Archive | June, 2015

Tags: ,

Претседателот не е виновен за ништо

Објавено на 22 June 2015 од erizaov

ivanov

Ѓорге Иванов, претседателот на Република Македонија, ни приопшти уште една генијална формула како се пресметува вината за состојбите во македонското општество. Како и сите големи изуми и овој е многу едноставен. Новинарите се виновни за срамната позиција во која потонаа македонските медиуми. Судиите се виновни што во земјата не владее правото. Универзитетските професори се виновни што е укината автономијата на факултетите. Лекарите се виновни за катастрофата во здравството. Опозицијата е виновна што Собранието не работи според основните принципи на парламентарната демократија. Студентите и учениците се виновни што не знаат математика и што се на маргините и што се мешаат во работите на државата. Вработените во сите институции се виновни што не функционираат најважните оски на системот. Уставниот суд е виновен за неуставни закони…. И така со ред, секој си ја презема својата вина што Македонија и по 24 години самостојност не може да ја оправда независноста на државата.

Има ли нешто за што претседателот на државата не е виновен. Според неговата формула тој лично за ништо не е крив. Еве, на пример, зошто би бил одговорен еден претседател на држава, врховен командант на вооружените сили, за безбедноста на земјата, за работата на службите за разузнавање ако, да речеме, во неговата земја со години некој ги држи под надзор и прислушува илјадници граѓани и јавни личности. Зошто би требало да чувствува вина еден претседател ако целиот безбедносен систем му е како швајцарско сирење полн со дупки. Зошто би бил одговорен еден претседател ако некој го прислушува премиерот, министрите, судиите, новинарите, професорите , академиците, интелектуалците, деловните луѓе. Зошто бил крив претседателот ако и него некој го прислушува и му го следи секој разговор. Човекот не знаел со години дека такво нешто се случува во неговата држава. И според новата формула ала Иванов, за одредување на вината и одговорноста, ако не знае претседателот и никој ништо не му кажал, тој не може ни да биде виновен. Незнаењето на Уставот според новата доктрина на претседателот го ослободува од одговорност и да не го спроведува, иако во него се заколна веќе двапати. Тоа му е исто кога криминалците не знаат дека според законот крадењето се казнува. Многу логично дури и за мали деца, штом нешто не знаеш, не си ни крив.

Зошто претседателот на државата би требало да биде неспокоен ако цели шест години, колку што е претседател, на упатил ниту една критика или барем мала забелешка за работата на Владата и на премиерот Никола Груевски. Тоа би било многу некоректно од негова страна. Замислете претседател на држава, а да критикува премиер и Влада, особено кога се редат секој ден големи успеси во сите сфери од животот. На што би личело да се појави претседателот на државата во парламентот, или на телевизија, на некоја дебата и да каже дека не ни чинат работите со политичките и економските реформи. Веднаш би станал предавник.

Или зошто треба да се чувствува непријатно претседателот ако тој е на чело на најсиромашната држава во цела Европа, а некогаш Македонија беше меѓу првите во регионот. Колку би бил бесен премиерот ако претседателот каже негде јавно дека Македонија има сериозни проблеми со регуларноста на изборите, со демократијата, човековите права и слободи, со економските реформи, или да каже дека кампањските политички вработувања не се во склад со економските закономерности. Не дај Боже, претседателот да побара одговорност за фрлените милијарди денари за кич споменици и налудничавата антикоманија и потрага по пославно античко минато со политичка интервенција во науката.

Зошто би бил одговорен еден претседател на држава ако таа е веќе десет години кандидат за влез во ЕУ и ако цели шест години по ред не може да ги почне преговорите. Зошто би се секирал еден претседател на држава ако чекаме со години да станеме членка на НАТО. За сите тие незавршени работи нашиот прв човек има извонредно оправдување. Секогаш други се виновни. Проф. Ѓорге Иванов стана еден од големите научни експерти за оправдувања. За решенија се одговорни виновниците и предавниците.

И, конечно, зошто би бил виновен еден претседател ако сите граѓани не го чувствуваат како свој претседател. Тие што го гласале и што го поддржуваат му се доволни човекот да се чувствува убаво кога седи на највисокиот трон во државата и кога шета по резиденцијата на Водно и патува по светот. Тие што не гласале за него не е важно што чувствуваат кога и онака се виновни што не знаеле да ја изберат правата личност која ќе ја претставува државата на највисоко ниво и ќе го штити нејзиниот углед дома и во светот. Зошто би било грев за еден претседател ако поддржува премиер кој вовел деспотски систем на владеење. Ете затоа драги мои, нашиот претседател е гениј, кога во телевизиско интервју ја откри најголемата вистина за виновниците кои ја доведоа државата до вакво дереџе.

Виновни сме сите што трпиме со години некој да не’ прави будали при здрава памет. Затоа му давам целосна поддршка на претседателот на државата да истрае до крај во неговата истрага по виновници. Така ќе успееме еден ден да дознаеме дека тој навистина за ништо не бил крив, туку сите ние.

П.С. Почитувани читатели во наредните десетина дена ќе ве одморам од моите писанија на општо задоволство мое, ваше и на сите кои не се чувствуваат за ништо криви. Јас малку ќе се оддалечам од ловот на виновници и вештерки, ќе ловам риби. Да знаете ги враќам во реката. Така се чувствувам подобро, а не се ни знае колку сум фатил.

Нема коментари

Tags: , ,

Железната рака беше мека

Објавено на 20 June 2015 од erizaov

demirel

Почина Сулејман Демирел, познат турски државник и голем пријател на Македонија, со исклучително интересна и возбудлива биографија. За него Турците велат дека има седум животи и дека е светски рекордер по тоа колку пати бил премиер и колку пати бил во опозиција. Демирел петпати ја освојувал жешката премиерска фотелја и петпати се враќа на уште пожешкото место на лидер на опозицијата. Неговата долга политичка кариера и долговечен живот, 90 години, беа исполнети со победи и порази, но за цело време остана голема фигура во врвот на турската политичка елита, без оглед дали е премиер, претседател, опозиционер или пензионер. До последниот ден беше активен, а веста за неговата смрт во миг го обиколи светот.

Премиерскиот мандат на Демирел двапати е прекинат со државен удар. Демирел повеќе месеци престојуваше во домашен притвор. Неговото име во превод значи „железна рака“. Првпат кога го запознав во библиотеката во семејната куќа во Анкара каде што ме прими, тогаш како лидер на опозицијата, иако стисокот при ракувањето беше цврст, раката на Демирел беше мека, пријателска, а односот татковски.

Кога со политичар во опозиција ќе станете пријател, ако е вистински државник, лесно ќе дојдете до него кога ќе стане премиер, или претседател. Државниците не го забораваат професионалниот и коректен однос кога се борат за освојување на власта. Демирел како брилијантен оратор имаше извонредно памтење и фер однос со новинарите. По оваа наша прва средба, подоцна вратите ми беа отворени и повеќе пати се сретнав со Демирел и како премиер и како претседател на државата.

Пресудна беше неговата улога во признавањето на Република Македонија без никакви условувања. Најавата на Демирел дека Турција прва ќе ја признае Македонија ја објави цел свет и таа предизвика кај многу земји и наши соседи забрзување на постапката за признавање на независноста на Македонија. Личната заслуга на Сулејман Демирел не е само во признавањето, туку и воопшто во вкупниот негов однос кон Македонија. Демирел беше голем, да се изразам послободно, навивач и пријател на нашата земја.

