Archive | May, 2015

Tags: , ,

Змии и глувци во престолнината

Објавено на 28 May 2015 од erizaov

collage

Мојот пријател три дена не смее да влезе во својот автомобил. Исплашен, вели, внатре има голема змија. Викнал неколку експерти за влекачи, ама нема никаков резултат од нивната стручност. Барале, пребарувале, со часови, нигде ја нема пустината. Само што ќе си заминат змијарите, таа се испружува на седиштата. Потоа веднаш настапуваат аналитичарите и вештаците кои го разбираат змискиот јазик и имаат решение на проблемот, само треба некој да го одвезе џипот до Водно и таму да ја отвори вратата, па змијата ќе си замине самата. Генијално, вели газдата, еве ви ги клучевите и завршете ја работата. Истиот миг ги снемува експертите бидејќи тие не навлегуваат во детали, туку само кажуваат глобални решенија на проблемот, за нијансите си е одговорен сопственикот.

Од кај дојде змијата, го прашувам пријателот, беше ли некаде џенем низ полињата. Не, ми вели, три дена ми беше паркирана колата кај Клубот на пратеници во центарот на Скопје. Целиот овој дел на градот сосе Капиштец е полн со змии. Доаѓаат по глувци. Веројатно сум го погледнал како паднат од Марс, па смеејќи се како да кажува виц ми појаснува дека Скопје е преполно со змии, стаорци и глувци кои по обилните врнежи толку многу ги има што се качуваат и во погорните катови на зградите. Да, му одговорив, видов нешто во весниците, ама мислев дека е тоа само во поплавените подрачја каде што се појавија и некои африкански болести карактеристични за сиромашните региони, каде што змиите и глувците се домашни животни. Не верувам дека во центарот на престолнината има толку многу змии, особено не кај Клубот на пратеници.

Знаеш ли ти, му велам помалку цинично, дека таму без малку секој ден преговара политичкиот врв на Македонија за иднината на државата. Сигурно нема да седнат нашите водачи меѓу змии, разни отровници, глодачи, стаорци и глувци. Па, човеку, кога ќе му пуштиш питон на зајак, или смок на глушец тој се укочува од страв, ни да мрдне. Го голтнува аждерот како ние сармите на Чамо. Чекај, чекај, застарена ти е тезата, вели другар ми , тоа некогаш било така, знаеш ли ти дека сега има стаорци како мунгоси, поголеми и од видри, можат бре и мачка и змија одеднаш да изедат, ми прикажува пејоративно….

Си велам, што би се случило кога некој ербап од мајка роден би ги заклучил во Клубот на пратеници нашите кројачи на судбината и визионери на иднината. Да им рече додека не најдете решение за слободна и демократска Македонија, нема излегување надвор. Секој ден ќе добивате иста храна како во истражниот затвор во „Шутка“, нема изјави, нема камери и микрофони, нема конференции за печат… идејата е лоша и веднаш се откажав од неа. Такво нешто веќе имаше во Америка, во Дејтон за Босна и еве го резултатот. БиХ остана поделена, сиромашна и полна со омраза. Последна, заедно со Македонија, на патот за Европа.

А, наместо некој мустаклија да дојдат едно педесет или сто илјади луѓе и да го сардисаат Клубот на пратеници и да им испратат телеграма каква Македонија сакаме, па овие внатре ако сакаат да излезат да потпишат капитулација пред народот што толку го љубат. И тоа не бидува. Такво нешто веќе имавме пред Владата на 17 мај и веднаш утредента пред Собранието на Македонија, па ништо. Останаа само шаторите и извидничките кампови на протестантите, во кои живеат најупорните за слободна и демократска Македонија од една страна, а од другата тие што мислат дека Македонија е силна и никогаш не била подемократска и подобра. Такво нешто би се случило и со блокада на Клубот на пратеници. Ако дојдат едно педесет илјади борци за европска и слободна Македонија, веднаш ќе стасаат уште толку кои ќе кажат дека тоа е веќе постигнато и дека Македонија е успешна приказна во која никогаш повеќе немало слобода и демократија, дека никогаш повеќе немало толку успеси и големи достигнувања… И сега оди ти најди решение во држава каде што има се’ дупло, а спротивставено едно на друго. Дупли демонстранти, дупла влада, дупли синдикати, дупли здруженија на новинари, дупли невладини, студентски, средношколски организации, дупли министри, едни сменети кои работат и други кои стојат како фикуси, дупли професори, дупли академици, дупли интелектуалци, дупли бизнисмени, дупли мерцедеси, дупли прислушувани разговори, дупли криминалци, дупли аршини за мерење на успешноста на власта и на опозицијата, дупли судии, дупли судови и дупли закони и различни казни за иста работа…

