Archive | July, 2016

Tags:

Еве ме пак меѓу фантомите

Објавено на 28 July 2016 од erizaov

dik2

Еве ме повторно меѓу фантомите, или како што ги викаат спорните гласачи. Со јавна објава само на списокот од 39.502 гласачи уште првата минута стаса најновата потврда зошто никој разумен во земјата не верува ни на избирачките списоци, ни на Државната изборна комисија. Уште еднаш се уверивме дека, всушност, најспорни се ДИК и МВР-ВМРО каде што се спакувани сите бази на податоци, читај ујдурми на осомниченото злосторничкото здружение за фалсификување на изборите за што Специјалното обвинителство води истрага која жестоко се попречува. Очебијно некој многу страхува да не се оспори легитимноста на власта и да се докаже дека е освoена со изборни измами.

Дека голем број граѓани не веруваат ни во избирачките списоци, ни во можноста за слободни и веродостојни избори, ниту пак во тајноста при гласањето уште пред неколку месеци, поточно во април годинава, потврди и истражувањето на ИРИ, Американскиот републикански институт во чии мерења на популарноста и партискиот рејтинг најмногу верува власта. Во април цели 45 отсто од граѓаните не веруваа во веродостојноста на избирачките списоци, а цели 49 отсто не веруваа во запазување на тајноста при гласањето. По последните откритија на какофонијата во избирачките списоци и по криењето на вистинскиот број избирачи во Македонија, јасно е дека тој процент на граѓани што се сомневаат во фер изборен процес денес е повисок. Првите реакции по објавувањето на „најмалиот“ список од близу 40.000 полнолетни граѓани упатуваат на нов голем скандал. Добрите познавачи на изборните измами добро знаат што се’ може да се постигне со 20 илјади гласа добро распоредени на критични места. А, замислете некој да провери каде и колку пати гласале оние кои со години не дошле во татковината, живеат и работат во странство. Нив ги обележале со ѕвездичка на посебен список од 171.000 гласачи со право на глас, а никој не проверува гласаат ли тие луѓе, или наместо нив има некои други фантоми. Вистински.
dik
Еве го мојот случај и на син ми како станавме фантоми, иако јас 25 години редовно гласам на исто избирачко место уредно заведен во избирачкиот список, а син ми откако е полнолетен. Значи, некаде во април годинава се појавија фантомите меѓу голем број јавни личности и од тоа провладините медиуми направија спектакл, небаре самите граѓани се уфрлиле на некаков сомнителен список. Само неколку дена пред тоа со проверка и по матичен број и по општина и адреса моето име и презиме и името и презимето на синот стоеја на избирачкиот список. Што се случи во меѓувреме од неколку дена, знаат само махерите во ДИК и во ВМРО-МВР. Нејсе, по извесно време стаса цела патрола од ДИК да провери кои се фантомите што живеат во мојот стан, ги имало осуммина, за што никој во семејството ни чул, ни видел. Да се надеваме дека еден ден нема да се појават на имотниот лист како сопственици на станот, а веројатноста да гласаат на повеќе места е голема. Комисијата за проверка на фактите на самото место имала среќа што јас не сум бил таму, со големо задоволство ќе им ја треснев вратата.

И сега четири месеци откако ги направија сите проверки, големите експерти од ДИК кои требаше само да кликнат двапати и да ги проверат во редовниот список каде што стои моето име безмалку 25 години, еве не’ пак заедно со синот на ударните вести. Повторно сме спорни гласачи. Се разбира, доколку е осамен овој случај, ваквото вознемирување не би требало да предизвикува посебно внимание и сомнежи за изборни неправилности. Но, откако се јавија со реакции десетици и десетици јавни личности на кои им се заканува одземање на правото на гласање ако не дотрчаат до канцелариите на ДИК до 19 август да се идентификуваат за да ги остварат своите граѓански права, не ќе можат да гласаат. Ова е чорбата од „малиот“ казан во кој се крчкаат 40.000 гласачи. Господ пак знае што има во големиот казан каде што се околу 1.800.000 гласачи колку што тврди власта, или околу 1.500.000 гласачи колку што тврди опозицијата. А што тврди науката нема ни ќорава бројка бидејќи на општа срамота повеќе генерации станаа полнолетни откако Македонија нема попис. Ако една држава не може, или кажано поточно, не сака да утврди колку сме само поради изборни измами, тогаш залудни се сите реформи, договори и преговори за излез од кризата. Казаните со неидентификуван број гласачи и фантоми и натаму ќе си вријат на тивок огин се’ додека запршката ја прават ВМРО-МВР и ДИК.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Не се можни медиумски реформи

Објавено на 27 July 2016 од erizaov

mediumi
Во Македонија не се можни медиумски реформи дури и кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно сосе сите политички партии и лидери најискрено би сакале и би се залагале за високо професионално, слободно и одговорно новинарство. Тоа е невозможна работа барем во наредните десет години бидејќи освојувањето подобри новинарски стандарди не е врзано ни со партиски преговори, ни со политички одлуки, а воопшто не се пресудни ни најлибералните закони и уставни гаранции за забрана на цензурата и медиумската контрола. Слободни медиуми и добро информирана јавност се дел од големата култура, дел од нивото на демократијата, дел од цивилизациските дострели на едно општество, дел од просперитетот, економскиот развој и стандард на граѓаните, дел од демократскиот капацитет на политичките, интелектуалните и деловните елити, дел од образовниот систем, слободарскиот дух и менталитетот на народот.

Не препознавам во Македонија државник, ниту сум слушнал цврста определба на некој политички лидер дека во слободата на медиумите гледа значаен историски процес и гаранција дека државата се движи во правилна насока. Освен некои лицемерни, куртоазни и популистички главно предизборни и програмски фрази за потребата од слободни медиуми, нема никаква друга конкретна активност во таа насока. Напротив, во последните десет години е систематски уништувано и разградувано во сферата на медиумите и информирањето на граѓаните со инсталирање на драматичен дисконтинуитет на се’ што макотрпно е постигнато во изминатите 30, а според трудовите на историчари по новинарството и во изминатите 71 година по Втората светска војна и по формирањето на првата парламентарна држава досега. Да не ги валкаме воопшто историските проблесоци на новинари од пред 100 и кусур години во непримерни споредби на денешните медиумски црнила.

Во изминатата деценија освен несреќната промена на сопственоста на медиумите која за жал главно е извршена под партиска и идеолошка контрола, а се бројат на прсти од едната рака во професионална насока, медиумските стандарди паднаа на најниско ниво чинам во последните 40 години. Медиумската плурализација тргна хаотично и агресивно, но сепак извонредно добро во првите десетина години на независноста на државата, за потоа да го изгуби чекорот и на крајот да се сведе само на големата бројка на медиуми, без поголем исчекор во надградбата и примената на западноевропските стандарди. Под диктат на политиката и економската зависност се изгубија шареноликоста и различноста на медиумите кои се’ повеќе почнаа да наликуваат јајце на јајце, а спротивставеностите не беа во сферата на професионален натпревар, туку во партиската поделеност и примена на жесток јазик на омраза и сатанизација. Најчитаните, најгледани и највлијателни медиуми под удар на економска зависност и партиска припадност станаа коалициски партнери на властите, а од пред осум години, поточно од 2008 година наваму се воведени воена цензура и забрана за стотици јавни личности кои не можат да ги искажат своите стручни, професионални и политички ставови во поголем број медиуми кои се под контрола. Едноставно, строго е забрането на одредени телевизии, весници, радиостаници и интернет-портали да се слушне, види и прочита нешто што може да се сфати како критичка опсервација на политиките на Владата, или на владејачката партија.

