Archive | March, 2016

Tags:

Кога ќе падне Бастилја

Објавено на 31 March 2016 од erizaov

tvrdina

Силно експлодира најновата бомба на Катица Јанева, која ја тресе нашата „Бастилја“ од темели како земјотрес од 10 степени по Рихтер… Специјалното обвинителство го отвори случајот „Тврдина“, кој во судска постапка треба да ја открие вистината за незаконското прислушување на илјадници јавни личности и уништување на прислушната технологија за да се скријат доказите, со што државата и граѓаните на Македонија се оштетени за над 10 милиони евра. Првичните најави што ги соопшти обвинителот Ленче Ристовска ги потврдуваат сомнежите за страшните и трагичните димензии во крајно криминализираното општество од страна на високи функционери, а се покажа повторно и ужасната злоупотреба на најчувствителните институции на државата.

Читајте го внимателно интегралниот текст на новоотворениот предмет „Тврдина“, кој го соопшти обвинителот Ленче Ристовска. Додека ви се крева косата на глава до каде се подготвени да одат узурпаторите на власта, нормален човек не може а да не се праша зарем е можно ова брутално кршење на законите и арогантната злоупотреба на власта да помине неказнето, или уште пострашно – зарем може да успеат властодршците и нивните инсталации и послушници, на голем срам на целото општество, да ја спречат правдата. Она што мене ми остави силен впечаток од професионалниот пристап на Обвинителството во истрагата на предметот „Тврдина“, кој е најтесно поврзан со незаконското прислушување е дека следењето на граѓаните на Македонија и нивното држење под контрола е вршено преку искористување на уредите за прислушување и тонско снимање на техничките капацитети при МВР. Значи, дефинитивно нема странски служби, нема жолти комбиња, тајни сниматели и шпиони, туку местото на злосторството е во МВР со дoмашни кадри, со техника и технологија купена со парите на граѓаните на Македонија.

Во предметот „тврдина“ засега се осомничени двајца началници на одделенијата при Управата за безбедност и контраразузнавање и поранешниот министер за внатрешни работи, кои според истрагата во првата половина на минатата година со злоупотреба на службената положба и овластувања ги уништиле скапите системи за прислушување, направиле штета од над 10 милиони евра. Ова е направено со цел да се скријат доказите за прислушувањето. Како е уништена скапата опрема е вистински трилер. Прво на еден отпад е пренесена со возила на МВР целата опрема каде што е смачкана под тешки преси. По некое време на уплашените актери и наредбодавци ова им било малку, па пак со специјални возила веќе пресуваните десет милиони евра се однесени на друг отпад каде што се исечени на ситни парчиња подготвени за топилница. Целта е да исчезне секоја трага од најголемото нарушување на човековите права и слободи досега во самостојна Македонија. Во Извештајот на Јавното обвинителство се забележани сите детали, датуми и саатници кога се вршени овие операции на уништување на државниот имот.

Вчера во потрагата на еден од обвинетите поранешни началници се одвиваше вистинска драма околу обезбедување на неговиот исказ пред судот и за барањето за негов притвор. Тоа само ја покажа на брутален начин контролата на Судот во Скопје од страна на власта, кој и овој пат кога станува збор за предметите на специјалното обвинителство се стави на страна на тие што ја попречуваат правдата застанувајќи на страна на тие кои се осомничени за тешки кривични дела како што е злосторничко здружување при изборен криминал, а сега и за уништување на државен имот и на докази за откривање на кривични дела кои произлегуваат од незаконското прислушување.

По обвинителниот акт за случајот „Тврдина“ веќе никој не може да си игра мајтап со оваа во моментот единствена институција на државата која води тешка битка за владеење на правото и гонење на сторителите на кривични дела од врвот на власта.

Професионалното и разложено презентирање пред јавноста на предметот „Тврдина“ импресионира и влева надеж дека законите ќе почнат да важат подеднакво за сите.

На сите кои ги попречуваат истрагите на тимот на Катица Јанева секој ден им е појасно дека го кршат Законот и прават кривични дела на соучесништво со прикривање на криминалот и криминалците и со флагрантно спречување на правдата. Еден ден за тоа ќе мора да седнат на обвинителна клупа. Веќе е јасно дека не е прашање дали ќе падне тврдината на Никола Груевски, туку кога ќе падне.

П.С. Бидејќи медиумите под контрола на власта и апологетските уредници по нарачка го објавија и моето име и фотографија како фантомски гласач, сакам да ги информирам моите читатели и јавноста дека тоа е уште една голема игра и прелага бидејќи цели 25 години гласам на истото избирачко место и сега сум уредно запишан во Избирачкиот список. Проверката ја направив по сите основи, а тоа можеле лесно да го направат и тие што се претставуваат како новинари. Благодарен сум им на колегите пропагандисти кои не ми телефонираа да ме прашаат за мојот фантомски статус, со тоа ме поштедија да давам изјави за нивните партиски билтени каде што изигруваат новинари и уредници, за жив срам на професијата. Што се однесува до членовите на ДИК, кои се согласиле да се проверуваат тие што се уредно запишани во избирачките списоци наместо сомнителните 300.000 гласачи и мртви души кои учествувале во изборниот криминал, не знам зошто седат уште таму и си го валкаат образот. Во најмала рака, чуден е чинот да се даде согласност да се проверуваат тие кои се уредно заведени во избирачките списоци, наместо тие во тајните списоци на ВМРO и во списоците на починатите, а гласаат редовно. Тоа значи овие големи стручњаци во ДИК се согласиле проверката да покаже дека се’ е во ред со избирачките списоци. Генијална е идејата за контрола на исправните, наместо на сомнителните.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Капетаните први рипаат од „Титаник“

Објавено на 30 March 2016 од erizaov

grujoahmeti

Злосторничкото здружение е во паника. Од страв и од уплав прават серија катастрофални грешки со тешки последици врз и она малку што остана од разорениот правен систем на државата. Избезумени го испратија до Собранието најголемиот доказ дека Владата е нелегитимна и дека Груевски ја узурпирал премиерската функција повеќе години. Раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ соочени со тужби за тешки кривични дела кои се поднесени и допрва ќе се поднесуваат почнувајќи од изборен криминал до аферата „Телеком“ бараат итна промена на законот за кривична постапка само неколку дена пред распуштање на Парламентот.

