Archive | May, 2016

Tags:

Иванов како Волтер, Зола, Иго ..

Објавено на 31 May 2016 од erizaov

ivanov isa beg

Сите што долги години го критикуваме претседателот на државата, Ѓорге Иванов, треба длабоко да му се извиниме бидејќи неправедно сме суделе само според неговите постапки, а не сме знаеле колку голем државник и светски грандиозна личност сме имале за татко на нацијата. Нашиот претседател не ти бил тоа што ние мислиме за него и го клеветиме секој ден, туку тоа ти бил сосема друг човек кој „многу придонесе за европската култура и воедно е интелектуалец во смисла како што беа Волтер, Емил Зола и Виктор Иго. Освен тоа, по ширина на својот дух и својот интелект и дејствување, потсетува на големите државници и интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо, Вацлав Хавел…“

Ете вака го виделе и осознале во Босна нашиот претседател искажувајќи го јавно со овие зборови образложението при врачување на најзначајното независно граѓанско признание во БИХ на претседателот Иванов, кое се доделува секоја година како меѓународна награда на европски државници. Наградата го носи името на основачот на Сараево, Иса-бег, инаку познат скопјанец, ктитор и градител на повеќе значајни објекти во 15 век, во времето на Османлиското царство од кои повеќето и денес се во употреба и претставуваат дел од културното наследство на Скопје.

Тоа не е се’. Нашиот претседател за кој поим сме немале и не сме ни сонувале дека бил, како што кажа босанскиот академик Вјекослав Герц при врачување на наградата, извонреден државник, човек кој е Европеец, космополит и кој има исклучителна духовна ширина. Покрај придонесот за развој на европската култура споредуван со Волтер, Зола, Иго, Клемансо и Хавел, Иванов бил и хуманист, чиј целокупен опус е насочен кон изградба на демократија во поделените општества и бил еден од најагилните лидери во однос на регионалната соработка и помирување…

И сега што може човек да мисли по ваквото признание и откривање на нашата повеќегодишна заблуда освен да бараме прошка за големата неправда што му ја нанесовме на нашиот Волтер, Зола, Иго, Клемансо и Хавел сите заедно реинкарнирани во ликот и делото на Ѓорге Иванов.

Се прашувам дали овие уважени луѓе од независниот босански комитет за доделување на наградата на европски државници воопшто знаат што се случува во Македонија и каква улога игра нашиот претседател во поддршката на еден режим кој ги гуши елементарните човекови права и слободи, сите институции на системот, медиумите, судството и лично учествува во спречување на владеење на правото. Имаат ли абер овие босански проценители на европски вредности дека претседателот Иванов со своите аболиции е директен соучесник во спречување на правдата на највисоките функционери во државата за кои се води истрага кај Специјалното обвинителство за злосторничко здружување за изборен криминал и за узурпација на власта, за организиран криминал и корупција.

Не верувам дека овој комитет за доделување на вакви признанија е корумпиран, или работи по нарачки, но со својот избор на европски државник стана соучесник во поддршката на еден тоталитарен систем кој ја оддалечи Македонија од Европа и од евроатлантските интеграции. Би требало да знаат овие босански дејци дека секој ден илјадници луѓе во Македонија протестираат против незаконските и неуставни одлуки на претседателот Иванов кој час помилува, час ги брише своите чудовишни амнестии. Дали знаат босанските доделувачи на награди на европски државници дека за ваквите панагирици изречени за претседателот Иванов им се смеат сите слободоумни луѓе во Македонија и сите во Европа кои се во тек со причините за длабоката политичка, морална и духовна криза во која со години тоне Македонија.

Ја знаат ли нашите пријатели од Босна вистинската улога на нивниот лауреат, со кој аршин ја измериле, како што велат, неговата духовната ширина на неговиот космополитизам, неговата интелектуалност и европска определеност од антички времиња до денес. Со кој инструмент го измериле целокупниот опус на Иванов кој бил насочен за изградба на демократија во поделените општества. Знаат ли тие наши драги пријатели дека во Македонија најголемата албанска партија коалициски партнер на власта не ја признава легитимноста на претседателот на државата, исто како и една опозициска партија на Турците, дека најголемата опозициска партија СДСМ поради спречување на правдата со аболиции бара да се изгласа импичмент во парламентот за претседателот Иванов, дека десетици невладини организации протестираат против попречување на правдата од страна на претседателот Иванов, дека големиот борец за демократија нема изустено ниту еден збор критика за седум години колку што е на чело на државата за флагрантното кршење на човековите права и слободи, за злоупотребите на власта и дека во очите на граѓаните е обична марионета на владејачката партија и главен соучесник во продлабочување на македонската криза. Вашиот Европеец е нашиот популистички критичар на европските вредности, поборник и поддржувач на контролата на медиумите и на задушување на новинарските слободи и независност.

Господа од Босна, почитувани академци и значајни дејци, нашиот претседател ниту е налик на Волтер, ниту на Зола, ниту на Иго, ни оддалеку не приличи на Клемансо и Хавел. Со голема гордост и радост ќе ја примевме веста за овие олимписки дострели на претседателот Иванов да имаше барем грам вистина од тоа, или барем сите овие седум години да кажеше три збора пристојна критика за режимот со кој се соочуваат граѓаните на Македонија.

Што се однесува до генијалната мисла на вашиот Волтер дека ако дојдат Исус и Мухамед во Македонија, би биле убиени, претпоставувам од денешните македонски римјани и неверници, мерете му го умот за големата почит кон својот народ. Но бидете без гајле, ни на Исус ни на Мухамед нема ништо да им се случи во Македонија, освен ако не ги аболира претседателот Иванов. Кај нас велат, не дај Боже да те помилува Иванов.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Аболиции како заебанции

Објавено на 30 May 2016 од erizaov

horhe

Претседателот Ѓорге Иванов го остави на списокот на аболирани Коста Крпач. Некој од неговиот совет на мудреци требаше да му каже дека на Крпач не му е потребна неговата милост. Тој повеќе не му пречи никому и не може да сведочи за она што го знаеше и што му го оконча животот. Причините за неговата смрт уште се обвиткани со најголема тајност и мистерија и не се знае дали се самоубил, или бил застрелан. Човекот е двапати аболиран од Иванов, еднаш од се’ уште непознати причини, а вториот пат бидејќи не е „политички експониран“. Така е формално правно според Иванов и советниците му, а де факто Крпач е мртов само еднаш и засекогаш.

Аболициите на претседателот Иванов, да не се трагична реалност и лоши предвесници за иднината на државата, би биле одлични хумористични емисии и кафеански патрдии.

