Archive | February, 2017

Tags:

Груевски заплашува со немири и војна

Објавено на 24 February 2017 од erizaov

gruevski defaktorizacija

Како наближува промената на власта и последниот чин од децениското владеење, Никола Груевски го активира пластичниот експлозив од сценариото „по мене потоп“. Груевски сака да го пресретне договорот за мнозинство во парламентот и формирање на нова влада и нов премиер како да е тоа крај на светот. Театрално го запали фитилот со јавно заплашување со немири. Како оправдување за повикот на крвопролевање Груевски како и секој тврдокорен популист соочен со правдата по падот од тронот прво алармира на голема опасност од загрозување на државните и националните интереси, а потоа дека со решителна борба на вистинските Македонци со него на чело ќе ја одбранат Македонија и македонските национални интереси од другите Македонци, помалку вистински.

Тоа што никој не ги загрозил ниту државните, ниту националните интереси е само уште еден непобитен доказ дека повикот на борба најмалку е за одбрана на народот и на државата, туку за спасување на осомничените властодржци од една многу поинаква правда од онаа на партијата и на владетелот што ја гледавме и трпевме повеќе од една деценија. Бидете без гајле ова е последниот блеф и празно застрашување на еден обезвластен владетел кој е смртно уплашен по пробивање на вистината зошто се отстранети десетици докажани, професионални и искусни судии од кривичниот суд и одделот за организиран криминал и арогантно деградирани и преместени во пониските судски инстанции, да судат за сообраќајни прекршоци и бракоразводни парници. Навестувањата дека судиите по промена на власта ќе се вратат на своите позиции каде што ги постигнувале своите најдобри резултати и покажувале најголема професионалност и судска етика за што и настрадале ја предизвика најголемата панична реакција во врвот на новопечената опозиција.

Сега веќе не е во прашање Специјалното обвинителство како непријателска и неуставна инсталација на Сорос и на СДСМ, туку редовното јавно обвинителство кое не само што ќе престане да ја попречува работата на специјалните обвинители, туку и самото ќе се стави во улога на ослободено обвинителство од стегите на режимот. Истото ќе се случи со судиите. Ќе нема веќе нарачани пресуди и унапредувања по телефон. Владеењето на правото и воспоставување правна држава е вистинската опасност за осомничениот врв на власта, а не заминувањето во опозиција со 51 пратеник по 11 години владеење и злоупотреба на функциите. Во таков случај тешко ќе можат да се оспорат пресудите од многубројни предмети за незаконско работење, за организиран криминал и корупција, за изборни измами и местенки за злоупотреба на функциите, за пресметка со политичките противници, за нарачани судски пресуди, за уништување туѓи имоти и уште еден куп кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори и најголемото и најмасовно повеќегодишно нарушување на човековите права во Македонија со следење на комуникациите на над 20.000 јавни личности во двомилионска држава.

Повикот за борба во одбрана на националните и државни интереси од новата влада и новиот парламент покрај сопственото спасување има уште еден мотив да се спречи расулото во партијата каде што има многу луѓе кои не се навикнати да бидат во опозиција по долгогодишно уживање во привилегии и незаконско богатење. Многумина од нив никогаш и не биле во опозиција. Овој пат внатрешните судири по губење на власта и заминување во една сосема поинаква позиција кога треба да се платат сметките веќе внесува голема нервоза не само во врвот на партијата. Дали забележувате дека некои перјаници на ВМРО-ДПМНЕ кои беа многу активни и храбри кога режимот цврсто ги стегаше дизгините и кога течеа пари од сите страни веќе ги нема нигде. Се изгубија, немаат ни слика ни тон. Тука треба да се бара другиот дел од причините зошто Груевски научил нов збор „ДЕФАКТОРИЗАЦИЈА“. По федерализација, кантонизација, демакедонизација, албанизација, редефинирање ….еве дојде ред и на дефакторизација, израз кој треба да остави впечаток кај луѓето дека е готово со Македонија ако Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не се повеќе на власт.

Измислената опасност по националните и државните интереси треба да ги оправда тешките зборови на Груевски: „Укажувам дека секој што сака да се коцка со државните и национални интереси дека во оваа земја има и други кои мислат на тие интереси и кои се подготвени да се борат за тие државни и национални интереси. Она што можеме да го видиме е обид СДСМ и ДУИ да направат дефакторизација на Македонија и на македонскиот народ, но и на други етнички заедници како Турците, Србите, Власите, Ромите и останатите. СДСМ и ДУИ сакаат да спроведат дефакторизација на македонскиот народ. Она што сега се случува покажува дека СДСМ е цврсто влезена во намерата да ја редефинира Македонија. Но морам да потенцирам дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ќе застане цврсто во која било ситуација на браникот на одбраната на страна на националните и на државните интереси…“ Ова се големите зборови на малиот човек кој не си го сочува достоинството ни на заминување.

Овие зборови на развластен владетел треба да се запамтат и да се изучуваат не само на факултетите за политички науки, туку и многу пошироко. Зборот дефакторизација кој Груевски го слушнал, или му го кажале советниците, го употребуваат аналитичарите Албанци во своите јавни настапи укажувајќи сосем спротивно на губење на значењето не на македонскиот, туку на албанскиот јазик. Значи, сега според повикот на Груевски до патриотите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ за борба во одбрана на македонскиот јазик од дефакторизација, односно од негово обезвреднување ќе дојде до тоа само албанскиот јазик во Македонија да биде главен фактор, односно сакаат да кажат, ама не знаат како, дека комуникацискиот код на кој сите ќе зборуваме ќе биде албанскиот јазик. Сите други јазици: македонскиот, турскиот, српскиот, ромскиот, влашкиот и останатите ќе бидат обезвреднети, односно дефакторизирани. Ваква лага со толку куси нозе не може да си дозволи дури ни Груевски ако тоа не е очај од некоја многу поголема мака поврзана не со јазикот и националните и државните интереси, туку со правдата и правото. Филмот што го гледаме е само уште една потврда која, за жал, може да излезе од контрола дека и заминувањето од власта како и од се’ друго, треба да биде на достоинствен начин и во вистинско време. Како си се качил на врвот се дознава и по тоа дали го знаеш патот како да се симнеш. Ако си на врвот на лажна кула од карти која сам си ја измислил, стрмоглавувањето е трагично.

(Објавено во Утрински)

Коментари (2)

Tags:

Груевски заслужува фер судење

Објавено на 23 February 2017 од erizaov

gruevski sudenje

Морници ме полазија кога Никола Груевски по судењето пред судот изјави: дојдов, видов… таман мислев ќе рече и победив како што му приличи на Цезар, кога тој ја спушти топката со: ова е театар. Претставата ќе ви ја раскаже мојот адвокат. Испадна работата дојде, виде и си замина. Помислив, голема неправда ќе биде ако се оневозможи Груевски и неговите соработници да имаат фер судење.

