Archive | November, 2015

Tags:

Аферата „Прислушување“ се враќа на сцената

Објавено на 27 November 2015 од erizaov

Специјалното јавно обвинителство за гонење кривични дела, кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, вчера пријатно изненади со своето соопштение до јавноста. Го прочитав внимателно неколку пати со неверување и можам со мирна совест да кажам дека по долги години првпат читам соопштение од јавно обвинителство на Македонија кое е јасно и писмено напишано, да може и пристојно информиран граѓанин да разбере, без да се мачи со дешифрирање на пораки меѓу редови. Во ова обраќање до јавноста нема ароганција, навреди и држење лекции на новинарите што во последно време е вообичаена судско-медиумска комуникација. Напротив, интонацијата на соопштението е на високо ниво на комуникациска, правна, политичка и општа култура.

Суштината, пак, на обраќањето до јавноста ветува почеток на сериозна и непристрасна професионална работа на Специјалното обвинителство и на обвинителката Катица Јанева, што влева голема надеж дека во Македонија е можно ослободување на судството од партиските стеги и центри на моќ и обновување на правната држава и владеење на правото. Иако е прерано и неблагодарно да се дава каква било оценка како ќе заврши оваа работа со Специјалното обвинителство и специјалниот закон, чинам граѓанска должност на секој жител на Македонија, без оглед на неговата политичка, партиска, национална, верска…. или каква било припадност, е да даде силна поддршка на обвинителката Јанева и на оваа во вонредни околности создадена институција за гонење на кривични дела кои спаѓаат во доменот на нарушување на човековите права и слободи и во делот на организиран криминал и корупција. Независната истрага треба да покаже дали по „бомбите“ на Заев и по тужбите на опозицијата, има докази за криминал и корупција и други кривични дела поврзани со подривање на економскиот, политичкиот, правниот и демократскиот систем на државата. Ако има, тие што го кршеле законот да седнат на обвинителна клупа, ако, пак, нема, да се каже гласно нема докази за кривично гонење на луѓе од самиот врв на власта. Враќањето на довербата во судството би бил првиот сериозен чекор за обнова и на демократијата и слободното општество.

Па, нека ни е со среќа и да и’ посакаме аирлија работа на г-ѓа Јанева која ги упати првите барања до надлежните обвинителства за доставување на пет предмети кои се веќе оформени. Во соопштението се наведува дека Јанева ќе ги бара предметите според план во кој е утврдена временска рамка и според листа на предмети кои ќе бидат барани. Тоа значи дека ќе се оди постапно, земајќи ги предвид итноста, фазата во која предметите се наоѓаат и нивната обемност. Специјалното обвинителство мошне видливо ја одбегнува опасноста да влезе во терминска, или процедурална замка. Во соопштението на Специјалното обвинителство се наведува дека по добивање на предметите од редовните обвинителства првите одлуки за сопствената надлежност ќе бидат донесени во законски рокови кои не надминуваат 16 дена од упатеното барање за доставување на предметите. Притоа се става културно до знаење на јавноста дека редовните обвинителства имаат рок од осум дена да ги достават предметите, што остава време уште од осум дена Специјалното обвинителство да донесе одлука дали е надлежно или не. Се разбира дека и овој термин од 16 дена може да биде скратен доколку се има добра волја да се биде ефикасен и да не остава впечаток во јавноста дека има сериозни опструкции на работењето на Специјалното обвинителство и на Катица Јанева, како што очигледно досега беше присутно, а според најави на провладини медиуми, допрва ќе се појават блокади на работењето на Специјалното обвинителство и тимот на Јанева.

Во обраќањето до јавноста, посебно привлекува внимание информацијата дека Специјалното јавно обвинителство ќе има и други канцеларии, а не само тие што ги одреди Владата и кои се’ уште се адаптираат во поранешните простории на Агенцијата за млади и спорт, или на Институтот „Отворено општество“ на омилениот на власта Сорос, или на некогашната дирекција на ОН за регулација на реката Вардар. Потребата од дополнителни простории надвор од тие што ги доделува Владата се образложува со задоволување на безбедносни стандарди за ваков вид обвинителство. Новите работни простории ќе се користат и за сослушување на сведоци и на осомничени лица, но она што е посебно важно е да се зачува идентитетот на луѓето кои ќе бидат повикани на разговор во обвинителството, како и на лица кои поседуваат релевантни информации, а инсистираат на зачувување на нивниот идентитет. Целта на обвинителството е, како што пишува во соопштението, спроведување независни истраги, при што ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапките. Изгледа дека другите простории освен тие што ги понуди Владата се побезбедни за вакви истраги.

Специјалното обвинителство бара разбирање од јавноста кога одредени информации нема да бидат соопштени поради нивната чувствителност, но ветува дека кога ќе бидат обезбедени доказите, а кога ќе бидат создадени услови за информирање на јавноста, ќе биде почитуван принципот на транспарентност. Ќе нема соопштенија дали одредени лица добиле статус на заштитени сведоци, бидејќи постои опасност за нивно обесхрабрување да пристапат кон ова јавно обвинителство и да помогнат во истрагите.

Еве ова се накусо првите впечатоци од вистинскиот старт со работа на Специјалното обвинителство и обвинителката Катица Јанева, мислам дека многу бргу ќе се види колку надлежните институции и Владата ќе постапуваат според законската регулатива и со своите лични заложби и добра волја што побргу Македонија да излезе од политичката криза со судска завршница, откако не беше прифатена морална одговорност. Досегашните опструкции беа стимулирани од моќни кругови од врвот на Владата и надлежните институции како што е редовното Јавно обвинителство, но се виде прилично јасно дека таквата блокада е контрапродуктивна и мошне сомнителна, како некој да сака да се затскрива зад формални процедури и со непочитување на веќе договорениот лекс специјалис врз основа на кој се оформи и работи Специјалното јавно обвинителство.

Успешниот старт на Катица Јанева и нејзиниот се’ уште недооформен истражителски тим треба да ги охрабри и македонските новинари да издржат во своите барања за нивно вклучување во преговорите за укинување на цензурата и притисоците врз медиумите, за укинување на коруптивните зделки на Владата со контролираните медиуми, за радикални промени во јавниот сервис МРТВ и воведување значајни измени во законите за јавно информирање и соодветни кадровски смени во таканаречените тела за регулација на медиумите, а кои сега се всушност партиски контролори на слободата на изразување. Враќањето на професионализмот и независноста на судството и на медиумите е основата на новото демократско општество, чии чекори на патот кон Европа беа грубо прекинати со уништувањето на повеќе медиуми и партизирање на судството во сите инстанции. Овие денови, всушност, целата македонска јавност полага историски испит на зрелоста дали ќе даде поддршка на владеење на правото и слободата на информирање со трасирање на иднината кон Европа, или ќе се приклони кон клиентелизмот, корупцијата и лажниот сјај на Потемкиновите села. Дали ќе бидат посилни мотивите на граѓаните за слобода и демократија, или ќе победат стравот и пропагандите е навистина историска раскрсница по која или ќе тргнеме напред за никогаш да не се повтори вакво нешто, или тргнуваме по беспаќата кои водат кон исчезнување.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Милошоски го победи Черчил

Објавено на 26 November 2015 од erizaov

anketna komisija

Сер Винстон Черчил е поразен во нашето славно Собрание на народните избраници. Познатиот британски државник е победен од сер Антонио Милошоски уште во првата дебата во Анкетната комисија, која треба да утврди кој е виновен за најмасовното нарушување на човековите права во Македонија, со незаконско прислушување на илјадници граѓани и јавни личности.

