Archive | November, 2016

Tags:

Не е дилемата Заев или Груевски

Објавено на 30 November 2016 од erizaov

zaev-gruevski

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери на своите митинзи и јавни обраќања, со своите пропагандни пораки преку медиумите како што се наближува финишот на предизборната кампања се’ поагресивно ја наметнуваат дилемата дека иднината на земјата и на македонскиот народ се избира меѓу Зоран Заев и Никола Груевски. Сенародниот референдум е за избор меѓу унитарна, цела и распарчена редефинирана Македонија. Историската одлука е меѓу поалбанчени и двојазични кантони, или за стабилна македонска држава во која се знае кој е газда во куќата. Изборот се поедноставува до таму што нема друго решение освен да гласаме за патриоти или за предавници, за странски платеници и непријатели на татковината, или за новите народни херои, за градители, или за уривачи, за успешни економски реформатори кои ги исполнуваат ветувањата или за банда која сака да ја распродаде државата, идентитетот, јазикот и уставното име.

СДСМ и опозициската коалиција, опозициските партии кои самостојно настапуваат, критичарите на власта, невладини граѓански организации и асоцијации, помал број медиуми кои не се под контрола и под цензура на власта ја застапуваат определбата дека не станува збор ниту за идеологија, ниту само за партиски натпревар кој ќе ја освои власта. Се работи за историски избор меѓу тиранија или демократија, слобода или режим, меѓу владеење на правото или на криминалците, судска правда или неправда, за враќање на се’ што е украдено, или и натаму ќе се краде под закрила на законите, за контрола на власта, или на власт без контрола, за слободни и професионални независни медиуми, или за апологетски полтронски корумпирани и диригирани јавни гласила, за повисок стандард и повисоки плати, или за тапкање во место и невидено досега осиромашување со просечни плати кои за десет години се покачија одвај две илјади денари, или околу десет отсто, a живејачката за една деценија е поскапа за трипати.

Има уште стотици и стотици понуди до гласачите и особено до неопределените, кои според сите анкети, лажни и професионални, монтирани и партиски спакувани, нарачани и ненарачани се’ уште се далеку најбројни. Неопределените и тие што и овој пат нема да гласаат се главна цел на политичарите бидејќи знаат дека нивното активирање на своја страна може да биде пресудно. Затоа пропагандната агресија пред 11 декември, денот на изборите, главно е насочена кон неопределените, традиционалните сеирџии, уплашените и прилично загрижувачката бројка на луѓе кои не веруваат во тајноста на изборите и во кредибилни и фер избори.

Во некаков пристоен амбиент, велам пристоен, бидејќи одамна ништо не е нормално, ниту приближно на првите повеќепартиски изборни циклуси, определбата на мнозинството граѓани би била многу лесна и без големи дилеми. Казната на гласачите за лошото и криминално владеење, за попречување на правдата и за најмасовното кршење на човековите права и држење под надзор на илјадници граѓани би била тешка, од која ВМРО-ДПМНЕ не би можел со години да закрепне. Лесно е да се избира во време на ваква длабока политичка криза и озаконет грабеж доколку навистина изборите се слободни. За тоа не може да има дилеми барем не кај мнозинството граѓани без оглед на нивната идеолошка, партиска, национална и верска припадност колку и да е силна пропагандата на власта. Проблемот е во тоа што се’ уште нема гаранции дека ова ќе бидат избори кои ќе поминат во најдобар ред без неправилности и ќе бидат кредибилни кога сите релевантни учесници во натпреварот ќе ги признаат изборните резултати и ќе му честитаат на победникот респектирајќи ја волјата на народот.

Предизборната кампања покажа дека се оди на живот и на смрт и со самото тоа амбиентот е застрашувачки што веднаш ги доведува во прашање слободата на изборот и гаранцијата дека се работи за тајни избори. Избирачките списоци се затворија неисчистени и без гаранции дека не се можни злоупотреби и нерегуларности. Се’ уште на голем број адреси се водат фантомски гласачи кои не живеат таму. Се поведува судска постапка за да и’ се забрани учеството на избори на политичката партија Левица, која станува се’ попопуларна во јавноста. И натаму најбезобѕирно и противзаконски се блокира работата на Специјалното обвинителство во гонење на криминалот и процесуирање на делата против највисоките функционери на ВМРО- ДПМНЕ и во Владата. Попречувањето на правдата и на работата на Специјалното обвинителство се спроведува преку редовниот суд и редовните јавни обвинителства. Изборите се издигнуваат над законите и се сметаат за врховна судска пресуда на народниот суд и прогласување на невиност и безгрешност на врвот на власта.

Веќе има јавни сведоштва на застрашување и собирање потписи за гарантирани гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Такво едно автентично сведоштво на познат македонски актер одекна силно вчера во јавноста. Во Македонскиот народен театар вработени чекаат на ред да потпишат лојалност на политичка партија со однапред депонирање на својот глас. Ваков срам за МНТ не е забележан досега во историјата на овој храм на уметноста и на македонската култура. Вакво полтронство на изворот на отпорот кон секоја злоупотреба на сите власти и нетрпеливоста кон политичарите ја покажува силината на притисокот и нерегуларноста на претстојните избори. Кога актери и вработени во театар го даваат бланко својот глас пред изборите на партиски список изборите не можат да бидат слободни.

Никола Груевски ветува дека на 11 декември ќе заврши кризата. Лесно е да се погоди дека игра на картата сеење страв со навестување жестока политичка пресметка по победата. Кризата со тоа не завршува, сосема спротивно додека Груевски не замине од политиката ќе нема крај на кризата.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Свирцен курцен на митинг

Објавено на 29 November 2016 од erizaov

kurc-gruevski-popovski-236732

Пред една година, поточно на 11 ноември 2015 година во „Утрински весник“ објавивме ексклузивно интервју со министерот за надворешни работи, господинот Себастијан Курц, со наслов од неговите зборови „Независно судство и медиумите се основа на општеството“. Министерот Курц само еден ден по обелоденувањето на годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија одговори на моите прашања германски прецизно демонстрирајќи извонредно познавање на состојбите и длабочината на кризата во Македонија. Повод за ургентниот разговор, експресно прифатен, беше за условената препорака за почнување на преговорите со ЕУ која се однесуваше на нашата домашна криза што ја вознемири Македонија.

Синоќа среде предизборна кампања на централниот партиски митинг на ВМРО- ДПМНЕ се појави еден симпатичен млад човек исти Себастијан Курц, толку ист, божем клониран, нашиот народ би рекол плукнат Курц. Кога го претставија дека и овој се вика Себастијан Курц и дека е министер за надворешни работи, се штипнав и си ги против очите дали е вистина ова што го гледам. Типот од Австрија што се одѕва на името Себастијан Курц и зборуваше на митингот на партијата ВМРО-ДПМНЕ на скопскиот плоштад ми се виде како некој авантурист кој нема врска со вистинскиот Курц, министер за надворешни работи на Австрија.

Двојникот на Курц, кој на бината на единствената во Европа „револуционерна организација“ што е составен дел на името на легална политичка партија ја претстави како сестринска на неговата народна партија, ми заличи на лобист кој дошол да ја обелодени победата на изборите на ВМРО-ДПМНЕ две недели пред да се одржат. За таа неморална поддршка побара јавно само една мала, но многу валкана услуга. Првата брана во Европа за бегалците од војните на Блискиот Исток и на големата преселба на страдалниците кон Запад кои доаѓаат преку балканскиот коридор да остане Македонија. Се разбира, вистинскиот Курц не би можел нешто вакво да бара од земја која не е членка на ЕУ бидејќи бегалците влегуваат кај нас од земја членка на ЕУ.