Во ерата на груевизмот, најголемиот број македонски медиуми се сведени на партиски билтени, на гола пропаганда скапо и коруптивно платена. Финансирањето на медиумите, партиските кампањи и реклами станаа невидена агресија врз животот на граѓаните. Последиците се толку очигледни од ова децениско злосторство врз демократијата што враќањето на веќе одземените достигнувања во македонските медиуми сега реално изгледаат далечни и невозможни. Направена е вистинска пустош и во свеста на луѓето и во поимањето на суштината на новинарството во голем дел од јавноста, вклучувајќи ги и младите луѓе кои израснаа и се формираа како личности во режим. Одговорноста за ваквата состојба на власта која примени ригиден систем се префрли перфидно само врз новинарите и медиумските куќи.

Што можат во вакви услови да донесат преговори за реформи кои сега ги водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за објективно и професионално информирање на јавноста сто дена пред избори. Кој е тој што може да верува дека сто дена ќе ги заменат 3.650 дена на разградување на демократијата и пристојно стекнатата медиумска слобода. Каков е тој мониторинг што ќе ги оценува пропагандите. Кој може да ја исправи гротеската што на секои вести со часови ни се издига пред очите како култ на личност кон еден претседател на политичка партија кој оди од село во село и од град во град секој ден трошејќи милиони евра од буџетот кој предизборно се полни со стотици милиони евра заеми кои ги плаќаат граѓаните и што ќе ги враќаат и нивните деца. Во кој тоа пишан, или непишан закон, или во која демократска држава може претседател на партија немилосрдно да го празни буџетот во предизборна кампања.

Не знам за вас, ама мене ми е многу тажно што нонстоп се емитуваат вести за еден партиски лидер и бивши премиер како со наши пари дели социјална помош, пензии, субвенции, како гради споменици и плажи, патишта и училишта, фискултурни сали и игралишта како да се тоа негови лични пари и проекти. Нема кој да му каже во партијата, па и во државата, дека тоа не е работа на претседател на една политичка партија. На очиглед на целата јавност се редат пред камерите партиски активисти од деца до возрасни луѓе во години кои се поклонуваат до земја од благодарност кон големиот водач и учител што ги посетил и пратил булдожери да асфалтираат пат по десет години откако е на власт. По овие успеси, благодарение на сенародниот идол, следуваат вестите за домашните предавници и непријатели.

И ајде сега, некој нека каже дали се можни реформи во медиумите со истите луѓе кои од нив направија монструми. Да видам не верувам.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Манифест за одбрана на криминалот

Објавено на 26 July 2016 од erizaov

manifest

Не чекав долго да видам кој прв ќе се јави во одбрана на криминалот и попречување на правдата по последниот договор за излез од кризата, а во врска со гаранциите за поддршка на непречената работа на специјалниот јавен обвинител и обвинителство. Не поминаа три дена од прифаќање на договорот од сите релевантни политички партии, кога први се вознемирија и огласија дежурните заштитници на националниот идентитет и уставното име, група патриоти кои се нарекуваат „Македонски манифест“, како да се некој значаен историски документ, а не гласноговорници за заштита на злоупотребите на власта.

Значи, „Манифестот“ во договорот за поддршка на специјалниот јавен обвинител препознава голема опасност бидејќи и студентите по право знаеле дека Специјалното јавно обвинителство, според тоа и Специјалниот закон се противуставни и дека договорот е всушност второ пржинско злосторничко здружение против Уставот на државата. Ако Специјалното обвинителство работи непречено според Законот кој е усвоен и прифатен во парламентот, речиси едногласно „Манифестот“ во тоа откри голем заговор дека на овој ист начин многу бргу можат да бидат решавани нашиот идентитет, име и постоење. Загрижените патриоти им соопштуваат на граѓаните дека Уставниот суд може да ја поништи одлуката за промена на уставното име на Република Македонија и укинување на македонскиот идентитет на ист начин како што тоа би го направил со Специјалниот закон и специјалниот обвинител ако потврди дека се во рамките на Уставот и нема никаква законска, ниту уставна пречка за гонење на евентуалните прекршители на законите доколку тоа се докаже од истрагите по преслушуваните разговори. Во тој случај, соопштува „Манифестот“, лидерите на четирите најголеми партии можат да се обврзуваат пред амбасадорите на САД и на ЕУ дека ќе го сменат Уставот и самите ќе ги променат името на државата и националниот идентитет. Работата дошла до таму што ако народот се крене против обезличувањето на Македонија, лидерите на партиите ветуваат дека ќе го забранат, поништат и ако треба, ќе го истребат тој народ…

Што толку ги уплашило луѓето кои себеси се нарекуваат „Македонски манифест“ во борбата против криминалот да не ги изгубиме името и идентитетот. Тоа е делот од последниот меѓупартиски договор кај што се вели дека „во случај Уставниот суд да одлучи дека дел од Законот за Специјалното јавно обвинителство е неуставен, четирите политички партии ќе се заложат со усогласување на законот со одлуката на судот и повторно воспоставување на Специјалното обвинителство во рок од пет дена. Ефикасноста, делокругот и целите на Специјалното обвинителство треба да бидат задржани“.

Обврската која ја прифатиле четирите партии да не смее да се попречува правдата во гонење на криминалот и злоупотребата на власта е големата мака што ги снашла патриотите во нивното прибежиште наречено „Македонски манифест“. Овие големи патриоти одеа со денови низ Македонија да го бранат македонскиот идентитет од Македонците, да го заштитат уставното име од предавниците Македонци, па сега дури и од намерите на политичките партии кои под притисок на Америка и ЕУ можат со одлука на Уставниот суд да ги сменат името и идентитетот. Ваква папазјанија во ист казан на определбата против криминалот со одбрана на идентитетот и името на државата можат да смислат само луѓе кои во патриотизмот откриле многу повеќе вознес и мотиви за овоземно задоволство отколку во правдата и владеење на правото. Да се донесе името на државата и идентитетот во тесна врска со точно и строго законски дефинираниот делокруг на работа на Специјалното обвинителство е всушност груба манипулација со јавноста, валкана работа токму против угледот и идентитетот на Република Македонија и сите граѓани.

Кој ја попречува правдата против истрага на криминалот? Само тие што не сакаат да се соочат со законска истрага на докажување на својата невиност, или поточно со попречување на доказната постапка за виновност. За нив врховна правда не е судската и истражната процедура, туку само изборите. Блиску до здравиот разум е дека невино осомничените имаат најголем интерес за брза и праведна судска разврска. Но, попречувањето на правдата и притисокот врз Специјалното обвинителство и Уставниот суд овој пат тргнаа од „Македонскиот манифест“ каде што има јавни личности на кои совршено им е јасно дека идентитетот, културата, јазикот на еден народ, името и угледот на државата најсилно и најдобро се бранат и афирмираат со слободата на мислата и говорот, со творештво, со слободни медиуми и независни судови, најмногу со слободни и независни личности, а не со режим и селективната правда. Мешањето на идентитетот и на уставното име на државата со бришење и игнорирање на правната држава и правдата е злосторничко здружение, а не „македонски манифест“.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Зошто Груевски не е како Ердоган

Објавено на 25 July 2016 од erizaov

G-E-g_0

На човека да му се крене косата на глава од некои ѓоа критики деновиве упатени до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од тие што го величаат цела деценија. Се леат крокодилски солзи зошто и ние немаме сличен јунак како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Најголемите апологети на Груевски демек се разочарани што тој се „ландра“ натаму-наваму низ Македонија како трговски патник, а се прави дека не знае дека веќе не е премиер, а всушност е жртва на сопствената перцепција како човек на кој му е ампутирана ногата, а тој уште чувствува дека ја има. Многумина можат и да помислат за миг дека навистина ова се сериозни критики додека не прочитаат дека и Груевски треба да го извади списокот и да почне да чисти се’ што е оцрнето, набедено, се’ што е шљам, непријател, платеник на Сорос и разни други измислени предавници.