Тешко е да се замисли поарогантно и попанично попречување на правдата. Државниот врв под истрага на Специјалното обвинителство наметнува законска измена која може со месеци да ја одложува кривичната постапка. Тоа е гумата за спасување пред неминовната абдикација на владетелот и паѓање на власта. Мигот кога парламентот, на врат на нос, ќе изгласа ваков амин за спасување на корумпираните политичари што управуваат со државата по тужби за нерегуларни избори, практично е најголемото признание дека е нелегитимен парламентот, дека нелегитимна е Владата и дека е нелегитимен целиот правен и судски систем. Општествениот поредок во државата, кој со години наназад е сменет од парламентарна демократија во тврд режим, секој ден ги покажува своите рогови дека е поблизок до тиранија, отколку до диктатура. Да се менува закон за кривична постапка, темелот на кривичното право, преку ноќ пред распуштање на Собранието, кога најодговорни функционери се соочени со кривично гонење, не значи ништо друго туку јавно признавање на вината по основ на сите обвинувања. Овој чин на насилство врз институциите на системот е само уште еден во серијата државни удари и злоупотреба на власта.

Во стравот големи се очите, па затоа не е доволно виновниците да се надеваат дека претседателот на државата послушно ќе ги помилува уште во текот на судските процеси. Не дека претседателот Ѓорге Иванов има петно да си стои на зборот, па да не помилува злосторнички здруженија и изборни силеџии како што вети, но тоа не е доволна сигурност кога станува збор за Иванов . Затоа сега капетаните први рипаат од „Титаник“, кој тоне и од цунамито „Телеком“ барајќи чамец за спасување во измена на Законот за кривична постапка . Посигурно е под закрила на законот да се спречи правдата бидејќи помилувањето и аболициите не се баш популарни. По ова има уште неколку варијанти доколку законските измени на кривичното право не се доволни, а тоа е уште една експресна промена на Уставот и прогласување на монархија со крунисување на Никола Први Груевски за цар на Македонија по волјата божја и народна. Тоа би бил последниот адут против кој не може да се буни и негодува никој затоа што царот македонски би бил со божји благослов.

Се разбира, оваа иронија и цинизам на прв поглед изгледаат малку пренагласено на сметка на злоупотреба на власта и демонстрирање на сила и моќ над институциите на системот. Но, менување преку ноќ на Уставот и законите со партиски директиви, претворање на Собранието во мивка за бришење на правото и правдата веќе не можат да си дозволат ниту царевите, ниту кралевите. Но, бидете сигурни дека во одбрана на власта лесно може да се посегне и по многу поопасни форми кои веќе ги протежираат медиумските апологети, повикувајќи секој ден на решителна пресметка не само со политичките противници на власта, туку и конечно расчистување со сите критичари на лошите владини политики, вклучувајќи ги и граѓаните кои секојдневно протестираат и бараат враќање на слободата, демократијата и владеење на правото и казнување на корумпираните политичари. Не е доволно што се прогласуваат за непријатели и предавници, туку се застрашуваат со отворена закана од граѓанска војна. Ако власта под истрага со основани сомневања и еден куп докази за криминал и изборни нерегуларности се брани со закани за крвопролевање на меѓусебна војна на граѓаните, тогаш, крунисувањето на цар е само формализирање на една состојба која ние ја имаме речиси десет години. Во Македонија премиерската функција е над позициите на сите европски монарси, кралеви и цареви заедно. Во европските кралства суверенот е само симбол на државноста со строго ограничени права и прецизни законски протоколарни овластувања кои не смеат ниту еден милиметар да навлезат во ингеренциите на Парламентот и Владата. Таму кралицата, кралот, кнезот, па и кој било премиер во парламентарните општества со традиција и не смеат да помислат да побараат пратениците да го сменат преку ноќ кривичниот законик или Уставот и тоа во момент кога обвинителството покренува кривични постапки за сериозни кршења на законите. Напротив, таму оставките се неминовност пред било која судска истрага, или постапка на високи функционери осомничени за кривични дела за да се одбегне секоја можност за влијание од позиција на власт и на моќ. Тоа, за жал, во Македонија не се случи и сега агонијата ќе трае иако крајот е извесен.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Ќе се спасиме ли од тортура

Објавено на 29 March 2016 од erizaov

sjo

Ќе се спаси ли конечно Македонија од тортурата на кои се изложени граѓаните секогаш кога ќе му се присака на владетелот, или кога ќе насети опасност по неговиот престол. Ова беше првата моја помисла по вчерашната конференција за медиумите на Специјалното обвинителство и на обвинителката Катица Јанева и нејзините соработници, обвинителите Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи. Кога ги видов повторно ликовите на овие три жени и ги слушнав фактите за флагрантно кршење на човековите права при апсењето на Љубе Бошковски, кои сите добро ги знаеме, ме обзеде гордост и голема надеж дека Македонија има храбри луѓе кои се борат за правда, да се стави крај на теророт и тортурата. Надежта ја расипа експресната панична најава дека со законски измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, парламентот ќе учествува во спречувањето на правдата.

Уплашените властодршци веднаш покажаа дека поднесувањето на обвинителен акт за кршење на основните човекови права при спектакуларното апсење на Љубе Бошковски, претседател на опозициска политичка партија е настан од пошироко значење кој чука и на нивната порта. Овој предмет не е маргинализирање на суштината на Специјалното обвинителство како што веќе наслушнав. Напротив, тоа е клучен момент во стегање на обрачот околу главниот извор на репресиите во Македонија. Обвинителните акти кои еден по еден стасуваат до судот за злоделата на најблиските соработници на премиерот во оставка Никола Груевски и тие што допрва ќе стасаат, а ги најави Јанева, стануваат се’ потежок товар и пожежок костен во рацете на македонското правосудство.

Јавноста сега на отворена сцена ќе се соочи со правниот и професионалниот капацитет на судството во нови околности кога највисоките носители на власта и нарачателите на кршењето на човековите права ја немаат веќе таа моќ и сила. Сега видливо дистанцирани од своите злодела и од своите извршители, дење ноќе зборуваат само за грандиозни успеси и достигнувања, небаре сме станале скандинавска држава како во бајките. Играјќи уплашено на последниот адут, а тоа е агресивната медиумска кампања, бегаат од судот и правната разврска признавајќи само еден друг судија, бројачот на гласовите од списоците кроени во ВМРО-МВР.

Тужбите на Специјалното обвинителство отвораат историска страница кон каде што ќе се движи Македонија, дали ќе завладее правото, или ќе се регрутираат истите партиски судии кои пет пари не дадоа за сите случаи на драматично кршење на човековите права не само при апсењето на Љубе Бошковски и новинарот Томислав Кежаровски, туку уште стотици граѓани кои беа изложени на груба тортура пред телевизиските камери. Таквите партиски судии кои судеа по нарачки не ќе можат да им делат правда на своите наредбодавци, кои сега треба да седнат на обвинителна клупа. Забошотувањето, пак, на тужбите на специјалното обвинителство и нивното анулирање една по една попречувајќи ја правдата ќе биде конечно збогување не само со владеење на правото, туку и со државата што веќе го најавија најеминентните луѓе од правната наука во државата.

