Archive | December, 2016

Tags:

Маките на баба Ката

Објавено на 31 December 2016 од erizaov

751

Кога Љупчо вресна радосно додека зборуваше на телефон сите во редакцијата занемевме и љубопитно го загледавме. По подолго време човекот го видовме насмеан како блика од радост. Каква ли среќа го спопаднала во ова време на невреме и лоши вести. Луѓе мои, па дали е ова можно, ова е чудо невидено, па како да не веруваш во Господ, се прекрсти три пати и излета од канцеларијата со капутот во раце. Патем само ни дофрли дека неговата баба Ката оздравела и дека ќе ја отпуштат од одделението од каде што никој не се вратил дома. Сега зборував со неа и со докторот, одам да ја земам, ја носам дома…

Неговата омилена баба позната професорка, само што замина во пензија, ја беше нападнала некоја чудна и ретка болест. Лекарите само креваа раменици. Потполно здрава и при памет почнаа да и’ се појавуваат привиденија и тоа по неколку пати и дење и ноќе. Наеднаш од чиста мира додека пие кафе или чај, или чита весник, гледа телевизија и’ излегува пред очите како на филм некоја гатачка од Камчатка, која и’ кажува ужасни работи. § вели дека во Америка во ЦИА се подготвува страшен план за уништување на нејзината татковина. Некои ѕверови преправени во луѓе смислиле, прво општа калакурница во нејзината земја, па граѓанска војна, крв до колена, сакаат да ја сменат најдобрата власт што сме ја имале и да ја уништат Македонија. Штом ја снема гатачката од Камчатка баба Ката како ништо да не било си ги вршела домашните работи, ама од ден на ден била се’ позагрижена што ќе биде со државата, со нејзините деца и внуци. Баба Ката ја спопаднале големи маки и грижи, почнале да ја јадат црни јанѕи и демони по цели ноќи и денови.

Критичниот ден кога се појавила гатачката и не заминала цел ден и цела ноќ, баба Ката ги видела во живо сите страдања на нејзините најмили, на нејзините комшии и пријатели на целиот народ македонски. Гатачката од Камчатка и’ ги донела дома на гости сите наши душмани предводени од шпекулантот Џорџ Сорос, заедно со него дошле и белиот црнец Барак Обама и оние идиоти и арамии маж и жена Бил и Хилари Клинтон, оној кретен Џорџ Буш Помладиот, замисли и оној париски клошар Еди Рама заедно со канцеларката на заминување Ангела Меркел и многу паметната премиерка на Британија Тереза Меј која цело време прашувала каде е излезот од шпајзот. Имаше тука и еден куп волци преправени во дипломати дојдени од Франција, од Шведска, од Холандија, од Италија, дури и од Норвешка, се муваа и неколку валкани и примитивни словенски кучиња стасани од зад Карпатите кои се замешале со нас само за да се облагородат и да ни го присвојат античкиот идентитет.

Во тесното станче се насобраа еден куп домашни предавници на чело со црпнатиот Зоран Заев. Се наредиле во дневната соба на баба Ката како во некој хор и почнале да зборуваат сите на албански јазик. Во тој миг баба Ката го доживува најголемиот удар, наеднаш почнал да и’ расте уште еден јазик во устата. Прво стана двојазична, и веднаш потоа и тројазична. Се виде себеси како аждајата што ја убива св. Ѓоргија. Целиот тој олош што зборуваше албански и англиски баба Ката почна да ги разбира и се’ и’ се измеша во главата. Уште поголем шок настапи кога почна да и’ се допаѓа тоа што го зборуваа овие злосторници. Навистина таа знае одлично англиски, ама не знаеше дека знае и албански. И кога се слушна себеси како зборува шиптарски беше најтешкиот удар. Се разбуди во болница, ама веќе не препознаваше никој. Луѓето во бели мантили зборуваа за деменција, за халуцинации, за артериосклероза, за некојси Алцхајмер и за Перкинс, зборови и личности кои некако и’ се познати, ама никако не можеше да се сети што значат и кои се тие луѓе.

Кога стаса Љупчо во болницата да праша што се случува со баба му, лекарите рекоа нема спас. Што побрзо замине од овој свет подобро за неа и за нејзините најблиски. Многу бргу само ќе вегетира и нема да знае за себе. Баба Ката престана да зборува, но воопшто не личеше на болна жена. При една таква мачна посета кога Љупчо тажен и молкум седеше покрај својата баба му пријде една млада лекарка која побара малку да поразговараат на само бидејќи сакала нешто да проба надвор од редовните терапии и лекови. Докторката дознала дека некој од пациентите кришум и’ купува весници на баба Ката и дека таа до доцна во ноќта гледа телевизија, божем сосема незаинтересирана, а потоа комуницирала со гатачката од Камчатка. Докторката предложила на баба Ката да и’ воведат цензура бидејќи била на мнение дека неа погубно и’ дејствува на психата нешто што доаѓа од телевизијата и од весниците. Се послужиле со итроштина, па наместо трите весници што ги читала со години, и’ подметнале други весници, а трите телевизиски канали кои редовно ги гледала ги исклучиле, ѓоа расипани.

По три месеци строга терапија, состојбата нагло се подобрила, престанала да доаѓа во посета гатачката од Камчатка. Големите доктори беа вчудовидени за првпат се случува нешто вакво откако постои ова одделение. Сите симптоми на тешки заболувања на мозокот исчезнаа. Кога Љупчо дојде да ја земе баба си дома здрава и права ги испрати младата лекарка. Тешко ќе докажам, рече, ама ќе се обидам во мојот докторат да го разоткријам опасниот вирус на церебрална атаксија, која се пренесува од медиумите. Строгата диета што може да се чита и гледа, а што не може, тоа што вие го викате цензура, во вакви случаи е единствениот лек.

Баба Ката веќе не гледа три телевизии и не чита три весника и се чувствува многу добро.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Каква влада ни треба

Објавено на 29 December 2016 од erizaov

 

eu-mkДали завршува времето на апсолутни победници на изборите во стилот кој победува добива се’. Велат, таков бил изборниот систем. Да, математичката формула е таква, но гласањето на последните избори покажува дека во политиката има и други равенки со една, со две, со три непознати… чиј збир може да биде многу поголем од онаа што се чини на прв поглед како најголема бројка, па така егзактната наука и правилната политика со почитување на мнозинската граѓанска поддршка велат дека 49 +Х +Y +Z е рамно на нова влада.

