Archive | October, 2015

Tags:

Хаос ин Лаос

Објавено на 30 October 2015 од erizaov

(Фото: OSCE)

(Фото: OSCE)

Хаос е најпристојниот збор што приличи на последиците од длабоката криза во која со години живееме во страв што ќе донесе утрешниот ден, во исчекување и надеж дека ќе победи разумот и ќе се стави крај на неизвесноста и Македонија, конечно, ќе тргне во правилна насока. Дека цели 10 години одиме по погрешен пат, потврдуваат станиците до кај сме стасале.

Стигнавме на перонот на најсиромашната земја на Европа, со најмали плати и најмногу невработени, со најголема беда и сиромаштија. На оваа постојка гротескно изгледаат фалбите за големите успеси што сме на врвот по брзина на отворање фирма, што сме меѓу земјите со најниски даноци и добра бизнис-клима. Преведено на народен јазик прашањето е во што е ќарот и големиот успех ако за три секунди и нула денари отвориш компанија за производство на магла. Или какво фајде има ако најниските даноци само ја зголемуваат сиромаштијата на армија луѓе и контото на најбогатите. Дали добра бизнис-клима е што фирмата за производство на магла автоматски банкротира штом дувне првиот ветер. Затоа вестите за зголемување на вработеноста и стандардот на населението, за подобриот квалитет на живот, за големите успеси и достигнувања на оваа станица се доживуваат повеќе како несолена шега и сатира отколку како вистина. Власта и политичките водачи се гордеат со своите резултати, а граѓаните се срамат од својата сиромаштија. И едното и другото е точно ама бедата не се гледа, таа се крие, а успесите со барабани и таламбаси ги слават само привилегираните.

Тоа е амбиентот во кој кога не функционираат институциите на системот, или работат селективно по нарачка, најважната алатка е лагата или доктрината како да се најдат оправдувања и виновници за сопствените слабости и грешки. Трагичните последици од едно авторитарно владеење се покажуваат со сета своја грдотија во сите пори на животот. Деновиве имаше неколку настана на кои им прилега насловот Хаос ин Лаос, иако само симболично се совпаѓа со историските настани од минатиот век. Ги слушам судиите колку им било тешко да судат поради непослушни новинари. Плачат и се жалат како мали деца дека новинарите се најголемите виновници за лошата претстава во јавноста за македонското судство во сите инстанции. Ауу… си реков колку сме биле влијателни и моќни, па чесните и добри судии ги донесовме на ова дереџе, никој во државата да не им верува. Нашите судии суделе според закон, никој на нив не можел да влијае, нема корупција, нема нарачани пресуди и апсења, нема средновековни притвори, нема политички затвореници, нема недопирливи функционери… Правдата еден ден ќе ги стаса сите. Арно ама ете оваа идилична слика ја расипуваат новинарите. Судијката која му изрече четири и пол години затвор на новинарот Кежаровски за текст напишан пред сто години, во кој се разобличува една судска фарса со лажно заштитени сведоци не му се налути на јавниот обвинител кој пред таа да изрече пресуда соопшти во весникот „Вест“ дека Кежаровски треба да биде казнет најмалку четири години. Се разбира храбрата судијка не го послуша јавниот обвинител и изрече казна од четири и пол години. Сакам да ја прашам јавно уважената судијка, каде што таа слушнала дека негде во светот пред да изрече судијата пресуда јавниот обвинител преку медиуми кажал колку треба да биде осуден човек кој судот се’ уште не го прогласил за виновен со судска одлука. Ете тоа не и’ пречело на судијката да крене глас што јавниот обвинител и’ ја „диктирал“ пресудата преку „Вест“. Природно – и за ова се виновни новинарите. Тие треба само да доаѓаат во судот на шалтер да ја земат пресудата и да ја објават од точка до запирка како е напишана. Толку. Не смеат ништо друго да пишуваат, да коментираат и да размислуваат.

И лекарите се огорчени на новинарите што ја драматизираат ситуацијата поради серија смртни случаи на деца и родилки. Докторите бараат од новинарите право на грешка, велат во цел свет се греши и во најугледните светски клиники умираат пациенти по лекарска грешка. Така е, се случуваат катастрофални грешки и во врвните болници низ светот. Но дали и таму за тоа молчат медиумите, или жртвите од лекарските грешки се ударни вести. И таму ли молчат обвинителите и судиите како кај нас. Знаат ли нашите огорчени лекари на новинарите колку доктори во тие земји се осудени поради грешка со фатални последици, колку од нив годишно остануваат без работа и без лиценца, колку грешки се откриени и јавно признаени и колку пари платиле оштета клиниките на оштетените пациенти и нивните семејства. Разликата е во тоа што кај нас сите се безгрешни, не се знае колку луѓе заминале од овој свет поради лекарска грешка, а не се сеќавам дека некој кај нас зел праведен износ за надомест поради лекарска грешка. Се’ уште никој не ги демантираше бројките дека во Македонија повеќе луѓе умираат годишно поради погрешно лечење отколку од природна смрт. Нормално и за ова се виновни новинарите бидејќи објавуваат непроверени податоци, а проверени нема.

Политичарите се жалат на новинарите поради клевети, навреди, лаги и манипулации. Власта е лута на една група новинари кои преку други свои избрани и подобни новинари ги нарекува предавници, непријатели, соросоиди, странски платеници… Опозицијата пак се жали на одземената слобода на новинарите, воведената строга цензура, нарушениот професионализам, корумпираноста на уредниците и на новинарите. Опозицијата е бесна поради спрегите на власта и сопствениците на најголемиот број влијателни медиуми, особено телевизиите, на контролата врз јавниот сервис МРТ и на забранетиот пристап во медиумите на јавни личности кои различно мислат од власта и критички ги анализираат одлуките на владата и на парламентот. Опозицијата тврди дека во Македонија се проскрибирани илјадници луѓе кои ги препознаваат грешките на власта. На сите ним им е оневозможено да зборуваат на телевизиите и во весниците, интернет-порталите кои директно или индиректно се финансирани од владата и партиите на власт. Тие немаат каде да го кажат своето мислење освен преку социјалните мрежи и неколку медиуми кои се’ уште одвај егзистираат. Така ќе биде се додека опозицијата не стане власт, а власта не биде опозиција. Потоа следи истата приказна од почеток.