Се’ е дупло – само еден е тек. Борците за слобода велат тоа е Никола Груевски, а патриотите во одбрана на татковина велат Зоран Заев. Значи пак дупло. Со таа разлика што кај следбениците на власта има мала еволуција, до неодамна тие со години тврдеа дека најголем виновник за сите зла е Бранко Црвенковски, а по неговото повлекување од јавната сцена открија дека тоа да ти бил Зоран Заев. Значи, ако се повлече и Зоран Заев, главниот непријател на државата би бил тој што ќе дојде на негово место, па макар ни еден ден да не бил во политиката. Има ли чаре, има ли спас за болното племе, реди поетот над судбината на татковината. Нема вели, оти тоа е проклетилак од примитивизмот и простотилакот што надвиснал над Македонија како хипотека на се’ што имаме. Сликарот слика исчезнување, а гитаристот виртуоз свири реквием, новинарите уште пишуваат домашни задачи…

Па каде е решението? Се разбира, во историските неминовности. Моделот на груевизмот е потрошен. Треба само колата да се однесе на Водно и да се отвори вратата, змијата сама ќе излезе. Само треба возач кој го знае змискиот јазик да отсвири дека и’ се заканува опасност и таа ќе си замине во шумата. Ако нема свиркач тогаш треба како и мојот пријател што му влезе змија во автомобилот да го однесе на автомеханичарски сервис, каде што колата се дига на канал и конечно змијата е отстранета. Се работело за голем смок кој главно се храни со глувци. Ако и од тоа се плашиме, тогаш смокот треба да го оставиме раат да ги изеде сите глувци. Кога ќе нема што да јаде, сам ќе си оди.

Само не заборавајте додека сме глувци, смокот е корисен влекач.

Нема коментари

Tags: , ,

Бунтот на артефактите

Објавено на 27 May 2015 од erizaov

taskovski

Може ли без зборови да се направи портрет на една земја во исчезнување. Може ако си Васко Ташковски.

Во ателјето на маестро Ташковски, големиот македонски сликар, се сушат и патинираат чудесните бои на едно грандиозно дело „Бунтот на артефактите“. Сликата е во четири димензии. Трите се гледаат со голо око. Не ви требаат 3Д-очила. Четвртата димензија треба да ви дојде отпосле кога ќе ги видите охридските бисери како летаат во бескрајната широчина на вселената кон црната дупка, заедно со столбовите и мозаиците од Стоби, од Хераклеа и од Скупи… Летаат во небото фреските и иконите од македонските цркви и манастири, сосе камењата и карпите. Генијот вели дека бисерите се младите луѓе кои заминуваат во светот, а се’ друго е побуна на артефактите. Четвртата димензија е помислата дека исчезнувањето на се’ што е вредно на македонската почва е последица на примитивизмот, незнаењето и себичноста. Тоа не е бунт само на артефактите, туку на природата која не може да ја издржи тежината на човечката глупост. За да летнат камењата во небото од местото каде што најмногу тежат, каде што се всадени од постанокот на Земјината топка, за да се побунат против законот на Земјината тежа, треба да ги помрдне нешто многу силно, вонземско, нешто што е против сите природни закони и гравитацијата во космосот.

Васко Ташковски ја подготвува својата 51. изложба по 50 години работа. Неговите најнови слики уште невидени примаат една нова безвремена димензија кога надреализмот прераснува во футуризам, во повторно раѓање на планетата Земја. Некои тоа веќе го нарекоа за други пригоди – враќање кон иднината.

Во исчекување на големата изложба вчера во „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана третата монографија на Ташковски, овој пат посветена на неговите цртежи. И вчера скромноста на генијот којзнае по кој пат само ја потврди вистината дека големите уметници и творци не се препознаваат по силните зборови туку по делата. На Ташковски повеќе не му требаат ни монографии, ни промоции, ни изложби. Сликите на Ташковски ни требаат нам, на простосмртните, му требаат на човештвото како гротескна опомена за неговата иднина и за иднината на планетата Земја. Глобализацијата на светот, глобалното затоплување, алчноста, деградацијата на природата и нарушувањето на рамнотежата не може да останат без казна. Ташковски не претскажува со децении потоп, туку опоменува со универзална порака да го сочуваме највредното што Земјата ја прави единствена во вселената, барем досега, а тоа е човекот и тоа што го создала прекрасната и единствена природа во целиот универзум.

Водите, ридовите, камењата, небото школките, растенијата, насликани со филигранска прецизност и обоени со фантастичен колорит истурен од некоја небеска лабораторија во сликите на Ташковски, го сместуваат овој наш уметник во самиот светски врв. Дефинитивно, научната фантастика на Ташковски е иновативен реализам својствен само на ингениозните творци. Гледајќи ги сликите на Ташковски, човек останува занемен и сомничав дека оваа дарба не е дадена ни од Бога, ни од големите мајстори, туку некој од вселената му ги шепнал и врежал длабоко во неговото битие со аманет да ги пренесе верно на човештвото. Тоа Ташковски го прави половина век цртајќи и сликајќи ремек-дела од кои се учи постанокот на светот и опомената од неговото умирање.