Опасни идеи се пласираат од поддржувачите на Груевски божем низ конструктивна критика изедначувајќи ги ситуациите во Македонија и осумдесетмилионската Турција, правејќи равенство меѓу државниот удар во Турција и стотиците загинати и повеќе илјади ранети во обидот за преземање на власта со тенкови и со војска. Сето тоа се изедначува со договорот од Пржино кој го потпишаа и прифатија сите парламентарни политички партии, кој ќе биде за година и пол двапати, а го усвои едногласно и Собранието на Република Македонија. Ваквите јавно пласирани паралели на изедначување меѓу Турција и Македонија се вџашувачко безумие и валкано шпекулантство што доаѓа од круговите блиски на Груевски. Развластувањето на Груевски и неговите најблиски соработници со поднесување оставки како резултат на откривањето на содржините од прислушуваните разговори и меѓупартискиот договор со амин на парламентот толку тешко им паѓа на некои следбеници на Груевски што се чини дека тие се позагрижени за своите привилегии и позиции отколку што е Груевски опседнат со премиерската функција. Плачат и тажат на глас поданиците што немаме маж сличен на Ердоган, со решителен и одважен карактер кој ќе организира операција на темелно чистење.
erdogan_gruevski_g111
Првиот дел од споредбата со Турција меѓу обид за воен удар и меѓупартиски договор во Македонија е налудничаво изедначување само за да се оправда главниот мотив, а тоа се изборите и зацврстување на режимот кој се тресе, со потребата од операција на чистење како да станува збор за пучисти и во Македонија исти како и тие во Турција. Дури и поопасни бидејќи таму пучот не успеа, а во Македонија како што стравуваат дворјаните успеал. Така на перфиден начин се претставува како државен удар демократската борба за слобода, за човекови права, за владеење на правото, за независни судови и медиуми и сето она што е договорено за излез од политичката криза со дијалог и преговори, главно низ блокираните и селективни институции на системот и со мирни протести и вербална поддршка на меѓународната заедница. Ете затоа малкумина во државата веруваат дека е можно да се оствари и последниот договор меѓу четирите релевантни политички партии. Како може да се имплементира договор кога гледаме и читаме дека поприфатливо за приврзаниците на Груевски е вториот дел по неуспешниот воен пуч во Турција. Поточно, да почне пресметката со домашните пучисти и со целото наводно превратничко ѓубре иако не е испукан ниту еден куршум, не е загинат ниту еден човек, ниту е направен некаков обид за воен, паравоен, полициски или насилен обид за преврат. Лажни и манипулативни паралели за некакви идентични ситуации меѓу Турција и Македонија се навредливи и штетни и за двете држави. Да се изедначува обид за државен удар со стотици загинати и ранети со меѓупартиски договор прифатен од сите партии е срамна споредба. Да се заговара јавно пресметка со сите неистомисленици во Македонија и нивно чистење и затворање со прогласување на лажен државен удар е уште посрамна работа која може да стане допадлива во некои луди и уплашени глави да не се изгубат власта и привилегиите.

Во Македонија борбата против режимот на Груевски се одвива по мирен и демократски пат, затоа и долго трае. Но, кога нема морална одговорност и при откритие на големи скандали и организиран криминал, тоа е единствениот бескрвен начин да се постигнат целта и враќањето на демократијата. Секое насилно преземање на власта е опасна авантура иако има судски предмети со индиции дека власта на нелегитимен начин е освоена со изборни неправилности. Нема ни пуч, ни државен удар од страна на опозицијата и критичарите на власт. Има само меѓупартиски договор за излез од кризата, иако лицемерно прифатен и поддржан од сите учесници во преговорите, но кој до 31 август треба да се имплементира, што заедно со Специјалното обвинителство и гаранциите за негова непречена работа се единствената надеж дека е можна мирна разврска на кризата.

Што се однесува до изборите, ако нешто треба да се изедначува со Турција, тогаш тоа е пораката на врвната турска и светски позната писателка Елиф Шафак која вели дека гласачката кутија не е доволна сама по себе за да се прогласи системот за демократски. Вистинската демократија бара поделба на власта, владеење на правото, слобода на говорот, права на жената, права на ЛГБТ-заедницата, слободни и различни медиуми и независна Академија на науките. Без сите овие институции, можно е да има само „мајоризација“, а мајоризација не е исто што и демократија.

Елиф Шафак жестоко го осуди обидот за државен удар нарекувајќи го трагедија која ја враќа Турција 20 години наназад, но го осуди и начинот на пресметка со неистомислениците на власта.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Договор куќа гради, ама и разградува

Објавено на 22 July 2016 од erizaov

bejli przino

Гледам, читам, слушам… како многумина со олеснување го дочекаа договорот меѓу власта и опозицијата за излез од кризата. Повторно се подгреани надежите дека конечно ќе превладее разумот и Македонија ќе тргне кон правилна насока. Убаво звучи овие два дена она што ни го соопштуваат главните актери во договарањето, и она што го кажува американскиот амбасадор Бејли, честитките од Брисел и од Јоханес Хан, комесарот за проширување на ЕУ. Многу сакам и јас да верувам во тоа, ама не можам како и мнозинството граѓани без оглед на нивната граѓанска, политичка и партиска припадност. Убеден сум во тоа бидејќи сите овие години има премногу аргументи и лоши искуства во договорите меѓу главните партиски актери кои завршија како палома-хартија. Сите што се прелажани повеќе пати велат и да видам, не верувам. Друга пак народна мудрост вели дека кога еднаш ќе те излаже некој тој е виновен, кога втор пат ќе те излаже, ти си виновен. Народниот гениј не кажал што да мисли човек кога некој сто пати те лаже за истата работа, а ти му веруваш.

Од она се’ што е договорено најмногу ми се допадна делот кај што се вели дека до 31 август партиските лидери треба да одлучат што од тоа што е договорено е остварено и дали се исполнети условите за да може со заедничка согласност и со потпис на сите лидери да се утврди датумот на избори. Барем јас така разбрав, ако не грешам душа. Е, ова почитувани читатели кога ќе дојде денот да се одлучи што е остварено, ќе се констатираат две работи: власта ќе каже триумфално дека се’ што е договорено е остварено, а опозицијата ќе тврди дека ништо не е остварено. Меѓународната заедница прво ќе крева рамена и ќе ја изразува својата разочараност, па ќе уследат предлози за нови преговори итн., итн. Полемиките за тоа кој бега од избори, кој дејствува деструктивно, кој е виновникот за кризата, кој краде и кој лаже, кој е предавник и непријател нема да престанат ниту еден миг. Тврдам со сиот ризик да грешам, дека кризата е толку длабока што воопшто не е можен договор меѓу сегашните лидери на политичките партии.

