Archive | September, 2015

Tags:

Заврши ерата на Груевски

Објавено на 30 September 2015 од erizaov

grujo bush

Почитувани читатели еве ме пак со вас. По речиси тримесечна пауза поради скршен лакт на десната рака, првпат во изминатите без малку 40 години бев на боледување. Главата ми била многу потврда од лактот, кажаа докторите. Не сум вежбал доволно „лактање“, па механизмот за движење на раката поради силен удар и застарен датум на производство прсна како порцеланска чаша кога ќе падне на камен. Нејсе, докторите го завршија добро своето. Проф. д-р Илија Тодоров, мојот драг пријател, направи една деликатна операција. Мајстор Ико со бор-машина отвори неколку дупчиња во моите подостарени коски, стави малку жици и шрафови и ја цементира раката со потврд материјал отколку барокните зданија во центарот на Скопје. Потоа работата ја презедоа некои луѓе кои од армиран бетон прават пластелин за да можете да ја движите раката. Ги викаат физиотерапевти, а јас ги викам душовадници кои кога офкаш знаат дека се на добар пат и притискаат силно баш таму кај што најмногу боли…

Тоа е таа болка без која нема напредок, нема оздравување. Без движење во правилна насока останувате сакат дури и ако операцијата е одлична. Во долгите денови без пишување научив нешто многу важно. Изложен на гебелсовска пропаганда сфатив колку е тешко да си во професијата, а да не можеш да кажеш што мислиш, поточно разбрав колку ви е тешко вам читателите кои сте озрачувани секој ден без изгледи да се скриете од машинеријата на власта, ниту да дадете одговор на бруталните лаги и манипулации. Често размислував од каков ќерпич се направени оние луѓе кои се физички здрави и ги знаат работите, а молчат. Од нив само малку полоши се тие што не молчат, а лажат и крадат, сеат омраза и секој вечер се фалат со големи успеси и достигнувања. Бесрамници пеат оди на криминална власт и си градат споменици сами на себе при живот.

И што друго видов овие три месеци на мирување. Ништо поразлично како и изминатите десет години, само што овој пат нашиот главен јунак Никола Груевски многу подлабоко и бајаги поуплашено си ја ора Македонија и на долж и на шир како своја бавча. Избркај го низ врата, влегува преку прозорец, затвори го џамот, се спушта преку оџак, пушти чад да го загушиш, а тој лета безжично низ етерот, угасни го радиото, ѕирка од екранот на компјутерот, излези од дома, на првиот чекор те гледа од поштенско сандаче, искини ги флаерите, ти се смее од дрон што ти лета над главата. Нема спас. На човекот му фалеле од 17 до 20 пратеници, па 15 години да владее без контрола. Ако не може да се испазари и да добие 17 души гратис во Македонија, вели ќе си купи џабалак од странство 20 пратеници. Вождот се навикна да седи на престолот повеќе од девет години и сега не му е лесно да си оди, па грми од неговите телевизии дека непријателите не му даваат да истера човечки еден цел мандат. За него еден мандат е една деценија.

Уште најмалку пет пати по десет години ќе трае груевизмот во Македонија. Некои последици, како политичката интервенција во науката и потрагата по пославно минато, изградбата на кич споменици и лажните барокни фасади, изградбата на гаражи какви што нема на светот, галиите и античките кораби бетонирани во Вардар, вртелешките и панорамското тркало над мртвиот бронзен плоштад, жалните врби и другите злодела и силувања на главниот град, ќе бидат остатоците од груевизмот кои ќе надживеат повеќе генерации. Историски е веќе потврдено во повеќе деспотии дека по грандиозните градби на сметка на народот, по падот на деспотот, со векови трае бедата и мизеријата на илјадници граѓани поради фрлените пари во слава на вождот.

Да, веќе е јасно, заврши ерата на Груевски. Но, останува груевизмот уште долги години. Откако му ги исекоа крилата со снимените лоповлуци и дрски злоупотреби на власта и откако јавно и кукавички се откажа од услугите на своите најблиски соработници, откако призна дека странците не се за ништо виновни што ни се случува во Македонија, Груевски прави последен очајнички маратон низ Македонија да го одложи својот пад со досега невидена пропаганда и нови расфрлања со парите на граѓаните. Пред телевизиските камери, секој ден, со историската мобилка си телефонира самиот себеси да им се завршат работите и страдањата на очајни и осиромашени граѓани, најмногу поради неговите погрешни приоритети и лажни реформи. Како Свети Никола или Дедо Мраз, сеедно, носи подароци пред Божик и Нова година за секое семејство што ќе гласа за него. До пролет ќе биде така, потоа ќе се соочи со реалноста и своите гревови. Но неговата оставина уште долго ќе опоменува никогаш повеќе да не и’ се повтори на Македонија.

Една од секојдневните гротески што ги приредува Груевски во неговата битка за зачувување на престолот, ја видовме некни кога му закачи највисок македонски орден на поранешниот американски претседател Џорџ Буш, како благодарност за градење пријателски односи со Македонија. Слатко се изнасмеав кога Буш го гушкаше и благо го потчукнуваше по рамо Груевски, чии најголеми поддржувачи и апологети, лични советници за меѓународна политика, јавно преку сите медиуми под контрола на власта ја обвинуваат американската политика за најголем непријател на Македонија и најголем виновник за сите нејзини несреќи. Си велам, има ли некој на овој поранешен американски претседател да му каже дека прима орден со одлука донесена на мала врата од премиер кој ги задуши демократските процеси во Македонија. Ова е само последниот бисер на груевизмот. Ќе ги има уште многу и кога Груевски ќе го нема.

Тоа што погрешно се изѕидало, тешко се исправа ако прво не се урне.

(објавено во утрински)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2015
M T W T F S S
« Jun   Oct »
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
282930