Парламентарната комисија треба да утврди не само кој и зошто прислушувал, туку и политичката одговорност на највисоките владини функционери за содржината на нивните разговори од која јавноста се згрозуваше без малку цела година и која предизвика една од најтешките политички кризи и го наруши угледот на земјата во светот.

На Черчил му се препишува мислата „ако сакаш нешто да забошотиш, формирај парламентарна комисија“. Оваа веќе до дегутантност безброј пати експлоатирана реченица, додуша најчесто потврдена во практиката на јаловите бесконечни политички истраги за одговорноста, е целосно поразена во Собранието уште пред да почне првата седница на Комисијата. Интелектуалната перјаница на ВМРО-ДПМНЕ Милошоски настапи спротивно од доктрината на Черчил, тој наместо забошотување и разводнување на аферата со бомбите на Заев побара брза истрага за да престанат да страдаат највисоките функционери во државата, заедно сосе премиерот, неправедно сатанизирани и лажно обвинети во јавноста. Притоа, посебно ме фасцинира со својата мудрост, речитост и подготвеност да се дознае вистината Антонио Милошоски, кој во работата на Комисија настапува како шеф на екипата на власта.

Милошоски многу аргументирано и сериозно го објасни токму тоа што вчера го објавив како пародија и сатира во „моето ќоше“, а кое во суштина се сведува на фактот дека и премиерот и неговите најблиски соработници и ВМРО-ДПМНЕ се најоштетени и најзагрижени да се дознае вистината за прислушувањето и за креираните, монтираните сечени и лепени разговори. Функционерите од највисокиот политички врв со месеци одат жигосани низ државата, се појавуваат на јавни места, а се невини, односно нивната вина не е докажана, ниту судски, а гледаме ниту политички низ парламентарна расправа и испрашување со што им се нанесува голема неправда. Милошоски многу умно и искрено се заложи Анкетната комисија што е можно побрзо во еден работен, професионален и толерантен амбиент да ја утврди вината на тие што незаконски прислушувале, што нарачале вакво монструозно нарушување на основните човекови права и слободи и на тие што ги злоупотребиле разговорите во политички и други цели да ја дестабилизираат државата. Милошоски генијално поентира со својот предлог членовите на комисијата да седнат и да ги избројат прецизно сите ангели што застанале на врвот на една игла. Ако некој погрешно брои може да почне повторно и повторно, па ако на крајот нема согласност дека ангелите никогаш не можат да бидат за ништо виновни, тогаш арбитражата составена од мнозинство језуити ќе одлучи со гласање.

Тоа што власта има повеќе гласови во Комисијата, не значи ништо бидејќи слободоумните пратеници, почнувајќи од Милошоски, се непредвидливи и можат да гласаат многу поразлично од партиските директиви. Тоа досега се покажало многу пати како драгоцено демократско искуство кога нашите храбри парламентарци и големи демократи гласале според сопствено убедување, често спротивно од наредбите на партискиот врв. Не се сеќавате дека такво нешто се случило во Собранието на Македонија!!! Не се сеќавам ни јас, ама убаво звучи да се чуе. Нејсе, Милошоски најде решение како во случај на нерешен резултат во гласањето да победи власта. Во една таква пат-ситуација треба да се анулира влијанието на претседателот во формулирањето на заклучоците. Очигледно Милошоски стравува и при мнозинство во Комисијата да не се случи резултатот да биде нерешен по пребројувањето на ангелите.

И тамам помислив дека покрај образложението дека во интерес на власта и нејзините политички лидери што е можно побрзо да се утврди кој, зошто, кога, каде, колку и за кого прислушувал, ќе уследи уште едно барање на Милошоски од многу поголем интерес за стабилноста на земјата да се открие кој зема 30 милиони долари провизија од Кинезите, кој печатеше фалсификувани лични карти за изборни победи, кој купуваше плацови на Водно за џабалак, кој нарачуваше апсења и долгогодишни казни затвор за политички противници, кој ги корумпираше медиумите и нарачуваше добри куртон вести, кој ги преправаше незаконски урбанистичките планови и им го уништуваше имотот на противниците, кој унапредуваше судии и обвинители и еден куп други драстични кршења на законите, такво нешто не се случи. Се разбира, Милошоски не е наивен да бара таква истрага, иако е длабоко убеден дека ништо од ова не е вистина за што се обвинуваат неговите шефови. Милошоски знае дека за секој случај добро е да не се истрчува премногу во одбраната да не биде работата, аман, престани да не браниш, оти го изедовме ќотекот.

Почитувани читатели, пишете ми како ќе заврши според ваше мислење работата на Анкетната комисија. Кој ќе биде поефикасен Специјалното обвинителство на Јанева, или Анкетната комисија во Собранието, во спасување на невино наклеветените највисоки владини функционери при обелоденување на прислушуваните разговори.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Работи ли нешто Јанева

Објавено на 25 November 2015 од erizaov

parostorii

Премиерот Никола Груевски и другите високи функционери, главни актери во аферата прислушување, кои се најголеми жртви од експлозиите на бомбите на лидерот на опозицијата Зоран Заев, мора да се страшно огорчени поради блокадите што и’ се прават на јавната обвинителка Катица Јанева и на специјалното обвинителство. Во исчекување на правда и судска сатисфакција, овие луѓе деновиве мора да се крајно разочарани и бесни што Јанева не може да почне со работа. Некои мистични и моќни сили во државата и’ ставаат постојано сопки на специјалната обвинителка. Де не може да избере тим како што сака, де не може да дојде до работни простории кои се уредуваат со специјален микробетон, де ги нема предметите кои се кај скопските обвинители, а кои намерно сите до еден се отстранети од тимот на Јанева, де не може да ангажираат истражители и други правни експерти, оти за тоа треба нов посебен закон итн. итн.

Сето тоа станува многу очигледно и се прави тенденциозно да им се наштети на угледот на премиерот и на неговите најблиски соработници да не може да види целата јавност дека тие немаат никаков грев, или каков било сомнеж дека учествувале во некакви кривични дела кои се навестуваат во креираните, сечени и лепени незаконски снимени и монтирани разговори. Уште некој месец ќе биде цела година како пукна првата бомба на Заев, а нашиот премиер оди засрамен и со наведната глава низ Македонија, неправедно обележан како бездушен, одмаздољубив, расипник,и уште што не.

Во една ваква ситуација не можам да го разберам премиерот зошто со сиот свој авторитет не се заложи на г-ѓа Јанева да и’ се овозможи веднаш да почне со работа оти нема ништо пострашно за еден висок функционер, голем политички лидер кој речиси цели десет години е на чело на сите македонски влади да биде означен како човек кој е под сомневање дека има направено повеќе тешки кривични дела, или пак дека неговите најблиски соработници имаат гревови. Длабоко сочувствувам со маките на Груевски. Мора да е многу тешко кога човек е невин, ја претставува државата дома и надвор и е најодговорен за вкупните состојби, а таму некои невидливи сили и бирократски процедури оневозможуваат да си ја докаже невиноста, односно кажано попрецизно, не даваат судот да докаже дека тој за што било е виновен и колку голема лага е сето она што јавноста можеше да го слушне од незаконски снимените, монтирани, сечени и лепени разговори.

