Archive | March, 2017

Tags:

Македонија подобра и од Белорусија и од Русија

Објавено на 31 March 2017 од erizaov

fudbal

Македонија пак играше фудбал пред речиси празни трибини. Но, овој пат за тажната слика кога државна репрезентација дава голови без навивачи има силно оправдување. Тој ден како и секој имаше нешто многу поважно од фудбалот. Големите патриоти беа многу зафатени и не можеа да дојдат во „Телеком арената“ да навиваат за Македонија. Тие со денови викаат „Македонија, Македонија, Македонија…“, бучни се на едни други арени, фанатично навивајќи за Груевски и дружбата да дојде до промена на резултатот по одиграниот натпревар пред повеќе од три месеци. Храбро го спасуваат сенародниот спасител и цела Македонија, да можеме ние предавниците и непријателите на раат да гледаме фудбал и да уживаме во победата.

Додека ТВ-камерите ги одбегнуваа празните трибини затскривајќи го срамот, си помислив голема штета што не дојдоа, можеа да направат чудесен перформанс на натпреварот со нам блиската, по многу нешта, Белорусија. Ќе имаше голема симболика. Бевме подобри и ги тепавме три нула. Да стасаа само 15 отсто од 200.000 патриоти што секој ден ја спасуваат државата, ќе беше полн и стадионот и скопските улици. Арно ама тоа беше неизводлива операција, бидејќи Градскиот стадион има точен број седишта, некаде над 38.000. Ќе се видеше апла дека не можат да наполнат ни две трибини заедно сосе предавниците и тие што сакаат повеќе да ја гледаат Македонија како игра фудбал отколку како се дави во жив песок. Дроновите што летаат над улиците и ТВ-камерите пред Собранието и пред Владата не се исто што и камерите насочени кон трибините на Градскиот стадион. Се гледа се’, и кога и полно и кога е полупразно, и кога е ептен празно.

И дадовме три гола на пријателска Белорусија и отидовме во Дебар Маало во убава пролетна вечер да ја прославиме победата. Не е мала работа да бидеш подобар од Белорусија во што било, па и во фудбал. Ако продолжиме вака, ќе ја престасаме и Русија. Замислете каква историска глетка би била како во ложата заедно седат Владимир Путин и Николаj Груевски и уживаат во големата игра, по која Путин му честита на Груевски и му признава дека сме понапред и од Русија. Што да ви расправам – Русија и ние.

Во исто време деновиве Македонија игра повеќе натпревари на домашен и на меѓународен терен. Овие тајни „утакмици“ не ги доживуваме како пријателски, иако сите, па и судиите, не’ убедуваат дека ни попуштаат да победиме, ама нема кој да даде гол. Немаме голгетер. Секој ден ни свират по неколку пенали, ама нашите стрелци никако да го погодат голот. Цело време шутираат или во аут или во публиката.

Македонија живее и се задушува во лимбо позиција. Има влада како да нема, има премиер како да нема, има претседател како да нема, има парламент како да нема, има народ, како да нема… Ни се изредија да не’ подучуваат и да ни помогнат коџамити луѓе од цел свет. Сите ни велат, абе што чекате, голот е празен, само треба да шутнете и да го погодите просторот меѓу две стативи. Ништо од тоа, бидејќи на натпреварот некој го украл фудбалот и тимовите играат без топка. Па така, едни си одат други доаѓаат. Само што си замина со својот тим Јоханес Хан, капитенот на ЕУ за проширување, а еве го, ќе доаѓа Доналд Туск, претседател на Советот на ЕУ. Двајцата наши премиери, и Димитриев и Груевски, лобираат за Македонија на Малта, ако треба за татковината ќе одат и на Јалта додека си заминат неканетите гости. Претседателот Иванов откако се врати од патот на свилата се подготвува за пат во Стамбол град, имало некој многу важен семинар за тоа дека на тркалезна маса челото се одредува по тоа каде седи пашата. Добро де, разбирате ќе оди човекот колку да не е дома при оваа калакурница.

Германскиот Бундестаг расправа за Македонија, праќаат повторно порака од Берлин педантните Германци, чинам, петнаесетта по ред од 11 декември наваму. Велат: претседателот Иванов веднаш да го даде мандатот на партиите кои имаат мнозинство во парламентот. Иванов им вели малку морген, јаваш, јаваш, лангзам лангзам… тоа не оди така. Вашата молба ќе ја разгледам кога ќе се вратам од Цариград. Замислете, ова претседателот Иванов знае да го покаже без да изусти ниту еден збор. Тоа ти се вика синхронизиран говор и на телото и на мозокот.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, е вистински шампион, голем голгетер, најверојатно од идната недела ќе биде и премиер и претседател и на државата и на парламентот. Сака да биде исто како нашиот Груевски. Ама тоа е неизводливо, бидејќи Груевски не е ни премиер, ни претседател на државата, ни на парламентот, а ги извршува сите тие функции, а има уште најмалку десетина. Вучиќ ќе ги добие гарант изборите со извонредната доктрина осмислена во московска платформа. Вучиќ и Путин нема да дозволат македонизација и редефинирање на Србија. Панимаеш. Генијално стокмено. Велат, Вучиќ ги исплашил Србите од македонско сценарио на опасни странски замешателства. Е, тоа не проаѓа во Србија, баш за инает на цел свет.

