Archive | April, 2017

Tags:

По „Утрински“ се познава денот

Објавено на 28 April 2017 од erizaov

utrinski

Нема да пишувам некролог за најавената смрт на „Утрински весник“. Тоа е бајата вест. Упокојувањето на добриот весник, по мое убедување најдобар во земјата и кога не е добар, трае повеќе години. Неговата утрешна егзекуција некои големи журналисти, одамна умислени дека од нив почна новинарството, насилната смрт на нашето чедо жизнерадосно го приопштија како евтаназија. Се разбира, може и така да се гледа и доживува, ако во сето ова нема една злосторничка димензија. Откако не успеаја гробарите со голем притисок да го згаснат со природна смрт, одлучија да го погребаат се’ уште жив. Се уплашија да не добие некоја спасоносна инфузија и да не закрепне за неполни два месеци кога требаше да стане полнолетен.

Почитувани читатели, колку и да сте, каде и да сте, ова не е последен поздрав, ниту реквием, бидејќи весниците како „Утрински“ задолжително воскреснуваат. Жалната вест не е толку најавената смрт на весникот, туку што навистина „денот (во Македонија) се познава по Утрински“, како што напишавме ние неговите основачи, кога почна да излегува весникот, кој од првиот број ги зголеми новинарските, естетските, печатарските, графичките, културните и читателски стандарди во земјата. Колку и да не им е по ќеф на тие што ни држат лекции по новинарство баш на денот на убиството на весникот, ова е непобитен факт. Нивното лицемерно сочувство не ни е потребно.

Има две големи причини зошто „Утрински“ набргу повторно ќе излегува. Ќе мора како непосреден сведок да сведочи и да известува од големите судски процеси на злосторниците што ги нанесоа најголемите зла на Македонија по Втората светска војна. Мора да се пишува професионално од местото на злосторството. Не велам дека нема кој друг да го прави ова, но оваа обврска „Утрински“ ја има и како крунски сведок, директен учесник во истрагите на злосторничките здруженија многу пред „бомбите“ на Зоран Заев и на наодите на Специјалното обвинителство. Ужасите што ги слушнавме од прислушуваните разговори, најголемото и најмасовно кршење на човековите права и слободи во Македонија на кои биле изложени со години над 20.000 граѓани и јавни личности, и наодите во истрагите на СЈО иницирани од прислушуваните разговори, беа голема потврда дека „Утрински весник“, неговите новинари и уредници биле целосно во право кога сите до едно обвинување и уште стотици други се’ уште неоткриени, беа објавувани на страниците на весникот. За секоја „бомба“ обелоденета од Зоран Заев, за секој предмет на Специјалното обвинителство, има стотици стории во „Утрински“ објавени од нашите новинари многу порано пред да експлодираат како потврдена вистина. На нашите страници правовремено се поместени извештаите и новинарските истраги и анализи за организираниот криминал во кој директно учествува врвот на власта. Напишани се со име и презиме носителите на коруптивните зделки, ајдуците на милијардите пари украдени на граѓаните, тука се напишани сите валкани пресметки со политичките противници на арогантната власт, ги има сите нарачки и нарачатели на судските пресуди, унапредувањата на партиските судии и обвинители, но и разрешувањата и одземање на предметите од чесните судии и обвинители според потребите на режимот. На овие страници се изборните фалсификати и местенки, доказите за нелегитимноста и некомпетентноста на власта. Тука е поместена една цела архива од материјали како е уриван општествениот и политички поредок на Македонија. Како е кршен и злоупотребен Уставот, како се срамно деградирани Собранието, комплетното судство, новинарството и медиумите, како се ставени под контрола сите институции на системот. На страниците на „Утрински весник“ се автентичните сведоштва на компетентни личности во државата и во светот како е извршено подривањето на државата со блокирање на парламентарната демократија и како целата власт е преземена од Никола Груевски и еден грст луѓе околу него, негови следбеници и извршители. Тука е сведоштвото како е заробена Македонија од група на криминалци и разбојници.

„Утрински весник“ активно учествуваше не само во откривањето на сите овие големи злоупотреби на власта и на овластувањата на високите вмровски функционери, туку на своите страници во повеќе клучни, би рекол во историски моменти, секогаш кога Македонија била на раскрсница, благовремено уште пред надлежните институции да го направат тоа, предупредуваше дека се подготвуваат тешки кршења на законите и на Уставот, со единствена цел да се зачува власта со уривање на демократијата и правото. Уште при подготовките за излегување на весникот, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, како премиер даде јавна изјава дека се подготвува излегувањето на антивладин весник. Неколку години подоцна, неговиот наследник Никола Груевски на митинг пред повеќе илјади луѓе и пред телевизиските камери го нарече весникот непријателски на Република Македонија. Пишувањето на вистината многу бргу стана непријателски чин во медиумите кои не се во коалиција и во партнерство со власта. Меѓу тие „непријатели“ „Утрински“ зазеде високо место.

Има едно строго правило на оваа власт во врска со медиумите. Сите што ја поддржуваат владата ќе бидат финансиски безбедни и ќе немаат никакви проблеми со излегување на весниците и емитување на програмите. Но штом се насочат критички кон злоупотребите на власта, и особено кон откривање на големиот криминал и нарушување на човековите права, тие медиуми ќе бидат изложени на ударот на ветровите на нерегуларниот пазар, божем станува збор за либерални економски закономерности. Забраната за рекламирање на владата, државните и приватните компании во прогласените непријателски весници е првиот потежок удар по кој, ако не успее, доаѓа вториот удар – промена на сопственоста. Тој насилнички акт од медиумите прави здодевни и празни апологетски пропагандистички јавни гласила кои повеќе служат за потсмев отколку за објективно информирање на јавноста. Ако и тоа не успее со промена на газдите и нивното принудување да бидат послушни или да ги продадат своите медиуми под контрола на партијата на власт, тогаш следува завршниот удар, а тоа е целосна финансиска блокада и намерно намалување на тиражите, дури и на сопствените изданија кои се критички настроени кон власта.