Во суштина односите политика – новинарство во Македонија повеќе години е една тажна и несреќна приказна која мислам дека сите ја знаат. Власта успеа преку контролираните медиуми да наметне целосно паралелен медиумски простор во кој доминираат корумпираните медиуми и апологетско новинарство. Од една угледна и влијателна професија, значајна за развој на демократските процеси и на слободата и заштита на човековите права направена е вистински пустош уривајќи ги професионалните норми и стандарди на најниско ниво во последните четириесет години. Формирана е провладино и партиско здружение на новинари кое ништо друго не работи, освен што ја велича власта и открива предавници и непријатели меѓу професионалните и добри новинари. За жив срам.

И некои деловни луѓе се пожалија деновиве преку своите комори на новинарите за големите штети што му се нанесува на стопанството поради нивното драматично прикажување на кризата, бидејќи бизнис-климата е извонредна и Македонија постигнува одлични резултати. Бизнисот цвета, а новинарите го овенуваат како пролетни рани мразеви.

Што може на сето ова да се каже дека, всушност, овој хаос е поради изгубената доверба, поради режимот и задушената демократија, оневозможеното владеење на правото, политичкиот и партиски клиентелизам и корупцијата која длабоко навлегла во сите пори на битисување, почнувајќи со мито од породилната клиника, па се’ до погребалното претпријатие. Дури и пред бога не одиме сите еднакви. Во ваков амбиент што можат да прават соучесниците во хаосот освен да удираат по последиците. Не можат да удрат против причините, оти причината се тие самите.

За утеха на малубројните професионални новинари е фактот што во сите овие набројани случаи ги напаѓаат само нив, а не послушниците на власта. И уште нешто чинам многу важно, не слушнав ниту еден саглам и угледен судија, лекар, политичар, и деловен човек за своите проблеми да обвинува новинари.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Итарпејовско ДА и НЕ

Објавено на 29 October 2015 од erizaov

gruevski

Премиерот Никола Груевски кажа ДА и НЕ за една иста работа во екот на кулминацијата на тригодишната длабока политичка и морална криза во која драматично влегува Македонија. Итарпејовското и ДА и НЕ за договорот од Пржино означи дека повторно влетавме неподготвени на историска раскрсница. Груевски во говорот на 23 Октомври, Денот на ВМРО, рече дека ќе се оствари договорот од точка до запирка како што е напишан без дополнителни толкувања, но кажа и тоа дека за се’ народот ќе одлучи. Кога треба да се прати порака кој се плаши од изборите, важи првата варијанта со ДА, а кога треба да се одговори на гарантите на договорот, претставниците на странските влади, важи втората варијанта со НЕ, односно народот ќе одлучи. Нема што, многу мудро, Груевски ги надмина и Јосип Броз-Тито кога му рече НЕ на Сталин и Слободан Милошевиќ што му тресна НЕ в лице на цел свет.

Во клучен момент за одредување на иднината на државата и нејзините граѓани и поколенија, најодговорните луѓе во државата одлучија да изигруваат мудреци и да ја игнорираат реалноста со наметнување лажна пропагандна слика дека се нижат на сите страни само успеси, а надворешните и домашните непријатели сакаат да ни ги урнат фантастичните достигнувања. Крунски доказ пак се одличните резултати според оценка на веќе подзаборавената „Дуинг бизнис“. Овие странци кога не’ фалат се добредојдени и тоа не значи мешање во внатрешните работи. А оние другите странци се лошите кои сакаат да ни ја уништат државата.

Толку многу завист се собрало во овие десетина години кај претседателите и премиерите на Америка, на Англија, на Германија, на Франција, на Италија и на цела Европска унија се’ поради нашите високи дострели и успеси што одлучиле преку своите емисари, амбасадори, да ни се заканат и да ни ги загрозат независноста, самостојноста и човечкото ни достоинство. Последното обраќање на западните светски велесили до македонскиот премиер Груевски доби третман небаре е објава на војна против државата Македонија. Едно сериозно укажување да се почитува договореното искажано јавно за првпат со толкава прецизност во лоцирање на одговорноста во Владата и кај премиерот веднаш е преквалификувано како напад врз државата, а не како одбрана на граѓаните на Македонија од евидентно загрозување на човековите права и слободи, на демократијата, на европската иднина на Македонија и воопшто на стабилноста и безбедноста на земјата.

Врескаат телалите на власта дека развиениот свет е уплашен од успесите на Македонија и од големата конкуренција што им ја наметнува новата балканска велесила што еве на најбрутален начин сакаат да ги принудат нашиот државен врв и премиерот да го спроведат тоа што самите го потпишаа. Странците не можеле повеќе да издржат некој да ги прави будали, па свиткале лист хартија и напишале што препорачуваат нивните влади и први луѓе, кои и покрај најдобра волја не можеле да ја разберат балканската итроштина кога најодговорните луѓе во државата со денови преговараат како да се надмине политичката криза и кога конечно успеале да се договорат, не сакаат да го спроведат тоа што се договориле, па се обвинуваат меѓу себе кој е виновен за тоа. Мереле , мереле луѓето и виделе дека од договорот во Пржино досега се остварени само две работи: престанаа „бомбите“ на Заев и опозицијата се врати во парламентот. И ништо друго.

Државите чиишто претставници на преговорите и на склучениот договор беа гаранти да се исполни потпишаното имаат обврски спрема граѓаните на Македонија и спрема учесниците во преговорите. Јасно и гласно кажаа кој е виновен, а кај нас тоа е смртен грев ако безгрешната власт е крива за нешто. И еве ти ѓурултија во која најдобро пливаат ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. Махери се за производство на магла и квазипатриотизам во кризни ситуации, особено кога по нивна вина иднината на државата станува влог како на комарџиска маса.

