Archive | February, 2015

Tags: , ,

Кога ќе падне Груевски

Објавено на 24 February 2015 од erizaov

grujo

Ерата на груевизмот ќе заврши и Никола Груевски, конечно, ќе го снема од политичката сцена негде во периодот по отпочнување на преговорите за редовно членство меѓу ЕУ и Македонија. Дотогаш, ако воопшто некогаш и почнат тие преговори, Груевски ќе владее без демократска контрола и со флагрантно кршење на уставната определба за поделба на власта. Никакви оставки, меѓународни изолации или притисоци, внатрепартиски превирања во ВМРО-ДПМНЕ или нешто слично не можат да го мрднат од место. Груевски ќе продолжи да управува со земјата цврсто потпрен на системот на страховладеење што го инсталирал лично со една мала група приврзаници околу него и со помош на поданичката свест која е навлезена во сите пори на општеството и е најтрагичната оставина на овој режим која ќе остане да вирее како ендемска болест и во наредните векови.

Нема ни оставки, ни некаков срам за најмасовното држење под надзор на илјадници граѓани на земја-кандидатка за влез во Европа. Снимките што ги објавува опозицијата за стравичното злодело против човековите права и слободи ја заплашуваат власта онолку колку што е потребно за да направат нови апсења, да онеправдаат уште повеќе луѓе, да жигосаат уште повеќе граѓани и јавни личности. Пробните балони од Америка дека на некои граѓани ќе им биде оневозможено патувањето во САД, или дека ќе им бидат замрзнати имотот и сметките што ги имаат во Америка, е само уште еден добредојден доказ за бранителите на самостојноста дека големите сили стојат зад заговорот против Македонија. Целата мобилизација на власта за својата пропаганда, за да се неутрализира монструозното следење на сопствените граѓани, всушност, се потпира врз измислен заговор од странски служби, читај од Америка, која во сите кампањски активности на власта за случајот „пуч“, всушност, е најголемиот организатор на државниот удар и смената на власта. Се разбира, Груевски е доволно мудар да не го кажува гласно зборот Америка, туку само странски служби, но затоа пак секоја вечер на трибините низ државата и на владините телевизии неговите поданици ја спасуваат Македонија од Америка и од домашните предавници и странски платеници.

Паничниот страв кај Груевски и власта доаѓа од два правци. Првиот е протестите на студентите и окупацијата на универзитетите навистина да не прераснат во општонародно движење за слобода и демократија. За првпат во историјата на Македонија има автентично силно студентско високосвесно движење кое не е оптоварено со партиски, национални, верски или какви било идеолошки предзнаци. Студентите секој ден се’ повеќе стануваат гордост на Македонија која нагледно ги покажува разликите меѓу родителите и нивните деца. Студентите, новата генерација млади луѓе, го отфрлаат поданичкиот менталитет и револуционерно ги бараат своите права. Списокот со барањата се проширува што предизвикува уплав кај власта која е подготвена да ги прифати сите барања на студентите до границата која не задира во системот на владеење, не бара фер и демократски избори. Се’ друго Владата ќе прифати, освен демократска контрола на своето владеење. Останува да видиме што студентите ќе побараат, освен нов пакет закони за образованието и гарантирана автономија на Универзитетот.

Втората работа од која власта, всушност, има и најголем страв е да не почнат преговорите со Брисел за рамноправно членство на Македонија во ЕУ. За тоа да не се случи, се прават силни напори и опасни чекори против државните интереси на Македонија и нејзините граѓани. Добро знаејќи дека еден од основните предуслови за почеток на преговорите се добрососедските односи, оваа политичка гарнитура на власт ја почна најбесмислената антикоманија со политички стимулираната потрага по пославно античко минато. Преименувањата на аеродромите, на делот на автопатот Е– 75, на градскиот стадион во Скопје, изградбата на монументални споменици само според големината, без некаква уметничка вредност, промената на архитектурата нетипична за ова поднебје, предизвикаа сериозен губитнички судир со европската интелигенција која со повеќевековна традиција во целиот образовен систем се потпира врз темелите на старогрчката култура и хеленизмот. Таква бесмислена политичка провокација на европските темели и култура ја стопи предноста на Македонија на нула, ги загубивме сите големи симпатии кон една мала држава со млада демократија на патот кон Европа. Грчките ултиматуми кои ги осудуваше светот по овие потези на Владата на Груевски пред истиот тој свет станаа оправдани. Светот молкна и покрај тоа што правото и правдата се на наша страна да не биде Македонија спречувана во своите евроатлантски интеграции.