Нема коментари

Tags: , ,

Ќе им го видиме грбот

Објавено на 26 May 2015 од erizaov

gruevski

Ќе си заминат посрамени и поразени до нога. Ќе им го видиме грбот како и на многу други. Не ги спасуваат ни борбени возила, ни хеликоптери, ни митинзи, ни авиони, ни блиндирани мерцедеси, ни закани, ни апсења, ни нивните насилници што убиваат и тепаат студенти, новинари и деца. Не ги спасува ни папата, ни г.г. Стефан, ни Господ. Не ги спасуваат ни милионите што ни ги украдоа. Веќе никој не им се плаши. Готови се. Не ги спасува ни Русија, ни Америка, ни Кина, ни Европа сосе Бесарабија. Рацете им се окрвавени. Македонија пролетта ќе ја дочека слободна.

Ова не е само сон на слободољубивите, ни пуста желба, ова е реалност која се’ повеќе се наѕира. Ова е безбројпати историски потврдена вистина кога завршува една ера на лошо владеење, на терор, делби и омраза. Штом власта посегнува по доктрината да изигрува жртва, нејзиниот крај е на повидок. Завршува украдената деценија од нашата иднина како лошо минато, како излечена краста. Отчукува крајот на груевизмот во Македонија. Засекогаш.

Последната карта за спас на дпмнеовската олигархија, лансирана со опасноста од поделба на државата што ја фрлија врз Македонија преку кабинетот на Путин, само ја потврдува историската неминовност дека е готово. Лавров предупредува дека нашите стратегиски партнери сакаат да ја поделат земјата и дека се кове заговор против македонската Влада оти била многу блиска до Москва. Таа блискост ниту еднаш во целата историја не ја видовме искрено и одблизу, ниту ја почувствуваме. Панславизмот, една голема утопија, која се провлекува низ вековите унесреќи многу балкански народи, големи дејци и преродбеници кои играа на картата на бачушка. Освен нивните гробови по руската земја и по некоја книга отпечатена за слободна Македонија, ништо друго не остана како убава спомен од мајка Русија.

Делбите дали си за Америка или за Русија, потсетуваат на делбите дали си за Сталин, или за Тито кои завршија со чистки на се’ она што остана живо по колежите на вмровските чети на Ванчо Михајлов и оние кои ја преживеаја Втората светска војна. Медиумските подбуцнувачи на власта пак ги палат истите огнови за делба на македонското живо ткиво. Дали си за лоша Америка или пак за добра Русија, дали си за Бугарија или за Србија, за Албанија или за Грција е историската трагедија која сега ни ја сервираат како фарса во втората декада на 21 век. Е, тоа веќе не поминува. Книгата е прочитана, лекцијата е научена до болка, на памет, наизуст. Немаме повеќе деца за давање курбан за да се спасат Груевски и неговата клика.

Време е кога треба да се мисли што по Груевски. Каква држава сакаме. Демократска, слободна и европска Македонија ќе биде единствениот аршин за мерење на успешноста на секоја идна власт. Неминовно е да се поништат сите оправдувања зошто тоа не е направено досега. Не смее повеќе да се бараат виновници надвор од земјата и кај измислените домашни предавници кои само сакаат да бидат дел од слободниот свет и од европското семејство. Тој страшен лов на вештерки мора еднаш да заврши и луѓето конечно да не стравуваат да кажат што мислат, да зборуваат слободно, да бараат одговорност, да протестираат и да ги бараат своите права. Македонија е уморна од лажни патриоти и првоборци, од делби и омрази. Новата демократска држава ќе се препознае по контролните механизми на власта и по моделот кој гарантира дека победата и на слободни избори не значи апсолутна власт, туку апсолутна одговорност за остварување на стратегиските интереси на државата и нејзините граѓани. Македонија тргнува по тој пат. Заканите и застрашувањата со делби, граѓанска војна, бришење на идентитетот се приказни на еден историски веќе потрошен модел кој ќе биде дефинитивно погребен идната пролет. Дотогаш ќе следиме само јалови обиди за спасување на главните актери кои ни украдоа десет години од сегашноста и од иднината. Вреди да се издржи за да се дочека вистинската пролет кога ќе се затвори една темна страница од поновата историја на Македонија. Се гледаме на големата прослава на плоштадот кога пак ќе расцутат липите.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: , ,

Интервју: Политичарите доаѓаат и си одат, книгите остануваат

Објавено на 23 May 2015 од erizaov

erol

Која беше причината Вашите колумни од последните осум години во „Утрински весник“ да ги преточите во четири книги кои деновиве ги промовиравте?