Басните на умислениот владетел кој еден ден најавува војна против криминалот и корупцијата, а утредента ја спречува правдата да не се појават пред судот осомничени високи функционери за големи злоупотреби, па потоа помилува покојни луѓе, а од живите едни ги милува, а другите ги мрази, според најновиот правен изум во светот на нашиот кутар претседател се викаат „политички експонирани“. Ваквиот аргумент наречен „Иванов“ веројатно ќе се изучува на правните и на факултетите за политички науки. Преведено на разбирлив јазик значи тоа што вчера го кажал и потпишал претседателот денеска не важи за судска, за политичка, па и за човечка употреба. Претседателска одлука за поништување на противуставна и противзаконска аболиција, повторно донесена од истиот претседател, поради „политичка експонираност“, навистина може да насмее до солзи до моментот додека не сфатите дека тоа е дел од реалното шоу во дворецот на Ѓорге Иванов, а режирано во криминалниот врв на болното општество.

Дефинитивно ова не е приказна од типот си бил еднаш еден претседател во земјата безнадежија… иако звучи оригинално како во басните. Знаете, она класично, еден ден претседателот смислил како да ги подели помилуваните на добри и лоши, оти му се беше сјатил сиот свет за големата будалштина. Го отворил претседателот ќитапот и почнал да го брише својот список шепотејќи си во брадата: овие се добри, а овие не се, овие се наши, овие не се, овие може, овие не може, ептен се политички експонирани. Така, претседателот си дели милост и на осомничени за тежок криминал и на невини луѓе, за кои не се води никаква судска, или истражна постапка, односно со аболицијата на невини луѓе им нанесува голем срам, бидејќи да те аболира Иванов стана голема брука.

Замислете седи царот без власт во својата резиденција на Водно, онака никому не нужен си брои уште колку денови ќе го помирува и усреќува својот народ. Наеднаш стаса абер од Охрида града од еден млад адвокат кој бара итно Уставниот суд да одлучи претседателот на државата да стане значајна личност да може да помилува луѓе кои ја водат државата бидејќи се појавило непријателско специјално обвинителство што сака да ја урне Македонија и да го упаси Никола Груевски. Коџамити судии од Уставниот суд писмото на адвокатскиот приправник го доживеале како да го добиле „писмото на Тито“. Со денови останале без сон оти знаеле кој всушност им го испратил тој катил ферман. Седнале, вртеле-сучеле и со гласање пет спрема четири против своите колеги, кои повеќе знаат право од политика, одлучиле Иванов да го направат помирител на нацијата за една употреба. Арно ама итриот Иванов успеа со својата мудрост лажното право за аболиција да го употреби неколку пати и работата стана папазјанија и кармакаша.

Добро е што поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски веднаш ја расчисти ситуацијата и покажа на јавноста многу едноставно зошто била неопходна целата оваа будалијада. Прво, демек треба да разбереме дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се против аболицијата, ама ќе го бранат претседателот од импичмент. Второ, сега во државата само Зоран Заев е аболиран, а политички експониран. И трето, ВМРО-ДПМНЕ и Груевски немаат врска со активностите и заебанциите на претседателот во врска со аболициите и нарачките од Охрид, ниту пак имаат врска со тоа дека целата работа беше панично бегство од Судот и од доказите на Специјалното обвинителство. Оваа басна на Груевски е уште поординарна лага од шарените балони на претседателот. Всушност, во целата претстава со аболициите претседателот Иванов и натаму до крај ја прифати улогата на марионета во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски во еден од највалканите настани во историјата на Македонија за да се спасува од правдата највисокиот врв на државата. Штета што претседателот Иванов не се аболирал и самиот себе за сликата да биде комплетна. Што се однесува до аболицијата на Заев за случајот „Голбал“, тоа е уште една валкана манипулација на Груевски кој го прерипнува фактот дека аболицијата на Заев е од претседателот Црвенковски бидејќи имаше сериозни индиции дека апсењето на Заев е политичка пресметка на Груевски и поради немање елементарни услови за непристрасно судење на Зоран Заев, што подоцна од прислушуваните разговори многу добро се виде како се апсени и судени политичките противници на Груевски.

Со последната селективна аболиција, претседателот Иванов дефинитивно останува во колективното паметење како претседател марионета, човек без свое јас.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Има ли лек за болниот од Балканот

Објавено на 27 May 2016 од erizaov

sloboda

Поновата историја на современите европски општества јасно покажува дека секогаш постојат повеќе излезни решенија од политички кризи без оглед колку се длабоки и тешки. И обратно, има еден куп лоши искуства кога се направени кардинални грешки кои ги прават кризите нерешливи и завршуваат со дестабилизација, конфликти, војна и распаѓање на цели држави и исчезнување на големи народи. По воспоставување на сите дијагнози и лекови за излез од кризата во која западна Македонија, решенија по демократски и мирен пат и со примена на демократски и правни стандарди на парламентарни земји стануваат речиси неприменливи, од една страна, а од друга страна, радикализацијата на „Шарената револуција“ која се’ пооправдано се наметнува како излезно решение е неизвесна бидејќи се спречува со се’ погруба и позастрашувачка пресметка на режимот со едно автентично движење за спас на државата.

Во ваква конфузна атмосфера и трагичен амбиент, граѓаните на Македонија живеат со години, поточно од 24 декември 2012 кога од страна на власта со упад на тајна полиција во Собранието насилно е укината парламентарната демократија, прекршен е конститутивниот закон на државата и е инсталиран систем на деспотско владеење, за пред повеќе од една година со откривање на содржината на прислушуваните разговори да се разоткрие дека не е во прашање само политичка криза, туку морално, економско, духовно и културно деградирање на државата од мала група луѓе која владее без партиска, државна, институционална, правна и парламентарна контрола. Во една ваква ситуација, најчестото прашање, по она задолжително раноутринско како да се преживее денот, е има ли излез, до кога ќе трае оваа неизвесност, како државата да се врати на нормален колосек, на европскиот пат. Како тоа им успеа на сите балкански народи, освен на нас, дали ќе дојде до распаѓање на државата и милион други прашања на кои сите логични одговори паѓаат во вода бидејќи тиранијата има своја контра кефало логика која не кореспондира со нормалниот загрижен свет за својата иднина.