Затоа и големи пари од европските фондови кои ни стојат секоја година на располагање не се користат на штета на сите граѓани, со цел да се прикаже дека Македонија нема капацитет да ги исполни европските предуслови за значајни проекти од добросостојба за граѓаните. Практично, сите поглавја што треба да ги отвори Македонија во преговорите со ЕУ и да ги исполни европските критериуми и правила се, всушност, исти со барањата на критичарите на оваа власт. Пред се’, станува збор за политичкиот пакет: демократија, слободни избори, независни медиуми и судови, владеење на правото и структурни економски реформи се главните предуслови кои стојат на патот кон европското семејство. Без овие предуслови, ЕУ не преговара. Владата на Груевски, при соочување со овие задачи, ќе исчезне од политичката сцена бидејќи за такво нешто немаат минимум демократски капацитет, ни Владата ни премиерот.

Нема коментари

Tags: , , ,

Пелагонија барокно езеро

Објавено на 05 February 2015 од erizaov

poplava

Во Владата премиерот и министрите нека сипаат во една тепсија вода и ќе разберат зошто има поплави во Македонија

Ми пушта порака мојот пријател од Кочани: абе што пишувате глупости жаба да се помоча во Брегалница ќе ја замати како тула и ќе направи поплава. Два дена да врне дожд секоја реката без корито ќе се излее. Нека сипат во Владата, премиерот и министрите, во една рамна тепсија вода и ќе разберат зошто цела Пелагонија плива во вода. И зошто во Кочанско, во Штипско, во Кумановско, во Струмичко, во Полошко и од Велес до Гевгелија…. има поплави. Водата не стои во место, си го наоѓа патот. И сега по свадба нарачавме тапани, ќе редиме вреќи песок покрај Брегалница, ќе уриваме патишта да и’ направиме пат на водата. Да пукнеш откај…. Треба да дојдат тука премиерот, претседателот на државата, министрите, пратениците и нивните поддржувачи и да ги наредат покрај Варадар, Брегалница и Црна Река, Александар Македонски и неговата мртва војска, да ги стават едно до друго спомениците и музеите што ги изградија во Скопје. Нека ги донесат коњите и лавовите, врбите и гемиите што се заринкани во Вардар и нека ги пуштат да пливат по барокното езеро Пелагонија, или по Брегалница, та до Солун и отаде Солун. Ако престолнината ни е барок и рококо зашто и новите езера и новите реки да не бидат во тој раскошен стил…… Кога е бал, нека е бал.

Секогаш имал смисла за хумор и здрав разум мојот земјак и пријател, човекот добро знае дека ефикасна одбрана од поплава не носи слава и висок рејтинг како изградба на кули од карти. Деновиве додека го гледам премиерот Груевски како загрижен шета по поплавените полиња и градови низ Македонија и кога го гледам она негово голобрадо министерче како со салонски патики им објаснува нешто на мештаните, а овие го гледаат како мува во матеница, ми доаѓа силно да викнам, еве како природните закони им покажаа на Владата колку е погрешна и катастрофална политиката на приоритети за што во изминатите девет години се потрошија милијарди евра пари на граѓаните за глупости и нечије богатење на сметка на најсиромашниот народ во Европа.

Да одиме со ред: за Нова година и за Божик погрешната политика ни покажа зошто Македонија беше окована во мрак и зошто патиштата беа непроодни со денови откако наврнаа среде зима само 20 до 30 сантиметри снег. По неколку обиди да се забошоти ситуацијата се виде дека се направени, што би рекол премиерот Груевски, стратегиски грешки. Прво, се откри фарсата со јавните надавања за чистење на снегот исфорсирани од партиски и лични интереси. Не се чистат патиштата во Македонија од големите градежни компании кои располагаат со силна механизација, туку од човек-фирма, со крш булджерчиња, но со јака финансиска спрега со Владата. Второ, само една педа снег откри колку е сработено во изминатите девет години на подобрување на транспортот и производството на електрична енергија. Освен увоз на струја, матни зделки и никому непотребни коруптивни реклами по медиумите за успесите на ЕЛЕМ, таму друго и не се работри.

Откако Владата и ЕВН најдоа заеднички јазик, оваа компанија, со која некогаш Владата водеше војна и ја даваше на суд, стана кооперативна и сега не смее ни влакно од главата да и’ фали. Што сака ЕВН може да си прави со граѓаните на Македонија. Таа е заштитена со непишан декрет на Владата, исто како и рафинеријата. Изгледа двајцата сопственици на ЕВН и на Рафинерија, во случајот ако не сте знаеле газди се државата Австрија и Грција, одлично научиле како се градат добри односи со владите на Балаканот и како се подмачкуваат сите застои и неправилности на штета на граѓаните. Од малку снег и мраз паѓаа далноводите како кулисите од Потемкиновите села, а мрежата на ЕВН и трафостаниците од кои голем број изградени со самопридонеси на граѓаните рикаа една по една како батериите на мобилките. ЕВН прво вложи пари во дигитални саати, да не поткраднуваат струја граѓаните, а потоа во мрежи и трафостаници наплатувајќи дебело.