Деновиве оваа математика која се учи во осмолетките им задава голема главоболка на тие што сакаат со 51+0 = апсолутна власт без контрола и одговорност. Задачата е лесно решлива ако во бројките препознавате демократија, слобода, владеење на правото, независни судови и медиуми, целосно ослободување на „заробената држава“ и уривање на режимот, поделба на власта според Уставот. Или ако во бројките гледате и праведна судска разврска за кривични дела кои произлегуваат од најголемото нарушување на човековите права и слободи во Македонија по Втората светска војна со повеќегодишно држење под надзор и следење на комуникациите на над 20.00 граѓани и јавни личности. И се разбира ако равенката ви значи воспоставување на општествено-политички систем кој цврсто се потпира на законите во борба против организираниот криминал и корупција и на определбите за остварување на стратегиските приоритети на државата со прифаќање на европските вредности на живеење и работење што се вели за европеизација на Македонија и нејзино членство во големите светски воени и економски сојузи ЕУ и НАТО, тогаш тоа не е само математика.

Тоа се историски закономерности. Нивното непочитување и наметнување на нови четири години, 11+4 = 15 или деценија и пол на груевизам, лет во место и примитивен популизам, пропагандна агресија, страховлада и селективна правда би бил нов инцидент на историјата и пат кон исчезнување на државата, што и во поновата историја се случува кога снемува многу поголеми и помоќни земји, па и регионални и светски велесили. Нешто на што бевме непосредни сведоци. Распадот и делбите се случуваат многу почесто отколку што се претпоставува. Тоа треба да се има постојано на ум.

Значи, равенката е каква влада сакаме, или кажано попрецизно каква влада ни треба да излеземе од пештерата поголема од онаа на Матка, спелеолозите велат меѓу најдлабоките во светот. Изборите не дадоа апсолутен победник да прави што сака, туку решението е во заедничкиот збир за изградба на слободна и граѓанска држава во која неминовно со евроатланските интеграции ќе се воспостават повисоките стандарди на демократија и на правна држава кои сега во коалициски и популистички натегања и условувања се најризични да не се испушти последната шанса Македонија да почне да се движи во правилна насока. Треба многу мудрост и знаење, демократски капацитет, толеранција, подготвеност на компромиси и државнички дострели, да се биде во влада и во парламент, да се управува со држава во ваков однос на силите. Ако определбите се искрени и одлуките праведни и храбри, поголемиот дел од јавноста тоа брзо ќе го препознае. Ваквите историски периоди исфрлаат на јавната сцена политички лидери и државници кои успеваат да ги најдат вистинските решенија за просперитет на државата и за подобар живот на граѓаните. Граѓаните на Македонија деновиве се во очекување на трговијата со нивните гласови дали ќе тргнат по европскиот пат на демократија и развој или ќе останат и натаму изолирани и заробени во балканската крчма.

Последна шанса да направи барем еден потег во интерес на демократијата има и поранешниот професор на правниот факултет Ѓорге Иванов, кој веќе осум години е најпартискиот претседател на Република Македонија. Неговата улога може да биде пресудна за одбегнување на евентуалните тензии кои произлегоа од видените срамни закани дека владејачката партија не признава ниту еден друг резултат освен победа, таа ароганција може да прерасне во насилие и конфликти ако ВМРО-ДПМНЕ и Груевски не признаваат ниту една друга коалиција и влада во која таа не е главна и го нема престолот. Тоа претседателот Ѓорге Иванов е должен да го спречи ако го почитува Уставот, да го даде мандатот за состав на владата на партиите кои ќе приложат докази дека имаат 61 пратеник, односно мнозинство во парламентот. Давањето мандат на политичка партија која нема обезбедено мнозинство во парламентот може да предизвика одолжување на постапките и нови огнови и огнени националистички говори пред барокниот дворец на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Грди постизборни слики од темниот вилает кои го обиколија светот. Тешко е да се надеваме дека се и последни, освен ако претседателот Иванов не се сети дека нема трет мандат.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Кој кодошел кај Прибе

Објавено на 28 December 2016 од erizaov

pribe

Наодите за ситуацијата во Македонија и препораките на експертскиот тим на Рајнхард Прибе за излез од длабоката политичка криза избија во прв план по изборите и се најактуелни и најподатливи за цврста платформа при партиско договарање за коалициска влада. Извештајот на Прибе, и по година и пол откако е напишан, може да биде најдобриот договор за партнерство во новата влада со што би се означил почетокот на излезот од кризата, а која би била конечно надмината со ослободување на „заробената земја“ како што не’ нарекува Комисијата на ЕУ.

Крајот на политичката криза може да се означи само со слободно и независно функционирање на сите институции на системот од парламентот и судството до Специјалното обвинителство и медиумите. Лидерите и раководствата на политичките партии кои ова им го ветија на своите избирачи и за тоа добија мандати се исправени пред голема одговорност дали ќе ги исполнуваат своите ветувања, или ќе се впуштат во пазарења за одбрана на митови, легенди и на славното минато подгревајќи национализам и меѓуетнички конфликти зад кој лесно се кријат не само европските вредности, туку и балканските добри традиции кои се’ уште опстануваат на оваа ветрометина. Дали пак ќе се впуштат политичките лидери во примитивни популистички надмудрувања и дигање на меѓуетнички и внатреетнички тензии, или ќе тргнат по патот на демократијата и на Европа е клучниот момент во кој сега живее во исчекување Македонија.

Во вчерашното „Ќоше“ на иста тема за постизборни коалицирања со наслов „ќе формира ли Прибе влада“ бранителите на самостојноста и независноста на Македонија симболиката на насловот и на текстот ја спинуваа како „кој е тој Прибе“ да ни составува влада, дали однадвор ќе ни диктираат кој да биде премиер и кој да формира влада и под кои услови, кој не’ кодошел и соработувал со Прибе за тој да ги открива причините за кризата и да дава препораки како да се излезе од неа. Повторно сме соочени со стариот проблем на лаги и итроштини кога лесно се прифаќаат несоборливите аргументи за нашите грешки, но кога ќе дојде редот да се исправат тогаш врескаме дека тоа е загроза на суверенитетот и независноста на државата, дека нема ни Брисел, ни американскиот амбасадор Џес Бејли да ни составува влада и да ни бира премиер, нека си ја гледаат странските дипломати својата работа… веќе ја знаете патриотската приказна секогаш кога е во опасност да не се изгуби власта.