И обратно, се лиферуваат лажни резултати за големите успеси на медиумите кои се финансираат по тајни канали, поточно со рекет на огласувачите да даваат пари за одржување во живот на лошото новинарство во државата, кое се става во слугински однос кон власта. Тие што не ја прифаќаат ваквата улога, бидејќи не можат да опстанат под ваков политички и финансиски притисок, бараат поддршка во граѓанскиот сектор, односно во странски донации. Затоа експресно сите донатори на медиумската независност во државата се прогласени за најголеми непријатели и моќници кои сакаат да ја дестабилизираат Македонија. За случајно „Утрински“да не се препушти на таква финансиска поддршка, која би ја сочувала независната уредувачка политика, мора да се погреба жив.

Има уште една посуштинска работа. Најавата дека со промена на власта ќе се гарантираат медиумските слободи, но и помошта од државата со непристрасно субвенционирање на медиумите, предизвика ново престројување и партиско преземање на медиумите. До душа, субвенции за печатот најави и Никола Груевски во својата предизборна кампања, но очигледно давањето субвенции над и под маса со државни пари се однесува само за поддржувачите на власта.

Зошто верувам дека воскреснувањето на „Утрински“ и на другите медиуми кои оваа власт ги уништи нема да биде божја работа, туку реалност штом дојде до промена на власта и почитување на изборните резултати, бидејќи покрај ослободувањето на сите инстиутуции на системот ке се воспостави и регуларен медиумски пазар и силна поддршка на државата на слободните и професионални медиуми како што има бројни примери во европските држави. Без слободни и независнми медиуми нема ни слободна и независна држава и нема демократско општетво. Затоа сум длабоко убеден дека „Утрински“ по куса пауза пак ќе осамне да навести каков ќе биде денот.

И, се разбира, ако ништо од ова не се оствари, ако не се почитува Уставот, законите и гласовите на 700.000 граѓани, ако успеат злосторничките здрженија да ја укинат правдата и специјалното обвинителство како што наумиле, и ако се амнестираат злосторниците и останат на власт, тогаш повторно ќе има барем едно вонредно издание на „Утрински“ кое ќе го исфинансираат основачите на овој извонреден весник за и официјално да го означиме исчезнувањето на Македонија. Да драги мои, по „Утрински“ се познава денот во Македонија, особено кога жив го погребуваат. Слушнав, Никола Груевски в сабота ќе прошетал по трафиките да купи неколку последни броја од својот омилен критичар. А и во вторник, по празникот, пак ќе одел по трафики лично да се увери дека навистина веќе го нема „Утрински“. Кратко ќе трае ова негово задоволство. „Утрински“ се враќа со падот на Груевски. Или, пак, чуму ти е ако сите одиме во неврат.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Да живее слободата, полуде светот

Објавено на 26 April 2017 од erizaov

narod

Има една турска народна поговорка, поточно повеќе досетка, од почетокот на 20 век, кај нас познато како време на Хуриетот од 1908 година, почеток на младотурската револуција во која учествува Кемал Ататурк. Се’ уште ја знаат повозрасните Турци, но и Македонци и Власи… „јашасин хуриет, шашарди минлет“. Во превод „да живее слободата, побудале народот“. Денеска оваа „крилатица“ измислена како потсмев на противниците на револуцијата, поддржувачи на султанот, може со мала преправка да се однесува на целиот свет. Да живее слободата, полуде светот.

Во најголемата велесила на светот Америка 35 доктори, психијатри тврдат дека најмоќниот човек на планетата, претседателот на Америка, Доналд Трамп, не е токму. Велат, човекот е мрднат, многу лаже и дека е самобендисан, дека не е способен да ја извршува функцијата претседател на државата. Го читам ова чудо и си велам, или нешто не во ред со образовниот систем на Америка, или Американците начисто полуделе. На пример, кај нас таквите симптоми кај нашите политички лидери се сметаат за сосема нормални, дури и се предуслов за успешно извршување на функциите. Така не мисли само народот, кој е полуден уште од деветсто осма, туку и психијатрите и комплетната домашна лекарска елита. Прво, кај нас се знае дека човек навистина треба да е доволно луд за да прифати да биде претседател или премиер на Македонија. Тоа може да си го дозволат само луѓе кои или не знаат што е тоа и каде се наоѓа, на кои им е тоа прва работа во животот, или луѓе кои имаат вродена мана на висока доза патриотизам, па можат да се нафатат без размислување на секоја работа која значи спасување на татковината. Едноставно, тоа се суперхерои кои се жртвуваат за државата и ништо не им е ниту тешко, ниту многу, за тоа да и’ го направат на Македонија.

Втората медицинска одлика на ненормалноста на американскиот претседател Трамп, според американските доктори, била тоа што тој многу лажел. Бил голем лажго. Ајде ви се молам, доктори ебиветри, изгледа вие не сте токму. Како тоа – политичар, а да не лаже. Па тоа го нема, се разбира, ни во Америка. А бе, нашите лажат, корнат. А зинат – лажат. Сите тоа го знаеме и тоа е ептен нормално и прифатливо за секој доволно и на време полуден граѓанин. Со тоа немаме никаков проблем. Еве на пример, претседателот на државата, универзитетски професор, си лаже по десетина пати дневно. Всушност, кажува вистина само кога ќе згреши. Со години сите ги лаже и дома и надвор. Нема две реченици кажано, а да нема внатре некоја измама и лага со опашка. И што е многу важно и поучно, во моментот штом го фатат во лага знае како да се однесува како ништо да не било. Во тоа нашиот претседател е брилијантен, може цели 45 минути да ја образложува вистинитоста на секоја негова лага.

Совршенството го достигна деновиве со неговото ново читање на Уставот и уште поважно со неговото толкување на Уставот, подобро отколку што тоа го прават и самите пишувачи на Уставот. Тие викаат дека според строга одредба од Уставот, која тие ја напишале, мора да го даде мандатот на политичарот кој обезбедил на изборите мнозинство пратеници во парламентот. Малку морген, им вели претседателот. Не знам што сте мислеле вие кога сте го пишувале Уставот, ама јас знам да го читам и тоа што не го пишува. Немате ни збор напишано што треба да прави претседателот ако се појави тиранска платформа, ако новата влада и новиот премиер и новото собрание сакаат да ја земат власта во свои раце и да ја укинат унитарноста на државата, а тоа значи да ја поделат Македонија. Што треба да прави претседателот ако новите власти имаат намера да го сменат името на државата, ако сакаат да ја сменат химната и знамето, да го сменат националниот идентитет на Македонците, да ја федерализираат земјата, да ја кантонизираат, да ја редефинираат, со сила да не’ натераат да учиме албански и да ја албанизираат цела Македонија… На такви луѓе не им давам мандат.

