Archive | April, 2016

Tags:

Алоо влада, гаснете го пожарот додека е искра

Објавено на 28 April 2016 од erizaov

evra

Кој рече дека политичката и моралната криза нема да се одразат врз економијата. Запален е пожарот во банките од политичките пиромани. Треба да се изгасне веднаш, со една кофа вода и малку ум, додека е само искра. Граѓаните страхуваат оправдано за своите пари и се’ повеќе ги менуваат денарите за евра. Тие што еднаш дебело се изгореа сега дуваат и на матеница. За жал, решението не е ни во комерцијалните банки, ни во Народната банка, туку во политичките кабинети. Банките можат да интервенираат до некаде, потоа браната се урива. Само разрешувањето на политичката криза е трајно решение. Ако не уследи брза разврска на кризата, ќе го гледаме журналот од југословенскиот филм.

Банките можат да бидат и стабилни и полни со пари, државата може да има големи девизни резерви, Народна банка може секој час да интервенира и да покажува стабилност, ама брзото повлекување на штедните влогови и редиците пред банките ништо не може да ги спречи, ако нема политичка стабилност и излез од повеќегодишната криза. Ниедна банка, ниедна компанија, ниедна држава, не може да издржи нагло повлекување на огромниот износ на штедни влогови кои во Македонија изнесуваат повеќе милијарди евра во денарска и друга девизна противвредност.

По првото претпразнично трчање по менувачниците и по банките, мораше да уследат не само смирувачки соопштенија за стабилноста на банкарскиот систем бидејќи тие, колку и да се точни, внесуваат поголем сомнеж и недоверба. Беше неопходна брза иницијатива на Владата со конкретни чекори за разрешување на политичката криза. Првиот чекор требаше да го направи Никола Груевски со предлог за одлагање на изборите додека не се постигне во земјата помирна атмосфера со јасна назнака дека изборите ќе се одржат кога ќе бидат исполнети сите договорени обврски меѓу партиите според договорот од Пржино. По симнување на блокадата од медиумите и укинување на цензурата и пречистување на избирачкиот список, а зошто да не и по извршен попис, изборите можат да се одржат најверојатно во многу порелаксиран амбиент некаде во октомври, ноември.

Груевски требаше да ја испрати спроти Велигден и смирувачката вест дека на Специјалното обвинителство нема да им се прави никакви пречки во работата, напротив ќе се оневозможат сите попречувања на правдата за што побрзо да уследи судскиот епилог за веќе покренатите истраги и тужби за злоупотреби и кршења на законите кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори. Додека нема судска разрешница по евентуалните обвинителни акти против него и додека не се донесе ослободителна судска пресуда, Груевски треба да обзнани дека нема да се кандидира на избори.

Сето ова е неверојатно за наши услови и прилики, но тоа се правилата во светот на демократијата и владеење на правото. До овој степен на кризата, ваквите предлози се научна фантастика, но нивното игнорирање ако почне стампедото пред банките станува сурова реалност, за жал, многу задоцнета кога веќе ништо не може да се спаси. Кој го памти распадот на Југославија може да раскажува.

Вториот чекор мора да биде на претседателот на државата Ѓорге Иванов да престане со денови да бара правни решенија од експерти и да игра на картата време, туку да ја повлече безусловно аболицијата која предизвика бура од протести. Експертите кажаа дека таа може да се повлече како што е и донесена. Истите правни советници кои го подучија претседателот на таква одлука сега треба да го научат и како да си ја повлече одлуката. Дали по овој дебакл на отворена сцена претседателот Иванов ќе поднесе оставка, тоа веќе зависи од растегливоста на неговите сфаќања за одговорноста по една ваква лична бламажа и срам за угледот на земјата во светот. Попречувањето на правдата со колективна ретроактивна и идна аболиција на осомничени високи функционери предизвика жестоки реакции, па дури и закани со санкции од највлијателни држави во светот. Аболицијата на претседателот се сфати и дома и надвор како озаконување на криминалот и поддршка на режимот.

Третиот чекор е на опозицијата да покаже кооперативност и да ги прифати ваквите предлози кои во најголем дел се во согласност со нивните барања. Ако не стасаат од владата и од лидерите на партиите на власт, опозицијата треба повторно да ги предложи бидејќи брзиот политички договор за целосно остварување на договорот од Пржино би значел и брз крај на паниката меѓу граѓаните и одбегнување на банкарската криза. Истовремено тоа би предизвикало големо олеснување и во Брисел и во Вашингтон и враќање на Македонија на патот кон демократијата и деблокирање на нејзините евроатлантски аспирации.

Вака набројани во новински текст, овие потези изгледаат едноставни и логични, но не се остварливи бидејќи се утопистички и не се во согласност со нашата сурова реалност. Политичките лидери кои ја предизвикаа кризата и кои се носители на злоупотребите на власта и на своите овластувања со флагрантно кршење на законите, не се подготвени да ги помрднат работите од забетонираното место. Не помагаат сите добри намери и притисоци од домашната јавност, од протестите на граѓаните, а уште помалку укажувањата од Америка и ЕУ, од ОБСЕ и други асоцијации за заштита на човековите права и слободата на медиумите, за функционирање на непристрасно судство…

Меѓутоа, има и една друга реалност. Ако заговорниците на избегнување и маргинализирање на позитивните притисоци за владеење на правото и враќање на слободата и демократијата, мислат дека и овој пат ќе се извлечат со доктрината секое чудо за три дена и со убави вести за големи успеси, чинам, многу се излажале. Ако тргне стампедото за спасување на своите пари, овој пат нема да помине како колона овци пред кланица. Тој бес и револт од евентуално блокираните пари, загубите од раскинување на договорите, менување на денарите за девизи под неповолен курс кој неминовно ќе се предизвика поради големата побарувачка на девизи ќе ги прегази сите на кои им е поважна власта од потта и крваво заработените пари на граѓаните.

Ова со сигурност може да се потврди ако повозрасните паталци се сеќаваат на своите загуби од замрзнатите штедни влогови при распадот на Југославија. Крвавата разврска на југословенската криза во добар дел е и поради грабежот на парите на граѓаните.

Се разбира, македонската и југословенската криза имаат огромни разлики и не можат да се споредуваат, но претпразничното невообичаено повлекување на парите од банките и трката по евра по менувачниците мирисаат на дел од таа криза која може да прерасне во голема трагедија ако неспособноста и алчноста на политичарите треба трипати да ги платат граѓаните. Еднаш, со даноците и полнење на државната каса, вторпат со враќање на задолжувањата и баснословните кредити на расипничката власт и третпат, не дај Боже, со замрзнување на нивните животни заштеди и губење од нивната вредност.

Тоа политичките елити не смеат да си го дозволат. Пред да почнат велигденските празници, мора да испратат добра вест за граѓаните на Македонија. Во спротивно, ако експлодира психозата, мав им е работата, нивните политички кариери ќе завршат пред какви било избори. Ова незадоволство што сега се манифестира низ градовите на Македонија ќе биде мачкина кашлица во однос на тоа ако некој посегне по милијардите евра на граѓаните, односно ако не ја изгасне искрата додека не букнала во голем пожар.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Нов бран на тиранија

Објавено на 27 April 2016 од erizaov

Policija

Кризата станува се’ подраматична, власта се’ поуплашена, и’ се привидуваат сеништа и шпиони на секој чекор. Тоа е моментот кога грогираниот боксер од силни удари пред да падне е најопасен. Замавнува на сите страни неконтролирано, не гледа каде удира, се тепа уличарски. Во политиката, во големите кризи кога власта е посрамотена и осомничена за организиран и изборен криминал за да ја избегне правдата, почнува лов на измислени виновници, предавници, странски и домашни платеници. Од поодамна велат, патриотизмот е последното скривалиште на криминалците. Тоа во Македонија денес ептен добро се гледа.