Путин му дувна во грбот и на Груевски со истата московска платформа како српската, само малку свртена од наопаку. Го замолил Вучиќ да ни соопшти дека место прозападниот и послушен Заев, се’ помил и подраг им станува Груевски, колку што е повиката на западниот свет против него. Исто како она што беше со Тито. Се сеќавате на она: „Што су веќе клевете и лажи, то нам је Груевски дражи“. Па така додека Москва го поддржува Вучиќ да стане и претседател со платформа против македонско сценарио во Србија, Груевски пак живее во надеж дека ќе ја сочува власта со заплашување на Македонците од албанско сценарио.

Бугарите, пак, по нивните избори направија намерно бугарска папазјанија и го признаа правото на партиите кои ќе направат мнозинство во парламентот да формираат влада. Ова Борисов го направи максус за инает на Груевски оти со него не сака да пие ни кафе. Во Тирана сега тврдат дека немало никаква тиранска спогодба. Во Црна Гора предавниците слават – ќе влезат во НАТО и први се на ред за влез во ЕУ. Оној Лајчак од Словачка се излаја пак дека не знаел кои две од пет земји на Западен Балкан се во распаѓање, а три во тешка политичка криза. Божем ние сме и глупи и слепи, па не гледаме дека мисли на Босна и на Македонија.

Нашите домаќини, како и секогаш кога е густо, кинисуваат на пат околу светот. Гостите си прават дојди ми, ојди ми. Во парламентот вмровците играат бзззз, им удираат шлаканици на тие што лежат и викаат едно те исто чаталигу, паталигу колку се. Пред парламентот се игра руски рулет со пиштол вперен во челото на Македонија.

Па тогаш што функционира. Две работи течат без застој и без никакви пречки и кога ништо не работи. Арамилакот и задолжувањето на граѓаните на Македонија. Тоа си тече без проблеми и застои. Изгледа двете работи се ептен поврзани меѓу себе. Официјално јавниот долг, кој расте како монструм, стаса над пет милијарди евра, а неофицијално вкупниот долг изнесува одвај нешто над седум милијарди евра. Точно ќе знае тој што треба да ги врати парите. Нека му ја мисли. Сега имаме поважна работа. Да се тргне арнаутската платформа.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Ситни души и илеџии

Објавено на 29 March 2017 од erizaov

sobranie

Ситни души, кукавици и илеџии не прават држава, ни можат да ја сочуваат ако друг им ја направил и за тоа платил со животот. Ако беа чисти пред себе и пред законите, ВМРО-ДПМНЕ, предводени од својот врв, ќе заминеа во опозиција со песни и игри низ Македонија. Непоразени, со крената глава ќе ја прифатеа реалноста, ќе кажеа, како што е редот, дека ја примиле пораката на мнозинството граѓани кои сакаат промени, владеење на правото, отчет и повеќе слобода и демократија. Со 51 пратеник во парламентот опозицијата може да ги употребува сите демократски, законски и деловнички средства да ја опструира власта, да критикува и да дебатира, да бара поголеми слободи, остварување на ветеното, нови предвремени избори и се’ што оди со една моќна опозиција која како партија има најмногу пратенички места, ама нема мнозинство. Честа и вообичаена работа во светот на пристојна демократија.

ВМРО-ДПМНЕ избра да го спасува своето раководство осомничено за криминал, ставајќи ја во залог целата држава како на коцкарска маса. Наместо во партијата да ги избркаат на клоци компромитираните политичари, тие одлучија да се вложат себеси и партијата за спас на корумпираното раководство. Прифатија крајно примитивен и инаетчиски начин, со досега невидена опструкција во европската парламентарна демократија, да го понижат и Собранието на Македонија и сите граѓани само да не ја предадат власта на мнозинството. Тоа што се случува во парламентот сега колку и да е тажно и разочарувачки од страна на дружбата на илеџии, сепак за една работа е многу добро. Нека се види убаво и за ќоравите, за еднооките и за сите слепи при очи дека не е во прашање ни државата, ни јазикот, ни унитарноста, ни неделивоста, ни федерализација, ни кантонизација, ни редефинирање на Македонија, туку соочување со судот, со законите и со правдата, ама овој пат без нарачки на пресуди, туку одбрана од тужбите во непристрасни судски процеси, без заштита од позиција на власт и моќ. Во тој случај доколку непречено стасаат пред судот доказите и автентичните сведоштва за злоделата што се направени во овие 11 години, носителите на криминалот самите да се судат, треба да се осудат по едно 20 години затвор.