Веднаш ми беше јасно дека ова не е мојот Курц со кој лани имав интервју.

Вистинскиот Курц за излезот од кризата во Македонија зборуваше како исклучително сериозен политичар и дипломат со предзнак дека не ја застапува само Австрија, туку и целата ЕУ. Тој тогаш единствен излез од длабоката криза гледаше во целосна имплементација на пржинскиот договор, а најважните алки во тој синџир според него беа независност на судството, непречена работа на Специјалното обвинителство и поддршка да се расчисти криминалот од основаните сомневања кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Министерот Курц инсистираше на европските критериуми и независност на медиумите. На пример, како ќе се разрешуваат инсистирањата во извештајот на ЕУ каде што конкретно се укажува на индикациите за криминал и корупција кои произлегуваат од масовното прислушување… тогаш вистинскиот Курц меѓу другото кажа: …„наводите во врска со записите од прислушувањето треба да бидат целосно расветлени. Со поставувањето на специјалната обвинителка и нејзиниот тим сега се создадени предуслови за тоа. …Ве уверувам дека европската комисија и државите членки на ЕУ внимателно ја следат работата и независноста на специјалната обвинителка Јанева и нејзиниот тим.“

Ете ова го кажа меѓу другото министерот Курц, кој знае дека врвот на ВМРО-ДПМНЕ е под истрага и со предмети за судска постапка и дека Специјалното обвинителство од денот на формирањето е под силен притисок попречувано во својата работа. Курц добро знае дека комплетното судство од обвинителствата до основниот суд и до Уставниот суд го блокираат во истрагите Специјалното обвинителство. Министерот Курц го знае и тоа дека претседателот на државата Ѓорге Иванов прв направи обид да го спречи обвинителството во истрагата со чудовишна аболиција и пишман аболиција, го знае и тоа дека провладините медиуми постојано ја сатанизираат јавната обвинителка Јанева и другите специјални обвинители. Министерот Курц ги знае монструозните димензии на престапот кога власта ја попречува правдата и судската разврска за незаконско прислушување на над 20.000 јавни личности во државата спроведено со години во Управата за безбедност и контраразузнавање, што е најголемо нарушување на човековите права и слободи во Македонија по Втората светска војна. Министерот Курц знае за злосторничко здружување на ВМРО во МВР со обвинение за изборни измами, знае и за нарачаните по телефон судски пресуди на политичките противници, за контролата и цензурата во медиумите, знае за корупцијата, провизиите и организираниот криминал…

Министерот Себастијан Курц никогаш не би дошол на партиски митинг на политичка партија која десет години владее без контрола и ни на сон не би ја нарекол сестринска. Затоа мислам дека се работи за некој кој лажно се претставува, кој само личи на него и има исто име и презиме. Еве, да речеме, и да му се случи такво нешто на министерот Себастијан Курц да дојде во Скопје со умисла дека на овој начин ги брани австриските интереси и страхувања од бегалската криза, тој веднаш би поднел неотповиклива оставка и без да објават австриските медиуми дека учествувал со поддршка на партиски предизборен митинг на политичари под истрага за криминал и масовно нарушување на човековите права каде било во светот, па макар и на Балканот.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Швајцарија на Балканите

Објавено на 28 November 2016 од erizaov

svajcarija

Многу ме потресе загриженоста на Никола Груевски што среде предизборна кампања морал целосно да ја смени зацртаната стратегија за големата изборна победа и гарантираните 63 пратеници. Тешкиот пораз на опозицијата се потпирал на досегашните успеси и исполнети ветувања како најсилен адут за идните економски реформи и за зголемување на животниот стандард на граѓаните. Развојот на земјата и грандиозните градителски потфати биле доволни за декласирање на непријателската збирштина. Арно ама Зоран Заев ја оплескал работата со трагичната вест дека наумил да ја прави Македонија „Швајцарија на Балканите“, по урнекот на Ванчо Михајлов да ја кантонизира, да ја дели и да ја поалбанчи, наместо да ја побугарчи. Само во тоа е разликата меѓу идеалот на Михајлов и на Заев.

Тоа значело редефинирање на државата. Поим сме немале колку е тоа опасна работа, непријателски чин рамен на катастрофален земјотрес поради што мораше да се смени воениот план. Груевски веднаш објави општа мобилизација за спас на државата и на власта. Во главните штабови се формираат патриотски чети во борба против предавниците. Изборите ќе бидат сенароден фронт, референдум против поделба на земјата, против таканаречена кантонизација по примерот на Швајцарија и против смена на Уставот и загроза на Охридскиот договор и на унитарноста на Македонија.

Ова е уште еден пример како историјата се повторува како фарса. Големата нереализирана идеја и неостварен сон на Ванчо Михајлов, еден од најголемите македоноубијци кој ја масакрира македонска интелигенција и најучените луѓе на почетокот на 20 век и кој од историската автентична ВМРО направи терористичка организација која ги ликвидира македонските дејци и револуционери по улиците на балканските и европските градови, сега по сто години ја презема социјалдемократот Зоран Заев кој очигледно сака да го наследи Ванчо Михајлов, чиј споменик единствено недостига на скопскиот плоштад од заслужните инженери и извршители на македонската трагедија. Но, за голема среќа тука е Никола Груевски кој веднаш ја препозна опасноста од кантонизација и делби и го повика народот на востание против поалбанчување на Македонија од вмровецот Зоран Заев, ученик на Ванчо Михајлов и Тодор Александров.

Така се спаси изборната кампања, опасно загрозена поради недостиг на патриотизам во големите успеси и десетгодишни достигнувања на власта бидејќи реалната програма на ВМРО ДПМНЕ и на Никола Груевски за иднината на државата за една вечер стана неупотреблива во пресметката со носителите на идеите за слобода, демократија, владеење на правото и решителната борба со криминалот и корупцијата, најголемите зла на Македонија кои дожвеаја процват во изминатата деценија на груевизмот. Затоа националните интереси налагаа итно да се отвори нов фронт за спасување на татковината. Швајцарската кантонизација во 21 век беше извонредна можност додека не ја прочитаа луѓето и не сфатија дека зад неа се кријат тие што ја попречуваат правдата и тие што треба да ги вратат украдените пари.

