Archive | April, 2015

Tags: , ,

Готов е, или готови сме

Објавено на 29 April 2015 од erizaov

Карикатура на Лазо Плавевски

Готов е… Премиерот Никола Груевски само што не паднал. Прашање е на денот кога ќе замине засекогаш од политичката сцена. Не го сакаат ни неговите најблиски соработници и министри. Лошо ќе заврши.

Зоран Заев, лидерот на опозицијата, се удави. Готов е. Секој ден може да биде уапсен. Не му гинат најмалку пет години затвор за велепредавство, обвинение кое веќе е напишано по трибините и митинзите на поданиците на режимот, останува само судот да ја потврди пресудата.

А што е со државата и со остатокот од 90 отсто нејзини граѓани кои не се во естаблишментот. Ништо. Тонат заедно во беда и сиромаштија, уплашени и загрижени за иднината на своите деца и на својата татковина која стана единствената земја на Балканот која е на последно место според сите мерила на квалитетот на живеење и слободи. Мнозинството луѓе и во 21 век во Македонија и натаму живее и работи во страв, а и за плашење е се’ повеќе, бидејќи не можат да се борат против деспотија со глас и збор каде и зборот изречен како слободна мисла е забранет, а гласот не важи ако не е за власта.

Ова е екстрактот од моето атипично истражување. Секогаш кога ќе направам мала пауза и ќе прекинам неколку дена со пишување, се обидувам во непосредни разговори со повеќе луѓе да направам едно мало мерење на расположението во мојата околина кое нема никаква врска со научните испитувања на јавното мислење, или со некакво истражувачко новинарство. Едноставно, си прикажувам разни работи со обични граѓани кои ги викам нормални и убави човеци. Овој пат од моите мангал-муабети највпечатлива ми беше загриженоста кај луѓето кои не ги познавам лично. Сите тие речиси без исклучок поставуваат едно прашање: како ќе заврши оваа работа, ќе има ли некаква разврска ова што го слушаме и гледаме секој ден. Што ќе се случи кога ќе пукне и последната бомба на Заев, ако пукне. Има ли излез од оваа мачна и опасна ситуација. Ќе биде ли Македонија нормална земја по урнек на Европа и напредниот свет.

Се обидувам повеќе да купам отколку да продадам, па често во вакви прилики ги премолчувам моите ставови и размисли. Во суштина, најдобро ги разбирам „нормалните“ се’ уште докрај партиски неинфицирани луѓе кои не се медиумски зависници од тешките пропаганди како да се сочува, или освои власта. Убавите луѓе секогаш зборуваат за своите судбини и желби кои идеално се вклопуваат со интересите на државата, овој пат дијаметрално различни од тоа што власта подразбира како државни интереси, опасна доктрина зад која се крие една од најголемите манипулации на јавноста.

За жал, луѓето што мислат со своја глава постојано се малцинство. Тоа владетелите добро го знаат, па целата пропагандна машинерија ја насочуваат кон своите клиенти и пациенти, куражејќи ги следбениците дека противникот е готов, само што не завршил во затвор. Тоа е најчудотворната напивка во валканите политички пресметки. Кога ќе соопштите дека непријателот е обезглавен почнува големата преселба, а сончогледите цветаат за еден ден. Можете ли да замислите какво стампедо ќе се случи низ Македонија кога појасно ќе се види падот на вождот и какво осилување и тортура ќе завладеат во земјата ако со нарачана пресуда Заев заврши во затвор.

Мислам дека Заев нема да заврши во затвор. Но и падот на Груевски нема да се случи брзо како што се надева опозицијата и еден дел од јавноста.

Премиерот Никола Груевски се определи од Македонија да прави заложник. Тој сите повици за одговорност и оставки изречени и на домашната сцена и од владите на највлијателните земји на Европа и од Америка ги игнорира како да не се случиле. Тој живее во својот свет на големи успеси и достигнувања, на големи и царски градителски потфати, на големи странски и домашни инвестиции, волунтаристички акции за вработување кои не се потпираат на економски закономерности, опкружен со дворјани не може да ги види трагичните последици од своето лошо владеење и претворање на државата во изолирана територија на Балканот каде што живее најосиромашеното население во регионот.

Србија во септември или октомври ги почнува преговорите со ЕУ. Црна Гора едно по едно поглавје гази напред и прашање е на денот кога ќе стане членка на НАТО и на ЕУ. Секој предлог за морална, политичка, кредибилна, правна и праведна разврска на кризата Груевски го дочекува како заговор. Понудата на највлијателниот политичар во Европа, канцеларката Ангела Меркел, пред неколку месеци лично да се ангажира Македонија да влезе во ЕУ и во НАТО ја пречека со срамен молк како ништо да не се случило. Неговите следбеници ја „фураат“ и натаму тезата на странски и домашни непријатели за светски заговор против Македонија, небаре сме исклучително значајна земја, велесила, полна со природни богатства на кои фрлиле око Америка, Германија Велика Британија и цела Западна Европа, Русија и Кина. Соседите и натаму се четири волци кои сакаат да го голтнат јагнето. Се вртат низ провладините медиуми 24/7 нарачаните доктрини од минатите векови кои сакаат да ја потиснат реалноста дека Македонија е мала и сиромашна со природни ресурси, држава која со право бара свое место во европското семејство каде што и природно припаѓа.