Она што се случува пред парламентот и пред владата, или пред седиштето на ЕУ, секоја вечер е соучесништво и заштита на криминалот, опасна демонстрација на моќта со лажна одбрана на заедничката држава. Тоа се колони на срамот кои водат во поделба на државата, само поради задржување на власта и неприфаќање на гласовите на мнозинството граѓани. Кога протекоа ТВ-вестите од парламентот и покрај обидите за цензура тоа се гледа ептен јасно. Целиот тој циркус е за непроменливост на власта веќе го разбираат и децата од основните училишта, кои, исто така, беа предмет на манипулации и труење со популистичка и националистичка политика. Веќе почнаа да се поставуваат прашањата ако тие што немаат мнозинство во парламентот секој ден ја покажуваат својата сила, зошто тоа не го направат и тие што гласаа за промени и за владеење на правото. Што ќе се случи ако стасаат пред владата и пред парламентот едно педесет до сто илјади граѓани кои бараат да се почитува нивниот глас и да замине старата власт. Така ли почнуваат граѓанските војни и крвави трагедии?

Во моментот најголемата одговорност за тоа ја има власта која не сака да си замине, кршејќи го Уставот и оневозможувајќи му на мнозинството да формира влада и да ја престави својата програма пред парламентот и пред јавноста. Многу би сакал деновиве некој професионален новинар да го праша Ѓорѓи Наумов, еден од старата плејада вмровци, дали кога прогнозираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владее сто години мислеше тоа да се направи на овој начин. Јас го знам неговиот одговор, но подобро е тој да го каже јавно.

Ајде, доста беа бруки и срамови. Пакувајте ги куферите и право кој е за опозиција во опозиција, кој е за на суд на суд. Тоа ќе биде најдобрата работа што може да се направи во Македонија за излез од кризата. Печењето во опозиција по 11 годни на власт е многу здрава работа, и за државата и за партијата. Ајде, конечно, направете простор да почнеме со критичка опсервација на новата власт. Вашите мајмунлаци станаа здодевни.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Подгответе се за меѓународните судови

Објавено на 24 March 2017 од erizaov

hag sud

Еден ден, во блиска иднина, во судот за правда во Хаг, или во некој друг меѓународен суд, на обвинителна клупа ќе седнат повеќе македонски функционери. До нив ќе бидат и нивните извршители и подбуцнувачи, сите учесници во масовно повеќегодишно нарушување на човековите права и слободи и во попречување на правдата. Во моментот ова е единствената вест од која имаат уплав неколку жешки глави кои се кријат зад националистичкиот пожар кој го запалија за да се спасат од судската правда. Очајно им треба хаос за да не се види вистината. Па еве, го имаат секој ден се’ повеќе радикалниот бран, ќе видиме до кај ќе стасаат ако излезе од контрола.

Епилогот на длабоката политичка, економска, морална и духовна криза во која западна државата, станува се’ поочигледно дека ќе се разреши на меѓународен суд, пред тоа, нешто од меѓународните банки и од фондовите на ЕУ и од геостратегиите на НАТО. Такви најави доаѓаат секој ден. Се’ уште мошне внимателно и не многу гласно, но доаѓаат до јавноста и особено на неколку познати адреси. Се внимава да не бидат казнети сите граѓани на државата. Се разбира, тоа е една од можните разрешници ако дотогаш Македонија не исчезне под налетот на разгорениот национализам и шовинизам од страна на пироманите што ги палат меѓуетничките и меѓуверски огнови само за да се спасат од судската правда која е на повидок по изборите од 11 декември минатата година со најавеното ослободување на институциите на системот и заробената држава.

Противуставното и насилното спречување на мнозинството избрани пратеници да го конституираат парламентот и да се формира влада, е тешко кривично дело подложено на удар и на меѓународното право, ако контролираните судови судат по диктат на политиката, потврдено стотици пати во изминатите 11 години на инсталираниот режим на Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Доколку, пак, дојде до крвава и трагична разрешница на ситуацијата во Македонија, за која фали само една искра за да се случи, тогаш судскиот епилог само ќе се префрли од одделот за правда и заштита на човековите права во судот за воени злосторници. Натаму знаете како одат работите со судењата на воени злосторници.

Уставот и законите на Македонија и меѓународното право точно ја лоцираат одговорноста на сите високи функционери кои со своите постапки придонеле за крвава разврска. Засега во Македонија од најодговорните функционери не се слуша никаков повик, или барем еден збор за смирување на ситуацијата, напротив, сите нивни јавни настапи содржат националистички пораки полни со омраза и тврдокорен став по секоја цена да се оневозможи мирно примопредавање на власта на политичките партии кои обезбедуваат солидно мнозинство во Собранието.