Можеби по стоти пат ги препрочитувам препораките на педантниот Германец Герхард Прибе за излез од кризата. Идеални се иако суштински во ништо не се разликуваат од идеите и предлозите на повеќе наши мислечки и слободоумни луѓе. Всушност, Прибе јасно кажува дека препораките се направени врз основа на истражувања и разговори со голем број јавни личности и искусни експерти од Македонија и од светот.

Дијагнозата на болниот од Балканот е скенирана германски прецизно како на врвна клиника. Одредена е терапија и препишани се добри лекови за исправање на сите системски и морални слабости на ограбениот организам кој го изгубил имунитетот. Да не ги повторувам по милионити пат, тоа се слобода, демократија, владеење на правото, функционирање на институциите на системот, почитување на човековите права и слободи, спроведување на европските вредности врз кои е основана Европската Унија и кои се задолжителни за секоја земја кандидат за членство во ЕУ што е од суштинско значење за развој на едно општество итн. итн. Главниот проблем е што болниот од Балканот не сака да ги пие лековите што предизвикува беснило кога неговите постапки се надвор од умот и интересите на државата и два милиони луѓе. Некои тоа го препознаваат и разбираат, но тие се’ уште се малцинство , а други во тоа гледаат херојство и патриотизам не можејќи да ја разберат реакцијата на ранет ѕвер кој кога ви се чини дека е готов знае да зададе силен удар од грб, или од страна која најмалку ја очекувате.

Затоа идеите со политички средства и со демократска борба, било институционална, или вонинституционална, не можат да овозможат примена на излезни решенија кои се одраз на европски демократски стандарди. Проблемот е криминален и мора да се решава правно. Ако од нешто страхуваат власта и водачот на криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, тоа се судот, обвинителната клупа и Специјалното јавно обвинителство и издржан обвинителен акт полн со несоборливи докази за најголемиот грабеж во историјата на Македонија кој се мери во милијарди евра незаконско расфрлање со капа и со шака на народни пари и полнење на приватни џебови. Уште постравични се основаните сомнежи и истраги на Специјалното обвинителство дека ВМРО-МВР има направено злосторничко здружување за изборен криминал и нелегитимно приграбување на власта. Доколку таквите обвинителни акти стасаат пред регуларен и непристрасен суд, улиците по кои маршираат денеска храбрите луѓе од „Шарената револуција“ ќе бидат тесни да ги примат сите граѓани. Груевски со тајфата на обвинителна клупа е вест за завршната фаза на развластувањето на нелегитимната власт и тоа би бил дефинитивен крај на ерата на груевизмот со чии последици ќе се соочуваат сите идни влади со децении, а сметката ќе ја платат граѓаните на Македонија.

Оттаму е оправдан патолошкиот страв кон Специјалното јавно обвинителство чие формирање Груевски го прифатил очигледно под околности дека и тоа може да се контролира, или корумпира како сите институции на системот. Се покажа дека, сепак, има нешто во државата кое не може да се контролира и дека има луѓе кои вистински ги сакаат татковината и иднината на своите деца и својот народ. Осомничен политичар на власт кој не сака чесно судење, кој го оневозможи дури и сопственото редовно обвинителство да ја расчисти правно и судски ситуацијата, практично само со тој гест признава дека до гуша е во кал и криминал. Секој премиер, или висок функционер кој е соочен со вакви сериозни обвинувања, а се чувствува невин, прво ќе бара судска разврска, а не избори кои не исполнуваат ни африкански предуслови за веродостојност. Ниту еден европски политичар во земјите со пристојна парламентарна демократија во ваков случај не би прифатил некаква милост, или аболиција, амнестија, или помилување на невидено ако постојат сите услови за фер судење. Дали Груевски кој очигледно бега од судска разрешница мисли дека во Македонија нема услови за негово фер судење и на неговите соработници. Ако Груевски се плаши од неговиот суд и судии кога неговата партија е на власт, што тогаш да кажат луѓето кои се обвинети затоа што ги обелоденија неговите злодела. Или Груевски можеби најмногу стравува да не излезат на виделина уште многу злоупотреби кои се’ уште јавноста не ги знае.

Никола Груевски немаше да попушти ни еден милиметар од неговите добро познати ставови доколку навистина се чувствуваат и тој и неговите содружници за невини. Затоа чинам најважната работа за што мора да се добие поширока, поконкретна и порешителна меѓународна поддршка се правната разврска и непристрасното судење за сите предмети кои се во Специјалното обвинителство, но и во редовното обвинителство на Марко Зврлевски. Патем, да прашам знае ли некој кај е јавниот обвинител на Македонија, Зврлевски. Нешто во последно време не го гледам, му го подзаборавив и името, работи ли нешто тој наш обвинител, или далеку од очите на јавноста тајно го спречува со работа вистинското јавно обвинителство.

Со своите последни јавни настапи, Груевски веќе не крие како порано дека ќе му овозможи на Специјалното јавно обвинителство непречена работа. Сега покрај нарачката на аболиции од Уставниот суд и од претседателот на државата, Груевски веќе отвори директен фронт со специјалните јавни обвинители. Се’ некако ми се чини дека деновиве ќе уследат силен удар и обид за укинување на Специјалното јавно обвинителство за гаснење на последната надеж дека е можна победа на правдата. Во тој случај, ќе го измериме вистинскиот капацитет на поддршката и на меѓународната заедница, на ЕУ и на искреноста на американската администрација, но најмногу на сопствениот народ. Ако укинувањето и оневозможувањето со работа на Специјалното обвинителство, или неговото принудување на оставки не предизвикаат масовно приклучување кон „Шарената револуција“, тогаш веројатно ќе го прифатиме темниот вилает како вечен дом во земјата безнадежија.

Специјалното обвинителство и праведната судска разврска на злоупотребите на власта се последната надеж и најдобриот начин да се спаси Македонија по мирен пат.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Шарените лаги на Иванов

Објавено на 26 May 2016 од erizaov

 

 

ivanov

Кога претседател на држава ќе биде фатен во лага, тоа е голема брука не само за него лично, туку за секој граѓанин, за целата земја. Неговата надалеку позната аболиција за спречување на правдата во истрагата со противуставно и арогантно амнестирање на осомничени високи функционери за тежок криминал и злоупотреба на власта со која ја продлабочи политичката и моралната криза во која потона Македонија е проткаена со еден куп лаги. За жив срам, претседателот Ѓорге Иванов со својата последна изјава за германски медиум им фрли кал во лицето на сите граѓани и на целата држава.