На голем испит е и македонската јавност дали мирно и спокојно ќе прифати спречување на правдата во парламентот, донесувајќи такви законски измени кои дури и ретроактивно ќе оневозможат сторителите и нарачателите на кршењето на човекови права, на злосторничкото здружение за изборен криминал и на носителите на организиран криминал и корупција да не можат да бидат судени. Дали мирно ќе се прифати срамниот предлог процесите толку долго да се развлекуваат и да оневозможуваат што конечно ќе се разводни целата суштина во формирањето на Специјалното обвинителство за гонењето на кривични дела кои произлегуваат од незаконското прислушување. Вчера по конференцијата за печат на специјалното обвинителство и по најавата на нови и нов и предмети, а мислам особено за корупцијата во „Телеком“ стаса срамната најава од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за законско попречување сторителите на тешки кривични дела да се соочат со правдата. Предлагачите бараат ретроактивно важење на законските измени за заштита на криминалците од врвот на власта и тоа да го усвојат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тоа нема да им биде тешко бидејќи се бара очајнички начин за спасување на кожата на митоманите, поточно на партнерите во корупцијата ретка во светот кога се казнети давателите на мито со 100 милиони евра, а примателите на мито уживаат во своето богатство. Ваквата одлука на парламентот може да означи крај на специјалното обвинителство ако тоа го дозволат граѓаните на Македонија и меѓународната заедница која дефинитивно ќе мора да се одлучи порешително дали ќе продолжи да го сервисира режимот на Груевски, или ќе преземе активности кои многу подобро ги разбираат носителите на репресија, на кршење на човековите права и на криминал.

Режимите во целата историја на човештвото се потпираат на страв. Деспотите и тираните во 21 век не бесат луѓе на плоштадите и не сечат глави под гилотина, тие сеат уплав со стравотен пропаганден терор преку ТВ-екраните. Апсат спектакуларно и филмски пред камери, секој ден, лесно прогласуваат непријатели од своите политички противници и критичари , измислуваат шпиони, кодоши, странски платеници и разни други предавници кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Се кршат човекови права во Македонија како погача. Со патриотски триумф се уништуваат луѓе и цели семејства само затоа што некој јавно му се спротивставил на вождот и кажал дека треба да се соочи со правдата за своите злодела. Кога пак нарачателите и носителите на репресии од врвот власта ќе се најдат на удар на законот го покажуваат својот кукавичлук и својата човечка бедотија.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Со башибозук не се оди на избори

Објавено на 28 March 2016 од erizaov

izbori glasanje

Како стојат денес работите на предизборната берза. Еден спрема илјада на 5 јуни не се можни слободни избори. Изборни резултати кои сите учесници ќе ги признаат како регуларни и во кои граѓаните ќе веруваат дека се одраз на нивната волја, нема да видиме и да чуеме уште долги години. Тоа е длабоко и нераскинливо поврзано со градење не на барок, рококо и поданици, туку со изградба на слободни личности и слободно општество каде што граѓаните гласаат без страв и каде што функционираат институциите на системот и каде што владее правото. Ако не дојде до сенародно будење по еднодецениско владеење на арогантен и корумпиран режим, поизгледно е трагично распаѓање и поделба на државата отколку слободен изборен натпревар. Со башибозук не се оди на никакви избори.

Зошто го употребувам терминот башибозук кој без соодветно објаснување може да изгледа злонамерен и пренагласен. Башибозук во буквален превод значи „расипана глава“, но суштинското значење е многу пошироко. Главно се однесува на локални моќници, паши и бегови, кои пред распадот на Отоманската империја не ги признаваат законите, судот и поредокот, не го признаваат царот и големата Порта, отцепени од системот владеат со терор, со грабежи и насилство врз населението. Башибозук значи и паравојска и параџандармерија, банди без команда. Во 21 век, поточно во периодот 2006 –2016 година, башибозук во Македонија значи неограничена власт во рацете на шака луѓе кои владеат без контрола од институциите на системот.

Кажано попрецизно, сите институции на системот се под јарем на самопрогласените владетели и нивните најблиски следбеници. Ако се земе предвид факторот време меѓу 19 и 21 век, разликата е незначителна меѓу башибозук во ерата на пропаѓање на Османлиското царство пред сто и кусур години и денес владеењето на нелегитимна власт освоена под сомнителни околности на нерегуларни избори. Со денови не’ вџашуваат сознанијата од истрагата на Специјалното обвинителство и изјавата на обвинителката Катица Јанева дека има основани сомневања и релевантни докази за тежок изборен криминал. Јанева и обвинителството веќе втор пат и приопштуваат на јавноста дека постојат сериозни индиции за злоупотреби на ниво на злосторничко здружување за изборни нерегуларности кои буквално значат узурпација на власта и против народната волја управување со државата. И тоа со избор на нелегитимен парламент, што автоматски значи и на Владата и на премиерот и на претседателот на државата и на судиите во Уставниот суд.

Што е тоа ако не башибозук, или како што ги вика демократскиот свет нови диктатури и диктатори, од кои повеќето доаѓаат на власт по регуларни и демократски избори. Но, потоа многу бргу се воспоставува корумпиран и авторитарен режим и систем на клиентелизам и привилегии, а со примитивен популизам и лажни успеси се инсталира лична контрола на владејачкиот естаблишмент со внимателен избор на свои луѓе на сите клучни позиции во целата држава.

Вториот силен бедем на башибозукот во 21 век не е директен грабеж на населението, туку елегантно и озаконето преку сопствениот осакатен парламент да се арчат немилосрдно милијарди евра од државната каса која се полни и празни со намети и задолжувања по волја и потреба на владетелот. Така со многу пари, со наместени избори, со фалсификати и со застрашувања од постојана опасност од домашни непријатели и меѓународен заговор на големите сили и лоши комшии, може да се владее и сто години со Македонија.

Ајде сега оди ти натпреварувај се на слободни избори со башибозук кој не сака судска правда, туку своја, кој не бара доказите да се мерат на вагата на правдата, туку на кантарот кој сами го баждарат и погрешно мерат во своја корист, ќе биде цела деценија. Како да се натпреварува чесен човек при ум и разум со осомничен за изборен криминал. Може ли да учествуваат на какви било избори компромитирани и бележени личности за изборни измами. Може ли да се надева човек на слободни избори ако не се проверуваат стотици илјади гласачи кои ги има за специјални потреби само во базите на податоци во ВМРО-МВР. Дури и кога би постоеле сите гаранции за слободни избори, дали тие можат да се одржат ако е оневозможено да се провери дали на пример, луѓето иселени во странство гласале на минатите избори, или пак некој гласал во нивно име. Такво нешто не можело да се провери. Значи, не се работи за манипулацијата дека некој сака да им го одземе изборното право, туку дали во минатото, а и во иднина некој гласал, или ќе гласа во нивно име.