Трогнат го слушнав и адвокатот Никола Додевски колку многу е потресен бидејќи судската постапка против неговиот клиент е далеку од фер судење. Како се осмелуваат воопшто да го тужат и малтретираат по судови Груевски за онаа измислица со креираната сечена и лепена нарачка од пет-шест силни шлаканици на Андреј Жерновски и згора малку насилство во просториите на дисидентската Општина Центар во Скопје. Морав да се напијам шеќер и вода да дојдам на себе од стресот поради неправдата што му се прави на еден човек, како дрско и безобѕирно му е нарушено основното право што го има секој граѓанин во оваа држава, а со агресивни методи обвинителите сакаат да му го одземат тоа право само на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неприкосновен владетел на Македонија и кога е и кога не е премиер во изминатите 11 години. Ова е повеќе од театар. Жив циркус.

Боже, целиот шашардисан, си реков, отиде јабана државата побрзо отколку што се очекува, како е можно тоа да се случи во судница, во држава каде што владеењето на правото и фер судење од памтивека наваму е света работа и општопознато во јавноста, голема гордост на секој граѓанин на Македонија. За ова достигнување на нашето независно судство знае цел свет. Резултатите од владеење на правото се вчудовидувачки. За цела една деценија немаше ни еден случај на судска постапка, или некаква казна против висок функционер во власта. Не е изречена ни една единствена пресуда, ниту за корупција, ниту за организиран криминал, ниту за местење избори, ниту за злоупотреба на функцијата, ниту за погрешно паркирање, или за брзо возење на некој од врвот на власта. Ама баш за ништо.

Почесна и поскромна власт никогаш не сме имале. Зошто сега дури и да се нарачани, ама неудрени шлаканици би требало да одговара Груевски, или за малку кршење и тепање на предавници би требало не кој било, туку баш Груевски да се суди и уште 15 набедени насилници, инаку познати мирни граѓани. Што може ова да биде, освен нарачка од Џорџ Сорос и од Зоран Заев. Ама гадно се излажале. Македонија има независно судство какво што нема никој на дуњава.

Превентивната улога на делителите на правдата, нивната неподмитливост, партиска неприпадност, познавање на законите и висока стручност сиве овие години дава фрапантни резултати кои ги нема ни во скандинавските земји. Човекот кој има дадено огромен придонес и има најголеми заслуги за судството да биде вакво какво што е сега е единствен во државата на кој му се прави голема неправда. Срамота. Никола Груевски и неговите први соработници заслужуваат праведно судење, и тоа повеќе пати, за повеќе дела за кои се осомничени, се разбира неправедно и злонамерно од страна на агресивни обвинители кои работат под диктат, само што не се странски платеници, туку арчат и плаќаат судски казни од наши буџетски пари. За среќа ваквите деликатни предмети не по случаен, туку по намерен избор се даваат во рацете на искусни, докажани и праведни судии како Татјана Михајлова која веднаш го прекина театарот, односно судењето, и ги казни двапати по 1.000 евра, или вкупно 4.000 евра агресивните обвинители да внимаваат што зборуваат и да го почитуваат судот. Ами како.

Откако Груевски ја даде познатата историска изјава – ова е театар, адвокатот Никола Додевски потресен од она што му се прави на Груевски иако под силен стрес ја соопшти поразителната вистина: ова е однапред подготвено сценарио да се изврши притисок врз судијата, флагрантен притисок на водење на постапката. Нешто невидено и нечуено досега во македонските судови. Колку и да е судијата трпелив, ова не се издржува што го направија специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Катица Јанева, и’ објасни на вознемирената јавност адвокатот кој не губи процеси пред независните судии и судови кога го застапува Груевски. Алал вера, голем адвокат овој Додевски од кој на судиите им се тресат нозете, особено на независните.

И конечно кој бил гревот на обвинителите Јанева и Фетаи со што го навредиле судот: и’ рекле на судијката дека записникот од претходното судење е интелектуален фалсификат и не ги содржи фактите, односно не е точно пренесено на хартија тоа што се случувало на судењето. Туку сосема обратно. И уште и’ рекле на судијката дека не знае да води записник и дека не се дојдени тука за да видат колку е убава. Е тоа веќе се согласувам е премногу за еден независен суд и докажан судија како што е Михајлова. Само не ми е јасно зошто мораше покрај казните од по 2.000 евра да го прекине судењето и да си ја донесе пресудата.

На следното рочиште, ако воопшто има потреба да се одржи бидејќи е јасна тенденцијата да се обвини невин човек, специјалните обвинители треба докрај да го почитуваат и судот и судијата, да се однесуваат културно и достоинствено како и сите јавни обвинители и судии во македонските судови и тогаш ќе бидат сведоци на праведна пресуда. Нема што тие да забележуваат ниту на записници, ниту на затварање на процесот за јавноста, ниту на што било што може да го засегне не толку судот отколку големиот државник кој на шега нарача само пет-шест малку посилни шлаканици и малку тепање и кршење на државен имот во Општина Центар. Па за тоа ли треба да одговара еден сенароден водач. Ајде ви се молам, бришете ги сите обвинувања. Ова не е театар.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Ќе нè убие вербата во лагата

Објавено на 22 February 2017 од erizaov

papa bel cad

Нема да не’ убие пресилниот збор. Тоа е јамката околу вратот на чувствителните и достоинствените личности кои ги боли неправдата, навредата, клеветата. Нас, преостанатите во земјата безнадежија тоа не не’ допира. На тоа отрпнавме и навикнавме како на редовна доза апчиња, како канибалите на човечко, тазе заклано. Нас колективно ќе не’ уништи вербата во лагата која ја прифативме како вистина, неправдата како правда, ропството како слобода, тортурата како демократија и сиромаштвото како богатство. И наместо од тој кукавичлак да се срамиме – се гордееме. Наместо да им удриме клоца на арамиите да заминат таму кај што им е местото на обвинителна клупа, ги оставивме да ја водат државата и кога изборните резултати налагаат легална и мирна смена на власта.

Си велам, добро овие наши луѓе ги гледаат ли комшиите во Албанија што и како тоа го бараат од власта. Или и таму протестите ги организирал Џорџ Сорос. Го гледаат ли бунтот во Романија, или и таму Сорос ја подрива власта. Сите деспоти, властодршци и корумпирани политичари на Балканот и во Источна Европа имаат по еден Сорос со чија помош ги кројат лагите за големите заговори на непријателите против татковината. На сметка на лагите и примитивниот популизам со измислените непријатели и предавници го месат како тесто народот кој не го вадат од уста. За голема среќа имаат се’ помалку тесто, па затоа им требаат се’ поголеми лаги.

Еве да се обидеме да разобличиме само една од последните актуелни големи лаги кои се’ уште наидуваат на плодна почва и верба на слепо кај со години и години прелажаните граѓани. Една од тие големи ујдурми е ѓоа опасноста дека сите ќе мораме да зборуваме на албански. Албанскиот јазик ќе стане задолжителен на целата територија на Македонија. Луѓето во Прилеп, Кочани, Струмица, Гевгелија… во цела Македонија ќе мора да научат да зборуваат албански. Ајде сега оди зборувај за големите идеали и промени за подобра иднина, кога оваа будалштина со јазикот може да помине не само кај шовинистите, туку и кај граѓани кои ги поддржуваат промените и европеизацијата на Македонија.

