Archive | January, 2016

Tags:

Најновиот изум на лудницата

Објавено на 28 January 2016 од erizaov

tv
Од Лудницата стаса нов изум. Власта предлага како МТВ да стане предизборен јавен сервис или, поточно кажано, јавна куќа во која сите ќе имаат еднаков пристап освен газдата, кој може слободно кого сака, колку сака, кога сака и колку може да не’ онаквуе. Како и сите генијални откритија и ова е многу едноставно, само треба да ти текне. Од ДПМНЕ предлагаат, со сиот ум, МТВ каде што и МВР има седиште, на ороспии сокак среде Скопје, да ја управуваат двајца лиценцирани партиски главни уредници на власта и на опозицијата во својство на политички комесари, заштитници на професијата, како и макроата на централната шантаана во државата. Тие ќе одлучуваат професионално, морално и етички, што ќе има на ноќната и дневната програма, со задолжителни „куртон вести“ најмалку дваесет пати во едно деноноќие, а времето минато во борделот ќе се мери според надареноста на кандидатите покажана на претходните избори.

Кога новите диктатури на 21 век кои владеат со информации ќе дојдат до последниот стадиум на лудило, прават такви катастрофални грешки кои ги разоткриваат сите симптоми на болеста. Тоа е онаа неизлечива фаза кога пациентот подолго време не разликува што е нормално, а што ненормално. Во Македонија можат да се напишат повеќе книги отколку што напишал Толстој само ако се набројат будалштините, големите промашувања и расипништва кои се прифатени како успеси и достигнувања од светски ранг. Такво тераписко успешно повеќедецениско лажење кога повеќе верувате во пропагандата која доаѓа од телевизорот, а не му верувате на празниот фрижидер , или повеќе верувате на раскошот во царскиот дворец на Луј 14, 15 и 16, кој вие сте го платиле, а помалку верувате во вашиот празен џеб, нема никаде на овој свет. Еве, на пример, денес јавуваат дека на ранг-листата на „Фридом хаус“ за медиумските слободи тонеме се’ подлабоко. Веќе не сме во земјите со изборна демократија бидејќи на изборите во 2014 имало тешки неправилности. Македонија заедно со Косово и БиХ е последна во регионот според медиумските слободи.

Во образложението на оценките на „Фридом хаус“ стои дека тоа е поради прислушувањето на јавни личности по наредба на Владата. Аууу… какава грешка, тие таму не знаат дека кај нас опозицијата во спрега со странски агентури прислушувала, монтирала сечела, лепела и емитувала лажни вести, дека формирала фабрика за лаги и фалсификати. Така јавија нашите телевизии кои секогаш точно и први дознаваат дека во оваа држава се’ е на место освен опозицијата која постојано бара промена на власта. Кај се чуло и видело опозиција да бара промени. Цели десет години трае застрашувањето на граѓаните дека опозицијата бара смена на власта, што е крајно загрижувачки за стабилноста на државата, на парламентарната демократија и повеќепартизмот што спаѓа во тешки кривични дела за велепредавство, државен удар и неколку пучеви. Замислете колку е тоа ненормално опозицијата да бара смена на власта на фер избори. Еве сега повторно марионетската опозиција не сака да оди на избори оти знае дека ќе загуби исто како и 2014 година на фер и слободни избори за кои „Фридом хаус“ оценува дека биле со тешки неправилности. Се разбира, додека излезе овој текст во печат, веќе ќе се огласат владините трубадури, експертите за манипулации и лаги за да соопштат дека ова е американско масло, ама не на потпретседателот Џо Бајден, кој е добар човек и пријател на Македонија, туку лично на претседателот Обама и американската лоша надворешна политика. Ќе се огласи познатиот дипломат во пензија, кој е неуморен портпарол за надворешни работи и ќе каже дека „Фридом хаус“ е нелегитимна и небитна институција која работи против Македонија поради тоа што не сакаме да го смениме уставното име под кое не’ признала и Америка, се разбира по грешка, како што по грешка на мала врата поради нас и Русија ги прима сите земји околу нас во НАТО. Така, во македонската јавност станува поважно колкава е вратата за влез во НАТО или во ЕУ отколку членството. И сега, драги мои, ајде да ги видиме вестите со двајцата уредници – на власта и на опозицијата. Мислам дека една таква пародија може да не’ изнасмее до солзи ако истите вести ги читаат партиските лиценцирани комесари. Се надевам дека некоја телевизија, која држи до професијата, ќе исценира едни такви вести за да ја видиме безграничноста на лудоста.

По смеењето обично доаѓа трагичното сознание за абнормалноста на предлогот за двајца партиски уредници. Тоа само покажува за какво незнаење, ароганција, политичка некултура и немање минимум демократски и етички капацитет во врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја покажуваат целата беда на поимањето што е слободно и објективно информирање на јавноста. Вмровската доктрина да има се’ дупло во државата и на овој начин само ја обзнанува тажната вест дека Македонија не може по демократски пат да излезе од кризата и да се ослободи од режимот. Без оглед на избезуменоста на Запад од бегалската криза, особено на Берлин и Брисел, ќе мора многу посериозно да се позанимаваат со својата погрешна улога во овозможувањето да функционира толку долго автократијата во Македонија. Лобирањето во полза на режимите ќе мора да се смета за сериозно прекршување не само на етиката, туку и на стабилноста на регионот. Западните демократии треба да обезбедат објективно емитување на вести во Македонија со цел посериозно да се парира на пропагандата и цензурата која достигна драматични димензии. Ако тоа не се направи во предизборниот период, изборите не можат да бидат ни слободни ни фер. На такви „европски“ избори без опозиција победата на Јоханес Хан и на Никола Груевски како коалициони партнери е гарантирана.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Катица пак пред стрелачки строј

Објавено на 27 January 2016 од erizaov

katica

Власта презема нова серија активности за да ја принуди опозицијата да ги бојкотира изборите. Бившиот премиер Груевски најмногу сакал избори без опозиција, така победатa му била најсигурна, башка ќе нема сомнeвања за фалсификати и се’ ќе протече во најдобар ред. Од такви избори без учество на опозицијата бил одушевен и еврокомесарот Јоханес Хан кој многу цивилизациски, културно и мудро кажа деновиве во едно интервју дека не е важно кој ќе учествува и кој нема да учествува на изборите во Македонија, важно е тие да бидат фер. Новите европски вредности на избори без опозиција Хан ги промовираше во софиско списание. Хан како Мао Це Тунг вели дека не е важно дали мачката е црна или бела, важно е да лови глувци.

Ваквата отворена поддршка на режимот на Груевски предизвикува нов уште пожесток хаос на домашната јавна сцена и се’ поперфидна и поподмолна манипулација со јавноста. Од една страна се повикува на избори со гаранција дека ќе се исполнат сите точки од договорот во Пржино, а од друга страна, се’ што може да води кон фер и слободни избори веднаш се проблематизира. На удар пак се Катица Јанева, натамошното комплицирање со избирачките списоци со нови барања и уште посилната контрола и притисоци врз медиумите. Специјалната обвинителка Груевски ја прозва во својот последен милитантен и популистички говор пред жените на ВМРО- ДПМНЕ како непријател број еден и фактор за дестабилизација на државата. Само дваесетина дена пред тоа, во новогодишното обраќање Груевски гарантираше, кој знае по којпат, дека ќе и’ бидат обезбедени на Јанева сите предуслови за непречена работа. Ете сега видовме што Груевски подразбира под непречена работа, тоа било да ја препушти Јанева противзаконски и противуставно во надлежност на јавните обвинители на сослушување како пред преки суд и пред стрелечки строј без право на одбрана.