Од поодамна кога новинари објавуваа свои книги од пишани текстови јас имав одредени резерви кон таа идеја, мислејќи дека новинарскиот труд е дневен, и дека тој така треба да заврши со сето она што ќе го предизвикува како реакција во општеството со цел некои работи да се менуваат кон подобро. Меѓутоа, државата до тој степен се партизираше што многу често луѓето ме прашуваа што сум работел пред три, четири, пет години. Брзото заборавање или краткото паметење е едната причина за вкоричување на колумните. Втората работа е судбината на нашите новинарски текстови. Тие завршуваат во отпад и во погоните за рециклирање стара хартија. Сето тоа оди во заборав. Сепак, промените што се случуваат се тектонски, бурни и историски. Мислам дека сите тие новинарски хроники на ова време имаат своја вредност.

Морам да истакнам дека колумните кои ги преточив во книги по наговор на повеќе луѓе, мои пријатели, колеги, писатели, не ги селектирав за да покажам колку сум умен. Јас не ја сакам таа т.н. дополнителната памет, не сум од оние кои сакаат да се фалат изговарајќи ја реченицата „јас за ова уште на времето пишував, јас за ова кога кажував вие…“ Едноставно, ги спасив моите текстови од заборав. Колку вредат или не вредат, ќе покаже времето.

Да се вратиме една декада порано. Кој беше предизвикот, по толку време поминато во журнализмот како новинар, уредник и директор на медиуми, на крајот да и се предадете на колумната – да влезете во таа, како што велат, екстериторија во рамките на медиумот, во која единствен суверен е авторот?

Долги години, поточно 31 година пишував класични новинарски текстови, осврти, информации, вести, коментари, анализи. Имам свое мислење кога еден новинар треба да почне да пишува колумни. За да дојде до тоа еден новинар на јавноста да и се обраќа во прво лице еднина и да искажува свои ставови по одредени важни прашања, претходно треба да е општо познат, и што е најважно да има квалификатив на објективност и конзистентност. Новинарот треба да дојде до едно ниво кога ќе го почитуваат и тие што не се согласуваат со неговите ставови. Колумнисти во медиумите треба да бидат врвни имиња, признати вредности, луѓе кои имаат голем авторитет во општеството, нобеловци, познати писатели, лекари, економисти, бизнисмени кои пишуваат со висока професионалност, со голема доза на етичност и со стручни познавања за одредена проблематика.

Кај нас, за жал, израснаа партиски колумнисти. За да имаат весниците рамнотежа си викнат еден кој ги брани боите на ВМРО- ДПМНЕ, а друг на СДСМ, на ДУИ….. Најголемиот број колумнисти во Македонија, пишуваат новинарски текстови, а не колумни.

На промоцијата на Вашите книги беше речено дека заедничкиот именител на сите колумни е критиката на глупоста…

Имаше повеќе квалификации за моите колумни. Од тоа дека се хроника на едно време, со сатиричен, аналитичен, хумористичен пристап. Задачата на колумната и на новинарството, воопшто, е да се има критички став кон моќта, кон корупцијата, организираниот криминал, кон злоупотребите на власта, кон примитивизмот и провинционализмот. Но имам една дефиниција на која строго се придржувам. Јас во моите текстови не сум малициозен. Јас не ги навредувам луѓето, иако тоа некои така го доживуваат. Власта забегува, тие луѓе сметаат дека се недопирливи и дека никој не може да ги критикува. Мојата максима покрај етичноста се потпира на две работи. Првата е дека јас сум во рингот. Значи кога си таму, ќе примаш удари, но и ќе удираш. Во границите на правилата во спортот. Меѓутоа, има многу валкани удари под појас. Е, јас не задавам такви удари. Многу добро си ги знам последиците од тоа, но од нив не правам вести. Втората битна работа е што јас никогаш не сум ја поддржувал идејата дека новинарите треба да креираат политика. Тоа е погрешно. Тоа е надвор од принципите на новинарската професија. Тие луѓе сакаат да соопштат апсолутна вистина. Новинарите треба да откриваат и отвораат проблеми и злоупотреби, и ги и соопштуваат на јавноста, а не да креираат политики. Во здраво општество институциите на системот настапуваат по таквите текстови. За жал, институциите на системот сега се во тотална криза и се под целосна контрола.

Во 1999 година заедно со четворица Ваши колеги: Бранко Тричковски, Васил Мицковски, Љупчо Поповски и Манчо Митевски го основавте „Утрински весник“. Кои беа мотивите да влезете во таа ризична авантура со оглед на опасно нерегуларниот пазар?