Премиерот Груевски знае дека во една непристрасна и професионална истрага сите овие обвиненија можат брзо да се докажат како неосновани и без доволно докази, па затоа мора да е прилично изненаден што некој не го дозволува ова и го остава на ветромет сам да се бори и да се докажува како одговорен политичар, премиер и лидер. Што може да прави неправедно осомничен премиер чекајќи судски епилог поради лажни монтировки на странски и домашни агентури. Ништо не може да направи во демократска држава каде што владеењето на правото е неприкосновено и никој во тоа не може да се меша. Така Груевски и неговите соработници галиба станаа жртви на правната држава, на високите дострели на судството. Македонскиот судски систем владите на Груевски за десет години го доведоа до совршенство во сите инстанци. Па така за секој закон има и контра закон. Ако се донесе специјален закон за формирање на специјално јавно обвинителство, треба да се има предвид дека има и редовен закон за јавно обвинителство кој се коси со овој за специјално обвинителство. Ако се донесе законска одредба дека на Катица Јанева ќе и’ се овозможи непречено работење по сите членови од законот, тоа автоматски значи дека има и друг закон кој го регулира делот кој може да се спротивстави на ваквите надлежности на еден јавен обвинител. Ако пак работата запне и се гледа тенденција во подготовката на обвинителниот акт, тогаш Уставниот суд лесно ќе го укине и специјалниот закон и специјалното обвинителство, ќе ја укине и Катица Јанева како противуставни. Бидејќи премиерот Груевски и неговите соработници се строги легалисти, почитувачи на законите, сега не можат да се спротивстават на законската регулатива и процедура која го одолжува почнувањето со работа на обвинителката Јанева.

Ете, драги мои, ова се причините зошто јавната обвинителка се’ уште не може да почне со работа и да го покрене првиот обвинителен акт пред македонските судови. Со тоа продолжува неправдата што му се прави на премиерот Груевски и на владата, на партијата ВМРО-ДПМНЕ и на сите чесни граѓани и патриоти одадени на Македонија. Ја молам јавната обвинителка Јанева што е можно побрзо да ја исправи оваа неправда врз премиерот и врз целата држава на која со вакви непријателски опструкции и’ се урива големиот углед што го има во цивилизираниот свет на демократијата и прогресот.

П.С. Должен сум да објаснам што значи уредувањето на канцелариите на специјалната обвинителка со специјален микробетон. Тоа е кога во ѕидовите и на таваните се инсталирани ред микрофони, ред бетон. Се добива енергетски најефикасен микробетон.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Луд, глупав и збунет

Објавено на 24 November 2015 од erizaov

licni-karti

Колегата Љубиша Арсиќ и редакцијата на „Фокус“ и’ предадоа на полицијата, како што тврдат, 102 фалсификувани лични карти. Новинарот пренесува сведоштво дека во Штип и во Скопје има тајни работилници кои печатат фалсификувани лични карти, онолку колку што е потребно за победа на изборите. Авторот во своето истражување доаѓа до фрапантни сознанија и основани сомнежи дека едни исти луѓе имаат по пет-шест лични карти со различни адреси на живеење и дека во една многу сложена операција на дупли избирачки списоци, стотици луѓе гласале повеќепати на различни места. Анонимниот извор во своето сведочење за „Фокус“ тврди дека се’ уште постојат 30.000 лични карти што биле користени на изборите.

Ова не е прво вакво откритие на печатење на фалсификувани идентитетски и патни документи. Позната е и наградувана сторијата на овој новинар-истражувач за тајно печатење на пасоши. Меѓутоа, она што покрај текстот особено ме фасцинира е јавната реакција на власта, на надлежните институции на системот, на опозицијата, на новинарите и другите редакции и воопшто на целата јавност. На сите страни молк. Што би рекле скопјани, мукла мара. Во нормални држави со пристојна демократија и елементарно владеење на правото, обелоденувањето на ваква документирана истрага ќе предизвикаше ерупција од реакции. Се разбира, прво ќе се огласеше министерот за внатрешни работи, во случајот, опозициски, Оливер Спасовски да даде изјава дали навистина сомнителните лични карти се предадени во МВР и како понатаму ќе продолжи истрагата. Експресно требаше да даде свое првично видување јавниот обвинител Марко Зврлевски, но и специјалната обвинителка Катица Јанева бидејќи новинарската истрага тргнува од прислушуваните разговори. Вчудовидува молчењето на опозицијата. Власта разбирливо ништо не знае за тајни работилници и фалсификувани избори на кои редовно победува. Ништо не знаат ни помалите политички партии. Непишано правило е по објавување на ваква афера во светот на професионализмот, сите редакции да ја зграпчат темата и од различни аспекти да ја обработат глодајќи ја до коска. Ќе го испотеа и бомбардираа со прашања и колегата Арсиќ. Такви афери до пред десетина години се верглаа низ сите медиуми. Се сеќавате ли на „Бачило“ 1, 2 и 3, на тендерите за биометриски пасоши, на обидите за продажба на електростопанство, на приватизацијата на Рафинерија, на Телеком и на распродажбата на сите златни кокошки на Македонија. Немаше медиум кој држи до минимум професионалност да не се занимаваше со овие скандали, дури вклучувајќи ја и „Бастилја“ наречена МРТВ.

Ако треба во три збора да се опише овој трагичен амбиент кој ја задушува Македонија, особено во последните неколку години, ми се причини дека најмногу прилега споредбата со насловот на култната босанска серија „Луд, збунет и нормален“. Но веднаш падна во вода оваа споредба оти кај нас нема нормален. Па така, повеќе одговара алузијата со „Луд, глупав и збунет“. Власта и по сопствено признание ни е луда, опозицијата глупава, а новинарите и јавноста збунети и избербатени во гаќи од страв. Во ваква ситуација, најдобро проаѓаат тие што се луди. Глупавите и збунетите познато е како завршуваат во меѓусебен судир со лудаци. Ја знаете онаа поговорка, секогаш лудиот го е…е збунетиот. Лудиот не е и будала, а уште помалку глупав, ќе ви каже секој студент на психијатрија. Сепак, за мене лично од целата оваа лудница во која доброволно, со наша согласност, сме сместени, најтрагично е сознанието до каде ни се уништени самодовербата и чувството за правда, мотивот за вистината да излезе на виделина, потребата од слобода и достоинство, недостигот на елементарна храброст, или ако сакате, каде ли ги изгубивме познатиот балкански инает и отпор пред пресијата и заканите. Молчиме како кукавици, несејќи јајца во туѓи гнезда. Со нашиот страв и молк станавме и соучесници во разнебитување на државата и во крадење на иднината на генерациите што доаѓаат. Не успеавме да ги спасиме нашите деца од балканштината, простаклакот, делбите, омразата и сиромаштијата. Наместо иднина, во Европа им оставаме само долгови до гуша и нерасчистени кавги.