Еве како течеше разговорот за признавањето. Во средината на декември 1991 година во премиерскиот кабинет не’ прими Сулејман Демирел мене како заменик-главен уредник во „Нова Македонија“ и мојата колешка Дрита Карахасан, тогаш главен и одговорен уредник на весникот „Бирлик“ што излегуваше на турски јазик како едно од изданијата на НИП „Нова Македонија“. Само што влеговме во пространата канцеларија и се поздравивме веќе како пријатели, веднаш ми излета од уста прашањето „кога Турција ќе ја признае Македонија“. Стариот мудрец се насмеа и ми рече јаваш, јаваш, полека, полека на добар пат сме. Прво ќе се напиеме по едно кафе, потоа ќе го проследите мојот работен ден кој денес е посветен на граѓаните, потоа ќе одиме дома во мојата резиденција и таму ќе одговорам на сите ваши прашања и ќе ви кажам добра вест за признавањето на Македонија.

Беше тоа голема привилегија да се помине работниот ден во премиерскиот кабинет. Се редеа граѓани, здруженија, јавни личности… секој со својата мака. Демирел за секој од нив однапред беше информиран во што е проблемот и со своето искуство воопшто не му беше тешко во најголемиот број случаи веднаш да ги реши проблемите на луѓето, или да ги упати на вистинската адреса. Во трајно сеќавање ми остана неговата средба со синдикатот на актерите кои бараа поголеми плати, со земјоделците од Анталија кои се жалеа на големите даноци, со селаните на едно село кое немало се’ уште струја.

Работниот ден заврши и со премиерскиот автомобил заминавме во резиденцијата. Додека пиеме чај кој лично ни го послужи неговата сопруга, јас повторно: кога Турција ќе ја признае Македонија. Ајде, рече Демирел, да ја кажеме добрата вест. Го пренесувам од збор до збор одговорот кој ќе го паметам додека ме служи меморијата. „Турција ќе биде првата земја што ќе ја признае независноста и самостојноста на Република Македонија. Така налагаат нашите интереси, свесни дека малку ќе им значи на граѓаните на Македонија ако бидеме десетти или дваесетти на ред. Ќе бидеме први. Одлуката на владата е подготвена и таа набргу ќе биде и формално донесена“. Дали можам ова да го јавам веднаш, му велам на Демирел. Ми го подаде телефонот. Уште додека го работевме интервјуто преку светските агенции, веста го обиколи светот со наслов „Турција прва ќе ја признае Македонија“.

Меѓутоа, наредните денови се случи едно мало задоцнување кое предизвика загриженост во Македонија. Се јавив во кабинетот на Демирел да го прашам неговиот портпарол што е со признавањето. На мое големо изненадување, по неколку минути се јави лично Демирел и ми кажа дека принципите на надворешната политика на Турција налагаат да ги известат заинтересираните соседи за признавањето на Македонија. За неколку дена во Давос ќе се видам со грчкиот премиер и ќе му ја соопштам нашата одлука која јавно ќе ја обнародиме по мојата средба со него. Така и беше. На 6 февруари 1992 година турската влада соопшти дека ја признава Република Македонија.

Но, ова мало одложување со цврста најава дека прва ќе биде Турција убеден сум предизвика Бугарија да побрза и таа на 15 јануари 1992 година прва ја призна Република Македонија. Што, секако, е за голем респект. Турција беше втора, но за мене имаше ефект како да е прва, бидејќи уште од самата најава се гледаше дека нема никакви условувања ниту со јазикот, ниту со името, ниту со националната или верската припадност. Мое сознание е дека клучни беа интересите на Турција, личната заложба на Демирел и неговото пријателство со претседателот Глигоров. Тоа се виде многу добро и при посетата на бегалците во „Стенковец“ по косовската воена криза. Кога другите државници и светски личности изразуваа вербална поддршка на Македонија и праќаа телеграми, Демирел стигна во Скопје со куферче кеш 100.000 долари кои му ги предаде на претседателот Глигоров како прва помош за бегалците.

(Објавено во Утрински, 17.06.2015)

Нема коментари

Tags: , ,

Клуб на новинари против новинарството

Објавено на 20 June 2015 од Goran Rizaov

Фото: Snowden via photopin (license)

Среде една бессона ноќ таа есен, околу три часот по полноќ, на приватната адреса за електронска пошта на главниот уредник на еден домашен медиум стигнува чудна порака. Вели: „Поседувам податоци кои што се од интерес на целата земја, ако сакаш да ги добиеш, ова е мојот јавен енкрипциски код“. Без потпис, без ништо. Уредникот смета дека е некоја измама и ја игнорира пораката.

Неколку недели подоцна, негов колега од друга редакција во доверба му вели дека и тој добил слична порака и, исто така, одлучил да ја игнорира мислејќи дека е спам. Двајцата одлучуваат дека вреди да се провери и бараат некој што се разбира во „компјутери“ за да можат да ја декриптираат комуникацијата со тајниот извор.

Така некако би требало да изгледа почетокот на сторијата за македонските потшепнувачи кои открија десетици илјади прислушувани разговори на, повеќе или помалку, сите јавни личности во државата.

На сличен начин, пред точно две години, Едвард Сноуден ги контактирал Глен Гринвалд, тогашен колумнист во „Гардијан“, и Лаура Поетра, режисерка и продуцент на документарни филмови. Останатото е историја. Но, за жал, во Македонија тајните стигнуваат на друга адреса.

 

МОЌТА НА ИНФОРМИРАНАТА ЈАВНОСТ

 

Самиот Гринвалд, по повод првата сторија базирана на архивата на Сноуден, објави една новинарска лекција за американските новинари, која во целост важи и за нас. Откритијата на Сноуден ја обелоденија тајната програма за масовно прислушување, која деновиве го дочека својот крај, барем во оригиналната форма. За да ја одбележи оваа годишнина, Сноуден напиша едиторијал во „Њујорк тамјс“ со наслов „Моќта на информираната јавност“.

Известувањата за документите на Сноуден на Гардијан му донесоа Пулицерова награда. Witchhunt Snowden via photopin (license)
Фото: Witchhunt Snowden via photopin (license)

 

Новинарот кој прв ги објави неговите откритија обвинува дел од американските медиуми за безумно работење поради нивните барања Сноуден да биде кривично гонет.

„Уште од почетокот беше јасно дека дебатата испровоцирана од овие откритија ќе биде колку за приватноста и за државните тајни, толку и за новинарството. И тоа беше дебата во која не само што партиципиравме туку и активно ја баравме, која ја преиспита улогата што новинарството треба да ја игра во една демократија и правилниот однос на новинарите кон оние што се политички и економски најмоќни“, пишува Гринвалд.

Тој тврди дека оваа дебата се случи не само во САД, туку и во целиот свет и таа откри повеќе работи, од кои најзапрепастувачка за него била реакцијата на многу американски медиуми кон Едвард Сноуден како извор.

Оние што најревносно лобираат за долготраен затвор за изворот, како што пишува Гринвалд, не се во владата на САД, туку се оние кои себеси се нарекуваат „новинари“.

„Размислете колку добар пример на пропаганда е тоа, каква што владите можат само да сонуваат: Ајде да се обидеме да ги натераме новинарите самите да предничат во демонизацијата на потшепнувачите (whistleblowers) и да бараат нивно затворање!“, пишува Гринвалд.

Толку многу американски новинари биле бесни поради откритијата и барале кривично гонење, што тој предлага да се отвори клуб наречен „Новинари против транспарентноста на новинарите“.

„Нивниот став е дека некој што се обидел да открие информација која што државата ја окарактеризирала како „класифицирана“ припаѓа во затвор, особено ако тоа откритие го нагрдува имиџот на функционерите“, вели понатаму Гринвалд.