Штом нешто не е забрането со уставни одредби значи дека е дозволено, па така и јас си дозволив да го толкувам Уставот како сакам. Ако треба ќе прогласам и вонредна состојба за одбрана на татковината и ќе ги уапсиме сите кои сакаат да го урнат уставниот поредок и да ја поделат Македонија. Кога го прашуваат претседателот од каде знае дека такво нешто и ќе направат, тие што имаат мнозинство во парламентот, тогаш, слегнува со рамења и вели дека воопшто не важно од каде знае, туку дека знае. А, штом тој нешто знае, тоа мора така да биде.

На прашањето дали тој не се става во улога да ја попречува правдата, бидејќи ако се формира мнозинство во парламентот и се формира нова влада, ќе отпочне процесот на барање отчетност и одговорност за истрагите од предметите кои ги спроведува Специјалното јавно обвинителство. Кога ќе се соочи со вакви прашања претседателот лаже без око да му трепне, и тоа без да изусти ни збор. Научи опасно да лаже и кога молчи, односно кога премолчува. Таквата правда за големите арамилаци кои ја донесоа државата на просјачки стап не го интересираат.

Што се однесува до самобендисаноста и нарцисоидноста, која ја констатирале американските психијатри за претседателот Доналд Трамп, тоа кај нас, исто така, не е некоја мана. Нашата природа е таква да се сакаме најмногу себеси. Замислете го нашиот претседател ако тој самиот не се сака, па кој друг ќе го сака. Никој.

Што се однесува до нашиот најголем вожд, кој е и премиер и претседател и врховен командант, сенароден водач и кога не е на тие функции, македонските психијатри не можат да му најдат ниту едно пореметување кое не е нормално. Се разбира, нашите доктори се доволно мудри и професионални да не зборуваат јавно за болестите на обичните луѓе, па камоли за врвните функционери. Приватно во четири очи ќе ви кажат дека човекот не е нормален, поточно дека е ептен забеган, дека е опсесивен, дека и психопат, болен за власт, дека лаже штом отвори уста, ама јавно тоа да се приопшти на народот кој полудел од среќа и од преголема слобода, не е баш здраво и упатно. Македонските доктори сметаат дека за да се одболедуваат нашите властодршци треба да се стекне природен имунитет за кој треба најмалку една деценија. Кој ќе полуди во тоа време, нему животот ќе му помине во радост и веселба. Значи, работата е блазе си му на тој што навреме ќе се помести од умот.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: ,

Денот на победата е во мај

Објавено на 21 April 2017 од erizaov

9maj

Ќе заврши ли еднаш овој циркус, ќе ја биде ли државата – е најчестото прашање во Македонија, кое нема ден да не го слушнам цели две години. Ако се направиш на „тошо“ и да прашаш кој циркус, која држава, ризикуваш да те загледаат како мува во маштеница и да те прогласат за несаглам, за чукнат… Ако, пак, сакаш да изигруваш „баба Ванѓа“ или оџата од Битола, ѓоа си добро информиран и почнеш да мудруваш дека мора да се почитува Уставот и законите и дека правдата и правото ќе победат, дека само прашање е на денот кога партиите, кои по регуларните избори го сочинуваат мнозинството во парламентот, ќе ги преземат своите уставни надлежности и одговорности, ќе го конституираат Собранието и ќе формираат нова влада, дека тоа е историска неминовност, бла, бла, бла… нема да си го доречеш зборот, следува следното прашање: аман, бе, тоа го знаеме сите, кажи кога тоа ќе се случи, денес утре, за десет, дваесет, сто дена, за година, две, три… И што ќе биде дотогаш со државата и со граѓаните.

Се сомневам дека некој на дуњава го знае одговорот на прашањето кога ќе падне старата и ќе дојде новата власт во Македонија. Засега се знае само дека е рикната власта, дека е паднат режимот, ама се’ уште владее неприкосновениот водач и не си оди. Му се може. Вождот е со неограничена власт, иако не е крунисан за цар, ниту е премиер, ниту е претседател на државата, ниту е спикер на Собранието, ниту е министер, ниту командант на армијата, ниту е генерал, ниту е врховен судија, ниту поглавар на црквата. Тој е сето тоа заедно, се’ е во рацете и во главата на еден човек, кој формално и де факто се води само како претседател на внатрешна револуционерна организација, која е и политичка партија, единствена од тој тип, а легална во Европа. Според некои познавачи на парламентарни демократии тоа е единствена револуционерна партија во светот која е на власт и во опозиција истовремено. Лидерот на таквата револуционерна организација е помоќен и од средновековен деспот. Тој управува со парламентот, со владата, со претседателот на државата и на Собранието, со Уставниот, со Врховниот суд и со сите судови и обвинителства, командува со армијата и со полицијата, со тајните разузнавачки служби, тој единствен го има клучот од државната каса и тој одлучува колку пари на граѓаните денеска ќе потроши, или за колку ќе ги задолжи во странските и домашните банки и нив и нивните се’ уште неродени деца. Под негова команда се и четите со црни маици, кои спонтано, на замолница на началството на организацијата, се формираа како патриотски формации во одбрана на татковината од „клетите шиптари“ и македонските предавници. Тие се заштитници кои треба да им влеат самодоверба и храброст на колоните загрижени граѓани кои секој ден маршираат низ Скопје и низ македонските градови за одбрана на македонскиот јазик, идентитет, име, знаме, химна, унитарност, неделивост на државата, за заштита на слободата и демократијата, за заштита од федерализација, кантонизација и редефинирање, од распаѓање и целосно уништување.

Луѓето протестираат секој ден, иако таква опасност од нигде нема, освен во главата на вождот и неговите следбеници како единствена можност за одбрана од судската правда за злоделата за кои се осомничени по 11-годишно неконтролирано владеење. И сега оди ти во еден ваков хаос, во ваков амбиент на војна на живот и на смрт, конституирај Собрание или избери нова влада, рипни во котелот што врие. Низ Скопје не маршираат само граѓани кои протестираат во одбрана на осомничените властодржци, туку и одреди специјалци со автомати во рацете видливо распоредени пред јавните институции. Борните коли навечер и воените хеликоптери од сабајле се убави пораки за безгрижен почеток и за крај на денот во заробена Македонија од опасни узурпатори.