Пред избори пропагандната агресија станува уште подраматична. Почнуваат секојдневни апсења, закани и разни други форми на застрашувања се’ до наводна опасност од граѓанска војна. Компромитацијата на луѓе со фабрикувани афери е секојдневје. Јавно, со тешки клевети, се објавуваат списоци со имиња и презимиња дека се тоа непријатели, предавници и странски платеници. Лидерот на партијата Левица, д-р Здравко Савевски, е приведен и обвинет за кривично дело учество во толпа, што е добро познат начин на притисок при сите демонстрации и протести на граѓанските невладини асоцијации и на опозицијата. Кога власта и нивните организации и приврзаници учествуваат на контрапротести во толпа и кршат, тоа е законско и демократско право. За нив правдата не важи.

Новинарот Зоран Божиновски, кој емигрираше за да се спаси од закани и прогон, е донесен по речиси две години престој во Србија и предаден на судот баш сега пред избори за да му се суди за шпионажа. Има отворени закани од следбениците на власта за нови апсења на лица чии имиња веќе се објавени во печатот. Тоа треба да предизвика страв во јавноста дека се работи за голем светски заговор на Америка и ЕУ помогната од домашни квислинзи, кои сакаат да ја преземат власта и да ги распродадат природните богатства, да го сменат името на државата и националниот идентитет.

Постојано на телевизиите, во печатот, на порталите кои се под контрола, се верглаат прилично плитки и наивни разузнавачко-параполициски конструкции за наводна опасност по стабилноста на државата со подготовки на атентати и апсења на највисоките носители на власта, на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на претседателот на државата… Демек, непријателот подготвува државен удар. Притоа се прикрива и вешто се маскира фактот дека злоупотребата на власта, големата корупција и изборниот криминал се, всушност, причина за длабоката политичка и морална криза и дестабилизација на Македонија.

Граѓаните на Македонија предолго, со години, живеат под стрес и загриженост за својата иднина и за иднината на своите деца. Деновиве има и дополнителни причини за загриженост поради сериозни предупредувања од светските банки и од европските фондови што ја прави извесна и експлозијата на економската криза која беше прикривана со приказните за големите успеси и постојани задолжувања. Ова е период на параноја кога во секој човек кој поинаку мисли и зборува од власта се гледа како на непријател на државата. Кај аболираните политичари од врвот на власта и нивните медиумски следбеници се јавува и синдромот на двојна личност, односно на изедначување на сопствената личност со државата. Се работи за патолошка состојба која настапува по долго владеење кога главните протагонисти се умислуваат дека ако се изгуби власта и се смени водачот, готово е и со државата. Тоа е чест случај низ историјата на разни општествени уредувања, дури и во поново време, особено кога авторитарните системи и диктатури при кризи и опасност од паѓање и губење на власта прераснуваат во тиранија и деспотија.

Светскиот заговор на ЦИА и ЕУ на Америка и цела Западна Европа против кутра Македонија за да ги ограбат нејзините огромни богатства и природни ресурси е податлива тема исто колку и посегнување по чувствителната вечна тема на меѓуетнички предизборни конфликти и таканаречена контролирана дестабилизација. Многу е веројатно дека ако дојде до натамошно пролонгирање на преговорите со ЕУ, или нивно откажување, замрзнување или каква било подолгорочна ултимативна блокада на европеизацијата на Македонија, односно на кандидатскиот статус, тоа неминовно ќе се одрази врз односите на коалициските партнери Али Ахмети и Никола Груевски, односно на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Излез, има ли излез по блокирањето на договорот од Пржино и аболицијата на претседателот на државата, Иванов, со несфатливо арогантно спречување на правдата за поведените истраги од страна на Специјалното јавно обвинителство. Во моментот се неможни ни најобични контакти меѓу власта и опозицијата на лидерско ниво, а да не зборуваме за преговори и седнување на заедничка маса. Власта не чувствува никаква политичка и морална одговорност за кризата и за последиците од санкциите што би дошле од Брисел и Вашингтон и од затворање на славините на европските фондови и Светската банка и ММФ, туку целата вина ја префрла на опозицијата и учеството во заговори во спрега со странски разузнавачки служби против државата, со цел да се соборат режимот и Груевски. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски само во изборите на 5 јуни гледаат излез од кризата. А опозицијата и невладините организации, за да се оди на избори, бараат исполнување на предусловите на договорот од Пржино кои ќе создадат поволен амбиент во државата, слободни медиуми без цензура, повлекување на аболицијата од страна на претседателот на државата, непречена работа на Специјалното обвинителство и чисти избирачки списоци. Па дури потоа по враќање на демократските процеси во земјата, да се оди на избори. По изборите без опозиција, како што наумила и проповеда власта, кризата само ќе се продлабочи со уште потешки последици врз животот на граѓаните. Кризата станува трајна и нерешлива поради неодговорна власт.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Миркино утешение грешним

Објавено на 26 April 2016 од erizaov

Oz

Љубителите на големите светски заговори ќе бидат воодушевени од откритието на Мирка Велиновска зошто моќната ЦИА, Америка, Англија, Германија, Франција Италија и Холандија, ЕУ и ОБСЕ, сите здружени, сакаат да ја уништат Македонија, односно да го ликвидираат ВМРО-ДПМНЕ и да го сменат режимот, а тоа е едно па исто. Без ВМРО и без Груевски ја нема ни Македонија.

И на домашните злосторничко-криминални здруженија од врвот на власта од сензационалните откритија на Мирка објавени во „Дневник“ ќе им олесни ептен, повеќе дури и од аболицијата на претседателот Иванов. Добија бланко утешение и спасение грешним за сите нивни злосторства што им ги направија на граѓаните со еднодецениско владеење без контрола. Големото откритие за злосторничкиот потфат предводен од ЦИА и кланот на Клинтонови, кое никој досега не се осмелуваше да го изусти, освен Мирка, која во последен момент ја разоткрила главната причина за големиот заговор е: Кој, зошто и против кого војува со Македонија. Кој е против нашата држава знаевме и досега, тоа повеќепати ни го кажа Велиновска, но сега нуди фантастичен одговор на прашањето кое залудно си го поставуваше и таа и секој здраворазумен човек зошто некој сака да ја снема Македонија. И конечно, вчера Мирка открила зошто светската воена, економска и политичка елита сака да завладее со Македонија. Копјата се кршеле за тоа кој олигархиски синџир на САД ќе ги присвои водите на Македонија и нејзините рудни богатства во кои златото и ретките минерали се голема ставка поради рудникот Алшар.

Боже, Боже, какви идиоти ја воделе државата со децении да живееме сиромашно, а сме имале огромни богатства: вода, злато и лорандит од Алшар за кои ЦИА и светските џандари отвораат војни низ светот. И тоа не е се’. Целото ова вашингтонско либерал- неофашистичко лоби кое гравитира околу кланот на Клинтонови во кое главна ставка се Џорџ Сорос, Рокфелер, Стејт департментот преку УСАИД и други личности од финансискиот естаблишмент, не е само поради нашите води и злато, туку затоа што Македонија станува многу опасна земја со својата политика на големи достигнувања. Имено, открива Мирка, Македонија во Вашингтон и во Лондон ја сметаат за опасна успешна приказна. Е, таа стабилност и успех на Македонија се трн во окото на светските глобалистички ограбувачи кои никако не успеваат да ги контролираат нашите големи богатства. Причините за нашите големи успеси американската шпионска мрежа ги открила во политиката на владата на Никола Груевски. Ете ова се клучните мотиви за светски заговор против Македонија: вода, злато и успешната политика на Никола Груевски.