Не се потребни високоумни стратегии за да се разбере дека со закон на се учи јазик. Ако можеше така да се научат јазици со директиви, тогаш сите во Македонија ќе знаевме по неколку светски и балкански јазици. Ако ништо друго, ќе научевме и македонски јазик како што треба и како што е редот и како што налагаат правилата, а не во парламентот, во институциите на државата, во судовите, на телевизиите, на социјалните мрежи и во весниците да читаме, пишуваме и слушаме јазик од кој болат ушите и очите. Затоа можеби во овој момент треба за сите големи патриоти да се воведе екстерно оценување за познавање на мајчиниот јазик.

Што мислите колку од загрижените за одбрана на македонскиот јазик од поалбанчување ќе паднат на испит. Ценејќи ги грешките од нивните јавни настапи не ќе може да го положи испитот ниту еден. Партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се претставува себеси како најголем бранител на македонскиот јазик, ама никогаш не се огради од јавните навреди на Блаже Конески, творецот на литературниот македонски јазик, најзначајната фигура во културата на Македонија кој беше нарекуван јавно џуџето од Небрегово и Коњевиќ. Антонио Милошоски по тие изречени навреди, никогаш не се извини, а и ден денес е главен идеолог во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Ваква навреда на гиганти во македонската култура, литература и наука би значело крај на политичкото дејствување не само на тој што го изустил тоа, туку и на таа партија со таква идеологија. Државотворен народ никогаш нема да прифати такви изроди кои јавно ги навредуваат големите национални дејци како влезница за напредување во партијата. За жал, тоа кај нас се’ уште поминува.

Деновиве уште еден новопечен идеолог на ВМРО-ДПМНЕ нов првоборец во битката за десороизација на Македонија исфрли уште една тешка навреда, овој пат за „џуџето од Велес“ за основачот на современата македонска поезија великанот Коста Рацин, кој пишувал и творел на македонски јазик кога тој навистина бил забранет и кога навистина било големо херојство да се пишува на македонски. Извесен Цветин Чилиманов како следбеник на Милошоски во Рацин открива џуџе кое добро што загинало, ако останало живо ќе бил комунистички диктатор, или кодош како Славко Јаневски, човекот што го напиша првиот роман на македонски јазик. Се разбира на овие грандиозни личности од историјата на Македонија не им е потребна ниту мојата, ниту чија било одбрана, особено не од маргинални ебиветри и шарлатани… но молкот на нивната матица во ВМРО-ДПМНЕ сериозно загрижува. Затоа е неопходно да се изнесат на виделина лажните заштитници на македонскиот јазик и идентитет. Први треба да рипнат писателските организации и писателите, потоа Академија на науките и уметностите, универзитетите, актерите и театрите, институтите за грижа за јазикот сите тие покрај рефератите за годишнините од формирањето и големите дострели во културата, науката и творештвото треба многу похрабро и поконкретно да ги разоткријат центрите и мотивите на носителите на оваа демакедонизација продуцирана од пазувите на лажната најмакедонска партија.

Значи прво треба да се одбрани македонскиот јазик од Македонците. Тој не е загрозен ни од албанскиот, ниту од кој било друг јазик кој се зборува кај нас и во светот. Македонскиот јазик е комуникациски код во Македонија, јазик на кој сите што живеат тука се разберат меѓу себе. Поголемата примена на јазиците на другите народи што живеат во Македонија не загрозува никој и никого не принудува да ги научи сите. Животот, образованието, културата и интересите се „законите“ кои ги тераат луѓето да знаат што повеќе јазици. Низ годините запознав многу луѓе кои зборуваат повеќе јазици и се уверив дека е вистина поговорката колку јазици знаеш толку луѓе вредиш. Тоа редовно им го кажувам на младите новинари дека англискиот за нивната работа е задолжителен, ама во комбинација со неколку балкански јазици вреди многу повеќе. Конечно, дали ќе ви пречи ако вашите деца покарај мајчиниот јазик добро знаат англиски, или француски, или германски во комбинација со српски, албански, хрватски, бугарски, турски, грчки, влашки, ромски, бошњачки, црногорски…

Кардинали, последен час е да пуштите бел дим оти никој не ви го разбира јазикот на кој молчите.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Ги поарчија и реките и езерата

Објавено на 21 February 2017 од erizaov

Ни ги потрошија и реките и езерата. Кај ставија рака се’ исушија. Тажно и бедно изгледаат деновиве сите природни и вештачки езера, безмалку сите реки и водотеци во Македонија. Немилосрдно, недомаќински и во поголем број случаи незаконски се исцрпени водите, нашето најголемо природно богатство е свесно и намерно деградирано до болка, бес и вресок. Математиките да се поарчи цело езеро за една кофа струја во некои глави зафаќаат премногу простор кој сериозно им го згрозил центарот за разум за да не можат да ги видат катастрофалните штети кои можат да настанат оваа пролет и лето, ако Господ остане единствената надеж да ги покрие батакот, ѓубрето, алчноста и посегнувањето против природата повеќе отколку што дозволуваат природните закони.

Снегот што како небесен и божји дар падна зимава беше помал од алчноста на луѓето кои се задолжени да ги чуваат и да стопанисуваат со водите. Ниту еден од нив не собра храброст јавно да каже која е таа будала што го снеубави целото охридско крајбрежје со наредбата да се отворат преградите на Црни Дрим во Струга повеќе отколку што дозволува и природниот и световниот закон. Во талогот се виде целата негрижа на тие што се удираат во градите 24/7 како големи патриоти дека многу направиле за заштита на Охридското Езеро. Од страв да не излезе уште некоја валканица од дното на светскиот бисер абдалите го затворија на врат на нос истекот на езерото во Црни Дрим со што сега полнејќи го езерото на брзина предизвикаа нова еколошка катастрофа оставајќи ја оваа река убавица речиси без вода. На излезот од Струга, каде што завршува регулираното корито и познатиот кеј, едно утро осамна Црни Дрим без вода со суво корито полно со ѓубре и отпад…

Тоа е резултатот кога се примаат политички наредби за непочитување на природните закономерности. Некој природата ја есапи како политиката, па еден ден вака, друг ден така, исклучи, уклучи како да е прекинувач на електричен шпорет, па час е на шестка, час на единица.

Предлагам пролетва митинзите за локалните избори да се држат на бреговите каде што некогаш имало езерски води и плажи, крај некогашните корита на бистрите реки, потоци, извори, кладенци… кои веќе ги нема и се покриени со дебели наслаги на човечки грев. Така, можеби, луѓето кои се потонати во сиромаштија и не можат да си дозволат да се качат на воз, или автобус наместо на митинзите на барокните плоштади стуткани како мали човечиња под огромните споменици на античките јунаци ќе можат да ги видат одблизу осакатените и нагрдени природни реткости и убавини на Македонија.