Натамошната политичка стимулација во потрага по пославно минато на сметка на словенството останува една од главните доктрини на Груевски која се’ повеќе наликува на удирање со глава во ѕид, бидејќи целата европска цивилизација, филозофија, демократија и култура повеќе од шест века се потпира токму на хеленизмот и на Византија. Таква ревизија на историјата на Европа и на темелните вредности никој досега не предложил, иако повеќе источноевропски земји се обидоа да измислат поубаво историско минато и да најдат некаков поцврст континуитет со старите антички цивилизации. Сите овие погрешни политики и неуспешни реформи во изминатите девет години драматично ги ослабија и онака кревките позиции на Македонија на меѓународен план и ја претставија во лошо светло како незрела држава која некогаш од фактор на стабилноста на Балканот стана дел од проблемот за која покрај големите сили негативни оцени по одредени клучни прашања даваат и најблиските соседи. Политичките кокетирања и нови сојузи, исто така, не можат да испорачаат резултати бидејќи Македонија не претставува голема примамливост ниту за Исток ниту за Запад.

Може ли еден одговорен претседател на влада по експлозија на таков скандал со непречено повеќегодишно прислушување и држење под надзор на илјадници јавни личности, политичари, новинари, судии… да не го почне процесот на одговорност за масовно нарушување на човековите права и слободи со сопствен пример давајќи неотповиклива оставка за да се отвори патот кон независна и непристрасна судска истрага. Како што гледате, може и тоа по цена државата да стане заложник и да заостане уште повеќе на патот на прогресот и европеизацијата. За одговорен политичар предупредувањата што доаѓаат од највлијателните земји, нашите најголеми економски партнери и донатори, треба да бидат, ако ништо повеќе, барем примени со респект и уважување за нивната подадена рака. Кога една американска, германска или британска влада вели дека во Македонија надвладеале партиските и личните интереси над државните и дека во таков случај, демократските правила налагаат оставки и кредибилен судски процес, тогаш кај премиер со мал демократски капацитет би морал да се вклучи патриотизмот за да ја одбере вистинската страна на која, нели, државата им е над се’. Покрај својата евидентно најслаба страна – демократијата, Груевски со последните делби во Македонија и со игнорирање на интересите на државата го доведе во прашање и својот патриотизам.

Кој ќе биде готов, Груевски, Заев или Македонија, има два начина за да видиме, или да чекаме што ќе се случи, или да бидеме учесници во историските настани.

П.С. Им честитам на 17.655 граѓани на општина Центар што имаа храброст да излезат и да покажат јавно за што гласаат бидејќи на ова гласање немаше загарантирана тајност. Се знаеше однапред зошто гласаат излезените граѓани на барикадите. Не постои неуспешен референдум, секое изјаснување на граѓаните е успешно. Владата и Груевски, се разбира, и ова нема да го разберат и да го почитуваат. Ќе му го украдат авторството и на архитектот Живко Поповски и ќе му го фалсификуваат творештвото од ремек-дело во кич. Што мислите, дали, на пример, романите на Петре М. Андреевски „Пиреј“ и „Последните селани“ некој ранобуден писател, патриот, од класика ќе ги претвори во китнест барок. Не смејте се… архитектите тоа го направија пред наши очи.

Нема коментари

Tags: , ,

Кој игра со оган, ќе изгори

Објавено на 21 April 2015 од erizaov

Police armed personnel carriers travel down a road to the village of Goshince from where police officers were taken hostage overnight, north of the capital Skopje

Го добив облогот по кој секој нормален човек се чувствува лошо. Како растеше политичката криза и како се’ повеќе граѓани ја дознаваа вистината за Македонија, како се’ стеснуваше просторот за лаги и манипулации на власта, прашање на денот беше кога ќе се посегне по најопасното оружје за мобилизација на јавноста, а тоа е палењето меѓуетнички пожари. Овој пат политичките пиромани нарачаа оган во Гошинце кај Липково. Веста на државната агенција МИА што ја вознемири и загрижи јавноста гласи: терористички напад врз полициска станица во Гошинце, општина Липково, се случил ноќеска во 2 часот и 30 минути. Си реков, веќе нема да ги слушаме бомбите на Заев, ќе ги гаснеме пожарите во борба со терористи.

Некој почна опасно да си игра со оган на денот кога стаса голема бомба од Брисел каде што ЕУ донесе заклучок за сериозна загриженост за кризата во Македонија со акцент дека треба да се истражат содржините во снимените материјали од повеќегодишното непречено прислушување на илјадници јавни личности, политичари и новинари.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски, овој пат брзо и подготвено реагираше, како никогаш досега. Експресно потврди дека МВР веќе има сознанија дека вооружената група е од Косово. Откритието дека станува збор за терористи во МВР се погрижиле да го соопштат не само со чинот дека е нападната полициската станица каде што биле четворица полициски службеници на дежурство кои терористите ги разоружале. Во ова кусо соопштение добро е спакувана политичката пикантерија, која посебно ја нагласува Котевски, дека терористите им се обратиле на албански јазик на заробените македонски полицајци со зборовите дека: „сакаат нивна држава и оти не сакаат никакви Охридски договори“. Интересен е и фактот дека терористите си зеле и преведувач. И потоа почна да тече веќе познатата историја од 2001 година, која сега се повторува како фарса и ужасна гротеска.

Кој си игра со огин, од него ќе изгори. Подготвеноста за акција на провладините медиуми е многу видлива и лесно читлива. Веднаш почна плашењето на граѓаните од косовски терористи и од домашни македонско-албански судири. Се играше на карта граѓаните да се потсетат на Танушевци 2001 година. Тогаш се јавија многу воени стратези кои предлагаа Танушевци да се избрише од географската карта со бомбардирање, итно да се прогласи вонредна состојба во државата и еднаш засекогаш да се расчисти со Шиптарите. Како растеше конфликтот и изгледноста да излезе од контрола и како опасноста стануваше се’ поголема, така погласно почнаа да мудруваат разни генерали по битките и воени подбуцнувачи. Загинаа стотици невини луѓе на двете страни во судирот, едните убедени дека се герилци во борба за слобода, права и демократија, другите херои кои го ставаат животот на браникот на татковината. Фалеше сосема малку конфликтот, или воениот судир како го викаат некои стратези, да се претвори во жестока граѓанска војна.