Мирка не знае дека Македонија според сите досегашни геолошки и други истражувања е сиромашна со рудни богатства и со вода, па најверојатно заговорот е само поради завист на големите сили за успешната политика. Точно е тоа дека водата се смета за најзначајниот ресурс на иднината и дека веројатно за неа ќе се водат војни како сега за нафтата, но вистината за капацитетите на изворите на води во Македонија е прилично тажна. Одамна се искажани стручни предупредувања дека ако македонските влади не преземат сериозни чекори и дозволат и натаму како и досега да истекуваат залудно и тие води што ги имаме, прогнозата е дека ни се заканува полупустинска иднина. Оваа многу успешна влада за која ни завидува светот за десет години не успеа да изгради ниту една поголема брана, ниту пак да ги заштити постојните води и извори од загадување. Напротив, бевме до чекор од продажба на Охридското Езеро, нашето најголемо природно и рудно богатство. По заминување во затвор на индискиот милијардер Субрата Рој, големиот пријател на владата и наш спасител, конкурсот за продажба на езерото уште е отворен. Вардар и целиот негов слив течат со милениуми за да го наводнуваат Солунско Поле без ниту една задршка на водите во Република Македонија.

Никој нема да ја дестабилизира Македонија со војна заради вода и злато. Тоа е скапа работа. Можат олигарсите и на САД и на Русија и на Англија без потреси да ни ги купат и водите и изворите и рудниците од нашите домашни политичари како што и ни ги купија и се’ уште ни ги купуваат со малку пари и многу корупција.

Но она што остава најсилен впечаток во откритието на Мирка е како успеавме да го спречиме планот на ЦИА чиј мозок замислете седел во кабинетот на претседателот на Америка, Барак Обама. Тој висок офицер на ЦИА командувал со планот со кодно име Чадор. Станува збор за сложена воено-разузнавачка операција за подготовка на конкретен терен за дестабилизација на Македонија, како и на многу други држави кои се на линијата на огнот. Меѓутоа, тие држави го немаат за претседател Ѓорге Иванов кој со аболицијата го спречи страшниот план на ЦИА и империјалните нео- фашистички сили кои здружено работеле против Македонија. Претседателот на државата Иванов ги спасил од апсење Никола Груевски и уште тројца негови соработници кои според сценариото и режијата на ЦИА требало да бидат притворени на 13 април. Веднаш требало да бидат однесени кај истражен судија обучен од амбасадорот Бејли и да бидат ставени во притвор. По што би следувала бура од протести и почеток на граѓанска војна. ВМРО-ДПМНЕ ќе беше нападната однатре и обезглавена. Ќе дојдеше квислиншка влада да ја води државата и крај.

Арно ама, нашиот мудар претседател Иванов сето тоа го спречил со еден замав на пенкалото и сега чадорот тешко се отвора, заклучува Мирка Велиновска со најава дека сапуницата за плашење мали деца и големи абдали продолжува.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Груевски се плаши од слободни избори

Објавено на 25 April 2016 од erizaov

grujo se plasi

Ако се исполнат сите предуслови за слободни и веродостојни избори, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ќе доживеат тежок пораз на избори кои би се одржале во мирновременски, а не во воен амбиент и во хаос, како што наметнуваат режимските пропагандисти. Деновиве медиумските апологети се избезумени како да го прикажат како загроза на независноста и самостојноста позитивниот притисок од дома и од светот да се ослободиме од режимот и да се врати демократијата. Владеењето на правото и соочувањето со правдата за власта се најопасниот непријателски заговор на светските џандари Америка и ЕУ во спрега со домашните предавници. Така во Македонија се претставуваат протестите против режимот на Груевски.

Тоа се одамна познати и вообичаени пропагандни лаги и предизвикување страв секогаш кога е на повидок крај на едно тоталитарно и криминално владеење за што се водат повеќе истраги во Специјалното јавно обвинителство. Се’ поголем дел од јавноста почнува да препознава што, всушност, се крие зад врескањето дека некој сака и работи на тоа да ја уништи Македонија. Разоткривањето на вистината и последиците од десетгодишно неконтролирано владеење полно со злоупотреби на власта стасува до се’ поголем број млади и образовани непартиски луѓе кои се огорчени од срамниот потег на претседателот на државата Иванов да ослободи од секаква одговорност високи функционери против кои се води истрага за тешки кривични дела. Попречувањето на правдата е силна шлаканица врз образот на слободољубивите граѓани и врз угледот на државата.

Во една ваква ситуација на соочување со секојдневни протести во целата земја, власта ги повика на помош познатите квазипатриотски фронтмени за контрапротести на кои панично се бара да се одбрани државата од ордите кои тргнале да ја уништат и само што не стасале во Скопје. Покрај дежурните домашни соросоиди и предавници, некогашните талентирани стипендијанти на фондациите на Сорос, сега удобно сместени во скутот на власта, лепат плакати на митинзите против Америка, Европа, ЕУ и НАТО.

Го гледам вчера Антонио Милошоски како го надополнува Никола Груевски и се мачи да објасни колку му е жал што Специјалното обвинителство е политичка творба на СДСМ и на надворешните непријателски сили поради што никој веќе не му верува оти тоа било политички театар. Толку многу се изнасекирал Милошоски што не функционира Специјалното обвинителството на Катица Јанева, како редовното на Марко Зврлевски, што нормален човек на толку плачење за добро обвинителство не може да не се праша, а што ќе се случи ако Јанева навистина работи без притисоци и попречувања, без срамни помилувања, без сопки од редовното обвинителство и без компромитации и сатанизации. Веројатно тогаш првите станари од високите ешалони на власта веќе ќе стасаа до Идризово.

Покрај лошото партиско Специјално обвинителство и хулиганите кои секој ден протестираат, третиот најголем виновник за дестабилизација на режимот е Зоран Заев, лидерот на опозицијата. Заев е виновен за кризата во земјата. Тој е виновен ако Македонија потпадне под удар на санкции и во длабока изолација, ако не добиеме датум за преговори со ЕУ, ако ја изгубиме кандидатурата за ЕУ и не станеме членка на НАТО. Заев е виновен ако се укине безвизниот режим и ако светските банки престанат да даваат кредити за одржување на власта. Заев е виновен за украинско сценарио и за дестабилизација на државата. Ништо од ова ќе немаше и се’ ќе си беше на свое место со сите убавини и успеси ако Заев заминеше во Виена да го слушне предлогот на Груевски дека сите услови од Пржино се исполнети и дека на 5 јуни мора да има избори. Ете колку лесно се спасувала Македонија со еден валцер на Груевски и Заев во Виена пред избрана публика.

Ако Заев е виновен за сите наши несреќи, тогаш за што е виновен државниот врв, владата, политичките лидери кои се цела деценија на власт… За ништо. Дибидус за ништо. Никогаш во овие десет години владеење без контрола за ништо не биле криви властелините. Ќе признаете, за големите утки на власта вака веќе не се правдаат ни дечурланата кога ќе скршат џам играјќи фудбал.

Ако Никола Груевски е сигурен во победата на предвремените избори и во својата чесност, како што проповеда секој ден по медиумите, може веднаш да ја разреши политичката криза во која потона Македонија. Не требаат ни состаноци во Виена, ниту во Брисел, или каде било по светот, ниту ни требаат странски посредници. Треба Груевски само да ја крене блокадата од медиумите и од избирачките списоци и да остави време тие да се применат во животот и Македонија да влезе во нормален амбиент.