Заедно со моите пријатели, извонредни новинари, видовме дека на оваа држава и недостасува медиум кој нема да биде под контрола на власта. И нашиот прв стратегиски партнер Трифун Костовски тоа ни го овозможи. Тој ни рече само вие почитувајте ги законите и Уставот, друго не ме интересира, тоа е ваша новинарска работа. Уредниците и новинарите имаа целосна слобода во креирање на уредувачката политика. И ако нешто таму не чинело или чинело, тоа е нивна заслуга, а не на други луѓе.

Во тие деведесетти години дојде до големо разочарување кај нас, затоа што ние мислевме дека со промената на политичкиот систем ќе добиеме скандинавско новинарство. Но се излажавме.

Не може да избегаме од внатрешно-политичките теми. Се чини дека Македонија е безнадежно заглавена. Гледате ли некаков излез?

Македонија подолго време е потоната во длабока морална, етичка, економска, политичка криза. Тоа сега пука по сите шевови. Ова што досега и е соопштено на јавноста како откритие од прислушувањата е потврда за се’ она што го кажуваа повеќе новинари и јавни личности во земјава. За се’ што не’ обвинуваа дека е лага, дека е конструкција, дека е личен анимозитет, дезинформација, излезе дека е вистина. Ако се споредат прислушуваните материјали и нашите текстови ќе видите дека тука речиси нема разлика. Луѓето што снимале треба да се наградат. Тие се херои на Македонија.

Никола Груевски треба да седне пред јавниот обвинител и да сведочи што е точно од тоа што е објавено, а што е делумно точно, или неточно. Се разбира, претходно мора да поднесе оставка. Тој вели дека не знаел дека било спроведено такво масивно прислушување. Оставка треба да поднесе и претседателот на државата . Тоа е вистината и затоа сега им требаат митинзи – за да пратат порака дека не’ одлучуваат ни моралните норми, ни судот.

(Објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: , ,

Влада без углед

Објавено на 22 May 2015 од erizaov

grujo vo dojran

Политичарите доаѓаат и си одат. Сите се со широка насмевка кога седнуваат на тронот подготвени да изградат подобра Македонија. Кога заминуваат, им се гледа само поднаведнатиот грб и тешкиот чекор на предвреме остарени млади луѓе. Си одат одлепени од реалноста не знаејќи колку внимателно треба да се направи секој чекор при спуштање од голема височина. Сите алпинисти знаат дека кога се симнувате од Монт Еверест најмногу се замрзнува, или се паѓа во бездна. Знаат, но и најискусните некогаш остануваат завеани во прегратките на белата смрт. Велат, бела смрт е кога човек се скаменува од студ со убава слика пред очите сосема различна од суровата реалност на последното патување. Така велат, ама дали е така нема докази, никој не се вратил од оној свет да потврди. Освен Господ, ама и тој одамна не се појавил да посведочи.

Има и такви политичари, владетели, разни моќници и кои не сакаат да се симнат од врвот и кога отчукува последниот час. Можат за кратко, или за подолго да го одложат заминувањето, но притоа не внимаваат дека секое одлагање го зголемува ризикот при спуштањето. На врвот воздухот е многу разреден, има малку кислород, тешко се дише и брзо се заморува.

Македонската влада и премиерот Никола Груевски седат на врвот и го одлагаат своето заминување. Опасноста при спуштање од ден во ден расте бидејќи Владата и премиерот ги изгубија и угледот и легитимитетот. Посрамотена влада и посрамотен премиер не и’ доликуваат на Македонија. За да се врати самодовербата, можат да се мобилизираат не педесет, или сто илјади, па дури и милион луѓе колку што повика Слободан Милошевиќ на Косово Поле, ама не успеа да го спречи падот, иако победуваше убедливо на сите избори, иако милиони луѓе му аплаудираа на огнените говори за големите успеси, правејќи силна и голема држава. Ракоплескањата и овациите полека, полека се претворија во свирежи и скандирања – оди си, готов е… крајот го знаеме сите, полошо од бела смрт.

И кога мобилизираните во неработен понеделник, по работна недела, му аплаудираат на вождот во Македонија и кога тој им се обраќа со своите огнени говори за фантастичните достигнувања најголеми во Европа, си велам има ли понекој во оваа маса народ што се прашува какво е тоа волшепство кога се нижат се’ поголеми успеси, а народот е се’ посиромашен. Како може да ја претставува државата посрамотен премиер за кого неговите најблиски соработници велат дека Владата им наликува на собир на лудаци од што им се гади. Колкав проблем има човек кој стои на бина пред илјадници свои верници и им кажува колку им е убаво и им раздава чоколади од бронза, а тој до него вели дека овој е луд, фрла стотици милиони за чоколади, а народот нема ни за леб. Каков легитимитет има премиер кој си мерка за себе огромна локација на Водно. Колку е моќен и легитимен премиер на меѓународната политичка сцена кога некој му ги менува клучните луѓе во Владата против негова волја и притоа го поздравува таквиот чин како храбар исчекор. Тоа му доаѓа исто како кога некој сака вашите најблиски соработници во вашата компанија да ви ги смени, или некој ве притиска да се откажете од своите најблиски, а вие се правите на удрен простувајќи се од нив со празни зборови дека сите тие се многу добри и значајни ама мора да ги жртвувате за доброто на Македонија. Човек што се согласува со жив курбан на најблиските соработници против сопствената волја не може да има ниту углед, ниту легитимитет, ниту авторитет да ја води и претставува државата.