Конфликтот од 2001 година, кој ги влоши меѓуетничките односи и ја зголеми недоверба и покрај Охридскиот договор, веќе 15 години постојано се одржува, а се разгорува по потреба. Има многу загрижени на двете страни тој жар да тлее под пепелта. Секогаш кога државата е во политичка криза, или пред избори, пред економски колапс, или кога власта е соочена со голем скандал, или афера се палат меѓунационалните огнови, се организираат разни инциденти и тепачки по училишните дворови, градски автобуси, при што се случуваат и убиства. Само за неколку часа се мобилизираат повеќе илјади луѓе за жестоки и насилни демонстрации со видлива презентација на можностите на специјалните полициски сили. Се разбира, како и во сите судири зад кои стои политиката, учесниците се обично млади изманипулирани луѓе кои не ја ни насетуваат нивната злоупотреба. Меѓу демонстрантите секогаш има разни платеници, терористи, провокатори и криминалци кои за одредена сума пари ги распалуваат огновите нарачани од политичарите и разни разузнавачки служби. Овој пат мислам дека не смеат граѓаните да наседнат, ова е обид за нивно застрашување и за пренасочување на вниманието на јавноста во друга насока. Овој блеф нема да помине така лесно како што смислиле новите и старите сценаристи и актери.

Домашните албански партии се на потег, особено коалициониот партнер во власта ДУИ и Али Ахмети со неговите најблиски соработници. Тие најдобро ги знаат нарачките и автентичните мотиви во борба за слобода и поголеми права. Овој пат првата најава од МВР е дека групата терористи, или платеници, не се борат за демократија и слобода, туку бараат територија, или како што вели портпаролот на МВР, Котевски, тие кажале дека „ова е наша држава, Охридскиот договор не важи“. Тој што ја смислил оваа порака видливо сакал да ги дистанцира терористите од албанските партии во Македонија кои никогаш досега толку гласно и јавно не искажале територијални претензии, туку главно нивните барања се во рамките на политичката борба за изедначување на правата на Албанците и на Македонците и дека Македонија е и нивна држава, а не само на Македонците. Тука веќе има два други елемента: „Косовци бараат нивна држава, а Охридскиот договор кој е најголемиот капитал на Ахмети не важи“. Тоа е пораката која треба да ја насочи загриженоста на граѓаните од воени конфликти и меѓуетничка војна таму кај што сакаат нарачателите.

Танушевци и Гошинце ги дели речиси 15 години, од тогаш многу работи во Македонија се променија. Иста остана само леснотијата за разгорување на меѓуетнички судири. Но овој пат Гошинце нема да ги спречи процесите за слобода и демократизација на Македонија. Напротив, ќе ги забрза. Тие што посегнуваат по последната сламка за спас со опасна игра на меѓуетнички судири се откриени пред да се случи нападот на полициската станица во Гошинце. Видени се и прочитани.

Нема коментари

Tags: , ,

Пет-шест јаки „шамари“

Објавено на 20 April 2015 од erizaov

zernovski

Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, бесен и лут од неколкукратните порази на локални избори во општина Центар во Скопје, наредил да му удрат пет-шест јаки „шамари“ пред камери на градоначалникот Андреј Жерновски. Снимката од арсеналот на Заев, што ја обелодени опозицијата, барем за мене е најшокантна, иако има многу пострашни и многу поопасни сведоштва кои со месеци ја загрозуваат слободољубивата јавност. Овој дел од карактерот на Груевски, кој повеќе пати јавно покажал дека може многу ниско да падне, е веќе познат. Се сеќавате ли на оној случај во Прилеп кога лажно го оцрни Хари Локвенец, кандидатот на опозицијата за градоначалник дека неговиот роден татко е против него. Набедување на татко против син е грев со митски димензии во војната за власт во Македонија. Разликата е во тоа што тогаш Груевски смогна сили да се извини, а сега вели дека тоа што го слушаме е монтирано и лажно.

Потребен е посебен склоп на човек за да се нарача вакво понижување со „шамарање“ на политичкиот противник само затоа што победил на локални избори во општината за која премиерот умислил дека најмногу направил со својот проект „Скопје 2014“, каде што на површина од неколку фудбалски игралишта ја смести најголемата промашена инвестиција во сиромашна Македонија за време на долгата мачна и се’ уште незавршена транзиција. И без тајни и јавни снимки и видеозаписи безброј пати досега во овие девет години видовме на што се’ е подготвен Груевски за да ја зачува власта, почнувајќи од нерегуларни и фалсификувани коруптивни избори, до најцрни медиумски кампањи против своите политички ривали кои тој ги есапи за лични и државни непријатели. Во овие неколку месеци откако експлодираат бомбите на Заев дознавме цела лепеза од карактерни особини на Груевски доведени до ниво на совршено злосторство со невидена леснотија на злоупотреба на власта и на моќта, на институциите на системот, на законите и на уставот. Ја видовме одблизу перфидноста, бескрупулозноста, алчноста, суетата и комплексите на еден политичар одамна опишан во светската литература и публицистика. Но, да се изрече директива да се соберат едно 2.000 луѓе на протести пред општината Центар, со единствена цел на крајот еден патриот да му врзе пет шест јаки „шамари“ на тазе избраниот градоначалник Жерновски, такво нешто ги надминува најосновните морални скрупули дури и на нарачателите на апсења, притворања и судски пресуди, затворски тортури…. Удирањето шлаканици на кој било човек ги нема димензиите на набројаните ужасни злодела, чиишто сме сведоци, но е најдолната од сите пресметки бидејќи длабоко и понижувачки го урива човечкото достоинство. Дури и лично премиерот да се обидел да му удри шлаканици на Жерновски е поразбирливо, отколку кукавички тоа да се нарача од силеџии за да се прикаже како спонтан револт на граѓаните. Тоа се шлаканици удрени на сите слободољубиви граѓани.