Еве ги местата кај што ќе има сериозни судири. Прво да тргнеме од избирачкиот список што беше рак-рана за организирање слободни избори и главен сомнеж за големите местенки што ги слушнавме и од прислушуваните разговори. Демек работата била многу едноставна, до денес додека го читате овој текст веќе треба да се стасани до Собранието амандмани на Изборниот законик кои треба да го содржат она што е веќе договорено. А тоа што е веќе договорено за избирачките списоци, читајте го внимателно во денешниот број на „Утрински“ и ако нешто разберете, пишете ми. Бидете внимателни, сега тоа што ви изгледа сосема јасно за едниот избирачки список од 171.500 гласови со неспорно право на глас и на другиот избирачки список од 39.502 лица со неспорно право на глас, ако се идентификуваат, многу брзо ќе стане предмет на сериозен судир. Ќе речете ако била толку едноставна работата, што не била веднаш разрешена. Така е, во право сте, да почекаме неколку дена додека не излезе ѓаволот од избирачките списоци, па ќе слушнеме нови врисоци.

Договорот за објективно и балансирано медиумско известување е невозможна мисија. Толку е загадена и затруена медиумската сфера што без отстранување на клиентите од јавните гласила не е можно ни елементарно информирање на граѓаните без навиваштво, груби клевети и дезинформации. Со истите главни уредници и уредници во гласилата под контрола на власта не е можен ни чекор напред, па макар уште стопати се изменил законот, или биле прифатени сите амандмани на опозицијата. Можат да се постават ад-хок тела со сите членови на граѓанскиот сектор и на опозицијата кои ќе ги надгледуваат медиумите, бадијала е. Зависноста е дојдена до таму што овие посматрачки тимови во најдобар случај можат да имаат одлични извештаи за пристрасноста и за нашите новинарски црнила, и толку. Никој за тоа нема ни да поцрвени. Казните што ќе бидат платени, ако бидат платени, ќе бидат вратени според старата позната шема. Во Македонија малкуте медиуми што известуваат балансирано одамна се анатемисани и прогласени за непријатели и предавници. Но тие што се во скутот на власта и добиваат по три кафени лажички секој ден за појадок, ручек и вечера остануваат таму кај што се, до промена и доаѓање на следната власт кога ќе го сменат само скутот.

Еве на што ќе се препнат партиите, а ние можеме со доза на горчина и да се насмееме. Во договорот стои дека во консултација со другите партии, најголемата опозициска партија ќе номинира главен уредник на информативната редакција на јавниот сервис МРТВ од експертите од ова подрачје. Леле мајко, ќе се консултираат партите кој медиумски експерт може да биде главен уредник на информативната програма на МРТВ. Штом партиите ќе утврдуваат кој експерт може да биде главен уредник, тури му пепел. Па од такви партиски уредници МРТВ стана она што е. Замислете тој главен уредник да им достави програма под кои услови прифаќа 100 дена да го плукаат од сите страни изложен на столбот на срамот, ако сака професионално да си ја врши работата.

За формирање на предизборната влада и за датумот на избори како што пишува во договорот, доколку изборите се одржат во 2016 година, нема да коментирам ништо. Мислам дека во таа дружина и во таа унакажана зграда не би влегол разумен човек ни како посетител. Ајде да видиме што друго ќе сработат за сто дена двајцата министри на опозицијата речиси без ингеренции, освен легализација на тоа злосторничко здружение.

Најзначаен дел од договорот за мене е каква ќе биде судбината на специјалниот јавен обвинител и Специјалното јавно обвинителство каде што треба да се случи разрешницата на кризата. И гледај сега каде е јадецот. Во случај Уставниот суд да одлучи дека дел од Законот, или целиот закон за Специјалното обвинителство е неуставен, четирите политички партии ќе се заложат за усогласување на законот со одлуката на судот и повторно воспоставување на Специјалното обвинителство во рок од пет дена. Ефикасноста, делокругот и целите на Специјалното јавно обвинителство треба да бидат задржани. Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да одлучи за Законот за Специјално обвинителство, најбрзо што може, ако може идната седница. Бре, бре, каков циркус. Има ли некој наивен во оваа држава што не знае дека Уставниот суд одлучува по партиската директива на ВМРО-ДПМНЕ, со обезбедено прегласување на 5 : 4 од кои само четворица се уставни судии, а другите партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ.

И сега што мислите, дали воопшто е можно да се најде излез од кризата ако главната причина за загроза на македонското општество не е отстранета. Како ќе се оди на избори ако треба да гласаме за луѓе кои се осомничени за злосторничко здружување за нерегуларни избори, за организиран криминал и за корупција, за подземна пресметка со политички противници, за воведување на цензура и контрола на медиумите, за злоупотреба на власта и својата положба и за десетици други тешки кривични дела. Без судска разврска на сите овие предмети, во Македонија не се можни слободни избори, ниту излез од кризата. Со компромитирани политичари не се оди на фер натпревар.

Многу бргу ќе се види дека од договорот до 31 август нема да остане ништо. Тоа може да биде и добра вест.

Мојот договор би имал само еден член и би гласел: по сто дена од пресудите во сите судски инстанци по предметите на Специјалното обвинителство ќе се одржат избори. Дотогаш финансиското работење на Владата и арчењето на буџетските пари ќе ги контролираат меѓународен монетарен борд.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Борчот голем успех на владата

Објавено на 21 July 2016 од erizaov

evro

Не знам дали вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и неговото алтер его, премиерот Емил Димитриев, ја прославија победата и си наздравија со отворање големи шишиња шампањско, исто како што прават победниците во трките во формула, или на мотори. Целата влада и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, замислете како се прскаат радосни со шампањ оти успеаја да земат нов заем од 450 милиони евра и да ги задолжат државата и граѓаните за уште 600 милиони евра сосе камати кој достигна по 2.500 евра по глава на жител. Ова вреди за еден силен двомилионски аплауз за спасување на државата. Сега Груевски и неговите најблиски соработници можат да си ја накриват капата и да ги прифатат сите барања на опозицијата и на ЕУ и на Америка и нивните олеснувачи на дијалогот за разрешување на македонската криза. Со толкава пара како плева се оди на избори со песни и со игри.

Кога во една држава за успех се смета заборчувањето како мерка за љубов кон татковината и патриотизам, на секој домаќин што чесно работи јасно му е накај каде одиме и кој треба да ги враќа долговите, особено ако со парите од скапите заеми се делат плати, пензии и социјална помош, како што велат нашите големи реформисти и финансиски експерти, махери за задолжување. Во политиката одамна е позната стратегијата на владетелите кога пред избори мора да се наполни државната каса и на озаконет начин да се добие коруптивен буџет кој ќе ги опслужи клиентите на власта. Експресно се плаќа дел од долговите на Владата кон домашните доверители, а вториот поголем дел се ветува по победата. Се вработуваат во државните институции илјадници луѓе без никаква економска оправданост. На пример, во полицијата едно 600 лица, во војската 150, во државната администрација Господ знае, по судовите и училиштата, по општините, во комуналните претпријатија насекаде се примаат луѓе за кои има препорака од партиските штабови на власта. Се делат кредити за самовработување, за купување стан или изградба на куќа, се делат субвенции, се откупуваат житото, тутунот, оризот, грозјето… се зголемуваат платите, пензиите, социјалната помош, се истураат пари во пропагандистичките медиуми, никаде не смее да затаи предизборната машинерија на власта.