Видовте ли што се случи на Св. Трифун кога маса граѓани во Скопје сакаше да се качи на воз и да помине еден ден надвор од најзагадениот град на Балканот. Уште ми е пред очите тепачката за бесплатно патување од која не црвенее образот, туку се стега душата и се става главата под јорган поради срамот најмалку на тие што се тепаат, туку поради тие што со нивните пари само за владиниот возен парк купија „мерцедеси“, џипови и авиони кои чинат повеќе отколку цел воз и сто години бадијала возење за сите граѓани на Македонија. Сега веќе возовите не сообраќаат ни за пари. И тие пресушија од убавини и од високата температура на железничарите.

Со години ги следам непосредно водотеците на речиси сите наши реки и езера. Знаете, спортскиот риболов многу зависи и од водостоите, од бистрината и загаденоста на водите. Имало и порано големи суши и ниски водостои и среде лето и среде зима, ама вакво нешто досега барем последниве 20-30 години толку немилосрдно и душмански набрзина да се испразнат езерата не паметам. Знам дека ќе се јават некои политички комесари да приопштат оправдувања дека имало многу ниски температури, дека имало дефекти во термоцентралите во РЕК Битола и во Осломеј, дека „живиот споменик“ ТЕЦ Неготино е скапо да се вклучи, дека немало пари за поголем увоз на електрична енергија, за да на крајот кажат дека сето тоа што го направиле е нормално и вообичаено.

Знаете во сиромашните земји каде што се прават споменици во слава на власта наместо регулација на реките и езерата кога три дена не врне дожд има суша, а кога три дена врне има поплава. Виновниците за ова измислиле извонредна политичка и популистичка приказна, инаку ординарна лага, дека тоа се природни закони кога паѓа многу дожд луѓето да се удават и да останат без куќи и покуќнина, а кога не врне дожд и грее сонце исто така било природно да се остане без бериќет и без летина. Така било во цел свет. Тешко им е да го обвинат Господ оти се преправени во големи верници, па полесно им е да ја обвинуваат природата и претходните власти кои пред нивното децениско владеење не ги исчистиле коритата на реките за заштита од поплави и не направиле канали за наводнување кога има суши.

Претходниците не изградиле ништо, а овие барем нешто изградиле, па сега наместо каналска мрежа за наводнување, наместо атмосферска и фекална канализација, наместо водоводи и чиста вода за пиење до секоја куќа, наместо полни езера и чисти реки и извори имаме во изобилство барок и рококо, партиски и владини дворци, поубави од атински Партенон, прекрасни катни гаражи поатрактивни од њујоршките, велелепни вртелешки и панорамски тркала, уникатни жални врби и кораби во суви речни корита, бронзени лавови, коњи, цели ергели, мостови на реки без вода… Оваа трагедија што ни се случи со водите кои ни ги пресушија за рекордно време е добра лекција за сите оние што проповедаа дека Америка и ЕУ сакаат да ја уништат Македонија бидејќи сме имале големо природно богатство во бистрите и чисти води. Да, тоа е навистина големо богатство, ама ние имаме поголеми ајдуци од белосветските кои ги исушија водите додека кажеш добро утро. Напролет и летово ќе викаме додоли.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Полициски трилер на задушница

Објавено на 20 February 2017 од erizaov

rahic

Бев еден од многубројните непосредни сведоци на полицискиот трилер што се случи во петокот вечерта околу 20.40 часот, во едно од познатите и елитни скопски кафулиња. Загледани кој во телевизорите, кој во картите, следејќи фудбал или адути, кога наеднаш покрај прозорците на нашата кафеана почна да се одвива филм во живо, многу повозбудлив од картите и фудбалот. Покрај нас, на само два-три метри претрча првиот бран од десетина специјалци со качулки на главите и автомати во рацете. Исто како во холивудските филмови, додека изненадени се прашувавме што се случува, налетаа уште десетина и зад нив уште десетина нинџи… За малку можевме да станеме колатерална штета поради неколку љубопитни момчиња, кои сакаа да излезат и да видат што се случува надвор иако од широките прозорци добар дел од акцијата можеше да се следи како на големите телевизори. Само што ја покажаа главата одекна силна заповед – Назад!!!! Влегувај внатре!!! – Полиција!!!!

Викотниците и трчањето натака-навака на педесетина маскирани полицајци низ паркингот и покрај соседните кафеани и ресторани, пристигнувањето на полициските возила со цивилни регистарски таблички, полицискиот час со забрана на движење, навести дека станува збор за крупна акција на специјалните единици. Некој од присутните рече ова не се алфи, туку антитерористички командоси, друг рече дека станува збор за лов на наркодилери, некој дофрли дека е ноќна вежба… лицитацијата траеше се’ додека пред соседното кафуле не изнесоа некој тип со лисици на рацете и не го легнаа среде паркингот. Драмата траеше уште еден цел саат и пол додека „форензичарите“ ги пребаруваа кафулето и неговата околина, а типот лежеше на асфалтот, веројатно, за да ги најдат доказите.

Утредента разбрав дека,сепак, не била антитерористичка акција, немало подметната бомба, ниту пластичен експлозив, туку полициска парада вообичаена кога вниманието на јавноста треба да се сврти на друга страна од нешто многу покрупно што и’ пречи на власта. На ден задушница беше организиран лов на наркодилери на повеќе локации во Скопје, а главниот мотив за спектакуларната акција е веќе добро испробан метод на напади врз Зоран Заев, лидерот на опозицијата, бидејќи замислете еден од уапсените му бил брат на поранешен пратеник на СДСМ, кој, пак, бил близок со Заев. А, кој се’ друг бил уапсен и приведен на различни локации и кој чиј брат, татко, братучед или кум бил, тоа воопшто не е возбудлива вест, веројатно затоа и не е објавено ништо друго во медиумите што први дознаваат вакви ексклузивни вести за роднински, партнерски и партиски односи.

Зошто тврдам дека се работи за спектакуларна парада и тешка злоупотреба на специјалните единици за партиски и политички цели. Затоа што организаторот на оваа инцидентна акција соопштена со голема медиумска помпа и со фотографии и снимки добро пресметал колкаво зло е дрогата, која речиси јавно и без големи прогони и апсења се растура како алва низ градовите на Македонија и која секоја година унесреќува и завива во црно голем број семејства. Чувствителноста и огорченоста на сите граѓани од тешките последици на пандемијата на зависници од различни дроги кои безмалку легално се продаваат со години на секое ќоше во Македонија е вистинскиот мотив да се прават лажни полициски акции и да се удира по последната алка во сложениот синџир на наркобосовите, со што се одбегнува сопствената одговорност за големата корумпираност и тотална општествената амнезија пред можеби најголемото зло на човештвото што и кај нас од ден во ден добива чудовишни размери. Лесниот пристап до дрогата и индиферентноста на општеството, отсуството на комплетниот и сложен механизам на одбрана од дрогата почнувајќи од семејството, од училиштето, па до десетици и десетици надлежни институции ги десеткува младите со многу потешки последици отколку преселбите и напуштањето на земјата.