Еве неколку факти зошто ова што го слушнавме од бомбите на Заев го сметам за вистина и зошто премиерот го нема правото на пресумпција на невиност. Сите негови јавни настапи во врска со скандалот што Груевски го пресретна уште необелоденат и го нарече пуч и уцена, покажаа дека ни на крај памет не му е да прифати морална одговорност и да го ослободи судот од притисок да може да одработи еден толку чувствителен случај со независна и непристрасна судска истрага. Напротив, нарачана е цела хајка против Заев и сите оние кои сметаат дека вистинитоста на содржината на снимените разговори е клучно сведоштво за начинот на владеење со Македонија. На митинзи и јавни трибини сите тие што бараат морална одговорност и независна судска истрага се прогласени за велепредавници, странски платеници и непријатели што е и тоа како силен притисок врз судството. Преку контролираните медиуми од власта, овие луѓе се изложени на груба сатанизација и јавно жигосување.

Јавните обвинители ниту еднаш не го повикаа премиерот и главните актери од власта во аферата прислушување да дадат искази, ниту пак побараа стручно вештачење за вистинитоста на снимените телефонски разговори, ниту пак дадоа налог за нечие приведување од редовите на власта. Стана очигледно дека судската истрага оди во посакуваната насока на центрите на моќ и на предизвикувачите на политичката криза.

Што мислите, побара ли обвинителот експертско вештачење во угледна светска агенција дали разговорите се автентични, или сечени, лепени и креирани како што велат премиерот, снимените министри и нивните истомисленици? Автентичноста на разговорите и натамошната истрага по тие сознанија не може да биде помалку важна од тоа кој и за кого снимал и кој и зошто ги обелоденува разговорите. Ако сето тоа што е снимено е точно и ако досега не слушнавме ниту една државна тајна, тогаш одговорноста за нивно снимање и објавување прима сосема поинакви димензии. Светските правници и правната наука велат дека во такви случаи државата и високите функционери немаат право на пресумпција на невиност, туку на виновност.

Од првиот ден на избувнувањето на скандалот „Пуч“ се’ повеќе јавни личности се одлучија да не молчат, без разлика на нивната партиска, идеолошка, верска и национална и лична политичка припадност. Гласно се определуваат за враќање на демократијата и слободата, дури и основачи, поранешни министри и амбасадори на ВМРО-ДПМНЕ и активно учествуваат во политичката борба за иднината на својата земја.

Зоран Заев, лидерот на опозицијата, е на добар пат со својата лична храброст и упорност да ја освои довербата и во земјата и надвор од неа да биде предводник во уривање на режимот и страховладата на Груевски. Заев тоа го покажа при активирање на првите бомби кога најави дека тоа не е партиска борба за власт, туку за демократија и една поинаква Македонија. Колку помасовно се препознае оваа порака за надминување на политичката криза, толку побрзо ќе се најде излезот.

Коментари (1)

Tags: , ,

Дебата во „360 степени“ на Алсат-М

Објавено на 16 April 2015 од erizaov

Дебата во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М, за државните вработувања по партиски клуч со Ибрахим Мехмети и новинарот Васко Попетрески.

Нема коментари

Tags: , ,

Нашиот авион не може да падне

Објавено на 05 April 2015 од erizaov

av

Во Македонијавингс копилотот не може да го урне авионот во никој случај, па дури и да е сосема луд. Нема никаква шанса кој било да влезе во пилотската кабина како оној на „Џерманвингс“, кој бил малку откачен и депресивен, па се заклучил во пилотската кабина да им земе душа на 149 патници. Зошто нашиот авион не може да падне? Прво, кај нас нема копилот. Второ нема ни авион. Трето, нема ни авиокомпанија, има само аеродром, послушна посада, добри стјуардеси и стјуарди и искусен пилот, кој успешно ќе биде десет години, кога сака не дига до небото и не спушта на земјата. Седиме цела деценија цврсто врзани на седиштата, не мрдаме од место.

Македонскиот „ербас“ има два милиони патници, пилотот е толку добар што може без да полета да им приреди на патниците чувство дека само што не ги допреле ѕвездите пловејќи мирно низ космосот како со вселенски брод. Кога по долго летање ќе почнат патниците да стануваат нестрпливи и да прашуваат каде одиме, која е последната станица, кога ќе стасаме до целта, пилотот веднаш влегува во бура и храбро се соочува со опасни турбуленции. Сите стивнуваат кога капетанот ќе им соопшти дека надвор има големо невреме и дека треба добро да ги стегнат ремените. Настапува период на мртва тишина и страв. Повеќе никој не прашува каде патуваме.

Штом помине опасноста, следуваат долги аплаузи за искусниот пилот единствен во светот кој вози десет години два милиона патници. Во неговата кабина има извонредна електронска опрема, која му овозможува да води грижа за секој патник посебно и за секој член на неговата посада. Штом на некој нешто не му е јасно и почнува да поставува прашања, се пали црвената светилка и пилотот ги слуша сите сомнежи на патникот. Веднаш се преземаат мерки типични за вакви долги патувања, или патникот ќе ги прифати строгите правила за безбеден лет, или се исфрла од авионот поради безбедноста на сите други кои сакаат да патуваат без стресови и опасност од уривање на авионот.