 

ПОТШЕПНУВАЧИТЕ СЕ ДЕЛ ОД СИСТЕМОТ

 

Ако воопшто можат да се споредат двата случаи, за разлика од САД, во Македонија протечените информации не стигнаа најпрво до новинари, туку до лидерот на најголемата опозициска партија.

Наводните извори на прислушуваните разговори во Македонија, според Заев, потекнуваат директно од Управата за безбедност и контраразузнавање. Според Владата и Јавното обвинителство, пак, виновни за прислушувањето се Зоран Верушевски, поранешен шеф на тајната служба, членови на неговото семејство, но и двајца до неодамна вработени во УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.

Костовски, наводно, веќе признал дека незаконски прислушувал и е осуден на три години затвор. Меѓу обвинетите е и лидерот на опозицијата.

Македонските новинари отидоа уште понатаму во јавниот линч над потшепнувачите па и објавија дел од нивната меѓусебна комуникација, која наводно ја добиле од „извори блиски до истрагата. "This is not a crime" via photopin (license)
Фото: “This is not a crime” via photopin (license)

 

Значи, вистинските потшепнувачи во Македонија, кои ги направија достапни снимените разговори, произлегуваат директно од тајната служба. Дотука ситуацијата е многу слична со онаа на Сноуден, бидејќи и тој, како што вели самиот, бил директно вклучен во тајното прислушување и следење на електронските комуникации.

Прашањето што се поставува е зошто македонските потшепнувачи не ги доставиле своите откритија до одредени домашни новинари и дали тие ќе одбереа да го објават истото она што го објави Заев. Во американскиот случај, за две години се објавени само 0,05 проценти од вкупниот број документи, односно 459 од еден милион.

Исто така, за разлика од овде, тамошните тајни служби прислушувале и вршеле надзор над електронските комуникации по легален пат. Овде, како што стојат работите, се прислушувало според закон кој бил донесен, па укинат од Уставниот суд, па повторно донесен во друга форма четири години подоцна.

Секако, прашање е, ако сниманите разговори дојдеа до македонски новинари наместо до опозицијата, дали тие сè уште ќе беа на слобода како што е Заев, а можеби прашање е и дали ќе беа живи. Нејсе, тешко дека вистински новинар би одолеал на предизвикот да објави такво нешто. Се разбира, со примена на сите етички и професионални норми.

Известувањата за документите на Сноуден, од друга страна, на „Гардијан“ му донесоа Пулицерова награда.

Како што вели Гринвалд, голем број новинари во САД го поддржаа објавувањето на откритијата на Сноуден, а двата највлијателни весници, „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, се дел од тие што ги објавија самите документи.

„Пред американските судови да пресудат дека програмата за масовно прислушување е неуставна, „Њујорк тајмс“ објави едиторијал во кој бараше Сноуден да биде помилуван“, вели Гринвалд.

ЈАВЕН ЛИНЧ И КОНТРАДОКУМЕНТИ

 

Македонските новинари, особено оние блиски до власта, исто така ги оцрнијапотшепнувачите и го осудија објавувањето на сниманите разговори, кои откриваат сомнежи за тешки криминални дела и делегитимизација на власта. Тие отидоа уште понатаму во јавниот линч на осомничените потшепнувачи, па и објавија дел од нивната меѓусебна комуникација, која, наводно, ја добиле од „извори блиски до истрагата“.

Битно е тоа што ниту еден македонски медиум, особено оние конвенционалните, не се обиде да го постави прашањето за нарушувањето на приватноста на оние 20.000 прислушувани граѓани. Никој не го објасни процесот на прислушување и речиси никој не праша што се случува или, можеби, што ќе се случува со снимените материјали кои не се објавени.

Ако е вистина дека незаконското прислушување го правела власта, но тоа преку потшепнувачи стигнало до лидерот на опозицијата, тогаш двете најголеми политички партии знаат сè за животите на голем дел од населението. Како што еден новинар не може да одолее да ги објави овие откритија, така не верувам дека еден политичар може да одолее да ги злоупотреби.

Ова е доволно добра причина во земјава својот новоформиран клуб на новинарите што ја бранат власта да го наречат не „Новинари против транспарентноста на новинарите“, туку „Новинари против новинарството“.

„Зар не е неверојатно тоа што луѓето што сакаат да бидат третирани како новинари напишале едиторијал во кој се бара кривично гонење на клучен извор. Настрана принципите, но само врз основа на нивниот интерес, зар не сметате дека тие сакаат да избегнат да им кажат на изворите дека нивниот медиум верува оти потшепнувањето е криминал и дека тие што го прават тоа припаѓаат во затвор?“, прашува Гринвалд.

Тој додава оти ваквите „новинари“ инсистираат дека „во едно општество кое се потпира на закони, некој што се впушта во граѓанска непослушност поради повисока цел, треба да е подготвен да ги прифати последиците“.

Гринвалд се прашува дали некој воопшто верува дека може да побара затворање на секое лице кое што кога било открило информации окарактеризирани како „класифицирани“.  Фото:  Glenn Greenwald via photopin (license)
Фото: Glenn Greenwald via photopin (license)

 

Вели, често го среќава овој аргумент и тешко може да објасни колку е погрешен. Гринвалд се прашува дали некој воопшто верува дека може да побара затворање на секое лице што кога било открило информации окарактеризирани како „класифицирани“, бидејќи нивниот аргумент бара кривично гонење на секој што ќе го прекрши законот, или соочување со „последиците“.

„Тоа би значело дека безмалку цел Вашингтон треба да биде одвлечкан на суд, бидејќи оттаму секој ден константно протекуваат информации“, вели Гринвалд.

АГЕНТИ НА ПОЛИТИЧКА МОЌ

 

Според него, овие новинари се буквално агенти на политичката моќ. Тоа е клучната новинарска лекција од сето ова. Чудно е како бараат негово затворање додека не бараат затворање на оние што потшепнуваат информации, чие објавување ја прави работата на владата позитивна.

„Тие уредници не веруваат во владеењето на правото; тие веруваат во потребата да се казнат само оние протекувања кои ја посрамотуваат политичката моќ или се спротивни на неа: основната функција која новинарите тврдат дека ја прават самите“, додава тој.

Тој со право заклучува дека одлуката да се објават одредени документи не ја донесе Сноуден, туку медиумите кои ги добија документите. Тој повеќепати објасни дека се потпрел на новинарите да донесат одлуки за тоа кои стории се и кои не се во јавен интерес.

Во Македонија, повисокиот јавен или општествен интерес ретко ги надминува границите на политичките партии, што во западните демократски општества со развиени медиуми е непростливо. Затоа речиси и да не постојат потшепнувачи, а и кога ги има, претпочитаат соработка директно со политичките партии отколку со новинарите.

Горан Ризаов

(Објавено на proverkanafakti.mk)


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Нема коментари

Tags: , ,

Солзите на старата Егејка

Објавено на 19 June 2015 од erizaov

migr

Никогаш не ги следам оние тераписки ТВ-емисии кои служат за партиски пропаганди и продлабочување на делбите меѓу граѓаните. Пациентите кои во живо се јавуваат да го искажат својот често оправдан бес, а по нив оние подбуцнувачи кои гнасно лажат за да ја заработат својата мизерна дневница на партиски војници, се’ една од гротеските на македонскиот коруптивен журнализам, кој служи само за покритие дека имаме слобода и демократија. Меѓутоа, некни сосема случајно, притискајќи ги копчињата од далечинскиот ТВ-управувач, мој омилен сојузник за одбегнување на идиоти, налетав на еден искрен човечки лелек кој ме крена од место. Жена во години плачеше поради нехуманоста, нечувствителноста и индиферентноста на власта и на граѓаните кои спокојно со месеци ја гледаат големата трагедија на илјадници бегалци од војни, немо без збор, ја следат црната колона на нашиот срам, која тече низ Македонија пред очите на сите.