А, ЕЛЕМ е раат, монополски ќе си наплаќа разлика од трговија со струја наместо да гради нови објекти за производство и пренос на електрична енергија. Многу е полесно да се тргува со струја и да се корумпираат медиумите со реклами за успесите на ЕЛЕМ отколку да се работи основната дејност. По гротескна реклама отколку онаа за ЕЛЕМ и ЕВН не сум видел, додека половина Македонија мрзнеше во темница за новогодишните и божикните празници, а Скопје блештеше како холивудска разгледница..

Додека ја чекаме Црна да се смири и во Пелагонија да видиме земја, Брегалница да попушти и додека градиме насипи над речните корита што ги нема, се прашувам дали нашиот премиер кога ги гледа овие нови водени пространства не се прашува аџаба да не згрешивме во нашите приоритети. Дали беше подобро во овие изминати девет години да градиме по некоја брана, да ги регулираме коритата на реките кои секои две три години ја носат најподната земја во неврат. Дали не беше подобро наместо субвенции да се спаси плодната земја на земјоделците, да се изграт нови канали за наводнување, регулациони системи или барем да ги исчистиме старите канали . Или дали ќе беше подобро сите населени места да се снабдуваат со квалитетна и здрава вода за пиење и со струја, не за една и две сијалици, туку со моќност која одговара да нема секој ден исклучувања од мрежата. Дали не беше добро да не ни смрдат градовите на фекалии, да се изградат непходните канализации за фекални и атмосферски води, да се изградат повеќе пречистителни станици по европски стандарди, да се изградат депонии за ѓубрето да не се фрла по доловите и каналите. Дали премиерот се прашал колку вештачки езера во Македонија во своите корита имаат повеќе песок и мил отколку вода и како тоа се разрешува без учество на природата , туку на човекот.

Прашањето е многу едноставно поставено уште на почетокот на текстот од мојот пријател. Дали вистинските приоритети на Македонија се спомениците или да се изградеше прво комплетната инфраструктура, како ште се автопатишта, брани, канали, регулациони суистеми, водоводи, далноводи, канализации и сето она што ја каракатеризира една земја и една политика која сака да обезбеди пристоен живот на своите граѓани. Јавно го прашувам, чинам по стоти пат, премиерот: Дали беше подобро за овие години од неговото владеење да се изградат сите овие инфраструктурни потреби на граѓаните или стотици бронзани споменици и разни музеи било археолошки, било за жртвите од комунизмот, на лавови, на коњи… колку е нормално да градиме по 25 века нови светски чуда со скапи пари на бедни граѓани за ефтин кич. Па дури еве објектите кои и се потребни на Македонија како мегаломанскиот театар кој е дупло поголем од стариот и стопати погламурозен од некогашниот скромен и убав театар покрај Варадар , па ако сакате и градскиот стадион за 40.000 публика кој и со капацитет од 25.000 гледачи сиве овие години ни еднаш не се наполни со реална цена на влезниците и уште неколку други објекти кои во други околности и услови би било оправдано да се изградат. Колку е тоа приоритено премиере ако една држава не може да им обезбеди на своите граѓани квалитетна вода за пиење, ако при предвидливи и не големи врнежи среде зима не може да ги заштити своите жители од поплави, ако 30 сантиметри снег со денови ги завива домовите во мрак и студ. Дали сите овие објекти од проектот „Скопје 2014“ на кои потрошивте стотици милиони евра можат да бидат стратегиски приоритет на Република Македонија и нејзините граѓани.

Враќање назад нема, ама оваа скапо платена грешка мора да се признае јавно оти природата веќе ја призна и ги покажува трагично последиците. Грешката ја призна и владата и премиерот, ама не со зборови туку со постапки. Откако осум години ни еден од овие инфраструктурни проблеми не се разреши целосно и не се симна од дневен ред, Владата најави поголеми инвестиции во инфраструктурата и почна да гради патишта и други објекти кои пред тоа беа селективно третирани по општините во зависност која партија таму победила на изборите.