Но, има нешто многу поопасно од измислената делба на државата и наводната распродажба на националниот идентитет, името и јазикот…. тоа е навистина реалната опасност од исчезнување на македонската држава и народ ако продолжи политиката на непрепознавање на вистинските национални и државни интереси. Напуштањето на приоритетот број еден и најважниот стратегиски интерес членството во ЕУ и во НАТО може да го забрза процесот на белата чума која веќе ја има прилично нападнато Македонија. Ако со влезот на Бугарија во ЕУ стотина илјади млади луѓе без егзистенција прифатија да потпишат бугарски корени за да се спасат од сиромаштија и беда и да заминат на Запад, не знам дали антиевропските и антизападни пропагатори на ВМРО-ДПМНЕ пресметале колку луѓе од Македонија ќе најдат излез во албанските, косовските, црногорските и српските пасоши бидејќи сите комшии веќе не’ престасаа, или набргу ќе не’ престигнат бидејќи Македонија останува најпроблематична и најзаглавена на европскиот пат. Црна Гора е прашање на денот кога ќе стане членка на НАТО, а веќе отвори 25 поглавја во преговорите со ЕУ. Србија преговара со ЕУ. Албанија, членка на НАТО, има одреден предуслов од ЕУ за кој нема несовладлива пречка да го оствари. Косово заостанува зад нас, но прашање е само дали за една, две или три години ќе не’ одмине. И сега поставете си го прашањето колку граѓани на Македонија ќе бидат во потрага по државјанствата на нашите соседи, нови членки на ЕУ и НАТО во наредните пет шест или нека се десет години. Додека ние се тешиме со небулозите и памфлетите дека ЕУ се распаѓа затоа што Обединетото Кралство империјална Британија излегло од ЕУ, демек таму ништо не чини, нашите соседи еден по еден си заминаа од Балканот. Ако уште неколку стотини илјади млади луѓе си заминат од Македонија со туѓи државјанства во и онака остарената држава ќе останат само изнемоштени старци и граѓаните од прв ред следбеници на вечната власт. Ќе нема потреба од никакви делби и кантонизација. Ќе биде тоа цврста унитарна држава без народ. Ќе нема ни национални, ни меѓуетнички проблеми, ни егзистенционални ни економски, ни политички, ни какви било други кризи.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Што ќе биде ако победи Заев

Објавено на 25 November 2016 од erizaov

15178947_10154843522917932_1560491967960615043_n

Леле мајко, отиде Македонија ако победи Зоран Заев на избори. Останавме и без држава, без македонскиот јазик и идентитет. Македонија ќе биде распарчана на федерални кантони. Пискотници ечат од сите страни што голема несреќа ќе не’ снајде ако падне власта на изборите по една деценија владеење без контрола. Страшилото од минатиот век на примитивниот национализам и шовинизам, на омраза, нетрпеливост и делби повторно го оживеаја Никола Груевски и неговите поданици смртно исплашени не од федерализација и двојазичност, не од Албанци, од Македонци, од Турци, од Срби, од Власи, од Бошњаци и од Роми. Не од муслимани, христијани, католици, адвентисти, агностици и атеисти, туку од тоа што пред портите е Заев со најмоќното оружје против еден корумпиран режим, а тоа е неговата цврста определба дека ќе ги врати правдата, слободата и демократијата.

Заев се’ повеќе остава впечаток дека е искрен и непоколеблив кога вели дека сите што се огрешиле од законите ќе се соочат со судската правда и се’ што е украдено, до последна пара, ќе се врати на граѓаните на Македонија. По една деценија режим и груевизам, на повидок е слобода и независност во работата на заробените институции на системот, на судовите и судиите, на медиумите и новинарите, на парламентот и пратениците, на Уставниот суд, на домашните компании, на јавните претпријатија и државни фондови, на администрацијата и сите асоцијации владини и невладини, државни и приватни. Голема е шансата за еднаквост на сите граѓани и пред законите и пред институциите. Тоа се темелите на крупните промени кои ги нудат опозицијата и Зоран Заев, кој со својата верба во тоа и со својата храброст и сугестивност се’ повеќе стекнува симпатии кај неопределените гласачи. Најважната недовршена работа во овие две недели кампања останува во ослободувањето од стравот од стегите на режимот и зависноста од гола егзистенција кај се’ уште голем број граѓани.

Промената на власта ќе ги открие сите злоупотреби, криминали, провизии и корупции, ќе го покаже грдото лице на деградирањето на општествено-политичкиот поредок, бруталната пресметка со политичките противници со нарачките на судски пресуди, со изборни измами, со купување за џабалак плацови на најатрактивните локации во Скопје и низ Македонија, со уривање на имотот на политичките противници и со изживувањето на луѓето кои мочаат низ ногавици од страв пред вождот, со наредба до подземјето да се удрат шлаканици на градоначалник кој победил на избори и по десет пати прегласување. Ќе се дознае, конечно, причината за политичката, економската и духовната криза во која пропадна Македонија со стравотна злоупотреба на власта со најголемото и најмасовно нарушување на човековите права преку следење со години на комуникациите на илјадници јавни личности спроведена незаконски во најзначајната институција на државата за нејзина безбедност УБК. Тоа се тешки кривични дела не само заради организиран криминал и стекнување големи богатства, туку тоа е уривање на целиот општествено-политички и економски систем. Тоа е велепредавство на државата.

Ете тоа е причината за лелекот и пискотниците на приврзаниците на власта од врвот на пирамидата, оттаму е големата загриженост што ќе биде со Македонија ако победи Заев и ако се смени мафијата која си курдисала своја држава. Што ќе биде… ќе остане само државата без мафијата. Ете тоа ќе биде, првото големо нешто што ќе се случи на 12 декември ако дојде до пад на режимот. И уште многу други нешта ќе се случат што сме ги заборавиле како одамна одземени придобивки на едно нормално општество и на едно нормално живеење.

Ако победи Заев, на 12 декември нема да тече мед и млеко по улиците, но сигурно тоа ќе биде празник на демократијата и слободата, ќе дишеме послободно колку и да се загадени и контаминирани и воздухот и почвата. Денес во Македонија се поважни владеењето на правото, слободата и демократијата, еднаквоста пред законите од мед и млеко. Му верувам на Заев затоа што ослободувањето на институциите на системот и слободното продолжување со работа на Специјалното обвинителство и по промена на власта ќе значи дека новата власт ќе биде контролирана и од јавноста и од медиумите и од надлежните институции на системот, од парламентот, од судството, од Уставниот суд. Сите придобивки на парламентарната демократија ќе се вратат на политичката сцена.

Зоран Заев не е од вчера политичар, добро знае дека нема да опстане ни една година на власт ако не ги исполни ветувањата кои се историски, а тоа е воспоставување демократски систем со независно и професионално функционирање на сите институции на системот и што е најважно со воспоставување на уставните норми на поделба на власта на извршна, законодавна, судска, монетарна со силна поддршка на независни и слободни медиуми.

Вториот корпус од програмата и ветувањата на Заев во делот на економијата и на зголемувањето на стандардот на граѓаните, исто така, ќе бидат постојано изложени на контрола и на сериозни критики и анализи својствени за едно слободно и демократско општество, особено ако не се остваруваат со ветената динамика.

Конечно, отсекогаш сум приврзаник арогантните и корумпирани власти и политичари да ја добијат казната на граѓаните со промена на власта, ама и на редовниот суд бидејќи не поднеле морална одговорност за своите грешки. А, тоа се оставки за спречување на кризата од која страда целата држава.

До 2006 година во Македонија се случуваше промена на власта на секои четири години. И тоа беше здрава работа за демократијата. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ добија казни за своето лошо владеење, својата ароганција и лажните ветувања. За грешките и изневерените надежи беа казнувани на секои наредни избори и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и нивните коалициски партнери. Првата влада на Никола Кљусев, која е запишана во историјата на независна Македонија како експертска, а која ВМРО-ДПМНЕ ја смета како своја бидејќи победи на првите парламентарни избори, беше сменета по неполни две години од тие што ја изгласаа во парламентот. Со тие две експертски години ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициски партнери ја презеде одговорноста за дострелите на Македонија во период од 16 години, а СДСМ со своите партнери за девет години. Последните десет години власта е непроменлива со барање на уште еден апсолутен мандат од четири години. Успесите и достигнувањата кои се пумпаа со пропаганди и медиумска превласт, со изборни нерегуларности, очигледно веќе не се доволни за победа. Ете затоа повторно над Македонија кружат страшилата за активирање меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливост, овој пат не во директна конфронтација на тие што ја делат власта со години Никола Груевски и Али Ахмети, туку со чудовишно обвинување дека лидерот на опозицијата Зоран Заев е поголем Албанец од албанските националисти, кој сака да го менува уставот, да ја редефинира државата, да го поништи охридскиот договор, да ја поалбанчи цела Македонија, да ги продаде името и јазикот… откриен е најголемиот непријател на Македонија. Тоа се тие монструозни шпекулации на поттикнување омраза и делби само за да се спаси власта.