Од денот кога почнаа да пукаат бомбите на Заев досега, сто пати ќе се откриеја сите клевети, лаги и монтировки за уривање на (не)легалната власт. Немаше никакви шанси Груевски да биде осуден во македонските партизирани и контролирани судови. Но, во стравот се големи очите, особено сега ако доказите како што се најавува за поведување кривични постапки се толку силни што дури и на најпристрасниот суд и судија ќе им биде тешко да донесат ослободителна пресуда. Тука треба да се бараат причините зошто во Македонија не се можни слободни избори. Тука се и причините зошто Груевски ја попречува работата на Специјалното обвинителство и зошто не сака да чуе ни за попис, ни за точни избирачки списоци, зошто органски не поднесува слободни медиуми и зошто станува лут и нервозен штом некој ќе го спомне зборот демократија. Тука се и причините, а не во Брисел и во Вашингтон за најавените санкции и изолација на државата, за намалување на финансиската поддршка и за блокирање на европеизацијата на Македонија.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Скопје под окупација

Објавено на 22 April 2016 од erizaov

policija

Фотографија: Ванчо Џамбаски

        Понекогаш човек се прашува дали
духот на повеќето балкански народи
е затруен толку многу и засекогаш
што никогаш повеќе не ќе можат
ништо друго да прават освен едно: да
трпат насилие, или да бидат насилни

Иво Андриќ
„Знаци покрај патот“

 

Оваа безвременска мисла на големиот писател и нобеловец Иво Андриќ ми дојде на ум во средата попладне кога ги видов комвоите специјални полициски возила како се движат по „Орце Николов“ кон центарот на Скопје. Kако змија врвеше непрегледната колона блиндирани џипови по празната улица која го носи името на народниот херој. Во нив до заби вооружени полицајци во шлемови, наши браќа… По нив уште една колона џиновски возила како комбајни, не знам како ги викаат, дали се тоа борни коли, или нешто слично, мене ми личат на тенкови со гумени тркала, а најзгора на покривот имаат завиткано во платно нешто како топ. По нив шибаат други челични аждери налик на противпожарни возила, велат тоа биле водени топови, по нив пак татнат некои други монструми кои брзаат да ја одбранат државата. Нашите браќа ќе не’ бранат од нашите деца и од нас самите кои бараме да се отворат прозорците оти се задушивме од убавини, од премногу слобода и од арамии.

Покрај мене на тротоарот стојат рака под рака сопружници. Луѓе во одминати години. Жената подгрбавена, набрзина се прекрсти неколку пати, а на мажот му засветка солза во окото. Стоиме стаписани и занемени додека оружените полициски сили минуваат крај нас. Ја прекинувам злокобната тишина, се обидувам да се пошегувам, велам галиба ова е парада. Стариот во изветвен костум ме загледа како мува во матеница. Убаво ме измерка и ми возврати со засипнат глас: „Синко… ова не е парада, не е ни карневал. Ова е окупација. Ова е многу тажно… бев дете ама паметам, вака не влегле во Скопје ни Германците, ни Бугарите 1941 година. Од кого овие сега ќе не’ ослободат, од самите нас, од мене, од тебе, од кого. Срамота, невидена брука. Ова оружје, овие возила не се за борба против непријатели… кај и да е, ќе ни воведат и полициски час…“ По акцентот и по достоинството како зборуваше, знам дека е стар скопјанец. Молчам засрамен поради несолената шега… Сакав да бидам ироничен, ама чепнав во сеќавања од тешки времиња.

Додека поминуваа внимателно нога пред нога на другата страна од улицата, веројатно тргнати на визита кај своите внуци, ми излета од устата лоша клетва… Не е за во весник… Што му направија тираните на народот, му измислија војна без војна само за пуста власт, само да го одбегнат соочувањето со правдата. Тоа го стокмија „генералите“ на оваа оклопна дивизија, лажните патриоти за божем бранејќи ја татковината да се одбранат себеси.

Така ми заврши средата, денот кога напладне го испратив на оној свет и се простив со мојот голем другар и пријател од младоста Ѓоше и кога во Бутел најдобро се гледа залудноста на арчењето на животот за големите идеали за кои секогаш ќе се најде некој изрод, или измамник, што ќе ги посере.

Попладнето помина со клетва против тие кои ги пратиле оружените полициски сили против непријателските „хорди и хулигани“, така ги викаат следбениците на власта нашите деца кои се дрзнале да бараат преку леб погача, слобода и правна држава. Вечерта пак ги дочекав колоните возила на „Орце Николов“, мавтајќи со бело марамче како поздрав до нашите браќа за успешно завршената акција да се прикаже дека во Македонија има војна и целата залудност на барањата за слобода. Не беше испукан ниту еден куршум, што секако беше утешителна вест за лека ноќ, баш како што сакаат да постигнат лажните спасители на државата.

Легнав и станав со една мисла. Дали четврток ќе помине како и среда без испукан куршум. И човек што не верува во Господ, ќе каже не дај Боже да биде тоа црн четврток. На сто метри оддалеченост ќе протестираат „хулиганите и хордите“ кои бараат правда и мир и патриотите кои бараат исто така правда и мир, ама и власт без контрола, барем уште една деценија. Кога ова ќе го читате, се надевам дека на сите ќе ни олесни ако не се случи ништо освен парадното демонстрирање сила. Навистина, не дај Боже некоја пијана будала да фрли камен во бунар, илјада паметни потоа не ќе можат да го извадат. Како што му тргна на претседателот на државата со неговото помилување. Мерел човекот, мерел, па консултирал што консултирал еден куп партиски експерти, па почекал Уставниот суд набрзина да му даде право на колективна, турли-тава амнестија, да нема ни судење, ни истрага, ни пресуда на сите осомничени за тешки кривични дела и злосторнички здруженија. На таа листа за милост негова и божја, претседателот додал и некои луѓе против кои нема никаква постапка, веројатно затоа што е видовит. И сега мудриот ни претседател ги моли пак партиите и експертите да кажат како да го извадат каменот од бунар. Е, мој претседателе, нема друг начин освен да го земеш фенерот и да се симнеш во бунарот, да зануркаш и да го извадиш каменот сам. Потоа ќе можеш да им раскажуваш на студентите за твојот десетгодишен залуден престој во високата политика.

Четвртокот од кој стравував ми почна со третото писание на мојот пријател и другар, писателот Димитар Башевски. Поранешен колега, исклучителен професионалец, кој навреме ја напушти оваа горчлива професија и стана уште подобар писател. Читам и си велам: Баше пак свиткал хартија и им пишува на своите колеги морален обвинителен акт, трет по ред. Им вели, немате право на молк. Ќе ве осуди историјата. Ова не е политика, не можете да се оправдувате дека се дистанцирате од политика кога, всушност, се дистанцирате од борбата за слобода. Од коруптивни додатоци, ручеци, вечери и заслужни пензии ви се зголемил габаритот на телото, а ви се намалил габаритот на расудувањето. Сте го изгубиле основниот мотив на професијата да се биде писател, поет, новинар, да се бараат вистината и правдата. Нема оправдување само со напишаните текстови, треба да се направи нешто повеќе, вреска до небото Башевски. Неговата оставка од Друштвото на писатели уште пред две години и неговото дистанцирање од еснафот очигледно некои колеги подучени од политиката ги разбрале како палома-хартија. Башевски вели, секоја чест на исклучоците, ги има, ама истече времето само за исклучоци.

Потоа налетав на Димитар Димитров, стариот генијален филозоф кој одамна ги дијагностицира сите болести на оваа власт и кој вели: Груевски ги впрегнува сите ресурси на државата за да се урне браната од Пржино и да се продолжи курсот на перманентна револуција на таа идеолошко-политичка и кривично-правна дигресија од Уставот. Проф. Димитров ни открива како со повторување на кривичните дела се обезбедува континуитет на режимот. Филозофот пишува дека спиритус мовенс на тој континуитет беше и останува партискиот авторитаризам со негова тенденција да се преточи во сите сегменти на државата и општеството, почнувајќи од безбедносните структури. Тоа го генерира феноменот на фамилијата, идентитетот ВМРО-МВР, неконтролираното располагање со капацитетите на УБК, потребата од масовно прислушување и садистичко изживување на нејзините членови врз луѓе кои не им се покоруваат… Што може човек повеќе да каже по ова.