Во јавноста добро е позната содржината на извештајот на поранешниот директор на ЕК Прибе и на неговиот искусен и професионален тим, но малкумина знаат на кој начин е направена целосната анализа на ситуацијата и како се откриени причините и предизвикувачите на политичката криза во Македонија. Станува збор за сериозно и обемно истражување и анализи на група независни стручни луѓе од областа на владеење на правото, спроведување на правото, следење на комуникациите, обвинителството и судството, човековите права, транзициските реформи… Тимот претходно веќе бил запознаен со состојбите во земјата врз претходни професионални ангажмани од Европската комисија, Советот на Европа и други организации. Значи, екипата на Прибе не дошла боса по трње во Македонија, или пак тајно да води разузнавачки и шпионски истраги, туку на стручни и професионални состаноци со владини и невладини претставници да изгради вистинска слика на ситуацијата и да предложи решенија со единствена цел Македонија да се врати на патот на демократијата и слободата и да ги почне преговорите со Брисел за членство во ЕУ.

И еве го сега списокот на „кодошите“ кои ја „клеветеле“ својата татковина пред соработниците на Прибе кои се уредно назначени во извештајот. Први на списокот се претставниците од Министерството за внатрешни работи вклучително и тогашниот директор на УБК. Потоа следува државниот јавен обвинител на Македонија и повеќе обвинители. Потоа се набројани претседателот и судии на Врховниот суд, претседателот и судии на Судскиот совет, претставници на здруженијата на судии и на обвинители, потоа судии и обвинители кои работат во специјализираните судски оддели и одделението во обвинителството кое се занимава со организиран криминал и корупција. На списокот е и директорот и службата на Дирекцијата за заштита на податоци, претседателот и членовите на Државната изборна комисија, Претседателот на парламентот и членови на две надзорни комисии. Групата експерти од тимот на Прибе се сретнала со претставници на релевантни меѓународни организации, невладини организации, здруженија на правници и новинари…

Експертскиот тим ја испитал состојбата во земјата и ги подготвил своите наоди врз основа на низата ТЕХНИЧКИ состаноци одржани во Скопје во повеќе наврати, но и од други многубројни материјали и извештаи од различни извори. Овие информации, се напомнува во извештајот, се обезбедени во доверба, затоа не се откриваат изворите за секој посебен наод. Групата експерти во својот извештај го искажува своето задоволство од истражувањето бидејќи добиле доволно податливи информации кои ја потврдуваат нивната веродостојност. Врз основа на тоа се дадени оцените за специфичната состојба во земјата и се предложени препораките. Фокусот за следење на тековната криза каде што се откриени значајни недостатоци се пресретнување на комуникациите, или како што ние го викаме прислушувањето, потоа судството и обвинителството, надворешниот надзор од независни тела и состојбата во медиумите.

Тука треба да се бараат причините зошто наодите и препораките во извештајот на Прибе се несоборливи и се патоказ за излез од кризата, досега од никој неоспорувани, а зошто сега по изборите е неопходно да бидат платформа за коалициска влада.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Гостување на Ал Џезира Балканс за можните коалиции по изборите

Објавено на 27 December 2016 од erizaov

(Објавено на Aljazeera Balkans)

Нема коментари

Tags:

Ќе формира ли Прибе влада

Објавено на 27 December 2016 од erizaov

pribe

Изборите во Македонија не означија крај на кризата. А дали ќе биде почеток на излезот од кризата ќе зависи од тоа дали ќе формираат влада тие што ветија големи промени.

И во Теарце на прегласувањето на изборите се потврди крајниот резултат, но и пораките на граѓаните. Опозицијата освои 245, а владејачката партија 149 гласа. Тоа не е доволно да се изедначи бројот на мандатите на 50 спрема 50. Очекувано и овој пат ВМРО-ДПМНЕ извојува победа, бидејќи 149-те нејзини гласови се чисто македонски и вредат дупло, а 245-те на СДСМ се поприлично немакедонски и не вредат ништо. Останува истиот сооднос на пратеничките места 51: 49, се разбира, најмногу и поради тие што не гласаа. Формулата е таква, тие што не гласале исто како да гласале за ВМРО-ДПМНЕ и за Груевски. Штета што ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите од прегласувањето, ќе можеше уште еднаш да организира прослава на втората триумфална победа и во Теарце.

Гласањето во Теарце не го смени крајниот резултат, но најверојатно ќе смени многу во главите на партиските лидери кои освоија и повеќе, но и тие што освоија помалку фотелји во парламентот отколку што очекуваа. И тие што се казнети за своите досегашни политики со помалку пратеници и тие што за првпат добија доверба да учествуваат во работата на парламентот имаат многу значајни позиции во составувањето на новата влада. Сите добро знаат што очекуваат граѓаните од нив. Премногу е кусо времето за да заборават на која платформа ја добија поддршката на своите избирачи, но и зошто изгубија повеќе пратенички места.

Ако ги почитуваат пораките на своите гласачи и нивните надежи и мотиви зошто им се дадени мандатите, тогаш, може да се каже со сигурност дека Рајнхард Прибе, германскиот искусен политичар, ќе формира влада во Македонија. Се разбира, ова не е само симболична порака бидејќи извештајот на тимот експерти на Рајнхард Прибе направен пролетта 2015 година за излез од кризата во Македонија ги содржи сите дијагнози и неопходните хируршки прецизни операции кои треба да се завршат од новата влада за Македонија да се врати на патот на демократијата, на развојот и на евроатланските интеграции. Со други зборови, тоа е најточниот патоказ како да се стаса до современа парламентарна демократска европска држава со која управува контролирана власта и каде што функционираат сите институции на системот. Досега ниту една партија, ниту еден релевантен политички лидер, ниту пак аналитичар, домашен или странски, државник или експерт, па дури и најапологетските новинари не ги оспорија јавно излезните решенија од кризата содржани во препораките на Прибе. И денес, по повеќе од година и пол како се соопштени и на јавноста и на најодговорните политичари од власта и од опозицијата состојбите во државата се еднакво актуелни како да се пишувани во овој момент.