Македонската предизборна формула која гарантира победа во последните години е општо позната. Прво заем од едно 200 до 250 милиони евра, ако тоа не е доволно следува малку печатење на лични карти и активирање на ВМРО во МВР со волшебни избирачки списоци, потоа следува малку изборен туризам со платена дневница на патриоти од Албанија и гастарбајтери од Европа и оп, победата е тука.

Овој пат треба многу повеќе пари оти некои вентили за изборни нерегуларности се затворени, па пресметката за победа и за покривање на трошоците пред избори и по изборите нараснаа на 650 милиони евра. Сега со 450 милиони евра може да се оди само на победа, но и на уште еден поголем заем три месеци по изборите, кога веќе ќе нема кој да каже ни збор против омилениот лидер избран од народот на слободни и ептен веродостојни избори кои чинат стотици милиони како и сите овие години. Сепак 450 милиони евра е двојно повеќе отколку досега колку што му требаше на Груевски за да ги задоволи сите апетити и да победи на кои било избори, локални, претседателски, парламентарни и вселенски.

Арно ама, домашниот есап не излегува секогаш на пазар. До зимата долга е нивата за орање. Се разбира, во Македонија не е можен ни неуспешен државен удар, оти кај нас во изминатите четири години од 24 декември 2012 до денес се случија неколку бескрвни пучеви и државни удари, многу оригинални и единствени во светот. Власта соопшти преку своите телали дека сме имале обид за државен удар, ама ниту е соборена власта, ниту некој е убиен или ранет, ниту некој е уапсен или обвинет. Тоа е како во приказните за деца и за возрасни кога, всушност, власта измислува државни удари за да ги исфрли опозицијата и новинарите од парламентот, за да земе предизборен заем од странски банки. Имавме и пуч кога лидерот на опозицијата отишол на премиерот да му каже да си поднесе оставка оти тоа што го има во прислушуваните материјали е за голем срам и брука, се разбира, доколку се има чувство на срам и морална одговорност. Се изнаслушавме ужасни работи што се правело на сметка на граѓаните и на државата, какви се’ лудаци ја воделе државата, какви се криминали и пресметки се правени со политичките противници, како се местени изборите, како се врбувани новинари и уредници, како се станувало обвинител, или судија и уште милион гадости, ама сето тоа било само обид за пуч и уривање на власта. И пак нема ниту еден уапсен, власта не падна, нема оставки, нема жртви… бати пучот.

Вистината во Македонија бавно патува спречувана од воената пропаганда и цензура, но сепак патува. Нашите комшии Бугарите велат тоа што не може да се купи со пари се купува со многу пари. Меѓутоа, има нешто што не може да се купи ни со многу пари.

Чинам, или можеби само ми се привидува, дека сега сме на тој пат. Следните избори се пресудни за опстанокот на Македонија, ќе се гласа за образ и чесност, или за криминал и корупција, за слобода, или за режим. Па ако образот и слободата имаат помала цена од криминалот и страховладата, тогаш сите да си ја накривиме капата, или поточно да ја наведнеме, па да провериме дали навистина наведната глава сабја не сече. Мислам дека поговорката ја измислиле страшливци. Таа би требало да гласи – наведната глава сама паѓа. Сепак, Македонија има повеќе чесни домаќини од расипници.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Колку ангели ќе слетаат на плоштадот

Објавено на 20 July 2016 од erizaov

majka tereza

Што мислите, колку ангели можат да слетаат на скопскиот плоштад бидејќи таму стана прилично тесно. Ова е една од најсериозните дилеми на македонската влада веќе подолго време како да се сместат ангелите меѓу шумата од споменици, ергелите од коњи, глутница од лавови, или пак меѓу рингишпилот и панорамското тркало покрај Вардар. Добра ангелска позиција беше и меѓу фонтаната и споменикот на Ченто. Но во стручната и аргументирана полемика победи идеалната локација за атерирање на ангелите веднаш зад грбот на Александар Македонски. Генијално е решена и дилемата дали на овој простор има место за 20 големи и мали ангели што ќе му го чуваат грбот на таткото на нацијата кој се’ уште не ми е јасно зошто официјално лажно го претставуваат како непознат воин на коњ. Небаре сме деца на непознат татко. Пресуден за бројот на ангелите на плоштадот беше силниот аргумент дека уште во среден век е разрешена по долги расправи дилемата колку ангели можат да застанат на врвот од една игла. Ако на врв од игла можат да стојат стотици, или илјадници ангели, на празните места на скопскиот плоштад сигурно можат да застанат повеќе ангелчиња отколку на врвот на една шпенадла или безопасна.

Ве молам немојте да се смеете, работата е многу сериозна. Во интензивна градба е големиот комплекс на споменици во чест на Мајка Тереза, а во слава на власта. Се сеќавате на оној грандиозен проект на нашиот пријател и спасител Индусот Субрата Рој кој вети дека ќе го подигне најголемиот споменик во светот посветен на Мајка Тереза бидејќи нејзината чесност и посветеност кон бога му биле главни водилки во животот. За чесноста на Субрата се уверивме во одлуката на судот во Индија, а за посветеноста кон бога ако е колку и на чесноста подобро ич да не е. Не знам дали станува збор за истиот проект, или прилично видоизменет, но она што го објави вчера весникот „Вест“ е фасцинантно, за воодушевување и повод за „Моето ќоше“. Ајде малку фантазија, за да ја доловиме големата слика: споменичниот комплекс ќе има голема тераса обложена во мермер. Ќе има повеќе релјефи, големи и мали скулптури, а на централно место ќе се издига споменикот на мајка Тереза, на повеќе милосрдни сестри и ангели. Ќе има разни декоративни венци во форма на пехар. Ќе биде изградена прекрасна фонтана со големи карпести површини од травертин што треба да ја пресели глетката од чистата и недопрена природа директно на скопскиот плоштад. Во ваквата фонтана како во бистрите води на Радика ќе бидат поставени скулптурите од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, уште една милосрдна сестра со болен што седи, уште една милосрдна сестра со болен што лежи и уште една милосрдна сестра со болен што лежи на карпа.
subrata gruevski
На специјалниот објект обложен со мермер на висина од 16.5 метри ќе бидат поставени голем централен ангел со крилја високи три метри, четири ангели што седат со висина од три метри, четири мали ангели со висина од два метри. Објектот ќе има тераса под која ќе бидат поставени декоративни скулптури, а објектот ќе има и столбови.