Стотици зависници и унесреќени момчиња и девојчиња и нивните најблиски ќе ви ги покажат со прст уличните продавачи на дрога како стојат на познатите ќошиња каде безмалку 24/7 легално се нуди цела палета од опасните отрови. Во Скопје и по градовите низ Македонија илјадници луѓе ги знаат продавачите на злото и на несреќата, ама освен апсењата на ситните риби меѓу уличните дилери, големите мафиози остануваат негибнати иако нема полицаец во специјалните единици за пресметка со наркомафијата што не ги знае големите газди и кој стои зад ова зло. Тие монструми се заштитени до таму што ако го дишите истиот воздух со нив, можете да бидете веднаш уапсени за нарушување на нивната приватност и нивно обеспокојување.

Само по булеварот Партизанска од Влае до центарот на Скопје има преку 20 легално отворени коцкарници, каде што секој ден исчезнуваат становите, куќите, заштедите на голем број семејства. Оваа зависност исто како и дрогата носи тешки несреќи, страдања и семејни драми. Ама тоа си е легален бизнис, како што се легални и лихварите силеџии што им зајмат пари на децата и ги банкротираат семејствата. Тоа не е предмет на интерес на полицијата и на специјалните единици. И зошто би бил кога грабежот е законски. Таму кој на кого му е брат, братучед, вујко или кум не е битно. Цветаат бизнисите за производство на илјадници зависници во Македонија и за преземање на имотот на илјадници семејства на сосема легален начин.

По сите македонски градови и населби општо се познати наредбодавачите на оние типови со тркалезни глави и златни ланци на шијата што продаваат дрога, зајмат пари со дневни камати и рекетираат се’ живо и диво. Нив никој не ги закача, до пред избори или додека не почне нивната меѓусебна конкурентска војна. Ете затоа сум убеден дека акцијата на задушница беше политичка нарачка. Во тоа брзо ќе се увериме затоа што веќе од утре, задутре растурањето на дрогата ќе продолжи да се одвива без посебни пречки.

Се’ додека не почне чистката во високите ешалони на злото секогаш блиски до политичкиот врв на власта одвреме-навреме ќе гледаме лов на гирици и полициски паради за политички пресметки. Овој пат беше важно само да и’ се приопшти на јавноста додека траат преговорите за состав на нова влада и смена на власта дека еден уапсен е брат на поранешен пратеник на опозицијата, кој, пак, му бил близок на Зоран Заев. Толку. И ништо повеќе.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Изјава за 360° на Алсат-М за пораките на Груевски во последното интервју

Објавено на 17 February 2017 од erizaov

Нема коментари

Tags:

Платформа на разбранувано море

Објавено на 17 February 2017 од erizaov

skenderbeg

Тешко е да се живее и работи на платформа, особено ако подолго време е разбранувано морето или океанот. Може да попушти пред налет на силни бранови, а уште поверојатно да се запали при избувнувањето на гас или нафта. Можна е катастрофа и при мирно море и при најмало невнимание. Во Мексиканскиот Залив, на пример, пред неколку години при ископување нафта дојде до експлозија на метан, која предизвика стравотна планетарна еколошка катастрофа и помор на живиот свет. Некои екологисти ја сметаат за најголема еколошка несреќа. Штетата, освен повеќе човечки жртви, загинати и ранети работници, достигна стотици милијарди долари. Последиците не можат целосно да се отстранат со години. Жителите на тоа крајбрежје никогаш не се оправија од загадувањето предизвикано од човечки фактор на платформата на глобалната компанија „Бритиш оил“.

Луѓето кои живеат и работат на платформа имаат посебни потреби и привилегии бидејќи им е ограничен просторот на движење, тие се чувствуваат како да се во затвор каде што важат строги правила и при работа, но и при привидна слобода. Постојат многу забрани до каде може да се оди. Секое невнимание на платформата е голема опасност по животот и здравјето на луѓето и кои се, но и многу повеќе кои не се на платформата. Затоа вработените се под постојан надзор. Тие имаат повеќе бенефиции, добро се наградени и по секои 15 дена работа задолжително добиваат повеќе платени денови кои ги поминуваат на одмор, на слобода и во цивилизација, како што велат тие. Платформата вработените ја третираат како мал вулкански остров, живеат и работат под притисок и страв да не дојде до голема хаварија бидејќи сите се на кратерот на вулканот кој може да избувне.

Има платформи и на суво. Тие се многу поинакви од морските наменети за вадење нафта и гас, но сепак се платформи кои имаат ограничувачки простор на движење. Има една во Скопје, која мене ми се чини најсоодветна за ова мое писание. Можеби експертите за градежништво ќе ми забележат дека оваа не е најпрецизниот израз за плоштадот што се гради пред Старата скопска чаршија и која го премостува булеварот и се протега натаму да барокните зданија крај Вардар затварајќи ги целосно од вид и чаршијата и Даутпашиниот амам, националната уметничка галерија. Оваа платформа над земјата е новиот плоштад „Скендербег“ кој се гради подолго време наспроти плоштадот „Македонија“ од другата страна на Камениот мост. Некои го викаат плоштадот на ДУИ бидејќи таму се одржуваа митинзите на партијата и тука е подигнат споменикот на Скендербег.

Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, е посебно горд на овој плоштад за кој си земав новинарска слобода да го наречам платформа, или чардак ни на небо ни на земја. Меѓутоа, чардакот – платформа кој требаше да биде изграден според роковите до Нова година, наеднаш остана така да виси во воздух. Работите беа прекинати повеќе месеци. Се разбира, тоа нема никаква врска со влошените односи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по изборите, ниту пак со ставовите на Меџити за нови коалиции и партнерства. Платформата на Меџити нема врска ни со заедничката платформа на албанските партии. Човекот се подготвува од поодамна за локални избори напролет. Меѓутоа, на замреното градилиште деновиве наеднаш се појавија многу работници, инженери, техничари. Доградбата на платформата почна со драматична брзина. И ова нема никаква врска со крајно разнишаните односи меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и со поведената бракоразводна парница меѓу долгогодишните партнери. Нели. Може да се дојде до многу погрешен заклучок ако деновиве некои републички инспекции не ја запрат изградбата. Експертите за коалиции можат да откријат дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се договориле нешто важно. Одговорот ќе ни го кажат аналитичарите во зависност од стопирањето или забрзувањето на изградбата на платформата, која неколку пати е проширувана од првобитниот проект. Не знам дали плоштадот „Скендербег“ ќе биде готов до локалните избори, ама знам дека таму ќе има голем митинг. Ако има избори.

Има и политички платформи. И таму е ограничена слободата и движењето до каде може да се оди. Една таква платформа која градителите ја осмислиле како постизборна револуција им го мати паметот деновиве на многу луѓе, а мислам најмногу на националистите и шовинистите од двете страни кои веднаш ги покажаа роговите. Веќе го поставив прашањето што ќе добијат, а што ќе изгубат Македонците , Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите… и сите други што живеат во Македонија ако огромното мнозинство граѓани се изедначи во обесправеноста, бедата и сиромаштијата, ако продолжи да живее на платформа со која управуваат моќници и тркачи по профит на нечесен начин, осомничени властодржци за организиран криминал и корупција. Што ќе ни е платформа на која сите се под надзор и прислушувани, на која немаш право на сопствен избор и за разлика од вистинските платформи платите се бедни и понижувачки.