За жал, за целиот тој период од година и пол не се реализирани најголемиот и најсуштинскиот дел од препораките на Прибе за излез од кризата. Изборите во Македонија не означуваат крај на кризата, но определбата на граѓаните јасно покажува дека е можен почеток на излезот од кризата ако се земат предвид научните и искуствени препораки на Прибе. На новата влада која треба да ги спроведе во живот определбите на граѓаните ќе и’ треба голем демократски капацитет, мудрост и храброст. Но како и се’ друго во Македонија и ова може да се претвори во несовладлива тешкотија ако главната тема за иднината на државата се замени со нашите омилени расправи за збудалување на граѓаните, а тоа се бесконечните контри и реконтри за албанско македонските давања и зимања, еднојазични и двојазични глупости од кои не може да се живее, ама може да се владее неограничено долго, за федерализации, кантонизации на територија колку што има еден просечен американски фармер, или колку што е голем некој ранч. Ако и натаму преовладува омразата, инатот и ароганцијата да се врзе коњот кај што ќе каже газдата, па дури иако таму не расте трева, ако продолжи валканата популистичка доктрина и пропаганда да јадеме и корења, ама не го распродаваме достоинството иако тие што проповедаат јадење корења никогаш тоа не го пробале и никогаш немале грам достоинство, тогаш кризата ќе влезе во нова предизборна фаза која прашање е дали ќе заврши и со нови избори на пролет бидејќи и натаму општествено-политичкиот систем останува дефектен.

А, што тоа прелагаше Рајнхард Прибе на цели 30 страници. Еве само едно телеграфско резиме со надеж дека идните курдисувачи на новата влада ќе го отворат документот на кој никогаш не ставија ниту една забелешка. Значи, главната препорака е прифаќање на европските вредности и стандарди во земјата кандидат за членство во ЕУ. Парламентарна демократија, поделбата на власта, владеење на правото еднакво за сите граѓани, непречено функционирање на Специјалното обвинителство, функционирање на сите институции на системот, независно судство, и слободно новинарство, Охридскиот договор… Практично станува збор за отстранување на сите системски недостатоци. Во деновите на интензивни коалициони преговори најважно е тие што ги препознаваат стратегиските приоритети и интереси на државата на преговарачката маса за состав на идната влада да ги стават дијагнозите и лековите на Рајнхард Прибе и неговиот тим.

Доколку тоа се случи, може да се очекува уште една историско „НЕ“ на Груевски, а тоа е секоја коалиција за состав на владата без ВМРО-ДПМНЕ и без тој да е на премиерската функција да НЕ биде признаена.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Големината на поразот и победата

Објавено на 23 December 2016 од erizaov

dik2

Прегласувањето во „славното“ Теарце нема поголемо значење од одважноста на Управниот суд и Државната изборна комисија да донесе пресуди и решенија кои најголемата политичка партија не ги признава. Не го признава ни прегласувањето во една изборна единица со 740 гласачи. Никој досега не ги праша Никола Груевски и Никола Тодоров дали ќе се пишманат и ќе ги признаат резултатите од прегласувањето ако евентуално опозицијата не успее да ги добие потребните гласови во Теарце и да го изедначи резултатот, или пак ќе организираат уште една голема прослава на уште една победа.

Ај што ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите од прегласувањето и судските пресуди и одлуки на ДИК, туку го лечи својот страв и го оправдува неуспехот од ветените 63 пратенички места со тоа што триумфално секој ден по стопати прогласува голема победа која сака опозицијата во договор со големите светски сили и домашни предавници да им ја украде на правди бога. Тоа се прави со нова агресивна пропаганда дека по судот на народот ниту еден друг суд и ниту една друга државна институција, вклучувајќи го и ДИК не се надлежни да носат одлуки и пресуди за изборни неправилности, освен дека победник на изборите е ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што досега се носеле стотина такви одлуки за прегласување, или за поништување на гласањето на одредени избирачки места, или се констатирани низа незаконитости безмалку на сите досегашни избори тоа за ВМРО-ДПМНЕ и партискиот врв не важи.

Кога ВМРО-ДПМНЕ поднесува приговори и тужби тоа е сосема легитимно и во духот на законите, а кога другите учесници на изборите го прават истото, тоа е светска и домашна завера на непријателите и на предавниците, тоа е постизборен инженеринг за дестабилизација на Македонија. Кога ВМРО-ДПМНЕ ја дели власта со албански, турски, српски, бошњачки политички партии и ги добива гласовите на „немакедонци“ тоа е демократија и меѓуетничка толеранција за стабилност на државата. Кога опозицијата добива албански гласови, или преговара за коалиции тоа е редефинирање на државата, кантонизација и албанизација, загроза на унитарноста, двојазичност…. Ваква ароганција на власта кон изборниот процес и непризнавање на државните институции и закони е можна само во режим.

Причините за стравот на Никола Груевски и еден дел од врвот на Партијата и добро наградениот партиски естаблишмент сосе медиумските пропагандисти и следбеници се познати во јавноста. Прво резултатот што го постигна опозицијата покажа јасно дека мнозинството граѓани се определија за промена на власта. Тие бројки се неочекувани и предизвикаа шок кај владејачките партии и лидери. Сите анкети на јавното мислење нарачани од власта кои се објавени пред изборите за куражење на гласачите денес служат како добра поука на силните пропагандистички штабови. Лекцијата е куса и јасна, но не е за јавно соопштување. Луѓето што живеат во страв и во сиромаштија кога ги прашуваат на телефон за кого ќе гласате најсигурно и најбезбедно е да кажат за власта, а похрабрите обично ќе одмолчат, или ќе соопштат дека се ѓоа неопределени, само најхрабрите јавно се декларираат дека ќе гласаат против режимот. На 11 декември тоа се виде ептен јасно.

