немал ДПМНЕ за адвокат, може да ви раскаже тажна приказна како е изгубена довербата на граѓаните во комплетниот судски систем.

Уште колку ќе и треба на новата власт да ја согледа својата одговорност што, исто така, станува соучесник во попречувањето на правдата и во уривањето на општествениот поредок, во деградацијата на парламентарната демократија.   Соучесник се станува и со непреземање мерки кои се пропишани во вакви ситуации и според уставот и според законите. И уште една порака за новото парламентарно мнозинство: и задоцнетата правда е голема неправда. Некогаш и поголема.

Коментари (3)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

August 2017
M T W T F S S
« Jul   Sep »
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
28293031