Понудите на ВМРО-ДПМНЕ за нови избори како решение е нова опасност и уште посилно разгорување на меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливост. Конечно, кој и’ брани на силната опозиција по формирањето на новиот парламент и на новата влада во рамките на Уставот и на законите, на деловникот на Собранието да избоксува нови предвремени избори. Тоа врвот на ВМРО-ДПМНЕ не го сака, бидејќи кога изборниот процес е контролиран од друг, се топи разликата од три спрема еден која ја проповедаат преку своите пропагандни центри. Или што ќе се случи ако некои предмети на Специјалното обвинителство се активираат во редовните судови кои ќе можат да носат пресуди без политички притисоци. Дали тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе сака предвремени избори. Или колку ќе бидат атрактивни нови избори ако судот утврди дека злосторничко здружување за изборни фалсификати не било измислица на СЈО, туку тешка злоупотреба на власта. Тешко ќе се победи на избори со ваква политика, ако не е ВМРО во МВР.

Втората понуда за малцинска влада на СДСМ, без учество на албанските партии со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, е смешна работа и лага само за наивни. Кога тоа ВМРО-ДПМНЕ формирал влада без албански партии. Таа реалност во Македонија треба повеќе да ги замисли партиските функционери на ВМРО-ДПМНЕ да откријат кои се причините што ниту една албанска политичка партија под притисок на нивното гласачко тело не може да прави коалиција или да учествува во влада предводена од Никола Груевски и компромитираните негови најблиски соработници. Кои се причините што 50.000 Албанци и голем број муслимани гласале за опозицијата предводена од Зоран Заев. Тогаш немаше тиранска платформа. Уништувањето на овој историски тренд за формирање демократско и слободно општество е всушност против заедничка Македонија, а не изманипулираните колони граѓани, кои, всушност, се штитот за уривање на определбата за заедничка држава.

Но, сепак, мислам дека најголемиот страв за примопредавање на власта доаѓа од сознанието дека коалицијата на македонските и албанските политички партии кои сочинуваат мнозинство може навистина добро и реформски подолгорочно да функционира и да ги открие сите злоупотреби на власта која 11 години владееше без контрола. Нема подобра контрола од промена на власта.

Ако сите овие позитивни и историски трендови грубо се спречуваат од власта која не сака да си замине, нормално меѓународните судови стануваат неминовност, бидејќи покрај реализацијата на изборните резултати и сите судски инстанции, сосе Специјалното јавно обвинителство, се оневозможени да си ја работат работата, да судат според законот. Неодговорни политичари на власт, иако изборите завршија пред повеќе од три месеци, не го признаваат основното уставно начело дека политичките партии кои имаат мнозинство формираат влада, денес под закрила на нарачани протести и демонстрации се залажуваат и себеси и јавноста дека излезот е во антиалбанството и антимуслиманството. Резултатот на оваа доктрина е антимакедонство, односно реална опасност секој да си го бара чарето ако се потрошат сите демократски и законски ресурси за мирно предавање на власта. Никој не може да ги обвини тие што им се одземаат стекнатите права ако бараат решенија кои најмалку се посакувани од мнозинскиот народ. Македонија до вчера беше фактор на стабилноста на Балканот. За жал, може да стане примамлива идејата поделбата на Македонија да биде дел од решението на проблемот. Најлошото нешто што може да ни се случи.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Тиранска влада

Објавено на 22 March 2017 од erizaov

tiranska vlada

Повеќе од една деценија со Македонија владеат тирани кои управуваат со државата деспотски без никаква контрола. Дали сега по 11 години во еден исклучителен историски момент на уривање на тиранијата и корумпираната власт по демократски и мирен пат со завршени и веродостојни избори, ќе се почитува гласот и определбата за слободно европско општество на над 600.000 граѓани, зависи од автентичноста, цврстина и истрајноста на носителите на демократските процеси. Многу зависи и од меѓународната заедница, односно од тоа дали и натаму ќе се поддржува режимот на Груевски. Но, за жал, иднината на земјата зависи и од разорноста на шовинизмот и национализмот, кој го пропагираат поразените популисти и нивните подбуцнувачи. Што мислите, кој ќе победи – мракот или светлината.

Значи не е проблемот во владата диктирана ѓоамити од Тирана, таа е се’ уште на власт цели 11 години. Проблемот е како да дојде на власт демократската влада диктирана од граѓаните на Македонија. Од изборниот ден 11 декември до денес, повеќе од три месеци Македонија нема парламент, нема функционална влада и премиер, нема саглам претседател на државата. Се води илеџиска подземна војна за задржување на власта или, како што знаат веќе многумина во државата и сиот демократски свет, група осомничени функционери, обвинети за масовно и повеќегодишно нарушување на човековите права, за изборен и организиран криминал, за голема корупција, впрегнуваат илјадници граѓани по македонските градови како жив штит во попречување на правдата и оневозможување на демократијата, на владеење на правото. Или, како што велат во Брисел, во оневозможување на обидите за ослободување на заробената држава и институциите на системот.