Она што го прави посебно безбеден македонскиот авион е што тој никогаш не полетал, а ги има сите симулации како да е побрз од ракета и постабилен од тенк. Сепак, најголемата работа што го прави единствен на светот е пилотот кој управува со добро укотвен брод на земјата, а сите кои сме качени на авионот имаме чувство како да летаме со години. Најголемото чудо на овој наш авион е што тој е единственото летало на оваа планета кое има времеплов. Да вистински пренесувач на луѓето во која сакате ера или век. За миг се наоѓаме меѓу нашите предци во античко време. Можете раат да беседите со Аминта Трети, Филип Втори и со Алаксандар Велики, кој веднаш ќе ви каже дека тој не е само Велики, туку и Македонски, и дека отсекогаш бил нашиот прататко. Малку е лут што на неговиот споменик сме му ставиле име непознат воин. Тоа го смета за кукавички чин.

По разгледување на целата македонска империја и сите војни што ги водел Александар, може да се качиме на Олимп и да се видиме и помуабетиме со нашите некогашни богови, да поприкажеме малку со Аристотел, Сократ и Платон, можеме и на Василие Втори да му соопштиме радосна вест дека што тоа не’ оќорил со трајни последици му е опростено, бидејќи сеедно дали бил бугароубиец или македоноубец, завршил голема работа оти ние денес веќе немаме ништо заедничко со тие варвари и валкани Словени.

Низ средните векови не се задржуваме премногу оти таму е прилично измешана работата со Срби, со Турци и со Бугари, кои ни ги прекинале корените со антиката коишто едвај денес ги пронајдовме. Со едно притискање на копчето пилотот на времепловот може да не’ префрли да ги видиме големите херојски чинови на заслужни убијци на цветот на македонската интелигенција, за што денес е исправена големата неправда со подигнување споменици на тие големи јунаци што ги ликвидираа по улиците на европските и балканските градови првите учени луѓе и интелектуалци кои побарале своја држава.

Антифашистичката војна не е возбудлива и значајна во нашиот времеплов и тука нема што многу да се гледа, многу позначаен е комунистичкиот терор воведен по формирањето на првата современа држава 1944 година и која нејзините основачи по 25.000. жртви ја нарекле слободна Македонија. Секој патник во авионот Македонија може да ги види сите злодела на комунистите, за што е подигнат голем музеј посветен на страдалниците од повампирените партизани кои му ја пиеле крвта на народот во слободна и во федерална, и во народна и во социјалистичка Македонија. Така лека полека авионот се спушта во новата ера каде што на сите страни тече мед и млеко, саде големи успеси и достигнувања, голем препород и градителска златна доба со подигнување на стотици храмови и споменици.

Единствена мана на нашиот времеплов е што нема копче да ја видиме иднината. Ќе тонеме во жив песок се’ додека не излеземе од овој авион кој практично не постои, туку е фатаморгана која пустината ни ја прикажува како рајска оаза.

Коментари (1)

Tags: , ,

Знае ли некој каде е излезот

Објавено на 03 April 2015 од erizaov

exit

Бомбите на Заев иако придушувани од провладините медиуми продолжуваат да експлодираат со несмалена жестина. Следиме епизоди од директен пренос во живо на политичка, морална и духовна криза со сведоштва за тешки злоупотреби на власта. Главни играчи во скандалот со прислушување на илјадници граѓани и јавни личности се професионални политичари, лично премиерот, министри, разузнавачи, новинари, судии… кои правеле „подвизи“ како цел живот да го работеле само тоа. Од другата страна, на барикадата ечат митинзите на Никола Груевски со силно ехо од големите успеси и достигнувања на Владата, од црнилата и анатемите кон предавниците и непријателите на татковината кои се обвинети за опасна спрега со странски разузнавачки служби кои имаат единствена цел да ја дестабилизираат Македонија и да донесат марионетска власт која ќе ги продаде националните интереси, идентитетот и името на државата.

По првичниот шок дали сето ова е можно, секој ден следуваат голем број логични, но и конфузни прашања, изјави, анализи, дезинформации, тешки манипулации и шпекулативни констатации. Во медиумскиот хаос покрај партиските и новинарските перјаници се впрегнати и странски лобисти и политичари кои се величаат како големи експерти, или како крунски сведоци дека е загрозена стабилноста на државата. Ако пак сведоштвото е неповолно тогаш следува јавно жигосување и палење на клада. Секојдневие се апсењата и еден куп меѓусебни тужби и кривични пријави на власта и на опозицијата.

Во оваа пропагандна војна предводници станаа повеќето медиуми кои применија класична воена цензура за бомбите на Заев и уште пожестоко продолжија со оцрнувањето и сатанизацијата на секој еден што има некакво влијание во јавноста, а има различен став од Владата и премиерот. Па така политичката криза ги зафати и сите слоеви на населението што предизвика уште посилна партизација и политизација, меѓусебна омраза и делби кои го затворија патот за излез од кризата и за утврдување на одговорноста. Освен пропагандната војна и меѓусебните медиумски обвинувања на власта и на опозицијата, другите институции на системот уставно надлежни во вакви ситуации да реагираат според законите и Уставот главно молчат, или купуваат време со немушти и безначајни соопштенија до се’ повознемирената јавност, која соочена со сиромаштија и потрага по егзистенција станува нем и уплашен набљудувач на пресметката.