Значи тој постизборен шок се лечи со прослава на големата победа, со непризнавање на институциите на системот кои се одважија да носат пресуди и одлуки кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски ги прогласува за заривање нож во грбот од својата администрација која тој ја плаќа што е несфатливо за неговиот демократски капацитет. Но, тоа е се’ уште малку како да се оправда падот од 63, до 51 или 50 пратеници, мораше да се најде силна причина како тоа противникот да има само 14.500 гласа помалку во Македонија, или 17.500 повеќе гласа сосе тие од дијаспората. И се разбира откриен е непријателот кој го направи големото злодело за опозицијата да стане толку тежок противник. Тоа се прво Америка и големите земји на Европската Унија, Германија, Англија, Франција, Холандија, Италија… и нивните амбасадори и претставници во земјата, потоа Албанците во сојуз со домашните предавници и соросоиди кои истуриле купишта црни пари во СДСМ да купуваат гласови. Купувале што купувале, распродавале што распродавале и ете стасале до големиот пораз од народот на Никола Груевски, кој го признава ВМРО-ДПМНЕ. Се’ друго е олош кој сака да ја федерализира и подели државата.

Во оваа наезда на драматични настани по изборите се’ уште пред јавноста не е преставена поквалитетна анализа на изборните резултати. Меѓутоа, трендот е дефиниран со над 612.000 гласа со јасна определба за промена на власта. Се разбира мотивите за ваквото гласање се повеќеслојни и Груевски во своето прво појавување доцна во ноќта на 11 декември вети дека значат сериозна порака од која ВМРО- ДПМНЕ и тој ќе извлечат поуки. Не знам дали извлекоа некои заклучоци, но според тоа што се’ изјавија и колку арогантно се заканија и се закануваат од денот кога ветија дека ќе престане кризата повеќе наликува на кампања да се прикрие пораката на мнозинството гласачи дека сакаат да заврши една ера од транзицијата на Македонија. Ова е што се гледа со голо око и како сознание го има мнозинството граѓани без оглед на нивната национална и верска припадност. Големиот страв всушност доаѓа од фактот дека е можна широка коалиција на опозицијата и на албанските партии и на СДСМ што неизбежно води кон демократизација на општеството и владеење на правото и го прави изгледно непреченото функционирање на Специјалното обвинителство и негово засилување со независно судско одделение. Најголемиот страв во врвот на ВМРО-ДПМНЕ е во инсталирање на правната држава.

Можеби тука се кријат и причините што новогодишната ноќ се прогласува за вечер на жалост, да нема прослави заради хуманитарни или безбедносни цели. Во домашен амбиент со ред турски серии, ред пропаганда, а можеби ќе ни пуштат и малку македонска музика, ако бидеме добри, ќе ја пречекаме Новата 2017 година. Највеселата ноќ во годината не мора да биде и највесела, таа само така се вика. Одамна во Македонија е снеубавена.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Се буди ли судството

Објавено на 22 December 2016 од erizaov

upraven

Една ластовичка не ја прави пролетта, ама по неа секогаш доаѓаат големите јата. Може ли пресудите на Управниот суд во врска со тужбите по одлуките на Државната изборна комисија да се сметаат за први знаци за почеток на владеење на правото кога се во прашање највисоките актуелни државни функционери кои се огрешиле од законите. Ластовичката навистина слета првиот ден од зимата, а големите јата се очекуваат дури напролет кога ќе се затопли и судството ќе биде одмрзнато и ослободено од стегите на режимот.

Постојат реални изгледи Македонија да тргне по патот на правна држава во која законите ќе важат подеднакво за сите, ако не во идеални пропорции, барем на едно високо и прифатливо ниво на пристојна европска парламентарна демократија и правна држава. Тоа ќе биде тежок и долг процес бидејќи правниот систем во земјата е целосно партизиран почнувајќи од највисокиот законодавен дом парламентот, па до сите судски инстанции, вклучувајќи ги универзитетите и правните факултети, aкадемиите за подготовка на идните судии и обвинители, па се’ до Уставниот суд и судии – се’ е под строга партиска контрола. Изграден е дефектен општествен и политички систем, поточно кажано режим, спротивно на Уставот и на законите кои гарантираат контрола и поделба на власта и владеење на правото еднакво за сите граѓани.

Врвот на актуелните власти никогаш не се соочил со правдата и правната држава и кога брутално се кршат законите. Овие моќници премногу долго биле недопирливи и заштитени дури и со закони како животински видови на изумирање. Тоа стана толку вообичаено што во Македонија веќе се смета за нормално дека носителите на највисоките политички функции можат слободно без да одговараат да ги кршат законите и да ги контролираат најчувствителните институции на системот, како што се судството и медиумите, два столба кои се сметаат за најзначајни за заштита на човековите права и слободи и почитување на законитоста. Последен пример, заканите на Никола Тодоров јавно искажани до Управниот суд се кривично дело според повеќе членови на кривичниот законик, види во Сл. весник 37/96 чл. 180, 181, 377, 386, 387, 392. Во систем каде што владее правото ова не може да остане неказнето.

Управниот суд со своите пресуди по тужбите на политичките партии кои се во врска со една од најважните работи во демократските и правните општества, а тоа се заштита од нерегуларност на слободните и кредибилни избори заедно со Специјалното обвинителство кое веќе поведе повеќе обвинителни акти пред Кривичниот суд кои арогантно се попречуваат, вклучувајќи и повеќе судии кои се’ погласно и јавно сведочат за притисоците што се вршат врз нив го отвораат патот кон владеење на правото и реафирмирање на правната држава. При евентуална промена на власта тие процеси можат значително да се забрзаат.

Управниот суд веќе со пресудите за исправање на неправдите од незаконската лустрација покажа дека во Македонија не треба да се губат надежите за судска правда дури и кога е евидентен притисокот врз судиите од страна на највисоките врвови на власта.

Пресудите на Управниот суд во врска со тужбите на овластените претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ треба да се читаат многу внимателно и да се сведат на разбирлив јазик за пошироката јавност за да се види зошто се уважува тужбата на СДСМ, и се преиначува решението на ДИК, се поништува гласањето на гласачкото место бр. 2011 во општина Теарце за изборната единица број 6. И зошто се уважува тужбата на ВМРО-ДПМНЕ и се преиначува решението на ДИК со конечна одлука за приговорот на политичката партија Движење Беса за постапката на гласање на гласачкото место број 0396/1 во Гостивар – изборна единица број 6 се отфрла како неуреден.