Како што се’ посилно врие шовинистичкиот котел и како што се зголемува опасноста да се украде победата на мнозинството со измислената опасност по унитарноста на Македонија, нејзината поделба и федерализација, продажбата на уставното име, со двојазичност која веќе постои со години, со националистички изманипулирани колони граѓани, така главниот град е опседнат со многубројни добронамерни, но и злонамерни емисари кои укажуваат на трагичните последици доколку грубо биде изиграна волјата на мнозинството граѓани, но и на тоа дека со Македонија е готово ако коалицијата на опозицијата направи влада. Најодговорниот човек за повеќегодишната длабока политичка криза, Никола Груевски, и неговата свита се’ уште успеваат со големите прелаги и црни пропаганди да палат меѓуетнички пожари. Колку е голема лагата за тиранска влада и платформа кажува фактот што се’ уште и таа сегашна нефункционална влада со која управува Груевски, е на власт во коалиција со албанскиот партнер, кој не може да ја продолжи натаму коалицијата само од една причина, ама многу голема и неминовна, да се растури партнерството. А, тоа е фактот што граѓаните Албанци немаат ни малку доверба во Груевски и во корумпираната власт. Ниту пак другите албански партии, кои во своите предизборни платформи го имаа токму фактот дека со Груевски нема поделба на власта, имаат некаков самоубиствен нагон да ја делат власта со човекот кој не го сакаат не само албанските, туку и стотици илјади гласачи припадници на македонскиот и на другите народи кои живеат во Македонија.

Не е доволно ветувањето на Јоханес Хан, еврокомесарот за проширувања на ЕУ, дека поразените и корумпирани македонски политичари треба да избираат меѓу Европа и Балканот, меѓу демократија и режим. Тие одамна бегаат од Европа. Балканштината им е најсигурната заштита, а патриотизмот е најсигурното скривалиште од правдата. Брисел кој го призна својот дел на одговорноста за состојбите во Македонија, по цела деценија тактизирање и поддршка на режимот на Груевски, исто колку и на грчките ултиматуми, овој пат ако не сака да биде соучесник во распаѓањето на Македонија мора да настапи и со поголем морков, но и со поголем стап. Уривањето на парламентарната демократија со ништење на волјата на мнозинството граѓани мора да биде изразено со казна на виновниците, а не со казна на сите граѓани на Македонија. Напротив, определбата на граѓаните за изградба на современо европско општество на последните избори, треба да биде наградено со експресно отпочнувања на преговорите за членство во ЕУ и постапување според пресудата на Судот за правда во Хаг да не може да се попречува членството на Македонија во меѓународните организации, се разбира, пред се’, во ЕУ со името ПЈР Македонија. На Македонија ЕУ треба штедро да и’ помогне за еден четиригодишен мандат да стане редовна членка на ЕУ. Пред тоа, односно веднаш по конституирањето на новата демократска влада треба да уследи поканата за членство на Македонија во НАТО. Без овие решенија процесот на исчезнување на Македонија е отворен со амин и на Европа.

Членството во НАТО значи престанок на опасноста од поделба на државата, од загрозување на нејзината унитарност. Почнувањето на преговорите со ЕУ и отворањето на задолжителните поглавја, ќе ја покаже на дело определбата и способноста на владата и на парламентот за спроведување на политичките и економските реформи во практиката. Тоа ќе биде најважната мерка за успешноста и на новата и на секоја наредна влада.

Конечно, со промената на власта во Македонија завршува ерата на еден корумпиран режим. Доколку, пак, надвладеат лагите и воените подбуцнувачки пропаганди за тиранска влада, за федерализација и редефинирање на Македонија, тогаш се потврдува научната теза дека не е ништо ново и во современата историја да се распаѓаат како големи така и мали држави.

Можеби ова ќе биде прв пример во историјата на исчезнување на една држава, не поради идеолошки револуции и војна, туку поради трагичната вистина за заштита на грст осомничени политичари за криминал и на нивните медиумски поддржувачи.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: ,

Академик што мрази националисти и муслимани

Објавено на 17 March 2017 од erizaov

mitko madzunkov

Од историскиот говор на академик Митко Маџунков одржан во Македонската академија на науките и уметностите разбрав дека тој најмногу мразел националисти, шовинисти, муслимани, Албанци, Македонци предавници и разни други варвари од сомнително потекло. Ми ги отвори очите академикот. По неколку пати препрочитување на ова негово последно ремек-дело се почувствував виновен за своите злодела како Турчин османлија и македонски новинар странски платеник и осведочен предавник. Веднаш подготвив барања за промена на сопственото име, на верата, на нацијата и на јазикот. Си одбрав и ново име како за време на комунистичката инквизиција во Бугарија. Ќе се викам Емил Ризов, ќе се покрстам во православен христијанин, ќе бидам прав Македонец – Гагауз. Со тоа автоматски ќе дојде до промена на мозокот и моите убедувања.