Премиерот Груевски вети пред две години дека завршува ерата на изградба на споменици и дека почнува нова ера на изградба на објекти кои ќе им го олеснат животот на граѓаните. Од тој ден на ветувањето до сега никогаш не престана изградбата на споменици и на барокни фасади и гаражи и други објекти кои никогаш не биле приоритетни.

Ерата на изградба на споменици изгледа ќе трае колку и ерата на груевизмот.

 

Нема коментари

Tags: , , ,

Како ќе заврши аферата „Пуч“

Објавено на 04 February 2015 од erizaov

zvrlevski1

 

Груевски, Јанкуловска и Зврлевски ќе поднесат оставка, Заев ќе оди во затвор, или место пуч ќе биде пуф

Што мислите како ќе заврши шпионската афера во Македонија? Премиерот Груевски, министерката Јанкуловска и јавниот обвинител Зврлевски ќе поднесат неотповикливи оставки, или лидерот на опозицијата Заев ќе заврши во затвор. Бидете спокојни. Ќе нема завршница како и сите наши афери. Но, прво да видиме што се случува во најважната институција на системот при вакви скандали.

„Мукла Мара“ во Јавното обвинителство додека силно одекнува жестоката кампања на власта низ строго контролираните медиуми дека МВР ја спаси Македонија од преврат. Сус пуст, ни збор, ни „А“ ни „Б“, преку ноќ онеме јавниот обвинител Марко Зврлевски за тоа дали тој дал налог за фотосесија на Груевски и на Заев во премиерскиот кабинет уште во септември лани. Молчи покорно Зврлевски, се разбира, во интерес на истрагата и за тоа дали шпионските тајни снимки што ги усликало фотомајсторчето на министерката Јанкуловска сами излегоа од неговата фиока, или министерката по грешка, наместо кај него, ги испратила и во Сител, па однекаде пристигнаа на социјалните мрежи и на увид на целиот свет за големиот успех како се спречува пуч со три уапсени политички маргиналци, три конфискувани компјутери и два празни пиштоли. Ако излезе пак друга снимка, да речеме од експлозијата на Заев, молкот на Зврлевски ќе престане и ќе следуваат нови апсења.

Си велам дали обвинителот Марко Зврлевски ќе поднесе оставка и ќе каже јавно дека згрешил неговиот покоен колега Александар Прчевски кога пред целата јавност рече дека е „последната будала“ што се занимава со оваа работа во Македонија. За голема жал, тогаш го исмевавме Прчевски кој со таа реченица ја кажа можеби најхрабрата изјава што еден обвинител ја дал во Македонија за притисоците што му ги вршела политиката за многу помали дела отколку спречување, или лажно фингирање на државен удар. Прчевски на своја сметка во суштина соопшти дека нема демократска држава без владеење на правото, без институционална контрола на власта.

Секој ден продолжува со несмалено темпо во живо да се прикажува шпионскиот трилер, како што обзнани премиерот Груевски. Но, покрај филмот на власта, паралелно тече уште еден нем филм, хорор кој е помалку видлив, но многу пострашен, а тоа обвинителот Зврлевски многу подобро го разбира од простосмртните граѓани. Знае Зврлевски дека еден ден ќе се дознае вистината како лидерот на опозицијата стана безбедносно опасен човек кој го урива уставниот поредок во спрега со странски разузнавачки служби, и тоа уште пред првата средба со премиерот во септември. Зврлевски добро знае колкаво кривично дело се снимањето и прислушувањето во премиерскиот кабинет ако опасноста по уставниот поредок е политичка ујдурма поради страв да не се изгуби власта. Знае јавниот обвинител добро кога застаруваат предметите за кршење на Уставот и загрозување на демократијата и слободата, на човековите права и за злоупотреба на власта и на институциите на системот во партиски цели, како што знае кога предметите застаруваат за организиран криминал.

Има тука уште многу работи кои се наѕираат од оваа шпионска афера која ја сервира власта, за да ги пресретне сознанијата на лидерот на опозицијата засега познати во јавноста само како „бомбата на Заев“ чиј фитил одамна гори, ама нема експлозија. Од првиот ден ми беше јасно дека пучот на Заев ќе биде само пуф и дека бомбата ќе му експлодира во џеб и тоа го напишав повеќе пати. Ако сознанијата што ги има не ги соопшти јавно, а се од интерес на јавноста, не можат да бидат политички капитал. Помалку е важно како до нив дошол, дури и ако прекршил одреден закон, ако има цврсти докази дека се точни. Сега откако е осуден пред судење и откако премиерот го закажа судскиот процес преку конференција за печат и откако лично Груевски се пријави за крунски сведок и откако, што се вели, веќе му е напишана пресудата, крајно време е Заев да каже пред јавноста што беше тоа што толку многу ги вознемири и премиерот и неговите поданици.