Обвинителите се нафрлија врз Јанева небаре се адвокати и извршители на владата и на Груевски. Ниту еднаш во целата расправа не го спомнале мотивот зошто е формирано Специјалното обвинителство што воедно е најсилен доказ дека редовното обвинителство ништо не работи кога е во прашање организираниот криминал во високите ешалони на власта и владата. Ниту еден предмет во Македонија не е отворен за корупција и криминал на највисоки функционери на власта. Според тој критериум, Македонија има најчесна и најчиста власт со лидери кои на мравка не газат, а не пак да бидат замешани во коруптивни афери и организиран криминал. Ниту едно прашање не поставиле големите обвинители што и’ стои на патот на Јанева како главна пречка што се’ уште нема обвинителен акт за тоа што треба да го сработи и за што е формирано обвинителството со специјален закон. Сите тие големи обвинители знаат дека Специјалното обвинителство е формирано поради нивната неспособност во откривање на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Наместо со тоа да исперат нешто од својата срамота, овие наши правници за одбрана на криминалот и криминалците се занимаваат со записници и разни други формални и небитни прашања, зошто и како Јанева го менувала својот тим. Наеднаш обвинителите многу се загрижија како за ланскиот снег што Јанева отпуштила некои обвинители добро знаејќи ги причините за тоа.

Видовме во „Утрински“ дека сите специјални обвинители во регионот се изложени на силни притисоци како од политички, така и од криминални подземни структури, ама нигде не видовме дека колегите-обвинители се впрегнале да ги сотрат специјалните обвинителства само затоа што тие не успеале да се справат со големиот криминал на највисоките државни функционери.

Тактиката на топло-ладно во стилот парламентот и’ го одобрува буџетот на Катица, премиерот јавно ја прогласува за непријател број еден, а обвинителите и’ се закануваат со компромитација на стручноста, Уставниот суд со укинување, провладините медиуми со процедура за разрешување во парламентот е најголемиот доказ колку е корупцијата стасана до врвот на државата и колку е голем стравот од непречена работа на специјалниот обвинител и обвинителство.

Постојаните судски тужби и закани од страна на власта кон лидерот на опозицијата е дел од тактиката да се троши залудно времето на политичките противници и да се застрашуваат луѓето кои се неопределени и се најголемото мнозинство во гласачкото тело. Новите предуслови за контрола на избирачките списоци се доктрина на уплашената власт да се предизвика опозицијата на бојкот на изборите. Во целата ова трагична ситуација не може човек да не се изнасмее на последните барања како да функционираат медиумите, особено јавниот сервис МРТВ. Падна предлогот од страна на власта да има по двајца уредници на МТВ, еден на власта, другиот на опозицијата. Посмешна и поглупава работа немало никогаш во новинарството, а евентуалната примена на таков предлог би било нешто најнавредливо за новинарството во целиот свет. Едни вести на опозицијата, други вести на власта. Таква папазјанија нема ни во хумористични емисии, а не може ни да има кога во Македонија е забранет и хуморот.

Не паметам во Македонија некој странец да бил изложен на толкав притисок и навреди како Ванхауте кој Груевски го нарече јавно со непристојни зборови „разни ванхојтовци“, „катици“ и „сеачи на магли“. Кога го слушнав ова, си ја покрив главата со чаршаф од туѓиот срам. Отворената поддршка на Европа на режимот на Груевски, како компензација за браната кон бегалците, веројатно ќе донесе уште многу срамни ситуации, но искуствата со Европа кажуваат дека воопшто нема да и’ биде тешко да ја сврти другата страница кога ќе и’ затреба. Прерано е да мислите дека Груевски се радува на изборната победа. Тој, всушност, е еден многу исплашен човек.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Криминалец не може да дојде на власт

Објавено на 26 January 2016 од erizaov

grujo_zeni

Никола Груевски им соопшти на граѓаните значајна вест дека не може криминалец да дојде на власт. Упс… се засркнав, ми истече кафето на нос. Ете, се случи и тоа да се согласам со Груевски, бившиот претседател на Владата, кој поради неразјаснети околности не се знае дали е во привремена или во трајна оставка. Но, веќе се гледа дека тоа му создава голема болка, нервоза и лутина на нашиот најдолговечен премиер, кој десет години владееше без институционална и демократска контрола.

Овој напад на искреност кај Груевски кратко траеше оти брзо се откри дека не мислел на себе кога го зборува ова, туку на Зоран Заев, лидерот на опозицијата и сите други кои му се спротивставуваат на неговите приказни за големите успеси и се сомневаат во неговата чесност потврдена во сечените и лепените монтировки од прислушувани разговори. Ова беше најгласниот повик што сум го чул досега на „држете го лоповот“.

Груевски кажа уште неколку шокантни работи на митингот на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, на која имаше единствена цел уште еднаш којзнае по кој пат најарогантно и со јазик на омраза и делби по живото ткиво на Македонија да ја прогласи победата што, наводно, ќе ја извојува на 24 април. Груевски игра на картата дека тој е сигурниот победник за да го придобие огромното неопределено мнозинство граѓани кое е трипати поголемо од оние кои му ја даваат поддршката. Сите нив, Груевски ги преименува во негови поддржувачи, иако многу луѓе во овие волнени времиња молчат и не се изјаснуваат кому ќе му го дадат гласот ако воопшто има вистински избори, односно ако избирачите добијат право и можност за избор меѓу партиите и личностите кои им припаѓаат на власта и на опозицијата.

Груевски видливо уплашен сака да го прикрие фактот дека има само 18 отсто поддршка според анкетираните граѓани во познатата и префалена од неговите новинари анкета на ИРИ американскиот институт. Во тоа истражување на јавното мислење цели 52 отсто од граѓаните мислат дека Груевски не треба да добие уште еден премиерски мандат. Затоа контролираните медиуми илјада пати го објавија само оној дел дека ВМРО-ДПМНЕ има речиси двојно поголема поддршка од СДСМ.

Настапите на Груевски по неговата оставка до изборите по сопствено признание ќе бидат се’ поагресивни и со повеќе омраза и со непристоен речник. Прочитајте ги уште еднаш, ви се молам, овие реченици на Груевски: Последнава година НЕКОЈ користејќи го СДСМ се обиде на валкан начин да ја урне ВМРО-ДПМНЕ и да ја дестабилизира Македонија, но народот го спречи тој план. Или, овој бисер на бисерите: во април народот ќе ја врати делумно одземената власт и на КЛОЦИ ќе ги избрка вештачки насадените функционери. Или припазете на оваа генијална мисла …по оваа лекција ќе помине долго време пред на некој политичар да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со криминалци, со фалсификатори, чауши, ванхојтовци, катици и продавачи на магла. Не сум прочитал досега порасипана турли-тава од лажни состојки. Или прочитајте го ова ремек-дело на манипулацијата: не може некој што ги има институциите што треба да ги спроведат изборите МВР и ДИК да го прави будала народот дека не може да се организираат фер и демократски избори. И на крајот кршчендо со безвременската мисла: гледајте и учете како се работи за Македонија…

Во демократските земји покрај јавните личности говорите на политичарите ги анализираат и психијатри и психолози. Додека некој од нашите познати доктори се одважи да каже за што станува збор, има неколку прашања и факти од кои Груевски бега како ѓавол од оган, или што би рекол тој, кој си игра со натемаго од него и ќе страда.