Старата Егејка, ќе ми прости што така ја нарекувам, паталец, бегалка од Граѓанската војна во Грција 1948 година, која поминала низ стравичната голгота да се напушти родното огниште и да се бега по беспаќе од смртта, која ги преживеала стравотиите на војната и неправдата, на сиромаштијата, која се спасила од егзодусот при една од најголемите македонски трагедии, не можеше да ги запре солзите и да не офне длабоко од душата: аман што правиме, остана ли нешто човечко во нас.

Како да ме удри со токмак по главата, излетав од дома вознемирен. Во Автокоманда, некогаш едно од најголемите егејски гета, каде што израснав и поминав голем дел од детството и каде што бев сведок на продолжените страдања на нашите комшии и другарчиња, дента кога старицата плачеше на ТВ, децата од маалото си играа безгрижно фудбал. Колкава е таа среќа да им се објасни на деца родени дури и во делумно слободна земја е многу тешко.

Нивните татковци и дедовци тоа го знаат најдобро. По Граѓанската војна, тие што успеаја да се спасат бегајќи по светот со децении се бараа низ Америка, Австралија, Русија, Полска, Чешка, Унгарија, Бугарија, Србија… Македонија. Во Автокоманда, во станчиња од по 40 квадратни метри, живееја по две-три семејства – никогаш нема да ги заборавам редиците пред фурната за леб кога точно во 14 часот ќе удри камбаната во црквичето. Се вадеа на продажба најголемите и најцрни лебови пешници што сум ги видел во животот. Стотици мажи и жени башка, башка, чекаа во две редици да купат по неколку леба, секој од по два килограми. Последните во редот се враќаа дома без леб.

Помина многу време и истече многу вода низ Вардар, многу работи се променија на поарно, но болката по напуштените огништа, по своите блиски, по својот имот никогаш не се заборави. Велат може да се прости, ама не може да се заборави. Од каде сега излезе оваа нечувствителност кон истата таа река луѓе страдалници која бега од граѓански војни, од агресија, од неправда, од сиромаштија… Тешко е да се даде рационален одговор. Јас го немам. Не смеам да помислам дека и во хуманоста има расна и верска селекција.

Ако сме ги заборавиле страдањата од Граѓанската војна 1948 година. Можат ли да се заборават колоните бегалци од 1999 година по војните при распадот на Југославија. Сите ги памтиме стотиците илјади бегалци од Косово, од Босна… го памтиме Стенковец… Македонија беше пример во светот како една сиромашна, но хумана земја, со добри луѓе им помогна на бегалците од војната во соседство. Покрај Стенковец како прифатен центар, многу семејства зедоа во своите домови бегалци, ги отстапија своите викендички и станови да се згрижат унесреќените луѓе. Вратите беа ширум отворени за страдалниците. Македонците, Албанците Турците, Власите, Бошњаците, Ромите сите народи што живеат во Македонија поминале низ страдањата што значи да се напушти родната куќа, селидбите, што значи да се урне домот и да се изгубат своите најмили во војни и во тешки и мачни времиња на омраза и одмазда. Добро знаат колкава е тагата и болката да се тргне на пат во неизвесност што секогаш е подобар избор од смрт.

Колоните бегалци, кои со месеци врват низ Македонија и кои доаѓаат од Сирија, Ирак, Авганистан… најчесто пеш поминувајќи илјадници километри, не ја бараат својата иднина во Македонија. Тие итаат на Запад што многу го олеснува проблемот и овозможува да им се излезе во пресрет на овие страдалници. Со месеци државата не мрдна со прст правејќи се на „тошо“. Десетици и десетици бегалци загина по пругите и патиштата низ Македонија, а голем број беа ограбени и измамени. Решението беше многу полесно и поедноставно отколку 1999 година во војните при распадот на Југославија. Државата требаше само да им овозможи на овие луѓе што побрзо и побезболно да поминат 160 километри низ нејзината територија и ништо повеќе. А, граѓаните, можеа да направат многу порано неколку благородни геста, како што се случија деновиве, по повеќе месеци сеир, ако ништо друго да покажат дека добро знаат за какви маки и страдања станува збор. Не може да се каже дека не знаеја што се случува на патиштата. Медиумите секој ден известуваа за тажните колони бегалци и за нивните несреќи.

И што направи нашата власт. Ништо, по повеќе месеци преправање како ништо да не се случува книжеше политички и популистички поени со апсења на диви превозници на некакви си емигранти, како што полицијата ги нарече бегалците. За на крај конечно да одлучи да им овозможи легално патување со некаква измислена небулоза дека треба да се смени законската регулатива. Мижи Асан да ти баам. Постојните закони на Македонија не ја забрануваат хуманоста и воопшто не требаше никаква измислена нова законска регулатива за да им се овозможи на бегалците безбедно да ја напуштат државата. Луѓето кои организираат стотици автобуси со илјадници партиски навивачи кој се превезуваат на митинзи од град во град добро знаат како да организираат превоз на луѓе. Не мора да има сендвич, пиво и сладолед.

И конечно, каков е епилогот од овој невиден срам и задоцнета одлука на македонскиот парламент која служи како оправдување пред светот. Додека изгласавме промена на законот да можат бегалците легално со превозни средства да си заминат од Македонија, во Унгарија најверојатно ќе почне да се гради нов Берлински ѕид за една друга намена отколку онаа во студената војна. Ќе се подига ѕид висок четири метри да не биде вознемируван Западот од бегалците кои бегаат од војните што Западот ги предизвика во нивните татковини.

На тој пат голема црна дупка направи Грција која има законски обврски пред ЕУ, беше должна да има поинаков однос кон несреќните луѓе. И Македонија ќе остане жигосана како уште една црна точка.

Не се најде еден човек во државата кој ќе направи некаква „Шиндлерова листа, како оној легендарен Шиндлер кој ги спасуваше Евреите во Полска од фашистите. Не видовме храбри луѓе кои ќе соберат сила да ги превезат луѓето до српската граница бесплатно и без уцени со ризик и по цена да бидат казнети. Затоа видовме многу луѓе кои молчат, или ќаруваат на туѓа несреќа.

Имаме многу истакнати борци против фашизмот, ама туѓиот – не својот.

Коментари (3)

Tags: , ,

Мајка Тереза ќе ве проколне

Објавено на 17 June 2015 од erizaov

subra

Откако Субрата Рој, индискиот милијардер, големиот пријател на македонската Влада е во затвор и не може да си го исполни ветувањето да го изгради најголемиот споменик на Мајка Тереза во светот на скопскиот плоштад, нашиот премиер Никола Груевски очигледно немал мира како да ја заврши таа работа, да го исполни и своето и ветувањето на големиот индиски измамник кој ограбил милијарди долари од бедни Индуси. И, нормално, кога човек со толкава моќ е посветен на една работа – има и решение. За ова големо задоволство и туристичка атракција најсиромашниот народ во Европа ќе плати над пет милиони евра. Груевски, пак, ја пикна раката во џебот на граѓаните, па од државната каса ќе изброи милиони евра за уште еден поголем кич од споменикот на Александар Велики.