Човекот кој се’ уште се претставува како претседател на Македонија на прашањето на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“: „дали повторно би донесол одлука за помилување одговара уште пред да заврши прашањето, со ДА“ , пишува најважниот и најугледен весник во Германија. Шокантно, иако веќе навикнавме на шарените балони и лаги што секојдневно се лиферуваат и од Иванов и од неговиот кабинет. Значи, Иванов ниту барал правна помош, како што ја убедуваат неговите кабинетлии и дворјани јавноста, за да се најде решение како да се поништи аболицијата, ниту пак го интересирало такво нешто. Паднаа во вода и нашите сомневања дека претседателот купува време. Ништо од тоа. Претседателот продолжува да лаже и по неговата голема измама на граѓаните уште за време на подготовките меѓу ВМРО-ДПМНЕ и партиските судии во Уставниот суд како на мала врата да му се дадат овластувања за да ја спречи правдата за вмровската елита да не седне на обвинителна клупа по истрагите на Специјалното обвинителство. Тогаш претседателот Иванов изјави дека ни на крај памет не му е да помилува педофили, терористи, криминалци и изборни силеџии… Што се вели, зборот или поточно лагата уште не си ја дорече, кога ја донесе одлука за ослободување од судско гонење на луѓе осомничени за злосторничко здружување за изборен криминал со сериозни индиции дека повеќе години владата на Никола Груевски и парламентот се нелегитимни и дека станува збор за узурпација на власта по нерегуларни избори.

Претседателот Иванов спречи и судски разврски за голем број обвинувања за тешки кривични дела и флагрантно кршење на законите и во сферата на нарушување на човековите права и слободи и за организиран криминал и баснословна корупција. Неговата ујдурма по аболицијата беше дека сето тоа го направил во интерес на државата длабоко свесен дека тоа е одлука која ќе предизвика голем револт, ама како што милува да каже, се водел од највисоките интереси на државата да ги помилува осомничените и за гревови во минатото и во сегашноста и во иднината, се’ додека е станар на претседателската палата на Водно.

На претседателот Иванов омилена тема му се државните интереси. Неговата кампања за вториот мандат се потпираше на таа максима. Државата над се’. А од се’ што направи во изминатите седум години колку што е претседател не само што не оствари ниту една цел која е од државен интерес, туку ни еднаш за тоа не се заложи јавно и не упати ниту една критика на владата и на парламентот зошто во Македонија не е остварена ниту една голема работа која е од стратегиски и државен интерес за граѓаните. Во изминатите речиси 25 години на независност што е повеќе од половина од периодот на претходниот еднопартиски систем во Македонија, за голема несреќа политичките елити успеаја само да ги изместат сликата и сфаќањата во поголемиот дел од јавноста што е тоа државен интерес и кои се мерилата да се вреднува успешноста на владата, парламентот, на власта, на целото општество. Во последните пак десет години дури е забележано назадување и во сферите кои имаа извесен напредок и препознавање на целите кои се викаат државен интерес.

Врвен интерес на сите држави и влади во демократските, па и во помалку демократски земји се стандардот на населението и квалитетот на животот. Се’ уште независна Македонија не може да го достигне сопствениот стандард од 1989 година, а ни од 2006 година. Со тоа се’ е кажано за големите успеси и достигнувања. Квалитетот на живеење според 11 научни критериуми на ОН во Македонија секоја година се влошува. Тоа се однесува на многу витални и животни потреби на граѓаните почнувајќи од должината на животот до квалитетот на образованието, здравствената заштита, социјалните права и општествениот стандард, заштитата на човековата околина…

Еден од главните државни интереси се демократијата, политичката контрола на власта, владеење на правото, слободата на медиумите и независноста на судството и на монетарната политика, на синдикатите, на институциите на системот, универзитетите, науката… Првичните чекори кои беа направени со голем ентузијазам на почетокот на независноста во сите овие области се урнати во деценијата на груевизмот и во делот на слободата и демократијата и во делот на правната држава и во грубата деградација и контрола на медиумите.

Евроатлантските интеграции по добивањето на статусот кандидат за членство во ЕУ се уназадени дотаму што сериозно ни се заканува опасноста да се одземе кандидатурата за членство во ЕУ , Македонија да остане без европска иднина и без чадорот на НАТО како најголема гаранција за конечно отстранување на опасноста за опстанокот на државата. Поголем државен интерес од овие определби нема. Досега ниту една не е остварена. За заробениот и понижен парламент и за власта постојано имаат добри оправдувања дека некој друг е крив, а не тој што десет години владее без контрола со државата. Секогаш е така кога тие што треба да нудат решенија лажат со оправдувања.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Голема мешаница пред голот на режимот

Објавено на 19 May 2016 од erizaov

sobranie

Како да почнува баеги забрзано да се одмотува клопчето за разрешување на длабоката политичка, морална, економска и духовна криза во која со години е окована Македонија. Или е тоа само привид оти некако наеднаш стана ептен густо пред голот на режимот, иако го бранат тројца голмани.

Во исто време пристигнуваат во Скопје владините претставници на Америка и на Германија со заеднички ставови за разрешување на кризата зад што стои и Брисел. Уставниот суд на големо изненадување едногласно одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година, иако досега ги одби сите иницијативи за ваква одлука. Уставниот суд донесе уште една значајна одлука како времена мерка за запирање на сите предизборни активности што веќе се толкува како неминовно одлагање на изборите од 5 јуни. А додека го пишувам текстот, претседателот на парламентот Трајко Вељаноски кој до вчера дури од Рим и’ порачуваше на нацијата дека нема никакви шанси за свикување седница на распуштено Собрание, наеднаш наврат-нанос закажа итна собраниска седница.

Почнува ли последната фаза од детронизација на Груевски, или ќе гледаме уште еден хорор во живо кој само ќе ја продлабочи уште повеќе кризата и ќе ја внесе државата дефинитивно во категоријата на трајни жаришта до нејзино распаѓање и исчезнување. Вистинскиот одговор се крие во повлекување, или поништување на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов кој на најгруб незаконски начин ја спречи правдата. Вториот, но не помалку важен одговор е во овозможување на непречена работа на Специјалното обвинителство за гонење на кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори. Се’ друго, без отфрлање на милоста на претседателот Иванов и негова неотповиклива оставка и без непречена работа на Специјалното обвинителство, која треба да доведе до праведна и правна судска разврска е фарса и политички маневри, купување време и пренасочување на вниманието на јавноста кон помалку важни работи, отколку што е судската разврска на делата на осомничените високи функционери за тежок организиран криминал, голема корупција и злосторничко здружување за изборен криминал со обвиненија за нелегитимно приграбување на власта по изборни неправилности. Без правна разврска и без судски одлуки за овие веќе покренати истраги и предмети нема никаква шанса за надминување на кризата и враќање на Македонија на патот кон пристојно европско општество.