Претседателот на ДИК амбициозно и предано ги образложи сите активности да се постигне верба во слободни и веродостојни избори, но останува да висат во воздухот неколку работи за кои мора многу поотворено да се зборува, а тоа е фактот поради кои мотиви починатите лица многу брзо се бришат во матичните книги на умрени, експресно се бришат во пензиските, здравствените и социјалните фондови, а остануваат трајно како живи и здрави во полициските бази. Ќе дознаеме ли за да не се повтори никогаш дали тие луѓе, иако покојни – гласале. Како да се натпреварувате со човек за кој гласаат и мртви души.

И конечно илјада пати констатирано искуствено и научно докажано дека не се можни слободни избори без слободни медиуми. Тоа е последниот бастион на агресивната пропаганда за успесите на Никола Груевски и за црнилата на неговите политички противници и сатанизацијата на демократски ориентираните граѓани. Не знам кој улав во ваква ситуација би одел на 5 јуни, или на 5 октомври, или кога било на избори.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Кај Чомовски во Топ тема

Објавено на 26 March 2016 од erizaov

Нема коментари

Tags:

Отчетот на Груевски и на Јанева

Објавено на 25 March 2016 од erizaov

grujtcet

Премиерот во оставка Никола Груевски во спортската сала во Аеродром како на фолк-парада го отпеа својот десетгодишен евергрин, кој уште ми звучи како реквием од погребот на Македонија. Неколку дена пред тоа специјалната обвинителка Катица Јанева и’ го предочи на јавноста својот Извештај за шестмесечна работа на нејзиниот тим што предизвика вистински земјотрес во државниот врв и „патриотскиот“ дел од општеството. Десетгодишниот и шестмесечниот Извештај имаат само една заедничка нишка. Груевски уште еднаш докажа дека цела деценија може да ѕида кули од карти и да прави лажни чуда, а Јанева само за шест месеци го откри таткото на лагите кој античките филозофи го викале „продон псеудос“. Штом ја изустиш најголемата лага, ќе мора да лажеш цел живот. Големо проклетство.

За мртвите се’ најдобро. Така со солзи на очите се изнаслушав на сите телевизии, радиостаници, интернет-портали и весници на безвременскиот хит продаден во десет милиони копии, пет по глава на жител, за големата љубов на вождот кон татковината и за неговите надалеку познати планетарни успеси, за херојството и патриотизмот да се спречи дестабилизација на државата пред нејзината смрт. Таков отчет досега немам слушнато во време без војна од ниту еден владетел што тој се’ им направил на својата кутра земја и на својот питом народ со нивните пари и каква благосостојба и прогрес им подарил на своите истомисленици. Навистина, чудо невидено. Во тие историски анали на една градителска ера во потрага по пославно минато како во хербариум се сместени трите тома краснопис од „војна и мир“, од еднодецениското силување на слободата и демократијата и на својот народ.

Во тој византиски панегирик за славата на василевсот ги нема мизеријата, сиромаштијата, бедата, слободата и демократијата…. Тие зборови се исфрлени од речникот и од правописот на Груевски, ако се појават во некоја форма тогаш имаат сосема поинакво значење. Демократијата и слободата Груевски ги есапи за измислици на предавниците и непријателите и како нешто што го имаме во изобилство, па се претвора во анархија кога владетелот изгледа како премногу милослив кон своите душмани, на ужас на своите следбеници. Во скромниот речник на Груевски ги нема ни криминалот, ни корупцијата, ни митото, ни провизиите, ни перењето пари, ни узурпацијата на власта… Ако ги има тие се резервирани само за политичките противници. Во говорите на Груевски нема ништо за блокираната европеизација на земјата, за запрените евроатлански интеграции и ако ги има, тие служат за напад на меѓународната заедница и соседите бидејќи само поради нив ние не сме во европското семејство и под чадорот на НАТО. Се’ друго е беспрекорно во земјата на чудата, а патот кон Европа е стопиран од надворешните и домашните непријатели, затоа сите што беа зад нас, сега се далеку пред нас и веќе одамна ја надминаа опасноста за опстанок на своите држави. Македонија веќе не е дел од решението, туку дел од проблемот за стабилноста на поширокиот регион.

Само неколку дена пред политичкиот концерт во спортската сала „МЗ Тито“ и последниот блескот на ѕвездата пред гаснење, осамна и Извештајот на специјалниот обвинител Катица Јанева за нејзината работа. Досегашните удари врз обвинителката Јанева и нејзините соработници, иако беа класична хајка на уплашените узурпатори на власта и нивните послушници, се претвори во вистинско торнадо и медиумска агресија во која покрај новинските апологети, измамници и насилници под заштита на власта се вклучија и парламентарците на владејачката партија, некои судии и колеги обвинители кои се должни на политиката за своите напредувања во кариерата. Бидејќи дефинитивно се видоа контурите на сегашните и идни истраги на специјалното обвинителство харангата на Јанева доби во жестина како што се стеснува кругот околу носителите на злосторничкото здружување. Што поблиску е обрачот до Груевски толку посилна е анатемата против Јанева.

Иако законот за Специјалното обвинителство во сите свои 23 члена нигде експлицитно не кажува дека Јанева треба да го образложува и толкува лично Извештајот за работата на Специјалното обвинителство ни пред Советот на обвинители, ниту пред парламентот, ниту пак во досегашната практика тоа некој го работел, засегнатите од суштинската истрага и од соочување со правдата најдоа начин како да избегаат од главните пораки кои ги испраќа Специјалното обвинителство до јавноста, но и до сите кои се вмешани во кршење на законите, во изборен или кој било друг криминал кој произлегува од истрагите на кривичните дела кои се иницирани од незаконски прислушуваните разговори. Како напредува доказната постапка во гонењето на тие кривични дела, така расте нервозата, ароганцијата и нетрпеливоста, па прецизно и законски регулираната истрагата се поистоветува со дестабилизација на државата, со уривање на власта, со завери на големите сили и странски шпионски центри. Небаре ни Америка, ни НАТО, ни Брисел немаат поголеми гајлиња од големото геостратешко значење на Македонија и од многу авангардната и успешна политика на Груевски и владата на што завидува цел свет и гледа опасност од разоткривање на грешките на големите сили.