Двата случаи можат да се изучуваат на факултетите како примери на разликата меѓу правото и правдата. Во првиот случај се работи за суштински повреди на Изборниот законик кога недостига образец 15, со доказ дека гласачкото ливче со сериски број 1534020 било откинато со перфорираниот дел од кочанот и дека избирачкиот одбор за оваа состојба ја известил општинската изборна комисија која дошла на избирачкото место 2011. Внесува забуна што за овој настан не бил составен записник, но пресуден е фактот дека бил евидентиран во дневникот за евиденција на настани поради што и Управниот суд оцени дека се направени суштествени повреди на Изборниот законик, односно недозволиво е во доверливиот изборен материјал да недостига записник кој преставува доказ од кој единствено може да се утврди во каква состојба бил изборниот материјал пред почетокот на гласање на избирачкото место 2011. Тоа е правниот јазик, а кажано со обични зборови, ова е класичен случај на гласање со таканаречениот „бугарски воз“ кога се откинува гласачко ливче со перфорираниот дел од кочанот.

Во вториот случај се работи за неопитност на партијата Беса, која првпат учествува на избори. Нивниот приговор се отфрла како неуреден бидејќи приговорот не содржи потпис од подносителот, што е спротивно на Изборниот законик. Е, тоа е правото кое мора да се почитува, а правдата во овој случај е кристално јасна, не може никој да гласа за друг како што е случајот во спорното гласачко место во Гостивар што е докажано и евидентно. Направен е сериозен прекршок што е оневозможено правото на глас и наместо гласачот во негово име гласа некој друг. Затоа и искусната ВМРО- ДПМНЕ и нејзиниот претставник не тужеа за суштината на прекршокот, туку за формално правните процедури кои мора да се почитуваат и се составен дел на Изборниот законик.

За граѓаните кои не се правници, а ја сакаат правдата неопходно е добро да се разјаснат правните лавиринти и нивните права во целиот избирачки процес, но уште поважно е што се наѕира будењето на судството со пресудите кои ги засегаат и недопирливите. Затоа се силни и нивните врисоци деновиве.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Судовите не можат да ја запрат пролетта

Објавено на 21 December 2016 од erizaov

sud

Ни Управниот ни Кривичниот суд не можат да ги запрат тектонските промени со пресудите во врска со тужбите на одлуките на ДИК, или со монтиран судски процес да го пикнат Зоран Заев итно во затвор. Судовите веќе не можат да ја запрат пролетта, иако доцни цела деценија. Режимот падна, годишните времиња пак се менуваат според природните закони.

Штом немаше толпи протестанти, силни шовинистички говори и огнови пред Управниот суд и штом Никола Тодоров, несудениот иден премиер, најави дека судот треба да работи без влијанија однадвор и без притисоци само добро нека пази какви одлуки ќе донесе да не одат седум невини луѓе во затвор и да не се случи ВМРО- ДПМНЕ да остане без еден пратеник, би било шокантно изненадување судот да ја скине последната сламка со која се прикрива поразот на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски на изборите чии резултати најдобро се искажани со мислата дека „десетгодишната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ извојува пораз, а здружената опозицијата претрпе победа“. Македонија од 12 декември е во пат-позиција. Кризата исчезна, сега сме ни таму, ни ваму, кралот не може да мрдне, ама уште е жив, а престолот празен.

Одлуките на Управниот суд не менуваат ништо какви и да се, освен што ВМРО- ДПМНЕ може уште неколку пати да ја прослави големата победа за да се окуражат заедно со поранешниот партнер, ДУИ и Ахмети и да заборават што побргу дека изгубија 19 места во парламентот. Мора да се заборават и ветувањата за заедничките 63 плус 17 столчиња во Собранието и за стабилна и сигурна влада и на уште четиригодишна поделба на власта и за крај на кризата. За победата да биде триумфална покрај правдата од независниот Управен суд и неправдата од зависниот ДИК неопходна е прослава и на победата во битката против сиот напреден свет кој се беше заверил против ВМРО-ДПМНЕ, мудриот сенароден водач Никола Груевски и против кутра Македонија, големата раскрсница меѓу Исток и Запад, преку која водат сите патишта без кои Америка и Европа ќе пропаднат.

Ете со вакви приказни ќе го величаат извојуваниот пораз на кој не му помагаат ни судски одлуки. Уште да го стават Зоран Заев во затвор и, конечно, Македонија може да здивне од федерализацијата, од двојазичноста, редефинирањето и кантонизацијата. По Заев ќе заминат во затвор уште едно стотина луѓе негови соработници и разни соросоиди, странски платеници и едно десетина новинари и познати шпиони и Македонија ќе биде мирна и тивка како никогаш досега. Така го препознаваат крајот на кризата приврзаниците на Груевски, кои, конечно, воздивнаа од ставовите зошто водачот е многу трпелив човек. По победата и Специјалното обвинителство ќе ја добие истата порака како и Управниот суд. Да работи спокојно без притисоци однадвор и од внатре во тесна соработка со обвинителот Марко Зврлевски и редовното обвинителство и да ги процесуира сите предмети пред независните судови и да пази случајно да не почне некаква постапка против носителите на власта и луѓето кои ја спасија државата од странските агресори и домашните непријатели. Кој може да им суди на такви херои, патриоти и заслужни дејци.

Тоа е сонот на државниот естаблишмент збран околу Никола Груевски, арно ама таа воденица веќе не меле жито. Работите многу брзо се движат во една друга насока, правилна. Порасна како квасец определбата за смена на залегнатата арогантна и алчна власт, која од ден во ден станува се’ поопасна и ја бутка земјата во изолација и подлабока сиромаштија. Тоа граѓаните веќе го прочитале и се виде на изборите од 12 декември, а сега се гледа и од стравот од какво било прегласување на изборите.

Од утре почнува втората етапа на заблудата дека е извојувана голема победа на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на државата како што му налага Уставот и законите ќе им го довери мандатот на умислените победници да состават влада, а како што му доликува на ВМРО-ДПМНЕ и ако не може да состави влада, ќе прогласи воена состојба, се разбира ако никој не сака да коалицира со големиот победник кој единствено во земјата ја застапува сенародната волја само на чистокрвните Македонци. Значи веднаш треба да се замоли Али Ахмети да ја спасува стабилноста на државата и на ВМРО-ДПМНЕ и престолот на Никола Груевски и да стапи во сојуз со победникот, оти отиде Македонија во неврат.