Секое лицитирање со датум на избори било наесен, на зима, следната пролет, или кога било е катастрофално. Без судски епилог на истрагите кои произлегуваат од прислушуваните разговори не може да се оди на избори. Во цивилизираниот свет каде што важат законите не се можни избори во кои учествуваат осомничени лица за криминал.

Стратегијата за деблокирање на иднината на Македонија и нејзините граѓани мора да почива на темелите на едно современо општество, а тоа е ослободување на институциите на системот и владеење на правото, забрана на цензурата и враќање на слободата на медиумите, или кажано народски обвинетите мора да седнат на обвинителна клупа во судот и таму да се докаже вистината. Ниедна друга одлука надвор од судот е невалидна за докажување на невиноста. Не може со гласање, дури и на најчисти избори да се носи пресуда за ослободување од одговорност на осомничени и обвинети за тешки кривични дела. Обидот на претседателот Ѓорге Иванов да ја спречи правдата со противуставна и противзаконска аболиција и постојаното попречување на работата на Специјалното обвинителство е чин кој им ги отвори очите и ушите на голем број граѓани кои не можеа, или не сакаа да ги видат криминалот и корупцијата кои попримија размери на епидемија, безмалку во целиот државен врв.

На Уставниот суд не може да му се верува, а уште помалку на претседателот Трајко Вељаноски бидејќи до вчера категорично одбиваа да се фатат за работа според надлежностите што ги имаат и кои произлегуваат од Уставот, но и од вонредната тешка ситуација во која се наоѓа државата. Се’ ми се чини дека оваа е некоја нова ујдурма Уставниот суда да го вади жешкиот костен по директна нарачка на власта за одложувањето на изборите, тоа да не биде одлука на ВМРО-ДПМНЕ што би се толкувало како пораз, или успех на опозицијата и невладините организации што би се прифатило како победа. Затоа ВМРО-ДПМНЕ пресметал дека најдобро е тоа да го направи Уставниот суд, иако и со тоа пак се гледа поразот на политиката на барање излез од кризата само преку избори.

А штом Трајко Вељаноски побрзал да го свика парламентот за што до два часа пред последната изјава тврдеше дека е невозможно, гарант е некоја нова расипана игра предизвикана веројатно од страв по предлозите дека полноважна парламентарна седница можат да свикаат и 62 пратеника и да донесат легитимни одлуки за негово разрешување од функцијата и формирање експертска влада за спроведување на слободни избори. Кога ќе го читате текстот, веќе ќе се знае кои биле мотивите на Вељаноски толку нагло да си го смени ставот.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Пропагандата сее пустош

Објавено на 18 May 2016 од erizaov

grujo

Една од најопасните последици на режимите е агресивната пропаганда која остава пустош во свеста на луѓето често до крајот на животот. Граѓаните на Македонија цела деценија се изложени на медиумска инвазија поради постојана предизборна кампања во битките за власт која овозможува озаконет грабеж. За десет години, десет пати одиме на избори, безмалку секоја година се трошат милиони евра што видливи буџетски пари, а уште пет пати повеќе невидливи, ама реални пари рекетирани од компании преку измислени донации. Огромни износи од тие пари се враќаат во џебовите на носителите на кампањите и во касите на големите политички партии и тоа во кеш под сомнителни околности. Всушност, во буџетската држава и парите од компаниите најчесто дадени како екстра данок за заштита, или поради страв, се пари на осиромашените и ограбени граѓани.

Според неофицијални пресметки во изминатите десет години што на редовни, што на предвремени, парламентарни, локални и претседателски избори се потрошени над 200 милиони евра само за медиумска и друга пропаганда. Ако пак се сметаат и парите фрлени за постојани предизборни активности, разни коруптивни и селективни стимулации и субвенции, кич-споменици и фасади, отворање на измислени работни места и наметната партиска превработеност во администрацијата, лажната солидарност со социјалните категории население, цената за задржување на власта достигнува до фантастични повеќе милијарди евра се’ со една единствена цел да се создаде армија од зависници кои опстанокот го гледаат во партијата која дели спас од измислените светски заговори против Македонија и од домашните предавници и непријатели.

Но, има уште нешто пострашно од баснословните износи потрошени за пропаганда и корупција во перманентните предизборни кампањи. Тоа се генерации и генерации млади луѓе кои се израснати и формирани како осакатени личности за време на режимот на Никола Груевски. Од 2006 година откако Груевски дојде на власт до денес, тогашните 15, 16, 17 и 18-годишни момчиња и девојчиња неоптоварени со политика и партиски интереси, веќе наполнија 25, 26, 27, 28 години. Бомбардирањето со збогатен пропаганден ураниум кај многумина од овие луѓе уште за време на школувањето предизвика погрешна перцепција што е тоа слобода и слободна независна личност, што е вистинска демократија, морал, етика, патриотизам, владеење на правото, еднаквост пред законот и многу други особини својствени на млади слободоумни луѓе кои во сервилноста, апологетството, полтронството, партиската лојалност, во заробените медиуми во организираниот криминал и корупцијата препознаваат опасност за опстанокот на татковината. Убеден сум дека кај голем број луѓе токму затоа „Шарената револуција“, преценета или потценета сеедно, како автентично движење, дава голема надеж дека пропагандата на Груевски сепак не можела да ги контаминира сите млади луѓе. Пропагандистите изгледа заборавиле на историската закономерност дека во најголемиот процут на деспотијата се раѓа отпор кој не може да се деградира со светски и шпионски заговори и со партиски припадности, застрашувања и нарачани платенички контрапротести. Боењето на кичот не е уништување на лажното културно наследство, туку е прекрасна симболика на отпор против историските фалсификати, деградација на уметноста и дехуманизација на просторот. Бојата која може да се испере со неколку кофи вода на вмровските активистки пералки, но не можат да се вртат милијардите евра фрлени на безвредната бронза и гипс-картон, смешни барокни фасади. Тие пари веќе не може да ги врати никој освен најсиромашниот народ во Европа. Е, тој срам и тој грабеж не може да го испере ниту Вардар, ниту Црна Река, ниту Црн Дрим сосе Охридското Езеро и Преспанското Езеро.