Никој не спомнал промена на Устав, или поништување на Охридскиот договор. Од каде сега испадна толкава љубов кон Охридскиот договор на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски кога овие луѓе го сметаат овој документ за предавство и потпишување капитулација. Да знаат ќе молчат бидејќи тоа е единствениот документ кои го имаат потпишано лидерите на македонските и албанските политички партии кој е депониран во ОН со потписи на САД и на ЕУ и кои ја гарантираат унитарноста на Македонија. Ако внимателно го прочитаат, ќе разберат дека тие домашни и меѓународни гаранции важат доколку Македонија е демократска држава со еднакви права на сите граѓани и етнички заедници. Секое нарушување на човековите права и слободи и одземање на веќе стекнатите права го отвора патот кон делби. Ако и по 25 години самостојност пак биде пресуден национализмот и меѓуетничката омраза во изборен натпревар на крајот од втората декада на 21 век, тогаш исчезнувањето на Македонија ќе биде побрзо и од селидбите на младите кои заминуваат како река без враќање.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Не е сеедно

Објавено на 24 November 2016 од erizaov

34ab9d24e18187458bb86e3685fc28ee

Не знам дали забележувате една струја на ангажирани партиски пропагандисти, кои се претставуваат како неопределени и гласно проповедаат дека е сеедно кој ќе дојде на власт по 11 декември. Нивните поприлично агресивни пораки за луѓе кои се ѓоа неутралци е дека исти биле и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и едните и другите краделе и лажеле, па затоа не вреди да се оди на избори бидејќи ништо нема да се промени во државата и се’ ќе биде по старо.

Ова е многу леплива порака до вистински неопределените гласачи, кои константно се најмногубројни во Македонија и се дел од парламентарната демократија, значајно присутна во многу земји во светот, што е предмет на сериозни анализи и стратегии како да се разбуди ова големо и рамнодушно гласачко тело во чие име се владее многу често без контрола.

Зад ова стојат тие што не им е сеедно дали ќе има промена на власта како што лажно пропагираат дека исти биле сите власти, исти биле и опозицијата и власта, исти биле и Груевски и Заев, па затоа нема да гласаат. Тие ќе гласаат како и досега да нема промени во Македонија, ќе гласаат за статус кво, да си остане се’ исто како и досега. Нивната цел е да ги зачуваат неопределените да не излезат на избори и да си останат рамнодушни за иднината на државата и на граѓаните.

Претставувајќи се како демократи и како партиски неопределени и загрижени за новинарската професионалност и објективност тие бараат еднаков третман и на власта и на опозицијата правејќи се дека не ја забележуваат огромната медиумска превласт на владејачките партии и строгата партиска контрола врз најгледаните телевизии. За нив одговорноста на власта која десет години владее без контрола е еднаква со одговорноста на опозицијата која нема ниту еден механизам на владеење во своите раце, или пак можност да има какво било влијание во управувањето со државата. Кршењето на законите од страна на опозиционерите секоја власт може брзо да го санкционира. Тешко е власта да се казни бидејќи поделбата на власта според уставните определби во Македонија е грубо нарушена почнувајќи од парламентот, судската и монетарната власт и згазената четврта власт, како што обично се нарекуваат медиумите во слободните земји.

Активистите кои зборуваат во името на неопределените овие факти ги прескокнуваат и во нивните божем полемични настапи секогаш се погласни против критичарите на владините политики и на злоупотребата на власта и попречување на правото и правдата. Срамно бараат новинарите да се однесуваат како балансери на гуми. Демек, Македонија е како еден автосервис, па сега исто треба да се пумпаат и предните и задните и зимските и летните гуми.

Е, не е сеедно, разликите се големи и суштински. Новинарството не е внимателно пумпање колку на власта толку на опозицијата, туку пред се’ е макотрпна истрага на злоупотребата на власта, на центрите на моќ, истрага на носителите на организиран криминал и корупција, откривање на злосторствата врз човековите права и слободи и се’ што е од јавен интерес на граѓаните, а се крие од јавноста. Новинарството не смее да биде немо за евидентното попречување на правдата за најзначајната истрага во историјата на Македонија во борба против големите злоупотреби на функциите од врвот на власта. Не е сеедно и не се исти тој што ветува слобода и демократија, владеење на правото, праведно судење и враќање на украденото, на независноста на медиумите со оној што го признава само судот на народот.

Не е сеедно тој што ветува европеизација и повисок стандард од тој што веќе десет години ја држи државата во изолација и сиромаштија со просечната плата меѓу 20.000 и 22.000 денари. Последните пет години во Македонија просечната плата е покачена од 20.982 денари на 22.191 денар, или повеќе за 1.200 денари. Дури и покачување на помалку од 250 денари годишно е голема лага. Според цените на производите кои се основни за преживување и гола егзистенција, платите за десет години суштински, односно вредносно се намалени за над 50 проценти ако се мери по тоа колку и што може да се купи за истите пари сега и пред една деценија. Такво осиромашување на населението во изминатите десет години имаше само во земјите кои беа во војна. Дали ова е најголемиот успех на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, или радоста што си заминале од земјата и се избришани од списоците на невработени над 400.000 млади и образовани луѓе.

Седењето дома и рамнодушниот однос во ваква ситуација на уривање на режим по демократски пат не е дел од демократското право, туку сериозна граѓанска, човечка и цивилизациска обврска да се даде својот глас за она што гласачот мисли дека е добро и за него и за државата. До 2006 година во Македонија почнувајќи од првите повеќепартиски избори на секои четири години имаше промена на власта и покрај големи неправилности на избирачкиот процес. Таа менливост на власта покажуваше дека Македонија е сепак на пат во освојување на парламентарната демократија. Од 2006 година наваму повеќе од цела деценија на сите избори победува власта. Дали тоа е резултат на големите успеси и достигнувања, или на ВМРО во МВР ќе се види по промена на власта. Нема ништо поздраво за една држава во транзиција со заробени институции и медиуми од промена на власта на избори.

Моите критичари често ме прашуваат кога ќе почнам да балансирам гуми и да ја критикувам опозицијата. Бидејќи заборавиле што сум пишувал цел работен век, еве им ветувам дека штом дојде опозицијата на власт ќе биде предмет на моите критики. Се разбира, ако бидам жив и здрав и ако остане каде да се пишува.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

За еден ден два тона омраза

Објавено на 23 November 2016 од erizaov

gruevski-kampanja

Никола Груевски уште првиот ден од кампањата посеа два тона омраза. Ја лансира старата ракета на меѓуетнички делби и нетрпеливост меѓу Македонците и Албанците. Отвори нови незалечени рани. Главниот влог е на картата на национализмот и шовинизмот спакуван во лагата која контролираните медиуми на власта ја верглаат дење ноќе повторувајќи ја илјада пати да ја претворат во вистина дека опозицијата и Зоран Заев сакаат да ја редефинираат, читај да ја поалбанчат Македонија и да ја поделат државата, да ја укинат унитарноста, да воведат двојазичност на целата територија, да го продадат името и националниот идентитет. Заев во Швајцарија и на Косово го ветил тоа. Со тие застрашувања и лаги дека ако не е ВМРО-ДПМНЕ, сите ќе учиме албански и ќе го сменат уставното име Груевски очекува 63 пратенички места и уште четири години апсолутна власт.