Иако не е за верување дека Али Ахмети уште еднаш ќе ја жртвува и партијата и себеси за да го спасува Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, но според досегашните искуства и предвидливост на политиките на ДУИ и Ахмети може да се очекува сојуз за вкупно 61 пратеничко место наспроти 59. При такви односи на силите се отвора и најголемата берза на пратеници од независноста на Македонија до денес. Веќе на црниот пазар уште пред да се формира Собранието цената на пратеник достигнува и до неколку милиони евра. Убави пари за извалкан образ. Лицитацијата на пратеници е во полн ек. Само што инвеститорите во пратенички места уште не знаат дека се жив зијан. Парламентарните предвремени избори напролет ништо не може да ги спречи, па дури ни оставката на Груевски и неговото повлекување од политиката. Изборите напролет не може да ги спречи ни евентуалната широка коалиција на вкупната опозиција сосе ДУИ. И сите други комбинации на технички и експертски влади ќе бидат привремени и краткотрајни. Будењето и отрезнувањето е завршено кај мнозинскиот граѓански дел во целата земја, без оглед на нивната националност и верска припадност. Пролетта доаѓа.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Антизападна хистерија

Објавено на 20 December 2016 од erizaov

8ccb1428d1ff914bb36719d2f97e0b93

Антизападната, антиевропска, антиамериканска хистерија која се’ поагресивно ја шират Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и нивните медиумски послушници, во суштина е опасна антимакедонска и антидржавна доктрина на изолација. Ваквата политика против интересите на сите граѓани има единствена цел спасување на власта која по повеќе од десет години неконтролирано владеење за првпат е соочена со неможност да формира влада, а во тој случај и со реални изгледи политичките моќници да седнат на обвинителна клупа.

Сите „отстапки“ што ги направи Груевски во изминатите неполни две години да ги жртвува своите најблиски соработници во владата и во партијата, да го прифати пржинскиот договор, лично и самиот да поднесе оставка, да прифати формирање на специјално јавно обвинителство и специјален закон по кое ќе работи тоа обвинителство беа потпрени на погрешната процена дека има широка поддршка кај граѓаните и дека ќе извојува голема победа на изборите обезбедувајќи мнозинство, над 60 места во парламентот, или како што си нарача 63 места. Наместо тоа се случи катастрофа, владејачките коалициски партнери изгубија 19 места во Собранието на Македонија со што Пировата победа, и да не ја проблематизираат оправданите приговори за изборни нерегуларности, е всушност заслужен пораз на погрешната децениска политика на инсталирање режим и арогантна узурпација на власта. Во овие факти треба да се бараат мотивите за силниот повик против Запад, против Европската Унија и против Америка и НАТО гарниран со домашната опасност од Албанците и приказните за голем Албанија.

Успехот на опозицијата и сите политички партии чии гласачи се определија да гласаат против власта не може да се прифати од Груевски и од ВМРО-ДПМНЕ како вистина, незадоволство и казна на граѓаните за владините политики, туку мора прво да се прогласи голема победа против моќниот непријател кој стои зад домашните предавници, а тоа се Америка, најголемите западноевропски држави. На тој начин се прави атмосфера дека светот се заверил против патриотската власт која мора да се брани по секоја цена со полноќни огнови и сукање долги ножеви и со националистички и шовинистички говори. За жал, иако лесно прочитливи, многу опасни по иднината на Македонија.

Има ли некој со доблест во владините министерства и државните институции, или некој од партиските дипломати на ВМРО-ДПМНЕ кои секоја вечер верглаат по медиумите за западната и американската злосторничка политика спрема Македонија да објаснат јавно кого претставуваат амбасадорите во Македонија. На пример кого претставуваат озлогласените амбасадори и дипломатски претставници на Америка, Британија, Германија, Холандија Германија… и дали нападите врз амбасадорите не се директен напад и врз тие земји и лично на владите, на премиерите и на претседателите на тие земји, но и на граѓаните даночни обврзници од чии пари се плаќа финансиската неповратна поддршка на Македонија. Може ли некој да им објасни на бранителите на изборниот пораз дека обвинувањата на американски амбасадор се навреди и на Америка и на Доналд Трамп, дека транспарентите и говорите против Бејли и оние дека многу го сакаме Трамп се трагокомични. Демек Америка е лоша. Лош е Бејли, ама многу е добар новиот претседател Трамп.

Има ли некој храбар во владата или од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, или барем дали еднаш ќе собере храброст претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој во деликатни ситуации наместо да молчи како досега ќе каже кој тоа сака да ја уништи Македонија. Зошто е таа шизма на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски по нашите најголеми економски и стратегиски и политички партнери Америка и земјите на ЕУ. Кој е нивниот интерес и мотив да ја дестабилизираат Македонија. Како тоа тие што ни даваат најголема политичка, воена, и економска поддршка сакаат да не’ уништат. Зошто ЕУ и Америка не’ поддржаа на патот до кандидатурата за членство во ЕУ и во НАТО, зошто досега ни дадоа преку три милијарди евра донации и неповратна економска помош ако сакаат да не’ блокираат и редефинираат, да не’ кантонизираат и поделат. Зошто зад унитарноста и неделивоста на Македонија стојат гаранциите на Америка и на ОН потпишани во Охридскиот договор заедно со челниците на македонските и на албанските партии. Колкав е гревот на ЕУ и на Америка ако ние бараме да бидеме членки на НАТО и на ЕУ што е константна определба на над 80 отсто на граѓаните, а тие од нас бараат да ги исполниме условите за членство во евроатланскиот клуб. Каде е опасноста за Македонија ако нешто не ни се допаѓа во тоа друштво што ги засега интересите на државата и на граѓаните да им се заблагодариме дека не сакаме да членуваме во нивните сојузи. Во што е тука скриениот интерес на Америка и на ЕУ да ја сотрат Македонија. Дали е тоа нафтата од нашите големи нафтоносни полиња, дали се тоа златото и дијамантите од нашите рудници, дали се тоа големите и бистри води и реткиот минерал лорандит од Алшар, како што имаше наивни објаснувања. Дали имаме некоја формула за супернуклеарно оружје, или некаква тајна врска со вонземјани. Или пак има уште некои кои мислат дека Македонија е големата раскрсница меѓу Исток и Запад која сакаат да ја контролираат и Американците и Русите и Кинезите и ЕУ. Овие луѓе оќорени не гледаат дека додека ние градевме споменици на антички јунаци и додека откривавме пославно минато за скапи пари, сите комшии изградија модерни автостради и брзи пруги, нови морски и воздушни пристаништа, изградија повеќе меѓународни трансверзали на нафтоводи и гасоводи. Македонија за 25 години стана обична обиколница како оние во секое маало низ Скопје. Која бре стратегиска раскрсница за прелет на балканска крчма додека испушиш половина цигара. Македонија за десет години поради лоши лидери и неспособни политичари и дипломати од фактор на стабилноста на Балканот стана дел од големиот проблем на регионот.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Груевски бара вонредна состојба