Прво, зошто Груевски ги смени своите најблиски соработници и министри и ги стави во својата Влада тие што сега сака народот да му ги избрка на клоци. Зошто си поднесе оставка кога не е ни крив ни должен. Зошто е лут на катици и ванхојтовци, кога тој со две раце прифати и потпиша специјален суд и специјален закон и специјален обвинител за кој се’ уште пред странци и пред цела јавност во новогодишното обраќање дека ќе се овозможи нивна непречена работа . Зошто Груевски има уплав од ова обвинителство и зошто неговите медиуми ја сатанизираат обвинителката Катица Јанева? Зошто е бесен на Ванхауте ако е тој само преговарач за медиумски слободи во Македонија? Зошто институциите што ги спроведуваа изборите кои до вчера беа во негови раце и МВР и ДИК сега го прават будала народот кога наводно се во раце на опозицијата? Зарем до вчера не го правеа будала тој ист народ со тајните изборни штабови на ВМРО во МВР.

Груевски сака да каже дека сето ова што ни се случува за голема срамота му било натурено од странски разузнавачки служби во соработка со домашни криминалци и фалисификатори, катици и … Едно е сигурно, чесен премиере, без дамки, избран на регуларни и слободни избори немаше ништо да прифати што е наложено однадвор и однатре. Единствено што се прифаќа во вакви ситуации за излез од криза и во интерес на државата е негова неотповиклива оставка и процес на непристрасен суд, да се докаже дека е неправедно обвинет. Наместо тоа Груевски бара судење од народот на избори да се анулира евентуална судска постапка која обвинителството треба да ја истражи и покрене за повеќе кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Затоа во Македонија ќе нема излез од кризата додека Груевски не замине од политиката.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Кога ќе дојде Луј 15, јас ќе станам

Објавено на 25 January 2016 од erizaov

 

louis_xv

Кога прочитав деновиве како треба биде опремена внатрешноста на новата Влада, ми дојде да седнам покрај Вардар и да плачам на глас. Луѓе мои, па тоа е страшно колку евтино и бедно ќе се опреми „Белата куќа“ за која властелините потрошија над 15 милиони евра наши пари само за да го фалсификуваат некогаш архитектонскиот подвиг, авангардните и наградувани кубистички коцки за да добиеме во престолнината лажен барокен дворец.

Моите колеги веднаш се инспирираа што од одделот за одмор и рекреација, каде што ќе имало маса во француски стил ала Луј 15, со 12 рококо столици од буково дрво, плус една посебна, точно 13, како на тајната вечера. Во овој дел за релаксирање требало да има уште две модерни фотелји, тапацирани со кожа со боја на „кралско вино“, клуб маса со ногалки од јасен, троседи, двоседи, килими рачно ткаени, перници со мемори пена и гускини пердуви и уште еден куп работи што се неопходни за една кралска палата. За око ми падна и една лежалка со десен наслон. Кога кралот ќе треба да стане да оди во тоалет да не тргне лево или да не станува на лева нога, затоа е неопходен десен, а не лев наслон. Најмногу ме натажи што за опремување на еден мал, но значаен дел од владините згради ќе се потрошеле само бедни 52.000 евра.

Срамота, невидена брука, си реков, треба да се охрабри новиот привремен премиер, извесен Димитриев, кој е задолжен да ја чува столицата на кралот, веднаш да набави мебел како што му прилега на кралското семејство. Како е можно во бетонската гаража на Владата, во која нема никаква опрема, да гние „мерцедес“ од 650.000 евра, а тие да се циганчат со 52.000 евра. Да се фрли за фасада 10 милиони евра, за кралска тераса милион евра и за железна ограда 700.000 евра, а за одмор и собирање сили на најважните луѓе во државата заедно со неговото височество да се дадат одвај 52.000 евра е навредливо за сите поданици и за целата монархија.

Мора веднаш да се прекине ова понижување и да се купи најскапиот мебел директно од Франција, ако треба нека се преговара и со Версај, таму нешто да се прекопира како што се направи со саркофагот на Александар Македонски од археолошкиот музејот во Истанбул. Ова е дури и подобра варијанта оти може да биде ептен оригинална копија, а онаа од Истанбул е лажна бидејќи саркофагот на Александар никогаш не е откриен. Дотолку повеќе што Версај е стар кралски дворец кој има многу фалинки во споредба со нашиот. На пример таму нема оригинални тоалети, уште им стојат тутите под креветите на кралевите, нивните миленици и великодстојници. Можете да замислите колку смрдело во Версај.

Може за земање урнек да се разгледа и Елисејската палата, иако и таа е постара од нашата и не остава бог знае каков впечаток. Бев еднаш таму и воопшто не бев нешто посебно импресиониран додека со еден куп новинари од цел свет чекавме со часови Анте Марковиќ да излезе и да каже што му рекол Митеран, дали ќе се спаси Југославија. Од тогаш наваму ја слушам истата приказна на која не можеш да и’ ставиш ни една забелешка, а знаеш дека не е точна. Сè зависи од вас самите, рекол мудриот Митеран, од лидерството и државништвото на вашите републички водачи, ни раскажа мошне задоволен од разговорите Анте Марковиќ. Французите се подготвени да направат сè и да дадат целосна поддршка и финансиска и каква било друга, ама не можат да ги завршат нашите работи. Ова ви е добро познато, нели. Штом сè зависи од нас, поместете се од место за не дај боже.

Нејсе, да не бегаме од темата, пропаста на Југославија како потрошен историски модел не е поучна за нас оти ние ептен многу добро знаеме да си ги решиме работите како што треба, а и онака истуреното млеко не може да се врати во шишето.

Значи, претпочитам да се оди во Версај и да се преслика целиот мебел, а особено Салата со огледалата, и веднаш да се нарача ист таков и за „Белата куќа“ во Скопје. За да не се направат некакви пропусти како со новиот театар, кој одвај достаса до 60 милиони евра. Би било добро лично и нашиот некрунисан крал да појде до Версај и да си одбере некои работи кои најмногу му се допаѓаат. Притоа треба да внимава да не му се случи нешто како што му накалемија на еден висок југословенски синдикален функционер за кој имаше најмногу вицови. Имено, кога тој шетал долго низ Версај, во еден момент кога се уморил седнал на еден стол. Веднаш ми пришол кустосот и дискретно го предупредил дека тоа е столот на Луј 15. „Не грижете се“, одговорил политичарот од Балканот, „штом дојде господинот Луј јас ќе станам“.

Има уште една причина зошто Груевски треба да појде до Версај и да си избере мебел пред крунисувањето на 24 април. Тоа е најдобриот начин да се промовира новата монархија на Балканот по урнекот на Луевци и тоа 14, 15 и 16. Колегите кои пишуваат на оваа тема и прават споредби треба малку да прочитаат историја како владееле и како завршиле француските кралеви за да не им се случи на некоја конференција за печат како со премиерот на Србија, Вучиќ, кога за невкусната споредба на Луј 14 со неговата маленкост ја праша директно новинарката дали знае кој е Луј 14 и што сè има направено тој за Франција. А сирота таа не знаела историја колку Вучиќ, сакала да каже само тоа дека Вучиќ и Луј 14 се слични во една работа, што двајцата имаат иста историска реченица: Државата – тоа сум јас. Нашиот Груевски не мисли така. Кај нас работата е обратна. Ние, неговиот народ, мислиме дека Груевски е државата, дека тој е кралот на Сонцето.