Ова што ни се случува на се’ повеќе луѓе им личи на времето пред распадот на Југославија и „историското“ НЕ на Слободан Милошевиќ да не попушти на странските замешателства во внатрешните работи прво на Југославија, а потоа и на Србија. Резултатот сите го знаеме, Југославија ја нема одамна, а новите држави по распадот наместо во Европа влегоа во меѓусебни војни. Македонија во тие кризни и воени години го носеше епитетот на мирољубива и стабилна држава со претседател- државник кој излезе од југословенската криза без ниту еден испукан куршум и без ниту една жртва на своја територија. Угледниот уставен судија на Франција, Робер Бадентер, ја изговори историската реченица која треба да влезе во учебниците, а тоа е дека единствено Словенија и Македонија ги исполнуваат сите услови да бидат признаени од Европската унија и од светот. Така налагаат правото и правдата, а што направи политиката видовме. За жал, поуките и мудроста на претседателот Киро Глигоров одамна ги нема. Затоа и последиците се и ДА и НЕ за една иста работа. Ако не се оствари договорот од Пржино, одземањето на препораката за отпочнување на преговорите со ЕУ уште отсега од медиумските апологети се правда со тоа што досега шест пати сме добиле позитивен одговор, ама тоа не се прифатило, па што ако и седми пат биде исто. Е, не е исто, овој пат сами си пресудуваме, не е виновен никој друг, ни соседите, ни Брисел, ни Америка. Кризата е наш автентичен македонски производ.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: ,

„Контекст“ на Алџезира: Има ли излез од политичката криза?

Објавено на 28 October 2015 од erizaov

 

Гостување во емисијата „Контекст“ на Алџезира Балканс, заедно со Малинка Ристеска-Јорданова од Институтот за европска политика.

Нема коментари

Tags: ,

Носталгија по Македонија

Објавено на 28 October 2015 од erizaov

preporaka

Ако на Македонија и’ се одземе препораката за започнување на преговорите со ЕУ, што практично значи укинување или замрзнување на кандидатскиот статус во домашните битки за власт ќе нема победници, туку само два милиона поразени граѓани и држава со неизвесна иднина.

Во тој случај, од кандидат за ЕУ што директно е поврзано и со членство во НАТО, Македонија станува „ничија земја“, балканска сива зона. Можеме на сет глас и по сто пати дневно да се удираме во гради и со огнени патриотски говори да повторуваме ова е наша земја, ова е наша земја… македонскиот народ, македонскиот народ… но науката и историските процеси се неминовни, особено ако политичките елити заслепени за власт не ги препознаваат, вистинските приоритети и не ги бранат државни интереси. По белата чума и сиромаштијата, по масовното бегство на младите учени и стручни луѓе по белиот свет, ова е последниот чин на патот кон распад, делби и исчезнување на државата. И демографите и историчарите, а најмногу суровата реалност, којашто ја видовме одблизу со исчезнувањето на Југославија, потврдуваат дека и многу поголеми држави и нации ги снемува и денес, во 21 век, како и низ минатите столетија.

Премиерот Никола Груевски во својот најпатриотски говор, по повод денот на ВМРО, кога од државен празник направи партиски митинг, за евентуалното одземање на препораката од страна на Брисел испрати порака, која јасно укажува дека по таков катастрофален пораз би биле залудни сите домашни расправи и надмудрувања, кој повеќе е виновен за блокадата кон најважната цел во историјата на независна и самостојна Македонија, а по многу нешта и најважна цел за опстанокот на државата која се’ повеќе станува дел од проблемот на Балканот, а не како досега, дел од решението на стабилен регион. Точно е дека плачот и кавгите над покојникот би биле бесмислени и исмевани од наследниците на распарчената држава како носталгија по Македонија. Сукцесорите, браќата деленици, ќе констатираат дека Македонија била историски истрошен, или неуспешен модел, ќе го обвинат таткото, ќе предложат да се прифати новата реалност.

За идните генерации, без оглед дали делбата ќе биде братска или со војна остануваат долговите, тие не се бришат и по распадот на државите. Мора да се платат, такви се договорите со банките. Долгот и на Кралството Југославија и на Титова Југославија, си го плаќаат наследниците, иако одамна не постои ни едната, ни другата. Ако не се прифати реалната опасност од ваква разврска и за Македонија, тогаш нашите водачи ништо не научиле од историјата иако многу сакаат да држат патриотски говори. Се уште плачеме за последиците од Букурешкиот договор од пред сто години за распарчена Македонија. Во наредните сто години можно е да плачеме за последиците од неостварениот договор, не знам кој го крсти од Пржински. Разликата меѓу Букурешкиот договор и овој наш тукашен, автентичен, е во тоа што пред повеќе од сто години други ни ја одредија судбината, а со овој договор од Пржино се испековме сами, власта која не ја препознава својата одговорност, ја донесе земјата пред нови делби и опасности.

Но, како и при сите демагогии и лаги, најопасна е полувистината. Премиерот Никола Груевски бара почеток на преговорите и потврдува дека блокирана Македонија без можност да стане дел од европското семејство и вредности би била голема загуба и дека би биле залудни сите домашни расправи за тоа кој повеќе е виновен. За, голема жал, тоа е само полувистина, како оној мал видлив дел на сантата мраз кој одвај се гледа над површината на морето. Големата планина под вода е огромната одговорност на Владата и лично на премиерот напишана од збор до збор во Уставот на Македонија, над кој Груевски секоја година во изминатите десет години се колне дека ќе ги брани интересите на државата и на нејзините граѓани. Од сите стратегиски интереси се’ уште не е остварен ниту еден, иако во сите партиски програми, собраниски декларации, манифести, во сите партиски предизборни ветувања стојат цврсто зацртани како главни приоритети стандардот на граѓаните, квалитетот на живеење и евроатланските интеграции. Ништо од тоа не е остварено, за тоа постојат емпирски докази еден куп бројки и факти, но од се’ е посилно чувството на граѓаните кога живееле порано и побезбедно, сега или порано.

Ако навистина Груевски е убеден во својата победа на 24 април 2016 година и ако уште сега има голема потреба да се прогласи за победник и да соопшти колку е омилен од народот, според половично соопштените анкети, ако навистина нема никаков грев и е чист пред законите од она што можеше да се слушне како сомнеж од бомбите на Заев, тогаш, не гледам ниту една причина зошто не би ги прифатил и спровел од „точка до запирка“ сите преземени обврски од Договорот, па дури многу повеќе, се’ што е во интерес на граѓаните и државата. Работите изгледа стојат сосема поинаку. Груевски и неговите следбеници ги блокираат сите обиди да се дојде до излез од политичката криза и да се спроведат преземените обврски од Договорот во Пржино, но и од договорот со сопствениот народ. Единствениот видлив мотив е задржување на власта и бегање од одговорноста, од соочување со правдата. Но има една работа која никој не може да ја спречи ако се стопира европеизацијата на Македонија и членството во НАТО и дојде до распад на државата поради битка за власт.