Не може да не пречи ни на најнеутралните граѓани понудата на платформата во стилот земи или остави и сега му е мајката. Се очекуваше поголема почит кај лидерите на албанските партии, особено кај ДУИ на извонредната историска лекција која им ја испратија гласачите. Тие не бараа партиска платформа, туку нешто многу позначајно и поуниверзално, а тоа е слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, независни судови и медиуми, но пред се’ подобар и побогат живот за сите граѓани на Република Македонија.

Не знам каква понуда или платформа упатил СДСМ до водачите на албанските партии и што прифатиле или отфрлиле социјалдемократите и нивните партнери, но чинам има уште време на последните заеднички состаноци сите лидери да настапат државнички, а не тесно партиски и да договорат нешто многу позначајно, а тоа е по егзекуцијата на режимот да дадат јасен и гласен одговор какво општество ќе градиме заеднички како пристојно место со еднакви права и одговорности за сите граѓани кои живеат во Македонија. Така Македонија може да се врати на вистинскиот пат како фактор на стабилноста на Балканот и да биде прва земја во регионот која највисоко ќе ги крене универзалните стандарди на демократијата и човековите права.

Платформите сами по себе се ограничени во секој поглед. Доследната примена на Уставот во практиката и во секојдневниот живот нуди многу поголеми можности отколку сеалбанската платформа правена на врат на нос, која македонските националисти ја доживуваат како атомска бомба, а албанските како глупаво комплицирање и непотребно задржување кон создавање трета албанска држава на територијата на Македонија.

Во овие денови на исчекување, шпекулации, преговори и договори мора да преовладеат студени глави и разум, државнички настап со јасна порака до граѓаните дека се отстранети причинителите на кризата и дека Македонија е одлучна на патот кон Европа и НАТО, кон слободата, но и кон одговорноста за спроведување на историската шанса. Дали е избран вистинскиот пат и вратена довербата кај граѓаните ќе покажат многу бргу локалните избори, а уште побргу настаните што ќе се случат во Македонија до изборите. Големите настани исфрлаат на сцената и големи личности и државници. Македонија повторно е во еден таков момент, каков што беше распадот на Југославија и одбегнувањето на крвавата војна кога ја добивме независноста без ниту еден испукан куршум и без ниту една жртва на територијата на Македонија. Вториот момент беше Охридскиот договор кој ја спречи граѓанската војна. Во овој миг недостигаат мудроста на претседателот Киро Глигоров и прагматичноста на претседателот Борис Трајковски. Првиот ја испрати од земјата ЈНА со потпис на меѓудржавен договор, а вториот не прогласи вонредна состојба 2001 година иако беше изложен на силен притисок тоа да го направи што лесно можеше да ја вовлече Македонија во крвава граѓанска војна. Денешниот претседател Ѓорге Иванов не е дораснат на историскиот миг. Повторно е во фаза на мирување. Човек не знае кога е полошо кога молчи или кога зборува. Иванов покажа дека на Македонија не и’ е потребен претседател. Некои се трудат да докажат дека на Македонија не и’ треба ни влада. Ќе сме биле како Белгија. Еве оваа која е сега како да ја нема, целосно е нефункционална. Парламент нема, никој не ни чувствува потреба да го има.

Нема влада, нема премиер, нема парламент, нема претседател на државата. Кој рече Белгија.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Македонци, Албанци и други

Објавено на 16 February 2017 од erizaov

mk alb

Прво, некои големи автентични Македонци и Албанци одамна залегнати на придобивките од власта беа многу загрижени зошто Албанци гласаат за македонска партија. Како да си им брцнал и во око и во џебот. Потоа, некои Албанци и Македонци беа ептен разочарани зошто Албанци станаа јазиче на кантарот на најневеројатниот и најтесен изборен резултат во Македонија.

Веднаш потоа некои Македонци и Албанци кога се обидоа безуспешно да курдисаат нова влада и парламент разбраа зошто некои Македонци сакале 63 пратеници, а некои Албанци сакале да извојуваат убедлива победа над другите Албанци, па топтан заедно да имаат над 80 пратеници за се’ да остане исто како и во изминатите десет и пол години на владеење без контрола кога дефинитивно е заробен и оној дел што остана од државата. Ова е главната одлика што го одбележува крајот од ерата на груевизмот кога најголемиот број граѓани, освен брзо збогатениот партиски естаблишмент и поданиците на власта, се прилично еднакви само во сиромаштијата и во стравот пред правдата на посилниот и на режимот.

И додека во шок вистинските по род големи Македонци и Албанци ги бараа домашните и странските непријатели и ги жигосуваа како говеда национално неосвестените изроди подложени на асимилација и предавство, стаса најновото истражување кое предизвика паника и повик на тревога не само кај патриотите Албанци и Македонци, туку и кај оние кои имаа некоја демократска и граѓанска маска на лажни борци за еднаквост и човекови права. Истражувањето во кое верувам, бидејќи беше најблиску до вистината на изборите кажува дека Албанците на повторни избори кои би се одржале сега најмногу гласови би дале на СДСМ, повеќе отколку на која било албанска партија. А Македонците не би дале ниту еден глас за албанска партија. Штама. Потоп. Крај на светот. Некои загрижени Албанци и Македонци со денови не спијат. Штом им дадеш микрофон само ’ржат како загари кога при лов на зајак ќе им излезе мечка.

Сега кога маските паѓаат се виде дека тоа биле најголемите националисти и шовинисти, кои не можат ни за миг да помислат да и’ се случи на Македонија нешто убаво и историски значајно за првпат во целиот регион, нешто што може да ги надмине и европските стандарди. Замислете каква несреќа би било да почнат граѓаните на Македонија масовно да ги препознаваат заднините на огнените дебати и популистички говори на политичарите и нивните папагалски поддржувачи кои секоја вечер преку телевизиите ја трујат човековата околина повеќе од фабричките оџаци и автомобилите. Што би се случило ако масовно и Македонци и Албанци кажат доста не’ лажевте и ако животните интереси им станат најважни и ако почнат да ги оценуваат уште поправедно отколку на последните избори пропагандно напумпаните лидери. Што мислите дали овие најнови шокантни резултати од истражувањето на ТВ Телма не навестуваат дека довербата е изгубена кај мнозинството Албанци и Македонци бидејќи веќе од поодамна уште пред „бомбите“ на Заев ги препознале осомничените за криминал во врвот на власта, ако правдата за нивна одговорност се попречува, ако едноставно им е преку глава од големите патриоти и јунаци, војводи и команданти оти ашиќаре се гледа како безобѕирно се нафатираа и го ограбија народот, оставајќи му само долгови и беда. Колку би било страшно ако на некои наредни слободни избори мнозинството Македонци изгласаат Албанец да биде претседател или премиер на сите граѓани на државата. Се разбира такво нешто се’ уште е утопија и незамисливо. Имаше еден таков случај кога албански кандидат за претседател на државата, Имер Селмани, доби преку 60.000 македонски гласови кои веднаш исчезнаа на следните избори кога Селмани понуди ептен албанска патриотска програма. Сега тој пример повеќе служи како доказ дека тоа не е можно отколку дека е можно.