Мора да му е многу жешко на водачот штом му се малку за победа на изборите светските успеси и достигнувања во економијата, вработувањата со бришење на иселените млади луѓе кои заминале од државата од што им е многу убаво, изгледа не помага многу за голема победа ни високиот стандард кој три четвртини од граѓаните не го чувствуваат, а една третина од населението гладува и не знае како ќе го помине денот. По се’ изгледа не носи гласови ни „Скопје 2014-2018“ и изградбата на споменици, барокни гаражи, жални врби, кораби и галии, стиропор и гипс-фасади, панорамски тркала и вртелешки, рајски градини и лажниот и кичерски барок и рококо. Веројатно поради тоа одамна овие успеси, со изградба на најскапата некропола во светот во центарот на Скопје, не се спомнуваат во предизборните кампањи, ниту во бесконечните редења на достигнувањата. Дури и изградбата на инфраструктура со која Груевски почна со големо задоцнување, дури пред две години по бадијала поарчени осум години од мандатите не дава гаранции за победа на изборите. Голем дел од јавноста ги слушна „бомбите“ дека и изградбата на патишта е подмачкана со дебела корупција и провизија.

Кога по десет години владеење без контрола не се доволни за изборна победа постигнатите резултати и потрошените над 20 милијарди евра пари на граѓаните вклучувајќи ги и големите заборчувања во странски и домашни банки, очигледно Груевски нема друг избор освен да оди на највалканата и најопасната популистичка пропаганда која лесно може да излезе од контрола. А, тоа е дигање аларм дека ако падне власта, отиде државата, дека Македонија ќе се подели и обезличи. Поточно, целата предизборна пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ се сведува на шумата од 500 страници од која не се гледаат дрвјата, па затоа има илјадници проекти, а за најважните неколку кои се стратегиски и од врвен национален интерес има само празни ветувања како и досега. Повисокиот стандард, поквалитетен живот, слобода и демократија, независно судство, владеење на правото и заштита на човековите права, слободни медиуми, членство во ЕУ и во НАТО се само алиби одредници и телеграми во тие 500 страници да не се види дека Македонија откако е ВМРО-ДПМНЕ и Груевски на власт не може целосно да исполни ниту еден од политичките и економските критериуми за да може да ги почне преговорите со Брисел. Денес Македонија на патот за Европа и НАТО, и емпириски лесно докажливо, е зад тоа каде што беше пред десет години. Треба да се прочитаат внимателно само годишните извештаи на ЕУ за напредокот на Македонија и ќе се види огромното назадување од година во година. Ете затоа 20-дневната кампања како финиш ќе се сведе на ред успеси, два реда ветувања за нови достигања и десет реда црнила и застрашувања дека ако дојде до промена на власта, црно ни се пишува на сите.

Колку и да се надеваат Груевски и Ахмети, кои безмалку цела деценија ја делат власта дека напаѓајќи го секој од своја страна ќе го сотрат Зоран Заев, овој пат тоа го прочитаа голем број граѓани без оглед на нивната национална и верска припадност. Патриотските лажни приказни дека од сите страни сме сардисани со домашни и надворешни непријатели, дека Америка и ЕУ се против Македонија, дека Албанците и опозицијата со Зоран Заев ќе ја редефинираат, поделат Македонија, не проаѓаат кај поголемиот број граѓани кои веќе ги сфатија популистичките трикови и заплашувања. Едниот партнер во поделба на власта го обвинува Заев дека сака да зема албански гласови, а другиот дека сака да ја разнебити Македонија со шурување со Албанците. Едното и другото не одат заедно кога веќе и на Ахмети и на Груевски кои со години ја делат власта не им се допаѓа искреноста на Заев, која луѓето се’ повеќе ја препознаваат.

Медиумската превласт на власта се’ поочигледно ќе создаде контраефект и отпор кон агресивната и брутална пропаганда и форсирање на ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето веќе прашуваат колку минути ќе траат предизборните политички пораки кога им се прекинуваат турските серии за да можат тие минути да ги потрошат на нешто попаметно и да гледаат нешто друго кое нема да им го расипува спокојството. Се’ уште не прочитав посериозна истражувачка тема за влијанието на турските серии врз политичкиот живот во Македонија и директно на изборните резултати. Погледнете повнимателно на саатниците како и каде се темпирани турските серии кај медиумите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и власта и се’ ќе ви биде јасно за каква медиумска војна се работи.

Ова е впечатокот од првиот ден на предизборната кампања. Што ќе донесе утрешниот не е тешко да се предвиди. Одиме на омраза и делби.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Не треба потпис, треба образ

Објавено на 22 November 2016 од erizaov

kodeks

Човек не знае дал да плаче или да се смее на вестите дека лидерите на 11 политички партии потпишале во ДИК кодекс за фер и демократски избори. Од една страна е многу жално затоа што никој при здрава памет не верува во слободни избори бидејќи тие се неможни во земја во која цела деценија владее тиранија, а од друга страна е смешно оти такви потписи на морални гаранции од неморални луѓе се изнагледавме безмалку секоја година бидејќи граѓаните на Македонија се есапат за луѓе саде пред избори, а нив ги има на секои девет месеци како резултат на големата љубов. Уште при потпишувањето на лагата се знаеше дека станува збор за уште една тоалетна ролна извалкана од потписи. Му се развикав на телевизорот, абе не треба потписи, треба образ. Галиба бадијала, тоа не допира до тој што десет години произведува омраза меѓу граѓаните за да владее без контрола.

И што се случи во ДИК при потпишувањето морален предизборен кодекс. Ништо. Видовме уште една парада на примитивизам, ароганција и простотилак. „Заклетвата“ за документот наречен „жими мајка ќе бидеме фер на изборите“ започна без главните осомничени за злосторничко здружение за криминализација на изборите во Македонија од 2008 па наваму. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски задоцни на моралната „заклетва“. Добро е што не го чекаа човекот што секаде доцни и што мисли дека тоа е предзнак дека е многу значаен и презафатен. Тој стаса во ДИК откако кодексот беше прочитан, само стави потпис, направи едно кисело ракување со својот противник Зоран Заев и замина за Струмица каде што ќе му биде главниот штаб од каде што ќе ја води седмата офанзива се’ до големата победа на 11 декември. Велат, кога стасал кажал како Тито „Струмица мора да падне“. Груевски мислел дека мора да падне цела Македонија, оти ако падне само Струмица, ќе го обере бостанот.

Неговиот ортак Али Ахмети, со кој ја делат власта со години, со кој редовно глумат дека се скарани пред секои избори, беше уште поербап, тој не ни дојде на потпишување на кодексот за фер и демократски избори. Нема што да потпишува кога лично дал одамна беса дека сите избори на кои тој победува се слободни и фер. Нема кршење кутии, нема пукање, нема убиства, нема колективно гласање, нема притисоци. Се’ е мирно и тивко… мртва тишина, да ти замрзне крвта во жилите. Арно ама и Албанците веќе не веруваат во лажна беса, оти кога ќе дадеш збор не се гледа во потпис и во фактури, туку се гледа во лице и во очи. Сметката стаса, и за владеењето на ДУИ треба да се плати. Ако на 11 декември попладне почнат да се кршат кутии, работата е јасна кој не сака да го плати долгот.