Пресудата на историјата не може да ја спречи ни Судот на Груевски. Ќе речете, кому ќе му биде тоа важно ако ја снема Македонија. Ако нешто ви значи, во право сте.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Дали Груевски го откачува Мијалков

Објавено на 27 October 2015 од erizaov

grumie

Го откачува ли премиерот Никола Груевски чекор по чекор својот најблизок соработник, братучедот Сашо Мијалков.

По изнудената смена од шеф на тајната полиција и бруката со пиштолот во куферот на Мијалков на белградскиот аеродром, колку и да му нанесе главоболка, изгледа и му помогна на Груевски да го зголеми својот маневарски простор кој беше опасно стеснет од моќта на Мијалков. Но, тешко е да се поверува дека Груевски ќе му каже извини братучед доста беше. Притоа роднинската пофалба што му ја изрече јавно на Мијалков дека имал доблест да ја признае грешката може да се толкува и како последна порака за неопходноста од неговото замолчување, а некои од врвот на партијата тврдат и заминување од политиката.

Сега Груевски има силно алиби во семејните односи дека хибернацијата на Мијалков не е негова одлука, туку притисок на јавноста и на меѓународниот фактор. Така Груевски успеа да ја намали огромната моќ концентрирана кај Мијалков, се ослободи барем малку од притисокот однадвор, но и во партијата, а ги задржа добрите односи во фамилијата спречувајќи да добие силен удар од грб. Ем овците на број, ем волкот сит, ем пастирот спокоен.

Она што не го пресметал Груевски добро е фактот што предизборното пуштање на Мијалков низ вода, или привременото негово замолчување, не може да го ослободи од одговорноста за изградбата на систем во кој со арогантно непочитување на правилата за судир на интереси и со поставување на братучедот за директор на чувствителната служба за контраразузнавање е изграден монструозен поредок на злоупотреба на власта. На тие скали поставени од Мијалков и неговите соработници Груевски лесно се искачи на врвот на пирамидата од каде што преку строго партизирани институции на системот се’ уште управува со државата. Не може целиот товар да падне на ривалите Сашо Мијалков и на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за местенките во изборите, за инсценираните пресметки со политичките противници, за нарачаните апсења и долгогодишни пресуди затвор, за уништување на деловни луѓе, за матните бизниси, за контрола и партизирање со свои луѓе на судството и на медиумите, за домашните и странските провизии и коруптивни зделки… одговорноста за сето ова мора да почне од Груевски па надолу.

Кога Груевски категорично одби да поднесе оставка како што тоа го прават вистинските политичари, стана јасно дека мора да паднат покрупни жртви и во сопствениот двор. Груевски немаше доблест да ја признае грешката и да ја преземе одговорноста на свој грб, како што го фали братучедот. Очигледно, Груевски ја прифати со олеснување нарачката да ги отстрани најблиските соработници и без многу противење ја спроведе експресно. Во првата тура ги испрати на заслужен одмор братучедот Сашо Мијалков и министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески. За втората рунда се оставени уште неколку значајни имиња од врвот на ВМРО-ДПМНЕ и од Владата, но тој ризичен потег особено во секторот за финансии засега е неприменлив. Отворањето на Пандорината кутија за трошењето пари од државната каса може да предизвика посилна експлозија од сите „бомби“ на Заев. Апелите на Груевски што секој ден ги повторува дека победата на изборите е сигурна колку што е за охрабрување на симпатизерите и гласачите, уште повеќе е порака до неговите разжалостени најблиски соработници да не прават проблеми и да бидат стрпливи до победата.

Што се однесува до Мијалков и неговиот пиштол заборавен во личен багаж и сериозната истрага на ТАВ кој згрешил на скопскиот аеродром и слични бурлески, најдобро е да му ја препуштат работата на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Тој експресно ќе направи темелна истрага. Пред само неколку дена човекот јавно вети дека секој што го прекршил законот, а е откриен не може да ја одбегне одговорноста. Така работело обвинителството кое не е под ничие влијание.

Зошто ТАВ да се измачува со тоа што ќе казни два-тројца недолжни луѓе од обезбедувањето, или од контролата на аеродромот. Одговорот на прашањето зошто Мијалков влегол без задолжителна проверка во авионот со пиштол е нашата реалност да се живее и работи во системот на Груевски во кој никој не смее да ги праша господинот Мијалков и владејачката камарила што носат во чантите. Баш би сакал да го чујам дали има таков јунак на аеродромот што само еднаш му рекол на Мијалков или на некој од државниот врв, па и подолу, отворете го куферот, или ставете го вашиот багаж на рендген за проверка.

Ако полицајците што работат на аеродромот и надлежните контролори постапеле како што налагаат правилата и ако го провереле багажот на Мијалков, сигурно немаше да дојде до ваква бламажа ниту на „Александар Велики“ , ниту на Македонија, а најмалку на Мијалков, се разбира, ако навистина ја згрешил чантата.

Еден друг човек само затоа што имал дома пиштол и не го вратил бидејќи никој не му го ни побарал на тужба на обвинителството беше осуден на три години затвор. Човекот е колега на Мијалков, поранешен шеф на тајната полиција, се вика Верушевски и сите знаат дека не е осуден поради невратен пиштол…

Кога го почна својот прв премиерски мандат, кажавме дека Груевски има и две големи лични слабости. Едната од нив е Мијалкови.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags:

Најпатриотскиот говор на Груевски

Објавено на 26 October 2015 од erizaov

gruevski_govor

„…И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не нè убија со камења откако го согледаа грозниот и жален излез на нашата револуционерна иницијатива“
Иван Хаџи Николов, основач на ВМРО

Цел викенд се изнаслушав на најпатриотскиот говор досега на Никола Груевски. Сите телевизии, владини радија, интернет- портали три дена и три ноќи ечеа со: народот, народот и народот… Груевски го прочита прилично сугестивно тоа што му го напишале инстант-партиски историчари и соработници, што е вообичаено во политиката кога пишувачите на говори добро знаат што сака да каже владетелот, претседателот, или премиерот.