И сега што мислите, дали навистина е причина да не се дава власта по никоја цена поради декларацијата на албанските политички партии, која е обилно сервирана во јавноста како тиранска платформа. Дали е тоа главен адут за кршење на Уставот и на законите или се работи за досега невидена во светот заштита на осомничената власт. Дали верува некој во државата ако албанските партии ја повлечат платформата дека е отворен патот за мирно предавање на власта и непречено конституирање на парламентот и владата. Јас во тоа не верувам. Ставам две раце во оган дека истиот миг по еден таков потег ќе се измислат уште сто причини.

Прво, веќе сите забележаа дека никој од врвот на власта од албанските партии не побара такво нешто. Барањето е упатено до македонските партии кои го предводат новото мнозинство да ја одбијат платформата на албанските партии. Да се одбие тоа што веќе тие самите го прифатија, освен само една точка, многу значајна, се разбира, само за нивната судбина, а тоа е да се спречи правдата и да се амнестира криминалот. За тоа во овој момент е неопходно да се сотре Специјалното јавно обвинителство и да се прифати партиската и политичка акција на новиот тазе избран претседател на Врховниот суд, кој заедно со партиското мнозинство во Уставниот и во врвот на кривичниот суд, сите во спрега со јавниот обвинител да се отфрлат истрагите и обвинителните акти на СЈО, бидејќи доказите се стекнати на незаконски начин, односно преку незаконско прислушување. На вака перфиден начин осомничената власт сака да го поништи специјалниот закон донесен едногласно во парламентот, токму поради таа цел да се овозможи истрага по содржините на прислушуваните разговори кои се незаконски направени, но преставуваат грубо кршење на човековите права и се извонредна база со изобилство од автентични непосредни сведоштва за голем криминал и корупција, фалсификување избори, незаконска пресметка со политички противници, со нарачки на судски пресуди… и уште голем број тешки кривични дела. Специјалниот закон за работа на СЈО донесен во парламентот едногласно со таа намена и не може да се укине со цел да се попречи правдата. Секој таков обид е кривично дело за подривање на политичко економскиот систем, односно на државата, дело кое не застарува.

И сега, што преостанува. Каде е решението во една ваква лимбо ситуација кога власта што не сака да ја прифати реалноста го спречува насилно новото парламентарно мнозинство да ги преземе своите уставни надлежности. А тоа, соочено со неможноста со блокадата и во парламентот, не може да го направи по мирен пат без крвопролевање. Власта која не сака да замине во опозиција и покрај тоа што не може да формира влада, всушност повикува на граѓанска војна.

Во тој случај, иако бавно, сепак светот не останува понастрана. Казната ако не од внатре, ќе стаса од надвор. Последните пораки кои доаѓаат од Америка и од ЕУ јасно кажуваат дека ќе нема толеранција за узурпаторите на власта. Читајте ја внимателно пораката на Стејт департментот усогласена со Брисел: „Политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето влада, го обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и на регионот пошироко. Ние ќе работиме со нашите европски партнери на охрабрување на овие политичари да престанат со нивните опструкции, вклучувајќи го и земањето на одговорност за нивните постапки“. Ова врвот на револуционерната организација, вклучувајќи ги и пратениците во парламентот и медиумските подбуцнувачи на омраза и граѓанска војна треба внимателно да го читаат пред и по секој оброк.

П.С. како епилог. Светот на 9 мај редовно ја одбележува победата над фашизмот, но неговите рецидиви во најразлични неофашистички и нацистички нови форми се’ уште не се искоренети до крај и опстојуваат како пиреј. Во мај и во Македонија ќе се одбележи денот на победата над фашизмот. А пирејот… што е со пирејот. Ќе се исчисти, ама и нешто ќе остане. Светот секогаш го одбележува 9 мај како победа, а Југославија тоа го правеше на 15 мај, шест дена подоцна. Така ќе биде и сега во Македонија.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Алооо… претседателе, не треси зелени

Објавено на 19 April 2017 од erizaov

ivanov

Меѓу големиот број абнормалности кои добија право на граѓанство во Македонија е да се величаат и прикажуваат за храбри луѓето кои целосно го подржуваат режимот. Херојство стана да се бранат јавно високите функционери осомничени за нарушување на човековите права и слободи, за криминал, за корупција и за злосторничко здружување за кроење изборни резултати и уште еден куп кривични дела вклучувајќи го и попречувањето на правдата. Многу храбар подвиг е во Македонија да се протестира јавно за поништување на регуларни избори, за спречување на конституирањето на Собранието и мирно предавање на власта на мнозинството. Ептен е патриотски чинот да се застане зад шака луѓе кои ја узурпирале власта и владеат без никаква контрола.

Меѓутоа, врв на оваа какофонија во која се гуши државата и на која со загриженост гледаат голем број пријатели на Македонија и познати светски државници, политичари, деловни луѓе, јавни личности е однесувањето и јавните настапи на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Човекот кој се’ уште се претставува како претседател влезе во филм дека е многу храбар и почна да верува на лагите што му ги сервира Никола Груевски преку медиумската машинерија на ВМРО-ДПМНЕ. Се умислил нашиот претседател дека е вистина што пишуваат апологетите, па верува дека навистина ја спасува татковината. На сите страни почна да тресе зелени. Некни му раскажува на еден странски новинар цртани филмови од политичката, духовната и моралната криза која со години ја тресе Македонија. Нашиот мудар претседател вели знаете се’ беше готово ДУИ и ВМРО-ДПНМНЕ да потпишат договор за коалиција и поделба на власта. Се’ било договорено, меѓу старите партнери, арно ама заѕвонил телефонот. И крај, ништо од бизнисот. Новинарот останал зинат. Одвај изустил кој телефонирал… Ееее кој… кој де… истражувај, ти си новинар ќе дознаеш, му рекол нашиот голем ербап Ѓорге.