Многу ме изнасмеа веста дека од денес понеделник, 21 ноември, почнала дваесетдневната предизборна кампања. Аууу… предизборна кампања само 20 дена. Веднаш треба да се укине оваа законска ујдурма. Па, луѓе божји какво е ова лицемерие. Окапавме десет години под постојана агресивна силеџиска пропаганда и застрашувања, закани, бевме и се’ уште сме жртви на најголемото и најмасовното нарушување на човекови права од 2008 година до ден денешен со прислушување на разговорите на илјадници јавни личности, над 20.000 граѓани осум години биле под постојан надзор и следење на нивниот живот, ние зборуваме за 20-дневна изборна кампања. Човек со години не може да вклучи компјутер, телевизор или радио, а да не му влезе во дневната соба, или во спалната Груевски и неговата булумента. Менувај канали колку сакаш, бркај го низ врата, тој влегува низ прозорец, затвори пенџере ете го низ оџак. И тие од ДИК ова го викаат 20-дневна предизборна кампања. Македонија живее, спие и се буди, работи, се раѓа и умира во предизборна пропаганда. Уништени се повеќе генерации кои се оформени како личности во режим, воспитани да бидат партиски лојални, да бидат сервилни и полтрони, да гледаат господ во лидерот, оти тој е татко на нацијата, тој воспитува, образува, вработува, дели плати, пензии и милостина за сиромашните. Така децата кои имаа од 10 до 15 години пред да седне водачот на тронот ако не сте ги заштитиле доволно од ударот на постојаната пропаганда, денеска тешко ќе ги разликуваат слободата и демократијата од лојалноста кон режимот. Во борбата за слобода и демократија, овие момчиња промовирани во патриоти со партиски книшки, гледаат непријателски и предавнички чин. На овие млади луѓе им е направена голема неправда, тие се хендикепирани при изградбата на самостојна и храбра личност која не знае да ја препознае правдата и слободата и да се бори за тоа. Непроценливи се штетите од вмровските пропаганди кои течат како надојдени реки цела деценија без престан.

Го слушам и гледам ентузијазмот на Советот за етика на медиумите, кој апелира до новинарите да информираат урамнотежено, коректно, објективно и професионално да известуваат од изборната кампања. Не знам дали веруваат во тоа што го зборуваат ама звучи убаво. Еве една антологиска реченица која ми легна и која можете веднаш уште првиот ден од кампањата да ја проверите уште овој миг. Вклучете мобилен, компјутер, телевизор или радио, отворете весник и уверете се колку е прифатен апелот медиумите да не дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и другите актери во изборниот процес. Се разбира дека цензурата и контролата на политичарите и политиката во медиумите веќе ја знаете и ја гледате со години. Ама не знам дали можете да препознаете кој сака да биде манипулиран, кој медиум е соучесник во манипулациите со јавноста, кој новинари за тоа се добро наградени од буџетот, а кој се под притисок, под закана за бркање од работа и за лишување од скромна егзистенција. Има уредници и новинари во Македонија кои се најголеми противници на слободата на медиумите бидејќи во слобода лесно се препознава што е добро, а што лошо новинарство.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Бербат до гуша

Објавено на 21 November 2016 од erizaov

target

Во Македонија е наметнато клучното морално, правно и праведно, човечко, цивилизациско и суштинско прашање за иднината на државата: дали можат на избори да учествуваат и да бидат избирани луѓе осомничени дека стојат зад најмасовното и најдолго нарушување на човековите права и слободи, луѓе под истрага дека се носители на организиран криминал и досега невидена корупција. Наместо на суд можат ли вакви луѓе да одат на избори и да бидат избрани за пак непречено да продолжат со тиранија.

Најсилно експлодира бомбата чиј фитил гореше безмалку две години. Специјалното обвинителство објави дека поведува истрага за најмасовното и најголемо нарушување на човековите права во Македонија по Втората светска војна. Постојат докази и основани сомневања, соопштија специјалните обвинители, дека ова злодело е направено со злоупотреба на службените овластувања и на државните системи. Во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) повеќе вработени вршеле незаконско прислушување на телефонските разговори на илјадници граѓани во период од осум години. Од 2008, што се вели до денес, се следи секој збор не само на политичките противници, туку и на своите најблиски соработници, на деловни луѓе, на новинари, на познати личности од јавниот живот, академици, универзитетски професори, писатели, уметници, актери, а многу веројатно и на странски дипломати и на претседателот на државата, што е јавна тајна.

Од политичкиот врв само поранешниот премиер, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, не е прислушуван. Но, сите што му телефонирале најревносно биле снимени. Не ми е јасно само како три години го слушале Зоран Верушевски и неговата сопруга, а не откриле дека Верушевски ги издавал наредбите за прислушување како што вергла власта пред јавноста. Ваков изум нема ни ЦИА.

Чуден е народецот што преостана да чмае во оваа наша жална Македонија. Со години слуша и гледа како пукаат бомби на најголемиот жив срам и невидена брука од постоењето на државата до денес и уште сомничаво врти со главата прашувајќи се, а дали е тоа баш така, дали ова не ни го прави Америка, ЦИА, Сорос, ЕУ и злобните комшии. Па нели лично Никола Груевски кажа дека прислушувањето е дело на странски служби, на домашни предавници и непријатели и на платеници, дека сето тоа ѓубре сечело, лепело и монтирало за да се направ и „пуч“ и да се преземе власта од изроди.

Штом нешто кажува Груевски мора да е точно. Зошто не би му верувале кога водачот сто пати потврди дека се измислени сите обвинувања за организиран криминал, за корупција, дека кај нас нема никаква злоупотреба на власта, ниту пак незаконска пресметка со политички противници, нема нарачани шамари и судски пресуди и нема унапредувања на судии и обвинители преку телефон. Нема злосторничко здружение за изборни нерегуларности и местенки, а приказните за криминализација на целото општество е грозна шпекулација и непријателски акт. Сето тоа што сме го слушнале и виделе овие две години е голема лага на опозицијата во спрега со странските разузнавачки служби кои сакаат да ја дестабилизираат Македонија. Груевски ова го кажува само пред нарачани камери и микрофони, а никако пред суд дури и кога е единствен сведок на пучот, а уште помалку како обвинет. Срамно и кукавички бега од судот и од соочување со правдата.

Но, народот на кој толку многу се повикува Груевски знае да биде и непредвидлив, особено ако долго го јавате. Нема здраворазумен човек во државата кој не се сомнева дека целата оваа криза е предизвикана од врвот на власта. Сега кога се фатени на дело и кога вистинските патриоти мал дел од тој ужас го дадоа на увид на јавноста виновниците врескаат на цел глас дека опозицијата сака да ја дестабилизира Македонија, да ја албанизира, да ја грцизира, да ја направи двојазична и безлична, опозицијата сака да го продаде името, идентитетот, јазикот…

Цело ова време никој не го праша водачот како тоа наеднаш иако невин и безгрешен, иако се работи за пуч и обид за преврат со уцена, со монтирани и лепени разговори, како тоа тој преку ноќ стана многу послушен и сервилен кон странските непријатели и платеници. Наместо да ги отера во мајчину, ги смени без збор своите најблиски и најверни министри, началници и соработници. Како тоа без збор прифати да се формира Специјално обвинителство и вети дека нема да се прават никакви попречувања на истрагите на овој ашикере наметнат паралелен државен орган поради целосната контрола и партизираност на правосудниот систем почнувајќи од основните судови и обвинителства, па се’ до Уставниот суд. Груевски прифати и специјален закон за гонење на кривичните дела кои произлегуваат од незаконското прислушување. Прифати да поднесе и оставка. Ако беше чист, дали ќе прифатеше што било од овие изнудени решенија. Неизвалкан премиер не би прифатил ниту едно барање под притисок чиј било. Груевски стави се’ на една карта за да го смени вистинскиот суд со народен, а тоа се избори. Влогот е Македонија, ако победи на избори тој е убеден дека сите други истраги и обвиненија паѓаат во вода. Штом повторно го земе стапот во рацете сите од страв ќе судат во негова корист, а народецов ќе го врати кубурот под перница.