Додека го читам колегата Љупчо Поповски кој се прашува што ќе покаже кристалната топка во Виена и што ќе остане од урнатините на договорот од Пржино, од таму стаса абер дека состанокот за излез од кризата се откажува, тие не договараат ништо без опозиција како ние.

Не знам на кој се’ ќе му се допадне оваа вест од Виена сами да си ја решиме кризата, ама дојде уште една добра вест. Специјалното обвинителство продолжува со работа. Се тркала Космос…

И конечно, за малку ќе заборавев – познатиот скопски измамник Миленко ми пишува дека ем Турчин, ем пијан не можам да разликувам кој е тој Миленко мувата, а кој е Пандов. Признавам дека ем Турчин, ем трезен не можам да ги разликувам. Можете ли вие почитувани читатели? Мене некако ми се исти и двајцата. Не знам кој повеќе ќе се налути од нив поради оваа моја неинформираност кој е кој во ГДОМ.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Спречете го црниот четврток

Објавено на 20 April 2016 од erizaov

 

 

protestiram

Познатиот скопски измамник Миленко Неделковски и неговата дружина повикуваат на црн четврток и на крвопролевање. На веќе закажаните протести на невладините организации и на опозицијата пред Собранието на Република Македонија, Миленко и дружбата му, продолжената рака на ВМРО-ДПМНЕ, закажуваат пресметка со протестантите против режимот на Груевски, на исто место и во исто време. Пироманите и воените подбуцнувачи со денови палат пожари преку владините медиуми застрашувајќи ги граѓаните со братоубиствена војна и со украински сценарија. Велат, тоа е борба против Америка, НАТО и ЕУ, најголемите непријатели на Македонија кои со помош на домашните предавници сакаат да ни ги одземат идентитетот и историјата, да ни го сменат името, да ни го откорнат јазикот, да не’ обезличат, да не’ сотрат и не знам што уште сакаат да ни направат странците и нивните платеници. Се’ лага до лага.

Дружината на Миленко, таканаречена ГДОМ, бара да падне крв на скопските улици за на тој подмолен начин жртвувајќи невини луѓе да докажат дека навистина се работи за крвави сценарија на Америка, на Германија, на Италија… и на еден куп непријатели кои се здружиле во заговор против кутра Македонија. За жал, се’ уште постојат луѓе кои веруваат во вакви пропагандистички воени подбуцнувања, со единствена цел да се направи хаос во државата и да се предизвика гнев кај граѓаните дека некој однадвор и однатре ја урива државата. Овие познати следбеници на режимот и лично на Никола Груевски толку многу се влезени во партнерски односи со власта што сега бранејќи ја од соочување со правдата се бранат, всушност, себеси. Како и за државната врхушка, така и за нив, единствен спас од полагање на сметките пред редовните судови е да се сочува власта и да се попречи правдата.

Според нивните пресметки и доктрини, за да продолжи режимот и натаму како тиранија, неопходно е да се предизвикаат судир и крвопролевање и за тоа да се обвинат опозицијата, соросоидите и странските платеници. Затоа четите на Миленко ќе излезат во четврток божем да ги фаќаат живите јајца што демонстрантите и разни провокатори на власта ги фрлаат на историскиот кич скапо платен со парите на најголемата сиромаштија во Европа. Јајцата врз безвредната бронза и лажниот мермер од ќерпич што се платени поскапо од злато не се атака на културното наследство, туку голема симболика со возвишена цел на граѓанска шлаканица врз арамилакот и дехуманизацијата на слободниот простор во центарот на Скопје кој е претворен во некропола во слава на сегашните, а не на античките кралеви и цареви. Во тие пирамиди ќе бидат политички погребани македонските умислени фараони од 21 век заедно со живите слуги.

Украинските сценарија за крвопролевање ги прават властите со нивните медиумски послушници и никој друг. Тоа е највалканата предизборна кампања во историјата на самостојна Македонија. Ќе се прашате чуму им е таква жестока и братоубиствена кампања кога се убедени во својата победа, особено по изгледноста дека на 5 јуни ќе се натпреваруваат со самите себе, кога ќе немаат кој да им се спротивстави на изборите. Треба крв да се пролее од две причини, прво, да се докаже дека опозицијата и големите сили се нашите непријатели и второ, да се обезбеди масовност на бојкотираните избори. За тоа да се постигне во регионите од каде што над една третина од населението е иселено, мора да се направат повеќе работи. Прво, за одамна иселените граѓани, уредно поместени во тајните избирачки списоци на МВР, мора пак некој да гласа иако огромното мнозинство од нив ни на крај памет не им е да избираат власт во земјата од која избегале за да се спасат од сиромаштија и глад. Ова е потребно за да се покаже дека бојкотот не успеал и дека над 50 отсто од населението излегло на мирни и слободни избори. Ете тоа е и крунскиот доказ зошто во Македонија цели 15 години нема попис. Многу е опасно да се дознае колку навистина граѓани живеат во државата. Пописот и непристрасната проверка на избирачките списоци од вештаци, а не од партиски војници, ќе покажат колкави се димензиите на злосторствата на злосторничките здруженија во изборниот криминал и ќе ги разоткрие целата нелегитимност и узурпација на власта од мала група луѓе. Втората причина за повик на крвопролевање во четврток е да се спасат осомничените високи функционери од вистинскиот суд каде што ќе мора кога-тогаш да се седне на обвинителна клупа. Од тоа нема бегање.

Планираните немири од ГДОМ в четврток имаат и една друга цел, да ја направат беспредметна евентуалната вест од Виена дека нема основни предуслови за слободни и фер избори. Квасецот на незадоволството во Македонија секој ден расте. Станува се’ повидливо дека прифаќањето на една друга вистина, а не на владините пропагандисти, ќе значи крај на еден деспотски режим. Ете затоа е потребен крвав амбиент и меѓубратска омраза до точка на вриење. Во таков хаос, ВМРО-ДПМНЕ најдобро плива.

Објавата на ГДОМ за црн четврток и судир на граѓаните со различни политички и демократски определби е голема одговорност на власта и лично на сите институции задолжени со законите и со Уставот за стабилноста на државата. Во вакви деликатни ситуации, законот налага изолација и апсење на организаторите на протести кои повикуваат на крвопролевање и омраза. Што може да се очекува освен крв ако протести се закажуваат на исто место на веќе закажани мирни протести на граѓанските невладини организации и на опозицијата.

Насредин-оџа му удирал шлаканица на чиракот пред да ја скрши стомната. Откако ќе се скрши, нема фајде.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Одличната вест за Груевски

Објавено на 19 April 2016 од erizaov

gruevski izbori

Никола Груевски многу се израдувал што избирачкиот список од над милион и осумстотини илјади луѓе е чист како солза. Се разбира, Груевски тоа одамна го знаеше ама сега голем ќеф му се беше сторило кога слушнал дека тоа го потврдила и Државната изборна комисија со генијален изум без да проверува стотици илјади сомнителни фантомски гласачи. Имало само 1.135 мртви души кои не биле избришани што може сегде да се случи. Се’ друго си е на свое место, како и на претходните слободни избори, соопштува гласно злосторничкото здружение. Сега може да се оди на слободни и фер избори оти почнува почетокот на крајот на агонијата, вели радосно Груевски.

Уште посреќен бил премиерот во оставка што претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, без да ги чека извештаите од ДИК распишал избори за 5 јуни. Е, тоа ти е прав претседател на парламент. Што има да чека нешто што се знае однапред дека ќе биде едногласно одобрено од независните членови на ДИК откако зависните од опозицијата ќе си заминат. И што има да се проверуваат списоци кога и досега давале одлични резултати без да има големи приговори.