Спроведов една мала анкета меѓу познатите македонски новинари дали знаат кој и каде заѕвонил и го расипал договорот меѓу Али Ахмети и Никола Груевски, односно меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ спокојно да си владеат до 2020 година и понатаму ако треба. Еве ги одговорите: моите колеги стопроцентно сите до еден велат дека Америка, односно американскиот амбасадор Бејли му зврцнал на Ахмети и готово договорот пропаднал. Веднаш му се јавив на Бејли и викам ти ли си тој угурсус што ја расипа идилата, а тој без око да му трепне вели да јас сум тој. Аууу… му велам како не ти е срам да се мешаш во изборни коалиции, па тоа е непростлива навреда за една суверена и самостојна држава каква што е Македонија. Срамота, голема брука. Треба веднаш да те протераат. Знае ли за ова претседателот Доналд Трамп.

Да, рече, Трамп знае и ме пофали, а набргу очекувам и претседателот на Македонија господинот Ѓорге Иванов да ме одликува со најголемото државно признание што се доделува на странски амбасадори, поради тој телефонски повик со кој ја спасив Македонија. Чекај, чекај, што зборуваш, човече, како си ја спасил Македонија. Па така, се’ е вистина како што изјавува вашиот претседател. Се’ беше договорено меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ целата тиранска платформа, сите барања на Ахмети беа прифатени, само она знаете за СЈО беше одбиено. Ахмети и Груевски сериозно ја загрозија унитарноста на државата која ние ја гарантиравме со Охридскиот договор. Исто така двете страни договорија дебата за пристап кон федерализација, кантонизација, промена на знамето, химната на државата и за отпочнување на преговори со ЕУ со нужна промена на уставното име на државата. Исто така двојазичноста требаше да се прошири уште повеќе од она што го предвидува Законот од 2008 година што го донесоа Груевски и Ахмети на мала врата. Покрај задолжителното учење на албански јазик на сите граѓани се предвидуваше сите институции на системот да даваат услуги и на албански, на парите да пишува на албански, на службените униформи, насекаде во државата да почне процесот на целосна албанизација. Ние како стратегиски партнери на Македонија не можевме да поминеме преку тоа и лично го алармирав претседателот Доналд Трамп веднаш да преземе мерки пред оваа голема светска опасност. Тој веднаш ми се јави и ми рече да го замолам господин Ахмети веднаш да се откаже од потпишување на договорот.

Кога сето ова го дозна претседателот на Македонија, господинот Ѓорге Иванов, одлучи да ме одликува со орден за заслуги со златен венец. Му велам на Бејли, ти си играш мајтап со мене. Не, вели мртов сериозен… Прочитај ја уште еднаш изјавата на претседателот Ѓорге Иванов и ќе видиш дека се’ било договорено, само мојот телефонски разговор го расипал дилот…

Аман бе, Бејли, па ако ти не си, тогаш кој е. Прашај го, вели, Еди Рама, можеби тој знае. Му се јавувам на Рама, а тој како Бејли веднаш ја прифаќа одговорноста и како од пушка вика, да јас ја спречив тиранската платформа. Ајде оди сега разбери. Тој ја направил, па потоа ја спречил. Така ти е тоа во политиката, вели Рама, јас ја направив, ама ми се јави Меркел и ми вика веднаш да ја урнеш таа платформа. А знаеш ти за мене Меркел е закон. И овој Рама си игра мајтап. Па добро бе, му викам, нема смисла, кој му ѕвонеше на Груевски да го откаже договорот.

Па, човече, Ахмети кој друг. Него му ѕвонеле со денови во ушите 700.000 луѓе да не потпишува ништо со Груевски. Што можел друго да направи или да го откаже договорот, или да си замине за Швајцарија. Трето нема. А што ќе биде со твојата тиранска платформа, му велам дали сега Заев ќе ја спроведува. Вие немате тиранска платформа, имате тиранска влада. Сменете ја владата како што ви ѕвонат и кажуваат 700.000 граѓани и ќе немате тиранска платформа. Кога има демократска власт нема тиранска, ни каква било друга платформа.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Башибозук во црни маици

Објавено на 13 April 2017 од erizaov

zdruzenija

Граѓаните на Македонија повторно ги плашат оние тркалезни и избричени глави со златни синџири на дебелите вратови и истетовирани раце и нозе со голи женски, со револвер и кама, а под нив капе крв од буквите на испишаната заклетва: слобода или смрт за Македонија. А, сирота Македонија распослана на сало од големиот пивски стомак останува покриена со црна маица. Тоа е прототипот на најновата генерација мирољубиви патриоти, спонтан башибозук, мобилизиран преку лелекот на ВМРО-ДПМНЕ божем за спасување на татковината. Задолжително побарајте лекарска помош ако ве воодушевуваат четите построени за смотра на повик на „манифестот“ во одбрана на врвот на власта осомничена за арамилак и која ја попречува правдата. Во таков случај мора нешто да не е во ред со вашето ментално здравје. Можно е да сте го изгубиле здравиот разум.

Тоа е првична слика која стана веднаш разбирлива со прозивката на четниците и војводите во строј пред телевизиските камери. Се разбира, на секого му е јасно дека спонтаноста на патриотите е голема лага. Но, адресата на духовните водачи и команданти на овие црни чети мора прецизно да се соопштат уште сега бидејќи не е во прашање само уплашеното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое ја изгуби власта на избори и сега мора да се соочи со правдата. Зад оваа гротеска на враќање во 19 и почетокот на 20 век со застрашување на сопствените граѓани покрај осомничениот врв на власта стојат и неколку бесмртни мудреци во Македонската академија на науките, неколку прагматични партиски активисти на универзитетите, портпароли на ВМРО-ДПМНЕ кои во слободно време се занимаваат со професура и со предавања на студентите како да се загине херојски за татковината бранејќи осомничени политичари за грабеж и за осиромашување на граѓаните.