Кога се обелоденува ваков скандал, не може да нема разврска во општества каде што важат законите. Ако некој печател фалсификувани лични карти кои се злоупотребени во избори, покрај тешките затворски казни за одговорните луѓе и нарачателите, ако зад ова стојат политички партии и лидери, тоа би значело и крај на нивниот политички живот и погреб во буништето на историјата. Сто и две фалсификувани лични карти се предадени во МВР, јавноста во Македонија мора да дознае кој и зошто го направил тоа, но овој пат не од медиумски истраги, туку од судски пресуди. За ваква работа, судската истрага мора да биде брза и праведна. Пресудите мора да паднат пред следните избори. Во Македонија не би смеело да има избори додека не се расчисти судски овој мегаскандал. Во спротивно, ќе нема никаква гаранција дека тоа истото нема да се повтори и на овие избори на 24 април 2016 година. Последното истражување на ИРИ, со кое толку многу се фали власта, кажува дека 52 отсто од јавноста не верува дека државните институции се способни да се справат со неправилностите на денот на изборите. Дури една третина од анкетираните е убедена дека изборите не се тајни, едно од најфундаменталните граѓански и човечки права за неприкосновеност на тајноста на изборите.

Мислам дека без судска разврска на аферата со фалсификуваните лични карти на натпревар со лудаци, на избори без судии, можат да одат само будали и збунети.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Граѓаните не веруваат во фер избори

Објавено на 23 November 2015 од erizaov

IRI

Додека траат преговорите меѓу мачките да престанат да ги јадат глувците, така ми личат партиските надмудрувања за слобода на медиумите, многу поучен и гротескно очигледен е последниот пример на манипулација која фрла сериозен сомнеж на регуларноста и интегритетот на изборите цели пет месеци пред да се одржат. Срамен е начинот на кој е претставено во јавноста истражувањето на јавното мислење во Македонија, направено од Американскиот републикански институт ИРИ. Брука невидена, ама во поплавата од лаги се’ може да се проголта кога веќе ништо не остана од честа, достоинството и еснафлакот во занаетот.

Во теренска анкета изработена во септември-октомври со 1.106 граѓани на репрезентативен примерок, испитаниците одговараат на низа клучни прашања поврзани со нивната иднина и воопшто за правецот во кој се движи државата. И сега погледнете што е објавено, а што премолчено од медиумите за кои власта и самите лиценцирани новинари тврдат дека се слободни и професионални. Во наездата на груба злоупотреба и манипулација со медиумите, бербатењето на ИРИ помина без проблеми, бидејќи претставата за професионално информирање на јавноста одамна во Македонија е изменета, со што е направено едно од најголемите злосторства со одземање на веќе стекнатите медиумски слободи со уништување на основата на демократијата.

Еве како тоа изгледа во практиката на контролираните медиуми кои имаат голема превласт. Со фанфари и еуфорија се најавени резултатите од истражувањето на ИРИ. Овој пат нешто што доаѓа од Америка се нарекува угледно и многу професионално. Не било лошо се’ што е маде ин Америка. И еве ја ударната вест која се врти нонстоп веќе три дена и три ноќи: ВМРО-ДПМНЕ е со двојна предност пред СДСМ. За владејачката партија се определиле 24 отсто од испитаниците, а за најголемата опозициска партија 12 отсто. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има 18 отсто поддршка од јавноста, а лидерот на опозицијата, Зоран Заев, има поддршка само од 5 отсто. На прашањето дали Груевски заслужува реизбор на премиерското место, 35 отсто од граѓаните одговориле позитивно. И толку, ни збор повеќе.

Ајде сега да видиме што премолчеа „слободните и професионални“ медиуми во своите „куртон“ вести, вклучувајќи го и јавниот сервис МРТ кои ја трујат со години јавноста со валкани пропаганди, а овој пат со денови го гледавме, слушавме и читавме до зла бога карикирањето на истражувањето на ИРИ.

Вистина е дека 35 отсто од испитаниците мислат дека Груевски треба да биде пак премиер, ама го нема податокот дека 52 отсто се изјасниле дека Груевски не го заслужува премиерското место. Така во македонскиот професионален журнализам 35 стана повеќе од 52. Вистина е дека Груевски има рејтинг од 18 отсто, а Заев од пет отсто. Ама нема ни збор што значи кога само 18 отсто веруваат во способноста на премиерот да ја води владата.

Целосно е премолчен фактот дека граѓаните немаат доверба во демократскиот систем за што еден од директорите на ИРИ оценува дека гори „црвено светло“. Понатаму истражувањето потврди дека граѓаните со години воопшто не веруваат во судскиот систем. Три отсто од анкетираните сметаат дека сите луѓе имаат еднаков третман во судските процедури, а само осум отсто веруваат дека сите граѓани се еднакви пред судот. Како главна причина за тоа, 46 отсто од испитаниците сметаат дека е виновна политиката. Судовите се означени како најголемо легло на корупцијата. Цели 45 отсто од граѓаните мислат дека во судовите царува митото.

Сомневањата во врска со интегритетот на предвремените избори искажани во анкетата се големи и очигледни. Цели 52 отсто од испитаниците мислат дека државните институции не се способни да се справат со нерегуларностите доколку се случат на денот на изборите. Исто така, крајно загрижувачки е фактот што преку една третина од анкетираните сметаат дека гласањето на денот на изборите не е тајно. Оваа недоверба во слободата на гласање е многу поголема отколку на минатото истражување. Мнозинство граѓани, 43 отсто, сметаат дека за ова се виновни партиите, а 19 отсто се убедени дека владата ги замешала прстите во ограничувањето на слободен избор и на неприкосновеноста на граѓанинот тајно да гласа. И натаму најпроблематичен е избирачкиот список. Во неговата веродостојност не веруваат 44 проценти од испитаниците. Цели 56 отсто од граѓаните не знаат како да проверат дали се наоѓаат на избирачкиот список.

И уште многу други значајни сознанија дава анкетата на ИРИ, ама за тоа владините медиуми и јавниот сервис МРТ не кажаа ни збор. На пример, едно од клучните прашања во сите предизборни анкети кои го одредуваат расположението на јавноста е дали во правилна насока се движи државата. Во Македонија, според анкетата на ИРИ, цели 48 отсто од граѓаните мислат дека државата се движи во погрешна насока. Што е за 15 отсто повеќе од истражувањето што ИРИ го направи лани во мај веднаш по парламентарните избори.

Еве толку што се однесува до медиумските слободи и професионализмот во контролираните мас-медиуми. Што мислите, почитувани читатели, што ќе се објави од следната анкета на ИРИ, да речеме, некаде пред изборите, ако опозицијата е изедначена, или во предност пред власта. Сечам рака дека ништо нема да се објави. Пардон, ќе се објави дека ИРИ и Америка коваат заговор против Македонија.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Бајачки ќе ни ја претскажуваат иднината

Објавено на 20 November 2015 од erizaov

 

viz

Накривете си ја капата и бидете спокојни, ве чека убава иднина. Дури можете и да ја смените сопствената судбина ако нешто не ви се допаѓа. Можете да си изберете и минато, многу поубаво, или полошо, какво сакате. Не можете да ја смените само сегашноста. Таа уште долго ќе биде горчлива за мнозинството граѓани на Македонија и преслатка за една шака луѓе. Не брзајте со заклучокот дека патот до рајот нема да го доживеете за време на животот. Во Македонија и тоа е можно. Бајачките само што не тропнале на вашата врата да ви кажат колку ќе ви биде убаво и колку ќе бидете среќни и радосни наредните години. Доаѓа време на голема благосостојба. Збогум сиромаштијо, се’ што ви било сон, или неостварена желба, ќе ви се оствари, само треба да ги пополните списоците на желби и неостварени соништа. Цели пет месеци, се’ до 24 април, разни месии, емисари и спасители ќе ве гушкаат и ќе ви бакнуваат рака, ќе ви претскажуваат волшепства и разни други чуда.