Објавено на 19 December 2016 од erizaov

gruevski-dik-vonredna

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и официјално повикаа на укинување на државните институции, индиректно барајќи прогласување на вонредна состојба во земјата. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски нема да признаат ниту една одлука било на ДИК, било на Управен суд за изборни нерегуларности и за прегласување на изборите на избирачките места каде имало неправилности. Тоа е суштината од обраќањето на Груевски до јавноста, искажано пред граѓаните кои протестираат пред ДИК во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Нема да биде никакво изненадување ако за тоа денес-утре се изврши притисок и врз претседателот на државата Ѓорге Иванов да прогласи вонредна состојба. Штом ВМРО-ДПМНЕ не може да најде партнери за коалиција и штом ја губи власта и штом нема шанси да победи на прегласување, ситуацијата мора да биде вонредна.

Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека одлуките на ДИК се незаконски и против волјата на граѓаните. Ако и Управниот суд ги потврди одлуките на ДИК тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на прегласување на изборите. Во државата мора да биде надлежен само судот на ВМРО-ДПМНЕ и никој друг.

Груевски ги обвини странските претставници во земјата за мешање во внатрешните работи и влијание врз некои членови на ДИК. Тој за независните членови на ДИК рече дека не се независни. Според вмровската логика штом не се за ВМРО-ДПМНЕ , тогаш автоматски не се независни. Вакво нешто досега немало на ниту едни избори во Македонија. Имало и нерегуларности и фалсификати, но некој да ги обвини странските дипломати и претставници досега немало и чинам по завршувањето на оваа агонија и очајничка одбрана на власта повеќе и ќе нема.

Во стравот големи се очите. Откако „трпеливиот човек“ Никола Груевски ја изгуби присебноста и стана гневен и бесен, работите отидоа до таму големите патриоти и самопрогласени заштитници на државата да ја бранат државата од Државната изборна комисија. Може ли некој саглам човек, што би се рекло нормален да поверува во тоа дека на тие што секој втор збор им е стабилноста на државата, угледот на државата, иднината на државата, државата над се’ и пред се’, да организираат протести пред Државна изборна комисија, вршејќи невиден притисок со застрашувања и закани по животот на членовите на ДИК случајно да не прифатат некој приговор дека на некое избирачко место работите се одвивале нерегуларно и противзаконски. Толку е голема победата што не смее да има никакво пребројување и прегласување.

И што ако и другите учесници во изборите кои исто така мислат дека победата им е украдена и дека е нанесен тежок пораз на власта ги регрутираа своите сили да дојдат и да ја бранат ДИК и да го бранат Управниот суд. Што тогаш, каде тоа води. Не треба ни да се помисли на последиците од една таква посакувана и најавувана крвава драма. Некој очигледно сака со предизвикување и прогласување вонредна состојба да ја задржи власта и по цена на крвопролевање и братоубиствена војна. Затоа е добро што се остави ВМРО-ДПМНЕ сам пред ДИК да протестира и да фрла петарди, да застрашува со фашистички речник за ноќи на ножеви. Кога жена како Валентина Божиновска зборува за ножеви и за колење луѓе, а претендентот за премиерска функција Никола Груевски го повикува Ќосето да го заколе политичкиот противник и јавно кажува дека не ги признава одлуките на ДИК и на Управниот суд ако не му се по ќеф, тогаш во суштина веќе државата не постои.

Сега станува многу појасно дека пред ДИК ниту се спасува државата, ниту се брани. Се брани врвот на ВМРО-ДПМНЕ од соочување со правдата за голем број обвинителни акти за тешки кривични дела кои не можат да се попречуваат како досега ако дојде до промена на власта.

По сето она што деновиве го приредија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот врв пред просториите каде заседава ДИК, неминовно се поставува прашањето дали попречувањето на ДИК во својата работа не ги прави изборите нерегуларни на тој начин признавајќи дека имало суштински неправилности кои влијаеле на резултатот. Државната изборна комисија мораше да работи мирно и без најмал притисок што е составен дел на изборниот процес кој со агресивни протести пред ДИК е делегитимиран. Во која било пристојна парламентарна демократија вакво нешто не може да се случи. Протести да, ама не пред институција на државата која е најодговорна за регуларноста на изборниот процес. Во Македонија на сите избори досега имало и прифатени приговори и одбивање на приговорите, и повеќе пати прегласувања. Покрај евидентните нерегуларности, често се случувало партиите и формално правно да поднесат приговори од тактички причини. Овојпат ВМРО-ДПМНЕ излезе со ултиматум дека не смее да се доведе во прашање резултатот без оглед на аргументите и доказите на тие што приговараат.

Несреќата не е само во притисокот врз ДИК, туку многу поголема. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ повторно создаваат антизападна, антиамериканска и антиевропска клима во земјата. Разликата е во тоа што сега антизападната реторика не доаѓа само од новинарските послушници на ВМРО-ДПМНЕ и партиски аналитичари, туку директно се оди со напад против странските дипломати на митинзи пред државни институции. Оправдувањата дека преку ноќ се стопи предноста од три спрема еден, како што пропагираа власта и нејзините медиуми пред изборите, навлегоа на опасен терен да се обвинуваат и сатанизираат нашите најголеми економски и политички партнери. Нападите врз Америка и Европската Унија преку незрели партиски соопштенија и јавни настапи се очајни обиди да се оправда поразот и неможноста за коалицирање.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

December 2016
M T W T F S S
« Nov   Jan »
 1234
567891011
12131415161718
19202122232425
262728293031