Има тука и неколку литерати постојано дежурни инспиратори за вооружена пресметка со непријателот, меѓу кои и познати писатели и поети, пишувачи на патриотски ремек-дела кои чекаат на министерското биро за потпис државата да ги отпечати собраните дела оти никој не е заинтересиран за таква залудна инвестиција. Во ова друштво има и неколку актери кои знаат прекрасно и ептен сугестивно да одглумат љубов кон татковината удирајќи се до модринки во гради. Во овој хор задолжителен е настапот и на по некој пејач кој го изгубил добриот глас, па сега секој ден ја пее химната на отворена сцена и паѓа во вознес од овации и аплаузи. Ќе претрча во кадарот и по некој сликар и поранешен дипломат загрижени за успешноста на кариерите на своите деца и внуци. Но, во најсрамна улога се неколку медиуми и уредници кои сеат омраза со своите манипулации, лаги и спинови. Тоа се лешинари, воени подбуцнувачи и ловци на вештерки, секој ден измислуваат непријатели и откриваат предавници. Станува збор за корумпирани послушници кои од новинарската професија направија пачавра.

Со оваа патриотска војска која Никола Груевски ја прекрсти во „народ“ одат како логистика еден куп самонабедени интелектуалци кои обожаваат да даваат изјави на телевизиите и по весниците, по интернет-порталите за светскиот заговор на големите сили во спрега со домашните предавници за уништување на Македонија. Ако ги прашате зошто некој од големите сили и нивните странски платеници сакаат да ја нема Македонија, ќе ве гледаат како теле во шарена врата. На такви до зла бога логични прашања никогаш немаат одговор. Како тоа некој може да се сомнева во намерите за уништување на Македонија. Па тоа ни е наследство по раѓање. Таа е нашата прва лекција во животот уште пред да станеме полнолетни, најчесто задоени заедно со мајчиното млеко. Тоа е ужасната измама која прави пустош со децении и векови во свеста на Македонецот за големиот заговор дека сиот западен свет и сите наши соседи сакаат да ја уништат Македонија. А, зошто тоа го сакаат е непристојно да се праша.

Има неколку трагикомични обиди кои постојано се верглаат од нашите големи „мудреци“ и стратези за конспирации, откривачи на најголемите светски тајни да се одговори на овие прашања. Мотивите за уништување на Македонија од големите сили е поради нашето славно минато, нашиот национален идентитет и јазик кои сакаат да ни ги одземат. Ние сме папокот на светот, главна раскрсница на патиштата кои одамна не водат никаде. Ние имаме многу злато, дијаманти, нафта, гас, берилиум, ќумур и студена и бистра вода. Ете затоа треба да бидеме постојано подготвени да не ни го земат најсветото, тоа е нашето славно минато, прекрасната сегашност и фантастичната иднина, библискиот и небесен идентитет.

Духовен татко на таа одбрана на Македонија и на патриотските чети и командант на момците во црни маици е Никола Груевски. Не станува збор за здруженија на загрижени вљубеници во татковината и доброволни спасители на Македонија, туку на паравојска собрана да ги застрашува 700.000 граѓани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми Бошњаци, Власи и други кои одговорноста за политичката криза ја препознаа во ВМРО- ДПМНЕ и нејзината субверзивна активност со узурпација на власта заради спречување на правдата. Со закани на паравојски кои се во содејство на тајната полиција се поништува волјата на гласачите и се оневозможува веќе формираното мнозинство во парламентот да ја управува државата во наредните четири години. Тешко кривично дело за кое еден ден мора да седнат на обвинителна клупа повеќе познати, сторители, но засега недопирливи јавни личности, не само во политиката.

Се оневозможува големата историска шанса грубо кршејќи ги законите и Уставот, новите власти да покажат на дело дека се подготвени за спроведување темелни реформи, за прифаќање на европските критериуми за напредок во евроатланските интеграции и за европеизацијата на Македонија. Стравот е од изгледноста новата влада и парламент навистина да ги ослободи институциите на системот, да ги ослободи контролираните медиуми и судови, да покаже на дело дека не е во прашање ни федерализација, ни кантонизација, ни некакво нарушување на унитарноста, ни кршење на Уставот, ниту промена на името на државата, на химната и на знамето.

Не беше така одамна кога во бившојугословенските простори ги видовме крвавите трагедии кои секогаш почнуваа со појавата на паравојските и параполициските сили во одбрана на татковината. Сите тие беа патриотски бригади формирани од доброволци, од граѓани кои си ја сакаат неизмерно татковината. Тоа беа добри момци кои не напаѓаат никого, но ако некој ги нападне, ја бранат својата чест, достоинството на граѓаните и ја бранат со сите сили загрозената држава од непријателите. Несреќата е во тоа што штом се појават четници, веднаш тука се и усташите, штом се постројат комитите се пребројуваат и балистите, штом ред се редат сејмените, ќе се појават и шумкарите.

Духовните и световните водачи на овие патриотски чети бегаат како муви без глава кога ќе ја изгубат контролата врз нив. Тогаш настапува башибозукот без команда одредувајќи сам кои се јагнињата за колење што им ја матат водата на волците иако пијат вода далеку низводно, под нив. Затоа никого нека не залажува ни Груевски ни ВМРО-ДПМНЕ, не станува збор за никакви граѓански здруженија на патриоти, туку паравојски на ВМРО- ДПМНЕ под команда на Груевски за заплашување на граѓаните кои бараат преку своите избраници во парламентот спроведување на изборните резултати и почитување на Уставот. Голема лага е дека битката за Македонија се води во парламентот. Таму освен блокада на мнозинството, нема ништо друго. Груевски ја води битката против Македонија со закани на партиска војска, со партиски организирани протести, со впрегнување на сите судски инстанции против Специјалното обвинителство со единствена цел попречување на правдата. Го гледате ли оној циркус со Врховниот суд и со новиот претседател кој уште не ја врзал чалмата станал оџа и одработува за својот Господ да го оневозможи СЈО.

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се прочитани. Тие не водат војна за Македонија ниту во парламентот, ниту каде било на друго место. Тие ја узурпираа власта која ја загубија на избори и сега организираат хаос да се спасат од соочување со правдата. Ништо друго. Тоа не може да успее ако има држава и народ.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Операција спасување на криминалци

Објавено на 08 April 2017 од erizaov

manevski

Михајло Маневски, креаторот на вмровскиот правосуден систем, ја обнароди радосната вест дека на 30 јуни Специјалното јавно обвинителство заминува во историјата. Поранешниот министер за (не)правда ги израдува до солзи радосници граѓаните на Македонија дека на тој ден истекува рокот од 18 месеци за поднесување нови нарачани обвиненија против најчесната власт во историјата на Република Македонија од нејзиното постоење до денес, полни 73 години. Почесни, поскромни и подомаќини политичари на власт цели 11 години, Македонија немала, ниту пак некогаш ќе има. Маневски жизнерадосно ни соопштува дека по 30 јуни СЈО веќе не може да поведе предистражна или истражна постапка и не може да поднесува обвинение. Тоа е рок кој не може да се продолжи.