Во секој случај, загрижените за асимилација на Албанците и за индоктринација на Македонците од странски пропаганди можат да си бидат спокојни и да си ја накриват капата. Тие на крајот ќе бидат победници и нема да дозволат историски настани кои можат да ја спречат поделбата на државата и нејзиното исчезнување. Непростливо би било за многу национални стратези и чувари на идентитетот, јазикот, славното минато да се сфати буквално и погрешно европеизацијата на Македонија, па граѓанинот да биде во центарот на вниманието, наместо тоа да биде вистинскиот Македонец, или Албанец до десетто колено, а кои не знаат како се вика таткото на нивниот дедо.

Она што не можам никако да го разберам е зошто албанските лидери и политичари им ветуваат како голем дострел на Албанците да имаат исти права како и Македонците. Тоа ли е големиот идеал да си еднаков со Македонците кои се исто така под удар на режимот, или вистинскиот мотив останува само да се дојде до власта и да се биде ортак и соучесник со осомничени властодржци за организиран криминал, за баснословна корупција, за изборен криминал, за најмасовно нарушување на човековите права и слободи со држење под надзор и прислушување со години на над 20.000 граѓани и јавни личности. Толку ли е примамливо да се изедначат Албанците и Македонците во нивото на заедничката обесправеност. Ваквата еднаквост е гола вода и измама на вистинските идеали за слободно и просперитетно општество.

Мал совет: штом слушнете како некој проповеда гласно на телевизиите и во медиумите за демократија и за слобода, за еднаквост, за давање и земање на правата на Македонците и на Албанците, а притоа не спомнува дека има и други што живеат во Македонија, не верувајте им ништо бидејќи и едните и другите, луѓе од тој ков, лажат и се претставуваат лажно како борци за демократија и слобода, ама само за себе. Од националист кој на сметка на другите бара права само за својата нација – демократ никогаш не бидува. И да биде, не му личи. Лажен е.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Се враќам за 15 минути

Објавено на 14 February 2017 од erizaov

vmro zgrada

Во центарот на вниманието на јавноста по изборите кои завршија пред повеќе од два месеци и натаму се тројца политички лидери Никола Груевски и Али Ахмети кои претрпеа Пирова победа и Зоран Заев кој извојува пораз, а се’ уште државата нема ни функционална влада, нема ни нов парламент. Чинам веќе на сите им се разјасни дека не одлучуваат само овие тројца, има уште некои клучни играчи кои не се гледаат многу, ама се тука и тие се прашуваат за формирање на новата власт. Очигледно, без нив не бидува работа.

Груевски кој по неуспешните преговори со Ахмети е аутсајдер бидејќи со него никој не сака да прави коалиција презема силна одбрана на партијата од расуло со јавни настапи и нарачани интервјуа да го сопре цветањато на сончогледите среде зима. На капијата на дворецот на партијата сабајлево некој залепил ливче на кое напишал: се враќам за 15 минути. Друг одоздола допишал – лажеш, те чекам 396 дена.

Шегата на страна, тешко допира до јавноста и до гласачите што прават лидерите кои одлучуваат за иднината на државата. Слика имаат тон немаат. Иако не се симнуваат од екраните, иако многу зборуваат, ништо не кажуваат, освен шифрирани пораки кои само тие си ги разбираат. По нив експресно настапува една сурија естрадни аналитичари и експерти кои ги дообјаснуваат и само ги повторуваат пораките на своите партиски лидери и нарачатели. Секоја чест на исклучоците. Она што може да се види со голо око од овие политички маневри е дека Груевски ги подготвува своите соработници и симпатизери за заминување во опозиција со ветување дека брзо се враќа на премиерската функција по 13 месеци неплатено отсуство. Останува да видиме тоа чудо дали ќе го направи со помош на нови избори, или со некое волшепство што можат да го направат само претседателот на државата и партиските толкувачи на Уставот кои имаат неколку формули за неменливоста на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ во наредните стотина и кусур години.

Вториот победник на изборите Ахмети, пак, за разлика од Груевски не е во аут и со десет пратеници е исклучително значаен, ама за проветрување на владата, на парламентот и на државата не се прашува само тој и ДУИ, туку и лидерите на уште три албански партии Беса, Алијанса и ДПА, кои заедно со ДУИ и СДСМ треба да ја видат конечно големата историска слика за иднината на Република Македонија, на сите граѓани и на целиот регион. Поразениот Зоран Заев, кој со големината и тежината на поразот ја шокираше власта која не може да поверува дека за него и за здружената опозиција гласале над 430.000 граѓани и му дале 49 пратенички места уште во бунило зборуваат дека зад Заев стојат и Америка и ЕУ и ЦИА и шиптарите и сомнителните по род Македонци и милијардерот Џорџ Сорос кој истурил милиони и милиони евра и долари само да го тргне од власт Груевски. А, зошто тоа го направил никој не знаеше до вчера, додека Груевски не соопшти дека тие огромни пари се дадени од идеолошки, политички причини и други интереси. Идеолошките и политичките причини биле да се оцрни власта пред Албанците, да се смени политичкиот систем и од слободна и независна држава да стане режим. А и за другите интереси разбравме веднаш по историското интервју на Груевски кога беше сензационално откриено дека цела Македонија лежи на берилиум. Брзо на „Гугл“ да видите што е тоа берилум, што да ви кажам ќе тече река од милијарди долари. Заедно со бистрите води, лорандитот од Алшар и сега откривањето на берилиумот станува јасно кои се другите интереси и на Сорос и на ЦИА. Сакаат да ни го лапнат и богатството и името и јазикот.

Губитникот Заев, кој го исфрли од игра победникот Груевски и има најголема шанса да ги обедини под иста заедничка европска агенда тие што се против режимот и што Македонија сакат да ја видат како слободна и демократска држава, може да го поарчи времето пишувајќи писма на намери, списоци на желби и трчајќи од еден до друг лидер. Е, дури тогаш поделбите се навистина можни бидејќи веќе неколку кројачи на географски карти се појавија со свои идеални решенија кои гледаме им се допаѓаат на сонувачите на големи држави на Балканот. Ако политичките лидери кои добија мандати и над 600.000 гласови за смена на власта го изарчат времето во лицитации и пазарења, ќе го испуштат најдобриот коњ за трка и ќе останат со седлото во раце.