Во режимите по некое непишано правило сите оправдувања за банкротствата и сиромаштијата за нереализираните стратегиски цели и големите грабежи, за изгубените надежи и перспективи се бараат во заговорот на комшиите и светските велесили. Со такви оправдувања јавноста може да се лаже долго, но еден ден сепак лагите имаат крај. По откривањето на најголемата лага – „таткото на лагите“, на виделина излегуваат сите измами. Едно такво сомневање деновиве на прес-конференција изнесе обвинителот Катица Јанева искажувајќи гласно сомнеж, врз основа на доказите во досегашната истрага, дека власта во повеќе истанции од изборот на уставни судии до изборот на парламентот, што значи и на Владата и на претседателот на државата се избрани нелегитимно, односно по големи изборни нерегуларности. Ова не е ништо сензационално и неверојатно, освен факот што го кажува јавен обвинител. Досега за нелегитимноста на власта има стотици јавни искажувања, но кога тоа го соопштува јавен обвинител кој веќе има покренато постапки за изборен криминал, кој се целосно опструирани најмногу од оние кои сега врескаат, тогаш, ситуацијата навистина станува жешка.

Голем број јавни личности, универзитетски професори, еминентни правници и академици, меѓународни асоцијации и новинари предупредија дека на изборите во Македонија има големи нерегуларности, но сето тоа поминуваше со брзо прогласување на тие луѓе за непријатели, кодоши и предавници, соросоиди и петта колона. Но, сега работата е сосема поинаква, во државата има јавно обвинителство и обвинител кои навистина сакаат да работат според законот за гонење на кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори. Како што се стега обрачот кај осомничените се бараат илјада начини борбата против криминалот да се прикаже како државен удар или уривање на државата. Во тоа има вистина, но во случајот државниот удар против својот народ го изведе власта ставајќи ги сите институции под директна контрола, вклучувајќи го и парламентот и уставниот суд и сите судски инстанции и, се разбира, целосно претседателот на државата. Легитимитетот на институциите на државата одамна е изгубен двојно. Еднаш со преземање на власта со нерегуларни избори. Вторпат со укинување на институциите на системот, или уште полошо со притисок за нивно селективно функционирање.

Затворањето на патиштата на правдата и попречувањето на судската разврска на истрагите и обвинителните акти на специјалното обвинителство најдобро го докажуваат тоа. Откако е правдата и правото на Земјината топка, нема позаинтересиран за брза и праведна судска разврска од лажно обвинети и набедени луѓе и нема поголем отежнувач на правдата да го најде својот пат од моќен виновник. Во случајот многу јасно се гледа кој ја спречува правдата во Македонија. Кога тоа убаво се гледа, тогаш, точките, запирките и тремата на Јанева воочени на конференција за медиуми стануваат главен доказ дека власта е безгрешна и невина. А, колку е легитимна власта пишува во избирачките списоци полни со 500.000 крунски докази кои не смеат да излезат на виделина. Ама на крај ќе излезат. Како вели Груевски, вистината е како шило.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Правдата под лупа

Објавено на 14 March 2016 од erizaov

Spotlight-Movie-2

Им препорачувам на колегите новинари, уредници, истражувачи, експерти, аналитичари, колумнисти и сопственици на медиуми, ако веќе не го направиле тоа, да го гледаат оскаровецот на Холивуд за најдобар филм годинава „Спотлајт“, или во слободен превод „Под лупа“. Не знам кога последен пат биле на кино Никола Груевски и Али Ахмети и нивните најблиски соработници, но ако потрошат два часа и десет минути за еден навистина добар филм кој е снимен по вистинит настан за сексуална злоупотреба на стотици деца од католички свештеници, мислам дека нема да згрешат, иако не верувам дека тоа нешто ќе промени во нивните ставови и сфаќања за новинарството и независноста на медиумите.

Не е лошо и опозициските лидери малку да се просветлат и да се подготват на тема како да се избришат разликите во партиите во односот кон медиумите и новинарството кога се на власт и кога се во опозиција. Најтопло и’ препорачувам на специјалната обвинителка Јанева да го покани својот поранешен шеф Зврлевски и уште неколку обвинители од редовното и специјалното обвинителство, а зошто да не и неколку судии да појдат до „Сити мол“ и да погледаат една жестока професионална борба како вистината да стаса до јавноста и како не само новинарите, туку и многу други храбри луѓе и разни институции се справуваат со обидите за попречување на правдата и прикривање на сторителите на тешки кривични дела.

Победата, иако половична, против католичката црква и откривање на вистината за злоупотребата на децата од свештеници е новинарска сторија која ме фасцинира не толку од откритието и преданоста кон професијата на новинарите на „Бостон глоуб“ , локален весник во Америка, колку од подготвеноста на разни мали, но значајни алки во системот храбро да ги дадат потребните информации и докази на новинарите, правдата да победи и вистината да излезе на виделина. Истражувачка сторија пар екселанс, која во Македонија не е остварлива до крај не затоа што нема добри новинари, напротив има повеќе одлични професионалци и неколку истражувачки тимови кои во скромни услови и со малку средства покренуваат значајни теми за злоупотребите на власта, на центрите на моќ и организиран криминал. Притоа најчесто нема епилог со морална или судска разврска. Македонското законодавство нема строги казни ако се спречува објавување на информациите од јавен интерес. Додуша, можеби не сте чуле, кај нас има закон за слободен пристап до информациите од јавен интерес, но во практиката е неспроведлив, особено ако се појави чувствителна тема која ја засега власта.

Се разбира, ни во Америка, ниту каде било во светот темите за криминалот на власта, за злоупотребите на моќта и функциите, за кршење на човековите права, за организираниот криминал и корупцијата, за затајување даноци, за тероризмот, за гревовите на црквата и верата… не им се сервираат на новинарите на послужавник, туку секаде тоа е една тешка и мачна борба, често со жртви и големи премрежија, особено ако новинарите тргнат решително против злосторствата на недопирливите кои се кријат и зад Господ и зад световната власт.

Истражувачките новинари во Македонија добиваат и меѓународни признанија и награди, но нивните стории не се објавуваат во највлијателните мас-медиуми кои се под контрола. Затоа ни се случува, на пример, аферата со фалсификуваните лични карти, со избирачките списоци и изборниот криминал, со организираниот криминал и корупцијата, со непреченото повеќегодишно прислушување на илјадници јавни личности и се’ што произлегува од тоа прислушување да не заврши ни со морална одговорност, а ако победат опструкциите и притисоците, ќе нема ни судска разврска. По паничните јавни ангажмани на Груевски дека избирачките списоци се добри и покрај општата смејурија што ја предизвика можноста за проверка кого се’ таму има и нема, веќе во тие списоци никој разумен не верува. Укажувањата на граѓаните за грешките нема да се проверуваат. Така одлучила ДИК.