Да, ама домашниот есап не излегува на пазар. До 11 декември ќе пукнат уште многу бомби од двете страни на фронтот. Ќе препознаеме ли кои се ќорфишеци и лажни, а кои вистински. Велат, ќе имало една атомска.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Како умре Ренато

Објавено на 18 November 2016 од erizaov

klinika

Ренато Стојанов, 37 години, млад човек од Гевгелија, по 11 часа префрлање од клиника на клиника почина во Државната болница „Мајка Тереза“ без да се воспостави дијагноза и без да се утврди причината за смртта. Ренато стаса во Скопје со брза помош од Гевгелија околу 11:30 часот напладне на 9 октомври. Судбината сакаше да бидам непосреден сведок на оваа семејна трагедија од минута во минута сите последни 11 часа од животот на Ренато.

Во сите болници во светот се лечат и умираат луѓе, но она што го доживеавме видовме и слушнавме мајка му, брат му и јас на 9 октомври по уличките и по ходниците и по одделенијата на универзитетските клиники на Државната болница, тие 11 часа е драма во која никој не може да верува додека не му се случи. А, кога ќе се случи, шок, тага и бес и повторно неверица со безброј пати истото прашање – зар ова е можно денес во Македонија, во 21 век.

Не сакав оваа сторија да ја обелоденам додека не стаса наодот од обдукцијата на Ренато, иако сега кога стаса резултатот гледам дека немаше да згрешам ако го напишев веднаш тоа што го видов со свои очи и што го чув со свои уши.

Тоа утро бев на преглед на Клиниката за урологија, кога ми јавија дека Ренато ќе стаса со брза помош упатен од Гевгелија. Се упатив веднаш на Токсикологија каде што ми рекоа дека ќе пристигне брзата помош. Ренато веќе беше таму со мајка му и брат му и еден негов другар. Кога го видов ми олесни бидејќи очекував дека штом го носат со брза помош дека е во тешка состојба. Ренато беше на нозе, контактибилен, одговараше на сите прашања на докторката без видливи знаци на тешко болен, освен вознемиреност и страв. Веднаш ме позна иако не сме се виделе повеќе од десет години. И јас го познав, беше малку изменет, од момче станал зрел човек, но ги зачувал истите црти на убаво и жилаво дете како што го знаев. Ми се виде уште повисок, висината ја наследи од татко му, исто како и брат му, преку метар и деведесет. Помислив дека мајка му кренала малку повеќе паника, па инсистирала на брза помош бидејќи животот им го посвети на децата. Двете деца ги одгледа сама, татко им загина на 32-годишна возраст во несреќен случај во лов на Кожув.

Докторката Жанина Переска на Токсикологија ги виде наодите од упатот од гевгелиската болница, го распраша пациентот констатирајќи дека има силна малаксалост, не спиел три ноќи, има болка во градите, тахикардија, температура до 37,5, дека веќе примил одредени лекарства во Гевгелија, дека како дете прележал хепатит Б, дека има оштетување на црниот дроб… Ги наведе сите лекови што ги примил и констатира дека Ренато не е за Токсикологија, туку треба да оди на Кардиологија. renato

Од таму се упативме на Кардиологија. Ренато беше на нозе, малку му попушти стравот.

На Кардиологија во амбулантата не’ прими д-р Иван Василев, кој веднаш го прегледа пациентот и констатира дека имал тахикардија, замореност, покачена температура и прележан хепатит пред повеќе од 20 години. Одреди лекарства и го упати пациентот на клиниката за Гастрологија на натамошен третман бидејќи нема знаци на акутно срцево страдање. Додека ја примаше инфузијата со лекови и се’ уште без точна дијагноза Ренато веќе покажа знаци на влошување на неговата состојба, но се’ уште беше на нозе. Во меѓувреме го замолив д-р Василев бидејќи е недела и бидејќи се споени деновите со празникот 11 Октомври, а гледам нема доволно персонал ако е можно, пациентот да остане на кардиологија бидејќи „шетање“ од клиника на клиника без соодветна дијагноза веќе кај пациентот покажува знаци на влошување. Докторот авторитетно ми појасни дека со тоа ќе направиме грешка бидејќи досегашните наоди покажуваат дека тој не е за Кардиологија, туку за Гастрологија. Се разбира, такво појаснување кога ќе каже доктор не можеме да спориме. Замоливме да ни дадат болничка количка за да го префрлиме на Гастрологија за да не оди пешки. Брат му мораше да ја остави својата лична карта оти пациентите не ги враќале количките. Така Ренато по три часа поминати на Токсикологија и Кардиологија стаса на Гастрологија. Таму не’ прими д-р Емилија Николова, која имаше многу итни разговори на мобилен телефон. На нашето предупредување дека му се влошува состојбата на пациентот се развика дека тука таа е шеф и да слушаме што ќе каже таа. Амин, рековме посрамени. Д-р Николова го прегледа пациентот, ги констатира истите работи како и нејзините колеги претходници и ни соопшти дека пациентот е за Пулмологија. Има оштетување на црниот дроб, но нема крвавење и бубрезите работат уредно… Но, во тој момент на Ренато му се слоши и настана панично трчање по ходниците да се донесе маска со кислород. Епруветите со крв до лабораторијата на Интерните клиники и до лабораторијата на Трансфузиологија ги однесов јас бидејќи немаше доволно луѓе. На Трансфузиологија рекоа дека пред 19 часот не можат да бидат готови резултатите. Кога се вратив по неколку минути Ренато веќе беше во бесознание. Додека му давале кислород му дале и инјекција „дијазепам“ по која Ренато целосно се изгубил. Сега веќе д-р Николова не предлагаше пациентот да се носи на Пулмологија, туку веднаш да се врати на Кардиологија. Нејзините наоди целосно се сменија од оние што ги даде кога го прими пациентот. Кога и’ укажав на тоа, побара нешто да допише на првичниот наод. Кога семејството одби допишување се развика како не ни е срам да ставаме забелешки кога ни го спасила детето. Ја прашав уште еднаш каде да одиме на Пулмологија или на Кардиологија. Докторката беше категорична веднаш на Кардиологија.

Во 16:50 од Гастрологија го вративме Ренато назад на Кардиологија во тешка состојба и се’ уште без дијагноза. Во отпусното писмо пишува дека КАРИЛ одбил да го прими. Тоа не го знаевме. Дали тоа значи дека случајот веќе бил безнадежен. По неполн еден час на Интензивна нега ни соопштија дека Ренато е на апарати што практично значи дека е клинички мртов. Во 22:30 часот со вресок на мајка му и солзите на брат му ужаснат го следев исклучувањето на апаратите.