Очекувам и Маџунков, како голем патриот и чистокрвен Македонец, побрзо од мене да го смени турцизмот од своето презиме, оти маџун на турски јазик значи сок од грозје, но и паста за заби и разни други течни и густи мешавини и мелеми од различно познато и непознато потекло. Се’ е тоа маџун. Така кога ќе станеме сите православни христијани и Македонци со еден единствен насушен јазик, една нација и една вера, ќе заврши кризата во Македонија и опасноста од исламизација и дехристијанизација, федерализација и поделба на државата. Решението е едноставно, треба само да се отстрани маџунот направен од нашите предци од разни семиња и плодови.

Подготвил академикот тестаментално обраќање во пантеонот на бесмртните за опасноста од исламизација, албанизација, дехристијанизација, федерализација, кантонизација… на Македонија. Три дена и три непроспани ноќи мудриот научник и творец составувал послание да најде содружници и соучесници во алејата на великаните за спасување на татковината. И ете чувме и разбравме дека Маџунков пронашол генијален пристап за забрзано хемиско чистење на нацијата и од надвор и од внатре. Тоа најлесно се постигнувало со повампирување на меморандумот на Српската академија на науките и на уметностите во меморандум на МАНУ. Доволно е еден огнен еколошки говор за чистење на татковината од натрапници и домашни непријатели, па да се повампири рецидивот од САНУ. На Балканите ако не се уништат вампирите кога се во ембрионална фаза, тие преку ноќ стануваат монструми штом малку се разоткрие пепелта и дувне ветерот.

И така на брзинка, додека академикот, писателот и хуманист се’ уште прима бројни честитки за велелепното и јуначко обраќање до колегите академици, кое поради историските пораки што ги содржи и поради гебелсовската пропагандна машинерија стана пофалница и заштитник на националистичката заслепеност, на криминалот и корумпираноста на режимот и патоказ за најкусиот пат кон исчезнување на Македонија. Академикот во вознес и со восхит го доживува најголемиот тираж од своето последно дело нашироко цитирано во говорите и транспарентите на запалените националисти ширум Македонија, кои повикуваат на војна и омраза затскриени зад лажната парола „за заедничка Македонија“.

Цела држава за еден миг дозна кој е Митко Маџунков. Чудесен успех кој академикот со макотрпна децениска работа не може ни да сонува за да го оствари. Говорот на Маџунков во Македонија е пречекан како вест за Нобелова награда, дури радоста е и поголема оти обично во режимите нобеловците не се многу омилени, бидејќи со своето творештво се спротивставуваат на диктатурите, на деспотизмот, на популизмот, на примитивизмот, на заостанатоста, ги откриваат табуата, белите и црните петна од поблиското и подалечното минато, ги жигосуваат злоделата на властодршците и моќниците, пишуваат за патилата и страдањата на сиромашните и обесправените… бараат слобода на творештвото и мислата, бараат демократија и еднаквост на сите пред законите, бараат почитување на човековите права. Пишуваат големи дела дека татковината не се сака со говори и лаги и омраза на различните од себе, со ограбување на националното богатство и на народот кој не го вадат од уста. Таквите творци никаде не се сакани од авторитарните власти. Политичарите во битките за власт, особено големите непроменливи водачи повеќе сакаат политички памфлетисти отколку вистински творци. Тие обожаваат дворски пејачи на оди, ги прифаќаат за дневнополитичка потреба, многу често за една употреба кога се неопходни да ја величаат нивната слава и да бидат прикажани како спасители на народот и на државата. За привилегии, кариери и малку пари купуваат на рефус академици, научници, уметници, писатели, актери, новинари, судии, спортисти, деловни луѓе…