Заедничката владина програма напишана во склад со Уставот без трикови и надмудрувања мора да тргне од слободата, демократијата и еднаквоста на сите граѓани, од поглавјата што се отвораат во преговорите со Брисел и од годишните извештаи на ЕУ до каде сме стасале и се разбира од препораките на Рајнхард Прибе. Таму се содржани и прецизно наброени сите детали кои се стратегиските интереси и на државата и на сите граѓани без разлика на нивната национална и верска припадност. Досега овие забелешки никој јавно не ги оспорил. Напротив, сите релевантни партии и лидери ги имаат поддржано. Разликата е само во тоа што тие не се спроведуваа во практиката и наместо решенија, на јавноста и’ се нудеа оправдувања зошто тоа не остварено. За тоа секогаш беа виновни некои други, само не тие што ја водат државата. Ако еднаквоста, демократијата, слободата, владеење на правото, независноста на судовите и на медиумите, заштитата на посебноста и различноста, на идентитетот и на јазиците, културата и традициите, обичаите, колективните и индивидуалните права бидат темелот на промените, тогаш Македонија ќе биде на вистинскиот пат кон европеизација, а кризата ќе биде лошо минато. Ова мислам дека го знае секој слободољубив граѓанин на Македонија.

Во мај кога ќе се одржат локалните избори тие ќе бидат вистинскиот тест дали ќе има потреба од нови парламентарни избори или не. Ако граѓаните на Македонија ги прифатат промените како и на изминатите избори, смената на залегнатата и забегана власт може да биде нешто најдобро што ни се случило во долгата и мачна транзиција.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

На Груевски ич не му се оди на суд

Објавено на 13 February 2017 од erizaov

gruevski sud

Го гледав Никола Груевски на неговата ТВ Нова стокмен како за свадба со нов костум, што да ви кажувам, „струмка и јас“, човеков крцкаше од глава до петици како да излегол од најскапите светски бутици. Се претстави како смирен човек кој почнал да верува во сопствените лаги.

Се присетив кога првпат го видов пред нецели 18 години како младо министерче за трговија. Влезе во Утрински во изветвено палтенце, истуткани панталони и евтини чевли, но полн со ентузијазам и со проект во рацете за „купувајте македонски производи“. Меѓу тој Груевски и сега овој Груевски што го гледам на ТВ, разликата е небо и земја, како меѓу слуга и цар. Компарацијата не е навредлива бидејќи зборот министер значи слуга на народот, а цар си е цар на народот, дури и по неговата абдикација. Еднаш цар, за век и веков цар.

Груевски одлично се вклопи во современиот дизајн на најновата медиумска ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ, само малку фалеше сценографијата на драмолетката да биде идеална. Штета што амбиентот не беше во барок и рококо, или што оваа беседа не беше снимена и овековечена во царскиот дворец како историско сведоштво на последните три желби на владетелот на заминување кој се потруди тоа да го прикаже како неговото повторно враќање на престолот. На Груевски не му се напушта тронот, но овојпат тоа не е желба за власт, туку силен патриотски чин на саможртва за доброто на народот да продолжи да владее со истиот елан и самодоверба како и досега. Не му се остава земјата да ја разграбат и распарчат по десет и пол години владеење со цврста рака, по деценија на мир, успеси и благосостојба.

На многу разборит и сугестивен начин Груевски објасни дека пронашол извонредно решение за излез од кризата и за спас на татковината. Вели кризата е многу голема што ја нанесоа домашните и странските платеници и непријатели, пардон, сега веќе се опоненти, изгледа разбрал дека не е баш пријатно повеќе стотици илјади граѓани да се нарекуваат непријатели. Длабока и тешка е кризата рече Груевски подготвен да се жртвува како да владеел некој друг деспот десет и пол години со Македонија, а не тој. Излезот е многу лесен, операцијата не е скапа, само треба да се одржат уште неколку круга на избори се’ додека тој и ВМРО-ДПМНЕ не освојат 63 пратеници и додека повторно не курдиса нова петта ќе да е по ред влада со ист премиер. Во тој момент кризата завршува.

Кога го слушнав ова старо побарување, прво што ми падна на ум е една реченица која му се припишува на Фројд и која ја сретнав деновиве по социјалните мрежи: првиот знак дека човек почнува да ја губи контролата врз себе е кога ќе престане да се срами од своите постапки. Така и Груевски без трошка срам бара или долгогодишниот партнер ДУИ да направи коалиција со него, или да прифати нови избори заедно со локалните. Трето нема.

Особено силен впечаток ми остави аргументацијата на Груевски дека нема веќе преговори на „победник со победник“ како што молел ДУИ пред десет години. Следниот пат неверните партнери ќе бидат избркани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ безмалку на клоци. Оваа сто пати повторена лага деновиве на некои луѓе им изгледа многу примамлива. Но Груевски како и секој голем владетел не појасни некои детали во кои се крие ѓаволот. Прво не кажа дали следниот пат тој ќе биде тука и дали тој ќе одлучува на следните избори со кого ќе прави коалиција ВМРО-ДПМНЕ и дали некој воопшто ќе го праша што тој мисли. Второ и да му се случи тоа на ВМРО-ДПМНЕ Груевски да биде и натаму претседател на партијата и да биде тука, која е гаранцијата дека ќе победи на изборите за кои не се знае кога ќе се одржат дали оваа пролет, или пролетта 2021 година, или некаде помеѓу кога тоа ќе му одговара на новото парламентарно мнозинство. И трето баш сакам да го видам тој јунак во ВМРО-ДПМНЕ кој на пример со 45 освоени пратенички места ќе одбие коалиција со да речеме 16-17 пратенички места на ДУИ.

И најголемата лага повторена по милионити пат што ја кажа пак Груевски дека милијардерот Сорос со години работи против ВМРО-ДПМНЕ во прилог на СДСМ поради како што рече идеолошки и политички причини. Моќниот Сорос и преку граѓанските невладини организации и преку други држави и влади постојано цели 25 години вложувал големи пари против ВМРО-ДПМНЕ, а особено последните десет години фрлал милиони долари да го урне Груевски поради идеолошки и политички причини и некои други интереси. Да не може човек да се изначуди на овие небулозни теории на заговори. Од 25 години независност ВМРО-ДПМНЕ е на власт повеќе од 15 години, не сметајќи ја владата на Никола Кљусев. Како со толку многу пари и влијание врз други моќни светски влади и разузнавачки служби Сорос не успеа да го урне Груевски немаше ни прашање ни одговор.

Замислете да не беше Сорос и неговите пари, Груевски никогаш немаше да стане премиер, ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Георгиевски ќе си владееја цели 25 години без никакви проблеми. Не знам дали има нормален човек кој може да верува во вакво нешто. Сорос стана познат во светската јавност по тоа што донира навистина средства во земјите на источна и централна Европа и на Балканот да ги забрза процесите за падот на историски истрошените комунистички режими и да ги ублажи последиците од тектонските промени во мирна транзиција кон демократија. Се разбира, на новите популистички и националистички режими во посткомунистичките земји оваа работа воопшто не им се допадна, а веќе им пречи и на некои демократски држави кога се злоупотребува власта од корумпирани властодршци и популисти. Вистината веќе ја знаеме сите. На Груевски всушност ич не му се оди на суд. Многу разбирливо. Не се чувствува добро на судската клупа дури и кога е негов судијата.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

February 2017
M T W T F S S
« Jan   Mar »
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728