Власта по десет години ни испрати нова фактура со понуда: „Заедно да ја пишуваме иднината“. Убаво си велам, ни кажуваа цела деценија, секој ден по илјада пати, дека минатото пред тие да не’ ослободат ни било многу лошо, сме биле под ропство, а пред тоа за време на едноумието било уште пострашно, ептен за никаде, тоа било време на терор и злодела, време на беда и страв. И еве, десет години како живееме саде во убавини и малку проблеми поради големите напори да се поправи тоа што го расипале претходниците на оваа власт. Лидерот на оваа деценија, премиерот Никола Груевски, сега го прави сто и првиот чекор напред и нуди заедничката стратегија со народот за следната деценија. Груевски предизборно учтиво не’ замолува топтан сите да му пратиме идеи за да ја трасираме светлата иднина. Во секоја пригода, или на специјално отворените пунктови, или на патувачките гласници низ земјата што ни ги праќа владата и лично премиерот, можете да им кажете како Македонија да биде поубава, побогата и подобра, како вие ди си ги решите некои проблеми што ве измачуваат со години. Сето тоа ќе се разгледа сериозно од тие што не донесоа на ова дереџе ќе почне новата преродба.

И гледај среќа не само власта, туку и опозицијата дури една недела пред ВМРО-ДПМНЕ и Груевски најави дека ќе прави заедничка програма со граѓаните за слободна Македонија. Велат прво ќе ја вратиме слободата и демократијата, потоа по ред ќе ги ослободиме судовите да завладее правото, па ќе ги ослободиме медиумите да се врати слободата на мислата и зборот, ќе ја укинеме цензурата и стравот, потоа ќе се ослободат сите институции на системот. Опозицијата заедно соа граѓаните подготвува голем проект за исправање на социјалните неправди и неправилното богатење. Велат има големо расположение да почне решителна пресметка со криминалот на власта и корупцијата во сите пори на општеството, веднаш од првиот ден по преземањето на власта ќе престане расипничкото трошење на парите на граѓаните. Ќе се подобри здравството и образованието, ќе се подобри квалитетот на живот, ќе има вистински реформи… како што ќе речат граѓаните

Со одредени разлики, слични проекти подготвуваат и албанските партии за склучување пакт со својот народ и стратегија за наредните коалиции за поделба на власта и на се’ што оди заедно со тоа.

Почитувани читатели, ова е причината за големото задоволство што сите релевантни политички партии ни обезбедиле подобра иднина и бараат со нас договор како да ги средат своите програми и како да ги вклучат нашите идеи во нивната работна агенда кога ќе ја освојат власта. Ве молам, размислете барем десетина минути пред да потпишете договор со ѓаволот за тоа што во овие изминати десет години се подобри во вашиот живот и каде вие ја гледате вашата иднина и иднината на вашите деца. Тие десет минути вредат да се потрошат оти учесниците во битката за власт страхуваат само од таа наша одлука за која некогаш не размислуваме ни една минута слепо верувајќи во приказните на политичарите. Не заборавајте ја старата вистина дека најмногу се лаже пред војна и пред избори.

Еве еден рецепт како да откриеме што е подметнување, а што е лага во договорите што ни ги нудат да се чувствуваме дека божем и ние учествуваме заедно со власта во одредување на иднината.

Прво размислете дали Груевски со нешто, со некаков потег остави и најмал впечаток, или барем си го исплакна јазикот со некаква предизборна гаранција дека е подготвен самиот да се демократизира како личност и од класичен автократ и властодржец да се трансформира во умерен демократ подготвен на компромис. Има ли храброст Груевски да признае дека во изминатите десет години е нанесен тежок удар врз демократијата и човековите права поради неговиот слаб демократски капацитет, дека тој не ги сака придобивките на современите европски општества. Дали сте забележале дека Груевски никогаш не го употребува изразот демократија во насока на поголема слобода, туку напротив во ретките прилики кога со голема тешкотија ќе рече „демократија“, секогаш е тоа дека ја имаме премногу и тоа ни нанесува штета во остварување на целите.

Второ, дали сте го слушнале некогаш Груевски кога ги набројува големите успеси што ги постигнала неговата Влада да издвои барем една од петте стратегиски цели на граѓаните на Македонија која ја остварил во изминатите десет години. Ниту еден единствен приоритет не е реализиран за време на страховладата што ја инсталира Никола Груевски како премиер кој десет години владее без демократска, судска и парламентарна контрола и со голема медиумска превласт. Затоа во преродбеничките програми за иднината никогаш не се издвојуваат на едно место само пет-шест стратегиски приоритети, туку се ставаат илјадници проекти што е сосема вообичаена и нормална работа да ги извршува секоја владина администрација, институции на системот и законски воспоставени фондови и механизми со строго определени законски норми и буџетски контролирани средства. Тоа се однесува на сите инфраструктурни објекти до се’ она што значи подобар општествен стандард, здравство, образование, чиста природна средина односно отчет за секој денар издвоен од парите на граѓаните. Не смее да има фалби со потрошени пари на граѓаните. Со трошење на туѓи пари срамота е дури и на обичен човек да се чалами, а не на премиер и влада на кои им е доверен клучот од државната каса домаќински, а не душмански да се трошат парите. Тоа расфрлање со парите на граѓаните не е успех. Трагедија е кога тие пари се трошат за погрешни и неприоритетни цели, а катастрофа е кога тие пари завршуваат во нечии џебови како дел од организиран криминал и предизборна и медиумска корупција. Да се фрлат парите на граѓаните цели осум години, главно, на непродуктивни објекти и она што значи „Скопје 2014“, е нешто што треба длабоко да го замисли секој граѓанин кој не е ослепен партиски војник. Една од причините за големото осиромашување и бегство во странство на младите луѓе во странство е токму раскалашеноста на власта во трошење на милијарди евра пари на граѓаните и задолжување на идните генерации на кои Груевски сака да им ја пишува иднината иако таа им е во една работа сигурно предодредена дека неродените деца ќе ги враќаат неговите долгови кои се мерат во милијарди евра. Штом ќе ги враќаат долговите на своите претходници, многу добра иднина им се подготвува.

И бидејќи Груевски бара идеи, еве му една која ги одредува петте стратегиски цели и нека ја напише програмата само на една единствена страничка, во која ќе каже јасно и гласно:

Прво, кога владата очекува да се подобри стандардот и квалитетот на живеење на граѓаните по вистински показатели и меѓународни критериуми. На пример тие на ЕУ и ОН. Кога Македонија ќе ја достигне економски кризната 1989 година, кога бевме во составен дел на Југославија во распаѓање.

Второ, кога Груевски ќе им ја врати одземената слобода и на граѓаните и на медиумите и независноста на институциите.

Трето, кога ќе профункционира владеење на правото подеднакво за сите граѓани.

Четврто, кога Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ без оправдувања и затскривања зад народот, туку со преземање на конкретна обврска како премиер да најде решенија.