Во ваков амбиент, кога главните институции како обвинителството и судот, претседателот на државата, советот за безбедност, полицијата молчат, или бесрамно заземаат страна, тешко е да се чуе гласот на разумот, иако се’ повеќе луѓе и независни јавни личности, но и припадници и симпатизери на сите политички партии не се стеснуваат јавно да ги соопштат своите сомнежи и сознанија за потезите кои се вообичаени во демократскиот свет во вакви ситуации кога државата и граѓаните се претвораат во заложници. Се’ погласно се поставува клучното прашање: дали тоа што го слушаме и гледаме на конференциите за печат на лидерот на здружената опозиција Зоран Заев е вистина и дали се работи за автентични снимки. Ова прашање станува посуштествено отколку кој тоа го снимил и дали треба да се обелоденува, дали се во прашање странски служби и агентури, или домашни служби. Власта тоа го согледа и во нејзините најнови пропагандни активности веќе не е најважно кој го вршел снимањето, туку дека се работи за креирани и монтирани разговори. Е сега, големо прашање е кон кај оди судската истрага.

Прашањето зошто нашите контраразузнавачки служби и полицијата не успеале цели четири и пол години да ги откријат агентите кои вршеле надзор на илјадници граѓани и јавни личности се оправдува со мошне тенка аргументација дека такви работи се случувале во повеќе земји. Што секако е обична манипулација бидејќи такво масовно прислушување и толку долго повеќегодишно следење на државниот врв и на илјадници граѓани, не е откриено никаде. Секој ден читаме вести за оставки на политичари, па и на големи државници низ светот и во соседството за многу помали гревови и злоупотреби отколку што се нашите тешки прекршувања на законите и Уставот со масовно нарушување на човековите права. Власта и надлежните институции на системот, премиерот, претседателот на државата немаат рационален одговор на прашањето колкава е нивната лична морална одговорност кога четири и пол години некој непречено држи под надзор илјадници граѓани, а тие ништо не знаеле за тоа.

Колкава е одговорноста на претседателот на државата што уште не бара извештај од службите зошто не е откриено ова тешко нарушување на човековите слободи. Дали е можно премиерот и министерот за внатрешни работи, првите луѓе на разузнавачките служби да не знаат толку години дека им е паднат комплетно безбедносниот систем. Колкава е одговорноста ако не знаеле ништо за прислушувањето, а колкава ако знаеле и учествувале во таков заговор против сопствената држава и граѓани. И конечно, дали надлежните институции на системот и судот ќе се занимаваат со вакви истраги, или се бараат меѓународни посматрачи како публика за алиби судење во кое главна насока ќе биде дали некој што има право да соопштува снимки за кои веќе еднаш видовме ќе нема стручно вештачење дали се автентични. Кој е тој наивен во Европа што ќе дојде во Скопје да биде алиби судска публика. Веќе има сомневања дека ќе нема истрага дали снимените разговори се автентични и кои се последоците од тоа. Наместо тоа според јавните изјави на премиерот истрагата треба да се движи кон сведоци кои се веќе осудени и признале дека снимањата се нарачани од првообвинетиот во соработка со странски служби. А, пак нивното објавување од Заев е противзаконско дејствување за дестабилизација на државата и нелегално преземање на власта со пуч, или со државен удар. Нема навестувања за истрага во правец на притисоци врз судии и новинари, нивно прислушување и нарачување на пресуди. Тешко е да се поверува ако нема претходни оставки на главните актери дека судот ќе се впушти во истрага за кривичните пријави за големи коруптивни и криминални скандали кои јасно се слушаат на снимките што ги презентира Заев.

Во еден ваков амбиент можно ли е да се излезе од кризата? Станува збор за македонски рашомон. Тоа е онаа ситуација на Куросава кога има повеќе вистини во зависност од тоа кој ја кажува. Од една страна се оние ужасни работи што ги слушаме досега еднаш-двапати неделно како стравотни сведоштва на самите високи функционери во Владата и во институциите на системот кои треба да се истражат со голема професионалност и непристрасност на судот. Од друга страна е обвинувањето дека станува збор за подривање на системот со злосторничко здружување за да се собори со пуч власта, што е работа пак на судот и судските вештаци. Потоа следуваат илјадници снимки во кои се зборува за изборни фалсификати и тежок криминал, противзаконска пресметка со политички противници нивно затворање, нарачани судења и пресуди и тортура во затворите.

Убедливо звучат предлозите во европски дух за политичка, морална и правна одговорност до кои може да се стигне со судски процеси и слободни и фер избори. Но дали тоа воопшто е можно ако нема оставки на главните актери да може компромитираниот суд да работи независно. Чинам дека ова прашање е излишно по сето она што го слушнавме за обвинителството, судиите и ако се има предвид од поодамна перцепцијата во јавноста за нашето судство. Не верувам дека некој партиски неутрален човек може да поверува во праведна и правна разврска без да се отстрани притисокот врз судот. Како што не може да се верува во слободни и фер избори ако не се отстранат причините за изборните нерегуларности и фалсификати кои се познати и без аферата „Прислушување“. Светските искуства наложуваат прво морални оставки затоа што е нарушена безбедноста на државата со масовно кршење на човековите права и поради тоа што највисокото раководство на државата цели четири и пол години не знаело за тоа. По овој морален чин на ослободување од притисок на надлежните институции, можна е правна и праведна разврска за сите што го прекршиле законот.

Нема коментари

Tags: , , , ,

Не удирајте по пријателите

Објавено на 02 April 2015 од erizaov

garТешките дипломатски фаули со влечење за уши на странски дипломати имаат висока цена

Добрите односи на малите држави со големите политички, економски и воени велесили се капитална повеќегодишна инвестиција која може да пропадне со неколку збора, погрешни потези и непромислености. Особено ако не сте во зоната на политички и економски интерес. Македонија нема значајни природни ресурси и богатства, ниту пак регионално претставува клучен играч, но е држава која во изминатите 24 години самостојност и независност успеа макотрпно да изгради добри односи со повеќе светски велесили. За жал, откако е соочена со сериозна внатрешна политичка криза во битките за превласт, на големо запрепастување на добрите познавачи на внатрешната и надворешната политика, се одвива драматичен процес на серија погрешни чекори кои ги проблематизираат добрите односи со Америка, со Англија и со Германија, трите западни сили, по многу нешта најзначајни држави во остварување на нашите приоритети во градење на иднината на Македонија.