Агресивната десетгодишна пропаганда направи таква пустош и делби низ Македонија, што се’ уште има луѓе кои веруваат дека изборите се поправедна пресуда отколку таа на судот. Изборната победа како што проповеда Никола Груевски со неговиот добар и победнички избирачки список треба автоматски да значи и ослободување од секаква одговорност за сторители на тешки кривични дела, па дури и за кражбата на волјата на народот на избори.

По ваков атак по сите човечки сетила е изместена перцепцијата на граѓаните да не препознаваат во што е разликата меѓу демократски, слободни и веродостојни избори и масовно гласање на фантоми. Под демократски избори обично се подразбира чесно утврдување кој колку гласови добил. Но тоа се’ уште не се слободни избори. Слободни се кога секој граѓанин со право на глас без страв од драстични последици може да гласа како што мисли. За такво нешто во Македонија ќе почекаме. Веродостојни избори, пак, се потврда на слободно изјаснување со гарантирано тајно гласање кога по пребројувањето на гласовите сите учесници на натпреварот ќе ги признаат резултатите како точни, што се вели кога ќе паднат честитки за победата. Фантомски избори се „добрите“ избирачки списоци на Груевски кои гарантираат доживотна победа.

Наслушнав дека во Македонија веќе се снима филм според вистински настани со работен наслов: Се случи еднаш во Македонија во главна улога со Никола Груевски.

П.С. Почитувани читатели, ќе ве одморам неколку дена од мене. Се читаме од идната недела.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Од сите страни прокиснува

Објавено на 11 March 2016 од erizaov

pokriv

Овие од Брисел мислат дека некого во власта многу ќе вознемират и загрижат со тоа што ни ја условуваат препораката за преговори со ЕУ додека не се врати демократијата во Македонија. Кај нас од сите страни тече и прокиснува, а тие нам ни поставуваат некакви банални услови баш во време кога се води војна како да се владее и натаму без контрола барем уште една деценија со оваа кутра држава и напатен народ. Кај се видело за време на војна за власт да има демократија и слободни медиуми и независни судови и фер избори.

Ќе се излажете ако помислите дека овие евро бирократи се наивни сликари, или се прават наудрени дека не знаат ако Владата и премиерот Никола Груевски водеа малку грижа за европската иднина на државата во изминатата деценија ќе ја помрднеа земјата ако не повеќе само еден чекор напред кон евроатланските интеграции. Вака од млад кандидат станавме стар кандидат, а уште некоја година ако потрае оваа наша страховлада, ќе останеме вечен кандидат со добри изгледи да го промениме името во Поранешна Република Македонија.

Сите што беа зад нас на Балканот, сега се пред нас поради погрешните политики и задушување на демократијата, загрозување и кршење на основните човекови права и слободи, поради партиска контрола врз сите институции на системот, арогантно непочитување на Уставот и парламентарниот систем, грубата медиумска цензура, поради криминалот и корупцијата во врвот на власта и многу други познати и непознати грешки, намерни и од незнаење, Македонија е вратена поназад отколку кај што беше рамно пред десет години.

Се разбира, ни малку не се наивни луѓето од бриселската администрација, добро ги знаат сите промашувања и глупости кои секоја година ни ги соопштуваат во своите извештаи, дури прилично внимателно да не не’ навредат, па секогаш почнуваат со постигнатиот напредок во неколку учтиви реда, за потоа во цела книга да ни ги кажат грешките, застоите и назадувањата. Тоа е тоа што ни го соопштуваат на сите како пишан документ, а што им кажуваат на нашите лидери во четири очи веројатно ќе остане уште долго тајна, но не е тешко да се претпостави. Наивните главно се кај нас дома, тие се’ уште веруваат дека има некој во раководството на ВМРО-ДПМНЕ кој е европски ориентиран и кој е подготвен да прифати европски правила на управување со државата. За жал, по десет години тапкање во место уште има такви кои и покрај сите прелаги веруваат повеќе на оправдувањата зошто не сме во ЕУ и во НАТО, отколку на злоделата што секој ден се прават во државата на очиглед на јавноста, спротивно и на цивилизациските стандарди и на законите и на Уставот и на моралните и етички норми.

Каков напредок на европскиот пат може да се очекува ако со години сме изложени на агресивна антизападна пропаганда во провладините медиуми. Демек, Европа и НАТО се пред распаѓање, таму нема демократија, нема независно судство, нема владеење на правото, нема слободно новинарство, луѓето живеат во страв од големата економска криза и од тероризам, од бегалци … Нивната главна теза е дека Америка и Европа, нашите најголеми стратегиски и економски партнери, работат со години на уништување на нашата држава. Види мајката, тие тоа што го кажуваат не знаат зошто големите сили толку многу сакаат да не снема. Немајќи нормален одговор на ова прашање измислуваат некакво геостратегиско значење на Македонија како балканска раскрсница која одамна е заобиколена од сите страни, оти наместо патишта и пруги девет години градевме само барок, рококо фасади и гаражи, вртелешки, споменици на антички јунаци и слични будалштини. Сега почнавме да ги градиме патишта кога соседите не заобиколија лесно како кружниот тек на градоначалникот на Скопје, Коце Трајанов.

Многу ми се смешни јунаците што претпладне плукаат по Европа и по Америка, а попладне се воодушевуваат и му ракоплескаат на Груевски за инвестициите на европски и американски компании. Тоа го правдаат со идиотската логика дека американските компании се добри, ама не чини американската политика, божем со американските компании управуваат толкави абдали да фрлаат пари во земја која Америка сака да ја уништи. Тоа се вика геостратегиска експертиза на билмезите и климоглавите послушници на власта кога сакаат да креираат светска политика со тоа што ќе плукаат по Америка, по ЕУ и по НАТО, а ќе ја величаат мудрата власт и водачот што се раѓа еднаш на 1000 години.

Додека Европа ни поставува услов за почнување на преговорите по слободни и фер избори, што јас го толкувам како прво смена на корумпираната власт, па преговори, кај нас во исто време силно се удира токму против тие услови. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски заборави дека е во оставка, па сега турбо се слика на телевизиите 24/7 и како премиер и како лидер на партијата , но често настапува и како лидер на опозицијата кога зборува за министрите што му ги избраа други. Вели се’ е исполнето од договорот во Пржино, останува само да се оди на избори. Бадијала се пораките и од светот и од дома дека реформите во медиумите, непречената работа на Специјалното обвинителство и обвинители, независноста на судството и прочистувањето на избирачкиот список се главните предуслови без чие исполнување не се можни фер и слободни избори.