Најпатриотскиот говор на Никола Груевски му го нарачаа вмровските активисти и лобисти во дијаспората и еве тој им ја исполни желбата. За разлика од тие што паѓаат во транс од феноменалниот и историски говор на Груевски, како што со вознес велат досега вакво чудо немало, јас го доживеав како крајно демагошки, лицемерен театрален микс од историја за големите страдања низ вековите на народот се’ до доаѓањето на Никола Груевски на власт. Имаше тука се’ и сешто од цитати на основачите на историската ВМРО до прогласување победа на следните избори и почнување на преговорите со ЕУ и влез во НАТО. Но најмногу имаше фалби. Груевски покажа за миг и една благост и вчудовидувачка подготвеност за толеранција и цивилизациски дијалог со опозицијата и остварување од точка до запирка на договорот од Пржино. Па веднаш да не биде ептен попустлив и погрешно разбран следуваше жестока критика на опозицијата и нејзината предавничка улога и соработка со странците кои не и’ мислат добро на Македонија, па затоа сами треба да ја завршиме работата, како што ќе каже Груевски.

Груевски во името на сите граѓани побара членство во НАТО и да почнат преговорите со ЕУ… барам, рече, да не и’ се одзема на Македонија препораката за преговори бидејќи веќе шест пати била позитивна, ама и исто толку пати и отфрлена. Груевски според интонацијата и карактеристичните зборови што ги кажа, дека нема ниту еден граѓанин кој не мисли дека сме го заслужиле членството во ЕУ и во НАТО, остави впечаток дека е подготвен да направи многу повеќе отколку да се надева дека бројот седум носи среќа. Не слушнав дали Груевски конечно кажа дека веќе нема оправдувања зошто не сме во ЕУ и во НАТО и кој се’ е виновен што не сме во европското семејство. Велите не кажал такво нешто, туку кога рекол БАРАМ не се обраќал само до Брисел , туку и до себе да ја заврши работата како што налагаат европските стандарди. Не верувате. Не верувам ни јас, ама Груевски кажа нешто ново дека многу се глупави и безначајни кавгите на домашен терен кој колку е виновен откако ќе ни ја одземат препораката.

Каде уште се крие демагогијата на Груевски. Прво, тие што му го пишувале историскиот дел измешале за политички потреби разни цитати и очигледно не знаат дека светите изворни принципи на историската ВМРО опстојувале само десетина години. Се’ потоа е мит и катастрофа за Македонија. Еве како може да прозвучи поинаков цитат на еден од основачите на ВМРО, Иван Хаџи Николов во чија куќа во Солун 1893 година е основана ВМРО, а кого го цитира и Груевски во еден сосема друг контекст. Знаменитиот македонозналец Гане Тодоровски вели дека спомените на Иван Хаџи Николов по многу нешта се уникатни, единствени од својот вид, исклучителни, недостижни и речиси неспоредливи… Хаџи Николов тешко болен и разочаран си го одзема животот 1934 година во Софија. Еве што тој пишува за ВМРО: „И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не не’ убија со камења откако го согледаа грозниот и жален излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба; ние да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново уште потешко ропство и при такви, дијаметрално противположни резултати пак да не не’ обвинува, да не не’ навредува, да не мрмори против нас – создавачите на револуционерната организација и водачите, толку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го преземе тешкиот глоготски крст – тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужни“ …

(превел од бугарски Гане Тодоровски кој ги поседува оригиналните непреправени сеќавања на Иван Хаџи Николов).

Деновиве изненади Љупчо Георгиевски, основачот на ВМРО-ДПМНЕ кој предложи партиите да ги вратат на државата, поточно на науката четирите историски букви ВМРО. Тоа го направи Георгиевски со големо задоцнување, иако никогаш не е доцна, револуционерното дејствување да се замени со демократска и политичка борба за подобра Македонија. Замислете сега СДСМ да си го додаде и НОБ, па ќе имаме револуционерна организација против народноослободителна борба.

Толку што се однесува до историјата.

За подготвеноста на Груевски за сегашноста и разрешување на тешката политичка криза и за остварување на договорот од Пржино, како што вели, од точка до запирка доволен е фактот што досега се остварени само две работи. Престанаа „бомбите“ на Заев и опозицијата се врати во парламентот. Ниту една друга точка од договорот не е реализирана. Најголемиот проблем е специјалното обвинителство. Груевски и неговите најблиски соработници имаат уплав од обвинителен акт и седнување во судот на обвинителна клупа.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: ,

На пат кон Белорусија

Објавено на 22 October 2015 од erizaov

lukagrujo

Македонија во Скопје и во Брисел денес се споредува со режимот на Белорусија, не од домашни предавници и странски платеници, како што власта ги нарекува своите критичари, туку директно од официјални и познати личности кои со денови учествуваа во преговорите да се најде излез од политичката криза во државата. Поради балканскиот инает, примитивизмот, стравот од губење на власта, соочувањето со правдата и со фер и слободни избори, за првпат една земја со статус кандидат за членство во ЕУ може да остане без кандидатурата, или без препорака за почнување на преговори. Како и да е, Македонија останува последна на Балканот со одземена иднина на речиси два милиони жители кои Унијата неправедно ги казнува поради неспособни политичари и алчна власт која повеќе води грижа за своите фотелји и привилегии отколку за своите граѓани.

Земјата ја водат политички лидери кои не го гледаат интересот на граѓаните, туку само својот. Во државниот врв седат луѓе кои немаат ни демократски капацитет, ни разбирање за европските вредности. Човековите права и слободи во Македонија се сериозно загрозени, а институциите на системот се целосно партизирани и контролирани. Ова е главниот впечаток на олеснувачите на преговорите што се водеа драматично во изминатите денови, но тоа е и од поодамна општ впечаток на слободоумната јавност во земјата која го исчекуваше крајот на меѓупартиските договарања со големо внимание и надеж дека конечно ќе превладее разумот. Од сето тоа разочарувачки ништо. Не дека не беше предвидлива ваквата разврска, но овој пат надежта доаѓаше од присуството на голем број странски претставници кои како никогаш досега покажаа подготвеност да помогнат да се ослободи државата од агонија и да застане на нозе.