Просто, човек не може да поверува со каква леснотија секој ден, како да сме арогантна атомска велесила, нашите провладини медиуми и поранешни дипломати, блиски до власта, им држат лекции на странските амбасадори и како грубо се навредуваат. По Америка и Германија, сега на дневен ред е Велика Британија. Обичните граѓани може да не знаат дека нападите врз амбасадорите е исто како да се напаѓаат претседателите на државите и дека навредите изречени на нивна адреса се кршење на меѓународните конвенции чиј потписник е Македонија. Но, тоа мора да го знаат нашите дипломати и политичари, бивши и актуелни, особено кога јавно настапуваат небаре се поголеми и до Обама и од Путин.

Примамливоста да им се удираат чврги на странски амбасадори, особено на големите сили, само за да се сврти вниманието, секогаш дава одлични популистички резултати и е добар лек со краткорочно дејство, но последиците се секогаш тешки. Деновиве жестоко се напаѓа британскиот амбасадор Чарлс Гарет со внатрешнопартиски мотивации поради негов јавен настап на една од телевизиите кои домашните чувари на самостојноста го прочитале како заземање страна во скандалот „Пуч“.

Карикатурална е сликата кога секоја пофалба која доаѓа однадвор во домашните контролирани медиуми осамнува како голем успех, а секоја јавно искажана размисла во однос на кризата и можните решенија за надминување на кризата се дочекува на нож, па макар да доаѓа и од докажаните пријатели и големи економски партнери. Со невидена леснотија жестоко се обвинуваат Британија и Америка дека стојат зад прислушувањето, особено ако има од нивна страна посочување на искуствата од светот дека во вакви случаи едно од решенијата може да биде и формирање на техничка влада која ќе спроведе фер и слободни избори. Тоа веднаш се прикажува како загрозување на самостојноста и независноста на државата, или како судир на амбасадорот со граѓаните на Македонија.

Ова се лоши потези кои директно ги загрозуваат интересите на Македонија. Искусните дипломати ќе ви кажат дека дури и да има причини за нешто да им бидеме лути на Америка, на Британија, Германија, Франција, Русија, Кина… и други велесили, никогаш таа пресметка не треба да се води преку диригирани медиуми, особено не со навреди, држење лекции и јуначење. Со недипломатски јазик, тоа се вика ем шуто, ем боде. Во една прилика, еден наш искусен дипломат изјави дека најлошата работа што може да ни се случи на пат кон европските интеграции е големите сили да дигнат раце од Македонија и да не’ остават проблемите сами да си ги решаваме, иако досега повеќе пати покажавме дека за тоа немаме капацитет.

Брзо заборавивме дека единствени во регионот имаме потпишано договор со Америка за стратегиско пријателство, ниту пак тоа го искористивме како што треба. Со студениот прием во владата на понудата на Ангела Меркел, еден германски канцелар, лично да се ангажира за да се најде прифатливо решение за Македонија и за Грција, иако не директно, практично е одбиено. Оттогаш наваму, Меркел замолкна во врска со нејзината цврста определба Македонија да биде членка на ЕУ и на НАТО. Ја замолчивме Меркел,на наша штета оти со сила нема убавина, а сега со тегнење за уши на британскиот амбасадор Гарет ќе го замолчиме најверојатно и британскиот премиер Дејвид Камерон бидејќи на неговата работна маса ќе стаса известувањето оти во Македонија кружат информации дека неговата држава стои зад аферата со прислушувањето и дека се’ уште е непознат амбасадорот што средувал работа за Зоран Верушевски да добие работна виза, а со тоа јасно се навестува кој е премиерот чии соработници биле вклучени во барање азил. Ваквата непримерна комуникација е лесно читлив дилетантски пристап на штета на државата.

Тешко е да се поверува дека ова е само од незнаење, или од потреба да се сврти вниманието да се добијат краткорочни поени, претставувајќи се како храбри борци против големите сили во одбрана. Се работи за опасна доктрина кога главните актери на политичката криза треба да се соочат со одговорноста да бидеме изолирани и препуштени сами на себе за да се тера политичката пресметка без почитување на обврските што ги има земјата-кандидат за членство во ЕУ и во НАТО.

Ако се суди според старата добропозната максима дека стабилноста на внатрешната политика е клучот на добра надворешна политика, тогаш причината за нападите врз странските дипломати и држави станува јасно видлива како дел од нарачките со ризични игри да се решаваат домашните проблеми. Искусните и мудри политичари многу повеќе направиле за своите држави со внимателна дипломатија и разговори зад затворени врати, отколку со општа распаљотка по големите играчи на светската политичка сцена. Ваквите фаули имаат висока цена која мора да се плати кога најмалку се надеваме.

Нема коментари

Tags: , , , , ,

Митинг во арената „Филип Втори“

Објавено на 01 April 2015 од erizaov

MkdAus-300x180

Власта и опозицијата нека ги повикаат своите навивачи на стадионот кога игра фудбалската репрезентација за да навиваат за Македонија

Никогаш не сум се чувствувал поосамен отколку некни вечер во арената „Филип Втори“. Вистинско место каде што човек треба најмалку да биде сам, право место каде што се бега од осаменоста. Но, ете, мене ми се случи тоа. Убав стадион, ноќен фудбалски натпревар, блештат рефлектори како сонце на пладне, играат Македонија и Австралија. Влез бесплатен, милина една. Човек да ужива и да се опушти, да се изнавика, па и да опцуе, барем 90 минути убаво релаксирање во овие мачни и фрустрирачки времиња. Влегувам во арената и го доживувам првиот шок. Празните осветлени трибини без луѓе ми изгледаат сенишно, како добро сочувани ископини од некои вселенски цивилизации кои биле тука пред да се роди Фрилип Втори и го изградиле овој космодром за лансирање на вселенски бродови, или за некои меѓупланетарни натпревари и олимпијади.