Предлагам во салонот за одмор и релаксација првата свечена вечера да се организира на 24 април и да се овековечи со истата сцена како тајната вечера во мигот кога Исус Христос им вели на своите апостоли „еден од нас е предавник“.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Историската улога на една настинка

Објавено на 22 January 2016 од erizaov

anevski

Рано сабајле, обвинителот во пижами и поспан, по кусиот и неочекуван телефонски разговор само што изусти три збора: да… разбирам… добро… уште не беше прекината линијата, ептен вознемирен толку силно кивна, што дури и самиот се подуплаши. Никогаш не беше кивнал толку гласно, со она додатно апчихааа, што дури и не слушна добро, туку само почувствува дека истовремено неконтролирано испушти од себе воздух со некаков чуден звук како кога кинеш стар чаршав, што на негови години не смее да се потценува и мора да се консултира со лекар. Веднаш го зеде топломерот да измери дали има покачена температура, загрижен оти кивнувањето и неконтролираното испуштање воздух се случи баш на денот кога на умислената специјалната обвинителка требаше да и’ се трие сол на главата пред да почне процедурата за нејзино разрешување во парламентот за големата и кобна грешка оти не направила записник од приемот на данајските дарови од корисниот идиот и црпнатиот од село Муртино, непријателот број еден на татковината. Целиот тој шпионски арсенал и докази за подривање на државата остана непопишан со записник, а што ако останале уште од овие бомби кај онаа странска марионета, лидерот на опозицијата. Страшно….

Обвинителот беше свесен за својата историска улога како претседател на Советот дека конечно мора да се заврши работа со ова наконтено женче од југот кое сака да дели правда каде што никој од нив, коџамити обвинители, од целиот совет досега не смеел ни да помисли да чепка. Таа кокетка, постојано насмеана провинцијалка, пред ТВ-камери бара предмети де вакви, де такви, бара заштитени сведоци, високи плати, обвинители, истражители, вештаци, обезбедување, дактилографи, шофер…, па што бре таа мисли, каде се наоѓа. Никако да разбере дека таа е таму поставена да каже дека се’ е чисто, дека нема криминал, нема провизии, нема џабалак атрактивни плацеви во најелитниот кварт, нема наместени апсења на политички противници, нема нарачани затворски казни, нема уривање на туѓи имоти, нема нарачани вести на телевизиите и во весниците за големите успеси, нема никаква злоупотреба на власта, нема наместени избори, нема фалсификувани пасоши и лични карти и ако има тоа го правела опозицијата за да победи власта на наместени избори само за да ги компромитира постојаните големи победи ќе биде цела деценија, нема никакво кршење на законите од страна на власта и премиерот, нема ниту еден релевантен доказ дека се случувало такво нешто што слушале луѓето од прислушуваните телефонски разговори. Глув ако не слушне ќе измисли, ќор ако не види ќе одмолчи, ако при очи и уши не чуеш и не видиш дека, всушност, се работи за политичка пресметка на странски и домашни непријатели против државата и Владата, тогаш си слепец кој и гледа и слуша, а ништо не разбира. Таа наконтена специјалка од југот треба да го потпише тоа и готово – крај, тука завршува нејзината улога во филмот „Играла је једно лето“.

Да, ама здравјето му е поважно на обвинителот од опасноста за стабилноста на земјата и глупостите што ги прави обвинителката, политички курдисана од странски агентури против волјата и на народот и на обвинителството. Веднаш му ѕврцна на колегата баш обвинител Зврле. Не сум нешто арен денеска, не ќе можам да ја водам седницата, му рече тивко како да зборува од бунар, би било добро некој да ме замени. Веќе знам дека ти се слошило, возврати Зврле, ама замена нема. Кој ти кажа дека кивнав, праша обвинителот. Горниот, рече Зврле, и по куса пауза дополни, одложи ја седницата за неколку дена додека не ти биде поарно. Белким до тогаш ќе и’ текне на специјалката што треба да направи. Другото не е за по телефон, рече Зврле, и ја прекина линијата.

Тоа беше историската улога на една настинка со гласно кивање рано сабајле, на денот кога Советот на обвинители требаше да ја почне процедурата за заплашување на колешката специјалка да се прибере каде што и’ е местото оти може да заврши и во затвор. Тоа што не може да влезе во записник, а може да влезе во џеб е бомба која секој момент може да експлодира и се’ наоколу живо и диво да разнесе како оние самоубијците што го тероризираат светот. Затоа, по одлагањето на седницата, вчера сите големи патриоти лажно набедени дека се арамии со монтирање, сечење и лепење на нивните прислушувани телефонски разговори, уплашени дека бомбата на камиказе обвинителката може да и’ пукне во џебот, почнаа силно да кашлаат, убедени дека ова е уште едно американско масло со одложување на седницата. Беа разбрале дека таа ненормалната, спобудалена обвинителка сака ги замрзне нивните сметки и да покрене брзо некакви судски постапки и обвиненија. Не можеа да поверуваат дека толку силно кивнал претседателот и неконтролирано испуштил воздух од себе како да се кине стар чаршав, баш во овие тешки мигови кога треба со елиминирање на обвинителката да се отстрани последната пречка чесно и со чисти раце да се оди на избори, после кои државата повторно ќе биде библиска земја и рај само за патриотите.

Но, веднаш стаса абер од Горниот, да немаат гајле, бидејќи се’ е под контрола. Нема никакво американско или германско масло. Обвинителот навистина кивнал и неконтролирано испуштил воздух како да се кине стар чаршав, па се уплашил да не е нешто сериозно и ништо повеќе.

Нема место за паника. Горниот лично стапил во контакт и со Американците и со Германците и убаво се договорил. Ни пиле нема да прелета над државата наша, ни риба ќе преплива река, ни бегалец по нашите друмови ќе помине ако тргнал на пат за Запад, каде што заоѓа сонцето, оти кај што изгрева почна многу бргу да се смрачува. Тоа е дел од новата голема брана која опфаќа седум држави, каде ќе се запира целиот тој човечки шљам, сите оние што ги напуштаат родните огништа и бегаат од војна и од глад. Нема место веќе на Запад за нив оти тие што се гостољубиви и се прават хумани, ја губат власта. Европа е вознемирена и уплашена од источната вијагра, која доаѓа во бранови како стампеда, во големата преселба на народите кои бегаат пред Атила бичот божји, кој стаса на Исток, директно од Вашингтон и од Москва. Горниот така стана чувар на едната брана од седумте и за возврат му рекоа господарите на животот и смртта да прави во својот вилает што сака и како сака уште десет години. Само треба да не пушта никој неканет гостин да оди на Запад. Кога овој абер стаса до патриотите, епидемијата од силно кашлање престана како со нож пресечена. Веднаш нарачаа огномет и голема гозба. Тамам почна веселбата, стаса задишан обвинителот Зврле, заедно со кумовите и познатиот Ром, чија чесност е гарантирана со над 102 отсто. Чекајте, запрете ги чалгиите, не е време за славење, свика Зврле. Обвинителот навистина кивнал силно и испуштил воздух неконтролирано со чуден звук како да се кине стар чаршав, ама некој пред тоа во мугри ми ѕвонел на мобилниот. Тоа не бил Горниот, ни долниот, туку некој кој му соопштил итно да ја одложи седницата.