Ете така драги мои ,тоа што не може да го направи милијардерот Субрата Рој, може да го направи премиерот и владетел на Македонија, неговото височество Никола Груевски. Сите што ја знаат биографијата на нобеловката Гонџа Бојаџиу, на светицата Мајка Тереза, на најпознатата скопјанка во светот која целиот свој живот го посвети на сиромашните и верата, знаат дека овој огромен мегаломански споменик е против нејзините убедувања, против нејзиното битие, против суштината на нејзината мисија, против најсилниот нејзин мотив, предаденоста кон Бога, а тоа е бескрајната хуманост, посветеноста да им помага на сиромашните и болните во најмизерните гета на Калкута и други светски мегаполиси. На таа светица која целиот свој живот го помина покрај болните и гладните да и се гради политички мотивиран мега-споменик за милиони евра на сиромашна држава и сиромашен народ е срамен чин поради кој Мајка Тереза и покојна ќе ги проколне политичките калкуланти и популисти. Да се обидеше некој да предложи да гради таков монумент додека е жива, ќе се соочеше со решителноста на оваа кревка жена која криминалот на белите крагни, расипништвото и алчноста ги сметаше за најголем грев и зло против човештвото.

Скопјанката Мајка Тереза има повеќе обележја во својот роден град. Едно од најдобрите е што најголемата државна болница го носи нејзиното име. Тоа и приличи на светицата која го посвети животот на болните. На главната улица „Македонија“ има извонредно убав споменик на Мајка Тереза со човечки димензии. До него е криво насаден еден китнест спомен-дом далеку под нивото на името на нобеловката и суштината на современата архитектура за ваква намена. Прекрстувањето на улицата „Водњанска“ во „Мајка Тереза“ по која и самата одела како гимназијалка во Скопје би ја натажило и би одбила таква помисла. Во секој случај ако не „Водњанска,“ тогаш една убава авенија, или еден нов голем парк во Скопје би можел гордо да го носи името на Мајка Тереза. Се’ друго, особено изградба на најголем споменик во светот е политичка пропаганда и туристичка атракција која не прилега ниту на името на нашата драга скопјанка и нобеловка, ниту на нејзиниот живот посветен на сиромашните од целиот свет. Ова е уште една груба злоупотреба на власта и на премиерот Никола Груевски и уште едно земање од устата на најсиромашните, бидејќи со тие пари Мајка Тереза веднаш ќе изградеше дом за болните, гладните, изнемоштените и бедните граѓани. Затоа и стана светица и светски синоним на милосрдие. Тие што го злоупотребуваат нејзиното има сакаат да останат владетели цел живот.

Премиерот Никола Груевски вели ова е последниот споменик што ќе се гради со пари од буџетот. Многу утешително. Не знам дали овој пат хонорарите на државните скулптори и уметници ќе биде ист како за Алаксандар Македонски, кој ги надмина хонорарите и на Роден и на Мур, двајцата заедно, додека беа живи, но по онаа брука кога тајно беа исплатени милионски суми во евра, овој пат белки ќе имаат малку намус и образ. Но, сепак најлошото од се’ е дехуманизацијата на просторот што ни припаѓа на сите. Такво сквернавење на најубавиот простор во градот за кич споменици досега не е видено во светот. Тие шестотини квадрати и кусур на земјата, на плоштадот, што се предвидуваат за комплексот „Мајка Тереза“, кога ќе се издигнат на 32 метри височина, ќе зафатат илјадници квадрати површина од природата која останува заробена само за водачот да се чувствува убаво и да ги исполнува своите желби.

Ова е уште една сурова реалност за времето во кое живееме.

Коментари (1)

Tags: ,

Ќе бираме слобода или влада

Објавено на 16 June 2015 од erizaov

EC42ABD6E5E635418ED769A074741FD6

Девет полни години жителите на Македонија живеат и работат под силна партиска и политичка пропагандна пресија. Тој постојан атак врз мирот, спокојството и приватноста на луѓето неколку месеци пред секои избори прераснува во жестока агресија по сите сетила на граѓаните.

Пред секои избори, откако Никола Груевски е на власт, земјата станува колективна пералница на мозоци, почнува легализирана коруптивна хистерична предизборна кампања. Како што изгледа, еден ден во предизборна Македонија ќе има предвремени парламентарни избори по цели 10 месеци, ако важи најновиот палома-договор. Главните телевизии секоја вечер почнуваат со едно врескање на водителите божем црна се чума задала над Македонија. Тече цела драма со викотници на лиценцирани подобни новинари, срам за професијата, врескаат на цел глас како опозицијата подготвувала голем грабеж и како е фатена на дело од чесните партиски активисти и новинари на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа се откриваат уште неколку предавства и подготовки за продажба на уставното име од страната на опозициските лидери и неколку поголеми подготовки за земање мито. Арамиската и предавничка опозиција е сатанизирана на сите партиски вести, почнувајќи од државниот јавен сервис кој го узурпирал името МРТ, па преку најгледаните комерцијални телевизии, штедро и на мала врата финансирани од буџетот. Се разбира, пред тоа се јавуваат стотици портали и онлајн-изданија кои владеат со социјалните мрежи. Сите тие од „А“ до „Ш“ со исти зборови ја цитираат големата ударна вест составена во партискиот кабинет на Владата за специјални намени, за оцрнување на опозициските политички лидери и за откривање на предавници, непријатели, кодоши, соросоиди и разни други опозициски вештерки.

Дури потоа почнуваат вестите за големите успеси и достигнувања на премиерот Груевски и Владата. Пораката е јасна, додека другите крадат и лажат, нашиот мудар водач гради и вработува, работи ударнички за подобра Македонија. Во еден важен миг се појавува лично премиерот Груевски и така едно 13 пати на секои вести, на сите телевизии, радиостаници и портали. Груевски елоквентно почнува едно десет минути да кажува колкав успех е постигнат што граѓаните ова лето ќе можат да земат зелен картон само за еден месец ако патуваат во странство. Не мора да плаќаат цела година ако само еднаш патуваат во странство. За тоа ќе платат помалку ако имаат помала кола, едно 50 еврулиња, ако, пак, колата им е поголема, ќе платат помалку од сто евра. Сите детали за оваа извонредна можност како да добиете зелен картон летово ги објаснува лично премиерот Груевски.

Потоа продолжуваат вестите со уште повесели работи, премиерот отвора нови училишта, следува ударна вест кога премиерот ја шутира топката во новата фискултурна сала каде што младите пензионери, кога ќе се вратат од Запад, ќе играат фудбал во слободно време. Потоа следува сечење лента од отворањето на новата фабрика во која ќе се вработат во првиот турнус петстотини луѓе, а во вториот уште илјада. Потоа премиерот удира темели на нови погони, најавува нови странски инвестиции…. Потоа следуваат вестите за најголемиот стопански раст во цела Европа, тренд кој ако остане Груевски на власт ќе продолжи и во наредните сто години. Потоа премиерот одговара на едно сосема случајно поставено новинарско прашање кога ќе има вонредни избори. Следува брилијантен одговор: ние не сакаме предвремени избори. На граѓаните им е преку глава од избори, но бидејќи ни е спречен четиригодишниот мандат, подготвени сме целосно уште утре да му го нанесеме на Заев најтешкиот пораз во историјата на СДСМ за конечно да добиеме опозиција каква што сакаме и каква што заслужува Македонија. Потоа премиерот е опколен со деца, со книги, со писатели… Саде убавини.

Потоа премиерот се префрла на вестите што доаѓаат од светот. На меѓународен план, исто така, тече мед и млеко. Секоја вечер по десет пати гледаме оригинални, немонтирани, несечени и нелепени снимки со автентични евроатлантски определби на Груевски директно од светски форуми. Следуваат изјави во живо од некои анонимуси претставени како големи државници за кои сте помалку посрамени оти не сте чуле никогаш. Тие зборуваат за големото лидерство на Груевски и неговата успешна политика. Овие платени десничарски лобисти без срам и перде поддржуваат деспот и притоа не забораваат да опоменат за опасноста по Македонија што ја приредува лидерот на опозицијата Зоран Заев, ако не престане да ги вознемирува свеста и совеста на граѓаните со „бомбите“ од прислушуваните разговори кои се грандиозна слика за злосторствата на Груевски и неговата дружина. Редовната порака до Заев од овие лобисти е да си ја свитка опашката и да се врати во парламентот.