Практично, најновата стратегија на Никола Груевски е да ја принуди опозицијата да не оди на избори бидејќи евидентно се’ поголем број луѓе ги откриваат измамите и на досегашните избори и причините зошто власта го оневозможува Специјалното обвинителство да си ја врши работата во гонење на сторителите на кривични дела и на злосторничкото здружение за изборен криминал. Набргу, Специјалното обвинителство веќе објави дека ќе следуваат и постапките против осомничени за организиран криминал, мито и корупција, перење пари, затајување даноци, злоупотреба на службената положба… за да се разводенат овие истраги за тешки кривични дела провладините медиуми работат по едноставна шема: еден ден како ударни вести и насловни страници во весниците одат големите успеси на владата и отворањето на нови фабрики, најави за големи инвестиции, средби со граѓани и исполнување на нивните желби, па потоа следуваат анатемите и црнилата против опозицијата и Специјалното обвинителство, а другиот ден обратно, прво почнува плукањето по политичките противници и предавници, против Специјалното обвинителство и обвинителите, па потоа одат вестите за фантастичните достигнувања на Владата и Груевски на сите страни. Велат драматично е намалена невработеноста на 24,6 отсто, а не кажуваат колку е зголемена вработеноста. Не кажуваат дека над 50 отсто од младите со факултетски дипломи се без работа, а над 38 отсто до средношколците немаат шанса да најдат работа. Се фалат со масовното вработување во државната администрација и по паркиралиштата. Упорно одмолчуваат колку млади луѓе со факултетски дипломи заминаа во странство и се избришани од евиденцијата како невработени. Ете такви се тие популистички успеси кога одат вестите за отворање фабрики, а се кријат за затворање на фабрики и отпуштања на работници.

Сепак, најсмешната работа со медиумските реформи е кога власта мери колку секунди помалку за нејзините активности посветила ТВ 24 вести и ТВ Телма, од опозицијата, а заборава дека десет години трае цезурата на нивните телевизии каде што не може ни збор да се појави на луѓе кои различно мислат од власта. Тоа ти е вмровското поимање на демократијата.

Веќе повторив повеќе пати дека во Македонија не е можна демократија додека не замине од политичката сцена Никола Груевски.

(Објавено во Утрински)

Коментари (2)

Tags:

Милост за апашите

Објавено на 10 March 2016 од erizaov

ivanov

Вооружени специјалци до заби, распоредени пред Уставниот суд на Македонија, ќе ги бранат од народот петте партиски судии на власта. Ним им треба заштита за да ја одработат спокојно срамната одлука и да ја дозавршат политичката нарачка за претседателот на државата Ѓорге Иванов, заштитен со Устав, за да може да помилува сторители на тешки кривични дела, вклучувајќи и за изборен криминал. Народски кажано Иванов како обезвластен и некрунисан цар треба да даде милост на апашите за кражба на волјата на граѓаните. Добри се изгледите тоа да се случи, послушниот претседател со амин на Уставниот суд да ја запечати една од најсрамните одлуки во независна Македонија.

Дали беа бадијала сите протести, сите стручни и јавни укажувања на еминентни правници и универзитетски професори по уставно право, уставотворци кој го напишале Уставот, академици, кои недвојбено јасно предупредија дека таквата конечна одлука на Уставниот суд би значела државен удар и крај на државата. Брзањето на Уставниот суд да ја донесе крајната одлука покажува дека стравот од соочување со правдата е голем, а тоа значи дека воопшто не биле залудни ни протестите на граѓаните, ни јавните настапи и предупредувања на правните експерти. Колку власта е поарогантна толку е поиспаничена, па влече погрешни потези ѓоа преку извесен охридски адвокатски приправник кој има толкава моќ и сила да врши притисок врз Уставниот суд, а индиректно и врз институцијата Претседател на државата. Ароганцијата и стравот заслепуваат, па не можат нарачателите да видат дека ако со помош на специјалци се донесе конечната одлука за стопирање на правдата и законската постапка за утврдување на изборниот криминал, тоа ќе биде силен доказ за целата јавност дека навистина режимот на Никола Груевски извршил државен удар, контролирајќи ги и Уставниот суд и сите институции на системот, почнувајќи со судовите во сите инстанции и завршувајќи со парламентот и претседателот на државата.

Втората причина зошто се избрзува одлуката на Уставниот суд се најавените активности на Специјалното обвинителство и неговите поодминати истраги за изборниот криминал. Според сознанијата и доказите со кои располага обвинителството, од кои еден дел веќе слушнавме од обвинителката Фатаиме Фетаи, тешко ќе му биде на кој било суд да донесе ослободителна пресуда, па макар за главен судија да го стават несудениот правник Илија Димовски, директор на комуникацискиот центар на ВМРО-ДПМНЕ и агилен пратеник. Дури и ако деновиве пламнат магацините во Визбегово и изгорат до пепел сите гласови и листи од досегашните избори.

Уставниот суд испраќа порака на јавноста неполни три месеци пред изборите што и да направи власта, се’ ќе и’ биде простено колку и да се опасни злосторничките здружувања и кршења на законите за слободни избори.

Попречувањето на правдата е силно и за другите истраги и гонење на осомничени во високите ешалони на власта и за кривични дела во областа на организиран криминал, корупција, перење пари, затајување на даноци, злоупотреба на службената положба и други узурпации од позиција на сила.

Во врска со спречување на правдата за изборен криминал, всушност, не се работи за милост на осудени лица кои издржуваат затворски казни, туку претседателот на државата да добие законско право да ја попречи правдата пред да седнат осомничените на обвинителна клупа во судот. Оправдувањата дека такво право имал поранешниот претседател на државата, видовме не држат вода, бидејќи ограничувањето 2009 година го предложи ВМРО-ДПМНЕ, а неговото мнозинство го изгласа во парламентот. Иако настаните и поводите се многу различни пред седум години и денес, има едно строго правило и во правото и во животот: поранешно зло направено пред повеќе години не може да се оправда со зло направено денес во никој случај, а најмалку од исти луѓе. Еднаш претседателот ако не е наш ќе му го скратиме право на помилување на тие што ние ќе ги судиме, ако е наш ќе му го дадеме правото да спречи судење на нашите луѓе колку и да згрешиле. Какво право е ова.