Џан, џин нигде жива душа, си мислам дека прерано сум стигнал, има време да се наполни малку од малку стадионот. Не оти не знам дека ќе биде цели две децении како фудбалот е уништен во Македонија и дека и најмалите стадиони зјаат празни, а некои не се ни за човечка употреба, но сепак си помислив кога игра репрезентацијата тоа е доволен мотив барем половина од трибините да се наполнат, ај да не бидам малициозен, па да речам со патриоти, туку со луѓе што го сакаат спортот и својата татковина. Галиба, не ќе е дека во Скопје и во целата земја нема никој што не сака да навива за Македонија и да гледа фудбал на прекрасниот стадион, за чие реновирање се потрошија околу сто милиони евра во време кога во светот се градеа комплетно нови и поголеми стадиони за 70 милиони долари. Но тоа е веќе сосема друга тема и за други прилики.

Си реков, зарем, вака овој монумент за глорификација на ова време и на владетелите кои мислат дека прават нова историја ќе зјае празен. Беше тоа тажна слика, драги мои, да се гледа натпревар на две репрезентации без публика, без навивање и во мртва тишина. Тажно, ептен тажно. И додека отсутно и без голема возбуда го следев натпреварот без голови, ми надојдоа сеќавања на моето детство кога на стариот стадион уште пред да се направи познатата јужна трибина ги следев натпреварите на Вардар и на Работнички, кога во Скопје гостуваа Партизан, Црвена звезда, Динамо, Хајдук, Сараево и Железничар, ОФК Београд, Раднички Ниш, странски тимови и големи фудбалери. Со часови чекав пред стадионот некако да се протнам, или да се прекачам преку ѕидот. Билетите беа скапи и недостапни за многу луѓе, а момчиња како мене вљубеници во фудбалот да купат билет за фудбалски натпревар беше, најблаго кажано, расипништво. Се разбира, немаше телевизиски пренос, а радиопреноси и Ивко Панговски го слушавме преку транзистори залепени на увото дури и кога бевме на трибините.

Секогаш имав голема среќа некако да се протнам и да влезам на трибините, на стоење, или на „запад,“ а богами повеќепати на „јужна“. Навистина имав уплав од милиционерите на големи коњи со пендраци во рацете, ама некако успевав да влезам во храмот на радоста, каде што автоматски престанува да боли пендрекот по газот. Не можам да опишам какво чувство на припадност, на идентитет и на среќа беше тоа кога ќе го слушнете гласот на 20.000 публика. Тоа ехо сум го сонувал пред секој голем натпревар. За ова што сега пишувам за помладите генерации можеби звучи помалку патетично, но нека ги прашаат своите родители кои гарант таа ода на радоста можат да ја почувствуваат и денеска. Тоа се луѓето кои ја имаа таа среќа во животот да ги гледаат овие натпревари во едни други времиња кога немаше митинзи, а имаше полни стадиони и други аршини за мерење на среќата и радоста.

Веќе бев возрасен и новинар кога Вардар му даде пет голови на Партизан, чинам летото 1979 година беше тоа, петарда од невидени димензии. Експлозија посилна од бомбите на Заев. Победите на Вардар над Партизан, Звезда, Хајдук и Динамо беа вистински празник. Реки навивачи се слеваа кон дебармаалските кафеани и кон центарот на Скопје. Блех-музика, тапани, труби… ечеа насекаде и се пееја песни, се јадеа вруќи ќебапи, се пиеше скопско од кригла. Не, воопшто не сум носталгичен ниту сакам да идеализирам едно време одамна поминато. Напротив, ме фаќа сета кога денес го гледам празен Градскиот стадион на денот кога игра македонската фудбалска репрезентација со кого било, а не со Австралија, цел еден континент, каде што живеат голем број наши иселеници. Помислив, ако овие луѓе гледаат пренос што веќе не е проблем во ерата на интернет, дали ќе го почувствуваат истото како и јас кога ќе го видат стадионот празен. По натпреварот еден мој пријател во редовите на фудбалската репрезентација ми рече дека некој од управата на Австралискиот тим го прашал дали е суспендиран теренот или има некаква казна, дали се прескапи билетите што нема публика. Како и со кое срце да му кажам, ми рече, дека во Македонија луѓето го отсакаа фудбалот, ја отсакаа својата репрезентација. Човекот ги дигнал рамениците и одмолчел пред подзинатиот Австралиец.

Што мислите каква е таа ситуација кога на митинзите има повеќе луѓе отколку на фудбалските натпревари, дури и на државната репрезентација. Дали политиката е повозбудлива од фудбалот. Очигледно да. Фудбалот е голема политика, а патриотизмот денес во Македонија е најсилен политички адут со кој се мери колку се полни трибините и плоштадите на митинзите. Ако е така тогаш најдобро е патриотските власти и опозициските лидери да ги повикаат своите навивачи да навиваат за репрезентацијата на Македонија на фудбалските натпревари. Зошто и за нив да нема бесплатен автобуски превоз, сендвич и едно пивце или сокче. Наместо да скандираат по своите лидери и по својата партија нека викаат Македонија, Македонија… Барем толку, чинам, можат да направат борците за власт за својата татковина.

 

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

April 2015
M T W T F S S
« Mar   May »
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930