По 45 минути вести за достигнувањата на Груевски и по 20 минути црнила за опозицијата завршуваат вестите и почнуваат турските серии. Меѓу секоја серија се повторуваат истите вести неколку пати и се’ така до раните утрински часови кога почнуваат емисиите во живо со пациентите на кои успешно им е извршена лоботомија.

Идејата е да се прикаже многу успешна влада која од душманите е спречена да работи понатаму. Пропагандистите сакат да излажат и овој пат дека на изборите ќе се бира како и досега повторно една успешна влада. Прикриваат иако знаат дека на овие избори во април 2016 година, народот само ќе ја верификува како на референдум определбата за слобода и демократија, за вистински подобар живот, а не за лажни успеси, за систем кој ќе се пресмета со организираниот криминал и коруптивното владеење, систем кој ќе го врати ограбеното богатство во буџетот на државата, систем кој ќе ги ослободи медиумите, кој ќе воведе владеење на правото, кој решително ќе тргне кон европеизација на Македонија, нов систем кој ќе обезбеди мир и стабилност во државата. Систем кој ќе влезе во решителна пресметка со провинцијализмот и примитивизмот и ќе ги врати на јавната сцена избришаните и понижени вредности.

Нема коментари

Tags: , ,

Стратегијата на Груевски

Објавено на 15 June 2015 од erizaov

(Фото: Утрински весник)

(Фото: Утрински весник)

Премиерот Никола Груевски некни во Брисел откако откри кој е виновен за политичката криза во која тоне државата, на дебатата за Југоисточна Европа и Западен Балкан – „Кран Монтана“, маестрално ја кажа големата стратегиска цел за иднината на Македонија. Кога тоа го слушнав прво ми дојде да се крстам со две раце, па да се качам на највисокото минаре или камбанарија во Скопје и да се провикнам колку што ме држи глас: Боже, мили Боже, го гледаш ова чудо големо. Веднаш се пишманив, оти Господ одамна дигнал раце од нас и не се појавува во библиската му татковина колку и да го молат верниците. Мора и на Господ многу да сме му згрешиле што не избришал од неговата агенда.

Што беше тоа чудо големо. Ако не сте слушнале и прочитале, еве да ви кажам, нашиот премиер пред угледни деловни луѓе и државници рече дека стратегиска цел на Македонија е да стане полноправна земја-членка на ЕУ и на НАТО. Замислете како што рече Груевски, тоа било од интерес на граѓаните на Македонија. За да поентира со прекрасно откритие на општо воодушевување на сите гости дека членството во ЕУ и во НАТО ќе доведе до подобра иднина, економски раст и развој, тоа ќе значи да станеме земја на мирот и стабилноста, тоа ќе биде добро за целиот регион, кажа премиерот Никола Груевски.

Аууу… си реков, до какво епохално откритие дошле двајца наши големи државници независно еден од друг. И претседателот на државата Иванов и премиерот Груевски некако наеднаш во секоја прилика и неприлика почнаа да му соопштуваат на светот дека наши стратегиски цели се ЕУ, НАТО, европските вредности, европската демократија, европските норми на заштита на човековите права и човековата околина, европското владеење на правото, слободни медиуми, европските стандарди на живеење, воспоставување на европските критериуми на добрососедство, со еден збор целокупна европеизација на македонското општество и на граѓаните. Ова на светот и нам гласно ни го соопштуваат Иванов и Груевски, кои очигледно како вчера да дошле на претседателската и премиерската функција. По нив следува цел хор апологети и медиумски труби. На сите устата им е полна со Европа. Неупатен и наивен човек би помислил, па добро бе што работеле овие луѓе досега со години како што се на власт. Претседателот Иванов цели шест години, а премиерот Груевски полни девет години. И што сработија во сите овие години за стратегиско приближување на Македонија кон Европа: Ништо, ама буквално ништо. Поточно не’ вратија поназад отколку што бевме на европскиот пат.

Визната либерализација со која толку се удираат в гради не може да се смета за никаков успех бидејќи Брисел јасно и гласно кажа дека е тоа награда на ЕУ за граѓаните на Македонија од која ниедна партија не може да прави политички капитал.

Овие проевропски изливи на нашите владетели по разни меѓународни конференции и по разни поводи и на нивните следбеници во Македонија изгледаат како врвно лицемерие и ординарна лага. Прво до вчера антизападната, антиевропска, антинато пропаганда трештеше низ контролираните и цензурирани провладини медиуми. Дежурните критичари на Америка и на ЕУ, познати јавни личности чии провладини и провмровски ставови ги знаат и врапчињата, се’ што мислеше обратно од нив го прогласуваа за предавник и непријател. НАТО беше злосторничка воена организација пред распаѓање. Цела една медиумска машинерија составена од партиски новинари, бивши дипломати, корумпирани интелектуалци секој ден сееше омраза кон Запад со амин на власта. До вчера сите успеси ги постигнувавме без Европа правејќи чуда во економијата, а денес премиерот вели со членството во ЕУ и во НАТО ќе постигнеме побрз економски развој и раст, подобра иднина, мир во регионот и добри меѓусоседски односи. Поради ова истото што сега го проповедаат премиерот и претседателот на државата, стотици новинари и јавни личности беа прогласени за предавници и непријатели на Македонија. Големите патриоти кои до вчера беа ловци на вештерки и прозападни шпиони денес се големи Европејци.

Сепак, најголемото лицемерие е кога нашите водачи зборуваат со вознес за европските вредности во освојување на демократијата, на слободата, на човековите права, за владеење на правото, за слободата на медиумите. На луѓето со лице како ѓон воопшто не им е тешко да кажат дека европските достигнувања во демократијата се наша цел која само што не е освоена.

Државниот врв буквално се прави на удрен кога со конкретни докази ќе им се предочи дека во земјата е воведен комплетен режим, тоталитарно општество и кога ќе им се приопшти дека Македонија е на дното на неслободни држави на светските ранг- листи. Тешко им е да признаат дека, всушност, Европа и Америка со својата политика и лобирања преку разни канали поддржа еден деспотски систем во Македонија кој им украде на граѓаните 10 години од животот и однесе во неврат десетици милијарди евра на најсиромашните Европејци од Балканот. Таквата поддршка на Европа на сметка на два милиони граѓани беше игнорирана од носителите на власта.

Време е узурпаторите на власта и Европа да ги платат своите гревови кон граѓаните на Македонија.

Коментари (1)

Tags: , ,

Бриселски патрдии

Објавено на 12 June 2015 од erizaov

hahn

Судијата Јоханес Хан е разочаран од македонските боксери по 12-часовниот бокс-меч бидејќи по многу чисти и валкани удари, нема победник. Хан одвај успеал да ја доведе работата дотаму сите рунди да завршат нерешено. Штом некој од боксерите почнувал да задава силни удари, Хан свирел прекин. Никако не дозволил да дојде до нокаут, или до победа на поени. На крај силно свирнал крај . Македонија си останува таму каде што си беше. Судијата по мечот изјави: „Граѓаните заслужуваат повеќе демократија, владеење на законот и европска иднина, но не се откажуваме, продолжуваме понатаму“. Хан не кажа јавно кој е одговорен во држава каде што нема демократија, каде што не владее правото и каде што евроатлантските интеграции се запрени веќе цели десет години. Тоа треба на „некои“ да им текне.