Во демократска и правна држава, по една ваква афера на спречен државен удар и од нефрлена, или фрлена бомба на лидерот на опозицијата сеедно, можна е само следната разврска. Или партиите на власт ќе дадат друг премиер до следните избори кои мора да бидат слободни, или Зоран Заев ќе си замине во Струмица да си го тера бизнисот. Толку за политичката одговорност, другата одговорност ќе ја каже судот.

Така е кај што владее правото, кај што има критичка јавност и кај што институциите на системот функционираат, кај што има обвинител со мадиња и независно судство. Кај нас аферата ќе заврши како и сите афери досега. Без епилог. Заев ќе биде осуден во зависност од тоа колку ќе му треба на Груевски да го спречи падот на Владата. Ќе бидат осудени и веќе уапсените „пучисти“ како колатерална штета, онолку колку што лежеле во притвор. Од власта никој нема да понесе одговорност, ниту пак некој ќе биде сменет. Македонија ќе си остане таму кај што е, меѓу последните тврди режими во Европа.

Секој друг поинаков крај на оваа драма би ме радувал со бланко дозвола да бидам исмеан поради мојата погрешна проценка.

 

Нема коментари

Tags: , , , ,

На сликање кај премиерот

Објавено на 03 February 2015 од erizaov

timthumb

Секогаш кога ќе ги употребам изразите „стасавме до дното“, или „испливаа сите гомна на површина“, уште истиот ден стигнуваат деманти кои недвосмислено покажуваат дека сум згрешил. Не било до дното, имало и подолу, цела бездна и не испливале на површина сите бербатлаци, имало уште многу валканици, во неограничени количини. Цела црна дупка е отворена во која тоне Македонија со брзина на слободно паѓање. Последниот најтазе скандал кој до утре најверојатно ќе збајатиса е објавувањето на снимка од кабинетот на премиерот Груевски, сервирана во медиумите, како некакво крунско сведоштво дека во спрега со странски разузнавачки служби Зоран Заев, лидер на опозицијата, подготвувал преврат, или како што полицијата ја крсти својата акција, подготвувал „пуч“.

Целиот свој примитивизам и простаклак од премиерскиот кабинет со невидена жестока медиумска пропаганда власта сака да ги прикаже како шпионски трилер. Премиерот Груевски во улога на младичот Џемс Бонд, а Зоран Заев како препреден шпион д-р Зорге, седат во канцеларијата на премиерот и се надмудруваат. Џемс Бонд прашува од кај ти е бомбата против мене, а д-р Зорге вели однадвор. Бонд: од блиску или од далеку!? Д-р Зорге: од далеку, од далеку . А од каде од далеку, прашува упорно Бонд. Зини да ти кажам, вели д-р Зорге… Следната епизода од филмот „Во долината на волците јагнето ја мати водата“ продолжува секој ден со по илјадници репризи на сите радио и ТВ-станици и портали, социјални мрежи. Гледаме 24/7 сеир во живо на невиден резил , балканштина, провинционализам и примитивизам зад кој се крие само страв да не се загуби власта и да не се отворат пред јавноста големите злоупотреби и кршења на законите од позиција на моќ, сила, својствени само на режими и диктатури.

Премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев се сликале заедно за спомен и долго сеќавање на сите нас. Груевски знаел дека има фотосесија, па добро се поднаместил пред камерите, а Заев абер немал зошто го викнале, веројатно мислел дека преговара за условите што треба да се исполнат за враќање на опозицијата во парламентот и за последиците до кои може да дојде во државата со објавување на неговите сознанија, како што вели, не од странски, туку од домашни извори, кои се чувствителни и можат да предизвикаат срам за целата држава и неминовна оставка на премиерот. За да не дојде до тоа, Груевски го викнал познатото фотомајсторче од лабораторијата на министерката Јанкуловска. На уважениот гостин Заев му ставиле во вазната со цвеќе ред микрофони, ред камери, а некогашниот статист во Драмски театар, сега во главна улога на премиер- таен агент, го научиле како полициски да истражува од каде му е бомбата на Заев. Е сега, сигурно ви текнува зошто премиерот обзнани дека првата средба ја барал Заев, другите три биле во врска со првата, ама заборави да каже кој ги барал, што подразбира дека ги барал тој лично, за да го намами шпионот во стапица.