Имам едно сосема конкретно прашање до независните членови на ДИК. Кои се луѓето кои живеат во мојот стан, ги имало вкупно осум, а никогаш не сум ги видел. Одговорот ве молам испратете му го на Груевски како десерт на одличната вест дека списокот ви е чист како надојден Вардар во пролет полн со каловина цигла боја. Добро е што не сум бил дома кога ловците на фантоми задолжени од ДИК дошле да ги видат тие осум лица кои живеат тука. Кажале дека така стои во чистиот список и откако провериле дека нема духови, си заминале. И сега ДИК објавува дека тие луѓе и натаму остануваат на списокот, нема потреба да се бришат, можат спокојно да гласаат.

Ете тоа било одличната вест за Груевски. Се согласувам, тоа е прекрасна вест, особено ако во државата има уште најмалку стотина илјади такви луѓе кои можат да си гласаат на две-три места, или некој за нив тоа да го направи без да се мачат, или пак да се прават некои други ујдурми кои најдобро ги знаат осомничените за злосторничко здружување и изборен криминал. Не е случајно што Груевски соочен со некои аргументи кои се’ уште се тајна за се’ попушти. Не верувам дека е толкава марионета на Запад, ама чесен и легално избран премиер да си ги смени најблиските соработници, , без да изусти јавен збор, да прифати во владата на нивно место министри на опозицијата без избори, да дозволи да му формираат паралелно јавно обвинителство за гонење на тешки кривични дела поврзани со прислушувањето, да аминува поместување на датумот за избори, иако еден ден пред тоа велеше дека нема шанси за нов датум и конечно да прифати да поднесе и оставка, мора да имал голем зорт за веќе направени патриотски дела да не дојдат непријателите на Македонија на власт. Сето тоа Груевски го проголта, ама за жива глава, не прифати чистење на избирачкиот список и чистење на медиумите од ужасните пропаганди на неговите послушници. Тоа значи дека и во иднина, односно веќе на 5 јуни, ако учествува опозицијата на избори ќе има патриотско здружување да не дојде на власт бандата на Заев и разни други предавници. Штом е во прашање државата, се’ е дозволено. Тоа убаво го срочи и претседателот Ѓорге Иванов кога кажа дека функционирањето на правото не е толку важно колку изборите од кои зависи иднината и на државата и на владетелите.

Не знам дали овие од ДИК проверија кој се’ живее во станот на Груевски и во резиденцијата на претседателот Иванов, дали и таму има едно десетина напатени души кои не ги познаваат лично, ни Груевски, ни Иванов, ама чуле за нив дека поради хумани и патриотски причини се водат на нивната адреса. Ете во еден вака убав амбиент ќе заврши агонијата и дефинитивно на 5 јуни ќе се види крајот на кризата. Ќе имаме мирни, ненасилни, слободни, кредибилни, веродостојни, демократски и скандинавски избори. Опозицијата ќе се повлече во илегала и ќе работи по тајни кружоци и ќе организира атентати, а власта на Ахмети и на Груевски заедно со библијата од Москва ќе не’ спасат од украинското сценарио и од членство во ЕУ и во НАТО-„злосторници“.

Добро е што будните медиумски чувари на Груевски навреме го спречија државниот удар кој требаше да се случи на 13 април со негово апсење кое го подготвувале во најголема тајност нашите најголеми душмани Американците во соработка со домашните предавници и Сорос. Штета што во приказната не додале, на пример, малку холивудско сценарио, дека еден таинствен претставник на некогашната КГБ една темна ноќ без месечина точно на полноќ стасал во претседателската резиденција и му шепнал на уво на поспаниот претседател Иванов дека се подготвуваат апсења и атентати. Претседателот кога го чул „длабокото грло“, храбро одлучил да се жртвува за Македонија, иако бил сосема при себе длабоко свесен дека ќе биде нападнат од сите страни. Ингениозно смислил да ја спаси татковината со аболицијата, па така Груевски останал на слобода, па со него и сите ние. Инаку, што ќе правевме ако отидеше во притвор како што наумиле Американците и домашните предавници. Тоа ќе беше многу опасно оти колебливците и големите патриоти ќе почнеа масовно да рипаат од „Титаник“. Остај друго, со Груевски во притвор ќе останевме сираци на Балканите. Браво бе, претседателе, алал ти вера што не’ спаси. Ама ме изненадува неблагодарноста на Груевски кон вас. Вие него со леб, тој по вас со камен. Вие го помилувате и го спасувате од затвор, тој вас ви возвраќа, не сум јас за помилување. Вашата милост никој не ја сака пред избори.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Нова библија од Москва

Објавено на 18 April 2016 од erizaov

moskva

Никола Груевски и неговите следбеници час конспиративно со шепот, час на сет глас низ Македонија 24/7 ја читаат новата библија што ја нарачаа од Москва. Државниот врв и големите патриоти кои опиени до вчера од откритието на столетието за своето славно минато и антички идентитет, од вообразбата дека се внуци на царевите пагани Филип Втори и Алаксандар Велики, истите тие кои со гнасење гледаа на словенството, денес бараат спас во Москва и се крстат во православието и бачушка. Оче наш, со поддршка на власта и со осуда на опозицијата, стаса од министерството за надворешни работи на Русија по што Македонија влезе во уште подлабока конфузија и криза која лично Груевски и претседателот Иванов и крајно агресивните вмровски пропагандисти ја претставуваат како спас од Америка и од агресијата на Западна Европа и НАТО врз Македонија !!!!????

Нема да дозволиме Македонија да биде Украина, повторуваат и тие и нивните следбеници како папагали на секои 20 секунди. Пораката е јасна, ќе водиме војна до последен здив и нема да допуштиме да ни се случи Украина, Запад да изврши државен удар и да ја смени власта, да предизвика немири, поделба на државата и граѓанска војна за да ни го избришат идентитетот. Ова е една од најопасните злоупотреби на чувствата на Македонците и нивната братска љубов кон словенските народи и држави, кон православието и особено кон Русија. Панславизмот на Балканот не е умрен и останува вечен. Тие што не ја знаат магијата на оваа заблуда, која е пластена со векови во свеста поради страдањата и неправдите што се направени врз овие народи и тие кои ги заборавиле молитвите на своите предци, конечно, да дојде војската на голема Русија и да ги спаси еднаш засекогаш, тие не треба да се занимаваат со политика. Таа молитва попусто шепотена низ историјата да стаса Русија и да не’ спаси, гледаме повторно во Македонија лесно може да послужи за обновување на големата илузија од пансловенска солидарност.

Политичките мутанти кои една деценија неконтролирано владеат како деспоти со Македонија и кои проповедаа дење ноќе антисловенство и прозападна и проевропска политика со молби за влез во НАТО, сега кога се работи за спасување на сопствената кожа поради сериозни сомнежи за сторен криминал тежок стотици милиони евра, се свртеа кон Русија, не да ја спасуваат Македонија од Запад, туку да ги спаси бачушка нив со предизборно застрашување на сите граѓани на Македонија дека некој сака да примени украинско сценарио. Тие што ја оддалечија Македонија од Русија со лоша политика сега барат спас кај неа. Погледнете ги односите на Словенија, членка на НАТО и на ЕУ, со Русија и се’ ќе ви биде јасно.

А зошто големите сили сакат да направат Украина од Македонија, нема ниту еден рационален одговор. Дали е тоа поради големото геостратешко значење на Македонија, дали е тоа поради големите и штедри извори на нафта и гас, или поради рудниците со злато и дијаманти, дали е тоа поради големата раскрсница на нафтоводи и гасоводи кои одат за Западна Европа и чии славини во Македонија ги држи непријателската опозиција. Дали сме откриле некое епохално чудо и имаме ново атомско оружје, па сега и Америка и Русија ќе влезат во војна поради нас. Ништо од тоа. Има само небулози и епохални будалштини дека работата е дојдена да трета светска војна поради името на Македонија, која Америка сака да го смени, а Русија демек не дава. А, двете велесили и Русија и Америка сосе Кина ја признаа одамна Македонија под уставното име.