Алал вера. Боже, какво олеснување, каква радостија ја зафати цела Македонија. Нема веќе истраги и клевети на невини функционери со чисти раце. Предлагам на 30 јуни на сите плоштади низ државата да се одржат прослави. На градскиот плоштад во Скопје да има голема централна сенародна веселба до зори, да се слави победата на правото и правдата со 12 топовски плутони. Всушност, тоа ќе биде историски ден, спасовден, триумфален крај на операцијата за спасување на големите патриоти од врвот на власта, на народните заслужни дејци неправедно осомничени за повеќегодишно нарушување на човековите права и слободи со незаконско држење под надзор на над 20.000 граѓани. На 30 јуни престануваат да се поднесуваат нови обвиненија и истраги кои произлегуваат од прислушуваните разговори за кривични дела на осомничени за организиран криминал, за злосторничко здружување за изборни фалсификати, за баснословна корупција, за уништување туѓ имот, за нарачување судски пресуди против политички противници, за уништување државен имот, за насилство и закани и уште десетици тешки кривични дела кои спаѓаат во делот кривичното право, кој означува подривање на општествено-економскиот и политичкиот систем, кршење на Уставот и досега невидена злоупотреба на функциите и овластувањата. Тоа се навистина тешки обвиненија, кои ако продолжат и натаму да се поднесуваат, ќе треба судовите ништо друго да не работат со години, бидејќи ако се докаже половината од тоа за што веќе е отворена истрага, на осомничените ќе им треба по три животи за да ги отплатат гревовите што ги направиле.

Тогаш зошто Маневски ја обнародува оваа вест како првокласна сензација, иако е бајата повеќе од 16 месеци, практично е позната од денот на формирање на СЈО и неговото едногласно озаконување во Собранието. Одговорот е многу едноставен: поранешниот министер за правда, човекот кој го осакати правосудниот систем во сите инстанции и кој го стави под партиска контрола комплетното судство, влегува во завршната кампања на попречување на правдата и владеењето на правото со тоа што божем стручно и јавно докажува дека СЈО е нечија нарачка, иако е прифатена од сите релевантни политички парти и озаконето нејзиното работење едногласно во Собранието на Македонија. Со тоа Маневски се приклучува кон политичката и партиска активност на докажување на невиноста на осомничените политичари со пропаганда и со јавни настапи во контролираните медиуми, а не во судот.

Ова е најлицемерното и најдрско попречување на правдата со извртување на фактите само да се охрабри врвот на ВМРО-ДПМНЕ и да се влијае врз сведоците со застрашување дека еве готово е со СЈО кое заминува во историјата со незавршена работа, бидејќи тоа се политички нарачани обвиненија и истраги, па така наместо во суд треба да се угасат како ништо да не било, со завршување на мандатот за поднесување обвиненија и почнување на нови истраги. Односно со ослободување од сите обвиненија на осомничените и компромитирани политичари од највисокиот врв на власта.

Се разбира дека станува збор лесно видлива и прочитлива дрска лага и манипулација. Специјалното обвинителство останува уште долго во правосудниот систем на Македонија, поточно додека не си ја заврши својата работа за веќе поднесените обвиненија и истраги и за тие што допрва ќе ги поднесе до 30 јуни. А, најверојатно и потоа, ако биде поважна правдата од неправдата. Не само тоа, туку набргу по промената на власта, овластувањата на СЈО и нејзиниот мандат ќе бидат предмет на сериозна дебата во парламентот, каде што ќе се дознаат многу работи кога веќе не ќе може да се попречува правдата пред ослободените судови и обвинителства. Потребните две третини од гласовите за зголемување на овластувањата на СЈО може да ги обезбеди и ВМРО-ДПМНЕ, соочено со првите судски пресуди на ослободените судови од контрола и од притисоци. Многу работи ќе се сменат и во самото ВМРО-ДПМНЕ, кое ако не сака да оди во расуло, ќе мора да се соочи со тешките злоупотреби на своето раководство.

СЈО и според законот со кој е формирано и според надлежностите што ги има треба да си ја заврши работата за сите досега поднесени предмети и за тие што во наредните два и пол месеци ќе ги поднесе. Кога ќе престане притисокот врз судовите и обвинителствата, и кога во судските инстанции ќе дојде до промени за кои одлучува обичното парламентарно мнозинство, СЈО ќе се соочи со сериозна конкуренција од редовното јавно обвинителство, кое досега беше еден од најголемите попречувачи на процесуирање на предметите на СЈО во редовните судови.

Јавноста е запозната дека има извонредни професионални делители на правда меѓу судиите кои се оневозможени да судат за дела од областа на правото кое најдобро го знаат. Тие подолго време се преместени на несоодветни работни места. Сите тие со ослободување на судството од партиските стеги ќе се вратат на своите работни места во кривичниот суд и во специјалните одделенија за судски постапки за организиран криминал, перење пари, корупција и особено во делот за нарушување на човековите права и слободи, незаконско масовно и повеќегодишно прислушување на илјадници граѓани, јавни личности, функционери, министри, пратеници, претседател на државата, политичари, странски дипломати, новинари, деловни луѓе…

Залудни се обидите на Михајло Маневски со пропагандни пораки да се задржи стариот контролиран судски систем, во кој не е кривично гонет ниту еден политичар од врхушката на актуелната власт во изминатите 11 години. Тоа е чудо невидено, дури и за скандинавските земји кои се на врвот на скалата како најуспешни во сузбивањето на организираниот криминал и корупција. Во Данска, Шведска, Норвешка, Холандија има повеќе високи функционери кои се осудени за криминал и злоупотреба на овластувањата отколку во Македонија. Поточно, во Македонија нема ниту еден. Да не зборуваме за бројот на оставки во овие земји кои се поднесени под притисок на јавноста и по обелоденување на скандалите во медиумите. Во Македонија откако е ВМРО-ДПМНЕ на власт не е поднесена ниту една оставка на висок владин или партиски функционер затоа што бил, или е во средиштето на корупциска и криминална афера. Напротив, и тие оставки што се поднесени и од страна на поранешниот премиер Никола Груевски и неговите најблиски соработници се претставени во јавноста како изнудени поради меѓународен притисок врз невини луѓе.