Таков бил планот на Груевски и неговите советници, а каков ќе биде крајот ќе видиме. Не мислам на овој крај во судницата на Груевски каде што пресудите се веќе напишани одамна, туку мислам на крајот на едно владеење кое драматично ја уназади Македонија во секој поглед. Од пристојно демократска земја, кандидатка за членство во ЕУ и НАТО, Македонија стана банана-држава и режим во кој разговорите во четири очи во премиерскиот кабинет се снимаат со скриени камери и микрофони, без да знаат посетителите. Не знам дали некој премиер на значајна држава ќе влезе таму и ако влезе што ќе зборува и дали воопшто некој политичар, или обичен граѓанин, министер, коалициски партнер смее да влезе и да зборува слободно со Груевски и да го каже тоа што го мисли.

Не знам како судот ќе ги одделува лагите од вистината кога политичарите зборуваат меѓу себе, бидејќи секогаш повеќе се лажат отколку што си кажуваат вистина, па затоа Груевски си остава простор давајќи шпионско објаснување: дека нешто е точно од тоа што го кажувал Заев, нешто е делумно точно, а нешто не е точно. Тоа значи кога Заев наводно кажувал од кај му се информациите тоа е точно, а кога кажал што содржат е делумно точно кога не се однесуваат на Груевски, а воопшто не се точни тие информации што се однесуваат на Груевски. Се обложувам дека набргу ќе осамнат и други снимки од тоа што го кажал Заев, а премиерот тврди дека е точно. Не знам колкаво е ова кривично дело кога од Јавното обвинителство излегуваат слики во медиумите и на интернет тајно и неовластено снимани во премиерскиот кабинет, но во секој случај, ја открива намерата на Груевски и неговите соработници во операцијата „Пуч“.

Претпоставувам дека снимањето на Заев ќе биде прогласено како овластено, бидејќи е направена цела полициска стратегија да се прогласи Заев за безбедносно опасен човек, а за тоа треба да се монтираат докази дека тој соработувал со странски разузнавачки служби против Македонија и со тие сознанија го уценувал премиерот и се заканувал со пуч. Види богати, колку бил храбар овој наивен до вчера локален политичар Заев, кој оди кај Груевски четири пати да го уценува, а кој Груевски го посакува за противник исто колку и Црвенковски, ама го тужи и го затвора досега повеќепати. Од што многу го сака, де.

Едно е сигурно, објавен разговор и снимка меѓу премиер и лидер на опозицијата во четири очи со тајно снимање е морален пад под ниво на политичка проституција, која е присутна во светот на политичкото подземје. Но, кај нас се работи за потежок случај што се вика синдром на вечно владеење кога се гази се’ пред себе. За ова порано или подоцна казната доаѓа. Таа казна секогаш е најжестока од дворјаните и полтроните кои го опкружуваат владетелот.

Нема коментари

Tags: , , ,

Испливаа сите бербатлаци

Објавено на 02 February 2015 од erizaov

popl

 

Македонија се дави во надојдени реки и во геризите на погрешните политики на Владата

Кога во невреме по силни дождови и големи снегови сите реки, езера, потоци, долови и суводолици ќе надојдат и ќе го достигнат максимумот во еден критичен момент, тоа во науката се вели коинциденција на води или стогодишни води. Последиците се трагични поплави – ако нема добра инфраструктура. Кога пак политиката предизвикува валкана војна за власт, вивнуваат пожари во кои прва гори вистината, ако нема минимум демократија.

Во двата случаја сите гомна излегуваат на површина и добро се гледаат. За да ги скријат своите бербатлаци, тие што ги направија прогласуваат вонредна состојба, апсат луѓе, сеат страв со лута пропаганда за перење на мозоците на граѓаните за да прикажат дека државата е во голема опасност поради домашните и надворешните непријатели.

Поплавите биле природна катастрофа и божја работа, при што владата направила се’ што требаше да направи за да бидат помали последиците. Да, можеби направила нешто за ублажување на последиците, ама баш ништо не направила да ги намали причините зошто кај нас и на малку дожд и 20 сантиметри снег има поплави.

Македонија деновиве се дави и буквално во надојдени реки, подземни води и игри, во геризите на погрешните политики на власта во сите области. Ечи на сите страни од експлозиите на најцрната медиумска агресија. Воените „хушкачи“ и подбуцнувачи на уплашената власт, ги застрашуваат граѓаните дека јагнето му ја мати водата на волкот. Се пука со тешка артилерија од сите владини радио-телевизии, портали и весници дека опозицијата во спрега со странски разузнавачки служби подготвувала преврат. Оркестрирани поданици на власта сеат страв на сите страни дека Зоран Заев, лидерот на опозицијата бил шпион, подготвувал пуч, го уценувал премиерот, барал техничка влада. Замислете, жртвата отишла кај џелатот да преговара да му ја земе власта со пуч. Каква дрскост, Заев барал техничка влада за да се организираат слободни и демократски избори како законска обврска пред секои наредни парламентарни избори. Тоа во Македонија е пуч оти сите избори досега биле регуларни само кога победува ВМРО-ДПМНЕ.