Груевски треба да разгледа еден врвен приоритет за спас на татковината:

Петто или прво, сеедно, кога ќе поднесе неотповиклива оставка.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Забрането мрестење на шараните

Објавено на 19 November 2015 од erizaov

ohrid

Во големата густина на драматични настани кои се случуваат во светот и кај нас дома, главно поврзани со терористичките напади во Париз и бегалската криза, една информација и една фотографија од Охрид посебно ми го привлекоа вниманието. Веста и фотката кои во други околности би биле пласирани на прва страница успеале да се пробијат во „Утрински“ до петтата страница, а во повеќето други медиуми воопшто ја немаше нешто поради строгата цензура, а нешто била запоставена поради наездата од закани и заплашување на граѓаните дека ќе ни се случи и нам Париз. Веста и сликата во нормални времиња би предизвикале аларм од прв степен. Повторно е нападнато Охридското Езеро од градежната мафија.

Продолжува со несмалено темпо да се уништува нашето најголемо, природно и национално богатство, најскапоцениот ресурс што го имаме, водите на Охридското Езеро. На фотографијата јасно се гледа дека се поставува арматура во езерото, се истураат големи количества бетон, а на некои места, како што јавува нашиот дописник, се потопуваат и карпи за да се тампонира просторот кој до вчера беше под вода и дел од крајбрежјето на езерото. Овој терористички чин врз националното богатство што го прават нашите арамии повеќе ме плаши отколку застрашувањата дека се можни терористички акции на екстремисти и емигранти во Македонија. Со грубо кршење на Законот за заштита на Охридското Езеро се краде од неговата површина и се претвора во објекти за легални профити, се скрнави светското културно и природно наследство и повторно којзнае по кој пат се плука врз покровителството на УНЕСКО под чија заштита се градот Охрид и Охридското Езеро. Изградбата на бетонски и камени ѕидови во водите не може да се толкува поинаку отколку како терористички чин со груба деградација на човековата околина и опасност за опстанок на живиот свет во езерото и неговото крајбрежје.

Се покажува дека се’ уште се актуелни идеите на премиерот Груевски кои јавно ги опиша најдобро човек од неговиот тим, поранешниот заменик-министер Владимир Лазаревиќ. На владина седница, да потсетам, Груевски предложил да се разгледа идејата да се искорне трската во водите на Охридското Езеро и да се направат плажи, да се изгради околу целото езеро бетонски парапет со висина од половина метар и да се увезе убав песок за плажите. По благото предупредување до премиерот од експертите присутни на владината седница дека тоа ја нарушува еколошката рамнотежа и може да го оневозможи мрестењето на рибите, особено на охридскиот крап, Груевски поентирал со прашањето дали ќе правиме туризам, или ќе ловиме риби.

Оваа историска епизода од седница на Владата ме потсети на култната драма на писателот Александар Поповиќ „Мрестење на шараните“ која и ден-денес се изведува по театрите на просторите на бивша Југославија, но се чини дека сега е многу поактуелна отколку некогаш кога за таа драма се крена голема прав. Во тие „волнени“ времиња, и покрај тешкотиите и сопките со кои беа соочени, можеа да пишуваат и работат, да бидат почитувани и уважувани големи имиња како Александар Поповиќ, Живко Чинго, Гојко Џого, Драгослав Михаиловиќ и плејада други култни автори, познати писатели, режисери чии дела беа синоним на отпорот против ѕидање на темните балкански вилаети каде што одамна се започнати омразата и делбите, братоубиствените војни кои се’ уште траат и нема надеж да престанат. Стотици автори, писатели, сатиричари и врвни новинари секојдневно ги исмеваа примитивизмот и простаклакот. Во нивните епски дела ингениозно се опишани сцени на апсења, на измачувања, на предавства, на карактерот на луѓето од балканските простори, но најмногу од се’ суровата војна за власт, зависта, лицемерието, aлчноста и сиромаштијата. Погодувате, клучното прашање e зошто денес при олку голема слобода и демократија нема такви автори, или пак можеби мислите дека денес не се присутни темите кои инспирираат за вакви дела. Забраната за мрестење на шараните во Охридското Езеро, идејата за изградба на големиот хотел во Свети Наум и хидродромот на површината до езерото, од страна на мултимилијардерот Субрата Рој, изградбата на фарма-фатаморгана со 20.000 крави во Овчеполието кај Џумајлија, подигнувањето на најголем во светот гламурозен споменичен комплекс на скромната Мајка Тереза на Скопскиот плоштад, клепањето лажни барокни Потемкинови фасади во 21 век, бетонираните гемии на Аксиос, жалните врби и мостови кои не водат никаде и згора над се’, 70-метарско Панорамско тркало качено на мост преку Вардар со челични столбови зариени длабоко под нивото на она што остана од реката, сето тоа за забава на најсиромашниот народ во Европа за само дваесетина милиони евра.

Дали се тоа доволно инспиративни теми за ремек-дела рамни на „Пофалба на глупоста“ од Еразмо Ротердамски, или барем рамни на делата на веќе спомнатите современи писатели. Зар денес битките за власт не се посурови и повалкани, нема ли апсења со политички мотиви, нема ли алчност и арамилак, нема ли примитивизам и провинцијализам, завист и инает, нема ли омраза и делби. Или можеби нема творци кои ја препознаваат подобро сегашноста во која живеат од минатото за кое пишуваат, а кое одамна пред нив го опишале некои други мајстори на перото, ама како сведоци на своето време. За сведоштво на своето време треба повеќе од храброст.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Жица или жив ѕид

Објавено на 18 November 2015 од erizaov

rusty-barbed-wire

Што мислите која идеја е подобра, онаа на шоуменот Миленко Неделковски да се постави жив ѕид кај Гевгелија да не влегуваат терористи во Македонија, или онаа на претседателот на државата Ѓорге Иванов да се направи ограда од жица на границата со Грција. Мислам дека ова со жив ѕид на Миленко е многу пооргинално и досега го нема никој направено. Предлогот на Советот за безбедност, со кој раководи претседателот, да се прави ограда со обична жица или бодликава, сеедно, е веќе видена работа и некако е недоволно цврста, со потреба за дополнителни објаснувања дека не се мисли како онаа преграда меѓу Унгарија и Србија со која се затвора границата меѓу двете земји, туку некако од типот на космодиск, дејствува шашаво, ама функционира. Или може да се нарече ограда на разумен компромис за да можат да влегуваат само емигранти, а не терористи. Тоа му доаѓа некако како ограда со врата за компромис.

Зошто се определив за жив ѕид. Освен оргиналноста оти вакво нешто не му паднало на никому напамет, многу е поевтино и попрактично. Наместо со денови да се поставуваат столбови и жици долж границата со Грција, што бара време и пари, а најверојатно ќе предизвика уште поголема затегнатост во односите со јужниот сосед, најдобро е на огласот на Миленко да се јават голем број од неговите следбеници и патриоти кои ќе се наредат на границата како жив ѕид во фудбалот и работата е завршена. Во овој проект нема проверка и испитување, се’ е јасно, сите што доаѓаат неканети се муслимани и автоматски се терористи. Така се олеснува акцијата за некакви 30.000 терористи кои сака Запад да ги смести трајно во Македонија да ја дестабилизираат државата со терористички акции, да не убиваат, да ни ги силуваат жените и да им стават на нашите деца и внуци бурки, да направат страшен хаос… Се разбира дека Миленко прв ќе застане во редот, а по него ќе се редат патриот до патриот, јунак до јунак. Да му благодариме на Господ што имаме вакви храбри луѓе премногу, па нема да биде тешко да се направи и едно вакво херојско дело во одбрана на татковината од ордите терористи, радикални екстремисти.