Веднаш почнало силно кашлање. Веселбата им преседнала.

Сите сличности во текстот со нашата ситуација и личности се намерни.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Со Груевски во безизлез

Објавено на 21 January 2016 од erizaov

gruevski

Дали по најновиот противуставен упад во парламентот на Никола Груевски од позиција на сила и невидена ароганција стана јасно дека нема излез од тешката криза додека овој човек по цела деценија и натаму непречено владее како деспот во земја кандидат за членство во ЕУ. За жал, одговорот на ова прашање не е потврден. Големата медиумска машинерија под контрола на тесен цензорски и пропаганден тим на владата и лично на Груевски, како колективен главен уредник на најгледаните домашни телевизии, вклучувајќи го јавниот сервис МРТВ, се’ уште успешно сее магла во јавноста дека изборите на 24 април ќе означат крај на кризата. Голема измама, за што има несоборливи докази.

Додека Груевски не замине од политичката сцена и не седне на обвинителна клупа да се соочи со тужбите за злоделата кои ги чувме сите од прислушуваните разговори, нема излез од кризата. Колку и да го поддржува Европа срамно режимот на Груевски поради егоистичен прагматизам со балкански брани да ги запре бегалците од Исток, но и поради сомнителни лични мотиви на еврокомесарот Јоханес Хан, кој во Македонија се однесува како слон во стаклена градина, давајќи пас за грубо кршење на Уставот, на 24 април ќе се види дека кризата само се продлабочува. Груевски поднесе оставка, ама уште е на власт, открија конечно и западноевропските медиуми. Првиот ден по оставката Груевски продолжи да работи како премиер и неприкосновен владетел. На патот кон слободата и демократијата единствената надеж за Македонија е фактот што влезе во сферата на интересите на слободните и независни влијателни светски медиуми кои ако не ги покрие нова светска или европска наезда, сигурно ќе извршат позитивен притисок врз западноевропските влади да се стави крај на еден корумпиран режим во европскиот двор.

Еве ги несоборливите докази зошто со Груевски во власта нема излез од кризата. Прво, факт е дека овој филм веќе го видовме. Ова истото сценарио се случи точно пред три години кога почна кризата и оттогаш не е престаната. Граѓаните на Македонија добро го паметат 24 декември 2012 година, „црниот понеделник“, или вартоломејската ноќ како што ја нарече познатиот македонски професор по Уставно право Светомир Шкариќ. На тој ден благодарение на храброста на една бремена пратеничка на опозицијата, светот и домашната јавност дознаа за најбруталното газење врз парламентарната демократија во Европа. Тајната полиција во цивилна облека упадна во дебатната сала на Собранието и насилно го избриша подот со пратениците на најголемата опозициска партија. Беа тоа драматични слики кои за миг го обиколија цел свет. За да нема сведоштво цензорите на власта со полицијата и обезбедувањето грубо ги исфрлија од работните места и новинарите во парламентот. Ваков напад на највисокиот законодавен дом кој одамна не е тоа, туку карикатурална маша на власта, немало во 70-годишната историја откако Македонија има Собрание. Упадот беше нарачан со единствена цел да се спречи опозицијата во своите обиди да се донесе расипнички буџет, кој беше главниот извор на коруптивни и клиентелистички избори.

Груевски постојано инсценира вонредни избори по 2006 година, во што многу му помагаше опозицијата. Убризгувањето на 200 до 300 милиони евра позајмени пари од светските банки во релаксиран предизборен буџет кога државната каса ширум се отвора за низа коруптивни активности кои владата ги темпира пред изборите. Притоа беа откриени голем број злоупотреби на власта, закани и притисоци од типот секој нововработен да донесе 20 гласа, до фалисификување на лични карти и патни документи и цела низа други нерегуларности пред и за време на изборите. Најдраматичните прекршувања со учество на МВР се вршени со избирачкиот список кој без спроведување на попис остана и денес најголемата мистерија. Цели три години власта не сакаше да го реши ова прашање, а сега дава гаранции дека за три месеци ќе бидат проверени милиони имиња. Тоа нема да се случи не само заради наредните избори, туку и заради минатите оти ќе се открие големата злоупотреба и изборните фалсификати.

Најновото противуставно авансирано распуштање на парламентот, кое важи од идниот месец, за што нема друг пример во светот, во суштина нема никаква разлика со настаните и сценариото по 24 декември 2012 година. Тогаш опозицијата се одлучи на бојкот на парламентот, секогаш губитничка доктрина. Европа не изврши решителен притисок како што вети врз власта како организатор на нападот врз парламентот, слободата и демократијата, иако најнавредливо, наодите од истрагата за настаните на 24 декември 2012 година ги нарече тоалетна хартија. Брисел се насочи, главно, кон опозицијата проповедајќи дека бојкотот не е решение според европските мерила на демократијата заборавајќи и таа и ние дека во Македонија не важат европските вредности. Така охрабрената власт изгласа распуштање на парламентот и закажа предвремени избори 2013 година. И тие избори беа за спасување на Македонија и излез од кризата. Победата беше извојувана на мирни избори бидејќи изборните штабови биле во полициските станици и канцеларии на МВР како што разбравме подоцна.

И овој пат брзањето на власта со датумот за избори е поврзано со пари. По април секнува државната каса, а нови заеми пред избори веќе нема од светските банки. Еве зошто му се брза на Груевски. Ако власта го има истото „победничко“ сценарио како 2012 -2013 година , овој пат и опозицијата конечно треба да знае за јадец и да изгради нова стратегија. Не е доволен бојкотот ни на парламентот, ни на изборите. Сега изгледа дека е најдобро Груевски да се натпреварува сам со себе и да победува колку пати сака, па нека покаже како ќе ја разреши кризата. А, што ако баш тоа го сака Груевски кога веќе не трпи опозиција и е велемајстор секогаш да најде предавници и виновници. На тоа мора да се смета.

Никогаш не е доцна, иако доцниме со години за силно демократско движење на отпорот за слобода, против луѓето кои за да се спасат од одговорност пред законот ги ставија во заложништво и граѓаните и државата и својата партија.

(Објавено во Утрински)

Коментари (2)

Tags:

Уште еден пуч без крв

Објавено на 20 January 2016 од erizaov

sobranie

Никола Груевски, конечно, го примени планот А за излез од длабоката политичка, економска и морална криза во која незадржливо пропаѓа Македонија. Го растури со топуз парламентот како „бугарско собрание“, за еден миг, на денот кога стапи во сила неговата привремена оставка.

Секогаш кога Груевски е многу лут го распушта парламентот како штала и оди на избори кои носат сигурна победа. Поради големата љубов и патриотизам, Македонија повторно е спасена со уште еден пуч. Овој пат повредени и ранети нема оти власта сама си направи државен удар. Така славно пропадна срамниот Договор од Пржино, полн со глупави игри за демократија, слобода, одговорност и чесност. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ органски не поднесуваат опозиција и професионални медиуми, кои им ги матат работите. Колку е штетна опозицијата за државата, ќе се види на изборите на 24 април, кои ќе бидат најслободни, најфер и најверодостојни досега. Без учество на опозицијата се’ ќе помине во најдобар ред. Можна е една мала интервенција добро да се напумпа одѕивот на гласачите за воопшто да не се забележи дека имало бојкот на изборите и дека власта сама со себе и со своите сателити се натпреварувала на досега најскандинавските и најмирни избори. А, зошто некој и би правел нерегуларности и фалсификати кога победата е сигурна како што е сигурно дека и на 24 април ќе осамне ден. Ќе има малку кршење кутии, колективно гласање и традиционално пукање кај Албанците, како дел од народниот фолклор, ама и двата коалициони партнери и ДУИ и ДПА ќе добијат дел од делбата на пленот. Мендух Тачи, лидерот на ДПА, до вчера велеше дека само луд човек може да оди на вакви избори, ама ете човекот се убедил со дебели аргументи дека се’ ќе си дојде на свое место по 24 април.