Веќе ги гледаме првите резултати на овие националистички говори. Како голема грдотија и срам јавно се покажаа најпримитивните симболи и знаци на фашизмот. Осамнаа на бандерите и на зградите потерници со фотографии на јавни личности сатанизирани како предавници и непријатели затоа што гласно бараат да не се попречува правдата, да се почитува Уставот и законите, слободата и еднаквоста на граѓаните. Тие се жигосани и јавно понижени поради откривање на вистината зошто се злоупотребуваат луѓето кои маршираат низ улиците за спасување на корумпираната власт. Затоа тргнаа и тројките хитлерјугенди на вратите на познати творци, новинари, хуманисти, да тропаат и да врескаат „предавник, предавник, срамота, срамота“. На партиските контролирани телевизии се’ посилно како надојдена буица тече 24-часовната емисија за спас на државата од предавници. Доволно е по академските говори и новинарски спинови три дена да се следат емисиите на Сител, Канал 5, Алфа… и партиските портали, човек да грабне пушка и да тргне во борба против клетите муслимани и други иноверци. Сеењето фашизам и омраза на овие телевизии е веќе рутинска работа. Ако не сте инфицирани и ако имате стекнато имунитет, погледнете само една од колективните телевизиски терапии на пациентите кои телефонираат дење ноќе да дадат одговор на прашањето кој е поголем непријател – домашниот или надворешниот. Дали сте за поделба или за унитарна Македонија? Дали сте за тоа во целата држава сите да учиме албански? Дали сте за промена на уставното име? Дали сте за федерализација и кантонизација на Македонија… и така со ред. Ова се прашањата на кои се познати одговорите, не е познато на пошироката јавност дека такво нешто никој ни во државата, ни надвор од неа, не побарал. Ни една политичка партија или релевантен политичар во земјата, во ниту еден документ не е напишано или побарано поделба на државата, или какво било нарушување на унитарноста, промена на уставното име без општонароден референдум, некаква федерализација и редефинирање на Македонија. Дека сите мора да учат албански јазик. Такво нешто никој не изустил.

Вистинските непријатели на државата и на сите граѓани се меѓу тие што ги ограбија и сега ја спречуваат правдата ставајќи ги пред себе како штит изманипулираните граѓани. Тие ја водат Македонија кон делби и хаос за да се спасат од соочување со судот и правдата што е можно само со промена на власта и пад на режимот. За жал, покрај уплашените властелини и нивните следбеници и соучесници во спасување на корумпираната власт се вклучија и академици, застрашувајќи го народот од смена на власта, најздравата работа што може и треба да и’ се случи на Македонија за да се откријат до крај и осудат масовните злодела. Покрај сторителите на кривични дела на обвинителна клупа еден ден ќе седнат и подбуцнувачите на војна, за кршење на човековите права и сејачите на омраза. За нив нема да се лепат потерници на бандери, ќе им ги донесе уредно поштарот.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Гостување во „Топ Тема“ на Тв Телма

Објавено на 15 March 2017 од erizaov

Нема коментари

Tags:

Сè повеќе смрди на распадот на Југославија

Објавено на 10 March 2017 од erizaov

dinamo-zvezda-riots

Во Македонија се’ повеќе смрди на распаѓањето на Југославија. Бевме и се’ уште сме единствената држава која ги одбегна ужасите и страдањата од воениот пожар, но со големи штети и брзо осиромашување на граѓаните. Денеска по повеќе од две и пол децении независност Македонија е соочена со реална опасност од распад само затоа што група осомничени политичари за тешки кривични дела своето последно скривалиште го најдоа во патриотизмот. Ја попречуваат правдата поддржани од пропагандисти и подбуцнувачи распоредени во моќните телевизии и други медиуми, кои се постојани паразити на сите власти и чија цена рапидно расте кога треба да се направат највалканите работи и да се искажат најголемите лаги, да се запали народот до точка на вриење, без што не почнува ниту една војна. Тоа се погребниците на вистината, која пред секоја војна прва гине. Недостига само првото убиство како непосреден повод за да почне поделбата на Македонија.

Така почна распадот на Југославија. За оние што заборавиле, или не паметат, или не сакаат да паметат, професионална и морална должност е да се потсети и предупреди дека и тогаш гласот на разумот кој и денес кај нас се појавува овде-онде е само доказ дека се наѕира хаосот. Трагичната историска поука не е прифатена. Напротив, и денес се употребува нашироко како аргумент. Има многу живи сведоци и учесници во крвавиот распад на Југославија, најголемата воена трагедија во Европа по Втората светска војна, која однесе стотици илјади човечки животи, направи пустош, разурна илјадници домови и вековни огништа, унесреќи милиони луѓе. Последиците не се залечени, раните се’ уште се отворени. Омразата против различните од себе расте и во лажен мир, особено при лажни успеси и лажна демократија и лажна нееднаквост.

Деновиве во Македонија беше високиот функционер на ЕУ Федерика Могерини, која се врати разочарана од својата балканска турнеја. Во дебатите за иднината на Балканот што се водат во седиштето на ЕУ во Брисел се цитира изјавата на словачкиот шеф на дипломатијата, Мирослав Лајчак, дека две држави во Западен Балкан се пред распаѓање, а три во длабока политичка криза. Не е тешко, според она каде беше на посета Могерини, да се погоди дека пред распаѓање се Босна и Македонија, а дека во длабока политичка криза се Србија, Албанија и Црна Гора. Веста како да е препишана од пред 27-28 години од многубројните укажувања на тогашното југословенско раководство дека со мудрост и избегнување воен конфликт по мирен пат Југославија, или нејзините наследници како посебни држави, брзо ќе станат членки на НАТО и на ЕУ пред сите други од Југоисточна Европа, бидејќи имаа најлиберален систем далеку понапреден од режимите на Истокот. Но се покажа дека никакво ветување, никакви милијарди долари финансиска неповратна поддршка не можеше да го спречи распадот на државата пред налетот на национализмот, шовинизмот и омразата, поттикната од вождовите на кои лесно им помина лагата за заблуда на сопствениот народ дека ја спасуваат држава баш кога ја растураат.