Со месеци се изнаслушавме толку многу поганштии изречени лично и од премиерот и од неговите најблиски соработници што не може да ги испере ниту еден митинг, па макар сите граѓани на Македонија да ги засукаат ракавите и да загазат во Вардар да ги перат бербатлаците, што врвот на оваа власт ги има направено во изминатите девет години на неконтролирано владеење. Тоа што го слушнавме и видовме се’ уште е помалиот дел од јунаштвото и патриотизмот на оваа група луѓе што ја узурпирале и злоупотребиле власта до тиранија и деспотизам, со целосна контрола на сите институции на системот, Владата која не е на сите граѓани, парламентот без опозиција, судството без правда, нарачаната монетарна политика, најголемиот број цензурирани медиуми, деградиран уставен и врховен суд, се’ до понижените спортски и хуманитарни организации и здруженија.

Еве да видиме една евидентна работа која никој во земјата не ја оспорува. Ниту власта, ниту опозицијата. А тоа е фактот што над четири и пол години некој во нашата држава прислушувал и држел под надзор илјадници јавни личности, ги следел секој нивни чекор и збор, вклучувајќи ги и премиерот, министрите во Владата, судии, новинари и многу други граѓани. Ако овој факт никој не го одречува и ако сите признаваат дека тоа ни се случило, и ако за тоа има непобитни докази доставени до обвинителот, тогаш колкава е одговорноста на премиерот, претседателот на државата, надлежните министри за внатрешни работи и за одбрана, на началниците на разузнавачките служби, на Советот за безбедност, на претседателот на државата, на контролните механизми во парламентот и на уште десетина надлежни институции и одговорни функционери. Овие луѓе не препознаваат одговорност во фактот дека четири и пол години некој ги следел и нив и илјадници граѓани на Македонија. Тие што се должни да не’ заштитат, без оглед дали со нивно знаење или незнаење не’ држеле под надзор. Не сакаат да видат дека само поради тоа се одговорни до немајкаде и дека само поради тоа што не знаат, а треба да знаат, затоа се избирани и платени, мораше веднаш да си заминат од политичката сцена, препуштајќи им ја работата на истражните органи да утврдат, без притисоци, што е вистина од тоа што го слушнавме, а што од тоа е работа за на судски процес. Од тоа нема ништо, туку само патриотски митинзи и народни собири кои треба да судат наместо независен и слободен суд и јавен обвинител со големи м…..

Сепак, најголемата гротеска која, исто така, е непобитен факт е „мерцедесот“ што го возеше вождот секој ден следен од безбедносна чета составена од 30-ина полицајци и специјалци и уште неколку автомобили што го носеа на работа Никола Груевски рано попладне. Нашиот премиер одеше на работа некаде околу 1 часот попладне со еден авион кој лета ниско по земја по скопските улици. Прво поминуваат две-три коли таканаречени чистачи за да нема нешто непредвидено на патот, па потоа летаат уште две-три коли како мала ескадрила, а само во една кола е премиерот кој зад темните стакла ги гледа празните улици по кој е сопрен сообраќајот додека неговото величество ги помине потребните три километри за да стигне до работното место и доцна по полноќ да се врати дома. Најновиот „мерцедес“ кој сега е исклучен од употреба по последните настани во државата е „боинг“ на четири тркала, цел луксузен апартман во движење кој го тегнат петстотини коњи што е само нешто помалку отколку што имаме споменици со бронзени коњи по македонските плоштади. Овој „мерцедес“ чини околу 575.000 евра, нешто повеќе отколку што чинат животите на осумте загинати полицајци во Куманово. Дали знаете некој премиер, или политички лидер во Европа кој на овој начин оди на работа и се вози во ваква кола со толкаво обезбедување. Тоа само по себе многу кажува што ни се случува.

Затоа кризата во која тоне Македонија не е само политичка, туку таа е длабока, морална, духовна, културна и економска поради злоупотребата на власта и институциите на системот, поради анулирање на владеењето на правото, на независноста на судството и медиумите, воопшто поради целосно деградирање на демократијата и човековите права и слободи. Организираниот криминал, корупцијата, фалсификувањето на изборите и непристојното, арогантно и алчно владеење се длабоките метастази кои го имаат опфатено целото македонско општество. Затоа снимените разговори и нивното соопштување на јавноста, всушност, е првата најточна дијагноза што и’ се случува на Македонија. Тие луѓе што тоа го направиле ја одредиле болеста, а лекот треба да го препише народот, ако конечно сфати колку е скапо да го плати со својата беда „мерцедесот“ во кој се возеше до вчера премиерот. Тој мерцедес на срамот уште поскапо чини кога скапува во гаражите на Владата како сведоштво на една голема глупост кога ќелав човек се чешла со чешел од слонова коска.