И така е. Една недела пред Велигден ќе воскресне оставката на Никола Груевски. И кризата ќе заврши со воскресението Христово и со Први мај, кои годинава паѓаат во ист ден. Каква симболика на демохристијанската македонска левица. Има ли некој разумен во државата што може да поверува во вакво нешто. Ајде да видиме само неколку ноторни факти за „нештата да бидат појасни“. Зошто е потребен противуставен, противзаконски, противдемократски, противцивилизациски и противчовечки упад во парламентот ако сето тоа владејачките партии можеа да го направат уште минатата година кога почнаа да експлодираат бомбите на Заев, или да го направат тоа кога сакаат без да го кршат Уставот. Зошто дозволија да има повеќемесечни преговори и договори со посредство на Брисел и Америка, кога најлегално со притиснување на едно копче се распушта парламентот и во одреден рок што строго и јасно го пропишува Уставот, се оди на избори. Зошто требаше да се менуваат министри, премиерот да поднесува оставка, да се формира специјално обвинителство за истражување на криминалот, бездушноста, подземната пресметка со опозицијата, изборните фалсификати, нарачките во судството и медиумите, што јасно како бел ден се гледа од прислушуваните разговори. Зошто да се распушта парламентот цел месец однапред, за да важи одназад, односно ем распуштен, ем да работи. Вакво нешто нема на дуњава, па дури ни во Тунгузија. Зошто да се избира влада пак со непријателски министри, кои само за неполн месец открија катастрофални грешки и злоупотреби и го загрозија мирот и спокојството во најуспешната и најреформска влада во светот. Зошто целата оваа парада ако Уставот ја дава таа можност која Груевски досега ја употреби повеќе пати и затоа секоја година одиме на избори како добиток на кланица. Чуму оваа маскарада, на која може да и’ позавиди и Вевчанскиот карневал. Одговорот е многу едноставен, Груевски секогаш сака друг да е виновен кога редовно оди на предвремени избори. Тој тогаш се појавува како спасител на државата и на граѓаните. Овој пат мотивот е многу посилен, Груевски тргна на се’ или ништо за да го покрие со избори сето зло што излезе од прислушуваните разговори, да ја спаси својата кожа и да ги спаси своите содружници. Бегајќи од моралната и политичката одговорност, која мораше да уследи по таквиот скандал од најголемото кршење на човековите права во Македонија, Груевски се’ вложи во единствената карта да оди на избори кои ги предизвикал некој друг, а тој се прикажува како спасител на Македонија, откривајќи чудесен излез од кризата, која ја приредила опозицијата во спрега со еден грст странски платеници.

Од првиот миг по бомбите на Заев, притиснат од домашната јавност и меѓународната заедница, Груевски стана ептен послушен, се’ согласи со сите барања, освен главниот бастион која може да му ја одземе изборната победа, а тоа е веродостојноста на избирачкиот список и контролата на главните и најгледани телевизии, вклучувајќи ја и државната МРТВ, како и уривањето на специјалното јавно обвинителство.

Ако и понатаму продолжи поддршката на Брисел на последниот балкански режим само затоа што Македонија е првата брана на бегалците и економските емигранти кои не се од Сирија и поради најавите за подготвеност да се реши спорот со името, на 24 април ќе ја гледаме најголемата изборна лакрдија која се одиграла во 21 век во Европа. Тоа ќе биде денот кога граѓаните ќе гласаат да се прикрие криминалот, корупцијата, незапомнетата досега злоупотреба на власта, ќе бидат тоа гласови за покривање на одговорноста што останавме последни во Европа во секој поглед. Ќе биде тоа уште една добра слика за Македонија само на ТВ, за фер и слободни и мирни избори без опозиција. Ќе го видиме ли и ова чудо на патот кон исчезнување.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Пропаднаа ли преговорите

Објавено на 18 January 2016 од erizaov

han

Кој ќе биде виновен ако пропаднат преговорите за реализација на договорот од Пржино. Тоа може лесно да се открие ако се прифати вистината дека за излезот од кризата преговараа и договараа само две страни: власта и опозицијата. Четирите политички партии само ги претставуваа двете страни. Едната која постојано победува на избори во изминатите десет години не дава доволно ни време, ни гаранции дека до 24 април ќе се отстранат сите пречки за слободни избори што ги предвидува договорот од Пржино. Другата страна, опозицијата, е категорична додека не се создадат предуслови за беспрекорно чисти и веродостојни избори не сака да чуе да оди на нерамноправно одмерување на силите. Досегашните победи на власта се со сериозни сомнежи за злоупотреба на институциите на системот, особено на МВР за што се поднесени кривични пријави во кои има основани индиции дека имало големи нерегуларности и фалсификати на претходните избори. Изборните неправилности се првиот предмет за обработка на Специјалното обвинителство. Тука треба да се бара причината зошто на власта и’ се брза во што е можно покус рок да се одржат изборите и да се оди на истата добитна комбинација како и досега.

Режимот на Никола Груевски според пропагандата на провладините медиуми изгледа доби поддршка од Брисел, да не дојде до разрешување на длабоката политичка, економска, морална и духовна криза во која Македонија тоне се’ подлабоко и е на пат кон исчезнување. Еврокомесарот Јоханес Хан е прикажан на телевизиите во Македонија дека ја прифатил лажната претстава како вистина дека за одржувањето на изборите на 24 април 2016 година стојат три политички партии, а само една е против, што се толкува како доволна гаранција за слободни избори. Потисната е вистината дека во суштина има само две страни, власта и опозицијата. Партијата ДПА на Мендух Тачи е недефинирана дали е со власта или е и опозициска бидејќи нејзиниот лидер Тачи јавно прокламираше лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ и Груевски до смрт, а опозициска активност практикува само кон Али Ахмети и ДУИ. Само еден ден пред завршните преговори Мендух Тачи изјави дека не доаѓа предвид да се оди на избори на 24 април ако нема гаранции дека ќе бидат слободни и фер. Изгледа Тачи под гаранции подразбира нешто друго, нешто што овозможува експресно да го смени мислењето и да прифати дека најновата понуда е фер и прифатлива.

На власта и нејзините коалициски партнери се приклучи и претседателот на ДИК со своја гаранција дека ќе нема пречки за слободни избори и дека до 24 април ќе бидат исчистени избирачките списоци од мртви души и гласачи кои редовно гласаат на по неколку места. Според соопштенијата во јавноста кои постојано се повторуваат и ОБСЕ ги прифатило гаранциите дадени за фер избори од трите партии и од ДИК, со што се принудува целата опозиција да го прифати предлогот на власта без целосно остварување на договорот од Пржино. Дополнителните појаснувања што доаѓаат од кабинетот на Хан не се доволно прецизни за да се разберат како деманти на она што власта го претставува во Македонија.