Сите вести почнуваа и завршува дека другите прават злодела и ја уриваат Југославија. Сите други беа прогласени за виновници, освен тие што навистина ја урнаа. Нападот во Битола на Музејот на албанската азбука многу потсетува на тоа. Драматично се соопштува дека предавниците и непријателите кои се против „заедничка Македонија“ се каменувачите и потпалувачи на музејот. Истите тие се и против антифашистичката војна, против партизаните и против АСНОМ. Тоа го проповедаат на цел глас воените подбуцнувачи кои маршираат на чело на колоните граѓани речиси идентично како колоните за поддршка на вождот Слободан Милошевиќ.

Деновиве вистинските Македонци, како што се нарекуваат граѓаните од пропагандистите на власта, маршираат низ градовите за одбрана на државата, за зачувување на унитарноста, против тие што сакаат да ја делат Македонија, ама да биде заедничка каква што ќе ја скројат нарачателите на маршевите. Не верувам дека не знаат дека никој не ја урива унитарноста на државата, ниту македонскиот јазик и идентитет, туку се урива режим со изборни резултати. Не верувам дека тие што маршираат не знаат дека тие се впрегнати во одбрана не на државата, туку на мафијата. Не верувам дека не знаат дека учествуваат во распаѓање на државата со заштита на поразената власт на избори. Непочитувањето на изборни резултати е отворен пат кон делби.

Во српскиот парламент радикалите на Шешељ пред Могерини викаа „Русија, Русија“. Во Македонија нивните побратими од самонаречениот македонски манифест, исто како Шешељ и неговите радикали, предводени од познати личности дневно-политички ангажирани, викаат на сет глас „Русија, Русија, сојуз со Русија“ и на тој начин и тие попречуваат да ги стаса правдата осомничените од врвот на власта за големи злодела, вклучувајќи нарушување на човековите права, изборни измами и организиран криминал и корупција.

Единствената голема надеж дека е можно да се спречи распадот и да превладее разумот е новиот пристап на ЕУ и големите сили во вакви кризни ситуации. Во Брисел паднаа првите посериозни критики за неодлучноста на ЕУ кон Балканот. Се’ погласно признаваат дека голем дел од вината за она што се случува во регионот е голем грев на Европа и нејзиниот егоизам. Поддршката на недемократскиот и корумпиран систем ја донесе Македонија на раб на војна и пред распад. Осудата на себичноста на Европа е се’ погласна не само од влијателни личности, туку и од повеќе актуелни политичари и државници. Почнува и во Брисел да се прифаќа вистината дека ако почнеа преговорите за влез во ЕУ на земјата, која веќе десет години е кандидат за членство во евроатланските асоцијации под името ПЈРМ, ќе беше избришан неправедниот фактор време наметнат на штета на Македонија. Ако се почитуваше одлуката на судот во Хаг и ако безобѕирно не се подржуваше еден шовинистички и националистички ултиматум на Грција во однос на Македонија, ноторна вистина е дека ќе ги немаше античките споменици и лажниот барок кои ги осиромашија и задолжија македонските граѓани и нивните наследници наредните неколку генерации. Ќе немаше лесно изманипулирани граѓани во маршеви за „заедничка Македонија“, зад кои се кријат осомничениот врв на власта и нивните медиумски крлежи, туку Македонија ќе беше членка на НАТО и на ЕУ и пристојно место за живеење. Ќе немаше ни платформи, ни воени подбуцнувачи, ниту пак ќе имаше режим и згазена демократија од овие срамни димензии како сега.

За жал, повторно единствената надеж за спас на Македонија не е разумот кој на Балканот секогаш е во малцинство, туку одговорноста и решителноста на ЕУ и големите сили. Ако контролираните македонски судови не судат за масовното нарушување на човековите права со прислушување на над 20.000 луѓе повеќе години и ја попречуваат правдата за предметите против осомничени за организиран криминал и корупција, ќе почнат да судат меѓународните судови. Таму е решението за излез од кризата на Македонија и во признавањето на последните изборни резултати и определбата на мнозинството во парламентот за состав на новата влада. Тоа мора да се означи со итно отпочнување на преговорите со ЕУ и со членство во НАТО. Се’ друго е крај на државата, поверојатно крвав отколку мирен.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

March 2017
M T W T F S S
« Feb   Apr »
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728293031