Изградбата на фонтаната, објавува „Вест“, ќе чини 5,5 милиони евра. Не знам дали се тоа пари само за фонтаната, или за целиот комплекс споменици сосе ангели. Колку и да е, бадијала е, џабалак, бидејќи кога се градат вакви грандиозни спомен-обележја не е важна цената. Кој рече дека сме во криза и дека ќе мора да зајмиме 650 милиони евра што ќе не’ чини цела милијарда евра за да делиме плати, пензии и социјална помош и да имаме фер и слободни избори со раскошен предизборен буџет, а од касата како и во изминатите десет години клучот да го има само еден човек со чиј амин за една деценија се потрошени над 20 милијарди евра. Каква е таа огромна моќ во бедна Македонија. Затоа ви се молам, какви се тие глупости при ваков развој и процут на уметноста и на целата држава да се зборува за пет, шест, десет или 20 милиони евра и некакви милијарди евра поарчени на споменици и фасади, а уште поглупаво е да се ломоти за демократија и слобода, за владеење на правото, за одговорност, за ЕУ и за НАТО. Тоа е срамота при вакви дострели кои Македонија не ги видела од Аминта, Филип Втори и Александар Македонски досега. Затоа предлагам на идејниот татко на овој процут и на овие историски достигнувања, уште при живе, веднаш карши безимениот воин на коњ, со иста големина да му се направи еден споменик на сегашниот наш водач и голем реформатор и тоа со полно име и презиме, а на раката наместо меч да му стои еден голем ангел со раширени крила повеќе од 20 метри. Под крилата на Ангелот пред нозете на водачот да има стотина милосрдни сестри кои лечат два милиони граѓани клекнати на колена. Ваква гротеска во најсиромашната држава на Европа со парите на најбедниот народ кој живее во мизерија не може да си дозволи ни најголемиот деспот. Фараоните и големите императори навистина граделе со камшик ама имале империи и доволно злато. Денес тоа да се прави во 21 век во држава која се дави во сиромаштија и борчови е најблаго кажано лудо.

Да стане скромната мајка Тереза и да види што се прави во нејзиниот роден град, веднаш ќе ги проколне расипниците кои божем во нејзина чест ја величаат својата слава. На нашата драга скопјанка Гонџа Бојаџиу и светица Мајка Тереза сосема и’ се доволни веќе изградениот споменик во центарот на Скопје чија реплика е поставена во Ватикан и нејзиното име што го носи државната болница. Спомен-домот посветен на мајка Тереза кој е еден од поголемите кичерски објекти во центарот на Скопје и промената на името на познатата улица „Водњанска“ по која одела и Гонџа како млада и таа веднаш би ги отфрлила со молба парите за тие објекти да бидат дадени како помош на сиромашните и за лекови на болните. Невкусно и без мерка, дури и навредливо изгледаат сите овие обележја во чест на најскромната светица на 21 век. Светците не сакаат идолатрија, тие се светци поради своите жртви, тоа им е доволно, а лошите и корумпирани политичари сакаат да станат светци уште за време на животот.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Враќање на нашите маки

Објавено на 19 July 2016 од erizaov

-pregovori

По шокот од „Брегзит“-референдумот во Обединетото Кралство од едностраното поднесување парница за развод на Британија од ЕУ, не’ стаписа хоророт од Ница. Уште вџашени од трагедијата и сцените од шеталиштето во француското монденско гратче кога лудак со тежок камион газеше се’ пред себе баш на денот на националниот празник на Франција 14 јули, стаса аџи абер за ново крвопролевање во Турција овој пат во обид за државен удар. Додека светот врие, нашата домашна мака навидум изгледа сосема мала и безначајна. Кога тече крв по улиците на Истанбул, Анкара и Ница и уште во десетици земји и региони каде што се водат крвави војни и се подготвува нова преселба на народите најмногу поради неправедната распределба на богатствата меѓу Север и Југ, Исток и Запад, политичката криза во Македонија станува банална тема и за нас, а да не зборуваме за светот. Веројатно тоа е точно за остатокот од Земјината топка, но за Македонија и за нејзината иднина не е така.

И нашата криза колку и да изгледа маргинална во светскиот вриеж може да има трагичен крај. Ако не со крвопролевање, државни удари и пучови, граѓанска војна, но со исто толку трагични делби можен е распад и исчезнување на државата. Таа опасност да не ја изгубиме државата уште не е надмината и е реална особено во време на меѓуетнички конфликти и долготрајна политичка морална и економска криза со каква што се соочува Македонија повеќе од една и пол година. На таква разврска од распад на Македонија, поаѓајќи од различни мотиви, добронамерни и искуствени до злонамерни и темпирани, со цел застрашување на граѓаните, веќе подолго време предупредуваат повеќе познати јавни личности, политичари, експерти и дома и однадвор. Различните мотиви воопшто не ја намалуваат опасноста од делби, напротив ја прават поизгледна.

Велика Британија се’ уште е богата империја. А Европската Унија голема економска велесила, така што разводот нема да биде ниту брз ниту едноставен. Нема да биде првпат семејните врски за мир во куќата да надвладеат и бракот од интерес како и досега да биде посилен од недостигот на вистинска љубов. Бидете сигурни и Европа и Британија ќе си го најдат чарето.

Настаните во Ница и ширум светот покажуваат дека од терористи и од лудаци практично нема целосно ефикасна одбрана само со безбедносни мерки и контроли. Татковината, како и својата нива, може да се брани од стока со оградување, но не може да се одбрани од луѓе со лоши намери, од наезда на разни екстремисти, идиоти и лудаци со испрани мозоци. Но најопасни се сепак моќните профитери од туѓи несреќи кои управуваат со светот. Изградбата на еден поправеден и похуман, помалку алчен и помалку егоистичен свет очигледно бара ново лидерство, нов поредок и долготраен процес на еволуција во вистинска насока. Мислечки луѓе и познати интелектуалци, нобеловци, филозофи од поодамна предупредуваат дека веќе цели две децении светот го водат се’ послаби и полоши лидери и се’ поголеми националисти кои својата популарност, власт и позиција ја потпираат на популизмот и новиот квазипатриотизам добивајќи ја поддршката на масите токму на тој егоизам и ксенофобија од напливот на реките емигранти и бегалци од војни. Фабриките за оружје на богатиот свет никогаш не правеле поголеми профити од Втората светска војна наваму. Реките бегалци се формираат најмногу поради продажбата и употребата на нивните производи.

Македонија, да не ве лажат со теории на заговори, за среќа не влегува во мапата на големите интереси на светските велесили со својата геостратегиска позиција. Нашата земја веќе е заобиколена со автостради и нафтоводи и гасоводи изградени во соседните држави, додека ние градевме споменици, барок и рококо фасади, па така Македонија повеќе наликува на маалските кружни текови на градоначалникот Коце Трајанов отколку на некаква значајна меѓународна раскрсница. Македонија не изобилува ниту со некакви природни богатства и ресурси, нема значајни енергетски потенцијали, ниту пак има примамливи рудни богатства за да претставува цел за дестабилизација однадвор. Прикаските за големите водни потенцијали под земјата и рудникот Алшар од авантуристички новинарски подвизи веќе станаа дегутантни и глупави лаги за кои никој во светот не дава ни пет пари. Па од каде тогаш опасноста. Од дома и само од дома. Домашниот зулумќар и крадец е најопасен, особено ако уште има доверба во него дека ги чува куќата и касата. Отсуството на одговорност за вкупните состојби во земјата се’ уште е имагинарна категорија кај пошироката јавност. Агресивните пропаганди направија конфузија кај голем дел од јавноста дека некој однадвор, големите сили, попрецизно Америка и протекционистичка Европа во спрега со домашните непријатели ја направија кризата нерешлива и е главната причина за назадувањето на Македонија и во остварување на своите стратегиски цели и во делот на изгубениот чекор со соседите за влез во ЕУ и во НАТО, во блокирање на институциите на системот, во спречување на владеење на правото, задушување на медиумите со невидена корупција и цензура, со стопирање на демократските процеси. Деновиве партиските лидери под притисок на меѓународната заедница пак лицемерно ќе млатат празна слама, прикажувајќи се дека се подготвени на компромиси. Од тоа ќе нема ништо, никаков резултат бидејќи не е разграничена во практиката елементарната политичка поделба која е одговорноста според Уставот на владата, односно власта, партиските лидери кои се на власт и кои ги имаат сите механизми за управување со државата од онаа на опозицијата и критичарите на владините политики и злоупотребата на власта. Средбите под надзор на странските амбасадори и посматрачи само служат за покритие на власта да се одбегне одговорноста и да се спречат правдата и правната разврска на покренатите судски постапки кои произлегоа од прислушуваните разговори.