Многу брзо ќе се увериме дали тоа значи дека Запад ја постигна целта со тоа што го ослаби и го направи послушен Груевски, а за возврат се определи да го поддржува уште извесен период авторитарниот и коруптивен систем инсталиран во Македонија со задушени институиции на системот и заробени медиуми. Ако навистина е синхронизиран овој став меѓу ЕУ и Америка да се даде поддршка на режимнот на Груевски, тоа набргу ќе се види по усогласените изјави и пораки дека нема пречки да се оди на избори на 24 април. Што ќе испорача Груевски за тоа и по која цена не ќе може да се сокрие. Прашање е само дали јавноста во Македонија ќе има можности нешто од тоа да спречи. Или работава ќе биде доцна, е синко резето падна.

Прифаќањето на датумот за избори како поголем приоритет и позначајно од тоа какви ќе бидат изборите по цена да се продолжи векот на еден недемократски и авторитарен политички систем и натаму да трае злоупотребата на власта со сериозно масовно нарушување на човековите порава без да се почека судска и правна разврска на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори ќе биде следниот наш домашен срам, но и голема срамота за ЕУ и големите сили кои подржуваат недемократски системи. Очигледно срамот и образот во политиката малку значат, ама уште посрамно е што малку значат и за јавноста.

Каква разврска е можна понатаму. Ако се во прашање само лични мотиви на Јоханес Хан да не ја препознава лагата дека не се четири страни во преговорите туку само две, власта и опозицијата, тогаш реакциите на повисоките инстанци од Брисел и од Америка ќе мора да ги уважат реалностите, за Груевски пак да ја покаже својата послушност и да прифати ноторен факт дека поважни се квалитетот и веродостојноста на изборите од датумот кога ќе се одржат. Истото тоа му го кажал и потпретседателот на Америка, Џо Бајден, судејќи по соопштението од средбата. Во спротивно, постојат две насоки од кои ниту едната не ја разрешува кризата, туку само ја продлабочува. Да се одржат избори на 24 април без учество на опозицијата, или како ништо да не се случило, да продолжи мандатот на Груевски до 2018 година кога се редовните избори. Не знае човек што е полошо.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Ќе престане ли оваа брука

Објавено на 15 January 2016 од erizaov

hangr

Во време на омраза, делби и валкана војна за власт има една оценка која е заедничка за сите актери во кризата и за сите граѓани без оглед на нивната партиска припадност. А, тоа е да престане оваа брука и уривање на угледот на Македонија, која поради неспособни политички лидери се’ посилно ја емитува лошата слика за себе на најзаостаната држава на Балканот во секој поглед. Од лидери во регионот станавме последни поради вродената мана на македонските властодршци наместо решенија да нудат оправдувања за сите свои промашувања и неуспеси. Секогаш за нивните грешки некој друг е виновен. Тоа е главната доктрина на македонските политичари. За неостварените стратегиски цели и приоритети најчесто се виновни големите сили и нашите комшии, а секогаш највиновна е опозицијата.

Денес тука, кој знае по кој пат, ќе биде еврокомесарот Јоханес Хан, пред него ако се сеќавате беше извесен Штефан Филе, а пред него Оли Рен, сите негде заминаа само ние останавме на исто место. Сто пати дојдоа да помогнат (читај: да вразумат раскарани Балканци) како да го остварат тоа што веќе го договориле и го потврдиле самите дека ќе го исполнат тоа за што дале збор и дека преку дијалог, толеранција, разум и одговорност ќе ја надминат кризата и ќе го одблокираат патот што самите го бетонираа и армираа врз грчката рампа кон ЕУ и кон НАТО, поточно кон европеизација и прогрес на Македонија. Секогаш кога ги гледам нашите водачи како ги влечат за уши бриселски чиновници и ги седнуваат на маса како непослушни ученичиња да им одржат лекција по домашно воспитување, ми паѓа пред очи целата залудност и бесмисленост на огромен труд и напор да се помрдне работата кон логична разврска.

И овој пат Хан ќе се врати во Брисел убеден дека се’ е договорено во Македонија да има на 24 април слободни и фер избори. Само не знам дали таа лага Хан ќе ја разбере во авион пред да се врати или утредента. Целата смисла на договорот од Пржино за да се надмине политичката криза беше да се воспостави систем кој гарантира слободни и демократски избори за да падне авторитарниот и корумпиран режим. Во многу фалената анкета од страна на власта на ИРИ – американскиот институт за истражување на јавното мислење, направена само пред два месеца, еден голем дел беше посветен на изборите. Таму имаше вџашувачки сознанија кои цензурата во провладините медиуми строго ги забрани, а кои кажуваат дека во Македонија практично не се можни регуларни избори. Цели 52 отсто од населението не верува дека државните институции се способни да се справат со изборните неправилности. Во веродостојноста на избирачкиот список не веруваат 44 отсто од анкетираните. Огромна бројка од 56 отсто граѓани не знаат како да проверат дали се наоѓаат на избирачките списоци. Повеќе од една третина од граѓаните не верува во неприкосновеното право на тајност во гласањето што јасно го покажува стравот и присутноста на притисоци и закани.

Што мислите дали нешто во врска со овие сознанија се променило за два месеца, или пак има шанса да се промени во наредните три месеци. Сите директни активности во реализација на договорот од Пржино, кои се поврзани со слободни избори, се’ уште се тврдо опструирани од власта и за нив нема реализација во практиката. Медиумската агонија во Македонија не само што не е подобрена, таа дополнително е влошена со уште посилен притисок врз уредувачките политики и врза економската и професионална нивна независност. Властите и нивните гласноговорници јавно искажуваат мислења дека никогаш Македонија немала подобри медиумски закони и никогаш новинарите не биле послободни. Кога ова човек го слуша просто му доаѓа да праша каде живееме. Вакво нешто не можат да си дозволат да кажат ни скандинавските влади за своите медиумски слободи и дострели. Овие луѓе едноставно не сакаат да се соочат со реалноста дека Македонија е длабоко падната на светското дно меѓу тврдите режими каде што владее строга контрола на медиумите и каде што новинарите се изложени на жестоки шиканирања и затворски казни.

Избирачките списоци и натаму остануваат енигма, која најдобро ја илустрира црниот хумор на човекот кој одел на избори за да се види со татко му кој починал пред 10 години. Кога го прашале како бе човече ќе се видиш со покојниот, тој одговорил дека на избори татко му редовно гласа, па ќе одел да се поздрави со него.

Слушам деновиве познати експерти членови на ДИК дека имало време да се прочистат избирачките списоци и без да има 13 години попис на населението и дека таа работа може брзо да се заврши ако се сака, или како што сега го викаат ако има политичка волја. Мислам дека нема ни грам политичка ни човечка ни каква било волја да се исчистат списоците и да се организираат слободни избори. Жестокоста како се наметнува паралелна анкетна комисија за фалсификувани документи од страна на опозицијата за да победува власта, како одговор на онаа Анкетна комисија веќе договорена од сите политички лидери за прислушуваните разговори покажува дека останува главна стратегијата на опструкции за замачкување на очите пред новите изборни нерегуларности во кои видовме дека е убедено огромното мнозинство граѓани. Ерата на груевизмот во Македонија ќе остане запомнета, меѓу другото, и по паралелните монтажи на сите протести што и доведе до големите делби. Гротескни беа демонстрациите на студенти против студенти, средношколци против средношколци, професори против професори, рудари против рудари, затворници против затвореници, синдикалци против синдикалци, новинари против новинари…..