Од Кардиологија следуваше нов упат кој гласи: „Поради неразјаснета основна причина за смрт телото на починатиот се упатува на обдукција на Институтот за патолошка анатомија во исчекување на обдукциски наод“. На забелешка на семејството зошто на Патологија, а не на Судска медицина, добивме одговор дека таму се испраќаат само починати од насилна смрт. Ја прашав докторката која го тешеше семејството дали ова е природна смрт.

Ренато Стојанов беше погребан на градските гробишта во Гевгелија на 11 Октомври. По повеќе од еден месец по неговиот погреб, некни, стаса наодот од обдукцијата во кој е констатирано дека „непосредна причина за неговата смрт е интерстицијална пневмонија со инфламаторна кардимиопатија што довело до срцева слабост и кардиоген шок“. Со други думи, Ренато Стојанов умрел од пневмонија и од катастрофална непрофесионалност, хорор префрлање на пациентот од клиника на клиника без да се утврди што му е. Во ниту еден момент по 11 часа престој во Државната болница, во ниедна клиника Ренато не беше хоспитализиран и третиран од она што е непосредната причина за неговата смрт. Мајката и братот на починатиот најавуваат судска разврска свесни дека никој не може да го врати Ренато. Знаат дека лекарската грешка е речиси непозната работа кај нас во судската пракса, но ќе ја бараат вистината. Судејќи според пресудите, имаме најдобро здравство во светот со најмалку смртни случаи од лекарски грешки. Луѓето кај нас не тужат и кога имаат докази за фатална лекарска грешка бидејќи ја знаат однапред пресудата.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Судиите кренаа глас

Објавено на 17 November 2016 од erizaov

pancevski

Владимир Панчевски, претседателот на кривичниот суд, е новата медиумска ѕвезда на македонското темно небо и овоземна трагична реалност. Овој судија притиснат од јавноста и од своите колеги судии за злоупотреба на функцијатa и од желбата за повторен избор се брани со фалби дека зад него стојат големи дела, неговите пресуди биле влезени во книги од кои ќе учат генерации правници. Точно е тоа. Едно од најголемите ремек-дела за проучување на македонскиот правосуден систем, за владеење на правото и нивото на правната држава го испиша лично претседателот на кривичниот суд, каков што досега немало. Владимир Панчевски среде Скопје изгради два и пол ката дивоградба, а потоа си ја урна, грубо кршејќи ги законите и угледот на Република Македонија.

Кога претседател на суд гради бесправно тоа е навистина многу поучна сторија за учебници од кои може многу да научат не само правниците, идните обвинители и судии, туку и сите граѓани на државата. Кога судии најарогантно кршат закони за стекнување противправно имотна корист нема потреба од темелни анализи на кое дереџе е донесено судството. Таквите делители на правдата заслужуваат да бидат избрани доживотно за судии и да бидат вечно претседатели на судовите бидејќи нивните дела се најдрастичната последица во изградба на корумпиран и партизиран правосуден систем.

Тоа што 15 колеги кривични судии од Основниот суд Скопје 1 упатиле писмо до претседателот на судскиот совет Зоран Караџовски во кое се жалат на злоупотребата на функцијата претседател на кривичниот суд и самоволието на Панчевски не значи ништо за Караџовски. Тој бирократски изјави дека писмото стасало и дека ќе има третман на анонимна претставка бидејќи потписите на судиите биле нејасни. Ако има потреба ќе се побара објаснување од Панчевски, вели крајно внимателно Караџовски за да не го вознемирува колегата, наместо под итно да побара Судскиот совет да го суспендира привремено од должноста до судската разврска бидејќи се нашол во средиште на скандал со тужба за бесправна изградба на дивоградба во центарот на Скопје. Ги прашувам јавно еминентните македонски правници, академци, професори на правните факултети, експерти за кривично право да кажат што се случува во една држава кога претседател на кривичен суд гради и урива дивоградба среде главниот град, кога јавно се заканува дека судот треба да се прочисти од одредени штетници кои стасале тука, кога објавува лични преписки од позиција на сила и моќ на сајтот на судот. Кога претседател на суд е соочен со кривична пријава со која е обвинет дека вршел притисок врз колега судија како да одлучи за предмет со разбојништво. Ве молам кажете и’ на оваа јавност дали тоа не е крај на правосудниот систем и крај на државата не само затоа што прави тешки ломови Панчевски, туку што сето ова од надлежните институции во сите судски инстанции се толерира како ништо да не било.

Нормално, во еден таков амбиент на правна држава Владимир Панчевски ја почнува својата кампања за повторен избор за претседател на кривичниот суд со јавен предлог за чистка на неподобните судии, иако тоа веќе тој го направи кога префрли судии кои со години судат за организиран криминал да бидат судии за прекршоци во сообраќајќи со образложение дека има многу незавршени прекршочни постапки, а веројатно малку предмети за организиран криминал. Очигледно човекот не ја довршил работата со неговите чистки.

Панчевски во својата предизборна кампања си дозволи да даде оцена на извештајот на ЕУ нарекувајќи ги неосновани забелешките дека македонското судство назадува, а критиките за партизираноста на судството според него се директен напад врз судскиот систем со цел судската власт во државата да биде урната. Ваква гротеска на судија кој треба да си ја покрие главата и да каже збогум на судството да дава јавни оцени на извештај на ЕУ досега не е забележана во Македонија. Арогантното отфрлање на оцените кои се познати во јавноста и без некој однадвор да ги соопштува, за жал, се прилично оркестрирани во државата што укажува на партиски мотиви во одбрана на судството кое е во хаос подолго време.

Оцените на ЕУ ги отфрли и јавниот обвинител на Македонија Марко Зврлевски, кој вели дека „реда ради“ ги прочитал забелешките од Брисел за правосудниот систем. Ова ме потсети на оној стар и добар виц кога го прашале Мујо дали го читал романот „Мостот на Дрина“. Што има да го читам кога јас сум одел по него кажал Мујо. Така и нашиот уважен и независен јавен обвинител Зврлевски, што има да чита белосветски извештаи кога тој лично дал голем придонес за изготвување на оцените за нашето обвинителство и судство и целиот правосуден систем. И претседателката на Академијата на судии и обвинители Анета Арнаудовска не ги прифаќа оцените на ЕУ за назадување на правосудниот систем и неговата партизација. Арнаудовска најдобро знае дали има партизација бидејќи таа е на изворот за подготовка на идните судии и обвинители. Неодамна видовме на конкретен пример како се полагаат испитите да се стане судија и обвинител и како по приговори на моќни политички заштитници на идните судии се добиваат дополнителни поени.

Изненади деновиве јавниот став на претседателот на врховниот суд Лидија Неделкова, кој е спротивен на ставовите на Панчевски, Зврлевски и Арнаудовска. Неделкова ги прифати забелешките на ЕУ за назадувањето на македонското судство. Таа кажа многу работи на ТВ Алсат во разговор со колегата Васко Попетрески за состојбите во правосудниот систем и за несогласувањата со претседателот на кривичниот суд Панчевски од кои се крева косата на глава, но за тоа владее мукла и во судството и во ВМРО-ДПМНЕ.

Протестот на 15 кривични судии чинам, сепак, е знак дека не е се’ изгубено во судството. Во јавноста недостига стручно толкување на законите со кое право се одложува изборот на претседател на кривичен суд ако мандатот му истекува на 4 декември. Предлогот за Државната комисија за поддршка на корупцијата дека треба да се одложи изборот на претседател на кривичниот суд и покрај завршениот мандат, поради изборите на 11 декември, е навреда на интелигенцијата на целото судство и граѓаните на Македонија.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2016
M T W T F S S
« Oct   Dec »
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
282930