Овој потег на руското министерство за надворешни работи инициран од Скопје, кај голем број граѓани се доживува како навреда на нивните вековни симпатии и љубов кон рускиот народ и Рисија само поради учество на актуелната политика на Кремљ во попречување на правдата во борба против криминалот и давање поддршка на режимот да се организираат избори кои немаат предуслови да бидат слободни и фер и на кои за главни функции ќе се натпреваруваат личности кои се аболирани под сомнителни околности со притисок на власта врз Уставниот суд и поради антиправната и антидемократска и антидржавна определба на претседателот на државата.

Нарачаните застрашувања од Москва и нивното претворање во пропагандна молитва за спасение стануваат крајно опасен период во историјата на Македонија за трајна дестабилизација до загрозување на опстанокот на Македонија со бришење на најважните стратегиски интереси на државата и иднината на нејзините граѓани. Најсилните мотиви за своја слободна и демократска држава не беше рускиот модел, туку беа евроатланските интеграции, односно европеизацијата на Македонија. Оваа валкана војна да се сочува по секоја цена власта го доведе во прашање сонот за влез во Европската Унија, сонот за подобра иднина. И, конечно, определбата за НАТО никогаш не била поради некаква агресија врз други народи, туку пред се’ и над се’ како државен приоритет број еден за отстранување на опасноста од опстанокот на Македонија. Опасност која се’ уште трае, а која станува се’ поизвесна поради игрите на власта во промена на главните стратегиски и национални приоритети: ЕУ и НАТО.

Македонија тоне во се’ подлабок хаос по аболицијата на претседателот и по арогантното распишување избори без исполнување на договорените предуслови. Се повикува на слободни избори на кои ќе се натпреваруваат истите луѓе кои се на највисоки функции цели десет години, а кои се под сомневање дека извршиле тешки кривични дела, дека се главни актери во организиран криминал и корупција од стравични димензии, политичари кои се под истрага за злосторничко здружување при изборен криминал.

Но, сепак, од сето ова многу пострашна е опасноста од напуштање на најважните приоритети на Македонија членството во ЕУ и во НАТО, влез во европското семејство и европеизацијата на Македонија. Очигледно, многу е подобро за компромитираните власти да јаваат на украинско сценарио отколку да ја примат лажната милост на претседателот, која сите ја прочитаа.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Амнестијата на Иванов важи само до изборите

Објавено на 15 April 2016 од erizaov

horhe

Аболицијата по се’ изгледа важи само до изборите, како што можеше да се разбере од немуштото дообјаснување на претседателот Ѓорге Иванов на својата одлука која предизвика револт во целата земја, бидејќи беше разбрана како попречување на прaвдата против носителите на криминалот во државниот врв. Вчера претседателот Иванов пред главните уредници призна дека правната држава му е помалку важна од политиката. Испадна работата дека може слободно да се попречува правдата пред избори, особено ако се амнестираат главно обвинетите за криминал како претенденти за највисоки функции во државата. Гледавме еден очаен претседател кој не знае како да се извади и да ја признае грешката. Повеќе одговараше на свои прашања и дилеми отколку на новинарите со умисленост дека е голем државник подготвен да ја води битката против странските сили кои и’ се закануваат на независноста на Македонија. Не можев да оценам дали човекот влегол во некаков конспиративен филм што му го прожектирал Никола Груевски или се преправа. Црвенилото на лицето веројатно му беше поради високите температури, иако во претседателскиот салон има добра вентилација.

Еве што ти значи мудар претседател, татко на нацијата, вистински голем државник каков што е Ѓорге Иванов. Како шаховски велемајстор, Иванов ја матира државата во два потега. Прво даде шах со општа амнестија на криминалците, а потоа даде и мат со аболиција на невини луѓе против кои не се води никаква постапка. На крајот ја предаде партијата бидејќи го матирал сопствениот крал. Попречувањето на правдата против криминалците со општа амнестија на Иванов важело наводно само до изборите, се дообјасни прилично конфузно претседателот, а за жал, никој не го допраша што прецизно подразбира претседателот кога рече дека по изборите институциите на системот ќе можат да си покренуваат постапки против сторителите на кривични дела ако мислат дека нешто не е во ред со аболицијата.

Шокиран дека доживеа тежок пораз од самиот себе во мигот кога мислеше дека партијата е добиена, си заминал во резиденцијата на Водно шепотејќи. Таму во мир опкружен со внимание, покрај цвеќињата и зеленилото и појот на славејчињата кој го реметат само завивањата на сирените на колите за итна помош, длабоко размислил професорот по демократија од Правниот факултет што и’ направи на татковината и смислил спасоносна идеја. Ги повика главните уредници на медиумите малку да ја разводни работата и да им каже дека тој аболицијата ја направил за да излеземе од кризата и да имаме слободни избори, но сепак најмногу поради тоа што сакал да го спаси Зоран Заев, лидерот на опозицијата бидејќи тој се плашел да не биде уапсен и го молел за гаранција да може слободно да се движи и да не се чувствува глупаво кога оди на преговори. А овој неблагодарник Заев прв се јави да каже дека не прифаќа никакво помилување, или аболиција. Замислете, безобразен.

Втор се јави поранешниот претседател Бранко Црвенковски и приопшти дека против него не се води никаква постапка и побара да се избрише од аболицијата на Иванов.

Трет се јави со оградување и со одбивање на аболицијата Никола Груевски тврдејќи дека не само тој, туку никој во ВМРО-ДПМНЕ, не е виновен и криминалец туку дека аболицијата, иако е дадена со најдобри намери, оди во прилог на СДСМ. Па, ако никој не е виновен во ВМРО-ДПМНЕ, во пречесниот врв на партијата, тогаш зошто се попречуваат правдата и работата на Специјалното обвинителство, е прашање кое е прилично непријатно за Груевски пред изборите. За ова претседателот на државата немаше некој посебен коментар да го дообјаснува незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ, освен дека секој има право да реагира како што мисли, на што претседателот веќе предупредил кога ја образложил одлуката за општа амнестија и очекувал вакви реакции.

Но, она што е најбитно од вчерашната конференција за печат со главните уредници на неколку медиуми е сомнежот што ќе предизвика нова бура, а тоа е дали неговата оспорена аболиција дома и во светот важи само до изборите. Со други думи, претседателот прогласил само примирје оти имало многу омраза и нетрпеливост кај народот, меѓу комшии, роднини и пријатели што е сериозна опасност за дестабилизација на државата. Претседателот будно внимавајќи на интересите на државата, пред се’, морал да преземе решителни чекори и да прогласи општо примирје до изборите кое ќе настапи со аболицијата, но и како што се дорече, со важност до изборите. Потоа претседателот им појасни на главните уредници, поточно на шашардисаната јавност дека Собранието и институциите на системот ќе можат сербес да си покренуваат постапки во духот на законот. Претседателот по средбите со странските амбасадори нема ништо против работата и на Специјалното обвинителство и повторно воспоставување на правдата откако ќе се одржат слободни и фер избори на 5 јуни.

Главната добивка од оваа планетарна будалштина е што масовната амнестија на сторители на тешки кривични дела главно политичари од врвот на власта и се’ што се случи во државата потоа неминовно налага одлагање на изборите за помирни денови, ако воопшто такви се можни со ваков државен врв кој ја предводи државата и кој не гледа своја одговорност кога поради погрешни политики на власта се дестабилизира државата. Може претседателот да ја дообјаснува својата одлука и да ја разводнува колку што сака, но во ваков амбиент на протести, омраза и спречување на правдата најмногу од страна на претседателот на државата со амнестијата, но и од неговите наредбодавци кои ја подготвија уставната можност за попречување на правдата и кои се носители на нестабилноста, не се можни никакви избори, а да не зборуваме за слободни.