Има уште еден тежок камен кој ги блокира слободните избори и од кој власта најмногу стравува. Тоа е истрагата на специјалното обвинителство и на обвинителката Катица Јанева и посебниот закон прифатен во парламентот речиси едногласно. Големо прашање е дали евентуалните сторители на кривични дела и јавноста ќе се соочат со вистината од прислушуваните разговори пред избори. Она што со месеци го слушаа граѓаните од бомбите на Заев како работеле и што правеле највисоките владини функционери, министри и лично премиерот Никола Груевски, ако не добие разрешница барем за еден два најдраматични случаи пред изборите, ја отвора вратата на забошотување на целиот случај. Јавноста треба да ја знае вистината за најголемото кршење на човековите права во Македонија пред да се изјасни на избори. На сите што се невини и набедени во оваа афера треба да им е од најголема важност да се расчистат работите пред избори. Но работата очигледно оди во спротивна насока, владејачките политички партии ја одолжуваат истрагата на специјалното обвинителство да се одложи по изборите, потпирајќи се на старите шеми за изборни победи.

Бидејќи Груевски категорично ја отфрли можноста за морална одговорност и оставка, ако ја одбегнува и судската разврска тогаш му преостануваат само изборите да ги покрие сите гревови. Не знам дали ќе има такви учесници во натпреварот каде што нема гаранции, ни судии, ни амбиент, ни доверба дека е можен слободен избор на граѓаните.

И конечно, за толку посакуваната и очекувана оставка на Груевски мислам дека е обична фарса. Од авион се гледа дека премиерот Груевски откако ќе се повлече од функцијата премиер ќе ја врши истата работа, само ќе се вика претседател на ВМРО- ДПМНЕ. Веќе е подготвен човекот од доверба што ќе биде технички премиер да не дозволи ниту едно влакно да му падне на Груевски. Подготвени се и медиумите на Груевски во наредните сто дена да му дадат третман како на премиер и одамна познат победник на изборите на 24 април.

Ако датумот за избори е поважен од тоа дали ќе бидат регуларни, најдобро ќе биде Груевски и Ахмети сами да излезат на мегдан со своите сателити. Па кој сака нека признае такви избори.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)

Tags:

Заев на Канал 5

Објавено на 14 January 2016 од erizaov

zaev

Лидерот на опозицијата имаше интервју на Канал 5, вообичаена и банална вест. Така е во која било земја со пристојна демократија. Во Македонија тоа е вистинска сензација, замислете не по тоа што кажал Заев, туку како се случило сатанизираниот опозиционер сам да влезе во забранета зона и да одговара на прашања на главната уредничка, која видно вознемирена му соопштува и на гостинот што го поканиле и на јавноста дека Заев бил принуден да даде интервју за Канал 5.

Да се крсти човек со две раце. Попрво ми личеше работата дека тие морале да го поканат за да покаже власта дека во екот на преговорите за слободата на медиумите, како еден од условите на договорот од Пржино, можно е и тоа чудо Заев да биде на телевизија која е блиска на Владата. Во секој случај, добро е што се појави Заев на едно минско поле и успеа да го преживее оставајќи одличен впечаток, особено со тоа што барем потсети на едни времиња кога ваквите разговори и интервјуа беа секојдневна професионална новинарска работа безмалку во сите медиуми. Сензацијата ќе беше првокласна ако Заев и Груевски стигнаа заедно во Канал 5 и се соочеа на главната тема која е од исклучително значење за иднината на државата, а тоа е каде го гледаат излезот од политичката криза и зошто договорот од Пржино кој го прифатија и двајцата практично е зарибан, па мора да го одблокираат странци и разни олеснувачи. Таков филм очигледно нема да гледаме додека не дојде до демократизација на земјата на ниво од пред 20 години.

Како и да е, се случи и тоа, Зоран Заев, за неполни три години колку што е претседател на најголемата опозициска партија, да се појави на забранетите телевизии со свое мислење за клучни прашања во држава која е кандидат за влез во ЕУ и која само во Уставот се нарекува парламентарна и повеќепартиска. Заев како гостин се има појавено помалку отколку прстите на една рака на овие телевизии што тој ги нарекува погрешно „непријателски“ кон СДСМ. Черечењето и плукањето по Заев и опозицијата на овие телевизии се со минутажа поголема од турските серии. Од него поприсутен е само премиерот Никола Груевски, но само со славопојки и фалби. Во овие најгледани телевизии токму поради сапуниците и српскиот турбофолк и загадочните фарми во живо, немало никогаш ниту една критика за работата на премиерот или на Владата. Тоа се вика професионална уредувачка политика.

Во изминатите десет години, најтрагичното сознание за медиумската катастрофа што ја снајде Македонија е фактот што повеќе генерации млади луѓе не видоа што е тоа вистинска домашна професионална телевизија, јавен сервис, или кој било друг медиум, весник или интернет-портал. Навистина, постојат неколку медиуми, кои успеваат да го одржуваат достоинството на новинарството и професијата и да бидат блиску до професионалните норми, но се’ уште сме далеку од тоа што во светот се вика добро и независно новинарство и слободни медиуми. Многу често одделните критики на некои авторски колумни се сметаат за доказ дека има слобода, дури и за непријателите, предавниците, кодошите и за странските платеници. Тоа медиумските аналфабети и слепи партиски војници го сметаат за демократија и толеранција и притоа укажуваат на опасност од анархија, некаква претерана слобода која нанесува штета на државните интереси. Тие заробени умови се убедени дека македонските медиуми имаат голема независност и дека нивното сместување заедно со црните диктатури на дното на светските ранг-листи е злонамерен притисок и заговор против Македонија.

Се разбира, вистината е во тоа што контролираните медиуми не го објавуваат, а не во тоа што трубат дење-ноќе една иста песна за големите успеси и достигнувања на власта. Деградацијата на медиумските слободи во Македонија трае близу десет години и на добар пат е целосно да се заврши работата. Во овие десет години згаснати се повеќе телевизии, на некои брутално со рекет им е одземена сопственоста и комплетно сменета уредувачката политика сосе цели новинарски тимови и уредници. Уништени се повеќе дневни и неделни весници, а добивањето национална концесија за телевизиите е хорор, ако нема партиски амин. Ниту еден сериозен медиумски странски инвеститор не инвестираше во нови медиуми во Македонија. И тие што беа присутни ја напуштија земјата поради нерегуларен пазар и поради политички притисоци. За десет години во главните мејнстрим медиуми се сменети над 50 главни уредници и комплетни уреднички тимови само за да се воспостават целосна цензура и политичка контрола.

Зоран Заев конечно се појави на Канал 5, а дали знаете колку луѓе се на црната листа на контролираните телевизии кои никогаш ниту се повикани, ниту смее некој да преобјави нивна изјава. Стотици познати јавни личности во Македонија кои имаат спротивен став од власта и ги препознаваат Потемкиновите села на лажните успеси се проскрибирани на овие телевизии и не можат да го кажат своето мислење. Дали на овие телевизии сте виделе со години барем една дебата на неистомисленици. Тие одамна не се информативни куќи, туку пропагандни политички фабрики кои работат во три смени за производство на омраза, магла и лаги. Наместо телевизии, со години сме изложени на пресија од груби комерцијални пропагатори на невкус, примитивизам и провинцијализам. Нивните оџаци чурат со дозвола за слободно труење на јавноста поопасно од загадувањето на човековата околина.

(Објавено во Утрински)

Коментари (1)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

January 2016
M T W T F S S
« Dec   Feb »
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031