Archive | March, 2014

Tags: , , , , ,

Од сегде тече мед и млеко

Објавено на 20 March 2014 од erizaov

Каде и да се завртите, од сите страни тече мед и млеко. Можат да ни позавидат и Скандинавците. Веќе осум години саде радости не’ облеваат, толку многу и силно што убавината почна да не заморува. Во ерата на големата преродба се преродивме сите по неколку пати. Не било лесно.

Вклучи телевизор или радио, сеедно, кликни на интернет, отвори весници, излези на улица и разгледај излози, реклами и билборди, прочитај графити, оди на концерт, во театар, на прием… само убавини, успех до успех, врвни светски резултати на сите полиња. Стандардот расте незапирливо, рапидно се зголемува бројот на вработени, дури побрзо отколку што може да интервенира директорот на агенцијата за бришење и пензионирање на невработените. Се довршуваат старите и почнува изградбата на нови импозантни барокни зданија за заштита на духовноста и во слава и на денешните и на античките јунаци кои ни го вратија делот од изгубениот идентитет и континуитет и ги открија заблудите со словенското варварско потекло. Никнуваат десетици и десетици индустриски зони и стотици фабрики, се постилаат автостради како чаршафи, летаат брзи возови на брзи пруги, тече злато по нафтоводи и гасоводи, се чисти бербатлакот во пречистителни станици, се складира ѓубрето во депонии, се градат канализации, водоводи, електрични и термоцентрали, има и на ветер и на сонце… крај нема на големите резултати, не можат да се набројат колку ги има.

Велат, најмногу се лаже пред избори. Не е точно. Кај нас се лаже нонстоп, без престан. Цели осум години сме и пред избори и на избори и по избори. Од понеделник и официјално ќе почне предизборната кампања за избор на претседател на државата, на премиер и влада и на парламент. Допрва не’ чекаат бесплатни билети за рајски градини. Нека е со лесно и со помин. Ако сакате да ја одбегнете наездата од предизборната кампања, да ги сочувате нервите, обидете се малку потсмешливо и поспокојно да гледате на политичката војна иако сте свесни дека последиците се прилично опасни и загрижувачки. Еве, ќе ви кажам на што деновиве убаво се изнасмеав. Вчера ви ја раскажав драмолетката за откопување на правта што останала од Александар Македонски под тумбата Црнилиште кај Свети Николе. Посмешна работа од откривањето на гробот на Александар досега немам видено. Ми недостасуваше меѓу оние силни доктори на науки и научници и нашиот претседател Ѓорге Иванов како ги дешифрира тајните кодови на светиниколскиот рид оставени од антички времиња да не се открие кралската гробница додека не стасаат вистинските потомци на македонските антички династии. Ќе беше тоа убава глетка како во Паљурци кога претседателот на државата го покажуваше бунарот од кој пиел вода лично свети Павле.

Слатко им се изнасмеав и на грчките новинари кои го направија партал нивниот премиер Андонис Самарас што не научил ништо од македонскиот премиер Никола Груевски. Истрча Самарас маратон по Европа и по светот, без државничко достоинство, да моли и питачи пари, да бара помош да ја спасува Грција од банкротство, а можеше едноставно да го копира Груевски и да оди по роуд шоуа и да донесе странски инвеститори кои ќе ги вложат своите милијарди во Грција. Требаше само да им даде добри погодности и да создаде убав амбиент за инвестиции, мали даноци, евтина работна сила, одлична инфраструктура, го препишуваат грчките колеги угледниот светски весник „Економист“ кој посветува своја сторија за чудесните економски реформи на Македонија. Да ја завртеа последната страница на магазинот, ќе ја видеа и убавата и скапа реклама за економското чудо на Балканот. Се разбира дека е неумесно да се доведува последната страница на платена реклама во врска со успесите на Владата на Груевски објавени без пари на редовните авторски страници и прилози во „Економист“. Меѓутоа, зачудувачки е како сите провладини медиуми во земјата веднаш ги открија страниците со пофалби за Владата на Груевски и за привилегиите што се нудат на странските инвеститори во Македонија издашно цитирајќи ги поентите на анонимните автори кои ги величаат големите успеси, нагласувајќи дека станува збор за еден од најреномираните и најугледни весници во светот „Економист“. Сите до еден не ја виделе последната страница со платена реклама да ја објават макар и како обична вест, или не дај боже, колку пари Владата потроши лани и колку ќе потроши годинава за реклами во светските медиуми и што се’ опфаќаат овие договори.