И пазете сега, Никола Груевски, еден од последните балкански махери за наместени избори за што има и поодмината истрага во Специјалното обвинителство како злосторничко здружување во изборен криминал и многу основани сомневања за нелегитимноста на власта, излезе пред светската јавност преку Франс-прес со нов генијален изум кој може да смисли само типичен балкански апсолутист. Значи, на 5 јуни Груевски одлучил да го почитува Уставот од кој направи мивка и оди сам на избори. По велелепната победа да се круниса по не знам кој пат за премиер, веднаш потоа да ги задуши протестите, да го укине Специјалното обвинителство и уште неколку спектакуларни апсења и притворања, нарачани судења, а потоа може раат да се оди на уште едни слободни многу мирни и тивки избори од кои болат ушите и на наглувите и стенка сиромаштијата.

Велат дека изборите на 5 јуни на Груевски му требаат за да го спречи бунтот во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа не верувам, од таму никогаш освен величање на вождот не може да се слушне ниту еден различен глас својствено на уплашените и корумпирани поданици. Што е само уште една одлика на режимите. Сенародно будење и омасовување на протестите се начинот да се дојде до слободни избори кога е можен вистински избор меѓу доброто и злото. Пред тоа треба уште да учиме што е добро, а што е лошо, што е тиранија, а што слобода, што е морал и чесност, а што арамилак и се разбира, како вистински се сака татковината. Тие лекции на животот, иако некогаш скапо платени, се’ уште не се совладани како што треба. Деновиве тоа може добро да се види.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Со Арсим Зеколи во 24 Анализа

Објавено на 17 May 2016 од erizaov

Нема коментари

Tags:

Селфи-избори со пицети и пелети

Објавено на 16 May 2016 од erizaov

grujo peleti

Го гледам деновиве на ТВ-екраните поранешниот премиер Никола Груевски како во пресрет на селфи-изборите рекламира греење на пелети. Слично како во оној рекламен спот кога еден глумец што зборува како италијански мафиозо и препорачува да јадеме пицети, па вели, Марко не сакаше да јаде пицети… па следува сликата како Марко со камен обесен на вратот го фрлаат од брод, или како еден друг што не сакал да јаде пицети оди со нозе заковани во бетонски чевли. Демек кој не јаде пицети го стасува раката на мафијата. Додека пак Груевски зборуваше колку се добри пелетите за затоплување на домовите среде лето, не знам зошто ми заличи на истата реклама само што пицетите се за јадење, а пелетите за греење.

Груевски сосема разбирливо како фамилијарен човек и како добар и чесен домаќин се определил уште напролет да ја пресретне зимата, бидејќи веќе нема што друго и да рекламира. За такви избори „ала Грујо“ не треба ни кампања, ни реклама само треба вождот да го испружи доволно долго стапчето со мобилен телефон на врвот и да кликне неколку пати исправен тој и неговата фамилија пред граѓаните на Македонија. Ете тоа се вика селфи-избори кога врхушката на власта се слика самата себе пред народот и кога практично нема што да се бира. Недостасува само клучната реченица: кој нема да излезе на избори, ќе си помине како оние што не сакаат да јадат пицети. Кога човек треба да избира дали да оди на суд за да се соочи со правдата осомничен за корупција и организиран криминал и учество во злосторнички здруженија, или да оди на избори, многу логично е да се определи за избори, особено ако се натпреварува сам со себе и ако победата му е гарантирана. Секогаш е подобро да се биде премиер, па макар и на изборен натпревар сам со себе, отколку да се седи на судска обвинителна клупа.

Работата од ден во ден оди се’ поблиску до тоа на 5 јуни да имаме еднопартиски и едноумни избори, да бидеме сведоци на невиден политички и морален циркус. Учеството само на една политичка партија на избори со уште неколку сателити и пајтон-партии е најголемата деградација на македонското општество од прогласување на независноста до денес. Тоа арогантно и грубо уривање на политичкиот систем и на Уставот е тешко кривично дело со целосно блокирање на владеење на правото што е суштествен сегмент на демократијата. Надвор од демократијата ваквиот наметнат принцип на владеење на правото со тешка злоупотреба на парламентот и со аболицијата на претседателот на државата Ѓорге Иванов, со евидентно попречување на правдата, во Македонија е инсталиран стравичен инструмент на присила, репресија и тиранија. И претседателот Иванов и Груевски знаат дека основната функција на владеење на правото е ограничување на политичката власт и обезбедувањето ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права. Правото на слободен избор во плурално повеќепартиско општество е основно граѓанско право чие нарушување е присила и репресија, за кое нема друго име освен диктатура. Во сите конститутивни закони и устави во демократските општества се поместени најенергични мерки против дејствата што грубо го поткопуваат владеењето на правото на слободни и конкурентски избори.

Ако на 5 јуни Груевски навистина се определи да оди на избори сам и да предизвика масовно нарушување на човековите права и блокада на владеењето на правото, ќе се соочи со тешко кривично дело кое може да има епилог пред меѓународните судови. Неговите правни советници треба да му укажат на таквата можност, оти во Хаг и во светот нема само Суд за воени злосторства, туку и за други злосторства. Последните најави кои доаѓаат од врвот на ВМРО-ДПМНЕ дека набргу по предвремените избори од 5 јуни можни се повторно нови предвремени парламентарни избори е само уште една скапа лакрдија за спасување на власта пред истрагите на Специјалното обвинителство за кривични дела кои произлегуваат од незаконското прислушување. Очигледно, дека ни оддалеку во Македонија не е на повидок излез од длабоката политичка и морална криза, туку напротив со накрадните избори форсирани за 5 јуни таа криза ќе се’ продлабочи со последици кои сега тешко можат и да се претпостават, но кои се длабоко поврзани со иднината на државата.

Влегуваме во период на развластување на еден режим што историски е потврдено дека е многу тежок и болен и кој може да потрае подолго отколку што обично се мисли и претпоставува.

Ако се одржат еднопартиските избори на 5 јуни и ако помине лесно лагата за греење со пелети, кои ќе ги заменат евтините дрва кои ги даруваше Владата до лани пред секоја зима како предизборна награда за сиромаштијата, но и за тајфите шумокрадци кои ги опустошија планините, зимава ќе се грееме на лепешки. Најздраво е и најмалку ја загадува човековата околина. Штета што нашиот голем спасител и пријател на владата, индискиот милијардер Субрата Рој, замина во затвор. Со неговите ветени 20.000 крави во Џумајлија и со говедата со кои располага Македонија, ќе имавме изобилство на лепешки.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Кој кога заминал во партизани

Објавено на 06 May 2016 од erizaov

revolucija

Со голема мачнина во себе размислував како без да предизвикам штета во борбата за слобода и демократија и без да ја расипам големата слика која постојано ни е пред очи на се’ поголем број луѓе во окупирана Македонија, да ги замолам првоборците, ова го велам без грам иронија и цинизам, да престанат со пребројувањето кој кога заминал во партизани. Не сакам да им приредам радост и голем ќеф на тие гниди што веќе одамна не’ прогласија за непријатели, предавници, странски платеници, кодоши, соросоиди со тоа што и ние како нив ќе откриваме петта колона и колаборационисти во „нашите редови“.