Така во сенката на светските крвави настани власта во Македонија си најде убаво прибежиште за одолговлекување на постапките за одговорноста, поради инсталирање на режим и евидентниот организиран криминал и корупција.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Ќе има вересија

Објавено на 18 July 2016 од erizaov

evro

Премиерот Емил Димитриев јавно призна дека Македонија ќе се заборчи за уште една милијарда евра за да „обезбеди ликвидност и навремена исплата на плати, пензии, социјална помош…“, главен аргумент му беше дека тоа не било карактеристичен случај само за нашата земја. Го рече тоа и остана жив. И сега да го праша човек, не банкар или финансиски експерт, за нив вакво задолжување е катастрофа, туку човек домаќин: добро бре, премиере, што се случува кога една држава шампион во економски реформи и во успеси, инвестициски рај со најголем стопански раст во регионот, се задолжува за да исплати плати, пензии и социјалана помош. Дали таа земја не е веќе банкротирана, или пак како и пред секои избори почнуваат најголемите лаги. Или можеби има нешто и од двете работи, ем беспарица како резултат на големите успеси и економски реформи, ем неопходноста од коруптивен буџет како и пред секои избори кога Груевски не излегува на мегдан без едно двесте-триста милиони евра во државната каса, да не речам во џебот.

Таман помислив дека тазе премиерот тресна ептен зелена, кога се огласи креаторот на најголемите успеси во историјата на независна Македонија Никола Груевски, една деценија шеф на најуспешната македонска влада. Големиот реформатор ги повтори истите зборови дека заемот од 650 милиони евра кој граѓаните ќе ги чини една милијарда евра биле навистина пари за плати, пензии, социјална помош, ама ете непријателската опозиција сакала да ги остави илјадници граѓани без плата, без пензија, сиромаштијата без помош за да ја продлабочат кризата и небаре да ја уништат Македонија, па затоа ја накодошиле својата држава пред светските банкари да не ни дадат пари. Божем банкарите не знаат кој број чевли носи Македонија и колку ни е долга чергата. Се крена голема прав за малото гајле за да се скрие големото гајле. Демек опозицијата и непријателите на државата сакаат да ги остават луѓето без плати и пензии, а не дека со овие пари треба да се скријат катастрофалните резултати од лажните реформи и успеси и дека таа измама треба да ја платат денешните и идните генерации само за да се владее уште некоја година и да се избегне одговорноста, која почна да тропа на врaтата.

Македонија секако ќе ги добие бараните пари. Ќе живееме и ние и државата и натаму на вересија. Светските банкари најмногу сакаат да позајмуваат пари на држави со гаранции на владите. Толку се прецизни тие договори, што не постои никаква шанса парите да на бидат вратени со пропишаните камати. Врвни адвокати и финансиски стручњаци ги имаат подготвено ваквите договори кои овозможуваат наплата на секој долар, или евро сеедно, дури и кога државите ќе банкротираат, или кога ќе исчезнат, кога не постојат повеќе. Така, на пример, Југославија, која исчезна ќе биде уште малку пред 25 години, уредно си ги отплатува долговите, односно наследниците, иако се’ уште ја немаат поделено оставината, прво си ги поделија долговите и тие се враќаат. Пред само неколку години е отплатена последната рата од долговите на Кралството Југославија. Да не зборуваме за банкротираните држави. Банките во своите договори не признаваат банкротство, државите и наследниците мора да го вратат заемот како што е пропишано и потпишано. Секое одложување има нова цена и нови камати. Најдобар пример за тоа е нашиот сосед Грција. И по пет банкротства, си ги врати сите пари до последната драхма, друга работа е кој, колку и зошто и’ помогнал. До 1971 година на секое кило сол и секоја кутија цигари Грците плаќаа екстра давачки за враќање стари долгови. И сега ќе биде така за шестото банкротство без оглед дали Грција ќе прогласи, или нема да прогласи фалименто. Парите на банките мора да се вратат. И така, заем по заем, камата по камата на камата се враќа секоја паричка. Мудрите и одговорни влади што паметно ги потрошиле парите и виделе аир од кредитите, лесно и со алал ги враќаат парите. А тие недомаќини и расипници што ги зеле за плати и за зачувување на власта, за корупција и богатење го оставаат својот народ на цедило во сиромаштија да им ги плати долговите.

Има ли пологично прашање зошто тие што работат и си ги заработуваат платите, што со години одвојуваат пари за пензиско и социјално осигурување, што редовно плаќаат даноци и придонеси сега не можат да си ги земаат своите заработени пари оти некој им ги потрошил за величања на својата слава и власт, или украл, па сега мора да зема заеми и со тоа да се фали дека дава плати и пензии, социјална помош бесплатно лекување и други лажги со опашки. Граѓаните на Македонија и за плати и за пензии и за здравствено осигурување по сила на закон издвојуваат од своите примања и никој ништо не им дава и подарува. Ни Груевски, ни свети Петар. Тоа си нивни пари.

Ниту еден македонски банкар на ниту еден граѓанин, или домашна компанија нема да им даде ни денар кредит ако тие пари се за истата намена што владата ги бара од светските банки. Фирма која нема приходи да подели плати не може да земе кредит бидејќи е банкротирана. И да успее да земе, хипотеките за вакви кредити се толку неповолни, што банкротството е неминовност ако парите отидат само за плати и придонеси. Ако како граѓанин, пак, барате кредит од 30 илјади евра, банкарите ќе ви побараат не само хипотеки и цврсти гаранции, туку и комплетна крвна слика и ќе ви ставаат холтер да видат како ви работи срцето и додека спиете. Ако малку задоцните, отиде куќата и целиот имот на барабан, не ги интересирало дали сте средно или ниско задолжени, туку дали ги враќате навреме парите и каматите. Ако, пак, кажете дека земате кредит затоа што немате плата или социјална помош, ич муабет не прават, ќе ви го одобрат на свети никогаш.

Е, сега со државата работата е различна, таа ќе добие пари за својата европска обврзница. Груевски раат да оди на избори, а тоа е добра банкарска зделка. Значи ќе бидат задоволни и големите комерцијални банки и владата и тие што мислат дека Груевски им дава плати и пензии, а не дека тоа се нивни пари. Ќе останат незадоволни само предавниците и непријателите, опозицијата, а за неколку години и тие што ќе ги враќаат долговите. Туѓи пари лесно се трошат, а туѓи долгови тешко се враќаат и со многу пцости.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Текст разбирлив само за возрасни

Објавено на 15 July 2016 од erizaov

grujo mia

Лидерот на опозицијата Никола Груевски со свои изјави и интервјуа, жестоки критики на владата и премиерот е присутен секој ден на сите локални радиостаници и најгледани национални телевизии А1, Сител, Канал 5, Телма, МРТ… и на првите страници во најчитаните дневни весници и неделни списанија. Владата и премиерите Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски еден по еден се изложени на силни критики во сите медиуми без исклучок, поради скандалите и аферите кои ја шокираат јавноста безмалку секој ден.