Сега не ни преостанува ништо друго туку храбро да се спротивставиме во деновите кои доаѓаат да не бидеме жртви на познатата шема на перење на мозоците, да одбегнеме да бидеме изложени на брутални пропагандни напади и црнила, лажни дилеми кој повеќе е виновен што пропаднаа преговорите. Треба да се игнорираат владините медиумски труби кои ќе продолжат со погласна сатанизација и бербатење на се’ што мисли поинаку од власта. Ќе се јават новинарските измамници кои ја одработуваат својата слобода да сеат омраза, да објавуваат гадости, да навредуваат и омаловажуваат, да го довалкаат и она малку што останало од угледот на земјата и доблеста на професијата. Се разбира и натаму со несмалено темпо ќе се редат вестите во низа за големите успеси и достигнувања, кампањски вработувања на сметка на сите граѓани.

Од другата, лева страна, пак, ќе се прават разни плитки и високоумни анализи и ќе се бараат причините зошто Македонија е историски предодредена да ги испушта шансите да направи слободно просперитетно демократско општество. Ќе се прашуваат партиски неинфицираните луѓе, исто како и нивните сограѓани пред сто години, кој е тој проклетилак што секогаш ќе се најде некој да ја расипе работата кога Македонија е на крстопат да тргне во правилна насока. Секогаш тоа се истите сили што го ликвидираа цвeтот на македонската интелигенција од крајот на 19 до средината на 20 век. Нивните денешни наследници во нова форма на конспиративно и авторитарно владеење постојано ги насочуваат граѓаните на меѓусебна омраза, особено во кризни ситуации.

Сигурно премиерот Никола Груевски го подготвува својот најпатриотски говор за утре 23 октомври, денот на основањето на ВМРО, кога ќе повика на последна пресметка со домашните предавници и кога ќе ни каже на сите дека никогаш не ни било подобро во целата историја на Македонија се’ до неговото доаѓање како Никола Први и Последни.

Најголемата брука вчера не беа прекинатите преговори, туку советот на обвинители кој застана отворено зад носителите на криминалот во земјата, спречувајќи ја незаконски јавната обвинителка Катица Јанева и специјалното обвинителство да си ја вршат работата. Невидена срамота, обвинители да бранат криминалци.

(објавено во Утрински)

Коментари (2)

Tags:

Од бетер побетер

Објавено на 21 October 2015 од erizaov

klub

Работата ни е врвка. Од лошо полошо, од бетер побетер. Господ да чува од најлошо.

И вака, чинам, наједноставно може да се оцени резултатот од завршните преговори на политичките партии за надминување на длабоката политичка и морална криза во која бесповратно тоне се’ подлабоко Македонија. Многу разочаран по непреспана ноќ си замина за Брисел, комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, тешејќи не’ дека се’ уште е оптимист и дека сепак има надеж и не е се’ изгубено. Кој му е крив, убаво му прати абер Груевски дека нема потреба да доаѓа во Скопје.

Се разбира, и премиерот Никола Груевски не помалку од Хан е разочаран поради што не можеше ни збор да каже како го доживеа дебаклот на преговорите, па тоа му го препушти на својот аѓутант. Очевидци лажат дека толку му било жал на Груевски што му дошле солзи радосници на очите. Тоа што му виделе насмевка на лицето во црни темници е лепено и монтирано, а всушност било болна гримаса. Ахмети и Тачи секогаш се подеднакво разочарани со Груевски поради тоа што многу ги заболе и нив за иднината на државата, па и тие како Груевски, не кажаа ништо.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев и тој ептен депресиран испрати покана за уште една тура мангал муабет, со важност само во наредните 20 часа. Кога ова ќе го читате можеби ќе заврши последното целивање. Затоа и Заев веројатно не сакаше да го спомне јажето во куќата на обесениот. Единствено вистински загрижен ми изгледа оној упорен Фламанец Питер Ванхоуте, кој чинам почнува да ја капира византиско- балканската итроштина за освојување на власта, која во слободен превод може да гласи: ем расипано ем простачки. Ако и Питер крене раце, тогаш отидовме јабана наредени како Сиријците на патот кон Европа. И досега таа колона гурбетчии беше голема ама прилично невидлива на заминување оти луѓето си одеа од татковината легално со авиони, автобуси и возови. Видливи станаа опустошените градови и села без млади луѓе. Сега е можно да тргнат и пеш и без документи како ново стампедо бегалци кон Европа.

Кога се сексаат слоновите, најмногу трпи тревата. Галиба најмногу ќе настрадаме овој пат, сите без исклучок, од дечурлааната која нарасна како слонови. Ни се колнеа дека државата им е пред се’, ама се виде дека нив, пред се’, им е власта и парите. Барем малку да им беше во преден план државата и интересите на сите граѓани, немаше да дозволат да дојдеме на ова дереџе на неслободна земја во која е угушена демократијата. Премиерот Никола Груевски и Владата не сакаат да ја прифатат одговорноста за вкупните состојби во државата, иако им е наложена од Уставот, на што се заколнаа повеќе пати. Груевски вели дека вмровците имаат доблест да ги признаат своите грешки, ама никогаш не го слушнавме дека нешто згрешил. Човекот или не е вмровец или е безгрешен.

За се’ лошо што се случува во земјата секогаш е друг виновен. Така ќе биде и овој пат ако Македонија биде првата земја на која и’ одземен кандидатскиот статус, или не добиеме препорака за преговори со ЕУ, Груевски и Владата, партијата на власт и нејзините трабанти на цел глас ќе алармираат дека за тоа е виновна опозицијата бидејќи не дозволила уште еден десетгодишен мандат на власта и не се согласила да се осакати специјалното јавно обвинителство. Опозицијата, замислете не се согласува, да се судат луѓето кои храбро им ги предочиле на јавноста злоупотребите на власта, организираниот криминал и незаконската пресметка со политичките противници, местенките за апсења на политичари, новинари и сопственици на медиуми. Опозицијата не се согласила нивните министри и заменици во заедничката предизборна влада да бидат фикуси, туку барале активно да учествуваат во одлуките кои се однесуваат на изборите или засегаат во изборниот процес. И сега што имаме од целата лепеза на договори и преговори. Ништо, освен еден договор кој е целосно испочитуван и спроведен во дело, а тоа е враќањето на опозицијата во Парламентот. Се’ друго е проблематизирано, или оскрнавено или целосно блокирано. Специјалниот закон за јавно обвинителство е прифатен од сите, но веднаш уште на првото барање на јавниот обвинител Јанева е грубо прекршен, а обвинителката од провладините медиуми е сатанизирана. И сите други договорени работи стојат ад акта и за нивната примена во практиката ќе причекаме. Мислам дека од тоа нема ништо да се случи бидејќи е очигледен стравот да се оди на сослушувања кај специјалните обвинители, да се седне на обвинителна клупа во судот, да се организираат слободни и фер-избори. Тоа би значело голем пораз на политиката на Груевски и крај на едно лошо долгогодишно владеење полно со омраза , делби, злоупотреби, криминал, закани, апсења, нарачани пресуди за долгогодишни затворски казни и лажни успеси и реформи.