Од 2006 година кога почна борбата за слобода до денес од само неколку поединци, „шака јада“ како што викаше власта за нејзините критичари, денес има една добра армија од слободоумни луѓе кои се борат против режимот кој по цела деценија владеење без контрола тешко се урива. Затоа мислам дека секој кој и да дојде, кога и да дојде доброволно во движењето на отпорот е добредојден. По освојувањето на слободата кој сака нека ја мери славата и својата заслуга како сака и колку сака. Татковината еден ден ќе ги препознае сите.

Затоа се одлучив без да именувам и прозивам никого, да ја раскажам мојата семејна сторија за тоа кој кога заминал во партизани, или како што се вели во антифашистичката војна за слобода. Мислам дека е многу поучна за овие тешки времиња.

Мојот татко никогаш не зборуваше дека бил во партизани. Не беше член на партија и секоја вечер со увото залепено за радиото го слушаше „Гласот на Америка“ и Грга Златопер, легендарниот водител со засипнат глас. Кога узнав за себе, некако ми беше природно да мислам дека некогаш богатиот бег на кој му го одзеле комунистите целиот имот е противник на системот, на комунизмот, на социјализмот, иако тоа никогаш не го кажал, ниту пак се занимаваше со некаква идеологија. Пред да замине во пензија, ги комплетираше своите документи и во еден момент онака патем рече дека времето кое бил во партизани ќе му се признае двојно како пензиски стаж. Веќе бев возрасен и работев како новинар кога првпат слушнав вакво нешто. Навистина бев некако затечен и изненаден и веројатно многу глупаво звучело моето прашање во форма на констатација: ти си бил во партизани??!!. Да, рече мојот татко ептен спокојно, заминав во партизани 1944 година… се насмеав гласно и опнав уште поголема глупост. Си стигнал во право време, реков цинично, кога веќе завршила војната. Сега да не сакаш медал. Можев да си дозволам така да зборувам со татко ми. Имавме другарски односи.

Потоа следуваше лекцијата по родољубие и по историја која цел живот ќе ја паметам. Иако дипломирав на групата општа историја со историја на уметност, чинам дека ова беше најважната лекција која не ја пишува во ниту еден учебник…

…Па еве да ти кажам синко, па ти прочитај во твоите книги зошто е важно за мене што сум отишол во партизани доброволно, неколку месеци пред 8 септември… Во што е разликата пред и по 8 септември, прашав нестрпливо. А тоа не те научиле професорите, да одиш да си ја вратиш дипломата, рече татко ми потсмешливо. Сите што одеа пред осми септември 1944 година во партизани, одеа доброволно поради своите слободарски убедувања, а по осми септември и по ослободувањето на македонските градови од окупаторот, се вршеше мобилизација и немаше сакам да одам, не сакам да одам во борба. Мораше да се оди. Е кога мора и кога е доброволно поради татковината и слободата не е исто. Нели… кога се ослободи Македонија, веќе имаше армија од 100.000 борци. Знаеш ли ти колку млади луѓе загинаа во последните операции за ослободување на Југославија, особено на Сремски фронт. Беа тоа млади необучени луѓе за борба, ги оставија коските низ големата рамница. Тие не добија ни споменици, ни привилегии, не станаа народни херои ама загинаа во војна за слобода…. мислам дека можеш да сфатиш во што е разликата меѓу тој што се борел еден ден и загинал и оној што цели четири-пет години бил партизан и се вратил жив и здрав дома… Затоа мора да се биде внимателен синко мајчин кога даваш оценки дали е доцна 1944 да се оди во партизани. Никогаш не е доцна ако се бориш за правда и за слобода. Гинеа луѓе и по 9 мај 1945 година по објавата за капитулација на Германија. Зар тие луѓе не се заслужни…

…Кога јас стигнав доброволно преку врска во партизани, таму бев дочекан од мои другари со воодушевување, а некои од нив навистина беа од 1941 и од 1942 година во партизани. Командантот на бригадата лично ми честита и рече ова е многу значајно што кочанскиот бег стаса во борба против окупаторот. Никој не рече дека доцнам. Бев горд на својата одлука… Добро, реков засрамен, не сум знаел дека е така, не сум ни размислувал никогаш на оваа тема. Но и ти не си зборувал за ова, не знаев ни тоа дека си учесник во НОБ.

…Не зборував никогаш за тоа, рече татко ми, затоа што таа работа не е за фалење и удирање во гради. Едно беше борбата за слобода, а друго беше што многу бргу видовме првоборци кои ја злоупотребија власта со многу револуционерни закони, следуваше аграрната реформа, конфискации на дуќани и имоти, национализации, формирање на народни задруги на твојата земја, делење тапии за туѓи ниви и куќи и многу други неправди, апсења, откривање непријатели… Лоши работи, за кои да ги знаевме не верувам дека со толку елан и патриотизам ќе се одеше во партизани. Но, без разлика на се’ што поминав низ животот, мислам дека добро направив што летото 1944 година заминав во партизани. Тоа беше една од моите најдобри одлуки на која сум горд. А што за тоа не зборувам ништо е поради тоа што толку многу се намножија учесници во НОБ од 1941 година и толку многу беа агресивни во своите барања за власт и привилегии што веќе беше срамота човек да каже дека заминал во партизани 1944 година, ја заврши лекцијата татко ми.

Откако го укнижи дуплиот стаж од партизани, замина во пензија и по една година почина. Да не беше партизанскиот стаж, ќе умреше на работа.