Митингот на власта за поддршка на Владата и премиерот сосе чадорите и шаторите ми личи на такво чешлање на глава без ниту едно влакно со скап чешел од слонова коска.

(објавено во Утрински)

Нема коментари

Tags: , ,

Покуда на глупоста

Објавено на 21 May 2015 од erizaov

knigi

Критиката или покуда на глупоста е нешто што, според писателот Венко Андоновски, е проткаено низ сите колумни на Ерол Ризаов, кои вчера беа промовирани како четири збирки книги во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Во својот воведен говор, коментирајќи го големиот број гости на промоцијата, Андоновски рече дека со тоа само се потврдила тезата дека „човек со став секогаш има публика“.

Тој додаде дека овие колумни можат да се претстават и како еден културно-цивилизациски архив. „Тие се историја на сето она што е абнормално, сведоштва за многу личности, политички случувања, процеси, односот на Европа кон нас и нашиот кон неа. Тие се мали културни есеи. Нивната цел е да се посочи на глупоста, таа да се исмее, но и да се санираат последиците“, посочи Андоновски.

Според него, авторот во своите колумни некогаш е аналитичен, некогаш замислен, некогаш хумористичен, но она што е најважно, нагласи Андоновски, тој не ја сфаќа колумната како дискурс на моќ за управување со другите. „Внимателно е субјективен и не претендира да создава јавно мислење кое сите сте должни да го почитувате“, рече Андоновски, додавајќи дека кога го вели ова „малку … или средно“ лаже.

„Ризаов е толку топол во својата реч што не може да не најдете нешто вистинито. Ве заведува да ја прифатите неговата мисла. Тој го прави најголемото чудо што еден автор може да го направи, а тоа е да ве убеди во тоа што го говори“, додаде тој.

knigi1

Во книгите е поместен избор на најзначајните колумни објавени во редовните рубрики на „Утрински весник“: „Си велам“ и „Мое ќоше“ од 2007 година наваму. Тие се поделени хронолошки со четири насловни теми: „Ја оправдавме ли независноста“, „Како станав предавник“, „Седум скопски чуда“ и „Најкраткиот пат кон исчезнување на Македонците“. Можат да се најдат во книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје.

Ерол Ризаов им се заблагодари на сите оние што му помогнаа да ги издаде книгите, особено на редакцијата на „Утрински весник“ и главниот уредник за одвоениот простор во весникот. „Голема работа е да добиете простор и редовна колумна. Секогаш може со различни изговори да ви кажат дека сега не е баш погодно време за такво нешто. Јас имав среќа да ја имам поддршката“, рече Ризаов. Тој најави нови изданија со неговите поранешни текстови.

Нема коментари

Tags: , ,

„Си велам“ и „Мое ќоше“ во За животот на 24 Вести

Објавено на 20 May 2015 од erizaov

Нема коментари

Tags: ,

Утре на пладне: промоција на четири книги

Објавено на 19 May 2015 од erizaov

pokana erolЧетирите книги на Ерол Ризаов во кои се објавени неговите најзначајни текстови во рубриките „Си велам“ и „Мое ќоше“ ќе бидат промовирани утре во хотелот Александар палас во Скопје.

Промоцијата ќе почне во 12 часот, а воведен збор ќе има писателот Венко Андоновски.

Нема коментари

Tags: , ,

За смртта на Младенов во Топ тема на Телма

Објавено на 12 May 2015 од erizaov

Нема коментари

Tags: , ,

Проклети да сте … по втор пат

Објавено на 06 May 2015 од erizaov

nes

8.6.2011, 18.35 часот

Проклети да сте…. ми го убивте детето. Овој стравотен лелек и тешка клетва на мајката на 22-годишниот Мартин Нешковски, кого го уби полицијата на Градскиот плоштад за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ на изборната победа, до болка ја открива трагедијата на македонската демократија. Момчето што сакало да ја слави победата на својата партија и сакало да се качи непоканет на бината, за тоа морало да плати со глава. Револуционерната партија почна да ги јаде своите деца.