Ако навистина упорниот Питер Ванхоуте со своите соработници, помогнати од претставниците на ЕУ и меѓународната заедница не успеат денес, утре да ги убедат политичките лидери дека ги одбиваат европските вредности и европската иднина редно е пред да си заминат на граѓаните на Македонија да им кажат без дипломатски јазик кој е виновен за тоа директно со име и презиме. Барем тоа големо јунаштво да остане забележано во историјата кој ја сопре Македонија на европскиот пат и ја остави да чмае на Балканот. Или можеби некој ќе има доблест тоа јавно да го признае.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: ,

Голема мешаница пред голот

Објавено на 20 October 2015 од erizaov

Ivko Pangovski

Се сеќавам како студенти кога го слушавме на едно мало транзисторче легендарниот Ивко Панговски. На еден драматичен натпревар од кој зависеше опстанокот на Вардар во првата лига, повеќе пати рипавме возбудени кога Ивко ќе викнеше голема мешаница во шеснаесетникот на противникот, шут гол, гол… молк… не е гол драги слушатели. По што следуваше пцуење и разочарување, но само до новиот калабалак пред голот. Негде пред крајот на натпреварот еден колега од Црна Гора ме праша кој ви е овој мешаница, голем баксуз, упропасти сто шанси.

Во изминатите месеци и во Македонија и во Црна Гора, баш негде околу белата точка за пенали, се одвива вистинска драма, страшна турканица и никако да падне гол. Таман ќе се види како топката оди во мрежата, кога таму се испречува жив ѕид. Гол, гол… не е гол. Првото полувреме во Македонија заврши нула спрема нула, навидум нерешено и мирољубиво, но во суштина со многу фаули, одење на ѓон, удирање по писка, имаше и повредени и неколку тепачки, уапсени млади луѓе. Тимот на власта играше грубо, а судиите беа на негова страна. Сите голови дадени против арогантната власт беа поништени.

Во Црна Гора натпреварот почна по урнекот на Македонија, со иста тактика, но таму е прекинат уште во првото полувреме поради погибелната игра на владиниот тим. Зошто ваква калакурница во двете држави, што сакаат Црногорците и Македонците. Сакаат промени. Бараат оставки. Долги години владеат едни исти луѓе. Сакаат чесна и одговорна власт. Сакаат фер избори. Сакаат подобар живот оти мнозинството граѓани според релевантни истражувања е убедено дека живеат многу полошо отколку пред 25 години во заедничката тогашна држава. Бараат слобода, демократија и заминување на сите корумпирани властодршци. Во изминатите 24 години владејачката партија во Црна Гора и нејзиниот лидер Мило Ѓукановиќ 24 години е на власт, а во Македонија владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за истиот период 14 години е на власт, а Никола Груевски од тие 14 години како висок функционер веќе влегува во десеттата година како премиер. Владините апологети велат дека Македонија и Црна Гора не се исто. Точно, има разлики и тоа не се мали. Во Црна Гора се повисоки платите отколку во Македонија, повисок е процентот на вработеност, поголеми се странските вложувања по глава на жител, почнати се преговорите со ЕУ. Црна Гора е првата наредна земја од регионот што ќе стане членка и на ЕУ и на НАТО. Но, очигледно тоа не е доволно за подобар живот. Слободата и демократијата во Црна Гора добиваат се’ повисока цена кај граѓаните за успешноста на едно дводецениско владеење без одговорност.

Во Македонија ниту една стратешка цел во изминатите 24 години самостојност и независност не е реализирана. А во последните 10 години ситуацијата дури е и трагично влошена во остварувањето на главните државни приоритети. Ниту е зголемен стандардот на населението, туку е намален, ниту е подобрен квалитетот на животот, туку е влошен, ниту има поголема слобода и демократија. Напротив, во последните десет години Македонија е уназадена на ниво на тоталитарни режими. Во евроатлантските интеграции сме далеку зад Црна Гора, а пред пет-шест години таквата споредба би била навредлива за Македонија.

За да заврши спортски и фер натпреварот и во Македонија и во Црна Гора, за второто полувреме се бараат професионални некорумпирани судии од странство. Од исходот на натпреварите кои се во тек и кои треба да ги одиграат до крај граѓаните, зависи иднината на овие две мали балкански држави кои до пред 24 години живееја во заедничка татковина Југославија, а сега и двете се наоѓаат на историска раскрсница дали ќе тргнат кон слободни и просперитетни европски општества или ќе останат да чмаат на Балканот. Предизвикот е голем, уште поголем е влогот. Во прашање е иднината на државите и нивните народи.

Во Црна Гора слободоумните граѓани бараат ултимативно оставки и одговорност на Ѓукановиќ и на носителите на власта. Во Македонија ситуацијата е поинаква, власта и опозицијата постигнаа договор за предвремени избори. Прифатена е независна истрага на специјално формирано јавно обвинителство и со лекс специјалис за гонење на сторителите на кривични дела кои се на повидок од снимени разговори и кои ги слушна и ги знае целата јавност. Сето ова е договорено благодарение на позитивен притисок на ЕУ и на меѓународната заедница. Но се’ уште е голем отпорот на власта која очигледно сака да ја одбегне и забошоти истрагата. Власта ја изложи специјалната обвинителка на канонада напади од владините следбеници само затоа што презентираше сериозни амбиции да спроведе праведна и правна истрага. Советот на обвинители го осакати стручниот тим на Катица Јанева грубо уривајќи го Законот изгласан речиси едногласно во парламентот.