Кога се’ почесто го слушам и читам откривањето на колаборационисти и навредите на луѓе, познати јавни личности кои можеби не се првоборци, но со своите дела и творештво јасно покажале дека се против режимот и загрозените слободи и ја задолжиле татковината, ми доаѓа да вреснам, аман бре народни херои, имајте малку исаф, секој човек денеска што ќе се спротивстави на тиранијата на Никола Груевски и неговата булумента е драгоцен и треба да се пречека со респект, а не со пребројување кој кога стасал на барикадите. Уште помалку со навреди и сатанизирање. Меѓу нив лично познавам повеќе значајни личности кои дале поголем придонес во борбата за демократска и слободна Македонија отколку првоборците кои први фрлале со јајца против непријателот. Иако во никој случај не сакам да го потценам значењето на овој чин од „Шарената револуција“, напротив сметам дека фарбањето на скопскиот кич има своја силна симболика и автентична порака за расипништвото на власта со парите на сиромашниот народ. Се надевам дека конечно мнозинството граѓани ќе ја видат големата слика во битките за слободна и демократска Македонија. Ако и натаму трагаме повеќе по тоа кој кога стасал во партизани, отколку како да се собори режимот и ако не сфатиме конечно колку е важен секој човек во таа борба, изгледа Никола Груевски уште долго ќе владее со Македонија, оти контролата наместо за власта ја арчиме за своите луѓе. Се плашам се’ повеќе од тоа дека Револуцијата пред да заврши успешно веќе почна да ги јаде своите деца.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

На кафе кај Борисов

Објавено на 05 May 2016 од erizaov

gerbbojko-685x320Помина цел месец, а се’ уште не можам да сварам зошто бугарскиот премиер Бојко Борисов не сака да се напие кафе со неговиот поранешен колега Никола Груевски. Ај што не сака да прави чапрас диван со Груевски, не сака ни да го види, ни добар ден да му каже. Не го есапи за пријател. Некогаш, во комунизмот, пропагандите од ова ќе направеа голема победа за Македонија бидејќи тоа по непишано правило беше ептен добро кога му е лут бугарски премиер на македонски колега. Се разбира, и обратно во Бугарија.

Денес во втората декада на 21 век оваа „корпа“ за кафе-непиење од страна на премиер на соседна земја, членка на ЕУ и на НАТО, остана голема енигма. Тешко е да се верува дека еден ден премиерот Борисов станал на лева нога и така мамурлија од чиста мира дебело го навредил без никаква причина својот прв комшија. Вакво нешто никогаш не кажале ни грчките, ни албанските, ни српските, ни косовските премиери за некој наш висок функционер, или партиски лидер, иако односите меѓу државите биле на точка на вриење.

Владините пропагандисти и нашите големи експерти за комшиски и светски заговори многу гласно ја премолчија оваа анатема. Сус, пус, со денови ни збор не кажаа за јавното понижување од првиот сосед. Како по некоја наредба молчат за фрлената ракавица. Се’ си мислам дека премиерот Борисов можеби имал голема мака ова да го каже јавно. Мора да бил многу бесен за нешто што засега галиба го знаат само Борисов и Груевски. Си велам, ако е нешто лично, ќе останеше засекогаш меѓу двајцата политичари, така налагаат правилата на добро однесување дури и меѓу Балканци. Ќе мора да е нешто покрупно. Или можеби тајната се крие во процената на Борисов соопштена во истото одбивање на кафе-муабетот дека политичката криза во Македонија ќе биде трајна, што ја засега и Бугарија.

Страв да го фати човека, па дури и еден неинформиран новинар како мене, дали премиерот Борисов има некои сознанија дека нашата криза е толку тешка и долговечна што Македонија од некаков фактор на стабилност во регионот повторно е „јаболко на раздорот“ на Балканот. Само што овој пат историските улоги се битно изменети. Работата е за уплав ако од општоприфатената геостратегиска позиција дека стабилна Македонија е решение за регионот, се прерасне во делба на кризна Македонија за стабилен Западен Балкан. Или како што велат дипломатите, едно е кога територијалниот интегритет и самостојност на Македонија се дел од решението за мирен Балкан, а сосема друго е кога разрешувањето на кризата со поделба на земјата, исто така, станува решение за стабилен и европски Балкан.

Да не знае случајно бугарскиот премиер Бојко Борисов дека трајноста на кризата во Македонија ќе почне со прогласување на вонредна состојба од нашиот аболициски претседател на државата Ѓорге Иванов како последен обид за жртвување на државата за спасување на власта која е осомничена за голема корупција, организиран криминал и злосторничко здружување за изборни нерегуларности и за нелегитмно преземање на парламентот и на владата од страна на Никола Груевски и неговите први соработници.

Ќе беше некако нормално Никола Груевски како довчерашен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ да каже неколку збора за шлаканицата што му ја врза бугарскиот премиер Бојко Борисов. Ај што тој не кажа ништо, може да се протолкува дека одбива да коментира глупости, ама гледам и неговите загари ги свиткаа опашките, обично за многу поблаги критики лаат со денови. Им удираат секој ден чврги на Американците, на Германците, на Англичаните, на Французите, на Италијанците, на цела Западна Европа и на НАТО, ама ете за батко Борисов не пуштаат глас.

Нема друго чаре освен да појдам до Софија кај премиерот Бојко Борисов и да го замолам да најде време да испиеме по едно, сака старо бугарско, сака турско кафе, мислам дека знае оти тоа е едно исто, и да го прашам човече што ти стана, што толку се разгневи, па како гром од ведро небо го исплука нашиот омилен од народот премиер кој по десетгодишно владеење само што зеде мал одмор и малку апстинира од функцијата. Ќе го прашам, жими мајка, премиерот Борисов од прва рака отворено да каже, да не лаже, дали и по 5 јуни нема да пие кафе со нашиот нов премиер, оти тој сигурно ќе се победи самиот себеси на изборите без опозиција и ќе ја разреши кризата, за која Борисов погрешно мисли дека ќе биде трајна. Не е мала работа да се победи Груевски на избори, па макар единствен противник му бил самиот Груевски. Ќе мора Борисов како комшија да објасни од што толку се исплаши дека нашата калакурница, длабока политичка, морална, економска и духовна криза, што ја нарекувам тиранија, ќе биде вечна.

Отворено ќе го прашам и тоа од каде накаде сега лидерот на опозицијата Зоран Заев му стана пријател.

За малку ќе заборавев, ќе мора да го прашам Борисов дали можеби е толку суетен што Груевски не го послуша неговиот совет по првите бомби што ги фрли Заев да си поднесе оставка во интерес и на Македонија и на Бугарија и на целиот регион. Дали премиерот Борисов знае и некои други многу важни работи кои му предизвикале толку лутина што не сака ни кафе да пие, ни добар ден да му каже на еден поранешен и иден комшиски премиер. Или пак Борисов сака да каже дека навреме се определил да пие кафе по летните одмори со колегата, или пак само со пријателот Зоран Заев, во зависност од тоа дали Борисов ќе биде уште премиер на Бугарија.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

May 2016
M T W T F S S
« Apr   Jun »
 1
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
3031