Секое барање за фер избори, попис, обелоденување на организиран криминал на високи функционери во власта, сите протести на студенти и професори, штрајк на учители и наставници, секоја критика на владините политики, кај нас е обид за државен удар, заговор на предавници, шпиони и странски платеници.

Првиот пуч беше на 24 декември 2012 на „црн понеделник“, кога опозицијата бараше да се намалат трошоците од државната каса за цели кои не се приоритет на државата, а последниот е некни во „бела сабота“, точно во 14 часот, кога премиерот Никола Груевски алармантно прогласи општа тревога, оти лидерот на опозицијата барал техничка влада. Заев кажал и други страшни работи при нивните средби од кои нешто било точно, нешто делумно точно, нешто ич не било точно, ама се собрано на едно место е преврат. Веќе се уапсени тројца пучисти еден поранешен началник на полиција и конзул и неговата сопруга вработена во банка, еден голем струмички функционер за кој Македонија слушна првпат , а главниот организатор Зоран Заев претседател на СДСМ доби кривична пријава и веројатно ќе биде на слобода додека не ги соопшти јавно неговите сознанија кои се толку штетни и опасни по стабилноста на државата дури и она што е точно или полуточно може да предизвика паѓање на Владата. Да не зборуваме колку е страшно она што го поседува Заев, а не е точно. И ова ти било некој македонски пуч, без војска, без полиција, без масовни апсења и без немири, без ниту еден куршум и скршен прозорец. Четворица јавачи на апокалипсата, со два пиштола и три компјутера, ќе ја урнеле, Владата и омилениот ни премиер Груевски. Мижи Асан да ти бајам.

Покрај политичкото цунами со полициско име „Пуч“, Владата деновиве се соочи со уште ден циклон со митско име „Давид“. Додека цела Пелагонија, Кочанско, Штипско, Кумановско, градовите по долниот тек на Вардар пливаат во вода, премиерот Груевски вели – направивме се’ што треба за намалување на последиците. Исто како што пред еден месец направија се’ што треба и не треба кога наврнаа 20 сантиметри снег, па половина Македонија со денови остана во мрак за новогодишните и божикните празници. Во Дебарско и Струшко луѓето со денови живеат во црна темница, без струја. Ова е жално соочување со вистината за погрешните приоритети на Владата, за што се фрлени стотици милиони евра за субвенции во земјоделството, а не за регулирање на водотеците, речните и езерските корита, каналите… Барокно Скопје од гипс и картон, блешти во лажен сјај наместо да се изградат брани, нови далноводи, патишта. Има милиони за жални врби на Вардар во Скопје и за стотици споменици, музеи, гаражи, вртелешки и тркала, а нема за регулација на водите, за водоводи, за канализации и друга основна инфраструктура. Во Скопје нема поплави откако е изграден Козјак, како што не би имало поплави ни во Пелагонија, ни во Штипско ни во Кочанско ако се направеа браните на Црна, на Пчиња, Брегалница и по долниот тек на Вардар. Премиерот вели кога има многу дожд, има поплави и во Америка, и во Германија и во Англија. Така е уважен премиере. Ама кога врнат дожд и снег колку што паднаа кај нас, нигде нема таква поплава. Белки Вардар не е Мисисипи, Пчиња Дунав, а Брегалница Волга.

Ете, драги мои, ова се коинциденциите кога ќе надојдат во исто време сите води во политиката и во реките. Потоп.

Нема коментари

Tags: , , ,

Груевски ја фрли првата бомба

Објавено на 01 February 2015 од erizaov

gruevski

 

Дали нападот е секогаш најдобра одбрана

Нападот е најдобра одбрана. Но, не секогаш. Многу војни се изгубени од тие што први почнале да пукаат. Премиерот Никола Груевски прв ја фрли бомбата додека Заев долго се премислуваше за неговата бомба. Во јавната судница на ТВ Сител премиерот лично ја презеде улогата и на обвинител и на порота и на судија. Го осуди како на преки суд лидерот на опозицијата Зоран Заев пред тој што било да каже јавно. Груевски обзнани и кривични пријави против повеќе политички противници и за лицето З.З. Потоа веднаш пресуди: Заев, претседателот на најголемата опозициска партија, е виновен за соработка со тајна разузнавачка служба, за уцена, за обид за пуч, за шпионажа, што подразбира велепредавство. На редовниот суд му преостанува само експресно да соопшти колку години ќе лежи затвор Заев.