Ова е подобар план затоа што е атрактивно и спектакуларно да се снима во живо, нешто што целиот свет ќе го објави. Ептен е филмски и возбудливо како хорор. Обидете се да замислите ако можете како надоаѓа река од илјадници мажи, жени, деца, се’ еден до еден крволочни убијци, а ги пресретнуваат со голи гради наредени комити во непробоен ред. Таа блиска средба на цивилизациите ќе ја овековечат стотици и стотици камери за да му покажат на светот како се брани својата земја од злосторници и верски фанатици. Штета што ова не го знаеја Французите пред да им се случат терористичките акции. Тие контролирале терористи со пасоши. Па кај се видело и чуло терорист да патува со свој пасош за да изврши акција со масовни убиства. Затоа мајката му е жив ѕид да не може ни пиле да прелета. Е, сега, малку ќе има проблем како тие луѓе ќе издржат со денови да стојат простум на границата и на ризичните премини, ама и за тоа има решение. Мртвата стража може да се менува на секои два три часа. Постојано ќе пристигнуваат патриоти доброволци кои ќе и’ се одолжуваат на овој начин на мајка Македонија.

Но, секогаш се појавуваат разни кодоши и предавници кои знаат да ги расипат работите, водејќи лажна и лицемерна грижа за разни белосветски анархисти. Тие секогаш се во дослух со Запад и веднаш настапуваат како петта колона само за да ги спречат генијалните патриотски идеи. Иако видоа што им се случи на луѓето во Париз, и тоа за една година два пати, повторно се обидуваат да ја разводнат работата со некакви лажни тези дека сите бегалци не се терористи, дека наводно бегале од граѓанска војна и од исламските екстремисти. Се’ се тоа приказни за мали деца во што не смее да верува ниту еден патриот. Немојте да мислите дека ова е доктрина која може да ја смисли само болен ум. Не е точно дека оваа идеја со жив ѕид е итроманска предизборна ујдурма да се дигне температурата за делбите на граѓаните да одат побрзо и пожестоко по линија на омраза меѓу патриоти и предавници, плус христијани и муслимани, плус верници и неверници за спасување на татковината, колку од терористи уште повеќе од опозицијата случајно да не дојде до промена на власта што отвора многу други врати кои и’ нанесоа на државата многу поголеми штети отколку бегалците кои не предизвикаа ниту еден, дури и најмал инцидент врвејќи низ земјата повеќе од една година.

Се разбира, ниту некој ќе застане во жив ѕид, ниту тоа ќе се случи, но добро е за предизборно загревање и за патриотска пропаганда што ја пласира големиот политички шоумен Миленко Неделковски, еден од медиумските столбови на режимот. Секако дека една ваков идиотизам не би вредел да се спомнува ако човекот не е гласноговорник на власта и чест беседник на државниот врв. Но без оглед на неговата блискост со премиерот и претседателот на државата, овој пат Миленко прави мечкина услуга, која убеден сум никој од него не ја бара. Големите полтрони можат да ја заебат работата ептен до „даска“, мислејќи дека прават херојско дело од кое му се смачува и на шефот.

Нејсе, со живиот ѕид лесно ќе поминеме како и со секоја малоумност. Што правиме со живиот песок во кој пропаднаа нашите домашни млади луѓе кои како бегалци, а не како терористи, исчезнаа, си заминаа од татковината многу повеќе отколку што изврвеа емигрантите од Исток… Во Македонија нема граѓанска војна како во Сирија, нема бомбардирања и експлозии како во Ирак и Авганистан, ама близу 500.000 млади луѓе си отидоа нечујно од земјата по белиот свет. Сиромаштијата и безизлезноста не била ништо подобра од војна.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

На маргините на париската трагедија

Објавено на 17 November 2015 од erizaov

Додека Франција и светот во шок и тага ја проследуваат големата трагедија што ја предизвикаа терористи среде Париз, забележав неколку навидум мали и не многу значајни работи, но кои се многу поучни и за нас бидејќи веќе има сериозни обиди бегалците од граѓанската војна во Сирија да се изедначат со терористи за домашни политички предизборни потреби. Дури и претседателот Ѓорге Иванов по повод нападите во Париз свика проширена седница на Советот за национална безбедност од каде што беа соопштени заклучоци кои директно ги поврзуваат терористичките напади во Париз со бегалците, на чиј пат е и Македонија.

Си велам, добро е што нашиот претседател и врховен командант се сетил дека има во своја надлежност и Совет за национална безбедност. Само се чудам како речиси една цела година откако почна бегалската криза и откако илјадници бегалци од Сирија, Авганистан, Пакистан… врвеа со денови и ноќи пешки по пругите и по автопатот од Гевгелија до Табановце, никој не мрдна со прст, а сите надлежни служби се правеа на удрени. Ги сретнувавме овие маченици на патиштата и никој не смееше да им помогне, да ги префрли до Табановце бидејќи тоа беше тешко кривично дело – шверц на емигранти. Бегалците од граѓанска војна и од исламистичките екстремисти гинеа по нашите патишта и пруги од премореност во сообраќајни несреќи, се’ додека не се најде некакво соломонско решение да се оправдаат срамот и бесчувствителноста, па се донесе закон со кој им се овозможува на бегалците легално и организирано да патуваат низ Македонија.

За целото ова време, на претседателот Иванов ни на крај памет не му беше да го свика Советот за безбедност и да предложи соодветни мерки и процедури поврзани со домашни и меѓународни прописи, кога од земја-членка на ЕУ, како што е Грција, во Македонија влегуваат нелегално илјадници бегалци дневно. Не е познато дали воопшто се регистрирани имињата и основните идентитетски податоци на сите мигранти што поминаа низ Македонија.

Претседателот Иванов по кумановските настани, кога загинаа осум полицајци и повеќе се ранети и кога се ликвидирани 10 терористи и кога цела Македонија беше на нозе и во шок, го свика Советот за безбедност, но не побара посебен извештај кој стои зад инцидентот во Куманово и кој е виновен за смртта на осумте полицајци. Пред тоа се случи повеќечасовното киднапирање на полицајци во полициска караула кај Гошинце, што не беше повод за седница на Советот за безбедност. Е сега, кога нема ниту еден инцидент со бегалците во Македонија и кога сите до еден си заминуваат и кога речиси нема никаков интерес да се бара азил за останување во Македонија, по париските настани претседателот Иванов најде мотив да ја драматизира ситуацијата и кај нас и да најавува некакви половични решенија со жичани огради на границата со Грција, за тие што одвај чекаат да ги поминат 150-те километри низ Македонија. А ако пак некој сака да насели 30.000 емигранти во Македонија, да не се лажеме, за тоа Владата и парламентот треба да дадат согласност. Ете тоа ти е политика и тоа лоша и популистичка и при вакви трагични настани, кажано попрецизно, особено при вакви настани.