Веќе на сите им е познато дека ако предметите на СЈО не добијат судска разврска од независни судови и судии, дефинитивно тоа е крај на државата, државен удар и јавно прогласување на Македонија за режим во рацете на власт која го укинува правото и правдата. Тоа би значело дека нема да дојде до промена на власта и покрај коалицијата на партиите кои имаат мнозинство во парламентот. Државата и натаму останува заробена. Ваквите памфлети на еден поранешен министер за правда кој го создал овој правен монструм ја потврдуваат тезата дека не е во прашање ниту одбраната на унитарноста на Македонија, ниту опасноста од федерализација и кантонизација, ниту зголемување на правата на Албанците во употребата на јазикот, ниту се работи за редефинирање на уставниот систем, ниту за промена на знамето, химната или уставното име на државата. Туку во прашање е тешка надземна и подземна војна за спасување осомничени функционери од независни и непристрасни судски постапки. Ништо друго.

Затоа правдата мора да победи. Иако задоцнетата правда стана голема неправда.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Кој си бе ти …

Објавено на 05 April 2017 од erizaov

 

gruevski silueta

Кој си бе ти, ајде стани и покажи се, да те видиме сите што величина и големина од човек ќе беше, па си земал без срам и перде перце во рака во оваа земја, која ја претвори со твоето владеење во безнадежија. Кој си ти да пишуваш манифест до осиромашениот народ. Како не ти е срам да им се обраќаш на граѓаните кои се испокрадени, понижени, исцедени како лимон од најопасните ајдуци облечени во костуми и вратоврски. Кој си бе ти со манифест да се браниш себеси од судот и од законите и да ги браниш со лаги своите поданици, осомничени политичари за криминал и големи злодела против својот народ.

Кој си бе ти да пишуваш манифест и да се повикуваш на славниот документ од Крушево. Што е, сакаш ли ново востание за одбрана на твоите арамилаци и арамии. Кога повикуваш на национално и државно единство на кого мислиш? На тие што имаат единствен матичен број родени во татковината, или тие на кои им праќаш закани секој ден со колоните на срамот кои маршираат по скопските улици, или пак им се обраќаш на тие за кои ти проповедаш дека ова не е нивна матична земја, затоа што ти така си умислил и пресметал да се спасуваш со сеење омраза и нетрпеливост. Повикуваш ли ти со твојот манифест на крвопролевање криејќи се зад лажно единство. Кој си бе ти што си дозволуваш да го уриваш редот и поредокот по твој ќеф. Да го скрнавиш Уставот, да не ги почитуваш законите, да ја узурпираш власта која си ја изгубил на избори, да не го признаваш гласот на мнозинството граѓани, да го блокираш парламентот, да не дозволиш да дојде до историски промени и да работи непречено владата која има зад себе 67 пратеници избрани од 700.000 граѓани. Кој си бе ти што си ги заробил и судовите и медиумите и компаниите и целата држава сите да играат на твојата свирка. Кој си бе ти што секоја вечер ни влегуваш во домовите неканет, не гушиш и ни ја одземаш слободата. Кој си бе ти што зајмиш милијарди евра од светските и домашните банки во наше име и потоа ги арчиш во твоја слава, без да дадеш отчет каде отидоа нашите пари. Кој си бе ти што го попречуваш членството на Македонија во европското семејство и во НАТО. Кој ти го дава тоа право? Русите или Грците, или ти сам на себе си ги даваш сите права.

Кој си бе ти што лажно бараш владеење на правото во твојот манифест. Па кој ти бранеше цели 11 години да го примениш владеењето на правото, наместо владеење на кривото и арамиското. Па поради твоето непочитување на правото и правдата, поради заробување на целото судство, имаме специјално обвинителство од кое ти се тресат коските. И сега без срам бараш владеење на правото по твој терк. Нели.

Кој си бе ти што бараш попис со манифест. Па, со години не го направи да не се видат твоите изборни и други фалсификати. Кој си ти што дозволи да се одлага со години најголемата стопанска и економска операција без која не може да се планира идниот развој на земјата. Кој закон, чија одлука беше да го спречиш пописот и да ги фрлиш милионите долари во време кога веќе почна да тече пописната операција. Кој ти го дозволи тоа самоволие и таа невидена и нечуена ароганција да правиш што сакаш. Кој си бе ти да праќаш манифест до народот во кој ти сам одредуваш кои се тоа државни и национални интереси, а си го блокирал народното Собрание да не работи за да не останеш без власт. Кој си ти да повикуваш на национално и државно обединување кога си компромитиран политичар осомничен за повеќе кршења на законите.

Кој си бе ти да повикуваш на единствен јазик, а не знаеш ниту еден, дури ни мајчиниот не си го знаеш добро како што доликува на еден национален политички лидер. А, најмалку го знаеш јазикот што треба најмногу да го знаеш, тоа е универзалниот јазик на толеранција и меѓусебно разбирање и почитување меѓу различните по нација и вера. Кој си бе ти да им судиш на луѓе без суд, да нарачуваш да им се следи секој чекор на тие што не мислат како тебе, да се прислушуваат и да се држат под надзор со години илјадници граѓани. Дали уште ќе се правиш на тошо дека не сфаќаш колкаво е твоето злодело што си бил на најодговорната позиција додека со години некој го правел најмасовното кршење на човековите права и слободи. Како можеш за тоа да не се чувствуваш виновен, па макар и не знаел дека некој ти прави швајцарско сирење од безбедносниот систем.

Ајде подсобери се и пушти ја Македонија да дише слободно без твоите чети по улиците и без фалшиви манифести. Најди си подобри адвокати од овие кои сега му наредуваат на судот и соочи се со правдата на непристрасен суд и судија. Направи, конечно, нешто добро за Македонија. Оди си.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

April 2017
M T W T F S S
« Mar   May »
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930