Archive | May, 2013

Додека Европа пропаѓа

Објавено на 23 May 2013 од erizaov

Создавањето антиевропски амбиент е најпогубен чин за виталните интереси на татковината

Додека Европа тоне во длабока криза, Македонија силно граби напред. Чуму ни е членство во таква Унија, која само што не се распаднала. Бруто домашниот производ годинава на 27-28 земји членки на ЕУ ќе падне во просек за 0,4 проценти, а на Македонија ќе порасне за 2,2 проценти. За пет и пол пати сме над нив, каква спектакуларна победа на македонската економија. Кога на сите им паѓа, нас ни расте. Оваа амбиентална доктрина и пропаганда за домашни дневни политички потреби се пласира низ провладините медиуми како ударна вест во пресрет на јунските одлуки во Брисел: дали Македонија и Србија ќе добијат датум за преговори, или и дефинитивно остануваме сами во балканската крчма. Ефектот од оваа популистичка кампања е да се предизвика реакцијата на мнозинството граѓани: па што ќе ни се Европа и НАТО, кога и онака сами на себе не се баш посакувано друштво. Се’ почесто слушам, што и’ фали на Швајцарија што не е членка на ЕУ. „Македонија како Швајцарија на Балканите“, овој познат мит на Ванчо Михајлов уште не е одболедуван.

Се разбира дека Европа има големи и тешки проблеми кои се добро познати и не се нови. Уште Кисинџер во време на својата најголема популарност и влијание кога го прашале што мисли за Европската заедница одговорил: „а со кого таму можам да разговарам“. Денес критиките не само на евроскептиците, туку на најголемите поддржувачи на ЕУ се многу сериозни не само од политички и кризен економски аспект, туку длабоко засегаат во националистички води низ кои поминува Европа. Најжестоки критики се упатени кон европските политички лидери кои поради низок државнички капацитет го злоупотребуваат притисокот на домашната јавност што секогаш силно влече кон себична изолација на најбогатите членки на стара Европа. Еден од најсериозните критичари на европската криза на идеи и затварањето во национални рамки на предводниците на Европа е Јошка Фишер, поранешен министер на Германија за надворешни работи, долгогодишен лидер на зелените и еден од големите водачи на студентските демонстрации 1968 година кои ја тресеа и ја променија Европа. Фишер вели дека ни Германија ни Франција веќе немаат големи државници од светски формат кои би ја повлекле Европа многу посилно напред.

Решенија има и тие се добро познати на пошироката европска јавност. Проблемот е во тоа што се’ уште не се применливи поради неподготвеноста со која кокетира десницата, но и левицата кога е на власт. Политичките лидери на стара Европа, но и на новите членки бивши комунистички држави на Источна Европа, панично стравуваат од поголемо приближување и отстапување на поголем дел од суверенитетот на Брисел. Никој, освен еден помал дел од интелектуалните елити не се осмелува да ја подготвува сопствената јавност за поширока европска интеграција. Се’ уште е несовладлив стравот од модели блиски на конфедеративна Европа која е веќе зацртана во проектите за европската иднина. Сосема друго прашање е кога Европа ќе биде подготвена тоа да го оствари. Дали тоа ќе го предизвика неминовно глобализацијата и новите светски џинови, или тоа ќе биде цел на една нова генерација европски политичари, останува да пресуди времето. Историјата на Европската унија покажува дека секогаш, во најкритичните ситуации, кога нема ни грам услови за зближување меѓу довчерашните непријатели во најголемата светска војна и трагедија на човештвото, се наоѓале решенија диктирани од заедничките интереси. Позната е европската доктрина, иако доаѓа од островска Англија дека меѓу државите нема вечни сојузи и пријателства, туку вечни интереси. Едно е сигурно, Европа ќе ги препознае своите интереси кога ќе стаса тестото, како и секогаш.

Што е со Македонија. Таа јавно, во многу поголем процент од граѓаните на самата Европска унија ја подржува евроатлантската интеграција, но како и сегашните европски политичари и нашите се однесуваат како нивни џуџести клонови, и ги добиваат домашните политички битки токму спротивставувајќи се на европската филозофија на интереси, приоритети и компромиси. Она што Камерон, Оланд и Меркел го прават европски егоистично убаво спакувано, нашите го прават балкански примитивно и провинционално. Ете затоа ни се случува да споредуваме баби и жаби. Растот на бруто домашниот производ на Македонија ќе бил пет пати поголем од оној на Европа. Тоа му доаѓа како да ја споредувате големината на земјата со вселената. Ако во Македонија вклучите во работа еден загубар во чиј производ 80 проценти е скапа електрична енергија, индустриското производство ќе порасне за пет-шест проценти, а увозот на струја за 20 проценти. Или ако засадиме едно нивче со памук, ќе го зголемиме домашното производство на памук за сто пати, или илјада пати, оти немаме ни педа земја под памук.

Точно е дека со членството во ЕУ и во НАТО нема да тече мед и млеко и дека е пренагласена идеализацијата на европските фондови и демократија, но точно е и тоа дека ниту една нова членка што влегла не повела каква било процедура да излезе. Егзактните податоци во државите во кои има разочарување од големите очекувања сепак говорат за огромен напредок во изградбата на инфраструктурата за само десетина години што е неостварливо без Европа. Погледнете ја патната мрежна на нашите некогаш сиромашни соседи, енергетските коридори, нафтоводи, гасоводи, аеродроми, железници, хотели, земјоделски површини, регулации на водите, пречистителни станици. Погледнете ги економските и социјални ефекти од слободното движење на луѓето и капиталот, иако сепак најголемата придобивка е излезот од изолацијата и надградба на демократијата и правната држава, без оглед колку во тој поглед се големи разликите меѓу земјите членки на ЕУ.

Споредувањето на Македонија со економските кризи во некои европски држави, Грција, Кипар, Словенија, Шпанија е вселенска будалштина. Грчката учителка во основно училиште е на синдикални барикади поради тоа што платата од 1.500 евра и’ е намалена на 1.200. Нашата учителка се плаши секој ден да не ги загуби своите двесте евра и да не остане без работа. Неумесни се кои било споредби со која било земја на ЕУ во квалитетот на живеење на среќните народи, како што се нарекуваат во најрелевантната ранг-листа на ОН. Македонија на таа листа е најсиромашната држава во Европа.

А, за тоа што и’ фали на Швајцарија, што да ви кажам. Баш ништо. Само петте светски бренда што ги има – банките, чоколадите, часовниците, шумите и снегот на планините – годишно носат повеќе отколку што може да собере македонската државна каса за сто години. Снегот на Швајцарија и’ носи десет пати повеќе пари отколку целиот наш буџет. Нашиот снег секоја пролет со милениуми истекува по Вардар бадијала. Зошто е тоа така нека биде мала домашна работа за тие кои мислат да ја прават Македонија како Швајцарија. Ова се само еден мал дел од аргументите зошто Македонија како сиромашна земја без големи природни ресурси нема друга алтернатива освен членство во најголемите светски воено-политички и економски сојузи како што се НАТО и ЕУ. Иако лично никогаш не ја прифаќам безалтернативната ситуација, факт е дека барем јавно ниту еден наш релевантен политичар и на власта и на опозицијата, ниту еден наш успешен деловен човек во европски, или барем регионални рамки, или една единствена интелектуална, призната и позната величина надвор од границите на Македонија не понудила друга алтернатива за граѓаните на Македонија освен европските интеграции. Затоа мислам дека создавањето на антиевропски амбиент е погубно за највиталните интереси на татковината.

Нема коментари


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

May 2013
M T W T F S S
« Apr   Dec »
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728293031