Власта која на парламентарните избори 2002 година освои над 500.000 гласа и со коалициските партнери има двотретинско мнозинство во парламентот е под силен удар на јавноста поради неисполнување на ветувањата, неспроведување на реформите, падот на стандардот и зголемената невработеност, лошо и арогантно владеење, поради силен бран на корупција и бавниот напредок кон евроатланските интеграции, катастрофалната економска политика, загроза на правната држава, поради застој на демократските процеси, поради притисок врз медиумите, за недоволна објективност на јавниот сервис МРТ…

Државната Антикорупциска комисија и медиумите секој ден откриваат случаи за незаконско богатење и основани сомнежи за организиран криминал на високи владини функционери. Активисти и пратеници на опозицијата објавуваат фотографии на големи и убави куќи на Водно и во елитни скопски населби, на скапи автомобили и луксузни јахти со имиња и презимиња на сопствениците, јавно се прозиваат властодршците и нивните следбеници да достават докази за потеклото на имотот. Секоја вечер, на сите телевизии, во ударни термини има дебатни емисии на кои учествуваат министри и претставници на опозицијата, независни јавни личности, вистински експерти и познати новинари. Весниците на насловните страници објавуваат карикатури, стрипови, коментари и колумни кои ги жигосуваат сите злоупотреби на власта и центрите на моќ. Ништо не се премолчува. Новинарите не се задоволни со 34. место во светот во нивото на медиумските слободи. Бараат повисоки новинарски професионални стандарди и скандинавски амбиент.
grujo mlad
Почитувани читатели под 28-годишна возраст, претпоставувам дека ова за вас е некаква фантазија, најблаго речено новинарска патка, или утопија на еден конзервативен и старомоден весникар. Но, лесно можете да проверите дека сето ова од збор до збор е вистина и само една кратка телеграфска верзија на медиумскиот амбиент и нивото на медиумските слободи во периодот од 2002 до 2006 година, со тоа што со помали, или поголеми отстапувања слична беше ситуацијата во периодот од 1991 до 2006 година кога речиси на секои четири години доаѓаше до промена на власта. Велам само луѓето над 28-годишна возраст можат да се потсетат што навистина се случуваше во периодот од 2002 година до 2006 година кога беа доволно возрасни да ја следат повнимателно македонската политичка и јавна сцена. Децата и момчињата кои тогаш имаа од 10 до 17 години, а денес се политички активни на возраст од 20 до 27 години, тешко можат да се присетат на тогашните состојби во медиумите и во државата. Ако пак зборуваме за настаните од 1990 година наваму, тогаш тоа е веќе претешко барање за нација со кратко паметење. Таква привилегија имаат само луѓето кои веќе длабоко навлегле во петтата деценија од животот со предуслов да имаат добра меморија, или што би рекле, да се со бистра глава и добро помнење. Во секој случај, поупорните, особено новинарите и студентите по новинарство, редакциите кои имаат уредно сочувани архиви, или добро архивирани интернет-изданија можат да направат вистински новинарски подвиг ако преобјават некои јавни настапи од тоа време на политичките лидери од различни периоди на која било власт и опозиција и од разни дебатни емисии. Многумина ќе зинат во чудо ако се преобјават снимки од седници на парламентот, извештаи на Антикорупциската комисија, некои карикатури, или хумористични емисии. Сето тоа е една многу реална и многу тажна приказна за тоа каде бевме и до каде стасавме во ерата на режимот на Груевски.

Што се случи во оваа црна деценија за македонската демократија. Се’ што не беше медиумски наклонето на власта и лично на премиерот Груевски е уништено, затворено, насилно со притисоци, преземено со драматична промена на уредувачките политики. По уништувањето на А1 телевизија и по пресудата од 112 години затвор на сопственичката и управувачка структура, која беше недопирлива додека даваше поддршка на власта и на Груевски, настапува најмрачниот период во македонскиот медиумски простор. Владеат стравот, заканите и тешката корупција преку предизборните кампањи и владините реклами како возвратна цена на најагресивната партиска пропаганда во историјата на новинарството. Деловните луѓе кои се сопственици на влијателните медиуми еден по еден ги предаваат своите јавни гласила на управување на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на владата со активирање на перфидна цензура преку подобни уредници и менаџерски тимови кои во партиските штабови одлучуваат што смее, а што не смее да се објави.

Македонија веќе од 2007 година почнува да ја покрива медиумски мрак и целосно нерегуларен медиумски пазар каде што власта штедро финансиски го стимулира најлошото новинарство во поновата историја. За десет години се сменети и разрешени повеќе десетици главни уредници и директори на медиуми, над 100 уредници на клучни рубрики се разрешени, превоспитани или избркани од работа, цели новинарски тимови се преселени од една во друга телевизија, радио станици или весници. Повеќе десетици новинари и уредници се казнети со баснословни глоби за објавени текстови кои некогаш се поголеми од тригодишни плати. Почнуваат малтретирањата и тепањата на новинари, нивно притворање, судење на затворски казни за напишани текстови.

Она малку што остана од чесните и професионални медиуми жилаво се бори за зачувување на елементарни професионални стандарди и за објективно новинарство и е жигосано во една невидена повеќегодишна перманентна кампања на оцрнување, нарекувајќи ги јавно странски платеници, предавници, непријатели, петта колона, соросоиди, хомосексуалци, проследено со отворени закани за нивниот живот и нивните семејства. Сето тоа е организирано со амин на власта, а во некои случаи и со директно учество на највисоките раководства, што јасно се виде од прислушуваните разговори, чувме како срамно се врбуваат новинари, на кого припаѓаат медиумите, кој ги контролира и управува и какви нарачки стасуваат до главните уредници кои се жалат дека преку глава им е од правење „куртон вести“… што во новинарството останува како синоним на најтемниот период од слугување на политиката и на водачот и главниот наредбодавец.

Сега веројатно, почитувани читатели, ви станува појасно како осмислено е уништувано цели десет години новинарството, како се кршени професионалните стандарди и како се кршени самите новинари, како се корумпирани уредниците. Ова е едно од најголемите злосторства извршени против демократијата, слободата и развојот на Македонија, против нејзината европеизација и против евроатланските интеграции на државата.

Ете затоа, почитувани читатели под 28-годишна возраст, ова што ни се случува веројатно ви е неразбирливо затоа што вие израснавте и се формиравте како личности во режим. Медиумските слободи и демократијата кои беа на пристојното 34. место во светот денес се на дното на црната дупка, некаде на 134. место заедно со африканските и азиските режими. Ќе се согласите дека ни оддалеку тоа не е проблем само на новинарите и на партиите. Тоа е кардинален проблем на сите кои ги засега недостигот на слобода и иднината на земјата.

Простете, ама мене до мачнина ми се смачени вмровските водачи кога денес зборуваат за неопходноста од медиумски слободи и за симболични казни од едно евро. Откако го осакатија новинарството со траен инвалидитет, сега предлагаат партиски мониторинг на новинарската објектив ност. Полицемерна и поцинична работа досега не сум видел и чул во професијата цели 40 години. Тие што му ги ампутираа нозете и рацете на новинарството му нудат количка на трупот. Убијците го оценуваат однесувањето на жртвата. Катастрофа.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2016
M T W T F S S
« Jun   Aug »
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031