Хан е многу разочаран од недостигот на одговорност и лидерство на „некои“ учесници во преговорите. Груевски е задоволен и веќе најави најголема победа на изборите во април 2016 година. Заев е несреќен од односот на „некои“ Европејци, а Ахмети и Тачи навиваа во себе, безгласно. Македонија остана поделено среќна и несреќна, што Груевски и натаму е премиер и што Заев рекол НЕ во Брисел. Тренерите и боксерите веднаш ги почнаа подготовките за новиот меч кој исто така, гарант, ќе заврши нерешено. Ќе се тепаат и натаму „борците“ додека не искрвават и не паднат на рингот со трајни последици.

Потоа настапуваат нови деца и се’ така додека петте судии надвор од рингот не прогласат победник. Тоа се вика компромис на бриселски начин. Мечевите со прекини ќе траат до Нова година, а потоа ќе дојде до голема промена на правилата. Со нови правила во април идната година, на домашен терен ќе се одржи финалето. Судии ќе бидат граѓаните на Македонија кои ќе можат слободно и без закани и застрашувања, без фалсификати, да го изберат и прогласат победникот. Се разбира, пред тоа ќе бидат завршени работите кои мора да донесат крупни промени какви што налага историската шанса која ќе и’ биде дадена на Македонија.

Европа ќе се соочи со фактот дека не може да организира бесконечно нерешен бокс- меч. Ќе треба навреме да ја соопшти наградата за граѓаните на Македонија, односно за победникот. Тоа се преговори со ЕУ, членство во НАТО и се’ што оди со тоа. Без тоа нема промени во Македонија. Привремена, експертска или техничка влада за национален спас не може да биде составена ако таа има за цел да организира само избори. Тоа е практично бегање од суштинскиот проблем и поддржување на статус- кво. Изборите во април 2016 година нема да бидат само за освојување на власта, туку кој ќе гради ново европско општество, кој ќе ги води преговорите со ЕУ, кој ќе го потпише барањето за членство во НАТО, кој ќе ги ослободи институциите на системот, судството, медиумите, кој ќе ги донесе слободата и демократијата во земјата. Таа техничка, или каква било привремена влада ќе им ја врачи на партиите однапред напишаната европска агенда со кого и како ќе се остваруваат евроинтеграциите. Тие што не ги завршија работите во изминатите десет години не ќе можат да ги завршат ни во наредните сто години. Затоа промените се историска неминовност и конечно решение за иднината на Македонија.

Поддржувањето и натаму на режимот на Никола Груевски е во директна спротивставеност со желбата на Хан граѓаните на Македонија да живеат и работат во демократско општество, во држава каде што важат законите подеднакво за сите и каде што функционираат институциите на системот и каде што европската иднина е на повидок. Тие од кои се разочарани Хан и ЕУ и кои, како што велат во Брисел, имаат недостиг на одговорност немаат лидерство и државнички однос и тие не можат да бидат учесници во натпреварот и да бидат предводници на патот кон европска Македонија.

Според тоа, следниот меч кој ќе го организира Брисел со македонските боксери мора многу појасно да покаже дали ЕУ и натаму се определува да поддржува нови авторитарни владетели во земјите-кандидати за ЕУ и да навива за статус-кво во Македонија, или ќе се определи за европските критериуми поради кои е многу разочаран пристрасниот судија за кој станува се’ поочигледно дека навива за нерешен резултат. Што е катастрофален пораз на демократијата и на Европа.

За валканите удари под појас што ги задаваат лидерите кои имаат недостиг од почитување на спортските правила ќе мора да уследи дисквалификација. Оставка на Никола Груевски беше најважен дел од решението на кризата во Македонија. Неговото останување во игра по секоја цена станува несовладлив дел на проблемот да се најде излез. Тука е клучот кој не може да се совлада без решително учество на Брисел. Не да ни избира премиер, или влада, туку да каже, гласно и јасно, дали и натаму ќе ги поддржува Груевски и неговиот режим. И конечно, Брисел ќе мора да ја прекине десетгодишната агонија на Македонија, третирајќи ја како вечен кандидат кој никако не може да ги почне преговорите со ЕУ поради бесмислениот грчки ултиматум. Таа агонија и незадоволството на граѓаните го изнедрија режимот на Груевски. Одговорноста на Европа за тоа е огромна.

Нема коментари

Tags: , ,

Чекајќи вести од Брисел

Објавено на 11 June 2015 од erizaov

g2

Уште од времето, пред речиси 60 години, кога татко ми со увото залепено на радиото го слушаше Грга Златопер и „Гласот на Америка,“ не сум видел поголема напнатост кај мои драги пријатели кои чекаат значајни вести да стасаат од странство. Овој пат се молиме преку Брисел да слушнеме убава вест за иднината на Македонија. Убеден сум, иако кога ова го пишувам се’ уште нема никакви вести, дека и сега како и тогаш, ни Америка, ни Европа нема да ни помогнат колку што ние очекуваме. Да ни ја завршат целата работа и да ни курдисаат нова влада. Главната работа ќе ни ја препуштат нам и таа неминовно ќе се случи на слободни избори.

Значи, работата ќе биде само во тоа дали ќе не’ охрабрат на патот на демократијата со нешто поконкретно, а не само со поддршка на европски начин. Сепак, тоа ќе биде нешто повеќе од земи или остави. А, тоа е силната гаранција за фер избори со конкретни потези и промени.

Во конечните предлози нема да се повторат некои тези на еврокомесарот Хан за кои добивме впечаток дека се издиктирани во Белата куќа во Вашингтон. Само наивните можат да поверуваат дека луѓето што ги пласирале не ја знаат реалноста во Македонија. Големите сомнежи за некаков пресврт во односот на Запад кон власта и премиерот Груевски кои дојдоа од Вашингтон и Брисел деновиве се дијаметрално спротивни на јавните изјави на амбасадорите на највлијателните земји што секој ден ги даваат во Скопје. Амбасадорите не соопштуваат свои мислења, туку на своите влади. До Европа веќе стаса смрдеата дека има нешто многу расипано ако ЕУ под диктат на Америка наеднаш се определи да тргне во насока тие што го воведоа режимот и владеат десет години без контрола да ја демонтираат тиранијата и да ни донесат демократија и слобода.

Едноставно тоа не може да се случи. Обидот да се протне нешто на мала врата е откриен. Во април 2016 година ќе падне режимот на Груевски. Пролетта 2016 завршува ерата на Груевски. Завршува опасноста за опстанокот и поделбата на Македонија. Слободата и демократијата се враќаат на голема врата. Тоа е историска неминовност, тоа е решавачки момент за иднината на Македонија и нејзините граѓани. Погрешните политики и злоупотребите на власта ќе бидат казнети од граѓаните на Македонија кои веќе ја препознаа историската шанса за целосна демократска преобразба на македонското општество како современа европска и слободна држава.

Во мај 2016 година новата македонска влада, составена со нови лица, ќе ги почне и официјално преговорите со ЕУ, а есента 2016 година ќе стане редовна членка на НАТО. Она што е најважно, граѓаните на Македонија оваа работа ќе ја завршат сами, или кажано попрецизно ќе бидат убедени дека сами ја завршиле.