Што се случи по соопштувањето на обзнаната на претседателот Иванов со која тој сакаше да ги убеди граѓаните дека тоа е величествен излез од кризата. Прво се случија улични демонстрации со приврзаници на власта и на опозицијата во кои имаше повредени и реална опасност да дојде до судир меѓу двете групи со тешки последици. За ова претседателот Иванов галиба не чувствува никаква одговорност. Потоа Македонија се соочи со нов пад на својот углед во светот кој и онака според меродавни оценки на најзначајните демократски институции е на ниво на тврди режими и диктатури. Ни се смее светот како претседателот на државата спречува судска истрага на злосторничко здружување за изборен криминал, спречување на правдата за дела кои се водат како организиран криминал и за огромна корупција вредна повеќе стотици милиони евра. Осомничените за вакви тешки дела кои се сметаат за подривање на државата требало да бидат слободни пред изборите и да нема тензии. Дали се слуша што зборува нашиот претседател кој наместо конференции за печат најдобар придонес за излез од кризата ќе дадеше ако веднаш си поднесеше неотповиклива оставка и го отвореше процесот на одговорност за сторените злосторства против сопствениот народ и земја.

Претседателот е во филм дека многу направил со бегалската криза, вршејќи ги валканите работи на Европа. Голем успех било што ниту еден бегалец не стасал во Скопје. Не слушнав никаде и не видов никаде дека кој било од бегалците сака да дојде да живее и работи во Скопје или каде било во Македонија. Од каде сега измисли претседателот опасност дека некој од бегалците сака да земе азил во Македонија. Па тие добро знаат каде сакаат да одат и дека нашите млади луѓе побегнаа на Запад и без да има војна во нивната татковина. Избегаа од бесперспективност и сиромаштија. Претседателот Иванов, и со својата аболиција, и со обидот да се извади од неа, и со својот седумгодишен мандат досега, само ја потврди оценката дека Македонија за претседател има бледа и послушна фигура на ВМРО-ДПМНЕ и лично на Никола Груевски. Во Скопје веќе кружи изреката: Не дај Боже да те помилува Иванов, веднаш ќе те прогласат за криминалец.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Крајот на паметот на Иванов

Објавено на 14 April 2016 од erizaov

ivanovpomiluva

„Би сакал да им порачам на граѓаните да бидат спокојни. Ни на крај памет не ми е да помилувам силеџии на избори, педофили, наркодилери, терористи, екстремисти…“ Ова го изјави претседателот на државата Ѓорге Иванов среде протестите против одлуката на Уставниот суд да му го натури правото на помилување, за да ја смири загрижената јавност дека на повидок е ослободување, без судска пресуда, на осомничени и обвинети за злосторнички здруженија за изборен криминал, разни други криминалци и измамници и корумпирани политичари од врвот на власта. Не поминаа ни 25 дена од „смирувачката“ порака до граѓаните, во која и онака никој не веруваше, кога Иванов го покажа крајот на неговиот памет пред целата јавност. Сите се уверивме колку тежи неговиот ум. Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека се фрапирани, во опозицијата избезумени, меѓународната заедница е вчудовидена од одлуката на Иванов кој се’ уште се води како претседател на државата.

Не оти не знаевме и порано дека претседателот има сериозен хендикеп во улогата да биде претседател на сите граѓани, ама ова ги надмина и најсомничавите во неговиот капацитет и кај неговите најголеми критичари. Иванов со својата последна одлука да ги прекине кривичните постапки и истраги против повеќе политичари, моќници и јавни личности ги навреди сите граѓани на Македонија кои ги повикуваше на спокојство, а од себе направи претседател лажго, голем полтрон и човек без достоинство. По државниот удар што го изврши претседателот врз целиот правен систем, тој лично се стави во одбрана на изборниот криминал, организираниот криминал и корупцијата во највисоките ешалони на власта. Кога Иванов кажал нема да помилува силеџии на избори, човекот мислел на тие што ги кршат гласачките кутии, а не на тие што ги полнат. Но истовремено со прекин на истрагата претседателот направи уште еден голем грев кога индиректно осомничи и луѓе кои не го сакаат неговото помилување и попречување на правдата. Последната порака на Иванов преведена на разбирлив јазик гласи: никој не може да осуди толку злосторнички здруженија и корумпирани политичари во врвот на власта, колку што може тој да ги ослободи од кривично гонење.

Не е тешко да се погоди кој му ја замеси оваа лута папазјанија на претседателот, иако тој тврди дека одлуката е лично негова за да придонесе за решавање на политичката криза и да ги заштити националните и државните интереси. Повторно голема лага бидејќи кратко е времето кога се случуваа и се’ уште се случуваат настаните за да не останат во колективната меморија на граѓаните. Само што пристигна барањето до Уставниот суд од анонимен охридски адвокат да се смени Уставот на мала врата и да му се врати правото на претседателот и да помилува и да аболира и да биде врховен судија кој како цар без суд да може да ги попречува судските истраги и пресуди наврат- нанос, уставните судии со прегласување пет спрема четири експресно му го натурија правото на Иванов да ја попречи правдата оти отиде власта во затвор наместо во владата. Четирите судии кои се оградија од одлуката на своите партиски колеги, повеќе универзитетски професори по уставно право, академици еминентни правници, странски експерти, новинари… предупредуваа јавно дека во заднината на ваквата одлука се крие државен удар, крај на државата, но штабот на ВМРО-ДПМНЕ сите нив ги жигоса како непријатели и платеници. Сега кога претседателот ја изврши наредбата на Никола Груевски, во ВМРО-ДПМНЕ се фрапирани и во најмала рака огорчени од одлуката на претседателот оти ја спречува правдата за криминалците од опозицијата да не завршат во затвор. Многупати досега го видовме лицемерието на власта и лично на Груевски, ама вакво нешто тешко може да осмисли здрав човек со нормален ум.

Досега милоста на Иванов ја одби само лидерот на опозицијата Зоран Заев. Тој еднаш беше аболиран од претседателот Бранко Црвенковски, но во сосема други околности кога беше притворен и осомничен по наредба на оваа власт, а немаше услови за фер судење што се докажа од прислушуваните разговори колку се партизирани судовите и како се носени пресудите за политичките противници. Сега кога власта преку контролираните судови не сака да се соочи со судска постапка, јасно е дека стравот доаѓа од обвинителните акти и доказите кои ќе бидат презентирани и пред судот и пред јавноста, по што ќе биде многу тешко да се изречат ослободителни пресуди, дури и од најпартискиот судија.

По експресното објавување во „Службен весник“ на долгиот список на помилувани лица против кои се запрени истражни постапки, а јавноста не ни знае дека такви истраги се водат, јасно се гледа дека оваа работа не можел да ја изведе сам претседателот, туку дека таа е добро осмислена и подолго време подготвувана во некои други кабинети каде што главните актери се тресат од страв од соочување со правдата.

Целата стратегија за партиска употреба на претседателот во една од најсрамните одлуки во историјата на независна Македонија, всушност, е да се укине Специјалното јавно обвинителство и да прекинат неговите истраги. Тоа има единствена цел – да се спречи обелоденувањето на несоборливи докази и сведоштва за сторените злосторства против државата и против политички противници и невини граѓани чии животи и имоти биле загрозени и уништени од недопирливите и алчни властодршци кои вовеле систем на тиранија и ограбување на сопствениот народ.

Претседателот Ѓорге Иванов да биде милосрдна сестра и да ги помилува сите досега веќе обвинети и тие што допрва ќе бидат под истрага или осомничени е доктрина на уплашени корумпирани политичари.

Читајте го денес внимателно списокот кој се’ е помилуван и кој ја одбива милоста од спасителот на криминалците и се’ ќе ви биде јасно.

И претседателот на државата и тие што чекаат на ред да бидат помилувани треба да знаат дека ако ја одбегнат правдата дома, нема да ја одбегнат правдата на меѓународниот суд. Таму нема помилување пред судење.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

April 2016
M T W T F S S
« Mar   May »
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930