Третата причина за брзањето на Уставниот суд е на сосема друга страна. Неа ја обелоденија двајца познати универзитетски професори Сергеј Гуриев и Даниел Трејсман, кои своите наоди ги објавија во „Њујорк тајмс“. Овие двајца научници кои го проучуваат новиот вид авторитарни владетели и „меките“ диктатори, кои ја концентрираат моќта и ја задушуваат опозицијата, ја укинуваат внатрешната контрола кои покрај пропагандата и цензурата со разни трикови го зголемуваат својот рејтинг за да ги убедат граѓаните дека се подобри од достапните алтернативи, меѓу другото имаат и еден посебен начин да ги блокираат политичките противници. Тоа се бескрајните судски процеси, сослушувања и други правни формалности. Дали ова што се случува со лидерите на опозицијата Зоран Заев и Радмила Шекеринска не ви личи на таква стратегија со серија кривични постапки, со секојдневни повици и сослушувања на суд, со нивно сатанизирање преку контролираните медиуми. Од друга страна се опструкциите и нападите врз Специјалното обвинителство и врз обвинителот Катица Јанева да се попречи правдата, комбинирани со закани, ограничувања и тужби.

Главниот заклучок на оваа беспрекорна анализа на Гуриев и Трејсман за новите режими завршува со констатацијата дека Западот мора да се позанимава со спречување на таквите автократи. Лобирањето во полза на диктатори треба да се смета за сериозен прекршок на западните влади. Не само етички.

(Објавено во Утрински)

Коментари (4)

Tags:

Ме има ли на Шиндлеровата листа

Објавено на 09 March 2016 од erizaov

shindler

„Ме има ли на избирачкиот список“ е најновата компјутерска забава во Македонија. Фалсификатите на нелегитимната власт служат за играње мајтап со фантастичните откритија за тоа колку било лесно со години да се победува на избори. Кликнуваш на „избирачки список“, ги ставаш своето име и презиме и играта почнува. Те има, или те нема на Шиндлеровата листа дознаваш за миг. Ако те нема, одиш на втора варијанта, ја впишуваш точно адресата на живеење каде што те чекаат нови изненадувања. Некаде со пет, некаде со десет, а некаде со 50 и кусур фантомски станари ја делиш куќата кои никогаш не си ги видел. Хорор со духови. Ако сите нив ги има, а тебе те нема, одиш на трета мајка и го впишуваш твојот матичен број и оп, гледаш на екранот нови чудеса. И тука ако те нема, не постоиш. Ако пак те има, ти си спасен како Евреите од списокот на Шиндлер кои не завршиле во концентрационен логор. Избирачкиот список во Македонија на подбишега се вика Шиндлерова листа.

Но играта не завршува. Обиди се да видиш дали ги има твоите покојни предци, или некој од блиските роднини и пријатели. Пак преку трите варијанти, со име и презиме, со адреса и со матичен број. Некои се уредно запишани, некои уредно отпишани, некои ги има и ги нема. Не можеш да дознаеш само една работа, дали сите овие луѓе што ги нема гласале, дали сите што не гласале, а ги има расфрлени по светот, сепак гласале, односно некој за нив гласал и многу други прашања кои допрва ќе се отворат откако ќе заврши со единствениот ваков циркус во светот да се чисти избирачки список од мртви души, но и од живи луѓе кои имаат право на пет, или десет гласа. Со избирачките списоци, кога по пречистувањето ќе се спореди со тоа кој се’ гласал, а кој не гласал, ќе стане кристално јасно зошто имаше толкав отпор за нивно пречистување. Одговорот е сега сосема јасен, ќе се видат на дело сите бербатлаци во повеќе изборни циклуси.

Медиумите под контрола на власта по достава на партиските членови кои се во состав на Државната изборна комисија побрзаа да ја објават први ексклузивната вест дека на избирачкиот список фалат сто илјади луѓе. Од нив над 90.000 биле Албанци кои заминале во странство, без да се пријават кога си оделе. Ама гледај чудо, сите нив ги има во базите на МВР, а ги нема во списоците и базите на 10-те други институции што ги споредува ДИК. Ви текнува ли сега за каква папазјанија станува збор. Значи, 100.000 луѓе во МВР ги има на некој друг список за гласање, а ги нема кај другите институции. Бидејќи не се во земјата од поодамна, за нив некој може да гласа прилично организирано и спокојно со добро отпечатени лични карти. И сега доаѓа поентата, 90.000 биле Албанци, а 10.000 Македонци и други. Ова беше големото откритие од првиот ден на чистење на избирачкиот список кое итно се објави за да се оправда големата брука пред финалниот извештај на ДИК. Се разбира, од ДИК експресно стаса демантот. Но сепак еден заклучок што ни го приопшти колегата Даут Даути заслужува посебно внимание. Даути во својата колумна во весникот што прв ја објави оваа сензација вели, ако навистина 90.000 луѓе кои заминале во странство ги има во МВР, а ги нема во другите списоци на институциите и ако тоа се потенцијални фантомски гласачи, тогаш кај Македонците таа бројка е 500.0000. Си велам, дури ако се работи и за 300.000 иселени Македонци во последните, да речеме, 15 години, тогаш јасно е дека резултатите на фантомските гласачи се фантастични бидејќи, на пример, во Источна Македонија која е соблазнето испразнета, на секои избори гласаат над 70 отсто од избирачите. Чудни некои бројки се јавуваат за излезноста во Западна и Источна Македонија, па и во другите делови од земјата на секои избори. Да почекаме до конечниот извештај на ДИК и да ги дознаеме аномалиите на бројките и тајните на избирачките списоци.

Сосема друго е прашањето дали покренатите постапки од Специјалното обвинителство за изборен криминал ќе имаат судски епилог за да се види дали имало, или немало кражба на волјата на граѓаните и изборни фалсификати. Според она што го соопшти обвинителката Фатиме Фетаи во првиот обвинителен акт против високи владини функционери за изборни измами, има големи основани сомневања дека со години власта е нелегитимна и не е избрана од граѓаните. Фетаи кажа две бројки многу индикативни, а тоа е дека има 60.000 новозапишани гласачи и 15.000 нови матични броеви, а кои не се новородени бебиња. Тоа можеби и не би било толку загрижувачки ако не предизвикаше шок во власта и агресивна опструкција осомничените да не бидат притворени. Попречувањето на истрагата и правдата е дигнато на ниво божем се спасува Македонија од предавници и непријатели. Основната логика на сите криминалци е да се избегнат правдата и соочувањето со законите и судот. Невините луѓе, наклеветени, особено ако се на високи функции, инсистираат на брза судска разврска бидејќи сепак имаат поголеми шанси да ја докажат својата невиност отколку обичните граѓани, или политичките противници. Зошто власта бега од судот и правдата и при ваква силна контрола на судството не е многу тешко да се погоди.

Обвинетите за изборен криминал веќе делат интервјуа и изјави за својата чесност како жртви на прогон од страна на опозицијата и Специјалното обвинителство. Обвинетите за криминал во Македонија не зборуваат пред судии, туку пред камери. Единствено радува што ова се’ повеќе луѓе го разбираат.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

March 2016
M T W T F S S
« Feb   Apr »
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
28293031