Од каде овие претпоставки кои не се потпрени на она што ќе биде договорено во Брисел . Едноставно, во Македонија доаѓа време кога нема други решенија. Ниту Европа, ниту Америка повеќе немаат простор за маневри и за спасување на власта која е фатена на дело во нечесни избори во повеќе изборни циклуси, во организиран криминал, во злоупотреба на власта и во масовно кршење на човековите права, со години ставајќи под надзор илјадници граѓани и јавни личности. За тоа никој не може да прости. Америка и западноевропските земји ако ова го одмолчат многу бргу ќе се соочат со својата јавност. Тоа во моментот се тркала како мала грутка снег во меѓународни асоцијации искажани од влијателни личности, но прашање на денот е кога ќе прерасне во лавина која може да ги загрози позициите на европските лидери пред домашната јавност. Темата за гревот на западните политичари и центрите на моќ кои лобираат за поддршка на авторитарните системи и новите диктатори на Балканот и пошироко во Европа, веќе е отворена од врвните светски интелектуалци и највлијателни медиуми. Тоа е најзначајниот сигнал дека платените лобирања со пари на граѓаните на најсиромашните земји за одржување на новите деспоти на Балканот не можат да поминат незабележано и без последици, ни во Америка, ни во Германија, ни во Англија, ниту во Франција, што значи ни во најголемиот број држави членки на ЕУ и на НАТО. Лекцијата за Македонија ќе се однесува за сите кандидати за ЕУ и за НАТО.

Ретерирањата и новите ветувања на Груевски за кооперативност под притисок на демократските, но и други институции на светот, веќе нема да важат.

Вториот важен момент е фактот дека и во Македонија се менува брзо ситуацијата. Груевски не може да испорачува повеќе лажни успеси. Изградбата на споменици стана ептен видлива фарса, а последните канделабри на мостовите кои не водат нигде, повеќе наликуваат на фенери кои ја осветлуваат вистината и во темница дека сме последни на Балканот по сите мерила и критериуми за успешноста на една власт.

Одлуката на Груевски да не се повлече од политичката сцена, жртвувајќи ја и Македонија и сопствената партија ВМРО-ДПМНЕ, е прочитана книга во земјата и во ЕУ. Затоа нема простор за очајување, ниту за еуфорија каков и да биде договорот во Брисел. Треба да се заврши работата, падот на Груевски е почнат. Историските закономерности се како и законот на Земјината тежа. Тоа што почнало да паѓа, мора да падне.

Нема коментари

Tags: ,

Маша-каша и Медвед

Објавено на 10 June 2015 од erizaov

masha

Еве една мала утопистичка и по малку патетична неновинарска приказна по повод денот кога нашите политички водачи во странство ќе бараат излез за нашите домашни несреќи, кои тие ни ги донесоа сосема намерно, од алчност, од самољубие, или од незнаење. Сеедно. Не верувам дека нешто ќе биде од тоа што ќе се случува во Брисел бидејќи власта во Македонија нема чувство за изгубено време. Премиерот Груевски мисли дека само една година е на тронот бидејќи некој му оневозможува да си го заврши четиригодишниот мандат што му го дал народот. Нашите десет години, за него се една година. Човекот мери со децении.

Во саботата точно на пладне со мојата тригодишна внука, моето ангелче Аја, бев во МОБ (Македонска опера и балет) во онаа голема театарска сала, која ретко кога е полна. Беше тоа неверојатна глетка, стотици дечиња со своите родители, испоседнати до последното место, игла да фрлиш нема кај да падне, имаше тука и баби и дедовци се уште неостарени, сите дојдени да ја гледаат „Маша каша и Медвед“, руската популарна цртана серија преточена во детска претстава. Повеќе ја гледав таа прекрасна публика, насмеаните лица на децата и нивните родители отколку тоа што се случува на сцената. Детскиот џагор, нивното смеење од срце, нивната невиност и чиста душа, аплаузите, спонтаните реакции ме исполнија со голема радост во овие скудни и волнени времиња.

И како што обично бидува кога човек ќе влезе во третата доба, од насмеаните деца погледот ми се сврти кон нивните родители и дедовци. Веднаш ми се удри од глава факторот време во човечкиот живот на кој обично додека сме млади не мислиме. Се присетив дека син ми кога првпат го однесов во театар имаше исто толку години колку што сега има неговата ќерка. Беше тоа во времето кога на повидок беше независноста, слободата и демократијата, кога со голема надеж ја чекавме убавата иднина, убедени дека големите промени ќе ни донесат посреќен и побогат живот. Поминаа повеќе од триесет години, одлетаа додека трепнеш со очите, а од големите промени не стана ништо. Останаа само надежите и очекувањата за поубави времиња. Откако знам за себе, постојано чекам подобри времиња.

Татковците кои немаат време за своите деца се лоши татковци. Обично тие стануваат добри дедовци. Така и јас сега со внуката ги перам своите гревови од младоста кога мислев дека учествувам во историски промени за подобар живот на децата за кои немав никогаш доволно време, сигурен дека мојата љубов кон нив тие ја препознаваат и кога не сме заедно. Мислев дека тоа се подразбира природно и кога тато умислил дека е учесник во револуција, па по цели денови и ноќи пишува и брбори за демократија, слобода и подобро утре, па дури кога осамнува кај „Јоле“ по јалови мудрувања и бескрајни кафеански муабети и се’ што оди заедно со тоа.

Сега со мојата Маша сум како оној Медвед, кој е добар и божем строг, па и’ ја исполнува секоја желба, но пак мрморејќи што е добро, а што е лошо. Знаете, лесно се исполнуваат желбите на малите деца. Ним им треба сосема малку за голема среќа. Што правиме со големите деца кои тргнале по нашите патеки во секојдневна борба да живеат нормално и достоинствено во држава која ние им ја стокмивме без да ги научиме колку е скапо времето и здравјето, без да ги научиме колку е уште поскапа слободата. Нас нашите татковци не’ научија по нешто за слободата. Сите ние кога бевме деца имавме по некое другарче чиј татко или дедо бил партизан, кој се борел за слобода. Научивме дека многу луѓе загинале за слободна Македонија. Кога потпораснавме видовме дека таа среќа брзо се потрошила и дека слободата не била еднаква за секого, не била еднаш засекогаш дадена, разбравме дека за подобар живот треба уште многу други работи кои нема да се завршат сами од себе ако самите не се промениме. И пак промени… и пак реформи… и пак нови надежи…

А, времето… каде е времето, кое никој не може да го врати. Гледајќи ги некни во МОБ веселите и насмеани лица на децата, човек не може а да не помисли дали повторно не им подготвуваме на нашите деца голема измама, која ќе ја откријат по 20 или 30 години.

Така стануваме повторно соучесници во големата лага дека правиме се’ за нашите деца. Вистината е дека само тие што навреме избегаа од татковината имаа поголеми шанси да успеат. Повеќето од нив низ белиот свет се посреќни од тие што останаа на родните огништа.

Децата што се родија со независноста на Македонија, годинава ќе наполнат по 25 години. Децата што се родија за време на стапување на власт на Никола Груевски в година ќе наполнат по 10 години. Кога децата ќе почнат да се раѓаат во слобода, ќе соопштат бесмртните од МАНУ. Тие решиле да прават стратегија за излез од политичката, економската, моралната и духовна криза за спас на Македонија. Првата национална стратегија за развој на Македонија ја направија рамно пред 18 години кога ја одредија насоката каде ќе се движиме во наредните 20 години. Сега кога останаа само уште две години од реализацијата на нивните научни и историски промени од кои ништо не се оствари, ќе седнат да подготвуваат нова стратегија за наредните десет години. И се’ така ќе течат години и години додека еден ден не се открие вистината дека ништо не може да се смени, ако не се сменат луѓето, ако не се смениме сите. Како беше онаа латинската О, темпора, о морес. О времиња, о луѓе.

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

June 2015
M T W T F S S
« May   Sep »
1234567
891011121314
15161718192021
22232425262728
2930