Најсмешен од сите ми беше водителот кој не презентира вести, туку ги коментира како што му доликува на единствениот доктор на науки во државата за вести. Така го исфали докторот „Економист“ како апсолутен авторитет по што не смее да се отвори уста со ниедна критика за големите достигања на Владата и премиерот. Докторот заборави што цитираше пред неполни две години кога истиот тој весник, не помалку угледен од денес, ја објави ранг-листата на земјите чии граѓани живеат во најголема мизерија во светот. Тогаш од 92 држави во светот Македонија беше апсолутен шампион во светот по мизерија, најгоре со црни букви на табелата на денес угледниот, а тогаш непријателски настроениот, корумпиран и потплатен „Економист“ да пишува против Македонија. Богами кога една држава од светски прваци во мизерија ќе стаса за неполни две години меѓу најдобрите и најголеми реформатори во Европа тоа заслужува голема пофалба дури и од „Економист“. Има само еден мал проблем граѓаните на Македонија повеќе ја чувствуваат ранг-листата на мизерија отколку успешноста од реформите. Груевски ја откри формулата на платените реклами. Замислете имале исто дејство како во земјата така и во светот. Пари, пари, па цел свет може да се освои, вели Наполеон, а не бедна и мизерна Македонија.

Има уште многу чуда овие денови во македонските медиуми кои се комплетно во предизборно руво. Навиваат ли навиваат. Вестите, информативните емисии, дебатите на истомисленици и по некоја ретка искра на полемика, забавните емисии, штета што нема хумористични, ова е измислено време за хумор и сатира, ток шоуата, спортот, научните едукативни емисии, се’ е поврзано со актуелната политика и изборите. На најгледаните телевизии не е можно да се објави вест, или изјава на опозицијата или на тие што критички ја опсервираат власта, а притоа да не бидат експресно демантирани и анатемисани од штабот на владејачката партија и од загарите чувари на власта кои имаат лиценца за новинари.

Ако сепак се определите внимателно да ги следите македонските медиуми во предизборието, не ви треба голем напор за да забележите дека сите патишта водат во една насока. Да му се верува на единствениот водач кој ќе ја спаси Македонија, треба само да се гласа за него и да му се даде апсолутна поддршка, најмалку 62 пратеници и се’ е готово. Тој е лидерот кој ќе ја исполни историската задача и само тој може да ни обезбеди подобар живот. Се’ друго е лага и измама. Водачот сам ќе го реши проблемот со името и со членството во ЕУ и во НАТО, како што сам донесе инвеститори. Овој наш преродбеник има само една мисија благосостојба на народот. Не е осамен, на Балканот има сериозна конкуренција на мисионери кои ги спасуваат народите од беда и сиромаштија со убави зборови и лаги. Затоа и изборите не се неопходни, тие се потребни само за да се потврди силата на месиите и водачите, пишува Жарко Кораќ во „Пешчаник“ за политичката сцена на Србија, која во многу нешта е идентична со сите земји на Западен Балкан. Кораќ вели дека „Србија нема да ја спаси силен водач кој знае да управува со брод“, туку неа ќе ја спаси само макотрпна изградба на демократски институции и тешка работа на луѓето“. Србија, вели Кораќ, го избра спротивното. „Таа се’ уште повеќе ги сака лагите од вистината за себе“. Македонија осум години ги избира лагите, многу се послатки. Вистината ни е горчлива како пелин.

(Објавено во Утрински весник)

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

March 2014
M T W T F S S
« Feb   Apr »
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31