Дали Заев ќе ја фрли својата бомба која со месеци ја носи во џеб со запален фитил останува да видиме, ако пред тоа не го видиме со лисици на рацете. Тој вети дека нема ништо да сокрие од јавноста.

Со драматична најава дека се работи за спречување на пуч, премиерот Груевски влета во турската серија и во тој стил се обрати до јавноста како до рајата што кај нас се нарекува конференција за печат, по која не се остава простор ниту за обид да се постави прашање, освен ако не е нарачано. Така Македонија влезе во уште подлабока политичка криза со јавно презентирано сценарио од премиерот како понатаму ќе се одвиваат замолчувањето и застрашувањето на граѓаните кои поинаку мислат.

Прво, премиерот му ја врачи и преку телевизија кривичната пријава на Заев, јасно и гласно навести јавно судење на кое тој ќе одговара и пред домашната и пред меѓународната јавност, како што рече, транспарентно на сите прашања. Премиерот пред каква било судска постапка, соопшти дека располага со цврсти, што би се рекло несоборливи докази за вината на Заев. Дури и во режими се знае кој ја соопштува кривичната пријава, кој одредува дали ќе има судење и дали ќе биде јавно или затворено за јавност и дали и какви докази има тужителот, цврсти, несоборливи, или монтирани со злоупотреба на полицијата во партиски цели. За сите овие работи одлучи премиерот сам преправајќи ги партиските во државни интереси. Не знам дали Груевски воопшто знае, но тие што му го предложиле ваквиот јавен настап, сигурно знаат колкав престап законски и морален е еден премиер да му се заканува јавно на лидерот на опозицијата со судење пред каква било судска истрага. Како и повеќе пати досега за други случаи, на премиерот не му се чекаше работите да ги преземат надлежните институции на системот. Кој е тој обвинител, судија или поротник во македонските судови кој ќе се осмели да ги отфрли цврстите и несоборливи докази на Груевски по еден ваков јавен настап што го прави судскиот процес нерегуларен во старт?

Премиерот во својот ТВ-настап кажа дека во изминатите неколку месеци имал четири средби со Заев. Притоа, како успеал да обезбеди цврсти докази од разговорите во четири очи е тешко да се претпоставува, освен ако немало скриени независни сведоци во плакарите на премиерскиот кабинет, или кај што се одржувале средбите. Телефонските и снимени разговори македонскиот суд не ги признава и не ги зема предвид во доказната постапка, кога е во прашање премиерот, во што се уверивме во аферата „Македонска банка“ што ја обелодени Заев, а судот експресно донесе пресуда од 50.000 евра надоместок за душевните болки на премиерот. Тогаш доказите со снимени разговори беа веднаш отфрлени од страна на судот како неважечки. Ништо нема да биде чудно ако за судот овој пат важат снимени разговори. Премиерот Груевски на средбата, која прв ја побарал Заев, а потоа не кажува кој ги побарал наредните три, ама разбравме дека биле во врска со првата, слушнал содржини од неколку прислушкувани телефонски разговори кои наводно му ги раскажал Заев. За тие разговори, вели премиерот, констатиравме дека дел се точни, дел половично точни, а дел неточни. Кој тоа го констатирал и како не дознавме од обраќањето на Груевски. Како се собираат докази од разговори во четири очи ќе дознаеме многу бргу, бидејќи премиерот не’ повика и јавно ни препорача и нам и на целиот свет да го следиме внимателно случајот за да ги препознаеме шпекулациите.

Останува да почекаме што ќе понуди Заев како десерт на богатото мени што го сервираше Груевски. Каква мечка или зајак ќе испадне од долгоочекуваната бомба на Заев, за која уште неексплодирана премиерот призна дека дел од работите се точни, дел полуточни, а дел неточни, веројатно ќе слушнеме деновиве ако во меѓувреме поради тежината на случајот не биде приведен Заев во истражен затвор. Едно е сигурно, премиерот нема да поднесе оставка засрамен од бомбата на Заев, како што најавуваше лидерот на опозицијата. Разврската што ја соопшти премиерот Груевски води кон нови делби меѓу граѓаните, уште поголема омраза и нетрпеливост, нов длабок пад на демократијата, човековите права и слободи и угледот на државата. Веројатно тоа е и целта. Само во таков амбиент се владее долго, претворајќи ја државата во судница, а граѓаните во уплашени поданици. На потег е Заев.

 

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

February 2015
M T W T F S S
« Jan   Mar »
 1
2345678
9101112131415
16171819202122
232425262728