Еве на пример, поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, за кој пошироката светска јавност дозна кога како министер за внатрешни работи крваво го задуши бунтот на емигрантите во Париз, притоа со својата суровост во пресметката ги пречекори овластувањата на полицијата, ама стекна симпатии во конзервативните средини на цела Франција што го донесе и на претседателската функција. Врвот на својата популарност Саркози го доживеа токму со тврдиот однос кон емигрантите во Франција и со енергично справување со учесниците во уличните немири. Саркози од барикадите во Париз влезе на голема врата во Елисејската палата. Тој истиот Саркози денес како еден од опозициските лидери, веднаш по најголемиот терористички чин во Париз, даде изјава која е поблиску до некоја граѓанска или хуманитарна асоцијација, отколку до неговиот познат имиџ. Тој, се разбира, го осуди терористичкиот чин барајќи сите заедно да учествуваат во спречување на бранот мигранти што произлегува од сириската ситуација, но внимавајте, Саркози јасно предупреди „париските напади да не се поврзуваат со бегалската криза“.

Патем, кога претседателот Франсоа Оланд ги прими сите партиски лидери по повод терористичките напади, лично го пречека и испрати пред Елисејската палата само својот поранешен колега Никола Саркози.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, исто така, даде една мошне деликатна изјава за вака напрегнато време која повикува да не се изедначуваат терористите и бегалците: „Тие што ги организираат, што се сторители на нападите во Париз се истите луѓе од кои бегалците бегаат, а не спротивно. Не постои потреба од целосно преиспитување на европската политика за бегалците“, вели Јункер. Ваквите изјави на Саркози и на Јункер, кога јавноста е во шок и згрозена од големата трагедија како што е насилната смрт на стотици невини граѓани, се навистина храбри и државнички и ни малку додворувачки до јавноста.

Или, како да го протолкуваме гестот на Уставниот суд на Франција. Кога претседателот Франсоа Оланд прогласи вонредна состојба и кога побара таа да трае три месеци, Уставниот суд експресно му одговори дека вонредната состојба може да трае 12 дена, така предвидува Уставот и точка, крај. Уставниот суд е суд, а судиите се судии, не се политичари и партиски активисти. Тие му рекоа на Оланд: имаш 12 дена да работиш во вонредна ситуација.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Груевски на Стража

Објавено на 16 November 2015 од erizaov

mekica

Еве конечно една вистинска и добра вест од највисок јавен интерес објавена во медиумите на власта: премиерот Груевски застанал во ред да купи мекици на Стража. Во тоа исто време стаса лошата вест што му ја расипа марендата, му преседна питулицата. Неговиот најзначаен министер Оливер Спасовски, замислете, без да му каже премиерот ни збор почнал да работи и да издава разни наредби, што предизвика колапс на безбедносниот систем и на Владата и на ВМРО – ДПМНЕ и на целиот владејачки естаблишмент.

Министерот Спасовски веднаш побарал да го вози луксузен автомобил „ауди“, запленет од шверцери на дрога, наместо да го побара прекрасниот „мерцедес“ легално платен со пари од буџетот, безмалку 600.000 евра, а кој сега гние скриен во некоја гаража. Јас да бев на негово место секој ден со тој „мерцедес“ ќе одев и ќе се враќав од работа, а на него ќе залепев голем плакат на која ќе напишев „колата се продава, јавете се кај газдата во владата“. Потоа Спасовски побарал дипломатски пасош и инсистирал да го сликаат во канцеларија, аздисал пред да седне на фотелјата. И, конечно, првата работа што ја сработил новиот министер за внатрешни работи, напишал телеграма до сите одговорни лица во МВР дека наредбите од претходните министри повеќе не важат и дека ќе добијат нови овластувања лично со негов потпис. Тоа предизвика шок во горското началство.

Вклучена е тревога од прв степен. Опасноста е голема бидејќи ваквото преземање на МВР било знак дека криминалците можат мирно да спијат, објасни по долго молчење поранешната колешка, министерката Гордана Јанкулоска. Сега Владата може мирно да спие. Понатаму министерот почнал да издава забрани и да предизвикува хаос баш кога на границата со Грција врие од мигранти, па полицијата чекајќи нови наредби не знае што да прави. Штом полицијата не функционира, нормално е да се најде некој многу умен што ќе предложи со жив ѕид да се брани Македонија од терористи кои одеднаш го смениле планот, па не сакат да одат во Германија, туку да останат тука оти се чувствувале прекрасно како да се дома. И сега замислете ги заплашуваат граѓаните со идиотски прашања што ќе се случеше ако терористичкиот напад се случеше во Скопје наместо во Париз. Обезглавената полиција со ваков министер не ќе можеше да го спречи нападот на терористите. Француската разузнавачка служба и полиција познати во светот не успеаја да ги осуетат терористите, ама ете нашите големи патриоти смислуваат и вакви закани чепкајќи го ѓаволот кај што не треба за домашни политички потреби и да соберат евтини партиски поени. Демек Запад ќе ни подметне да останат во Македонија 30.000 терористи за да ја дестабилизираат Владата на Груевски, да ни ги силуваат жените, да им стават на девојчињата бурки и да предизвикаат граѓанска војна.

Ваква канонада го пречека новиот министер Спасовски кој умислил дека кога ќе дојде на таа одговорна функција треба да работи според законот и овластувањата што ги има. Мора ова да е тежок удар за власта кога има министер кој почнува да работи според Законот. Стигна соопштение и од МВР дека нема никаков хаос и дека не се случува ништо надвор од вообичаените процедури на работењето. Што може сега да прави во ваква ситуација неговиот шеф ако му се врзани рацете, па нема контрола врз министерот за внатрешни работи, а не може да го смени по итна постапка. Навистина не му е лесно. Досега имаше две влади едната на ВМРО – ДПМНЕ, другата на ДУИ, со се своите коалициони партнери сега стаса и оваа на СДСМ и здружената опозиција. Раководење со широка коалиција за авторитарни политичари е жива трагедија. Тоа се целодневни и целовечерни кошмари.

По десет години владеење одеднаш на чело на полицијата се појавува човек кој сака да ги контролира работите според законските овластувања. Страшно.

Во ваква пат ситуација единствен излез се изборите. Пет месеци колку што преостануваат до изборите и месец дена пред да се повлече од премиерската функција Груевски се одлучи да ги помине во жесток пресинг со досега невидена валкана медиумска пропаганда гарнирана со делење пари и дружење со народот кој треба да се убеди дека е добро да се спречи владеењето на правото и контролата на извршната власт.

И еве го Груевски повторно меѓу народот, од сите страни ечи пораката на 24 април ќе одлучи народот. Во приказните и легендите има многу примери кога царот преправен во питач одел на пазарите и по улиците, по разни собиралишта и стадиони да слушне што зборува и што мисли народот. Бидејќи нашиот водач добро знае што мисли народот не се маскира и не се преправа, туку отворено се појавува на места каде има голема фреквенција од луѓе.

Еден од оние познати циници гледајќи ја на улица „Македонија“ прошетката на премиерот ми вели извини јас не сум од овде, да те прашам нешто, дали набргу во вашата земја ќе има избори. Не, му велам дури по пет месеци ова што го гледате премиерот како се релаксира пред скопјани е да се види дека човекот е од крв и од месо дека е подготвен да го дише истиот воздух што го дишеме и ние иако е најзагаден во целиот регион.

(објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2015
M T W T F S S
« Oct   Dec »
 1
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
30