Тактиката е лесно читлива, премиерот ќе дава јавно изјави дека нема ништо против специјалното обвинителство и Јанева, а сите институции на системот кои се под контрола имаат задача да ја спречуваат работата на обвинителството. Во никој случај, не смее да стигне обвинителен акт до судовите пред избори. Груевски е убеден дека со старата изборна шема, со лажни успеси, со напумпан буџет од странски заеми и полна државна каса и со пропаганда во контролирани медиуми пак да победи.

Е, овој пат домашниот есап нема да излезе на пазар. Премногу луѓе и дома и во светот ја дознаа измамата. Паѓањето е почнато. Се чека ударот од земја. Кога ќе стигнат до судовите обвиненијата за криминал и нарушени човекови права со евидентни докази од кои се крева косата на глава, ќе се открие резултатот уште пред да свирне судијата крај.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Колку доцнат Груевски и Зврлевски

Објавено на 19 October 2015 од erizaov

zvrgr

Премиерот Никола Груевски секој ден има се’ поголема потреба на сите што почнаа да размислуваат за својата иднина и за иднината на државата да им каже директно да престанат да мислат. Нема никаква потреба од дилеми и грижи. Победата е гарантирана иако има уште седум месеци до изборите. Секое колебање и некакви сомнежи е опасна работа и непријателски чин спрема татковината. Никакви специјални обвинителства и обвинители, никакви посебни закони и истраги, судови и судења не можат да ги намалат неговите историски успеси и достигнувања. Тој и неговите нема да им ја попречуваат работата на специјалното обвинителство и на Јанева. Тоа ќе го прават независните институции на системот.

Владата и премиерот не смеат да паднат, тоа ќе значи катастрофа за сите. Затоа Груевски веќе прогласи победа да не се појават сомнежи дека може да ја изгуби власта и дека таа грутка, која почна да се тркала предизвикана од бомбите, се’ повеќе личи на лавина. Овие пораки и закани што ги вртат на строго контролираните медиуми нон-стоп апологетите на власта, очигледно не беа доволни. Сега, кога владиниот титаник се судри со подводна санта мраз, Груевски почна лично да трча од телевизија на телевизија да се обраќа до граѓаните да ги убеди дека е лажна сликата оти бродот тоне.

Само за три-четири дена Груевски од Сител скокна на Канал 5 да каже дека е готово – изборите завршија. Извојувана е уште една голема победа во низа. Груевски поита на Канал 5 да го ублажи срамот што пукна од пиштолот на Мијалков. И го направи тоа во патриотски стил: кога ќе фатат поранешен шеф на тајната полиција, негов најблизок соработник и роднина, на странски аеродром со пиштол во куферот и тоа да се каже гласно и јасно да чујат сите е доблест, демек голема храброст. А, кога на неговиот колега Верушевски, исто така шеф на тајна полиција, ќе му најдат дома пиштол, тоа е кукавичлук и за тоа се оди три години затвор. Така вели партискиот законик на Груевски. Кога Лидерот на опозицијата Заев ќе биде примен на највисоко ниво во Израел, тогаш тоа е безначајно и куртуазно, а Заев е само обичен турист. Кога ќе даде изјава што разговарале, тогаш тоа е скандал. Можеби Заев не требал да го каже тоа што разговарал и што му кажале за провизиите и за донациите, ама тоа не значи дека не се случило. Една е одговорноста што кажал, а друга е вистината. Груевски и неговите повеќе веруваат на тоа што кажуваат јавно Израелците, а не на тоа што му кажале во четири очи. Израел бил сериозна држава, а Америка, Германија и ЕУ тоа што го кажуваат секој ден за состојбите во Македонија биле лаги и невистини, притисок и непријателски чин. Види, види богати.

Се разбира, следува сапуницата дека никогаш во Македонија не било поарно и не се живеело подобро. Од 1945 година наваму не сме имале почесна и поодговорна влада. Никогаш толку многу не се градело и не се вработувале илјадници луѓе. Никогаш граѓаните на Македонија не биле посреќни, побезбедни и поспокојни. Се’ оди според планот, освен една шака предавници и странски платеници кои ги поматуваат работите и сакаат да ја урнат државата и да ја приграбат власта.

Затоа мислам дека време е часовниците да ги навиеме со оној што го носи на раката премиерот Груевски. Тој не регистрира секунди, минути, часови, денови и години. Тој отчукува само децении. Штом дојде април 2016 година, ќе означи дека поминала една деценија и еден мандат. Потоа почнува втората деценија и уште еден мандат да се заврши недовршеното, па да прогласиме крај на преродбата во април 2026 година. Кога сите ќе имаме такви часовници на рацете, во главата ќе ни светне зошто Груевски никогаш не доцни. Тој времето го смета во ери. Нема потреба од никаков срам или лутина што некои луѓе не ги навиле часовниците според новиот календар, па го чекаат Груевски со минути и часови. Што е тоа еден саат спрема една деценија, тоа не е ни една секунда во споредба со десет години. Некни, амбасадорот Бејли, кој ја претставува Америка и лично претседателот Обама, тоа го сфати на најдобар можен начин. Сега и тој работи според времето на Груевски и нема гајле. Еден негов сонародник, што прв стапна на Месечината кога дојде пред многу години во нашата поранешна татковина, изјави дека најголем впечаток му оставило тоа што сите средби почнуваат со доцнење, ама никој не е загрижен за тоа. Прекрасен е овој ориент, рече космонатутот, сите доцнат и се смеат, никој не се секира. Па зошто би се секирал или би бил загрижен амбасадорот Бејли, или децата со оштетен вид, или нивните родители, или наставниците или пак бројните гости при отворањето на училиште во Скопје што го донирале американски војници. Гледав телевизија, таква работа немаше. Никакво доцнење. Часовниците си беа навиени според времето на Груевски и се’ течеше во најдобар ред. Беше тоа чудесно чувство на времето кое застанало на Балканот.

Но тоа не ме загрижува толку колку часовникот на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Го гледав кај Чомовски и не можев да си верувам на очите. Па овој гениј за римско право го надминал и Груевски. Го вратил часовникот цел век. Човекот си живее спокојно во некое друго време и друг свет. Архаичен артефакт, дури ми стана и симпатичен. Штета што е обвинител и тоа јавен.

(објавено во Утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

October 2015
M T W T F S S
« Sep   Nov »
 1234
567891011
12131415161718
19202122232425
262728293031