Еве ја анатомијата на ова злосторство:

Убиството на Мартин Нешкоски и особено она што се случуваше по свирепиот чин е последица на владеењето на еден режим својствен на диктатури. Ароганцијата на власта и злоупотребата на полицијата и во овој случај ја покажува немоќта да се контролира партиска полиција, која не работи според професионални стандарди, туку според потребите на политичката олигархија. Во таков случај кога е важна само врхушката на власта, а се’ друго е раја, може за најбанална работа да го загубите животот. А во посреќна околност да завршите в затвор. Се разбира, и во демократски земји се случува полицијата да ги пречекори своите овластувања и да употреби прекумерна сила. Но, два дена полицијата преку својот лажго да ја лаже најбезобѕирно целата држава дека не знаат што се случило, дека момчето го нашле мртво, дека се злоупотребува еден несреќен случај во политички цели итн., итн. Е, тоа не може да помине неказнето. Ако се случи таков обид за забошотување на најтешко злосторство, убиство на човек, тогаш сите во синџирот на хиерархијата што лажат, молчат и го кријат убиството, стануваат соучесници во злосторството. Откако јавноста дозна за тоа, неминовни се оставки, почнувајќи од првиот претпоставен на убиецот, преку неговиот началник, па оној лажго што секоја вечер изигрува недоветен, се’ знае и ништо не знае, до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која срамно молчеше до вчера за убиството, прифаќајќи со тоа соучесништвото. Срамно молчи и премиерот Никола Груевски. Ако му требаат три дена да изрази жалење за убиството на член на неговата партија, ако не смее да и’ погледа в лице на мајката на Мартин, која со радост само неколку часа претходно ги пребројуваше гласовите за него, тогаш како може да очекуваме Груевски да бара политичка и секоја друга одговорност кон оние што го извршиле убиството и оние што сакаа да го забошотат. Груевски не може да поведе таква истрага бидејќи ќе се открие дека тоа се последици на неговото владеење, на неговиот недостиг од демократски капацитет.

Она што се обидува Груевски да го направи деновиве е да се приближи до семејството погодено од страшната трагедија, ама и таму не смее да појде храбро и да изрази сочувство, туку праќа емисари, стравувајќи да не биде избркан. Сака со купување индулгенции да го испере и својот грев и гревот на своите најблиски соработници, кои ја ставија полицијата во улога на заштита само на одбраните. Обидот да се забошоти случајот преку контрола на медиумите блиски до власта беше трагикомичен. Сите како папагали ги повторуваа зборовите на оној лажго од полицијата дека е тоа несреќен случај, дека е тоа лична и туѓа трагедија. Дека се злоупотребува во политички цели од опонентите на власта, дека се сака да се намали значењето на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и слични гадости. Која туѓа трагедија црни новинари. Тоа е наша трагедија. Па кој го злоупотребува убиството на Мартин за политички цели, тие што го убија, што ги окрвавија рацете, тие што сакаа да го забошотат, да го прикријат убиството или тие што пишуваат дека е убиен млад човек на сто метри од бината каде што ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата.

Сиве овие небулози на пропагандистите и апологетите на власта ги однесе како меури од сапуница експлозијата на социјалните мрежи. Да живее интернетот. Контролата на медиумите отиде во аут за еден час. Дечките покрај своите компјутери ја покажаа силата и својата огромна моќ. Македонската демократија е во нивни раце. Почнува ли вистинската македонска пролет или ќе попричекаме до следното убиство? Ерупцијата како од вулкан се шири на скопските плоштади. Младиот Мартин Нешкоски, невина жртва на режимот, станува симбол на борбата за демократија. Неговите другари и младите не само од скопските училишта, туку од целата земја бараат одговорност за убиството, бараат укинување на злогласните партиски полициски одреди, бараат демократија. По 6 јуни, Македонија не може да биде иста. Младите, конечно, гласно го побараа тоа што одамна го имаат нивните врсници во цела Европа. Бараат слобода и демократија. Тоа не е политика и партиска ујдурма. Тоа се насушен леб и вода за живот, кислород за слободно дишење. Досега во тоа не успеавме целосно. Младите ќе успеат. Чинам дека овој пат нема да дозволат да бидат изманипулирани Мартин Нешкоски да биде уште една залудна жртва.

Својот прв ден по победата, демократски избраните го почнаа со убиство и со спектакуларни апсења.

Објавено на 8.6. 2011

П.С.

Снимените разговори за случајот со убиството на Нешковски и соучешништвото на власта само ја потврдија оваа трагична вистина. Законите на Македонија и во целиот свет за прикривање убиство предвидуваат строги казни. Како што видовме и чувме целата политичка олигархија знаела и два дена го прикривала убиството. Дали по ова јавниот обвинител Марко Зврлевски ако не покрене итно постапка за прикривање на убиство од страна на највисоки државни функционери може да излезе на улица и да им погледне во очи на своите сограѓани.

И сега државниот врв издаде наредба полицијата да го тепа својот народ. Вакво нешто досега немам видено во Македонија. Беа поштедени само провокаторите припадници на параполициски сили кои беа испратени да го оправдаат ќотекот врз народот.

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

May 2015
M T W T F S S
« Apr   Jun »
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031